Форумџика на годината
  1. Овој сајт користи колачиња неопходни за неговото функционирање. Ако продолжиш да го користиш, значи се согласуваш со нашата употреба на колачиња. Прочитај повеќе.

Азија

Дискусија во 'Патувања и одмори' започната од SV1911, 3 март 2014.

  1. Pirana

    Pirana Популарен член

    Се зачлени на:
    25 март 2012
    Пораки:
    612
    Допаѓања:
    1.507
    Susmita, прво фала ти на пофалните зборови. Второ, да, сум ја прошетала Јужна Америка и разгледував низ форумот за таква тема да напишам мои импресии за земјите од тој континент, ама не наидов на ништо... Имам да кажам за уште некоја земја од Азија и после крај, ќе барам да се отвори некоја тема за Африка пред се бидејќи тој континент ми е омилен и мислам дека најубавите денови од мојот живот ги поминав таму, па ако некој е заинтересиран за читање, нека се пријави за да не пишувам за џабе, а тука би сакала да се задржам на темата за Азија.

    Денот кога ми соопштија дека ќе морам да одам во Узбекистан, не бев баш најсреќна, и бидејќи летот ми беше од Москва до Ташкент (заради ниската цената на хашишот во Узбекистан и неговото пласирање во Москва на црниот пазар – оваа линија е строго контролирана) уште толку се скиселив... Да не беше работата, никогаш немаше да ја посетам оваа земја која си има нешто свое, не знам дали успеав да го уловам и ако да – не знам дали ќе успеам да ви го опишам со зборови.

    Ташкент
    Кога за прв пат ноџето ми стапна на територијата на оваа земја, беше некаде рано сабајле, накај 6 саат и ме задржаа на аеродром до пладне. Без разлика какви документи имате (дури и да имате Узбекистански) секој патник оди на скенирање, влегува во посебни соби и се соблекува по долна облека за да биде прегледан (ако си женско – женско ќе те прегледува) и темелно испрашан, не дај боже да си дошол со намера да шверцуваш нешто, ако те фатат – ќе те натераат да си го проплачеш мајчиното млеко и никогаш повеќе нема да искочиш од нивна територија. Ова треба да се знае и за излез од земјата, на аеродром се оди МИНИМУМ 6 часа пред времето на летање заради претрес, во спротивно нема сила што ќе ве извади од затворите низ Узбекистан.
    Летно време температурите достигнуваат до 50 степени преку ден, а навечер паѓаат и под 20! На патот кон хотелот ми оставија впечаток правите и средени улици со многу дрва по тротоарите со варосани стебла. Блоковите некако ми имаа карактер, секоја зграда си имаше посебна боја и дизајн (секаде преовладува традиционалната плава боја), баш интересно и убаво направено.
    По улиците чисто, ниту едно хартивче, ништо ништо!
    Во близина на Интерконтинентал хотелот, има едни т.н. Јапонски градини, со водопади, патеки со камчиња, тревичка, нешто како парк за заљубени ми изгледаше (не сум за тука, брзо си отидов!). Тука одма се наоѓа метро станицата, леле луѓе станицата е ФАНТАЗИЈА, колку е средено и чисто, јас останав без зборови, баш бев пријатно изненадена, абе исто како да сум влегла во некоја галерија! Од таванот висат некои како слики, и секоја станица си има посебна тематика!!! На пример една беше посветена на Јуриј Гагарин и се што е сврзано со Космосот, друга на некој нивен херој, и така натака, секоја станица си има своја приказна, абе цел ден да вртиш низ станиците и пак да не ти е доста, исто како да читаш книга по историја, прекрасно!
    Секаде се употребува Руски, сите табели се на Руски и локалците многу повеќе зборуваат на Руски отколку на Узбекистански, па лесно ќе се снајдете, фини се луѓето и со мерак ќе ви помогнат и објаснат. Стигнав до паркот на Амир Тимур – нешто што мора да се види, тука низ паркот колку згодни дечки и девојки видов, абе останав без вода во очите, јас си мислев дека се многу затуцани... Последна мода се носи, средени, намирисани, туууу... Од друга страна, парков ми се виде како пензионерски дом, дедовци си седат на клупи играат шах, табла, карти...
    Еиииии од паркот искачаш на главна улица што се вика BROADWAY хахаха нема заебанции, така се вика главната улица во Ташкент, блескава идеја!
    Тука се наоѓа музичката академија, а малку подоле нешто како пазар, продаваат некои сувенири, чинии, традиционални плави сувенири, и знаете што? Едни како мали караоке шатори со микрофон и екран, едно столче и си седнуваш си пееш ли си пееш, и старо и младо, пукаат сите прозори во близина! Си пееме бе, земав и јас (нормално, да не останам покуса) си седнав, се развикав 3мин (имав и сценски настап, па станав од столчето!), си платив и си заминав. Вакво чудо никаде не сум видела!
    Тука подоле има уметници што прават портрети за неколку долари, џабе пари, мене ме цртаа пола саат и на враќање си ја заборавив сликата станот!
    Следно, продаваат КАСЕТИ И ДИСКОВИ, еи кај заостанале овие со технологијата... Следно е уште еден пазар ама за храна, леле колку беше чисто... си продаваат луѓето, салати, макарони во едни големи легени и ако си гладен ќе ти дадат како порција, сушени плодови и слично, аи што ми дадоа да пробам некое нивно традиционално биено сирење, ми се стемни и едвај го голтнав, воопшто не ми се допадна.
    Е на пазаров паметот ми го извади една баба со споени веѓи и златни заби, тие постарите така верувале дека ако имаш споени веѓи и си ставиш злато во уста ќе те прати среќа, па земала оваа се позлатила и ги споила веѓите, кога ми се појави пред очи само што не спискав.
    Ова само кај бабите се гледа, младите се баш нормални и згодни.
    Полиција имате на секој чекор, мене многу пати ме стопираа и прегледуваа документи – пасоши обавезно со вас каде и да одите.
    Во ресторан со танчерки ОБАВЕЗНО да се отиде! Еиии, нема да ви ја сервираат вечерата додека не завршат танците, абе јас останав со отворена уста, толку се занесов што пијачката не ја ни пробав! 20тина девојки, прекрасно тело, облечени во традиционална облека, танцуваат нешто, а на крај на секоја маса доаѓа по една или две девојки и треба да дадете некое доларче како бакшиш, јас испразнив џебовите тука, ептен мерак ми се направи! Овој ресторан се викаше Бахор, а има и друг и таму танцува само едно девојче на маса, не знам што да кажам, зборот ПРЕКРАСНО не е доволен за опис! Мажите што беа со мене не знаеа каде се наоѓаат и за што сме дојдени во ресторанот!
    Секоја вечер одев по дискотеките (има и такви места со Руска музика а има и нормални дискотеки). Леле каков ноќен живот!!! Пијачка пола долар!!! Флаша вотка 10 долари!!! Дискотеките се ФЕНОМЕНАЛНИ, скоро сите беа на повеќе нивоа со различна музика, ефекти, стриптиз барови, се што сакаш... Ама, многу е расцветан криминалот по таквите места, тука треба да се обрне малку повеќе внимание и човек да биде информиран за да знае од што да се пази.
    Настрана дупци дупци ноќен живот, има доста работи што треба да се посетат, плоштадот на независноста, нивната најпозната џамија (Узбекистан е муслиманска земја) националниот парк, историскиот музеј, ШОПИНГ ЦЕНТРИТЕ, абе боли глава! Стандардот е многу низок па ќе може да си дозволите се што ќе посакате, јас искачав по ресторани и после продолжував во дискотеки до сабајле и сабајле на доручек = 50тина долари! Знаете за колку пари изнајмив стан? 60 евра месечно, смешно!
    Дојде ден да му кажам збогум на Ташкент, а добредојде ми посака:

    Самарканд
    Најубавиот и најегзотичен град во Узбекистан. Признавам дека сум пристрасна, го засакав овој град, земјата и луѓето. Пристигнав со авион од Ташкент, и не знаев ништо конкретно за овој град, освен дека е некаде во пустина, и тоа се осеќа уште со самото слетување на аеродромот.
    Стариот град е нешто што мора да се посети (изгледа како приказна од времето на Шехерезада и Али Баба), древниот Афрасиаб кој денес е огромен археолошки резерват, плоштадот Регистан – уникатно место, срцето на Самарканд, преубав плоштад!
    Малку подолу се наоѓа гробницата на Тимур и неговите наследници т.н. гробница на царот, внатре е украсена со мозаик од темно сини плочки, и се разбира, позлатено. Куполата е многу голема, и била многу позната, нешто на рамниште Таџ Махал во Индија ама јас пред да ја видам немав појма...
    Е, џамијата Биби Ханам направена во чест на жената на Тимур, имаше интересна приказна за оваа џамија ама јас не ја разбрав баш најдобро, таа водичот многу брзо зборуваше не можев да ја пратам, баш ме изнервира.
    Друга работа што треба да се посети и е во близина на џамијата – пазарот.
    Се и сешто, од цвеќиња до памук, теписи, бижутерија, скапоцени камења (многу добар квалитет!), огромни дињи, лубеници и грозје слично на она во Иран, си купив една диња, многу беше ефтина ама ни пола не можев да ја изедам.
    За ноќен живот, имаат неколку интересни места ама Ташкент е многу подобар, тука препорачувам да го пробате нивното наргиле (не зимајте со вкус, обично) со топол коњак – убиствена комбинација.

    Престојував во Узбекистан нешто помалку од еден месец, прво бев многу скептична ама откако си ја завршив работата си го продолжив престојот, ми се допадна земјата, се е многу ефтино и би ја посетила повторно. Лоша страна е тоа што криминалот е во постојан развој и ако немате некој да ви даде некаков правец, некои важни информации за местата нема да знаете на што да обрнете повеќе внимание и многу лесно може да завршите како руска распељотка.
     
    На SimonaTino, anuskaNESTLE, lunicka и 18 други им се допаѓа ова.
  2. sagittarius57

    sagittarius57 Популарен член

    Се зачлени на:
    7 октомври 2013
    Пораки:
    1.009
    Допаѓања:
    2.269
    Пол:
    Женски
    Pirana мислам дека тие што те пратиме редовно, а посебно тие што ги обожаваме твоите раскажувања за посетените земји во Азија би сакале да читаме и за сите останати места во светот кај што си била. Па можеш да отвориш тема Африка, Америка, Европа или една тема со наслов нешто по твоја желба каде можеш да пишуваш за сите земји таму и таман нема да се бркаме по другите теми и се ќе си биде на едно место :)
    Јас многу би сакала да прочитам нешто за Африка, јужна Америка т.е. се сакам да прочитам :P :*

    И многу се изненадив од Узбекистан, искрено очекував да е нешто слично како Иран |( незнам зошто ама земјите во блискиот исток некако ме потсетуваат сите на описот што го имаше за Иран.
     
    На Elena69221, Schmetterling4, Pirana и 1 друга личност им се допаѓа ова.
  3. Pirana

    Pirana Популарен член

    Се зачлени на:
    25 март 2012
    Пораки:
    612
    Допаѓања:
    1.507
    sagittarius57, па може и така да се направи, јас немам ништо против, ете имам напишано некои мислења за други дестинации (Амстердам и Тенерифе) па може да се спојат со овие од Азија и да се направи една тема за да не се бркаме и да продолжам да пишувам, ама тоа модераторите, јас не знам како... :)
     
    На sagittarius57 му/ѝ се допаѓа ова.
  4. Summerlover

    Summerlover Форумски идол

    Се зачлени на:
    5 август 2010
    Пораки:
    5.531
    Допаѓања:
    34.908
    Moже темата да ти биде "Моите дестинации" или "Дестинации кои ги посетив", така се на едно место, поубаво за читање ќе ни биде :) Така може и некој друг, каде и да бил, да напише свое искуство :)
     
    На Pirana, Elena69221 и sagittarius57 им се допаѓа ова.
  5. vivi.davvero

    vivi.davvero Истакнат член

    Се зачлени на:
    17 февруари 2014
    Пораки:
    33
    Допаѓања:
    24
    Јас останав со подотворена уста од приказните на Пирана. :clap: :clap: :clap:
    Преубаво напишано, баш како репортажа.

    Ајде отворете тема само за неа. :) Сакаме да читаме за сите места.
    Доста е од што јадев, пиев... Пирана ју рок грл!! БРАВО! :rock:

    Пишувај уште кога ќе имаш време :bow:
    п.с ова како фан клуб стана :D
     
    На Pirana му/ѝ се допаѓа ова.
  6. sagittarius57

    sagittarius57 Популарен член

    Се зачлени на:
    7 октомври 2013
    Пораки:
    1.009
    Допаѓања:
    2.269
    Пол:
    Женски
    Ајде еден предлог до модераторите, коментарите на Пирана ( во кои раскажува за посетените земји ) да ги сместиме во една посебна тема. За секое посетено место нема соодветна тема и ќе треба да се отвараат безброј теми за да ни раскаже Пирана се што има видено низ светов. Така освен таа и други феминки кои имаат прошетано и сакаат да раскажуваат може да пишуваат таму, па така и ние нема да се бркаме низ темите кој каде има напишано туку ќе си биде се на едно место :) Нека гласи темата "Моите дестинации" или "Дестинации кои ги посетив" кои се предлог од една феминка или пак нешто по ваш избор. Се надевам ќе ни ја одобрите идејата :*

    Им го напишав предлогов во темата за Предлози и идеи за сајтот, па се надеваме дека ќе ни одобрат :)
     
  7. Susmita

    Susmita Активен член

    Се зачлени на:
    5 јуни 2013
    Пораки:
    20
    Допаѓања:
    15
    леле колку се смеев за бабите со позлатените заби хахахахахахахах крај. и дај нека ни го одобрат едвај чекам за јужна америка да ни напишеш немам трпение да знам. и дали во декември е погодно да се замине натаму дека така ми е планот ако се биде како што планирам. и нормално би читала и се друго што ке напишеш ама и за африка така мн ме интересира знам дека е егзотична има мн работи да се видат мн убави плажи и се тоа остало. ајде чекаме
    ама искрено не би го посетила узбекистан сепак муслимански места да бидам со страв цело време и да вреди сепак би се држела понастрана еве исто како да сум била со твоиве описи хухух
     
  8. Abeja

    Abeja Популарен член

    Се зачлени на:
    24 март 2011
    Пораки:
    4.383
    Допаѓања:
    17.599
    Пол:
    Женски
    Па подобро нејзините патешествија да ги стават на веб страната, зашто се многу поубави од статиите кои секој ден се повторуваат за Кардашијан, за Ријана и слични глупости, а исто и од колумните кои се само губење на простор и време, само лично гледање на некои работи од кои не вади човек ништо поучно и интересно.
    Мене патешествијата на Пирана ми се многу реални додека ги читам а бидејќи не ја посетила само Азија, нека се отвори тема-патешествијата на Пирана или еве некој друг наслов, не мора мојот понуден, но темата да ја има и на насловна страна на фемина.
    Јас и порано сум кажала, насловната на фемина е полна со некои шит глупости, нешто веќе видено но со различни имиња и нешто колку да се напише само, да има во квантитет.
     
    На SV1911, thinkerbell, vivi.davvero и 8 други им се допаѓа ова.
  9. Pirana

    Pirana Популарен член

    Се зачлени на:
    25 март 2012
    Пораки:
    612
    Допаѓања:
    1.507
    Руските агенции имаат многу добри понуди и тури за Азија, а и на мене не ми се ризикуваше да одам на сопствена режија, па си уплатив една тура од Москва за три недели низ Монголија. Ова беше класично организирана туристичка посета, и бидејќи нема многу пријавени за турите, се прави група од 15тина души без разлика кој од каде е, и водичот зборува на Англиски. Единствената компанија што лета до Монголија е некоја Кинеска, конекциите се многу лоши, а и цените беа многу високи па затоа организираат патување со авион до Сибир, па од Сибир прекачување и лет до Иркутст, па после со воз до главниот град, и таму локално со некои минибуси и комбиња.
    Знам дека Монголска виза е доста тешко да се извади, ама одев преку агенција па они се погрижија за целата документација. При влез, на границата ќе треба да пополнувате изјави САМО со пенкало со црно мастило! Додека траеше оваа процедура (заглавивме на граница неколку саати) со останатите од групата влеговме во едно како ресторанче на самата граница (од Руска страна) и ај да пиеме по едно пиво = 500 рубљи лименка (тоа му доаѓа 10евра) - на здравје, ебати пивото! Да кажам за Руските аеродроми/гранични премини, тие се едни од најскапите низ светот за храна и пијалоци па не ви препорачувам да седнувате и да јадете или пиете.
    Патот од Москва до Улан Батар (главниот град) трае речиси 3 дена, па уште од старт да си знаете дека ова патување ќе ви биде едно големо мрцварење и добар дел од тие три недели ќе ги поминете во пат, буквално има да се скичмите по комбиња, возови и авиони, среќа јас немам проблем со спиење додека патувам па не осетив многу лошо, ама една жена од групата имаше огромни главоболки по цел ден и повраќаше, баш беше критична кога се враќавме, седеше на тие седиштата до мене, абе ја гледам само менува бои, позеленува, пожолтува, леле си викам држ се мори еве кај е - уште малку стигнавме!
    Нема врска, да се вратам на границата, тука ќе мора да пријавите колку кеш носите (точно да си кажете) затоа што после неколку километри ќе ви влезат едни тетки во кабината и ќе кажат “change“, тоа значи дека ќе мора да смените долари/евра во монголска валута (појма немам како се викаше, многу тешко име, а и поспана бев па не обрнав многу внимание).
    Кога ќе навлезете во Монголија, додека да стигнете до главниот град ќе поминете низ околните села и ќе видите (ќе видите ако не заспиете!) баш ниски зградички, дрвени куќички, ама многу ретко гледав дрва, сигурно сум го преспала тој дел.
    Стигнавме до Улан Батар, абе мислам дека требаше да дојде некој да ме “расклопи“ за да можам да станам, цела бев укочена и без кислород у мозок од патот, препорачувам една гимнастика да си направите откако ќе искочите на воздух, чисто за разгибавање.

    Првиот впечаток од градот, со еден збор ми беше некако цигански, многу големи гужви во сообраќајот, руски и кинески коли по патиштата, луѓето те гледаат како урочени, најверојатно бидејќи сме друга раса и тоа им е чудно на некој начин, или можеби изгледавме како претепани од патот?
    Работи што мора да се видат, Сухбатар и најпознатата зграда т.е. претседателскиот дворец кој се наоѓа на самиот плоштад, а во неговиот центар се наоѓа споменикот на Џингис Кан. Малку подоле се наоѓа природно историскиот музеј, тука е многу интересно, ќе видите скелети од диносаурси пронајдени во Монголија, полно е со туристи. Надвор од музејот се наоѓа споменик на Ленин, водичот објасни дека порано имало музеј ама го срушиле – па останал само споменикот, друга работа што ќе ја видите е преубавиот споменик на Буда.
    Шетавме 2 дена, и бидејќи бевме група од 15тина души а од нив 10тина беа Руси, си одлучија да се одвојат од турата и сами да си шетаат, па нека, јас си останав со анемичната и уште 3ца, вакви – такви, ама супер си поминавме!
    Е сега, дека само 6 души сосе водичот, изнајмивме помало комбе. Леле боже, јас ден денес сумљам дека го изнајмиле од фамилија Крстич од “Ко то тамо пева“ филмот, фалеше уште Мишко да не вози со заврзани очи низ пустините (среќа немаше многу кривини по пат)!
    Требаше да одиме до провинцијата, т.е. Јужен Гоби (околу саат време пат) и да поминеме низ магистрала, ама тоа мене на ништо не ми личеше, а најмалку на магистрала, по една лента за двете посоки, кози и овци на сите страни, и цел пат ниту една кола не сретнавме, село до село, баш застанавме на една станица за бензин и освен гориво друго немаат (мислам на грицки некои, сладолед, не знам...) па јас радознала за цените единствено што можев да прашам беше за цената на горивото, долар на литро.

    Е, стигнавме во Гоби, глетката е ПРЕКРАСНА, јас мислев дека е обична пустина ама нема врска, тоа е камена пустина со ридови, и малку навнатре се наоѓаше нешто како хотел/лагер да не го наречам гулубарник кај што требаше да преноќиме, вода си пиевме од бунарот во дворот на објектот, ако сакаш да се истушираш ќе си наполниш вода и ќе ја топлиш на некои соларни системи, јас не знам тоа како, замолив да ми направат. Леле сопственикот да ти бил вегетеријанец, па тоа значи дека освен вегетеријанска храна друго ништо нема да ви дадат, месо нема да пробате. Иначе Монголската храна не е нешто посебно, речиси се им е увезено, ориз од Кина, и се останато од Русија, a тука јас пробав некое чудно пиво, мислам дека од пченица го прават.
    Првата вечер во пустината осетивме многу голема разлика во температура (нормално), па сите се собравме покрај оган пред гулубарникот од хотел за да се грееме, се напивме малку, па веќе не ни беше така ладно.
    Како навлегувате подлабоко во Гоби, рељефот се променува и има се помалку ридови, и тука почнува ветарот со песок, немаше големи песочни бури но сепак се осеќа, треба да се носи облека со долги ракави и ако може да покриете косите. Тука видовме двогрби камили, луѓето ги сликаа, а јас си прашав дали може да ги јавнам, мерак ми беше. Глетката околу вас е НИШТО, празен хоризонт и само одите по водичот, и така стигнавме до вториот гулубарник кај што требаше да преноќиме, таму живееа две семејства и издаваа соби. Е сега, за добредојде ни дадоа да шмркнеме некој кафеав прав, јас мислев дека е некоја дрога некој кокаин помешан со песок, ама тоа било нешто нивно традиционално за “Добредојде“ и за среќа (не ги разбрав точно состојките), па си шмркнавме (ќути и се врати бојата на оваа анемичната, се подопраи малку од малку)!!
    Тука струја нема, вода нема, ништо нема, ќе треба да поминете 6км за да видите свет и да земете нешто ако ви треба, ејјј знаете како го викаат чајот? Цај, исто како нас, и со секое јадење служат чајче, тука пробав сирење од камила и кисело млеко со алкохол (некои 15% алкохол), ај погодете како го викаат? ВОТКА!!!
    Е следното утро, истото тоа кисело млеко го имавме за доручек со едни како мекици, абе мерак, уште од сабајле со алкохол да ни тргне подобро патот низ пустината! Стигнавме во Даланзадгад тоа е град на некои 100км од Кина, така по големко градче, има ресторани, национален парк кој треба да се посети и една мала рекичка, убаво е да се види... Јас тука во еден од рестораните за прв пат пробав месо од мамут!
    Следниот ден не фати дожд, боже сачувај дожд во пустина!!!
    Стигнавме до следното место, тука посетивме еден манастир (не знам името) и интересно беше што насекаде имаше статуи од дивиот овен или дивата коза кои се типични за Монголија.
    Искочивме од пустината и земавме едно комбенце, абе таман пред да стигнеме до Хархорин му се спука гумата! Ебати баксузот!
    Тука во градот (кој патем претходно бил главен град на Монголија) треба да се посети манастирот и камената статуа, има повеќе статуи и на мене ми направи впечаток тоа што сите беа врзани со плави панделки, не знам зошто.
    Трите храма треба да се посетат и да се влезе да се разгледа, само има многу гужва па ќе треба да резервирате и да почекате малку, ама си вреди!
    Да скратам, по пат ќе ги видите Вулканот Хорго, белото езеро покрај кое има скали од лавата, ќе се изнагледате орли, и ќе се вратите повторно во главниот град – Улан Батар, видно ослабени и затегнати!
    Тука бевме сместени во еден објект (личеше на хотелче) што е близу езеро, и на мене ми остави впечаток тоа што не видов ниту еден комарец... Се измешавме со другите туристи, имаше некои од Канада, Германија, па ни организираа забава од хотелот, баш топ си поминавме, од нигде-никаде никнаа и оние Русите што не оставија на почетокот па се споивме и си направивме баш добра журка последната вечер.

    Толку беше од Монголија, се запознав со прекрасни луѓе низ оваа моја авантура со кои и ден денес контактирам (многу ја мислам онаа анемичната, мора барем еднаш неделно да и пишам да видам како е), поминав прекрасни 3 авантуристички недели низ земјата, тоа беше нешто сосема различно од моите претходни патувања и мило ми е што се решив да отидам, и би одела повторно!
    Ви ја препорачувам за посета доколку сте издржливи и авантуристи и сакате да пробате нешто ново, да се одвоите од секојдневната џунгла низ светските метрополи, не ви треба многу багаж, никакви штикли, фустани, шминки, само некоја маица, папуча, патика во ранецот на грб и спремни сте!
     
    На anuskaNESTLE, lunicka, sindi87 и 13 други им се допаѓа ова.
  10. sagittarius57

    sagittarius57 Популарен член

    Се зачлени на:
    7 октомври 2013
    Пораки:
    1.009
    Допаѓања:
    2.269
    Пол:
    Женски
    patuvanja-i-odmori/patepisi-t21322/

    Ја отворив темава, па се надевам дека ќе можеме во иднина да се читаме тука :*
     
    На Susmita и mims-89 им се допаѓа ова.
  11. Bridget

    Bridget Форумски идол

    Се зачлени на:
    29 декември 2013
    Пораки:
    9.692
    Допаѓања:
    134.924
    Прекрасни постови, уште да се надополнат со свои слики од местата за кои зборуваш(ако имаш, секако) би било совршено.
     
    На Rosica.5-5 му/ѝ се допаѓа ова.
  12. joy1

    joy1 Форумски идол

    Се зачлени на:
    14 август 2012
    Пораки:
    19.814
    Допаѓања:
    325.465
    Пол:
    Женски
    Pirana izvini na indiskretnosta no sto rabotis ?mislam ne me zanima od kade pari za patuvanjata i sl tuku dali turisticki vodic ili stjuardesa? :) me facinira tvojata hrabrost da zacekoris po ovie zemji
     
  13. Susmita

    Susmita Активен член

    Се зачлени на:
    5 јуни 2013
    Пораки:
    20
    Допаѓања:
    15
    пирана ни се изгуби...врати се ајдеее
     
  14. sagittarius57

    sagittarius57 Популарен член

    Се зачлени на:
    7 октомври 2013
    Пораки:
    1.009
    Допаѓања:
    2.269
    Пол:
    Женски
    Еве ја Пирана до Африка ни стигна :) patuvanja-i-odmori/afrika-t21374/#p2084434
     
  15. Pirana

    Pirana Популарен член

    Се зачлени на:
    25 март 2012
    Пораки:
    612
    Допаѓања:
    1.507
    Да ве известам дека отворена е нова тема за Африка и ќе продолжам да пишувам таму, иначе сеуште не сум завршила со Азија, имам да кажам за уште едно место...

    Моето последно мислење на оваа тема е за една земја која е тотално изолирана и недостапна за остатокот од светот и до неодамна беше управувана од најбруатлниот Азијски диктатор т.е. големиот Сапармурат Нијазов. Со оглед на се што слушнав и успеав да прочитам, очекував да видам една доста тажна реалност но заборавив дека за нешто што ми е слабо проучено – не е тешко да те изненади.

    Во Туркменистан бев исклучиво работно само на 4 дена и престојував во главниот град Ашхабат. Аеродромот се наоѓа на сред пустина, па уште кога ѕирнав низ прозорчето од авионот пред да слетаме да видам кај сум и што сум, малку се збунив, имаше само една писта и песок околу неа.
    Слетавме и ни постелија зелен тепих (повеќе како черга личеше) за излез од авионот, не дека јас сум нешто многу важна личност ама тоа им е така најверојатно за добредојде на сите патници.

    На пат кон Ашхабат, од таксито гледам некои високи, модерни згради, многу ме потсетија на ОАЕ, мислев дека се некои министерства или слично, но такстистот ми кажа дека се станбени згради, баш пријатно изненадување. Магистралите се стакло, ни дупка ни ништо, обележано и максимално осветлено.
    Низ улиците на градот нема да видите многу луѓе, освен полицајци и војници, а има и такви зони кои се забранети за посета и веднаш ќе ви се насоберат полицајци околу вас за да се одалечите. Многу е чисто и средено, огромна дисциплина и строги правила, знаците се само на Руски и никаде нема да најдете превод на Англиски или било кој друг јазик.
    Работи што треба да се посетат, родното место на Нијазов со џамија до куќата - се наоѓа надвор од градот и гледаш само еден волшебен објект со пустина во позадина, војска и по некој тенк, зависно од ситуација, а додека во центарот на градот се наоѓа златна статуа, пак на овој диктаторот Нијазов, која ја викаат Арката и е висока повеќе од 10 метри! Значи статуава е чисто злато, не знам која ненормална цифра платиле за неа, заборавив, поставена е во центарот на фонтаната и постојано се врти према сонцето, демек диктаторот да бил свртен кон сонцето во секое време... глупости, ова е навистина претерано и непотребно, луѓето немаат баш добар живот, а они купуваат златни статуи, само за информација, најниската плата во земјава е 15тина долари месечно, ама од друга страна плинот, струјата, водата и некои прехрамбени продукти се БЕСПЛАТНИ!
    Како одите по плоштадот, ќе видите женска статуа, нормално кој друг ако не мајката на Нијазов која загинала при земјотрес, тема на скулптурата: “Мајка на нацијата” како го држи своето бебе кое по некоја коинциденција се вика Нијазов и е направен од злато!

    Се што носи име “Нијазов“ треба да се посети, а нема да најдете ништо без него, па дури и дињата ја викаат Нијазов бе, бев на еден пазар и имаше некој вид на диња што им била најдобра и затоа го носела името на диктаторот, позната по “вкусната течност“ и “големиот размер“ – една баба ми објасни мртва сериозна, а јас само што не прснав од смеење.
    Малку подоле низ центарот на градот вниманието ми го привлече зградата во вид на запалка што е Министерство за гас уствари, многу интересна идеја...
    Важна работа, да се знае дека е забрането слушање на музика во кола додека возите, маж не смее да има долга коса, мустаќи ниту пак златни заби (е види разлика, во Узбекистан тоа беше традиција а тука забрането!).

    Во времето на Нијазов (знам дека сум досадна со овој ама што да правам!) на граѓаните им бил забранет театар и циркуз – па морале да бараат специјални дозволи лично од – Нијазов!
    Друга работа што треба да се посети е националниот музеј, целиот прв спрат е посветен на Нијазов again... Изложени се неговите подароци, неговите цигари, па дури и неговата долна облека! Цел сектор има за неговата книга која ја напишал лично тој, а никој надвор од Туркменистан не знае за неа, најверојатно само неговите најблиски ја читале по своја волја а сите останати биле принудени, и го заборавив името, ама разбрав дека била воведена и во училиштата како посебен предмет.

    Луѓето воопшто не беа пријатни, не знам дали е последица на тоа негово диктаторско владеење па имаа страв или се такви со тежок карактер, ама не ми оставија добар впечаток, ниту пак ја завршив работата по која дојдов. Многу се напнати и затворени за нови предлози и идеи па во Туркменистан не видов ништо убаво, само си ги искинав живците за тие 4 дена и се напнав максимално со диктаторов кој од уста не го вадат и ми стана ноќна мора!

    Едвај дочекав да дојде денот да си одам, со задоволство си го спакував куферчето и си фатив такси до аеродромот кој патем се вика “Туркменбаши“ (татичко на сите), а тоа да ти бил надимакот на Нијазов!
     
    На anuskaNESTLE, lunicka, Lemon и 9 други им се допаѓа ова.
  16. Susmita

    Susmita Активен член

    Се зачлени на:
    5 јуни 2013
    Пораки:
    20
    Допаѓања:
    15
    ааа океј не знаев дека е префрлена темата фалааа
     
  17. SV1911

    SV1911 Форумски идол

    Се зачлени на:
    25 ноември 2013
    Пораки:
    2.984
    Допаѓања:
    67.828
    Pirana, огромно благодарам за тоа што ги споделуваш своите патешествија со нас. :) Маж ми не доби одмор тогаш, а не ни се исплатеше за еден викенд да даваме толку пари, па здравје во jануари ќе патуваме.
    Ние сме сега во Пакистан, а Индиjа е иста, со побогата култура секако, но се останато е исто како и тука.
    Jас сум повеќе за плажи и чиста вода, па и Сеjшелите доаѓаат во предвид. Малдиви ми се така-така, премногу исфорсирани и скапи, Бора Бора отсекогаш ми биле на листата омилени дестинации, па ако успееме да наjдеме сместување со сѐ вклучено и по добра цена, тогаш сега му е мајката. :D Додека сме во Пакистан и двајцата сакаме да го посетиме Тибет, само малце е комплицирано да стигнеш до таму од Карачи.
    Пакистан исто има преубави места, на север каj Исламабад, ама многу се ризични за странски туристи, од причина што талибанците се насекаде таму.
     
  18. Candid

    Candid Истакнат член

    Се зачлени на:
    30 октомври 2014
    Пораки:
    236
    Допаѓања:
    489
    Пол:
    Женски
    Не знаев каде да го поставам прашањето но се надевам некој ке може да ми помогне :) дали за нас треба виза за Тајланд, и како иде процедурата за вадење на истата. Еве @Pirana ги читав твоите патешествиа и останав со подзината уста :О ако не грешам си била и во Тајланд па можеби знаеш :) благодарам
     
  19. Queen8

    Queen8 Популарен член

    Се зачлени на:
    8 февруари 2018
    Пораки:
    4.279
    Допаѓања:
    20.712
    Пол:
    Женски
    Го имам посетено азискиот дел на Истанбул, и тоа како е поразличен од европскиот, тргнувајќи од Босфорот, понатаму се е многу средено, со преубави трговски центри, продавници со брендирана роба, луксузни вили на државници и високи функционери, комплетно ми остави позитивен впечаток. А, и општо познато е дека добар дел од азиските земји се многу богати и средени.
     
    На KuklickaMoja, Lovelybaby<3, Soncence3 и 3 други им се допаѓа ова.