Ја читав дискусијата во темата Жените откако ќе станат мајки и го прочитав овој цитат од @Cosmic Girl, што ме потсети на нешто што одамна сакав да го прашам: Прашањето е насловот на темата - кој е нашиот идентитет како индивидуи и кои сме ние? Не прашувам во смисла: „Јас сум добар/ме бива за x/y работа“, затоа што тоа е скроз различно за секој човек. Прашувам повеќе во универзална смисла, кои „работи“ или „кој тип на работи“ ги дефинираме како наш идентитет? Ако не нè дефинира работата, семејните односи, нашите хобија, што нè дефинира? Како да објаснам некому која сум јас и кој е мојот идентитет, што ќе земам како репер?
Идентитетот е цел психолошки систем. На тоа мислев кога го пишував цитатот- дека треба да се разбере идентитетот во поширок контекст, не само преку социјалните улоги. Тие се дел од него, можеш да ги наброиш и нив кога ќе се опишуваш, но идентитет претставува нешто многу повеќе и не треба да е ограничен тој опис и тоа како се дефинираме себе само на социјалните улоги. Личниот идентитет е она што сум јас, а социјалниот идентитет е она што сум јас во однос на другите. Според APA (амерканска асоцијација на психолози) идентитетот е чувството или свеста за себе (sense of self) кое се дефинира преку: - склоп физички, психолошки и интерперсонални карактеристики - припаѓања кон различни групи или асоцијација со нив (етнички, на пр.) - социјалните улоги Уникатната комбинација на овие карактеристики е она што ги прави сите индивидуи различни. Оваа свест за себе ни доаѓа и од телесните дразби и претставата за своето тело, но и од чуството дека искуствата од минатото, целите за иднината, нашите вредностите, верувањата и очекувањата се нешто што ни припаѓа на нас лично. Вклучува и чувство на континуитет - дека сме истите личности, индивидуи дури и кога се менуваме физички или психички или кога поминува времето.
Македонци кои зборуваат Македонски јазик и живеат во 1/3 од нивната вековна татковина Македонија. Денес Македонија е поделена низ повеќе држави, а за жал најсветовните антички македонски градови останаа на територија на нашиот јужен сосед, па така тие сметаат дека Македонија е нивна само затоа што денес по некоја случајност се нашле на нивна територија. Само храбро да не подлегнуваме на уценувања од ЕУ, како и сите организации и таа ќе се распадне. А името ќе се врати, не постои договор што не може да се поништи.
Океј, пошто нема никој што да додаде, тогаш би прашала, кој е вашиот идентитет согласно дефинициите кои ни ги сподели @Cosmic Girl? Според вас, што конкретно ве дефинира како личност?
Да не бидам скроз оф топик, ама што знам, јас идентитетот го асоцирам со работите во кои веруваш и се залагаш за истите.
Земајќи го ова предвид, тешко ми е да најдам нешто такво што е непроменливо до толку. Исто така сакам да додадам дека фали смајли што размислува.
Јас си мислам дека идентитетот е најдобро опишан преку моите размислувања, однесувања кон останатите, комбинација на сите мои внатрешни и надворешни карактеристики и нивниот степен на изразеност и карактер кои се менуваат под влијание на околината (и за кои јас сум свесна дека се менуваат). Идентитетот мој е исто во асоцијација и со животните улоги што ги имам и луѓето со кои сум опкружена, местото во кое живеам или на кое сум живеела, јазикот што го зборувам.. Уствари се што ме опкружува и се со кое доаѓам во контакт и оставило трага врз мене.
Сабајле кога ќе станеш после спиење, мислиш дека личноста или твојата суштина ти се сменила и си некоја друга или си истата онаа личност која си била пред да си легнеш? Кога ќе усвоиш некоја нова вредност или после некоја промена на телото (на пр. ослабеш, се здебелиш, се оперираш, се шишаш, се тетовираш), мислиш дека си друга особа со друг суштински различен идентитет или си знаеш дека си истата ама (со нова фризура)? Тоа е тоа чувство на континуитет на идентитетот. Чувството дека “јас сум јас“ кое сум го имала уште од моментот кога сум развила свест за себе како посебна единка/индивидуа од другите (таму некаде во најрана возраст), до крајот на животот.
Да ги тргнам настрана сите улоги (мајка, сопруга, ќерка), да се соголам, би останал само еден интроверт кој обожава да чита.
Глобален припадник на светот и планетата Земја. Не ме дефинира ништо посебно во мои очи, само искуството ми е различно од другите, и перцепцијата, мемориите. Што помалку етикети гледам поедноставно е да се соочиш со поголем и поопширен аспект на работите. На крај на денот само сум некој кој дошол на овој свет и гледам да го оставам во подобра состојба од што сум го видел, и да допринесам нешто колку и да е ситно барем во мои очи да е значајно. Некој кој мисли дека вреди да се бориш за својата слобода, како и да ја дефинираш.
Жива душа, првенствено. Се идентификувам со се што ми се допаѓа кај мене физички и карактерно или кое поинаку има врска со мене и со изборите кои своеволно ги правам (трајно или привремено). Она со кое што не се идентификувам е пол, нација, па и лично име, бидејќи не ги одбрав јас. За пол и име ми е сеедно, некако се навикнав да не ги збунувам луѓето, но ми пречи да ме поистоветуваат со етникум.
Луѓето со кои комуницираме, круговите во кои се движиме, местата кои ги посетуваме, книгите што ги читаме, песните што ги слушаме, начинот на кој се справуваме при конфликти, (не)флексибилноста во разни (не)предвидливи ситуации.