Еве уште три рецепти за кифли што многу ги сакам. Во принцип, бидејќи се прават со свеж квасец, обично пред месење на тестото, квасецот се раствора во млеко, со шеќер и сол, и малку брашно да кисне, ама јас тоа го избегнувам, затоа што резултатот на крајот е ист, без разлика дали е квасецот киснат или не. Важно е после месењето тестото да се остави убаво да нарасне. Исто така, ако сакате повеќе кифли, само дуплирајте ги состојките
Ружи кифли (посебно овие ги обожавам, ама не ги правам често)
Се замесува тесто од кг брашно (сите рецепти ми се за килограм брашно, ама не е дефинирано, некогаш може ќе треба и повеќе, затоа што од брашното зависи какво ќе излезе тестото), половина литар слатко млеко, еден свеж квасец, 3 лажици шеќер, лажица сол (не многу полна), 3 филџани масло и 3 јајца. Се меси убаво (да биде меко, но да не лепи), па се остава на топло да нарасне. Потребно е и едно пакување маргарин (обично користам Кристал маргарин, а понекогаш и несолениот Бордс Еве за готвење). Тестото се дели на 6 дела. Секој дел посебно се сука во кора со дебелина од 1 цм (да не е слаба и да се кине, туку дебела, како за баница) и се премачкува со маргарин одозгора на целата површина. Од кората се сечат ленти широки околу 2-2.5 цм кои се засекуваат по должина само на едната страна, па лентата се витка како ролат. Засечените делови треба да се растурат од горната страна, да личат на ружи. (Се надевам дека ме сфаќате како треба). Ова се повторува со секоја кора, се сука, се мачка со маргарин, се сечат ленти, итн.... Се редат во плех на хартија за печење, се мачкаат со јајце и се печат. По желба, додека се уште топли, може одозгора да се посипаат со рендано сирење, па се враќа во рерна уште малку, да се запече сирењето.
Планински очиСе замесува тесто од два свежи квасци, кг брашно, 3 јајца, 3 филџани масло, 3 лажичиња шеќер, сол по вкус и половина литар слатко млеко. Откако ќе нарасне тестото се дели на 16 топчиња. Од секое топче се сука кора (како во претходниот рецепт), се мачка со маргарин и се превиткува (како за лиснато тесто, само не се става во фрижидер). Се формира топче, па пак се сука кора, по можност тркалезна. Се дели на четири дела (сечете дијагонално во форма на крст). Од секој дел се витка кифличка, и притоа краевите се спојуваат и се зафаќаат со чепкалка за заби (со неа се печат). Се редат на хартија во плех, се мачкаат со јајце и се посипуваат со сусам/ким/мак/крупна сол. После печењето се вадат чепкалките додека кифлите се сеуште топли.
П.С. Во Турција има еден зачин, како бибер во зрна изгледа, само помали се зрната - го користат во пецивата и лебот. Не знам како се вика, ама многу убаво мириса, и овие кифли последно ги направив со тој зачин. Ми го дадоа пријатели Турци, и сега сум на мисла да го побарам во Рамстор, може го има. Тогаш ќе ви кажам како се вика
Солени кифличкиСе замесува тесто од кг брашно, 3 јајца, 300 мл масло, малку сол, половина литар млеко и свеж квасец. Се остава да нарасне после месењето, па се прават топчиња колку орев (би требало околу 90 да излезат). Секое топче се сука како правоаголник (долгнавесто да е, не мора баш правоаголник) и се витка долга и тенка кифличка. Се редат на хартија за печење, се мачкаат со јајце и се посипуваат со крупна сол (како соленки се) и ким. При печењето треба да се пази да се скоро бели, не трпат многу печење, оти ќе станат тврди.
Ај доста ви беше за денес

ако не ме мрзи, ќе напишам уште некој рецепт.