ЗЕЛЕНЧУКОВИ КАШИ
Каша од морков и ориз
Потребно: 50 гр. морков, 1 лажици ориз, 100 мл. млеко, 1 лажичка масло (5 мл.)
Подготовка: Морковот се мие, се лупи, се сецка на кругчиња и со оризот се ставаат во врела вода да се вари. Кога ќе омекнат целосно, се додава млекото и маслото. Се вари уште 3-5мин. Се пасира или миксира, за поголемо доенче се ситни со вилушка.
Оваа каша може да се приготви со ориз наместо со пченкарен гриз. Во тој случај на полусварениот морков се додава пченкарниот гриз и се вари уште 10-15мин. со постојано мешање.
Може да комбинирате со мелено месо, бела риба или тврдо варена жолчка во зависност од возраста на доенчето.
Каша од спанаќ или блитва
Подготовка: 50 гр. спанаќ, 1лажица оризови снегулки или пченкарно брашно, 100 мл. млеко, 1мало лажиче маслиново масло.
Подготовка: Спанаќот се чисти од рачките и се мие под млаз вода. Оставете да одстои 20-30мин. во вода со сол или лимонов сок, за поубаво да се измие од нечистотии. Се плакне и се става да се вари во врела вода. Кога ќе падне на дното тогаш е сварен. Се цеди, се пасира, се додава млекото и маслото или маргаринот и се вари уште малку на умерена температура. За да се згусне се додаваат оризовите снегулки.
Доколку го подготвувате со пченкарно брашно тогаш оставете да се вари уште 10-15 мин. со повремено мешање.
За постари доенчиња може да се додаде мелено месо, бела риба, жолчка или џигер.
Каша од карфиол
Потребно: 70 гр. карфиол, 1 кафена лажица ориз, 1 кафена лажица масло или маргарин.
Подготовка: Карфиолот се мие, се разделува на поситни парчиња и се става да се вари во врела вода. Кога малку ќе омекне, се додава измиениот ориз и се остава да вари поклопено на умерена температура. Штом ќе се свари, се цеди од водата, се додава млекото и маслото и се вари уште 3 мин.
Може да се дополни со месо, бела риба или тврдо варена жолчка, при што се изостава млекото.
Каша од тиквичка со ориз
Потребно: 80 гр. тиквичка, 1кафена лажичка ориз или пченкарен гриз, 100 мл. млеко 1 кафена лажичка масло или маргарин.
Подготовка:Тиквичката се лупи, се сецка на ситни коцки и се вари на умерена температура. Кога ќе омекне малку, се додава оризот или пченкарниот гриз. Пред да го додадете во тиквичките, гризот измешајтего во малку вода за да се добие изедначена каша (како при подготовка на пудинг). Така растворен гризот, со постојано мешање се додава кај тиквицата. Се остава да вари 10-15 мин. Потоа се додава млекото и маслото и се вари уште 3-5 мин. Пасирано се послужува.
Каша од ориз
Потребно: 3 кафени лажички ориз (мелен), 150 мл. млеко, 100 мл. вода,1мала лажичка шеќер, 2 гр.сол
Подготовка: Мелениот ориз се разматува со малку вода. Во тенџерче ставаме вода да зоврие и во неа се додава разматениот ориз. Се меша непрекинато. Се додава солта, шеќерот и млекото и се вари уште 5 мин.
Може да се додаде сварен морков, тиквичка или јаболко.
Каша од млади тиквички
Потребно: 150 гр. млада тиквичка, 50 мл. млеко, 2кафени лажички шеќер.
Подготовка: Тиквичката се лупи и се чисти од семки. Се сече на мали коцкички и се прелева со малку вода. Се вари на умерена температура се додека не омекне. Потоа се додава млекото и шеќерот, се меша додека не се добие изедначена каша.
Каша од печена тиква
Потребно: 200 гр.тиква, малку жолт шеќер, малку лимонов сок.
Подготовка: Тиквата се мие, се сече на парчиња, се одстрануваат семките, се реди во тава и се печете. Кога ќе биде готова, се зема само мекиот средишен дел и се пасира, се додава шеќерот и лимоновиот сок и се меша.
Кашата се препорачува за доенчиња што имаат проблем со варењето.
Каша од карфиол и спанаќ
Потребно: 50 гр. спанаќ, 50 гр.карфиол. 30 гр.компир, 50 мл.млеко, 1 кафена лажичка масло или маргарин.
Подготовка: Спанаќот се мие под млаз вода, се одстрануваат гранчињата и се остава да одстои 20-30 мин. во вода (солена или со лимонов сок). Се мие и се сецка на ситни парчиња. Компирот се мие, лупи и се сецка на ситни парчиња. Карфиолот се мие и се ситни. Компирот и карфиолот се ставаат во вода да се варат. Кога ќе омекнат се додава спанаќот и се остава да се варат. Кога е готово се одстранува вишокот вода, се додава млекото и маслото и се вари уште 3-5 мин.
При варењето на зеленчукот може да се додадат 1-2 лажички пченкарно брашно.
Каша од карфиол, компир и тестенини
Потребно:70 гр. карфиол, 30 гр.компир. 10 гр.тестенини (тарана, јувки, фиде), 50 мл.млеко, 1 кафена лажичка масло.
Подготовка: Компирот се мие, се лупи, се сецка на ситни парчиња, а карфиолот се мие и се ситни на мали парчиња. Заедно се ставаат во врела вода и се варат, поклопени, на умерена температура. Кога ќе омекнат, се додава тестенината и маргаринот. Се вари уште 10-15 мин. Се додава млекото и се вари уште 3-5 мин.
Каша од проќељ
Потребно: 70 гр. проќељ, 30 гр. компир, 10 гр.морков, 1 голема лажица оризови снегулки, 1 кафена лажичка маслиново масло.
Подготовка: Компирот и морковот се мијат, лупат, се сечат на коцки. Проќељот се чисти од тврдите листови, се мие и се чисти. Се заедно се става во врела вода и се вари поклопено на умерена температура. Варениот зеленчук се вади од водата и се пасира. Повторно му се додава од сварената течност до добивање на саканата густина.
Каша од домати
Потребно: 1 домат.
Подготовка: Доматот се мие, нелупен се прелева со топла вода и кратко време се остава да проврие околу 3-5мин.. Се вади од водата , се лупи и се пасира.
Каша (пире) од спанаќ
Потребно: 300 гр.спанаќ, 300 мл.вода, 1 мала чаша млеко (околу 100-150 мл.) 1 кафена лажица павлака, 1 варена жолчка.
Подготовка: Спанаќот се мие убаво, се одстрануваа гранчињата. Се остава да одстои во вода (со сол или лимонов сок) околу 20-30 мин. Се мие, се вари во солена вода. Кога ќе падне на дното значи е готово. Се вади од водата, се цеди и се сецка на ситни парчиња. Се додава млекото во кое е растворена пола лажичка брашно. Се става пак да се вари додека да згусне. Се меша постојано. Пирето се зачинува со павлаката или кисело млеко и пасирана тврдо варена жолчка.
Каша (пире)од компир и блитва
Потребно: 200 гр. млад кромид, 150 мл. млеко, 4-5 листови млада блитва, 2 гр.сол, 1 варена жолчка, 1 супена лажица кисело млеко или павлака.
Подготовка: Компирот се мие, се лупи и се става во млеко да се вари. На полусварениот компир му се додава и ситно исецкана блитва. Се вари уште 15 мин. додека да се свари убаво. Се посолува и пасира. На крај се додава киселото млеко (павлака) и пасираната жолчка.