(Ги разлистав сите теми и не најдов ваква, но доколку модераторите сметаат дека е непотребна слободно може да се избрише). Бев поттикната да отворам ваква тема од едно видео кое го гледав каде една девојка расправа на тема дека секогаш кон нас најдобро се однесуваат оние со кои не сакаме да бидеме а и неодамна и лично се имав најдено во слична ситуација имав пишувано во друга тема. Еве ја ситуацијата, дечкото ти дава до знаење дека е сериозен и нема намери да си игра со тебе, го вреднува и цени твоето мислење,те слуша, се труди да те запознае, важно му е како се чувствуваш и во никој случај не сака да те навреди или повреди, ти посакува се најдобро и секогаш се грижи за твојата среќа - но што се случува? Едноставно ништо од тоа не е доволно, не сакаш да бидеш со него и покрај тоа што ти го дава целиот свет на дланка, подготвен е да се жртвува за тебе во секој поглед. Но од друга страна, копнееш по некој кој нема време да ти одговори на пораките, ти се јавува еднаш во неколку денови, не го интересираат нити твоите чувства нити твојот карактер, те гледа како да си нешто „обично“, а токму тој таквиот го има сето твое внимание. Колку повеќе го нема толку повеќе го посакуваш, не ти го дава светот на дланка туку ти нуди трошки.. Зошто е тоа така? Зошто ни се случува ова? (секако тука важат и обратни улоги на машки и женски темата не се однесува конкретно само на мажите )
Од моја перспектива мислам дека е повеќе работа на психологија, не секоја жена сака некој што и трча по гз што се вика, мислам дека на голем дел од нас, поинтересни ни се оние коишто ни се мистериозни , недостижни и тек допрва треба да ги откриваме. Овие другите, се како отворена книга, секогаш можеш да најдеш и да добиеш тоа што ќе сакаш и нема предизвик и адреналин во тоа, брзо здосадува. Друга е работата кога си со личноста во врска, тука веќе играат улога други параметри, за да се створи блискост. Сепак ова си е само мое мислење, врз основа на моите искуства.
Некој може да се труди, ама ако не чувствувам кон него никаква привлелност, никаква хемија, непоклопување на карактери, џабе. Со некој едноставно ,,ни кликнува", нема врска тука дека игнорираме машки кои не' сакаат, а сакаме такви кои не' игнорираат. Првите не можам да ги сакам оти немало никакво поврзување, вториве не можам да ги сакам оти што ќе ми е некој кој ме игнорира? Мислам дека ова е веќе застарена фраза која нема смисла. Паѓам само на заемна привлечност, сличност, нешто по мој критериум.
Не знаев како да го формулирам насловот, видеото кое го гледав беше нешто во стилот „Никој не те третира подобро од мажот со кој не сакаш да бидеш“. Ако имате подобар предлог може да се смени. Муабетот ми беше, но што ако ете со некој сте се поврзале, сте „кликнале“, имате заеднички теми на разговор, муабетот ви тече како вода, и двата имате некои слични гледишта и се надополнувате во мислењата, слични сте, но едноставно не можеш да го сакаш, во што е проблемот тука?
Лично за себе можам да кажам, јас не сум отворена со секој. Не дотолку за на било кој да му дозволам да влезе во мојот живот, мојот свет и да терам разговори на секакви теми кои ќе течат како вода. Најпрво има момент кога знам дали со некој сакам пријателство, нешто повеќе или ништо. Тоа го чувствувам. Дури после тој момент можам со некој да продолжам нешто подлабоко што уште повеќе ќе не' поврзе. Ако не сакам некој, не се ни трудам да разговарам со него.
Ах, мислам дека и така е подобро во секој случај. Тогаш мојот проблем е во тоа што на сите им давам шанса, дури и на оние кои не ме привлекуваат, со сите се однесувам исто и со оние кои ми се допаѓаат и со оние кои не. Им се отворам, зборуваме на сите теми, ќе „кликнеме“, тие ќе почнат да чувствуваат нешто за мене а јас не. А од друга страна, оние кои ми се допаѓаат не реагираат на ист начин, иако и двата типа на машки ги третирам исто, стварно не знам во што е проблемот
Во социјалната психологија тоа се нарекува scarcity principle, не знам дали постои соодветен македонски збор. И ова важи за многу сфери. Истиот принцип се користи и во трговијата на пример кога ќе кажат „само две пара кондури останати од тој модел“, или само уште 3 карти се останати и одма сакаш да ги земеш, затоа што стравуваш дека некој друг ќе ги земе. Или попустот завршува за 2 часа. Во романтичните врски, кога некој те игнорира, свесно или потсвесно личноста го перцепира тоа како оддалечување, стравува да не ја изгуби другата личност, па затоа посегнува по неа. Е сега жалното што денес многу го злупотребуваат овој принцип за емоционална манипулација, па многу парови и намерно си играат топло-ладно... мислејќи дека така ќе ја држат загреана другата страна, но ова се враќа како бумеранг, бидејќи тоа не е добар темел за љубов и прогнозата на тие врски не е баш добра.
Не ги игнорирам оние кои ме сакаат, ги игнорирам тие кои јас не ги сакам. Напротив, кога некој би ме игнорирал мене, би ми станал одбивен и одвратен. Не му е тоа најпаметна тактика на никој кога сум јас во прашање. Но знам дека има доста луѓе кои реагираат вака како што опишувате вие. Зошто, како, најдобро некој психолог од форумов да одговори.
Зошто ги игнорираме оние кои не сакаат? - Не ги игрнрирам, чекам гледам дали целото тоа сценарио е искрено, ако замириса нешто се тргам. Ако не ми се разбудат ни мене никакви чувства кажувам отворено наместо лажна надеж да му давам. Така да ги игнорирам тие што јас не ги сакам. А ги сакаме оние кои не игнорираат? - Не ги сакам тие што ме игнорираат. Си давам време полека да ја отсакам. Додека "отсакувам" се тешам дека ќе биде подобро. А за тоа треба време.
Мислам дека за ова доста влијаат и годините, додека си помлад некако ти е интересно ете така да си играш со некој топло-ладно, ама после како созреваш и стануваш по сериозна личност перспективата се менува и бараш партнер што исклучиво ќе ти кликне, те почитува и разбира.
Без емоции не бива ништо. Имав дечко каков што секоја ќе посака, фин, културен, симпатичен, добар, ме сакаше, но, два пати му раскинував затоа што немав емоции. Секое негово ѕвонење на телефон мене ми беше мака. Ми беше мака да се јавам, ми беше без врска, иако типот не беше напорен. Иако мислев ајде ќе се привикнам, вака добар дечко ретко се наоѓа, не можев. Си треба емоции од двете страни. И труд треба за да опстане врската. Сега ме мерка еден од лани летото, се сретнуваме повремено, можеби еднаш месечно кога ќе дојде каде што јас живеам, но ниту ме поканил на кафе, ниту ништо. Некако како топло ладно е ова. Можеби не е сигурен, сигурно има многу прашалници во глава за мене исто како и јас за него. Некако како срамежлив и затворен, но добар, оти слушнав само пофалби за него, но тоа но можеби и не е баш така не знам. Сакам да кажам, во зрели години, ако не сте тинејџери, нема топло ладно оти ќе изберам ладно, и не можам да бидам со некој оти е добар и ме сака, не можам ме гуши тоа. Во зрели години знаете што сакате, а што не, а ако некој има проблем да пристапи на овие години, значи тоа е проблем веќе.
Така е додека не се погодат и двајцата да се сакаат. И маж ми имаше ваква теорија кога се запознавме. Ама со мене му се 'посреќи'...
Не знам дали потенцирав, веројатно не - овде не станува збор за играње и тактизирање „топло-ладно“ во смисла, сега ќе го игнорирам за да се загрее по мене и да трча повеќе, туку едноставно самите емоции, нешто во тебе те тера така и колку да се не сакаш. Ете конкретно, има дечко кој ми го посветува целото внимание, се труди околу мене да ме запознае, се грижи како ми поминал денот, сака да ме направи среќна но едноставно сето тоа го доживувам напорно, се убедувам себеси дека тоа е она кое го заслужувам и треба така да биде, но како што велиш кога ќе го видам неговиот повик или порака ми станува мачно. Од друга страна, постои некој со кого се знаеме многу подолго од со овој, уште од самиот почеток па и еве ден денес се осеќам како да висам на конец, ми обрнува внимание половично, еден ден го има три го нема, се интересира но држи дистанца, не е инвестиран комплетно но јас жеднеам за секоја негова секунда внимание, кога ќе го видам неговото име на телефон цел ден сум среќна и ми трепери душата. Не можам да си помогнам, не е до мене, не знам зошто се случува така, каква е таа обратна психологија ме интересира
Од просто, правите сложено. Не може да се сака некој што ве игнорира, ниту да не сакате некој што ви посветува внимание.
Или кликаме со некој или не. Ако со некој не кликаме, односно едната страна е инвестирана во врска било, пријателство шоидае, а другата едноставно не е заинтересирана - нема да функционира. Можеби и е подобро да се оддалечиме за нивно добро. А некогаш само не сме заинтересирани и сме слепи за тоа што се случва околу нас.
Веројатно затоа што во природата на човекот е да му е интересно тоа што му е потешко достапно, дури и невозможно. Затоа забраните не функционираат, само се засилува интересот кон ,,забранетото''.
Зашо сме незрели и кога вистински ќе созрееме ќе бараме двонасочна љубов и внимание пружено во исто време.