Пред некое време читав на нет дека има родители кои се каат што имаат деца. Темава е доста табу, но ако прочепкате навистина има доста вакви сведоштва. Кои сѐ би можело да се причините за ова? Веројатно ги има многу: непланирана бременост, станување родител во тинејџерските години, погрешен партнер, финансиски потешкотии, станување родител поради општествен притисок итн. Јас сѐ уште не сум родител и не можам да зборувам од лично искуство, но многу пати сум се запрашала дали би можела да бидам, уште поважно, дали САКАМ да бидам. Веројатно нема родител на кој што не му дошло преку глава од сите обврски, но тоа е привремено чувство. Прашањето е дали некој од вас (или познавате некој) се кае што воопшто станал родител? Што мислите дека би се променило во вашиот живот кога би одлучиле да немате деца? Да се обидеме да дискутираме без осудување и навреди.
Добра тема. Но тешко дека на #мамички форум некој би го признал и отворено зборува за тоа. Во случај да го има. Имам читано на редит, да, има родители што се каат. Јас ризикувам и избирам да се каам што нема да ги имам, отколку да се каам кога би ги имала.
Има како нема, ете пример оние кои намерно остануваат трудни, за да ја земе, оти нели љубов голема. Па после кога ќе види што и како е во брак, се каат па им смета детето. Друго е несакана бременост и не би можела да го коментирам тоа, бидејќи не знам на кој начин е несакана. Но, секако за се има решение. Се вика контрацепција и апстиненција. Е тоа е малце табу кај нас. Од друга страна се уште имаме затуцани семјства каде што го мажат со сила. Лично јас не сум кажала дека се каам, а и никад нема да кажам, прво зошто си го сакам детето неизмерно, а се борев да ја добијам.
Подобро без родители отколку со родители кои не си ги сакаат децата. Исто така, подобро без деца отколку присилно одгледување деца без љубов. Мислам дека проблемов на темава е како последица од психичка неподготвеност и слабост.
Да, ама во секој случај сигурно е претешко да се признае дури и пред себе, веројатно е огромно чувство на вина. Од друга страна, нема враќање назад, што значи се работи за целосно безизлезна ситуација. Колку е страшно за децата, тоа не треба ни да се коментира.
Не е секој подобен за да биде родител, и тоа е во ред. Има луѓе си се знаат доволно, знаат што сакаат во животот и така си одлучиле, што е за поздрав. Но, ова повеќе го гледаме во побогати, поразвиени земји, кај нас откога се раѓаш се знае што се очекува од тебе, машко или женско, мора деца да се имало, па гледаме секакви случаеви на малтретирање и семејно насилство.
Искрено јас лично не познавам такви родители. Да, познавам многу кои на шала ќе кажат "Што ни требаше ова" или "Да знаеш животот престанува кога ќе ти се роди дете", но тоа е само моментално чувство кога ќе им надвиснат мн обврски на глава. Потребно е да се тргне предрасудата дека луѓето без деца не се целосни или не можат да се среќни, но како би знаеле ние или тие дали со деца би биле посреќни или понесреќни? Како и да е, детето се прави и расти со љубов и тој што не чувствува дека би можел да му ја даде можеби не треба и да се нафаќа на тоа. Иако тоа чувство најчесто се менува откако ќе ти се роди дете. Специфична тема. Важно е дека јас не познавам родител што се кае зошто има дечиња или барем никој тоа не го кажал на глас.
Сигурно има такви. Сум кажала и во други теми, голем дел од родителите кај нас не се способни да се грижат ни за себе, не пак за деца. Може сум престрога, ама реално на многу родители да имаме социјални служби ко што треба, децата би им биле одземени. Мене ме фрапираат коментари од типот „Ееејј види ме мене, имам две машки деца“, демек се перчи, аха значи машките се повредни од женските, а кога треба да оди на одмор или да слави роденден на децата „абе лесно ти е тебе, а види ме мене колку ќе потрошам“. На што личи ова? Ок е? Имам повеќе тетки, при што само една нема деца, а другата за неа вели „таа барем знае дека нема деца и крај, знае само едно, а јас, му мислам за школо, не учел, му мислам за работа, му мислам за развод сега, и така цел живот мислам, не сум на раат“. Едноставно како каење.
И јас не познавам таков родител но сигурно постојат. Не мислам дека ако престанала љубовта во бракот, дека тогаш се каат што ги добиле децата. Два типови на љубов се во прашање, мајчинската никоаш не можеш да ја потиснеш на природен начин. Едно е да се каеш што го имаш детето друго е да не го сакаш. За да не го сакаш мислам дека треба некоја тешка траума да преживееш, психолошка состојба е. А да се каеш е друго. Најчесто мислам дека се каат тие кои имаат повеќе од 3 деца од финансиски причини зоштто кога ги родиле пример на 16 год биле несозреани доволно за да размислат за иднината, ама далеку од тоа дека не ги сакаат.
Има само никој нема да признае. За воља на вистината секој не ни треба да биде родител. Ама пуста желба да се прави како што сите прават, брак, заедница, деца... Колку има и ради реда што влегуваат во брак само да не ги зборат фамилиите и комшиите и оти уште од мали ги учеле дека така мора, така е правилно.
Јас блиски не познавам што се каат. Пред извесно време комшијата ме праша второто дете дали ми е машко. Јас му реков женско е второто и ми рече ех си се спасила ,машките деца не се за ништо тури им пепел. И го прашав е зошто така зборуваш ? И ми рече дека се кае што вопшто има два сина. Е сега јас лично делам мислење со некои од погоре. Најверојатно ги сака ама се кае. Прашав подоцна на свеки што била работата ми кажа дека едниот син заминал во друг град и ни ги барал ни се интересирал за било што а другиот на 40г сеуште бил со нив и наводно бил зависник од дрога. Дека на моменти ми е тешко со две мали деца - ми е. Да. Дека ми ида некогаш низ прозор да ги фрлам. Да ,ми ида. Ама па не се каам што ги имам. Ги сакам безусловно и неможам да се замислам без нив. Со збор не се опишува ваква љубов.
Јас верувам дека постојат родители што се каат одреден временски период, но и дека доаѓа момент во животот кога се каат што се каеле. Крвта не е вода. Не верувам дека некој би се каел до крајот на животот што има деца, а верувам дека некој би се каел до крајот на животот што нема воопшто или што нема повеќе деца. А што е со тие што се каат на емисиите што сте ги гледале? По колку години имаа, ги оставаа децата или ги малтретираа?
Верувам дека постои каење во одреден временски период,тоа каење е помешано со страв.Сите ние во одредена ситуација во која не сме се снашле добро сме си рекле што ми требаше дете,јас ова не го можам,ама тоа е минливо чувство.Кај одредени луѓе да се јави чувство на каење и се со здрав разум ќе го дадат детето во дом.Они што се каат а се уште си ги чуваат или не се добри со мозокот и ги малтретираат,или живеат несреќно неисполнето,а со тоа и нивните деца.
Тоа сакав да го пишам, ама прва си се охрабрила. И јас сум имала моменти кога сум се прашувала 'Зошто родив?' Некогаш се прашувам: 'Зошто се омажив?' Проблем станува, ако си убеден дека ти е грешка. Не сум чула некој да речи дека навистина се кае што имал дете, но сум видела оставање деца во дом кога се пораѓав.
Јас не се срамам да кажам дека сум си го помислила тоа.Се решив да имам две деца со мала разлика меѓу нив.Договорот беше едното ќе оди во градинка дури другото не потпорасне.Ама плановите секогаш не испаѓаат како сме си замислиле,фати корона,останав дома со две мали деца.И знаев да си кажам што ми требаше две,па што ми требаше воопшто дете кога не сум способна да ги чувам,а после доаѓа една супер моќ и си викаш ма јас можам се.
Во одреден момент секој родител го има помислено тоа, што ми требаше дете, сум го помислила и јас кога ми дошло преку глава од се, од милион проблеми, финансиски, и некогаш чувство дека јас тоа не го можам, но после тоа се каам што воопшто сум помислила на такво нешто. Ама сепак тоа вистинско длабоко каење што некој има дете до сега не сум слушнала од некој. Сум слушнала само што се каат некој што родиле и го оставиле во дом, дека им е криво што го оставиле детето, ама моменталната ситуација така налагала.
Ако родител се кае што има дете, не значи дека не го сака или ќе го малтретира. Има мајки што родиле само затоа што така од нив се очекувало, а и безброј ситуации каде мајките оставиле факултет за да може да се посветат на дете, па секогаш ги демне тоа "што би било ако _______". Некако се сочувствувам со нив и мислам дека е во ред засекогаш да има дел од нив што се кае што не избрале поинаков пат. Јас некогаш посакувам да имам деца во иднина. Ама знам дека постои голема шанса да сфатам дека не е уствари тоа за мене и да се каам. Затоа одлучувам да бидам на сигурно и да немам деца.
Од секогаш повеќе сум се разнежнувала на мало кученце или маченце и сум се топела буквално а на деца не. Значи ми биле слатки и мили но не ми будеа емоции. Завршив факултет ,се мажив.. решив да имам дете од причина што сакав да сум млада мајка. Родив на 27. Имав мн тешки моменти не само поради бебето туку и општо поради други работи и сето тоа на почетокот ме тераше да се запрашам - навистина ли ми требаше ова ? Но не го сфаќам ова како каење, бап напротив се каам што воопшто така размислував но сепак не се осудувам. Не само што помина тешкиот период туку посакав уште едно бебе и си добив. Среќата е на моја страна па и она е тивка и мирна. Муабетов ми е дека скоро секој има таков момент. Ама дека навистина се кае незнам.. неможам да поверувам. А давањето дете во дом, само да помислам ми го пара срцето како и е на таа мајка и во колку тешка ситуација е...
Никој не познаваме родители кои се каат бидејќи никој не зборува јавно за тоа (очекувањата се едни а кога ќе добиеш дете реалноста може да биде сосема поинаква) гледаш идилично семејство со дечиња и никогаш не знаеш што им се случува зад затворени врати. скоро читав статија на холивудски ѕвезди (Опра, Анистон…) кои одлучиле никогаш да не се остварат како родители баш ради тоа што децата бараат огромно внимание и трпение а тие признаваат дека тоа го немаат и не можат да се замислат како родители. тешко е со деца, посебно кога си целосно сам, сопруг на работа, имало многу ситуации и моменти на немоќ и нервоза да изгубам контрола и да врескам, да се каам што го имам и потоа ми е уште потешко што сум го рекла тоа, сепак животот со него ми е комплетен и му благодарам на бога што го имам
Не се согласувам.Тоа зависи од карактерот на родителот. Имал/а избор да има или да нема дете. Детето не барало да се роди. Зошто дозволил/а средината да влијае врз неговиот/нејзиниот избор? Општеството е виновно,ама и индивидуата што потпаѓа под негов притисок.