Темава ја отворам во оваа категорија поради тоа што сакам да се дискутира на пошироко, не само на жената како мајка во бракот туку и во општеството. Во бракот се знае како стојат работите. Ако партнерот ја почитува жената нема да ја остави сама да минува низ трнливи патишта, ама сведоци сме на случаи каде жени дури и од нивниот сопруг добиваат секакви коментари и лош третман, а некои дури се жртви на психичко и физичко насилство. Станува збор за жени кои одлучиле да станат мајки и за тоа како останатите гледаат на нив откако ќе станат мајки. Жената откако ќе стане мајка по дифолт сите ја поистоветуваат со жртва ама на некој начин секогаш таа жртва или не е доволна или едноставно никој не ја забележува. 1.Пример јас по породување не доев. Не сакав едноставно. Уште во болница почувствував немир, потоа знаев дека ќе бидам во депресија. Не можев, немав сила да дојам, кај имам милион грижи и болки, уште да мислам дали детето е гладно, зошто плаче ? Земав формула и продолжив со формула. Ама од сите добив осуда. Океј не ми беше гајле толку, малку можеби ми беше тешко што никој тоа не го сфати. Единствено сопругот во тие моменти не ми вршеше притисок да бидам доилка. Првата кутија формула тој ја купи. 2.Е потоа кога западнав во ППД никој ама баш никој не се ни обиде да ме разбере. Сите жени раѓале. Јас многу нежна нешто, многу лигава сум била. Тоа најчесто од жени го слушав. 3.Кога ти се јавува некој не те прашува како си, сите за бебето прашуваат, а јас толку сакав некој мене нешто да ме праша, солзите ми беа на очи по цел ден. 4.Посета кај доктор. Носев крвна слика од мене, сум станала анемична прв пат во животот, дали од тоа што неколку месеци по породување крварев без престан или од тоа што залак во уста не можев да ставам. На докторот не му беше гајле. Под негова претпоставка дека дојам не ми даде ништо. Истиот овој доктор во текот на бременоста ми коментираше за изгледот и стриите кои сум ги добила. По породување искуството во болница ми беше ужасно. Им велам имам болки, ми велат ќе ти помине. Педијатри ми маршираа низ соба и ме караа за мојата одлука да не дојам, ме навредуваа и ми се дереа. Ме заплашуваа дека ако продолжам да сум себична детето ќе ми фати жолтица и ќе не држат таму многу подолго. Баш им беше гајле за моите чувства и мојата состојба, од мене се очекува нешто и понатаму нема што да се каже од моја страна, се е залудно. Кога фативме Ковид. Од мене се очекуваше магично да оздравам, да немам симптоми. Мажот ми си ги слушаше советите од доктор, да лежи, да одмара, да не се симнува по скали, да не се напрега. Истите совети ги добив и јас, ама со дете од година ипол не можев баш да ги слушам. Јас не легнав,не одморив, бев исцрпена, тотално исцрпена. Никој не му е гајле, мајка сум, тоа ми е единствена задача. Детето и потребите на сите други пред моите. 5.Враќање на работа/Барање на нова работа - Никој не сака да вработи мајка со мало детенце(знаеме сите зошто) , а најчесто по завршување на породилното отсуство добиваш отказ. 6. Секој почнува да си дозволува да ти коментира, да ти дава совет кој не си го побарала. Дали во врска со тоа како го гледаш детето, дали во врска со изглед, однесување или извршување на должности. 7. Те гледаат како жртва, ама ништо од тоа што правиш не е доволно, секогаш нешто фали. Се трудиш да гледаш дете, да средиш дом, да работиш за да постигнеш сѐ, и нема шанса да постигнеш. И малку е се што правиш. Контрадикторно многу ама еве случај имаше скоро, немаше кој да им го чува бебето, во градинка не го примија, сите очекуваа жената да си даде отказ и да си го гледа. Зошто ? Оти скапи биле приватните градинки. Абе ќе работам за градинка и за пелени само, ама не би останала дома. Социјален живот никаков ќе немам ако напуштам работа. 8. Ќе наведам сопствен пример. Со сопругот сме многу зафатени. Не сме излегле никаде. Го прашувам зошто еве вечерва да не излеземе, ми вели и тој би сакал, ама не било убаво, цел ден бевме на работа, други ни го чувале детето, сега и на спиење ли да го оставиме ? Сестра ми еднаш се понуди да го земе кај неа на спиење слободна била, сопругот пак рече дека не било во ред, што ќе си кажеле за нас малку што цел ден не си го гледаме, сега и навечер ќе го експедираме. Во муабет со другарка, она има тотално различен став. И тие работат и детето им оди или во градинка или кај бабите, ама вели и неа и требало оддишка некогаш, го оставала и си седнувале дома со сопругот. Салата, алкохол опуштање. Ние никогаш такво нешто не сме направиле затоа што секој ден имаме коментари, детето не ни било воспитано, ни го гледала свекрвата, не можела да дочека да си дојдам (она кажува ова), како да очекува да го земам со мене на работа. Оти ако дадам отказ други коментари ќе бидат, знам кога не работев, не сум придонесувала, кој ми ги плаќал цигарите што ги пушам итн. Не би да набројувам има уште многу осуди кон мајки за начинот на кој се породиле, начинот на кој го/ги одгледуваат детето/децата. Таа собата за доење ме згрозува кога читам коментари на жени кои прашуваат нешто (кравјо млеко, мед, козјо млеко, бабини деветини, млади месечини и сл.) Зошто има потреба од сето ова ? Сметам дека бременоста и мајчинството се единствено нешто кое го можат само жените. Се друго што прават мажите можат и жените. Феминист сум и многу се напнувам кога се омаловажува жена на било кој начин, а најмногу кога тоа доаѓа од устата на друга жена. Откако станав мајка и аплаудирам на секоја друга мајка што се труди да направи се за своите деца. Жива ми доаѓа да се изедам кога на другарка со мало бебе и отидов на гости (тогаш не бев мајка) и се дрзнав да и коментирам за несредените нокти, ми беше чудно, таа секогаш изгледаше како модна икона, а во тој момент беше со несредени нокти. Кога јас се најдов на местото мајка со мало дете и кога се погледнав во огледало, не само што бев со несредени нокти, јас бев тотална катастрофа. Дебела, со стрии и вишок кожа. Несредена коса, облечена како бездомник (извалкана од се што сум допрела тој ден), станот ми беше тотален хаос. Масата во дневна немаше место кај да се стави чаша. Се чувствував поразено. И ден денес знам по неколку дена да не средам дома затоа што едноставно нема време. Има денови кога само гледам да имаме чисти садови, чиста облека и храна подготвена. Сакам да кажам дека според сѐ што гледам околу себе мајките се секогаш втор/трет план, како да им се намалува вредноста како личности. Во ред тоа, секако детето мене ми е приоритет, прво неговите потреби, потоа моите. Ама зошто наидувам на осуди и коментари кога нешто основно ќе си приуштам како порано пред да имам дете ? Побогу што сѐ не се изнаслушав, свекрвата ми го причува на 1 час кога беше мал, тркнав нокти да си направам имавме крштевка закажано. Не е битно зошто, едноставно сум сакала сум отишла. Тогаш ништо не ми рече, ама по неколку месеци во расправија ми вели која родилка оставила бебе од 1 месец за да оди нокти да прави? Хелоу на 1 час ? Прашав прво дали ќе го чува не и го тупнав, а секако она ми го тегнеше од раце на почетокот, не сум го давала внучето, сум ја растажувала. Ете тогаш и го дадов да се израдува. Ова што го пишав не е целта да оговарам свекрва туку да доловам ситуација. Какви се тие коментари? Зарем ако сум мајка не сум ништо друго? Не вредам во очите на другите ? Не треба никакво задоволство да имам ? Роб ли треба да станам ? Исто така многу е лошо што мајките никој не ги разбира. Верувајте сакам и детето да ми биде како што треба и јас да бидам. Еве никогаш не сум комплетно добро. Моментално се нервирам за нередот дома. Си велам нека, ќе порасне ќе биде подобро. Никогаш не сум се наспала, никогаш не сум седнала серија да изгледам, книги купувам немам кога да седнам да читам. Работа>дома и бедно спиење од 5-6 часа. Ама јебига само за мене е така. Сопругот исто работи и доаѓа дома, нема никаква друга обврска, спие додека не се наспие. Јас тоа го немам, и ќе го немам, ама барем да наидам на разбирање јебига и јас сум човек. И мене ми треба сон и време за себе. Искрена ќе бидам, немаше потреба да работам, можев да останам дома со детето, не сакав, плата не земам којзнае каква ама одам за да не сум дома затоа што знам дека и цел ден да сум дома нема да постигнам ништо, нема да можам ни една работа до крај да завршам и ниту минутка да седнам, а додека сум на работа пак на некој начин се одмарам. Мислам дека многу жени се соочуваат со овие работи. Некои повеќе некои помалку. Според мене работите треба да бидат поинаку. - Не треба да се очекува од мајката да изгледа како модел ( не сум од тие што не им смета дебелина, стрии и несовршености) ама сметам дека треба малку муцките затворени на таа тема. ОК свесна сум дека не изгледам како порано, никогаш нема ни да изгледам, ама која е поентата некој тоа да ми го кажува ? Да ме повреди? Нема потреба сама го гледам тоа и сама се јадам и мразам. - Жените кои се мајки не се помалку вредни на работно место од оние кои немаат деца или пак децата им пораснале. - Мајките имаат мајчински инстинкт и нема потреба некој да им сугерира што и како да прават. -Мајката не треба да се чувствува виновна ако сака нешто да си приушти. Дали да си купи парче гардероба, да оди на фризер или козметичар. Или едноставно само да си легне да се наспие. Побогу поддршка треба за мајката не осуди и коментари. - Здравјето на мајката е подеднакво важно како и на детето, сопругот, комшијата. Се што набројав некако може да се поврзе со психолошката состојба на мајките. Значи никој жив не го занима како се чувствува некоја мајка, сите трчаат коментар да дадат или со некоја постапка да ја омаловажат. Сметам дека треба и едукација на сите подеднакво, затоа што не само мажи, има и жени кои отвараат уста без да размислат. Влијание на секоја состојба кај жената веќе имаат пореметените хормони, непроспиените ноќи, многуте грижи,болките после породување (рани,конци), мајките веќе се разочаруваат од изгледот, притисок им ствараат и останатите обврски во домот.Па затоа сметам дека притисоци, коментари и останати постапки кои ќе имаат негативно влијание се непотребни. Сметам дека никоја мајка не бара којзнае што. Сите бараме поддршка, помош, разбирање и еднаков третман во општеството, дома, на работа. Примери има уште многу. Би сакала да прочитам ваши видувања на темава. Не сакам препукувања, да се мешаат поими. Слободно додадете и Вие нешто ако сум испуштила.
Прво ќе искоментирам за делот со ноктите. Која мајка остава 1месечно бебе за нокти? Еве јас. Уствари не го оставив, на 3 недели си ја спакував во транспортер и си ја однесов со мене во салон и си ги средив ноктите. Не гледам причина да се правдам, нокти си правам 15 години, немав намера да прекинам после пораѓај. Немам искуство со постпородилна анкциозност/депресија, ама како и секоја родилка те пукаат хормони и нормално дека имав денови кај што буквално сите ти се криви, и ни себе не се сакаш а не па за некој друг да се потресуваш. Ќе го сумирам моето размислување во оваа реченица: породилно отсуство не е одмор. Буквално не си способен да функционираш нормално, треба да се навикнеш на нов ритам на живот, одговараш за уште еден цел друг човек 24/7, и не гледам зашто треба ружи да ти цветаат. Тешко е, и сите мора да се прилагодуваат. Но, јас лично како жена си дадов огромен приоритет на своите потреби зошто сфатив дека иако премногу сакав да станам мајка, таа титула не сакав да ме дефинира. Едвај чекав да искачам на кафе со другарки, да се вратам на работа. За среќа имам доволно цврст карактер и за детето се поставив "по мое или ничие", па на сите што се вклучени во нејзиното чување не им беше дозволено да ми солат памет. Не можам да негирам дека бабите помагаат, и маж ми работи од дома па и тоа многу помага во некои ситуации, ама и да не беше така не верувам дека значително ќе го сменеше мојот став. Мојот живот не застана кога родив дете, само наместо во кафич, сега пијам кафе во игротеки, парк, на гости кај другарки со деца. И и посакувам на секоја нова мајка да си го пронајде својот нов начин на живот по раѓањето на детето, со истата мотивација на секое поле како и пред бременоста. Поддршка од околината нормално дека треба, и се надевам тоа ќе оди кон подобро бо иднина, ама на крајот од денот, на секое бебе му треба мајка, и ако не си океј со себе како личност од х причини, нема шанси да бидеш добра мајка. Така да ставете се себеси на прво место, зошто не можеш да вадиш вода од празен бунар.
Не само што за твоето ментално здравје е убаво да си одвојуваш време за себе, односно да не ги запоставуваш работите кои тебе те прават среќна, туку и многу убав пример даваш на детето. Делумно е многу мало да разбере, ама сепак сметам дека можеби влегуваат вакви работи во глава, а ако не друго, оваа навика ќе ти остане и кога ќе е поголема и ќе и пренесуваш преубава порака: секогаш да си има време за себе и нејзините интереси или што и да сака. Што јас лично сметам дека е многу битно да пренесеш на една мала личност, никогаш да не биде конзумирана само од едно нешто, дали тоа ќе е мајчинството или пак пример, работа или било што. Далеку сум од мајчинство и не сум сигурна дали воопшто го посакувам, ама имам читано доста на тема воспитување деца, иако не сум квалификувана, затоа се вметнав. Убав пример на здраво мајчинство. Сметам дека секоја мајка треба да си одвои време за себе. 2 саати со бебе, макар 10 минути да се каже стоп, ова е за мене само.
Тешка тема. Сметам дека околината нѝ прави притисок толку колку што ќе и дозволиме. Не само во поглед на мајчинството туку општо во начинот и стилот на живот кој сме го одбрале. Ако пандемијата ми донесе нешто добро, тоа е отсекување од животот на многу токсични луѓе. Не дека сега ги немам во животот, но перцепцијата за нив и моќта на нивните зборови ја немаат таа сила врз мене како што ја имале порано. Сум била на истото место како и @DarkStormm посебно околу делот со мајчинството и едно нешто ми боде очи. Јас еве бев доилка но слични и скоро исти коментари сум добивала за секој друг аспект од мајчинството, домаќинлукот итн. Значи не е важно што и како ќе правиш, секако си предмет на осуда од околината. Како хиени едвај чекаат да ти ја посочат слабоста која не си била ни свесна дека си ја имала. Имав и некоја полесна форма на пост-породилна депресија, не знам колку беше сериозна, затоа што се научив да коегзистирам со неа па сметам дека не било страшно. Единствено што постепено ми значеше и имало импакт, сега кога ќе се осврнам на минатото и некои случки се подршката која сум ја добивала, макар и била неприметна во моментот. Затоа жени, ако треба и нацртајте им на најблиските дека ви е потребна помош или подршка ама безусловна и без непотребни коментари. Кој не е спремен да ви ја пружи, не ви е потребен во животот. Научив да бидам безобразна и се гордеам со тоа. Да бидеш себичен во ова време е благослов. Бидете себични, отсечни и директни. Тешко ѝ било детето да ТИ го гледа? - извини, штом Ви е тешко, еве син ви ќе се снајде. Требало работата да си ја оставам јас за да гледам деца? - еве и татко имаат, може и тој да направи жртва тој нека си ја остави работата. Треба рано со децата јас да станам? - Не, јас утре не сакам никој да ме буди, сум заслужила еднаш во неделата (минимум) што ќе прави другиот родител дури спијам не ме интересира. Ако си мајка, не си дежурна 24/7. Пак ќе пишам бидете себични. Дали ќе биде еден час за нокти или еден час за прошетка, или цела ноќ шетање, не е важно, важно е да се најде издувен вентил и да се биде вистински присутен за оние кои ни значат најмногу. Сите други не се битни. Ако си станала мајка, не значи дека не си веќе човек. Рекла сам шта сам рекла. така викале инфлуенсерките
Стварно опширна тема и многу различни теми и ситуации се нафрлани, секоја мајка е изложена на коментари и критики, кои колку ќе влијаат врз личноста зависи од нејзиниот карактер, ако е слаб многу лесно ќе подлегне, ако е цврст-ништо од тоа нема да допре.
Прашањето е зошто е така? Како да стануваш општа сопственост, откако ќе станеш мајка. Сите те гледаат само како прокси до детето. Дури за некои луѓе, ако си мајка, 'срамота' е да имаш лични желби и потреби и тегоби. Ко да очекуваат да се сведеш само на родител и ништо друго да не постои освен мајчинството. А многу сме повеќе од 'само' мајки. Комплексни се луѓето. Не ги одредува само една состојба/карактеристика. Од друга страна, за истата работа, таткото никој нема да го 'критикува'
И јас не сакав животот да ми застане. Станав мајка да. Тоа се огромни промени, многу нешта наеднаш не ти се јасни. Ама од старт не сакав солење памет. Коментари од типот на уроци и слични бабини деветини добивав на дневна база кога ќе ме видеа дека сум тргнала негде, дали на кратка прошетка со количка или до кај моите. Тоа ич не ме допираше. Ама знаете вистината боли. Свесна бев дека изгледам како слон. Сама се гадев од својот израз во огледало. Многу тешко ми паѓаа коментари за изгледот. Најмногу кога доаѓаа од други жени или од докторите. Се дрзнуваа да ми кажат сешто, кога ќе речев дека ќе се средам, најважно е бебето сега. Ми одговараа со тоа дека само се тешам така. Многу жени родиле и изгледале како манекенки во бременоста а не како тенкови. Докторот кога одев на прегледи ми се обраќаше со "слонче". Ме заплашуваше дека ќе качам притисок, ќе станам дијабетичар итн итн. Знаете како беше стресно целото тоа со пандемијата, уште да и кажуваш на трудница други црни сценарија немаше потреба. @Mikha4 Помош околу бебето не барав. Бев на породилно. И некако сакав само со мене да е. Не сакав некој друг да ми го чува по цели денови. И онака се осеќав целосно бескорисно, не можеш да чистиш, не можеш да готвиш, рез огромен имав. Сакав барем на бебето да се посветам. Поддршка некаква само од сопругот имав. Не верувам дека сум "скроена" да бидам само мајка. Како што ни мојот сопруг не е само татко туку многу повеќе. Не мислев да се осврнуваме само на периодот после породување. Жените мајки постојано се соочуваат со вакви предизвици. Откако ми заврши породилното се јавив да прашам кога да се вратам на работа. Ми рекоа ич да не се враќам. Изговор ми наведоа дека отпуштале и други поради пандемијата. А знаете кој друг отпуштија ? Друга мајка со мало дете. Во таа фирма работев 4 години. Првите две години не осигурана за да им излезам во пресрет. А едвај чекав да се вратам на работа. Веднаш почнав да барам нова работа. На 3 места бев одбиена. Иако ги исполнував условите за вработување. На последното место што аплицирав кога бев одбиена бев нервозна и прашав зошто ? Жената ми одговори директно, ќе цитирам :" Види нас ни треба некој за долг период да работи, мајка со мало дете не е за оваа работа, ќе се разболува ќе бараш отсуства. Слободни денови и боледувања секако дека добиваат сите вработени, ама мајките многу по често. Не ме сфаќај погрешно, може ќе решиш за брзо време уште едно породилно да истераш, најчесто така се случува, ние како фирма тоа не можеме да си го дозволиме. Се зголемија трошоците и гледаме да ги намалиме." Бедно се осетив и спуштив. Си помислив дека ќе останам невработена и депресивна уште неколку долги години. Па побогу ми идеше да кажам дека може ќе примеа некоја помлада или некоја што нема деца па одеднаш ќе им јави дека е бремена. Како вака генерализираат ?
Ова ! Зошто има потреба од коментари и критики. Како да не постои мајчински инстинкт. Како да не знам јас да се снајдам. Ми плачел, трчаат 10 души да виделе што е работата. Бебе е ќе плаче. Од една страна кога ќе дојде до твоите задоволства си само мајка и друго ништо, ама од друга страна кога треба да си мајка на бебето не си мајка, не знаеш, не така, не вака. Ти се нафрлаат и ти даваат ум сите. Еве тоа што велиш срамота е лични потреби и желби. Гледам сопругот така се чувствува. Сака да одиме негде сами, ама чувствува вина да го направи тоа. Бидејќи работи многу, едвај дома го гледаме и некако чувствува дека треба да е дома кога е слободен или неколку часа во денот ако му останат дома да ги помине. Јас од друга страна не чувствувам таква вина, ама искрено не ни сакам да молам свекрва за да одам негде, ја ангажирам сестра ми ако е слободна. Маж ми никој не го критикува точно, свекрвата знае да му каже само дека е стара за чување внуци по цел ден, и он тука си го сфаќа тоа како критика. Јас мислам тоа е повеќе индиректно кон мене насочено. Небитно. Најмногу тоа ми боде очи мене, кога ќе рече жена некоја оти сопругот пази ѝ помагал околу децата и домот. За каква помош мисли ? Па колку е тоа се моја обврска толку е и негова. Сега што условите кај нас не дозволуваат маж ми да готви и да чува дете, тоа е друга работа. Ама при секој слободен ден го зема, го шета некогаш и од работа се враќа уморен ама седи со детето јас да завршам други работи.
Уште полошо, ако ти си виновна и за желбите и потребите на маж ти Абе мајка си. Има да бидиш жртва за децата и фамилијата. Да седиш со нив 24/7 и да му слугваш. И мора да одгледаш 'совршени' деца Ништо не смејш да згрешиш! Полека... ќе се научат сите. Има огромни промени во начинот на кој размислуваат жените денес и (ние) пред 20-30 години.
Очекувањата од една жена: 1. Да си посветена мајка 24/7, инаку си немајка 2. Да работиш, да заработуваш, инаку си неодговорна 3. Дома да имаш секогаш зготвено, да ти е чисто, испрано, средено, инаку си мрзлива 4. Да изгледаш убаво, средено, негувано, инаку си запуштена 5. Ментално и физички јака во секој момент, инаку си слабак Очекувањата од една жена се како од американски филм: прекрасна, насмеана, кул мајка, секогаш позитивна, деловна жена со супер кариера, инзворедна домаќинка и куварка и секогаш да изгледа како супер модел во тело, фризура, облека итн. Што е многу многу е.
Мене чисто ме занима како се ова горенаведеново нашите мајки го постигнуваа Влегуваше дома,фрлаше ташната и уште не преслечена директ в кујна.... или пред работа сабајле во 5, нафрлаше алишта набрзина да се сушат..... и пак насмеана,и пак ми посветуваше време..... абе јас ќе "отепам" некого, ќе ја завршам сета работа ама преморена,нервозна... Иначе,интересна тема.... Ќе се вратам покасно
Индивидуално е тоа....погледни само колку жени има на форумов кои на пиедестал го подигнале своето мајчинство. Од друга страна мајчинството е навистина жртва, но таа благословена е, само трпение. Зошто би морало да се продолжи со стариот начин на живот, со истите приоритети? Тоа што некои жени имаат помош,воља,енергија, можности, па делува дека се појаки и подобри е повторно можеби илузија, а сметката се плаќа на друго место... Секој со своето, мора да постои време за сеење,за сетва и жетва.... Не е лошо година, две ,според мене идеално три да си само мајка....ништо никаде нема да избега. Животот е секако жртва...колку само жртви поради школување се прават, на пример...да не набројувам животни искушенија разни кои доаѓаат и поминуваат во бранови.... Туѓите лоши коментари болат, но за среќа како противтежа добиваме и сила и добрина од друга страна, која често како нормална ја сметаме....иако за некого голема радост би била. А,ова моево е накнадна памет, да не мислиш дека нешто не е во ред со мислите твои
Како го постигнуваа ... со помош од нивните мајки и свекрви. Еве го оставам детето 2h неделно кај мајка ми и добивам коментари од неа "супер ќе го чувам, штом толку сакаш да чистиш". Или ако ми треба она за да направам нешто без детето, ме прашува "а не можам ли сосе него да го направам тоа". Или ако одбијам да излезам да шетам со нејзе, вика "што толку работа имаш дома". Значи имам 2h во неделата кога сум дома, а малиот не е, и тие ми се вадат низ нос. Искрено, го сака она детето и тоа ја сака неа, ама стварно не ме разбира како ми е. За жал. Не ме допираат многу нејзините коментари, зошто знам дека не е во право воопшто, но посакувам да не ги кажуваше.
Знам, и мајка ми беше таква, ама нема од што не страда денес здравствено. Сето тоа се одразило на неа, за жал.
@DarkStormm те читам и емпатизирам... дозволи вака како страничен гледач (т.е. читач ) на ситуацијата еден совет - прво и основно мислам дека ти треба одмор. Не е ова совет за како да ја решиш ситуацијата во којашто се наоѓаш, повеќестран проблем имаш и не би се осудила да давам совети за тоа, ама како „прва помош“ за психата, мораш да одмориш, мислам дека ако немаш веќе burn out, ќе имаш за брзо ако продолжиш вака. Ако можеш од работа да земеш боловање, или барем неплатен одмор, барем 2 недели. Еден ден исчисти си ја куќата за да не те нервира хаосот, остатокот од времето направи си што треба околу детенцето и одмарај колку што можеш - спиј, шетај, цртај, види се со другарки, што сакаш прави. Одбегавај мајки, шајки, свекрви, сите што ти влијаат негативно и што ти судат, заклучи се дома, оди во парк, било што, само изолирај се од вакви глупости и не слушај. Одмори се и мислам дека после појасно ќе можеш да ги увидиш проблемите и потенцијалните решенија. Многу често забораваме дека ни треба одмор и само тераме напред како во магла, се запоставуваме себеси и психичкото здравје. Па после не можеме да се вратиме назад, се фрустрираме, се блокираме не знаеме основни проблеми како да решиме, самодовербата ја губиме... и како тоа на крај влијае на децата?
И баш заради сѐ ова што наброја е многу потребен феминизмот...премногу се нервирам кога ќе слушнам, '"на жените сѐ им е овозможено, што уште барате". А овој реферат е само уште еден пример во низата за работи кои се случуваат а на кои сите замижуваат. Бидејќи на мајка со бебе ќе ѝ се наметне работа за десет луѓе ама се очекува да се исполни веднаш и без жалење бидејќи тоа ѝ е "работа". Една тазе мајка не добива ни половина од разбирањето и поддршка кои треба да ги добие. Многу се нервирам исто така кога ќе слушнам постари жени како викаат "нас никој не ни помагаше па израснавме три деца, денес младите само помош бараат". Во превод, штом тие страдале, никој друг не смее да биде среќен и задоволен. Сосема е нормално да се побара помош и нема потреба од правење јаки и подобри од сите други. Како воопшто ќе има таа мајка трпение да се грижи за тоа дете ако нема одмор? Друго, исто преодвратно ми е коментирање на изгледот на телото и наметнувањето дека мора да се изгледа исто како пред породувањето. Ало, таа жена износила нов живот во нејзе, телото ѝ поминало низ огромна трансформација за да го донесе тоа бебе на светов, ама не, не е тоа битно, најбитна е естетиката и вклопување во нереалниот калап што го поставуваат другите.
@WildMk Затоа што е дел од секојдневието, тазе мајка хормони и вријат, чувства, ранлива е, од обично видување го анализира секој упатен збор, и сама погоре членката пиша дека дала коментар за некоја си мајка за несредените нокти, сигурно и јас сум дала коментар за нечиј изглед на мајка, и јас добивам брутални коментари дека сум преслаба и дека не личам на себе јбг тоа е И јавните личности се изложени на брутални коментари, тоа го имало и ќе го има. Денес проблемот е во социјалните мрежи, гледаш млади мајки тип топ средени туркаат колички, наслови од типот на изгледа бомба после еден месец од пораѓај, а ти не можеш ни еден час да одвоиш за нокти, очекувањата на младите се едно, а реалноста им влепува шамар. за членката според мене има многу поголем и подлабок проблем
Нема жена која не почуствувала дека губи дел од себе, од своето јас кога станала мајка. Некогаш се чуствува дека и цел идентитет и го снемало. Во животот имаме безброј улоги - ние сме нечии ќерки, сестри, работнички, пријателки, домаќинки. Улогата на мајка (на родител) е една од главните, особено во однос на тоа колку бара за да ја исполнуваш и тоа не било како, туку да ја исполнуваш добро. И се посветуваш 24/7 цел живот, до крај на животот. Е сите овие улоги да ги собереш, пак не се твоето вистинско јас. Твојата личност е она што останува кога ќе ги тргнеш сите овие улоги на страна и е нешто поразлично од она што ти го правиш и работиш. Уствари твојата личност е таа која се проткајува и доаѓа до израз низ начинот на кај ги исполнуваш улогите, ама ниедна од тие улоги сама по себе не те дефинира целосно. Многу е лесно да се заборавиш во улогите, особено мајчинската. Ќе се утепаш од работа, нема да имаш време за ништо, не па да мислиш на себе и твојата психа. И тука се прави најголемата грешка. Што се прифаќа дека работата на себе е небитна, губење време, не е „вистинска работа„, не е вистинска потреба и на крај после сите изговори не се ни прави. Во еден момент ќе застанеш и ќе се запрашаш, е вака, баш како ти што си ги поставуваш прашањава на форумов, и ќе сфатиш дека ти како личност си се изгубила некаде и дека сите улоги кои ги извршуваш ти го задушуваат твоето вистинско „јас“. И веднаш следуваат фрустрираност, чувство на неисполнетост, нереализираност, недоволна самоактуелизираност. Се пресипитуваш, се споредуваш со партнерот, со другите жени околу тебе и пошироко. Чуствуваш вина, сомнеж во себе, можеби и завист кон други, бес, револт. Треба да се сфати дека тоа е неопходно за да живееш, вистински да живееш -со полни плуќа, а не да животариш и да дишиш на шкрги. Да најдеш баланс помеѓу тоа да си го негуваш своето ментално здравје, да си работиш на себе и твојата личност, да ја реализираш и актуелизираш, од една страна, и од друга страна да ги исполнуваш сите улоги што една денешна жена треба да ги исполнува, е потрага што трае цел живот. Уметност е! Го градиш тој баланс низ искуството, ама никогаш не се завршува, не го постигнуваш еднаш засекогаш. Цел живот ќе тежнееш да го достигнеш. Некогаш ќе си блиску до идеалот, некогаш далеку. Барајќи го балансот луѓето градат цели животни филозофии. Зборот ми е - ова не е нешто што со еден одмор од неколку дена ќе го промислиш, ќе го решиш во себе и ќе завршиш работа, па ќе продолжиш да фураш така до нареден викенд, одмор и сл. Мора да се работи на себе и да се одвојува време за тоа постојано и паралелно со животните настани. И треба тоа да се прави секојднево, во ход со се друго што чека на нас. Ќе чека тоа што не е итно, едноставно. Тоа не значи само да се посветиме на работите и активностите кои ни значат и не интересираат, туку и да погледнуваме внатре во себе малку поредовно и почесто. Тоа значи да се прави ментална хигиена. Таа не се прави само кога ќе се јави психичкиот проблем. Тогаш најчесто е задоцнета реакцијата, тогаш веќе пишти психата, гласно алармира дека има проблем кој бара внимание. Треба да се прави и кога сме добри и стабилни. Значи да најдеме момент, 15 мин, 30 мин, неколку часа, колку и да е, да направиш еден check. Еден муабет сама со себе: Како се осеќаш? Што ти треба, што не ти треба во моментов? Што се случило претходно, ама не си имал време да му обрнеш внимание од обврски? Што е сега најбитно, што не е битно? На што трошиш енергија реално и дали треба да се пренасочи енергијата што се троши? Ако нешто не штима, зошто е тоа така да се подразмисли, итн. Се случуваат милион работи околу тебе, ама мора да имаш точка на приземјување на која ќе и се враќаш кога и да имаш потреба. Таа е во тебе внатре. Не е точка надвор во поросторот, не е место и не е во другите луѓе. Не е нормално да немаш барем 15 минути во денот кога ќе бидеш сама со себе, препуштена на своите мисли, да го чуеш својот внатрешен глас. Ако немате време мора да го најдете или створите. Мора да разговарате со себе. Дали тоа ќе е првото утринско кафе, 15 мин пауза од работа отседени во тишина на некоја клупа или времето додека сте ги средувале ноктите- не е битно. Битно е да имаш момент кога не се слушаат други гласови освен тој внатрешниот во тебе. Оние кои не прават ништо за себе, за своето тело и потреби, за своето ментално здравје, за афирмација на својата личност и за реализација на своите желби, мотиви и амбиции и тоа подолго време, кога тогаш сите овие нешта сами ќе дојдат на врата и тогаш, сакал-неќел, си можел-си не можел, ќе мораш да најдеш време за нив.