Дефиниција
На интернет, трол е некој којшто испраќа провокативни, нерелевантни или оф-топик пораки во онлајн заедница, како онлајн форум за дискусија, чет соба или блог, со основна цел да испровоцира силна емотивна реакција кај останатите корисници или да го наруши нормалниот тек на дискусијата.
За остварување на својата цел, тролот се служи со лаги, инсинуации, манипулации и сл.
Како да го победите во дискусијата?
Не можете да победите трол! Колку и да се силни вашите аргументи, тој нема да го промени својот став и ќе продолжи да ве провоцира, обидувајќи се да ве дискредитира на секој можен начин. Тролот нема да ја напушти дискусијата и секогаш ќе се обидува да одговори последен. Негова мисија е да ја уништи темата и да предизвика контроверзност во заедницата.
Основно правило: Не ги хранете троловите!
Со секој ваш одговор и реакција на мислењата на тролот, вие всушност му помагате да ја оствари неговата цел. Единствен начин за справување со троловите е да ги игнорирате. Кога ќе забележите трол, едноставно игнорирајте го и не одговарајте. Не му се спротивставувајте, не го навредувајте, не му велете дека е трол... Продолжете со дискусијата како ништо да не било.






