Дали некој од вас го практикува овој стил? Да имате мала прегледна гардероба со 2 или 3 color избори....Да можете да правите безброј комбинации од малку парчиња облека... Јас пробувам ама тешко ми иде, некогаш ме навладува желбата да си купам нешто ново, среќа се воздржувам иако не ми успева секогаш... Морам да признам, има некоја префинетост во овој стил што мнг. ми се допаѓа и убавината да ти е супер организирано и секогаш да имаш што да искомбинираш... мене лично тешко ми иде
И мене ми се допаѓа се што е минималистичко, ама исто потешко ми оди. Купишта алишта, а пак вртам одредени кои ги носам. И не само за облека, општо за дома... што помалку тоа подобро. Има еден документарец на нетфликс the minimalist, погледни го, нешто околу непотребни работи кои ни се мотаат низ дома, а не ги користиме, ама па и не ги фрламе. Здравје, во план ни е да купуваме стан, па дефинитивно таму би одела ептен минималистички, тв комода, гарнитура, маса и цвеќе
Јас од секогаш сум се облекувала само во црно, па така кога ќе го отворам плакарот се е црно и ми е лесно и едноставно за комбинирање. До душа и не сум личност што се дотерува премногу, секогаш сум во фармерки, блуза и патики. Имам само 3 блузи во боја, розева, крем и сива и тие секогаш ги носам со црни пантолони или фармерки. Домот исто така го уредивме, бидејќи сега реновиравме и се вселивме. Во дневна само мала тв комода, гарнитура и масичка, во спална само спалната, плакар и наткасни. И навистина многу поубаво изгледа и просторот изгледа како да е по голем. Е сега бидејќи сум со мало бебе па во собата има еден куп играчки, релаксатор, креветче, коритце и све остало тоа ми смета и ме нервира дека е вишок, ама ќе биде вака хаотично додека не порасне и не му спремиме соба за него.
Не, не ми се допаѓа идејата да се ограничам само на 2-3 бои. Плус сакам и облека со различни дезени и материјали. Потребен ми е поголем избор.
Еве ме Веќе подолго време сум фан на овој стил и се трудам да го следам, не само во облекувањето туку општо. Уредувањето на домот исто така се трудам да е минималистично, храната што ја приготвувам итн. Колку поедноставно толку подобро, а и поопуштено се чувствувам Да се вратам на облеката. Во мојот плакар преовладуваат неколку бои (црна, бела, сива, тегет, евентуално крем). Парчињата облека можат лесно да се комбинираат едни со други па немам проблем со тоа дека „немам што да облечам“. Фармерки, едноставни блузи и кошули, еднобојни комплети со сако и панталони и еднобојни фустани со едноставен крој. Нема утка Не сакам шарено, дезени, накит, детали... Не носам ниту многу шминка, да не речам воопшто.
уф ми звучи одлично... јас па имам потреба за pop of color. И тука е проблемот Ќе се решам да додадам, црвена на пример....после некое време посакувам зелена...плава...и на крај пак шарено и натрупано... Треба дисциплина за ова и да си сигурна во својот избор, така да браво, big respect
Јас сум заколнат минималист, во сите човечки нешта, освен што имам не-минималистички мисли, тука сум целосно КИЧ!
Те сфаќам. И јас порано носев црвени детали, на пример црвена ташна или марама баш за тој pop of color. Сега сум повеќе за монохроматско, од глава до пети во иста боја (најчесто е црна )
Јас сум член во една група Minimalist mom на фб. Тука не се споделува само за стилот туку буквално за се. Кога се преорганизирав како полесно да почнам да дишам. Целта на оваа група е да имаш на пример само пет продукти за лице кои ги користиш стално. Баш тогаш сакав да отворам ваква тема и да сликам како од 50 продукти останав на само 5. Многу ми беше полесно и навистина само тие пет ги користам, немало потреба од 50. Мене лично ми се допаѓа овој начин живот и ми создава мир во душата. Станот исто така не ми е пренатрупан. Се ослободувам редовно од се, едно за рециклирање, за подарување и слично.
Да да, баш се согласувам. Мнг ми е мило што овој начин на живот ти одговара комплетно. Темава ја отворив конкретно за облека и вашиот стил... бидејќи јас лично мака мачам со тој аспект па ме интересира како вие се справувате и организирате
Ми се допаѓа овој стил, но јас не можам да замислам да имам само 2-3 бои во плакарот. Од основните парчиња облека може да се направат многу комбинации. Сакам да експериментирам и внимавам да ми сите парчиња облека да ми се убаво искомбинирани и не носам многу бои на мене. Инаку, го обожавам стилот.
Кај мене во плакар е 50 shades of gray Се наоѓа и по некое парче во друга боја. Минималист сум, не само за облека, туку за се. Ах, иста сум и јас, многу мразам кога (секогаш) има играчки расфрлано, ги собирам и после 2-3 мин пак е исто ама со деца е така.
Многу убава тема, ич не е за мене. Јас морам да имам минимум три бои на мене. Купувам облека во секаква боја, многу често и едно парче ги има сите бои. Имав период кога се облекував само во црно, но тоа не сум јас и никогаш повеќе! Во однос на справувањето ми е лесно, отприлика пред да го купам знам со што би го носела. Важно ми е да го погодам стилот, а боите па и скоро сите одговараат според мене. Организирањето - ништо не ми е пренатрупано бидејќи не гледам да купам по секоја цена. Облеката ми е наредена првенствено според примената, а потоа и според бојата. Истото важи и за ташни, чевли, накит, долна облека, марами... Го немам (а го сакам) оној плакар од соништата да е голем колку соба, но тоа скромно што имам се трудам да ми е уредно. Ова важи и за козметика, не купувам повеќе од што ми треба, туку кога ќе се потроши. Организирани по примена, лаковите по боја, а во посебен несесер работите кои ги употребувам секојдневно. И собата ми е шарена, но без непотребни предмети.
Јас немам воопшто многу облека, купувам само по потреба, да имам да се исперам, толку. Два пара фармерки, три блузи, еден пар патики, пар чизми за зима, купувам исто само кога ќе се искине. Ташна една имам само. Шминки немам воопшто, за лице купив демек нешто ќе се мијам, ама ех, баталив брзо. Од козметика шампон, сапун, имам кармин за на свадби. Немам никаква потреба да се трупам со алишта, ниту пак тоа ме смирува или ми носи задоволство, напротив, мразам пренатрупаност. Колку помалку работи, толку подобро и порастеретено се чувствувам. И во домот исто, не купувам украси и такви работи, само практично што ми треба. Сега со ќерка ми само е малку понатрупано, ама исто не е премногу зашто не купуваме ни толку играчки. За нејзе за облека исто, кога ќе се смали или искине, а не зашто нешто ми било слатко, или колку ќе била убава во тоа... Што знам, ништо такво не ми праи ќеиф. Ниту пак она бара и бира.
Јас порано купував шминка ко луда, ко да ми е последен ден на светот. Не знам колку многу производи имам што скапуваат по несесери, а и кога се шминкам секогаш посегнувам по истите 5-6 работи. Премногу се сменив во тој поглед, купувам шминка само по потреба сега а ова купиштево што го имам ќе пробам да го исчистам (фрлам), ако ми даде душава . За облека, со години се облакав црно па црно но сега ме влечат и други бои. Не ме влечат различни шари и дезени или 10 бои на едно парче облека, ама на пример порано розево не можев да смислам а сега да можам од глава до пети би била во розево .
Јас сум во средина На моменти сакам да имам голем избор и за облека и за козметика, а на моменти ми одат на живци и си викам џабе ги имам кога не ги носам/користам. Сепак не сум од тие што на секое излегување мораат да си купат нешто, гледам работите што ги имам да ги искористам, па тогаш дури да купам нешто ново. Ама ете некогаш, ретко знам и без потреба да си купам нешто.
Не ми се допаѓа овој стил кога станува збор за поседување облека. Си ги сакам сите бои од црна до некоја дреч розева, пролетна боја на пример. Сакам разиграно да ми е и сакам многу работи да поседувам, шопингот ме исполнува, не можам да се ограничам.
Дуксери и џемпери најчесто купувам во една боја, basic, без никакви натписи и слично, за да можам да ги комбинирам и со панталони ако треба да одам некаде, а и со тренерки ако не ми е денот. Во последно време повеќе преферирам и панталони, наместо фармерки, бидејќи ем подобро ми стојат, ем покомотни се. Иначе од зимски парчиња, имам само еден пастелно син дуксер, сѐ друго е црно-бело, кремасто или маслинесто. Летни парчиња имам повеќе бои. Меѓутоа тоа сѐ е купено пред некоја година, сега сѐ што купувам гледам да е од низата бои што ги спомнав погоре. Не сум некој што поседува премногу гардероба, така да полесно ми е да комбинирам со помалку бои во плакар.
Сакам минимализам во сè, ми се допаѓа како филозофија. Порано имав многу повеќе гардероба и козметика и обувки, а пола и повеќе од нив не ги ни употребував. Посебно облеката, имав работи кои така ми стојат во плакар за да се најдат нели и нормално никогаш не ми се најдоа, па сменив тактика. Не купувам сè што ќе видам, не мора да купам нешта за кои си помислувам „леле види колку е слатко“. Некако и ми помина меракот па сега сакам да имам неколку работи, ама сите да бидат максимално искористени и лесно да се комбинираат со другата облека која ја имам. Бои не обожавам многу, се облекувам во земјени тонови и ретко да се најде нешто што отскокнува од тој шаблон, колку да сменам некогаш. Принтови исто не сакам многу, се презаситив. Носам само пругаст и точкаст, на некоја кошула или фустан. Накит ретко носам, најчесто саат или обетки. Полесно се дише со ваков плакар, порано не ме собираше, а пола од облекава буквално еднаш-два пати облечена. Жал ми е да ми стојат вака облека и обувки, па затоа внимавам како купувам.
Минимализмот не значи да се поседува само црна или бела облека, а никако розева, зелена или повремено некој необичен принт, туку подразбира ефикасно купување и искористување на облеката.На пример, наместо да се купуваат парчиња за еднаш кои тешко се комбинираат, да се направи capsule wardrobe.Секако, се обрнува внимание боите во комбинацијата да бидат усогласени и не премногу шарени, ама не значи дека не смее ни една друга боја освен земјени тонови. Исто така да се исфрлат вишок накит и други аксесоари кои не одговараат, со цел да дојде до израз едноставноста и елеганцијата.Да не се користи многу ексцентрична и нападна шминка. Тука важи: помалку е повеќе. Минимализмот како филозофија е многу ослободувачки.Сите купишта непотребна облека и предмети само ни создаваат хаос, неред и непрегледност.Сакам и во домот да ми биде уредно и да имам украси и додатоци, ама повторно, да не создаваат чувство на гушење. Јас лично до пред некое време(добро, 1 година да речеме) купував многу поимпулсивно.Ќе ми се допадне некоја блуза, ќе ја купам - без разлика дали ми се вклопува со остатокот од гардероберот или не.Ќе видам некоја шминка што инстантно ќе ми се допадне, ќе ја купам - и еве сега после поминување на меракот куп козметика си седи неупотребена. И сега сфаќам дека од толку трупање не ни можам да се фокусирам да го пронајдам тоа што најмногу ми лежи и е најдобро, без разлика дали е облека или шминка. Затоа и целам кон минимализам, секој материјален вишок е само уште една дистракција.