Дали лесно си признавате себеси дека сте згрешиле или барате начин како да си ги оправдате постапките? Дали (лесно) им признавате на другите дека сте згрешиле или и не сакате да покажувате „слабост“? Дали лесно преминувате преку грешките или ве држи вина долго време? Дали исто чувствувате вина кога ќе згрешите несвесно (од незнаење) и кога грешката ви е резултат на погрешна ризична проценка? Кои грешки ви предизвикуваат најголема вина? Како го надминувате чувството на вина, особено кога знаете дека не можете никако да ја поправите ситуацијата? Дали ви е потребен разговор, утеха од некого кога ќе згрешите или си го носите „товарот“ во себе? Кога грешката е насочена кон друг (пријател, колега, партнер, шеф), дали се извинувате или чекате да помине непријатната ситуација „сама од себе“? Дали сочувствувате со туѓите грешки или ги анализирате однадвор, без да размислувате за мислите и чувствата на тој што згрешил, особено ако грешката е насочена кон вас? Дали се плашите да правите грешки или реално, во пракса го доживувате тврдењето дека „со грешките се подобруваме и напредуваме“, па ги прифаќате грешките (и можеби дури и сакате да грешите за да научите)? Слободно дополнете или развијте дискусија за некое прашање што ви фали.
Многу прашуваш, чупе. Интересна тема за ваков нарцисоиден народ. Побрзо рака ќе си отсечат луѓето тука, отколку да признаат дека згрешиле, т.е. дека не се во право. За себеси, скоро веднаш знам кога сум згрешила и веднаш и си признавам. Не барам начин да си ги оправдам постапките, напротив. Знам да бидам доста самокритична. Всушност никој не може да ме искритикува колку што самата ќе се искритикувам. Е ова е веќе сосема различно. Спаѓам под нарцисоидниот народ што побрзо рака ќе си отсечам, отколку да признаам дека сум згрешила. Зависи и до грешката. Ако е нешто поситно и понебитно, ќе се инаетам. Ако нешто сериозно имам погрешено, си ја признавам грешката. Никогаш не преминувам преку грешките без вина, без разлика на тежината на грешката. Мислам дека се должи на воспитувањето, кај што секогаш и за најситната грешка ме дочекувале строги критики ( и повеќе од само критики, али ај да се задржиме само на тоа). Искрено, мислам дека и на тоа се должи несвесно тој одбранбен механизам на непризнавање. Преретко ризикувам. Секогаш е некој калкулиран ризик и затоа ретко кога правам грешка тогаш. Над 90% од грешките да речам ми се несвесни, од некоја импулсивна реакција. Вината би рекла е иста. Кога од таа брзоплетост и импулсивност ќе повредам некоја личност што ми значи. ^^ Споено со претходното прашање. Се имам најдено во таква ситуација и чувството на вина мислам дека никогаш нема да го надминам. И тоа ми е ок. Дури пострашно би ми било ако го надминам. Баш тоа ме држи свесно да избегнувам да повторам таква грешка во иднина. Реално, само тоа сметам дека преостанува да се направи. Не може да се врати минатото и да се избегне постапката. Може само да се извинам, да прифатам дека сум згрешила и да се трудам свесно да не ја повторувам грешката. Не знам. Не сум израснала во околина што нуди утехи, па не сум ни пробувала да разговарам за грешки и проблеми. Научена сум самата да си бидам и критичар и утеха и се друго ми е чудно. Зависи од грешката и од личноста. Ако личноста не прифаќа дека прави грешки и мисли дека секогаш е во право, тогаш само ќе чекам да помине ситуацијата сама од себе и нема да се извинам (освен ако не е сериозна грешка). Инаку ги признавам грешките секогаш. Мислам дека иницијалната реакција е не, не сочувствувам. Осеќам само нервоза. Само кај мене како што брзо доаѓа, така и брзо поминува таа нервоза. Па за кратко време заборавам и дека воопшто се случило нешто. А ако некој сериозно ми згрешил нешто, се водам по принципот на "простувам, ама не заборавам". Размислувам за мислите и чувствата на тој што згрешил. Затоа и веднаш простувам, бидејќи знам дека најголем дел од грешките се секако ненамерно направени. А не заборавам не е кажано во смисла на злопамтило. Повеќе е како претпазливост. Приметувам колку често и дали воопшто таа личност ја повторува грешката и према тоа градам мислење за доверба кон истата личност. Се плашам да правам грешки, затоа што знам како ќе се дочекани. Всушност не се плашам од самата грешка, туку од реакциите потоа. Апсолутно се согласувам дека со грешките учиме, се подобруваме и напредуваме. Всушност мислам дека со грешките и повеќе учам. Иако знам дека во моментот ќе се уклучи тој одбранбен механизам на барање изговори и оправдувања, сепак сакам луѓето да ми посочуваат кога грешам. Не сакам да повторувам исти грешки во иднина и сакам да ги исправам.
Паааа мислам дека да, си признавам. Зависи од ситуација и колку е страшно, секогаш си признавам во себе но некогаш ме фаќа егото па не можам да признаам на глас. Особено ако е некоја општа грешка, на пример нешто не сум направил како што треба, или се испоставило дека некоја проценка што сум ја направил се покажала како погрешна. Ама ако имам згрешено на некоја личност тогаш си ја признавам грешката и не се обидувам да се оправдам. Зависи. Техничка грешка не ми иде веднаш да признаам, како што спомнав, се обидувам покажам дека сепак функционира нештото или дека не сум само јас крив. Но во повеќепати случаи на крајот сепак ја признавам грешката и со тоа сметам дека го скратувам периодот на непријатност. Ако е грешка кон некоја личност, и сум целосно свесен дека сум и згрешил, веднаш ја прифаќам ситуацијата и признавам. Со текот на годините сфатив дека другите сакаат да го слушнат ова, и многу брзо ситуацијата се смирува уште пред да се вжешти премногу. Хммм, добро прашање. Можам да речам дека веднаш ја прифаќам. Ми се јавува некоја самосвесност за тоа што се случило. Во моментот наведувам глава и си велам, океј се деси и ова, го направив и ова, лошо беше. Фактот дека не можам да го вратам времето назад ме тера да мислам шо може да направам за да ја олеснам грешката. Потоа можеби и со денови размислувам како сум можел да постапам поинаку и како во иднина би требало да постапувам во слични околности. Зависи и од големината на грешката и близината со човекот. На пример со некои луѓе секогаш кога ќе ги видам (океј не секогаш ама често), ми текнува на некоја потешка ситуација од минатото и во моментот осеќам кратко вина и жал. Понекогаш си велам дека овертинкнувам и не било толку страшно. Зависи. Ако не ми кажале важна информација и сум направил погрешна проценка, ми е криво за грешката но сметам дека се виновни и оние кои не ми ја дале информацијата што ќе ми помогнела да не згрешам. Доколку е некоја општа работа (пример комуникација), сметам дека е нормално да се прават грешки ако се нема целата слика. Не можеме се да претпоставиме. Обично се водиме по она што на нас ни звучи или изгледа нормално во ситуацијата. Во тие случаи сметам дека и другите треба да покажат разбирање. Ако со грешката сум повредил некого на некој начин. Ако ситуацијата дозволува или мислам дека нешто ќе се смени - се извинувам. Сметам дека само извини не е доволно во некои ситуации. Затоа обично пропратно со извинувањето повторувам што сум згрешил и кажувам зошто и како во иднина би се потрудил да не го направам истото. Најчесто да. Споделен товар е полесен товар. Освен тоа, некогаш другите ќе ги видат работите од поинаков агол. Можеби дури и ќе ми прикажат дека грешката не е толку страшна како што сум мислел. Или пак ќе добијам совет... Мислам дека понекогаш може да се збори. Зависи од видот и големината на грешката. Многу често нема сама да помине. Тоа се гледа од односот кој го имате во периодот по грешката (дали има промени во односот). Во зависност од тоа може да увидам и дали има потреба да се зборува и расчисти. Во некои ситуации (пример на работа) може побрзо да помине ако се преќути малку отколку да се разгори ситуацијата. Од друга страна, со партнер или член на семејството, мислам дека ако е нешто посериозно треба да се дискутира и да не се чека да помине. Бидејќи тие врски се подлабоки, и ризикот е поопасен. Ако некој мене лично нешто ми згрешил, не сакам да го отфрлам човекот одма или да чувам лутина. Иако не е едноставно. Ама за да не се чувствувам лошо подолг период, пробувам да си најдам објаснување зошто ми згрешил. Дали во моментот го мачеле други работи па јас сум му бил капката што прелеала. Дали и јас сум бил малку виновен. Дали стварно го мисли нештото или е моментален излив на нервоза. Дали е свесно или не свесно. Дали знаел дека ќе ме повреди а сепак направил нешто. Дали воопшто не размислувал кога рекол или направил нешто, и тн. Не сакам намерно да грешам. Ама сметам дека грешките се неизбежен дел од животот. Ме плаши да, ама од друга страна сметам дека само така се расте како личност и се развиваат особините. Неуспесите општо мислам дека се најбитен дел од патот до успехот. А грешките се мини неуспеси.
Пред себе скоро секогаш знам дека грешам. Е сега дали секогаш барам решение е друг муабет. На ова прашање ќе одговорам со цитат: Само ко ќе ми текни. Така да можи да се речи дека ме држи долго. Ама нагласок на "ко ќе ми текни" оти поќе од времето ако фокус имам на нешто друго не ни мислам на грешки. Не. Несвесни грешки поќе ме лутат пошто знам дека пак потфрлив со фокус. It's like a pattern. Не е незнаење, невнимавање фактички ме нервира најмногу при грешки. *Размислува* *Гледа во одговорите на другарчињата* Пошто не ми текнува, ќе го украдам овај одговор: Го заборвам повремено. После се сеќавам. Сфаќам дека не разрешив и истиснав. Пробвам да разрешам. Нешто друго во меѓувреме ми зема внимание. Заборавам и истиснувам пак. Си го чувам љубоморно. Двете. Зависи од колку ми е гајле за другиот. Ама се извинвам и фрижидер да чукнам. Не велам дека нема значење и тежина, туку не ми е проблем да се извинам. Ама некогаш знам прво да дам простор да се смири ситуацијата ако мислам дека така треба. Зависи. Можам да сум емпатична. Ама и не мора. Прво гледам ситуација од надвор. После ако сметам ја гледам поемпатично. Можам да разберам ако некој ми згреши нешто, ама и тој некој треба да разбери дека иако сфаќам - не значи дека автоматски простувам и сум ок со то. Без мајтап, низ грешки учам оти некогаш од ко ќе згрешам нешто ми останва врежано во меморија шо можам да ја искористам во слична ситуација. Ама неќам грешење. Радо не би грешела.
Не сакам кога грешам , но барем си признавам и пред себе си и пред другите . Кој признава пола му се простува , нели ..
Како го дефинираш зборот грешка? Ако направам нешто што не му се допаѓа на некој ми е гајле. Не можеш на сите да им угодиш се.
Дали лесно си признавате себеси дека сте згрешиле или барате начин како да си ги оправдате постапките? - Како што стареам, сѐ полесно ми е да си увидам и признаам грешка. Дали (лесно) им признавате на другите дека сте згрешиле или и не сакате да покажувате „слабост“? - Зависи. Понекогаш не е паметно да признаеш оти глупавите и простите тоа го сметаат за слабост. Дали лесно преминувате преку грешките или ве држи вина долго време? - Сѐ полесно. Дали исто чувствувате вина кога ќе згрешите несвесно (од незнаење) и кога грешката ви е резултат на погрешна ризична проценка? - Не се замарам за ненамерни грешки, но ако е погрешна проценка, да, потешко ми е, но и гледам да научам за нареден пат. Кои грешки ви предизвикуваат најголема вина? - Во врските со најблиските. Како го надминувате чувството на вина, особено кога знаете дека не можете никако да ја поправите ситуацијата? - Рационализирам, сфаќам дека е нормално и дека не е нешто wow. Дали ви е потребен разговор, утеха од некого кога ќе згрешите или си го носите „товарот“ во себе? - Разговорот со некои луѓе ми олеснува, со некои е џабе. Кога грешката е насочена кон друг (пријател, колега, партнер, шеф), дали се извинувате или чекате да помине непријатната ситуација „сама од себе“? - На паметни луѓе се извинувам, на глупави не. Дали сочувствувате со туѓите грешки или ги анализирате однадвор, без да размислувате за мислите и чувствата на тој што згрешил, особено ако грешката е насочена кон вас? - Секогаш сочувствувам и анализирам истовремено. Не може едно без друго за добра анализа. Важно е да се сфати зошто некој згрешил за да се разбере каков е човекот и она што во вас му дозволило да ви згреши. Дали се плашите да правите грешки или реално, во пракса го доживувате тврдењето дека „со грешките се подобруваме и напредуваме“, па ги прифаќате грешките (и можеби дури и сакате да грешите за да научите)? - Не сакам да згрешам, ама не се плашам воопшто. Верувам дека анализата на грешките, а не самите грешки, ни помага да научиме.
Да направиш/кажеш нешто со кое го повредуваш или му нанесуваш некаква штета на одредено лице или на оние околу тебе, или пак на односот што го имате. Најчесто мислам на ова се мисли.
Видете грешките се дел од секојдневниот живот. Сакале биле совршени до бескрај ќе направите грешка. Стриктно за мене,грешам да ама јас сум таков човек со м*да што ќе си ги признае. Помалку боли ако признаете грешка. Воглавно,понатака ќе знаете како да се справите со истите. Човекот е роден да греши и да учи од грешките. Не знам само зошто некогаш се сфаќа во негативна форма,дека ако е глуп,смотан. Најлошо е што во денешно време некој твојата грешка си ја зема ко твоја слаба точка односно како мотив да те провоцира. Затоа отсекогаш сум се водела кон тоа дека не е грев да се греши и не е тешко да се признае.
Во себе си признавам дека сум згрешила и не се оправдувам.Знам да барам причинско последнични одноди во постапките, колку да видам како друг пат да не згрешам. На другите не признавам.Најчесто не кажувам дека сум згрешила.Ако можам да санирам - ОК, ако неможе да се санира и грешката се однесува на мене, не се правдам, кажувам кратко дека сум грешка и толку (ама тоа кога веќе мора да кажам јавно) Ме држат долго време. Могу размислувам кога ке згрешам. Кога несвесно грешам, тоа значи дека можеби некој ме донел во заблуда. Ако направам погрешна проценка (а често ми се случува), чувството на вина е помало. Грешките поврзани со децата ми се најтешки. Не го надминувам. Кога и да се сетам ми е...тешко. За грешката ретко разговарам...само тогаш кога некому морам да признаам и да се извинам. Е...тешко прашање. Ако некој лично мене ми згреши и го признае тоа, тогаш 100% му е простено. Ако се обидува да ми наметне вина и мене, а притоа не сум виновна ни малку, е тогаш веќе сум бучна и гласна, тамам сите да разберат.
Лесно си признавам грешки. Тоа не ми доаѓа од преголема самакритичност туку баш спротивно, од желбата да бидам подобра во нешто што го правам или особено за да бидам подобра во односот со некоја личност. Навистина не се идентификувам со егото кога се во прашање грешки. Не чувствувам вина кога знам дека искрено сум се извинила и навистина ќе се потрудам да бидам подобра личност. Сакам другата личност да знае дека сум препознала и ќе се потрудам да исправам или поинаку да постапам нареден пат. Единствено нешто што ми беше тешко да сварам е понекогаш луѓето не веруваат во тоа извинување, не го признаваат и не гледаат ништо друго во тебе освен грешката што си ја направил. Веќе се помирив со тоа, затоа што сфатив дека колку некој е спремен да верува во твоето извинување е пропорционално со колку искрено самите тие можат да го кажат. Јас сум секогаш на чисто со моите грешки, најбитно ми е јас да знам од каде дошле и да ги прифатам како дел од себе.
Признавам кога грешам, порано знаев често да ја префрлам вината несвесно, како некој дефанзивен механизам да имав но сега ги признавам без проблем. Барам прошка од Бог и од оние на кои сум им згрешила, пробувам да ја исправам грешката ако е тоа возможно, претходно кога барав прошка само од луѓето чувството на вина не поминуваше. Ова ми е малку специфично, чекам погодна ситуација затоа што може и погрешно да биде протолкувано од нивна страна иако мислам дека треба да се искористи секоја ситуација за да се изрази жалење. Пред каењето премногу сочувствував со туѓите грешки како да се мои, неверојатно тешко се справував и со туѓите грешки и со простување но многу интересен момент ми е што откако се покајав и опростив на сите што ми имаат згрешено, немам повеќе чувство на вина, го немам тој товар воопшто а беше преголем. Свесноста за грешките ми е на многу понапреден левел од претходно, секако се трудам што помалку да грешам.
Грешки се прават од неопитност (неискуство) или поради намалена концентрација. Се трудам да не грешам, а не сметам дека е страшно да се признае грешка, само зависи пред кого. Балканците се такви луѓе што низ нос вадат, човек и да не згрешил ќе го награбусат, па тоа причинува голем притисок.
И најситната грешка е грешка. Секогаш си ги признавам. Од оправдување на грешки нема корист бидејќи нема промена, кога ќе си ја увидиш и признаеш грешката, тогаш се влече поука да знаеш другпат попаметно да постапиш. Не е слабост да се признае грешка, напротив. Зависи спрема кого сум згрешила, некогаш оставам така, но најчесто се извинувам за грешката. Зависи што е направено. Најчесто по ден, два ми поминува, но имало грешки за кои подолго време сум "се јадела". Не ги делам по тежина. Истиот вкус го имаат сите. Не гледам потреба да разговарам со некој за направена грешка, за да се чувствувам подобро. Оставам да ми помине, со тек на време. Невозможно е да не се прават грешки, во тој случај, најдобро е да се прават колку може помалку, а кога веќе ќе се случат, барем да се учи од нив.