Се мислев дали да отворам нова тема, или да пишам во веќе постоечката тема за торти што не се печат. Ама, сепак овој специјалитет заслужува посебна тема, па тука може да си разменуваме рецепти, бидејќи на интернет сретнав доста различни начини на правење на тирамису, па да видиме кој е најдобар. Јас направив во петокот вечерта (имавме гости вчера, па морав нешто брзо, лесно, вкусно и освежително да направам, за да го јадат сите ), и вообичаено си го направив по проверен рецепт, овој на Фемина порталот што е, со мали прилагодувања. Ќе го пишам рецептот и тука, да не лутате многу Тирамису Потребно е: 500 г сирење маскарпоне (го има во сите поголеми маркети, како крем сирење е пакувано, го произведува З'брегов, ама имало некоја продавница во Буњаковец што продавала италијански сирења, па може и таму го има, ама не сум проверила) 400 г пишкоти 4 јајца 100г шеќер во прав 250 мл еспресо 2 лажици коњак или амарето или рум ванила екстракт какао (желатин ако сакате да биде како колач, инаку е потечен и нема форма, се јаде со лажица) Се делат жолчките и белките од јајцето. Се матат посебно жолчките со шеќерот, им се додава маскарпонето и белките изматени во цврст шлаг. Се става и ванила екстракт. Ако сакате да биде како колач, се раствора ќесичка желатин во ладна вода, малку се загрева ама да не врие, само убаво да се раствори. Оладен се додава во кремот. Се меша кафето со ликерот и во него се натопуваат пишкотите. Се редат во подлабок правоаголен сад, еден или два реда пишкоти (по желба, јас ставам еден ред), па крем, па пак пишкоти и на крај крем. Се посипува со какао во прав (со какао може да се посипе откако ќе се стврдне, пред да се сече за служење). Се остава во фрижидер барем 24 часа да се стврдне убаво. Еве и слика:
Леле Ана, како ми се пријаде сега Од порано се мислам да го правам и се одложувам, а омилен десерт ми е. Кога конечно ќе го направам, се фалам.
Јас жолчките ги матам на пареа, што знам некако ми е став да правам десерти со термички необработени јајца. Белките не ги употребувам, а наместо тоа матам цврсто 2 шлаг креми од ванила кои ги соединувам со маскарпонето и жолчките. Шлаг - кремата малку ми го неутрализира сирестиот вкус на маскарпонето на З'брегов. Најдобро маскарпоне ми е она на Carrefour што е пакувано по 250мг. Моментот со желатинот. Јас не ставам и затоа никогаш не можам да добијам совршено исечени парчиња како на Annath. Но, кога го спремам за дома не ми пречи, а за гости го правам посебно во мали садчиња. Еве најдов една слика од новогодишното
Јас првпат ставив желатин во тирамисуто, за да ми се сече убаво, инаку го служам во садови за сладолед, со лажиче. Ама реков ќе пробам со желатинот да ми излезе баш како колач. Супер беше, ама искрено, поубав ми е кога е потечен. Сирестиот вкус на маскарпонето го неутрализирам со екстрактот од ванила, па баш и не мириса толку на сирење. Мене лично не ми пречи тој вкус. Инаку, немам видено маскарпоне на Carrefour тука. Што се однесува до јајцата, можеби наредниот пат ќе пробам со матење на пареа, во секој случај, кремот ќе биде поубав, повоздушест, ако ништо друго. А за белките, па подобро е готов шлаг, поцврст е. И белките се матат цврсто, ама проблемот е што нема во нив шеќер, па шлагот се пушта брзо. Инаку, имам уште еден рецепт, за оние на кои не им се чека 24 часа, или пак кога ви се најавиле гости. Брзо тирамису Потребно е: 250 г маскарпоне 50 мл слатко вино (шери) 250 мл слатка павлака 2 лажици шеќер готови кори за торта 100 мл свежо варено еспресо рендано црно чоколадо или какао (по желба) Маскарпонето се мати со виното и шеќерот, а една-две лажици вино се додаваат во кафето. Посебно се мати слатката павлака, па се мати со сирењето. Корите се сечат на коцки и се прелеваат со кафето измешано со вино. Во длабоки чинивчиња за сладолед се реди прво од корите, па кремот, па чоколадо/какао. Ако има место, може уште еден слој кори, крем, чоколадо. Немам слика, одамна не сум го правела вака, ама вкусно е, макар што не ми е баш по вкус како она првото што го ставив. Во секој случај, одличен и лесен десерт. Јас уште си барам на интернет рецепти за идеално тирамису... следен ми е рецептот на Бади Валастро, познатиот Cake Boss. Па ќе видам ако излезе нешто добро, ќе пишам.
Овааа е најубаво нешто што сум го пробала(мислам за тираминсу)за него има повеке рецепти но јас дома го имам овој италијанскиот кога лани зимото бев еден италијански готвач во хотелот ни стана пријател беше многу фин и добар и ни даде цела книга со италијански јадења..........
Здраво еве го мојот тирамису од фстак. Обожавам тирамису, особено оваа варијанта која ми е нешто прекрасно. Состојки за две порции (овие на сликава) 100 гр. маскарпоне 200 мл. хопла 150 гр. крем од фстак бисквити за тирамису (онолку колку е потребно за садот) кафе или какао сварено за да ги потопувате бисквитите сецкани фстаци Најнапред подготвувам кафе или какао и оставам да се олади. Во еден сад го ставам маскарпонето и хоплата (кои треба да бидат ладни од фрижидер) и матам со миксер околу 3 до 4 мин. додека да се направи крем смеса. Потоа го додавам кремот од фстаци и продолжувам да мешам со лажица, додека се убаво да се спои. Бисквитите ги макам во течноста од кафе и ги редам во тегличката. Ги покривам со кремот кој го подготвив. Потоа пак ред потопени бисквити (овојпат од обратна страна не исто наредени како претходните), па пак од кремот. Ставам иситнети фстаци одозгора и тоа е сѐ...прекрасен тирамису од фстаци. За повеќе тирамису, секако зголемете ги дозите. Поздрав.
Дали некој знае рецепт за тирамису , мм го обожавам кога и да ми се јади купувам ама домашно најубаво си е.Па ако знаете би сакала да ми напишете некој ваш рецепт за ова прекрасно италијанско колаче.
Го правев според првиот рецепт од @Annath и одлично ми излезе. Со крем маскарпоне од мегле го направив, желатин не ставив, густината беше супер и одлично се сечеше. Слика нема, брзо се изеде. И да наредниот ден беше повкусно, поубаво е откако ќе отстои.