Оф мори мајко, кај ме најде мене за храна
Јадам од каде ми се јаде, и за најголем сладок грев си ги сметам лесковачката средна (гурманска), тип топ опремена со сосчиња, лутко, кромид и кисела крставичка, помфрит, просто да се здебелиш од самата помисла!
Љубам да јадам во 7мица, но само кога сум сама, зошто се чувствувам господски, си нарачувам комбиниран и си јадам како лав, на мира, седната, со екстра засолен помфрит и уживам.
Скара и радост за непце ми се кафеаната Св Никола во Струга, зошто за 150 денари добивам красен увијач со кашкавал, помфрит, малку салатичка и кромид. Со лепче и залеано со ракија - нема поголем боем од мене.

Под брза храна подразбирам и печива и бурек, така што, после секое ноќно излегување, чест гостин сум во Ла Делишес и смачкувам баничка со пица фил или кроасан со зденка и маслинка (купував и од кај Мајче, но сега не толку), а обожавам бурек од Дени 2003, карши Студенстски, четврт, со јогурт, веднаш после свирка, мерак за меше! Сакам и пица панцерота во Вегера или некое кроасанче со екстра кечап, и тоа во друштво со другарки. Во било кое време!
Исто така, сакам пилешки прсти и похован кромид, и тоа во Плаза дел Торос, во Соул Паб, а не се лоши ни во ирскиот паб. Други такви брзи храни љубам по околните домашни кујни, каде што во Шеф, за 89 денари имаш парче лазања повкусна од домашна или панирани буковки со ориз и печурки, а бре просто да си пукне човек од што е вкусно!
Патем, имам вишок кг, ама сум пресреќна кога јадам и уживам!
