1. Овој сајт користи колачиња неопходни за неговото функционирање. Ако продолжиш да го користиш, значи се согласуваш со нашата употреба на колачиња. Прочитај повеќе.

Прирачник со совети за правилно одбирање нијанса на пудра за лице

Дискусија во 'Лице' започната од Mishela, 3 јуни 2019.

Статус на темата:
Не е отворена за нови одговори.
  1. Mishela

    Mishela Модератор Член на тимот

    Се зачлени на:
    19 август 2010
    Пораки:
    18.549
    Допаѓања:
    80.602
    Пол:
    Женски
    Пудрата за лице е продукт кој несомнено може да се најде во сечиј козметички несесер, а истовремено пак, процесот на одбирање вистинска нијанса во склад со нашиот тен знае понекогаш да биде ноќна мора.

    Се надевам дека овие неколку мали совети кои ќе ги споделам ќе им бидат од корист на сите оние кои барем еднаш се нашле во ситуација да имаат дилема околу одбирањето на нијанса на течна пудра која нема да дели од тенот и ќе изгледа баш како „втора кожа“ кога е нанесена на лицето со остатокот од шминката.


    Пред да посегнеме по одбирање нијанса на пудра, треба да разрешиме некои дилеми околу типот на кожа и подетално да го проанализираме нашиот подтон на кожата за да знаеме кои нијанси на пудри би требало да ги отфрлиме уште од старт и да си ја олесниме постапката.


    Како можам да откријам каков тип на кожа имам?

    Постојат четири типови на кожа:
    • сува кожа
    • нормална кожа
    • мрсна кожа
    • комбинирана кожа

    Секој тип на кожа има некои карактеристични одлики по кои се издвојува, а најлесно можеме да откриеме во која од овие категории припаѓа нашата кожа преку неколкудневно следење на нејзината состојба наутро, непосредно по будењето.

    Доколку вашата кожа изгледа затегнато, се забележуваат суви зони (неретко проследени со перутење во одредени зони од лицето), тогаш веројатно станува збор за сува кожа.

    Нормалната кожа можеме да ја препознаеме по рамномерниот тен без неправилности, без дехидрирани зони или делови од лицето кои изгледаат замастено или сјајно од вишокот себум кој се наталожил преку ноќта.

    Тенка е границата помеѓу комбинираната и мрсната кожа, но разликата помеѓу овие два типа на кожа е огромна.
    Комбинираната кожа се одликува со помасна Т-зона и суви или нормални делови од остатокот на лицето, а мрсната кожа има изразен мрсен сјај, нерамномерен тен и изразени пори.

    Каков тип на кожа имате, лесно може да тестирате и со помош на хартиено марамче. Овој тест најдобро е да го примените наутро, непосредно пред утринското чистење на лицето.
    Земете марамче и лесно натапкајте по површината на лицето, а особено задржете се на деловите околу носот, брадата и челото.
    Доколку на марамчето не останат масни флеки, тогаш споредете ги карактеристиките кои вашата кожа ги има, па проценете дали вашата кожа е сува или нормална.

    Ако на марамчето приметите остатоци од масна трага, тогаш вратете се на карактеристиките со кои се одликуваат комбинираната и масната кожа, па споредете во која од тие две категории спаѓа вашата кожа.

    Мала напомена: типот на кожа може да варира во зависност од временските услови или дури од годишното време. Без грижа доколку вашата комбинирана кожа во текот на зимата пројавува карактеристики на сува кожа, сето тоа е нормално.



    Откако го откривме нашиот тип на кожа, следен важен чекор пред да посегнеме по одбирање пудра е да прецизираме каков подтон има нашиот тен.

    Постојат три подтонови:
    • ладен
    • топол
    • неутрален

    Како можам да откријам каков подтон има мојата кожа?

    Најбрз и најлесен начин да дознаете каков подтон има вашата кожа е преку бојата на вените; свртете ја дланката од внатрешната страна и проанализирајте ги вените кои наѕираат преку кожата.

    Вашата кожа има ладен подтон, доколку вените кои ги гледате влечат кон сино или пак имаат примеси на некои виолетови тонови.

    Ако вените имаат изразени зелени тонови, тогаш дефинитивно спаѓате во оние со топол подтон.

    Доколку пак вашите вени се во некоја неодредена сино-зелена нијанса, тогаш имате неутрален подтон.



    На крај, не останува ништо друго освен да споделиме неколку практични совети кои би биле корисни при одбирањето на вистинската нијанса на пудра.

    1. Одберете барем 3 нијанси кои на прв поглед изгледаат најслични со вашиот тен.

    2. На чиста кожа, нанесете по една вертикална линија од сите три пудри, која би се протегала од виличната коска кон вратот. Нијансата која најмногу се прелева со онаа на вашиот тен, е онаа вистинската кој ви одговара.

    3. Светлата во дрогериите и парфимериите знаат да бидат прејаки и да не успеат да ја доловат вистинската нијанса на продуктите, па пожелно е да погледнете како навистина изгледаат нијансите на вашата кожа и на дневно светло.


    Се надевам дека водичов ќе биде корисен за сите оние кои некогаш имале дилеми околу типот, подтонот на кожата, па и одбирањето на солидна нијанса на пудра за себе.
     
    На Starchild, My litle pony, *Buba* и 42 други им се допаѓа ова.
Статус на темата:
Не е отворена за нови одговори.