Не верувам дека има родител кој нема дилеми во врска со воспитување на своето дете, па оваа тема може да послужи за размена на искуства и совети. Со совети и прашања може да придонесат и оние кои не се родители но имаат браќа, сестри, внуци, студираат факултет на кој ова е опфатено, или едноставно ги интересира воспитувањето на децата.
Мене деновиве ме мачи една таква дилема (ме мачат повеќе, ама ќе почнам од оваа што ми се јави последна). Не знам дали да ја воспитувам ќерка ми кога некој ќе направи нешто лошо - дали да ми каже мене, на учителките, кој и да е, или ако не е нешто што неа ја засега, да не се меша.
Од една страна, не сакам да ја доживуваат како тужибаба. Сега има 7 години и уште нема последици, ама за некое време може да биде отфрлена од друштвото. Од друга страна, преку глава ми е од немешање, особено од последиците кои ги носи. Така се стимулира неодговорност, а од неодговорност државава ни е отидена по ѓаволите, и верувам дека само со одговорност може да се оправиме. Веројатно ми влијае и тоа што често сум со странци, или наши кои живееле во странство, и кај нив нема преќутување - кој направил глупост треба да сноси одговорност.
И на ќерка ми не и е лесно, милион пати сум и дала различни сигнали. Од една страна, супер е што ми кажува за бељите на брат и, затоа што нон-стоп прави нешто, а ако не ми каже таа - нема како да дознаам. Од друга страна некогаш кога ќе почне да ми кажува ми е криво што ја стимулирам да биде тужибаба, и ја сечам во сред муабет, и кажувам да не се меша.
А до некаде и јас сум крива, кога беа помали арав да ми кажува се што прави малиот, да внимава на него, и веројатно така почна се. И во училиште кажувала на учителките кога некој се тепа. И кога ќе ми текне колку ги презирав тужибабите кога бев дете, многу ми е мака.




