Здрава врска

Дискусија во 'Врски' започната од KateKane, 31 август 2020.

Статус на темата:
Не е отворена за нови одговори.
  1. KateKane

    KateKane Популарен член

    Се зачлени на:
    4 јули 2018
    Пораки:
    1.005
    Допаѓања:
    23.482
    Пол:
    Женски
    Инспирирана од овој пост, во договор со @RainBow направивме тема за тоа како треба да изгледа една здрава врска, кои црвени знаменца не треба да се игнорираат и кои работи асоцираат дека треба да ставите крај и да свртите нов лист во животот. Затоа што најубавата емоција која може да ја доживее човекот е љубовта. Љубовта е круна, несебичен дел од нашата душа која ја поклонуваме некому и го очекуваме истото за возврат. Но многу лоши и грди работи можат да бидат замаскирани како истата, кои наместо убавина можат да ви донесат само јад и чемер.

    Кои се неколку црвени знаменца на кои треба секогаш да внимавате?

    • Насилство. Нешто што не треба ни да се дискутира, а камоли да се бара начин како да се оправда или да се омекне. Попросто не може да се објасни - тој што ве удрил, ве удира и ви нанесува физичка болка, не ве сака. И никогаш не е само физичката болка, таа ќе помине, но емоционалната, онаа што боли многу повеќе од физичката нема никогаш да ви пројде. Ќе ве боли и ќе ве пече секогаш. Затоа што човек кој љуби не удира. Удираат мали луѓе, помали од зрно грашок кои мислат дека со тоа ве учат на "ред", ве "воспитуваат", спречуваат во иднина да ги нервирате. На човек кој тупаниците му се средство за комуникација треба да му следи соодветна казна, институција и пријава, а не вашата љубов. Во белиот свет е казниво со закон, само уште кај нас важат некои правила дека мажот има право да ја тепа жената. Нема право, не го трпете тоа, нема да е еднаш и нема да престане. Насилник не се менува, можете само да завршите со некоја фрактура на телото или нешто уште пострашно.
    • Љубомора. Ова е едно клопче кое е толку убаво замотано, што кога ќе почне да се одмотува ќе ви ги предизвика најголемите главоболки за кои апсолутно не сте виновни и не сте ги заслужиле. Најчесто почнува минимално и ако остане во таа доза не е страшно. Нема човек на планетава кој не е бар малку љубоморен. Но, доколку таа љубомора прерасне во нешто поголемо - бегајте. Бегајте колку што ве држат нозете. Посесивноста е филм кој е снимен 1000 пати и секојпат има иста содржина. Треба да одговарате на прашања кои ви се пријателите, од каде се знаете со нив, дали сте се гледале со некој, па замерки за облеката, дека е премногу кратка, премногу тесна, премногу разголена, премногу "предизвикувачка", дека ќе паѓате во очи затоа што сте убави, отровни стрели кои сум ги чула толку многу пати и во толку различни пакувања што страв ми е да помислам. Ќе морате да се откажете од социјализација, ќе смеете да комуницирате само со него и нема да смеете да имате пријатели и познаници затоа што најчесто се "лошо влијание". Додека се освестите ќе немате никој друг околу себе, освен него. Посесивноста е нешто што ќе ве гуши како стега околу врат, како да сте во соба од која полека го извлекуваат воздухот. Најголем број од девојките кои пишуваат во темите за љубовни проблеми и совети го имаат овој проблем. Доколку се направи колекција на љубоморни испади со кои биле малтретирани девојки може да се отпечати цела книга. Од сета таа плејада на девојки кои се пожалиле дека имаат проблеми со крајно посесивни и напорни дечковци ниту една не се вратила да каже дека тој се сменил или дека намалил со љубомората. Напротив, се враќаат за да кажат дека само се влошило, дека веќе немаат никаква автономија над сопствениот живот и дека преживуваат пекол на дневно ниво.
    • Емоционален вампир. Човек кој е со вас кога е убаво, но не е тука кога ќе ви дојдат проблемите. Човек кој не ги покажува емоциите, човек со кој треба да играте бинго за да погодите што му е. Човек што не се грижи кога ви е тешко. Секој проблем заслужува дискусија и наоѓање решение. Доколку сте во врска, а се чувствувате најосамено, имате огромен проблем.
    • Лажење. Не зборуваме за "бела лага" дека некој не е гладен или дека му се допаѓа некоја блуза, туку за работи за кои не смее да се кажува невистината. Особено кога некој ќе го фатите во лага, а упорно негира дека се случиле некои работи. Со ваков човек кој лаже за битни работи врската ќе се претвори во измачување. Наместо да уживате ќе се претворите во параноичен човек кој ќе се прашува цело време дали му ја зборуваат вистината. Лагите ја еродираат довербата, ја јадат и ја кинат постепено, се дури не стане тенка како нишка. Покрај тоа, ќе се претворите во човечки lie detector кој само ќе се фокусира врз тоа да го фати партнерот во лага, односно ќе развиете одбранбен механизам кој ќе ја анализира секоја реченица затоа што нема да знаете дали е вистина или лага. Лагите се како црв кој полека ама сигурно го јаде јаболкото, се дури не скапе потполно и не остане само гнила сенка на она што некогаш било.
    Целта на темата не е да звучи како тинејџерско списание кое ви претставува некои идеални и нереални идеи. Целта на темата не е да се оцрнат врските, не е личен напад против нечиј избор. Темата е за сите оние стотици, илјадници девојки кои доаѓаат тука и бараат наш совет, наша поддршка и наши утешителни зборови. Девојки, ваквите луѓе не ве сакаат. И нема да се сменат. Ќе одат само на полошо, ќе ви го изедат џигерот, ќе ве направат мизерни и несреќни. Темата е за ви каже дека ова не е љубов. И дека можете многу подобро. И ако се одлучите да побарате подобро, ќе најдете.

    Целта на темата е да си ја преземете контролата над вашиот живот повторно. Да најдете некој кој ќе ве сака и нема да патите покрај него. Ако покаже однесување како горенаведеното тогаш не ве ни заслужува. Нема да се промени, нема да прекине да ве тепа, нема да прекине да бара други луѓе за да ве изневерува, нема да прекине да ви забранува најразлични работи затоа што има комплекси и проблеми со самиот себеси, нема да биде тука кога ќе ви треба столб на кој треба да се потпрете.

    Идеална врска не постои. Меѓутоа постојат врски кои функционираат супер без насилство, изневерување, посесивна љубомора и мизерија. Стремете се кон таква врска, која ќе ве исполнува и усреќува.
     
    На Dimi_, Angie1432, Ygritte и 12 други им се допаѓа ова.
Статус на темата:
Не е отворена за нови одговори.