Форумџика на годината

Правила на форумот

Дискусија во 'Правила и новости' започната од bilkata, 18 ноември 2009.

Статус на темата:
Не е отворена за нови одговори.
  1. bilkata

    bilkata Администратор

    Се зачлени на:
    4 октомври 2008
    Пораки:
    349
    Допаѓања:
    1.682
    Наша цел е на форумот „Фемина“ да ви обезбедиме место за дискусии, дебати и размена на информации. За да создадеме заедница на споделени вредности, взаемно почитување и доверба меѓу членовите, но и да одржиме пријатна и релаксирана атмосфера, создадовме едноставни правила што треба да бидат почитувани од сите учесници во дискусиите.


    1. Членство

    1. Секој има право да користи само едно корисничко име. Корисничкото име не смее да биде вулгарно, навредливо или да рекламира продукт, услуга или фирма.
    2. Корисничкото име не може да се менува. Нема да одговараме на барања за промена на корисничко име.

    2. Општи правила за дискусија

    1. Користете кирилица. Придржувајте се кон правилата за пишување на мислење!
    2. Форумот „Фемина“ е заедница на почит и толеранција. Бидете учтиви кон останатите членови. Запомнете дека другите веројатно нема секогаш да ги споделуваат вашите гледишта.
    3. Не толерираме агресивно однесување, препукување, омраза, провоцирање и ВИКАЊЕ. Можеби вие сметате дека вашиот стил на дискусија е возбудлив, но ако останатите сметаат дека е несоодветен – мислењата ќе ви бидат избришани.
    4. Дозволете им на другите слободно да го искажат своето мислење и не се обидувајте да доминирате во дискусиите. Ако постојано реплицирате, се инаетите, жестоко ги убедувате останатите членови дека не се во право, ако секогаш сте онаа којашто мора да го има последниот збор, сфатете дека ваквото однесување е непријатно и непожелно.
    5. Бидете учтиви и помагајте им на новите членови да се снајдат, наместо да ги напаѓате. Секој започнува од некаде!
    6. Не влегувајте во улога на модератор. Доколку наидете на мислење што ги прекршува правилата, пријавете го преку копчето „Пријави го ова мислење“ (малото розово копче со извичник, веднаш до копчето „Цитирај“). Не се обидувајте да ги разрешувате проблемите и да ги „опоменувате“ корисниците. Истото важи и за неправилно отворените и дуплите теми. Едноставно пријавете и нашите модератори ќе проценат дали и какви мерки треба да се преземат.
    7. Сите мислења треба да бидат конструктивни и да одговараат на темите во коишто се публикувани.
      • Забрането е пишувањето на бесмислени мислења со цел зголемување на вашиот вкупен број на мислења.
      • Не пишувајте мислења како „И јас исто“, „Да“, „Не“, „Се согласувам“, „хахахаха“ и сл.
      • Ако сакате да се заблагодарите, не пишувајте мислења како „Благодарам“, „Лелеее, фала многу“ и сл. Наместо тоа, користете го копчето „Ми се допаѓа“!
      • Не испраќајте смајлиња без текст.
    8. Не испраќајте две мислења едноподруго. Ако веднаш по испраќањето на одредено мислење се сетите дека треба да допишете уште нешто, редактирајте го мислењето со помош на копчето „Редактирај“.
    9. Ако во рамките на вашето мислење сакате да вметнете туѓ текст, посочете го и изворот.
    10. Ако цитирате мислење на друг корисник, пожелно е да го цитирате само делот кој го коментирате, а не целиот текст на мислењето.
    11. Забранети се четот, флудот и спамот.
      • Чет – личен разговор меѓу два корисника, размена на реплики од типот „Како си денес?“, „Ајде да одиме на кафе“ и сл. За таа цел постојат „Лични пораки“ и посебен модул Чет.
      • Флуд – потопување на форумот со бесмислени мислења или мислења што се повторуваат.
      • Спам – оф-топици, рекламирање и сл.
    12. Забранети се мислења кои содржат: пцовки, вулгарни или навредливи зборови; елементи на агресивен национализам, ксенофобија и антисемитизам; религиозна, идеолошка, политичка пропаганда; расна, културна, социјална, религиозна, етничка и секаков друг вид дискриминација; омраза и нетолерантност. Забранети се мислења кои предизвикуваат страв и масовна паника, како и мислења со линкови кон сајтови кои содржат слични елементи.
    13. Забрането е публикувањето на порнографски слики и видеа.
    14. Забранети се мислења кои содржат лични податоци за други учесници во форумот, како и публикување на лична кореспонденција.
    15. Форумот не е место за спроведување на ваши истражувања или анкети.

    3. Создавање на тема

    За темите важат сите горенаведени општи правила за дискусија.

    1. Секоја тема треба да биде поставена во соодветната категорија.
    2. Не отворајте дупли теми. Пред да отворите одредена тема, прегледајте ги соодветните категории и искористетете го пребарувањето на форумот (се наоѓа најгоре десно).
    3. Насловот на темата треба да е соодветен и да ја опишува содржината. Не се дозволуваат наслови како: „Помош!“, „Итно е!“, „Голееем проблем“, „Help...“ и сл.

    4. Користење на копчето „Ми се допаѓа“
    (Ова се само препораки; нема да интервенираме при нивно непочитување, освен во екстремни случаи)

    1. Употребувајте го копчето „Ми се допаѓа“ секогаш кога ќе наидете на квалитетно и корисно мислење. Целта е да се истакнат најквалитетните мислења во темите.
    2. Критериум треба да ви биде содржината на мислењето, а не дали авторот на мислењето ви е мил или не. Не се расфрлајте непотребно со „лајкови“.
    3. Ако некој ви помогне да го решите вашиот проблем или ако ви даде корисен совет, бидете учтиви и заблагодарете му се со тоа што ќе кликнете „Ми се допаѓа“ на неговото мислење.

    5. Реклама и самопромоција

    1. Не го користете форумот за реклама или самопромоција. Забрането е испраќање на мислења и лични пораки што рекламираат сајтови, фирми, организации, акции, продукти, услуги и сл. Ако постои рационална и оправдана причина да ве промовираме или пак ако сакате да поддржиме или спонзорираме некоја ваша иницијатива, контактирајте со некој од членовите на модераторскиот тим.
    2. Забрането е барање на „лајкови“/гласови за наградни игри, натпревари или за други цели.
    3. Не се дозволени елементи од профилот на корисникот кои претставуваат реклама на сајт, продукт, фирма, услуга и сл. Линкови од ваков тип можат да се поставуваат во Контролен панел/Профил/Веб сајт.

    6. Потпис

    1. Се препорачува потписот да содржи најмногу 4 реда текст. Не смее да биде премногу шарен, а пожелно е да не се користи боја и различна големина на буквите.
    2. Ако потписот содржи слика, препорачливо е таа да не биде повисока од 120 или поширока од 700 пиксела. Не се препорачуваат „мешани“ потписи (слика + текст).
    3. Потписот не смее да содржи пцовки, навредливи зборови, порнографски материјали, рекламни материјали и било каква пропаганда или агитација.
    4. Потписот не смее да содржи линкови кон сајтови што спаѓаат во било која од погоре наведените категории.

    7. Слика на профилот (аватар)

    1. Аватарот не смее да биде од порнографски, рекламен или пропаганден карактер.
    2. Аватарот не смее да содржи дел од логото на Фемина.
    3. Не е дозволено да се користат аватарите на членовите на модераторскиот тим (за да се избегнат забуни).

    8. Лични пораки

    1. Најстрого е забрането испраќањето на рекламни или спамерски лични пораки.
    2. Забрането е масовно испраќање на пораки од типот „Здраво, имаш Skype?“, „asl pls“ и сл.
    Ги молиме сите корисници кои ќе добијат вакви лични пораки да ги пријават со цел да бидат преземени неопходните мерки. За да пријавите лична порака, кликнете на извичникот до копчето „Цитирај“.


    9. Модератори

    Модератори се членовите одговорни за уредување на форумот. Модераторите ја вршат оваа функција на доброволна основа, т.е. не се должни да бидат нон-стоп присутни на „Фемина“, ниту пак да ви одговорат на испратена лична порака до нив.

    1. Не прашувајте во темите зошто ви било избришано одредено мислење, заклучена одредена тема и сл. Најверојатно не сте ги почитувале правилата. Ако сметате дека некое ваше мислење било неправедно избришано, испратете лична порака до некој од модераторите.
    2. Не се примаат барања за бришење на теми или мислења. Сме добивале вакви пораки: „Избришете ја темата ***. Дознав сè што ме интересираше и веќе не ми треба“. Или: „Избришете ми ги сите мислења. Другарките научија дека сум на форумов“. Ваквото однесување не само што ја уништува смислата на постоењето на еден форум, туку е и нефер кон сите оние што се потрудиле да ви помогнат. Не споделувајте премногу интимни работи ако не можете сами да си ја зачувате приватноста!
    Модераторите имаат право да преземаат соодветни мерки за да санкционираат нечие однесување што пречи на дискусиите во темите или на друг начин влијае негативно на форумот, дури и притоа да не е прекршено ниту едно од горенаведените правила.

    Доколку сметате дека одреден модератор ја злоупотребува функцијата, контактирајте со некој од администраторите или глобалните модератори.


    10. Специјално за машките членови

    1. Фемина не е место за да си барате партнерка. Постојат други сајтови за таа намена.
    2. Не пишувајте лични пораки со содржина од типот „Здр, како си?“, „Дај ми скајп“, „Ајде да се запознаеме“ или пораки со сексуална конотација. Веднаш ќе бидете банирани!
    3. Не пишувајте „остроумни“ мислења во секцијата „Љубов и секс“ затоа што веднаш ќе бидат избришани, а вие ќе бидете банирани (нема да опоменуваме).
    4. Сè што е напишано во претходните три правила важи и за четот.

    11. Приватност

    Вашата приватност е важна за нас. Политика на Емедиа Гроуп ДОО Битола е да ја почитува вашата приватност и да се придржува до сите применливи закони и регулативи во врска со какви било лични податоци што можеме да ги добиеме од вас. Повеќе детали за податоците што ги собираме и начинот на којшто ги обработуваме, како и за вашите права, можете да прочитате во нашата Политика за приватност.


    12. Бришење на профил

    Можете да побарате бришење на вашиот профил, при што:
    • Сите ваши податоци ќе бидат трајно избришани од вашиот профил и од нашите сервери (име, пол, датум на раѓање, локација, професија).
    • Профилот нема да постои повеќе, односно нема да може да биде разгледуван од останатите корисници.
    • Профилот нема да може да се врати назад.
    • Содржините јавно објавени преку профилот ќе бидат означени со псевдоним од типот „Избришан корисник 123456“.
    Доколку се одлучите на таков чекор, контактирајте со модераторскиот тим или испратете ни барање на privacy@emedia.mk.
     
    На DS10, 1Q84, Beautiful Dreams и 57 други им се допаѓа ова.
Статус на темата:
Не е отворена за нови одговори.