Денес осамна веста за смртта на Милан Кундера. По долго боледување, починал вчера, на цели 94 години. Иако е роден во Чехословачка, живеел долги години во Париз, Франција и бил нарекуван токму така - чешкиот писател во Франција. Има доста контроверзии околу него, еден период колку што се сеќавам беше и протеран од неговата родна Чешка, му беше одземено државјанството (потоа му го вратија пак во 2019-та) и што уште не... Но да не должам многу, би рекла само дека Милан Кундера е убедливо еден од најдобрите современи автори. Неговите книги ја обележаа книжевноста на XX век и поставија нови дефиниции за значењето на што всушност значи добра книга, книга со сцени и ликови кои ќе останат врежани во меморијата и ќе те натераат да ги мислиш со денови. Прва негова книга која ми привлече внимание беше „Бесмртност“. Потоа следеа „Шега“, „Неподносливата леснотија на постоењето“, „Идентитет“ и неодамна ја читав „Смешни љубови“, која всушност е збирка раскази. Најомилена ми остана „Бесмртност“, а веднаш зад неа ми е „Неподносливата леснотија на постоењето.“ На времето, се сеќавам дека Табернакул преведе голем дел од неговите книги. Преводот е одличен, но тешко се наоѓаат изданијава, можеби само на старо. А во последниве неколку години Арс Ламина ги реиздаде и книгите можат да се најдат во книжарниците што соработуваат со нив. Навистина се зачудив што немаме тема за еден ваков врвен автор, па еве прилика да го поправиме тоа и да се нурнеме во светот на Кундера. Имате ли нешто читано од него? Која негова книга ви оставила најсилен впечаток? Пишете ваши препораки, критики, мислења и сè друго што ќе ви падне на памет околу Милан Кундера и неговиот книжевен опус.