Задоцнети родители
Ова е критика за родителите. И јас сум родител. Не можам да барам нешто од моите деца што јас не го правам. И не можам да им забранам да прават нешто што јас исто така го правам. Тоа е лицемерно
Пред некој ден бев на доделување на свидетелства кај најмал основец. Забележав дека луѓето што дојдоа таму со своите деца, на тој свечен чин – се всушност некогашните деца на Влае. Многумина од нив ги познавам – по истите улици сме растеле. Она што ме изненади е што за некои од тие луѓе, кои сега се грижливи родители, знам дека беа проблематични деца. Немирни, што се велеше тогаш. Ги гледам сега и не можам да се изначудам како ги прекоруваат своите деца да седат мирни додека наставничката ги чита имињата. Времињата се менуваат. Луѓето се менуваат. Ама не сите. Некои се непоправливи. Имаше неколкумина што ги познавам, кои никогаш не го почитуваа туѓото време. Кои секогаш доцнеа. Задоцнија и на овој свечен чин. Со своите деца.
Пред неколку месеци, враќајќи се од родителска консултација со наставничката, во истото училиште, зажалив што немав камера. Ќе излезеше добар прилог, посветен не на училиштето, туку на родителите. Беше рано наутро и јас на наставничката и одзедов неколку минути од првиот час. Но она што ме изненади беше дека, иако ѕвончето веќе беше означило почеток на првиот час, уште петнаесет-дваесет минути потоа доаѓаа ученици во придружба на нивните РОДИТЕЛИ. Подзаспани, ненаспани, нервозни, бушави, набрзина нашминкани мајки и татковци со прва цигара во уста. Не се децата тие што доцнат.
Очигледно, родителите прво задоцниле за на работа. Очигледно, децата, како и родителите доцна си легнале. Очигледно, некој им дозволил на децата да останат по полноќ, најверојатно за да можат и родителите да си поседат дома или во кафеана по полноќ. Јасно е – децата на тие родители се целосно морално-воспитно запуштени (можеби и обратно – родителите на тие деца се запуштени). Не велам дека тие деца полошо ќе си поминат во овој живот и во ваква земја, со навики какви што имаме. Во неа, можеби тие што доцнат ќе поминат подобро од оние што доаѓаат навреме, затоа што во оваа земја никој не почитува ништо туѓо. Секој го гледа само своето, својата сопствена потреба. Еден основен семиотички симптом за такви саможивни, егоистични култури е една бизарност од јавните нужници – во такви земји ретко кој пушта вода зад себе, затоа што се држи до максимата: „А, ми е гајле, јас си завршив работа, ми олесна, нека му ја мисли тој што ќе дојде по мене“.
Непочитувањето на туѓото (не само на туѓото време, туку на сé што е туѓо) започнува со доцнењето. Тоа е првата скала. Се договараме да се видиме во десет, јас жртвувам еден куп приватни обврски, се лишувам можеби од еден час игра и смеење со децата, се лишувам можеби од еден час читање книга или заработување пари, а ти доаѓаш во 10 и 30, откако себично си ги истерал своите ќефови. Значи, непочитувањето на туѓото почнува обично со доцнење на состаноци, но завршува со жесток тоталитарен режим и репресија. Тоталитарните режими и не се ништо друго освен непочитување на туѓото и на Другиот. Меѓу доцнењето на состанок, непуштањето вода во јавен тоалет и националната омраза има многу мала разлика. Формата е различна, суштината е иста. Основата е – саможивен егоизам и најпрвин потценување, а потем и негирање или омраза на другиот, блискиот, различниот.
Тој поединец што доцни, утре ќе стане диктатор на работно место. Замислете таков човек зад шалтерот, кому не му е грижа дали клиентот што чека и му ги покажува документите, барајќи правда, е во право или не! Тој ќе стане диктатор и дома, малтретирајќи ги децата и жената, не признавајќи им ништо нивно – постои само неговото и крај. Тие ќе немаат нивни права: право на нивни мисли, право на нивно време, право на нивна интима. Но влезот на таквиот поединец во општеството е многу пострашно нешто одошто формите на семејна тортура. Со влегувањето на таквиот неодговорен, морално и воспитно запуштен поединец во општеството, се институционализираат неодговорноста и тортурата. Неодговорниот човек не може да се грижи ни за себе, а камоли за другите. И затоа, и без да знае, ќе почне да ги малтретира.
Пример. Јуни. Испит по солфеж во основно музичко училиште во Скопје. На еден лист хартија, најуредно испишани термини за полагање, по групи. Впрочем, станува збор за најмала возраст, за деца кои се „прекршуваат“, кои сега или ќе го засакаат тоа што го учат или ќе го замразат. Секој детаљ во односот меѓу нив и нивните учители може да биде пресуден. И, што се случува? Групата што треба да полага во 11:00 доаѓа на време и забележува дека уште не е почната со испит ниту групата од 9:00. Зошто? Некој од комисијата задоцнил. Некој. Некој неодговорен, воспитно-морално запуштен воспитувач! Во такви моменти обично ја пцујам државата. Не знам зошто, најлесно е така. Само велиш „Да ти ебам државата, да ти ебам“, и тоа сочно, и ти олеснува. Ама не е така. Државата не одела на гинекологија да се чепи за да го роди тој што задоцнил. Државата не е таа што требала да го скубне за зулуфите кога првпат задоцнил. Државата не е само школото што требало да го воспита. Државата, над сé и пред сé – тоа се мајка ти и татко ти. Ако тие не те воспитаат дома, џабе ти е потоа да го очекуваш тоа од професорите, наставниците, воспитувачите. Тие само треба да надградат нешто, но ако темелот го нема – нема што да надградуваат! И тој член на комисијата што задоцни, поради кого шеесетина дечиња дента изгубија по четири-пет часа од својот живот – не бил воспитан од мајка и од татко. Државата можеби подоцна се вклучила во неговото доофомување во саможивен монструм, со тоа што директорите во школите каде што учел, преку врски – му прогледувале низ прсти. Но, човекот е згрешен прво дома.
Ете така. Ова е критика за родителите. И јас сум родител. Не можам да барам нешто од моите деца што јас не го правам. И не можам да им забранам да прават нешто што јас исто така го правам. Тоа е лицемерно. Кога тајно се прави нешто, се доаѓа до трагикомични ситуации. Како пред некоја ноќ. Не можев да спијам и излегов во дворот. Беше три и пол. Се изненадив кога го видов детето на еден подалечен сосед во доста кризна ситуација – атаксично, дезориентирано, изгубено. Очигледно, малиот имаше пиено алкохол или консумирано опијатчиња. Трипати помина по улица гледајќи во мобилниот телефон, зборувајќи нешто со апаратот како со човек, лутејќи и се на тастатурата. И трипати не ме виде, иако стоев на портата, и иако обично редовно ме поздравува. Конечно, на третото поминување, го опцу телефонот и го тресна од земја. Го парчоса. Потоа се наведна за да му ги прибере посмртните остатоци, кога, на свиокот сопре возило што можеше да го удри, онака наведнат. Од возилото се слушна гласот на татко му: „Што правиш тука, бе магаре едно? Па нели рече дека не излегуваш?“. А малиот врати – „Па и ти рече дека одиш на состанок и дека ќе се вратиш до шест.“ Што потоа се случи не знам. Но, знам само едно – треба да се смислат школски казни не за децата, туку за родителите. Во тоа сум се повеќе убеден, гледајќи ги родителските капацитети, посебно на мојата и на генерациите по мене!