Инспирирана од личните животни лекции, значењето и важноста на работата на себе и отворање на умот за учење, мислам дека ваква тема би можела само да придонесе на сите кои сакаат да се надоградуваат и да го збогатуваат својот живот со нови знаења, техники, и искуства. Преку работа на себе, ние инвестираме на долг рок и неминовно се менуваме во целиот процес на учење и стекнување на нови вештини, а особено се менуваме во процесот на ОДучување од навики и застарени размислувања кои не кочат и лимитираат, се што веќе не е за нас и само не уназадува и не тера да тапкаме во место. Процесот е тежок и макотрпен, но е КРУЦИЈАЛЕН за да може една личност да оди напред (без разлика дали е тоа физички, психички, спиритуално и сл.). Живееме во такво брзо и стресно време каде сметам дека е потребно да имаме високо развиена свест која се гради преку свесно решавање и справување со предизвици, освестување на сопствените негативни токсични мисли и навики и воведување на нов mindset, учење како да се сакаме и грижиме за себе, за природата и за другите луѓе, учење за егото и која е неговата улога, учење да бидеме благодарни, сето тоа преку едукација и отворање на умот. Јас лично мислам дека кога секој човек би работел на себе и би се трудел да расте, да се развива и да напредува како индивидуа, а потоа и како дел од едно општество, ќе може многу повеќе да придонесе за добробитот на луѓето, животните, животната средина и планетата земја како целина. Темава ја отварам со цел да споделуваме лични искуства, начини, вежби, техники, книги, подкасти, медитации, работилници... се што на ВАС ви помогнало и и понатаму ви помага во процесот на личен раст и развој. Секој е на различен пат, па да бидеме љубезни и да си даваме поддршка. Да работиме на себе, на остварување на своите лични цели и на креирање на најдобрата верзија од себеси. За почеток ме интересира ваш feedback, дали би имало заинтересирани за ваква тема и ако да, јееееееј се радувам што ќе се дружиме!
Супер е темава и доста популарна во денешницава. Мене ми е задоволство да сум опкружена со луѓе кои имаат широки увиди и не го живеат животот површно (не дека секогаш ми успева, и доста често одам на познатото, но битно е да забележувам). Сепак, и меѓу нив има од оние кои мислат дека се свесни, ама некои постапки ги издаваат. Од која сакаш страна да гледаш на личноста, факт е дека околината игра клучна улога, особено во детството. Забележав дека луѓето напредуваат во области за кои биле пофалувани и кои се сметале за вредни во текот на растењето, што доведува до тоа секој да го залева она што се сметало за важно и прифатливо, и така да функционира понатаму. За мој личен раст, сè уште се трудам да не сум толку често критички насторена кон себе, мислејќи дека само така можам да го извлечам најдоброто, и да избегнам непријатност, повеќе да обрнувам внимание на мислите - зошто според нив постапувам, да не се ограничувам. Реченицата: „Ние знаеме што е најдобро за тебе" ми има многу влијаено да заборавам на моите желби. Многу ми значи поддршка и е нешто што мене ме мотивира најмногу. Ако се задлабочам повеќе, би добила подобар увид. Книга што ја препорачувам е „Биологија на верувањата" од др. Брус Липтон. За односите со другите, добри образложенија има во книгите на Стефани Штал. @rainbowec убаво напиша - битно е да сме љубезни едни кон други. Никогаш не знаеме каква рана носи некој, навистина да не интересира одговорот на прашањето: „Како си?". Да не ги земаме работите здраво за готово, да вложуваме во оние кои ни значат. Многу можеме и сами, но многу повеќе можеме со другите.
Долг пост, но ова сум јас, ова е дел од моето животно патување и преобразба. Се согласувам дека луѓето и околината во која растеме не обликува и одредени работи кои сме ги научиле од најрана возраст (одбранбени механизми, уверувања, наметнати мислења и сл.) подсвесно влијаат врз нас и понатаму во животот. Но не значи дека тие работи се вистински дел од нас. Тоа се само делови од програмирањето низ кое поминуваме додека растеме, кои ги учиме од родителите, училиштето, сите луѓе околу нас. Ќе се земам себе за пример. Родена сум со тотален блок на срце. Тоталниот срцев блок, познат и како атриовентрикуларен (AV) блок од трет степен (најтежок облик), е состојба каде што електричните сигнали од горните комори на срцето (преткоморите) се целосно блокирани да стигнат до долните комори. Ова значи дека преткоморите и коморите чукаат независно, што потенцијално доведува до недоволен проток на крв и сериозни компликации. Поради тоа уште на возраст од 1 месец ми беше за прв пат вграден пејсмејкер кој ден денес го носам и сум 100% зависна од него. ФАЛА БОГУ што го измислиле. Денес, горда сум на себе бидејќи од личност која го презираше фактот што има пејсмејќер и што цел живот ќе треба да оди по болници, прегледи и операции, се претворив во личност која е благодарна што го имам тоа апаратче вградено во мене бидејќи благодарение на тоа сум тука, жива и здрава. Растејќи со оваа здравствена состојба имав многу предизвици, операции, ограничувања уште од најрана возраст. Ова значеше дека ми е забрането да спортувам (спорт во смисла кошарка, фудбал, одбојка, било кој спорт кој би претставувал опасност по моето здравје бидејќи најмал удар или повреда може да доведе до дисконектирање на пејсмејкерот и по дифолт паѓам во кома), многу се заморував, бев чувана како во стаклено ѕвоно од страна на моите родители. Ова исто така значи дека доживотно ќе правам операции бидејќи пејсмејкерот работи на батерија и кога ќе се потроши треба да се замени со нов. Еве наредната година ми е следната операција. За моите родители сум неизмерно благодарна бидејќи тие го жртвуваа својот живот за јас и сестра ми да пораснеме здрави, воспитани и среќни. Само они си знаат колку им било тешко да се справат со сите тие стресови, што од финансиска гледна точка, што од секирации за моето здравје. Пораснав во личност која беше тотално зависна од некого, поготово од своите родители. Ништо не ми даваа сама да правам, со ништо не сакаа да ме оптеретуваат. Донесување одлука сама - боже сачувај... Секако дека имале најдобра намера и дека од љубов и грижа го правеле тоа. Чекај мама тоа ќе направи - НЕ МОЖЕШ или НЕ СМЕЕШ ти - беше одговорот секогаш кога ќе сакав нешто сама да направам. И кога растеш во таква средина, тоа ти станува нормално и очекуваш дека така ќе тераш цел живот, дека НЕКОЈ ДРУГ ќе прави се наместо тебе. И сето тоа навлезе длабоко во мојата подсвест, го прифатив како моја реалност. НО, во светот на возрасните тоа поинаку функционира... Влијаеше и на моите врски со пријатели, со партнери, со сите луѓе околу мене. Ми се случија многу работи, животот на милион начини пробуваше да ме освести дека морам САМА да ги правам работите, дека нема цел живот да можам да се потпирам на некого и дека друг ќе мисли за мене. Буквално на 25+ години сеуште се однесував како мало дете што се крие позади сукњата на мајка му, одбивав да пораснам, претешко ми беше да превземам одговорност и контрола врз себе и својот живот. И тогаш ми се случија најголемите животни пресвртници, кои што на брутален начин ме ишамараа и конечно ме освестија. Ме натераа да пораснам, да ги согледам работите од поинаква перспектива и да го отворам умот за пошироки гледишта. Да не ми се случеа тие нешта, да не искусев таква болка, страв, анксиозност, шах мат позиција кога мора да пресечеш и да ОДЛУЧИШ каков сакаш да ти биде животот и во која насока ќе се движиш, можеби никогаш немаше да се освестам. Претежок период, непреспани ноќи, преиспитување на се што знам, но благодарна сум што го искусив бидејќи тоа ме направи тоа што сум денес - силна, одлучна, вредна, љубезна, емпатична, позитивна, едноставно ме промени од корен. Многу работев и уште работам на себе, се вложив во подобрување пред се на моето ментално здравје, потоа на подобрување на комуникацијата и односот према луѓето во мојот живот и одучување од се што ме лимитираше и ме влечеше назад. Со сето ова што го пишувам сакам да извлечам една поента, а тоа е дека НИЕ СМЕ КРЕАТОРИ на својот живот, без разлика во какви услови сме растеле. Ние ја имаме моќта во нас и додека не ја освестиме ќе живееме заспани, несвесни, исклучени од светот. Животот не е рамна линија, секогаш ќе имаме предизвици и тешки периоди, но исто така ќе има незаборавни прекрасни моменти за кои ќе бидеме благодарни што постоиме.
Големо браво за тебе! За твојата храброст, истрајност и позитива. Ова е еден потсетник дека од секој тежок период може да излеземе како победници
@Eunoia Секогаш имаме избор. Имаме избор да се ставиме во улога на жртва, секогаш нешто ќе ни фали, нема да ни биде по ќеиф, ќе се нервираме за секакви ситници и ќе се жалиме постојано како животот не ни чини и дека другите ни се криви. Или, ќе избереме да се бориме и да бидеме силни и покрај тоа што ни е тешко, и ќе гледаме да научиме нешто од секое искуство без разлика дали е добро или лошо. Не можеме ништо друго да контролираме освен себеси. Кога ќе го сфатиме и прифатиме тоа, полесно ќе се справуваме со сите животни предизвици.