Како и секој ден, разгледувам по странициве што има... Начекав една реклама против абортусот, со линк за страница со безброј статии, видеа, писма и сведоштва колку абортуса биле изведени во измината година во Македонија. Во повеќето реченици, зборот абортус го означуваше терминот 'спонтан абортус', а онаа хируршка процедура која е изведена од стручно медицинско лице ја нарекуваат чедоморство. Има статии за тоа како од медицински, верски и лични причини не е оправдан абортусот, се осудуваат жените кои го направиле тоа и ги набедуваат на покајување затоа што Господ простува само на оние кои искрено се каат. Има и коментари на жени кои во некој момент од животот се одлучиле да абортираат, а сега после години се каат за тоа и посакуваат никогаш да не го направеле истото; и коментари на мајки кои велат дека никогаш не ни помислиле на таков потфат, со што денес би немале едно од децата кои ги донеле на светов.
Јас искрено имам интерес во многу полиња, и со внимание прочитав голем дел од сето ова, пробувајќи да се најдам на местото на тие жени кои се каат за својот погрешен избор. Со моите неполни 20 години, сеуште не можам да се замислам во позиција на мајка, па затоа ја погледнав целата работа од очите на едно дете, ситуација во која сум целиот мој живот.
За моја среќа, родена сум од родители кои имаат среќен брак и барем до сега можеле да ми овозможат прилично добар живот. Ме воспитале правилно, ме научиле на добро и лошо, и иако не сум добила се што сум посакала (материјално гледано) до сега имам прекрасен живот. Се надевам дека еден ден ќе можам истото да го овозможам и за моите деца. Но, што ако не било така? Мојата мајка ме родила на 22 години, кога веќе била венчана со татко ми, кој тогаш имал 30 години. Што ако мајка ми била сеуште дете, да речеме како што сум сега јас на 19 години, и јас сум била "дете на љубовта", како што се вели... Што ако татко ми бил студент далеку од дипломирање... Што ако јас не сум била дел од планот? Ќе речете на денешно време барем децава се образовани на темава, знаат како да се заштитат; па и јас лично практикувам безбеден секс со дечко со кого сум веќе со години... Ама се случуваат незгоди, па и на мене ми се случило да пукне кондомот повеќе од еднаш. Замислувам ситуација за мојата мајка која било кога може да ми се случи и на мене. Што тогаш ? ? ?
Сеуште сметам дека зрело не можам да размислувам како мајка, па затоа ќе размислувам како дете. Ако јас сум требала да растам во семејство каде што и храната би била проблем да се постави на маса, а да не зборуваме за сите други луксузи што јас ги имам во животот, само затоа што моите родители МОРАЛЕ да ме донесат на светов кога не биле подготвени на тоа, па подобро воопшто и да не сум била родена. Некои од вас може ќе речат дека можело детето да се даде на посвојување, па да, и тоа е опција... Ама во оваа држава дали едно на 10 деца завршува во стабилна фамилија наместо во сиропиталиште... Јас пак велам, па подобро и да не сум била родена...
Може ќе ми замерите за ова, но за себе сум си поставила правило: на овој свет нема да донесам дете за кое ќе бидам одговорна додека не сум добро подготвена за тоа, па тоа и да значи уште утре да решам да одам на абортус и поради компликации да се случи и да не можам после тоа никогаш да родам. ЌЕ БИДАМ ПРВО ЛИЧНОСТ ДОСТОЈНА ЗА СЕБЕ ПРЕД ДА БИДАМ НЕЧИЈА СОПРУГА И МАЈКА !!! И иако никогаш не би сакала навистина да го доживеам моментот кога ова правило би морала да го пренесам во пракса, знам дека доколку тоа навистина ми се случи, тој е мојот избор и ќе живеам со тоа, без каење и без 'што би било кад би било'...
Никогаш не сум имала ништо против жените кои велат дека абортусот е убиство, кои велат дека каков и да е нивниот живот од се би се откажале за животот на своето дете... Сеуште не сум мајка, и можеби грешам, ама како ќе се чувствувате ако тоа дете нема живот каков што посакува и еден ден рече "Зашто сте ме родиле?"... Знам дека секоја мајка го сака најдоброто за своето дете, ама ако не може да му го овозможи повторно ќе се обвинува себеси...
Пред околу една година, на улица Македонија имаше петиција "Дали сте ЗА или ПРОТИВ абортусот?". Јас се потпишав ЗА.
Што мислите вие?






