Што да направите во случај да најдете мали, непрогледани мачиња/кучиња

Дискусија во 'Дом' започната од Mishela, 5 август 2022.

Статус на темата:
Не е отворена за нови одговори.
  1. Mishela

    Mishela Модератор Член на тимот

    Се зачлени на:
    19 август 2010
    Пораки:
    18.784
    Допаѓања:
    81.012
    Пол:
    Женски
    Доста често се случува да наидеме на некое мало напуштено/изгубено бебе-маче или куче, па дури и на цели легла на штотуку родени малечки, беспомошни и непрогледани.

    Текстов можеби ќе ви се чини малку долг, но би сакала да стои тука и да ни служи како мал прирачник со совети кои би можеле да ги примениме доколку некогаш има потреба да се грижиме за мали кутриња или мачиња.


    Ајде сега чекор по чекор да прејдеме на главното: што да направите доколку најдете мали непрогледани мачиња или кучиња?

    Како прво, многу е важно да се знае дека малите сè уште немаат способност да си ја контролираат и одржуваат телесната температура. Во идеални услови, нив ги грее мајката. Но во вонредна ситуација, доколку не се во близина на некој извор на топлина, би можеле да умрат зашто нивната телесна температура на оваа возраст е ниска и не умеат да се стоплат без наша помош.

    Како можам да ги згреам малите?

    Би им било од голема помош на малечките доколку ги сместите во некоја кутија. Ставете им нешто меко и топло – ќебенце, некоја прекривка макар крпа, памучна маица, сè може да се искористи овде. Наполнете им термофорче со топла вода. Можете да употребите и обични пластични шишиња.

    Меѓутоа, бидете внимателни, не им ставајте премногу жешка вода и не ги ставајте директно до изворот на топлина зашто нивната кожа е сè уште премногу нежна. Најдобро би било ако термофорот или шишето со топла вода се замота во крпа или некоја каква било ткаенина, па така безбедно да ги доближите до изворот на топлина за да можат да се греат.

    Водата во шишињата/термофорот треба да се менува на секои 2-4 часа.

    Како можам да ги нахранам?

    Во првите две недели, малите треба да се хранат на секои 2-4 часа. Ова знае да биде малку напорно, но имајте трпение зашто лесно се влегува во шема.

    Важно е да се знае дека не смеете да ги храните легнати на стомак затоа што постои голема можност да им влезе воздух во градите. Битно е да бидат малку подисправени и главчето да им биде поткренато. Исто како кога би цицале од мајката. Сликава долу може да послужи како насока.
    Orphaned_Puppy.png

    Обидете се да им најдете цуцла зашто така најлесно ќе ви оди хранењето. Иако, може и со шприц, но внимателно да не им пуштате премногу силен млаз наеднаш. Затоа е полесно со цуцла, но во секој случај, која опција и да ја одберете, имајте предвид да внимавате да не вдишат воздух додека цицаат. Доколку приметите дека во цуцлата има премногу воздух, само поткренете им ја малку повисоко.


    Мали шишенца како и цуцли за мачиња/кучиња има низ пет шоповите.


    Со што можам да ги хранам?

    За малите и непрогледани мачиња или кучиња, секогаш е најдобро да им се дава формула. Можете да ја најдете во Ројал Канин, но мислам дека би требало да ја има во секој подобро снабден пет шоп.

    Доколку оваа опција по некоја причина отпаѓа од игра, можете да ги храните и со бебешка формула купена од аптека, на пример NAN.

    Немојте да им давате кравјо млеко. Јасно ни е на сите дека е можеби најевтина варијанта, но воопшто не е добро за нивните мешиња зашто малите мачиња на пример не се толерантни на лактоза и можат да добијат глисти. Нешто слично е и со малите кутриња.

    Може да им се дава козјо млеко, но добро е да знаете дека тоа нема доволно протеини и масти за нив и пожелно е да го размешате со малку минерална вода, жолчка од јајце, 3 капки мед и малку маслиново масло. За ова дознав од ветеринарот кога носев на преглед едно мало маче за кое се грижев неодамна. Истово важи и за мали мачиња и за кутриња.

    Исто така, имајте на ум дека храната што ќе ја давате треба да биде млака. Можете да тестирате на внатрешната страна од зглобот – ако ви се чини дека е премногу топло, оладете го шишенцето/шприцот под млаз вода.


    Околу вршењето нужда...

    Ова е еден од најважните чекори и не го пропуштајте. По секој оброк, мајката ги лиже малите и на тој начин ги стимулира да извршат нужда. Тие сè уште ја немаат способноста да вршат нужда сами, па таа им помага додека не се оспособат.

    Вие можете да ги масирате полека и нежно, со помош на памуче или марамче натопено во малку млака вода. Правете им нежни, кружни движења на стомачињата и околу гениталиите. Ќе им биде доволно за почеток.

    Од сето ова што е напишано, сумирав и еден список на работи кои ќе ви требаат за почеток доколку се грижите за мали кученца или маченца.
    - кутија или гајба

    - термофор или шишиња со топла вода

    - ќебе, памучни маици, крпи, секаков тип на прекривачи

    - цуцла и шишенце или шприц

    - храна (формула – купена или приготвена)

    - памук, памучни вати, меки марамчиња

    - водоотпорни постелки од аптека


    Мислам дека го опфатив најглавното и најважното, но еве уште нешто што ми се вртка низ мисли и може да ви биде корисно.

    - Доколку имате проблеми со хранењето, или во случај ако малите одбиваат храна, воопшто не се плашете да побарате совет од ветеринар. Ова дури би било од витална важност за нив зашто многу се кревки и брзо може да дехидрираат па да направите беља.

    - Не им давајте ништо друго, никаква друга храна освен млечната формула. Пожелно би било малите да не се околу многу гужва и да не ги допираат премногу луѓе. Нека се навикнат на вашиот мирис.

    - Доколку малите гледаат и се познава дека имаат некаква инфекција на очињата, ве молам не експериментирајте сами, однесете ги на ветеринар и таму најсигурно ќе ви дадат насоки како да постапите.


    Голем предизвик е, не е лесно, доста голема обврска е да се грижи човек за новородено животинче, но бидете упорни. Дајте си шанса и себе, и дајте им можност и на малите да се навикнат на вас. И за нив е тоа преголем стрес, башка што првите 15-тина дена од нивниот живот се навистина важни, да не кажам најкритични зашто често се случува и да не можат да преживеат. Има и такви ситуации, но најбитно е да им дадеме сè што можеме, сето она кое е во домен на нашите можности.


    Се надевам дека ќе наидуваме на што помалку напуштени бебиња-животни, а исто така би ми било ептен драго ако овие совети му се најдат од помош на некој од вас.
     
    На piksooki и cresa-jagoda им се допаѓа ова.
Статус на темата:
Не е отворена за нови одговори.