Стравот веројатно никогаш нема да помине, барем не дур не дочекаш живо и здраво бебе во раце. И мене многу често тие мисли ми се вртат во глава, како ли изгледаше син ми, на кого ли личеше.. Зошто не си го земав барем еднаш во раце да го гушнам и да му кажам збогум.. да му кажам колку многу го сакам. Ама немав храброст.. едноставно немав сила да го видам и да ми остане засекогаш во такво сеќавање. Сега имам некоја слика во глава, си го замислувам со косиче и буцки обравчиња, малечко носе и очиња какви што има татко му. Уште на сликата од ехо ми личеше на него… И таа слика си ја гушкам во мислите, секој ден му кажувам колку многу го сакаме и колку ни недостига.. За бременост почнав уште одма да размислувам. Дали дека мене ми беше прво дете, мислев дека нова бременост ќе ме излекува барем малку.. Ама ете не бива.. Од преголем шок организмот ми е во хаос, хормоните полудени.. И знам сѐ е до главата, колку и да мислам јас дека сум спремна, очигледно потсвесно не сум. Останува само да продолжиме да се бориме и да се надеваме дека ќе дојдат подобри денови.. Знам дека едно крило ти е скршено и може никогаш нема да заздрави, ама грижи се и радувај му се на другото, му требаш и ти треба. Моите крила се скршија уште пред да полетам..
Секој ден доаѓав и си ги читав омилените теми во Бебе и Бременост, сега веќе не знам каде припаѓам, каде да читам, што да напишам и од каде да почнам... Никогаш не помисливав дека можам да го изгубам бебето кое растеше во мојот стомак до 40та недела. Ќе излажам ако кажам дека не ми поминуваа црни мисли што ако бебето биде болно или има некоја мана која докторите не можеле да ја видат. Сепак си викав дека ќе го сакам и гушкам без оглед на се, како што ме учи мајчинскиот инстикт дека ќе направам се ако е болно - да оздрави, ако е тажно - да биде среќно. Уште од моментот кога дознав дека сум бремена почнаа моите редовни контроли и скринзи, мојата бременост течеше уредно и беше далеку од ризична. Се до денот кога тоа требаше да биде рутинско ЦТГ и да одам на елективниот царски рез, тогаш срцето на моето бебе престана. Го немаше на првиот апарат, ни на вториот, ни на ехо.. На патот до операциона сала се молев и се надевав дека докторите ќе направат чудо. Потоа се разбудив во шок соба и нови шок вести од докторот, не успеале да го спасат моето бебе иако го реанимирале еден час. И повторно јас како мајка прашувам дали нешто можев да направам, дали нешто згрешив? Добив одговор дека не сум можела ништо да направам. И сега како јас да продолжам? А и од каде? Тука има многу херои, многу битки во различни светови, поскувам на сите срцето да им се стопли и да ги огрее радост. И тоа да трае..
https://facebook.com/events/s/перинатални-загуби-невидливо-о/916954989211582/ Може ќе ѝ најде на некоја мама корисен настанов. Малку повеќе поддршка и видливост на она низ што поминуваме, скоро сите овде на форумот имаме некоја тажна приказна.
Најискреното сочувство до тебе драга! Можеби имаш прочитано назад во темата, секоја од нас тука е мајка на ангел, што се прашува дали можеби нешто згрешила таа, како ќе беше животот ако бебето беше живо, како да се продолжи понатаму… Искрено, што и да ти кажеме болката ќе остане, но знај дека не си сама, не има многу и за жал се почесто се случува оваа трагедија… Мене најмногу ми помогна сопругот, сакајте се и чувајте се во моментите, многу се тешки, но ќе најдете сила што не сте знаеле дека ја имате! Јас и после скоро две години сеуште немам дете, но сега желбата ми е 100 пати поголема и нема да се откажам додека не успеам! Ние сме овде за секоја поддршка, солза, прашање… Многу е тешко, но ќе бидеш посилен човек после ова искуство! Барем јас сум променета и затоа сум благодарна на Бога! Те гушкам, ти ја праќам цела сила на светот.. Ќе бидеш повторно среќна, сите ние ќе бидеме еден ден!
Се ставам во кожа на секоја една од вас кога ќе сподели ваква болна приказна и душата ми плаче за вас. Не постои нешто повеќе болно од ова за една мајка, зборови за утеха знам дека не постојат. Многу ми е жал за твојата загуба, биди силна!
Срце ми се стега кога ќе видам известување дека некој пишал во темиве за загуба... Нема утеха, шок, болка, солзи, гнев, лутина. Прочитај ги нашите приказни и можеби ќе ти дојде малку полесно кога знаеш дека не си сама во ова, дека дури и оваа болка со тек на време станува поднослива, колку и тоа да ти изгледа невозможно. Еве, мене уште не ми се верува дека истуркав цела бременост после загубата. Психички претешко, сомнежи секој ден, си реков додека не ми ја дадат во раце жива и здрава нема да се смирам. Го дочекав моето виножито, еве ја до мене, топче од 5,5 кила. Пресреќна сум, сега ми е полесно со неа покрај мене, но сè уште чувствувам неспокој и немир поради оној дел од срцето што ми се скрши за него. Се сменив, но сега сум подобра од порано. Јака сум! Доаѓа Нова година, нови надежи, не се откажувајте од своите соништа, силна верба и само храбро посакувам сите да го дочекате изгревањето на сонцето по дождот!
Значи најтешко ми паѓа кога ќе видам известување во оваа група, срцето ми се кине си викам зошто мораше пак и друг да го доживее истото, но знај дека не си сама не има многу за жал. Јас сум една од тие што го изгуби бебчето во 40та недела, до последно дури не го видов имав надеж чекав да и го слушнам првиот плач,но само болка, рана и огромна празнина во душата, и еве помина година дена јас уште сум иста со прашалници милион, со огромна болка, зошто се случи тоа кога носев живо и здраво девојченце, постојано одев на контроли и цтг, но тоа е судбина, а од судбината неможе да се избега. После некои период почнав да го сфаќам тоа дека така морало да биде, но верувај ми за се треба време. И знај еден ден ќе не огрее и нас најубавото сонце, знај дека после дождот доаѓа сонце и остани силна и храбра за тебе, за блиските околу тебе и за сонцето кое допрва треба да дојде. Знам дека секој збор е премалку, знам колкава е болката, но има надеж, и секогаш ќе има надеж за сите нас затоа што ние сме храбри и силни ние сме мајки на најубавите ангелчиња и не смееме да се откажеме мора храбро да се бориме и да чекориме напред. Те гушкам силно
Нема толку големо фала што можам да ви го кажам за убавите зборови и поддршката на сите што ми пишавте тука и во порака неколку пати ги читам и многу ми помага тоа што знам дека не сум сама, ви верувам дека ќе научам да живеам со оваа тага и болка. Се надевам на подобри денови. Некогаш утеха си барам во нова бременост, некогаш тоа ми е кошмар поголем од овој, стравот ме гуши. Пак си викам дај си време, и мисли на среќата што треба да дојде. Докторката рече да поминат 6 месеци, па потоа одма да пробуваме, да не чекаме подолго. Во меѓувреме ќе правиме испитувања за да ја откриеме причината за тоа што се случи.
Сочуство на сите мајки на ангелчиња <3 Нема ништо потешко од тоа да искусиш смрт на своето најмило. Се породив во 36та гестациска недела, бебето ми беше зреано два пати од 34та недела бидејќи бев отворена 1 прст, малку скратен цервикс и постоеше можност за предвремено породување. Цела бременост ми помина најуредно, сите скрининзи, тестови, испитувања беа супер, бебето си напредуваше дури подобро од очекуваното, немаше сомнежи за ништо. 36та недела и 4 дена добив болки и се упатив на ургентен во систина, бидејќи таму ја водев цела бременост. Се породив неверојатно брзо, ме примија во 2 часот по полноќ а бебето го родив во 5 часот изутрината,природно, здраво машко бебе, со одлична тежина. Ме сместија во соба и јас сеуште чекам да ми го донесат бебето. Наместо бебето ми доаѓа тим од детска кардиологија за да ми соопшти дека бебенцето има ретка срцева маана која многу тешко се детектира на ехо, најчесто се откривала по раѓањето на бебето. Ми се сруши целиот свет, не успеав да поминам ниту минута со моето најмило, веднаш беше префрлено на одделот за детска кардиологија за да го спремаат за операција. Докторите беа позитивни и ми кажаа дека ова е повеќе корективна операција и дека во 95% од случаевите завршува успешно и детето си живее нормален живот. Си дадов надеж. На денот на операцијата, додека го спремале за операција срцето на моето ангелче запрело, веднаш го реанимирале, и ја сменија стратегијата на целата операција, ми кажаа наредните 48 часа се критични, ако издржи за неколку месеци ке правиме нова операција и се ќе завршиме. Но моето ангелче борец не издржа, почина само на апарати, два дена после раѓањето. Секој ден си мислам каде погрешивме, што се случи наеднаш кога операцијата беше корективна, цела бременост беше во ред кога наеднаш ова??? Изгубив надеж, дента кога требаше да излезам со бебето во раце јас си дојдов со празни раце, спремив се за него и сега овој шок, не знам како ќе продолжам понатаму, ми беше прво детенце, малку се помачивме за него и сега ова . Докторите направија се за него, најдобриот тим се грижеше за него, доктор Чадиковски беше разочаран што дојде до компликација баш пред операцијата од нигде никаде, човекот направи се за него со цел тим од Турција, но ете така Господ сакал....
Прими искрено, најдлабоко сочувство. Нема зборови кои можат жена да утешат, кои може да се кажат за да олесни на душата. Жал ми е премногу што се почесто се случуваат овие работи.. скоро секоја недела слушам за некое загубено бебе, загубена надеж и тажен пар… Биди силна, за тебе, за фамилијата, за сопругот и за сите идни убави моменти кои следат! Јас бев на работ на депресија кога го загубив бебето, уште 2-3 работи лоши ми се случија после тој период.. Почнав да читам книги за самопомош, да слушам видеа… мислам дека така успеав да останам со здрав памет бидејќи мислев дека ќе шизнам од ум… Ќе не огрее сите сонце еден ден, ќе дојде нашето виножито. Само храбро мила!! Тука сме за поддршка секогаш!
За жал не постојат зборови што ќе те утешат сега или било кога. Си изгубила дел од тебе, дел од душата ти е откинат и ќе ти фали цел живот. Јас така се чувствувам.. Исто и моето бебенце имаше срцева мана, ама др. Чадиковски рече дека е толку сериозна што нема ни најмала надеж дека може оперативно нешто да се направи. Моравме да се решиме за прекин на бременоста во 33та недела. Преживеав сцени што до тогаш ги гледав само на филм.. И освен одново да се родам, не гледам начин како ќе заборавам. Бебето беше толку посакувано и чекано, живеев за денот кога ќе го запознаам, за денот кога ќе почне да ми гуга и да се смее.. Ама ништо.. Бог реши дека не припаѓа тука, реши да ме лиши од таа среќа да си го гушнам син ми.. Плачи кога ќе ти биде тешко, разговарај за тоа што се случило, мора да излегува од тебе. Само гледај да не биде пречесто зошто ќе си направиш проблем.. Јас се породив во Април, а тек почна телото да го покажува претрпениот стрес.. Хормоните ми се хаос.. и очекувано беше.. Мораш да бидеш силна за животот понатаму да биде поубав. Нема да биде лесно, ќе паѓаш и стануваш секој ден. Ама силна си и мораш да издржиш! Нашите ангелчиња не чуваат од горе.
Утеха и заборав нема, но борбата продолжува. Јас се уште се навикнувам и учам како да живеам со оваа тага. Јас утеха најдов тука и во сите околу мене што споделија за слични ситуации кога ги изгубиле своите бебиња, не е голема утеха, но знам дека не сум сама, дека има живот и среќа и после тоа колку и да изгледа невозможно сега. Ти посакувам поскоро да се опоравиш и да застанеш на свои нозе.
Здраво, во Декември ви пишав дека го загубив моето бебе после два дена од породување... првите неколку месеци после загубата се држев некако но некаде Март месец започнаа сите мои проблеми и стравови. Поради измешани хормони и претрпениот стрес, имав страшни прескокнувања на срцето, иако отидов на лекар и после сите проверки ми кажаа дека е хормонски, во мене се вгнезди некој страв, секој ден очекувам дека нешто лошо ќе ми се случи и постојано размислувам на тоа. Имав и неколку панични напади... Иако се трудам да излегувам и да не мислам на тоа секоја вечер се соочувам со истото и секоја најмала болка ја претварам во најстрашната болест. Од наредниот месец сакаме да почнеме со обиди за друго дете но во мене постои огромен страв дали се ќе биде во ред, што ако се случи пак истото и не знам како би издржала. Желбата за друго дете ми е преголема но не знам како да се изборам со сите стравови што ме преплавуваат ве молам доколку сте се соочиле со нешто слично како мене како сте се избориле
Срцето ми се кине кога гледам нотификација од оваа тема. Камо да можеше некако ниедна мајка да не осети таква болка.. Многу ми е жал што така се чувствуваш и те разбирам потполно.. Јас моето бебенце го изгубив во 33та недела пред година и скоро два месеци и болката е сеуште присутна. Не се намалува и никогаш нема да се намали, само се трудам јас да растам околу неа и да станувам похрабра за да имаме поубава иднина. Исто и јас како тебе прво почнав да имам стегања во градите, правев ЕКГ, уредно беше и ми кажаа дека е од стрес. Од есента имам неподносливи главоболки и дисбаланс на хормони како никогаш порано што полека се среди и сега веќе неколку месеци пробувам пак да останам бремена. Пред некое време бев и на невролог, двајца доктори беа со мислење дека имам анксиозност, но решија да не ми даваат лекови зошто по мојот став им изгледало дека ќе се изборам.. Стравот никогаш нема да ни исчезне.. Траумата што ја имаме преживеано е огромна и секој паничен напад е нормален за жал. Како некој што подолго време се справува со болката можам да ти кажам да пробаш да најдеш нешто што те опушта и прави барем малку среќна. Прошетки со партнерот, дружба со пријатели, книги, музика.. Пробај да најдеш некој терапевт и да разговараш со него. Јас долго го одлагав тоа зошто мислев дека немам потреба и сама ќе се справам, ама решив да одам кај и да е.. Јас до скоро многу често имав испади на плачење без престан. Сега како поминува времето се многу поретки... Си го наоѓам бебенцето во се околу мене, се ме потсеќа на него.. ама се трудам да продолжам. Тригери има многу и секогаш ќе жалиме по нив, ама мора да се дигне глава и да се оди напред. Сигурно кога ќе си ги дочекаме нашите судени бебенца во раце барем малку ќе си го најдеме мирот.
Ти благодарам. И јас подолго време размислувам да се обратам на психолог но се некако одлагам но мислам дека крајно време е да побарам стручна помош. Точно дека траумата е преголема и дека сето ова е очекувано... Ти посакувам што побрзо да се израдуваш со бременост и да си родиш најубаво бебе што ќе те радува најмногу <3 Болката за овие изгубени бебиња ќе ни остане засекогаш, но да се надеваме дека со тек на време ќе се отапи.
Здраво, јас после загубата брзо останав бремена повторно, сега се чудам сама на себе како ја издржав психички цела бременост... Сега, да речеме раната на срце ми е подзалечена зашто си родив живо и здраво сонце и се остварувам како мајка. Но она што не очекував е дека траумата ќе си го прави своето, ќе биде активна, постојано присутна и ќе ме напаѓа кога најмалку треба. Телото можеби брзо ми закрепна и херојски издржа нови 9 месеци, но психава малце потешко. Требаше да отидам на психолог, сега немам време, но прва прилика би отишла. Многу, премногу црни мисли имам во глава, си ги креирам беспотребно, ме изморуваат и тоа тоатално не личи на мене. Како што пишала @Bella_Stella, прошетки, дружење, спорт, рекреација, патувања, сè тоа помага, потсетува дека животот мора да продолжи и да чекориме, исправено напред, па гледај да уживаш што повеќе во такви активности. Ве гушкам двете и само храбро! Нека остане сè лошо зад нас!
И јас загубив бебе лани во Април.Сеуште не можам да го надминам тоа,сите околу мене се однесуваат како тоа бебе никогаш да не постоело и тоа највеќе ме погодува.Во Јануари дознав дека сум пак бремена и еве уште ја терам бременоста.Искрено не бев спремна за оваа бременост,ни физички ни психички,сеуште ме потресува кога ке видам друга трудница или новороденче,се породи скоро моја блиска пријателка,се радував за неа ама таква болка и празнина осетив, жал за моето бебе кое не го донесов дома,буквално ме болеа гради,утроба,иако во мене расне ново бебе,не дека и завидувам или дрка сум љубоморна,туку зошто моето го нема.За ова бебе кое расне во мене уште не смеам да се израдувам,страв ми е цело време дека нешто ке се случи,одам на контроли на 2 недели ама не се осеќам поврзана сеуште со него,ваљда од страв дане го изгубам. Се чуствувам како дете на кое му дале нова играчка ама тоа плаче за старата која ја изгубило.Маж ми го наоѓам за комплетно виновен за тоа како сега се чуствувам,зошто сум бремена,ме ставија во мат позиција без право на избор,бидејки кога се породив со второто бебе ми рекоа да чекам 3 год падаотобам бременост, а јас останав после 8 месеци,ми рекоа не за абортус заради ризик од крварење и компликации ама и дека породувањето е со висок ризик,се чуствував заробено скроз.И онака не бев добра ни психички ни здравствено бременоста ми дојде капак,па уште цело време со компликации,само трчам по лекари,или лежам дома,имам серклаж на строг бед рест, шизнав,и нормално маж ми е крив.Незнам како ке издржам летово,пукам на периоди, само имам синче од 4 години кое ме грее како сонце, и мислам дека за него дишам,само тој ми дава волја да се борам.За бебево во стомак чуствувам вина,како да неможам да се поврзам со него,не смеам ни да се понадевам,незнам како ке биде кога ке се роди,дали ке намали болката за тоа што го изгубив,дали ке му се радувам.Се надевам дека ова е период,дека ке се изборам и не му посакувам на никој да мине низ ваква болка како нашата.
Потполно те разбирам како се чувствуваш. И луѓето околу мене се однесуваат како тоа бебе воопшто да не постоело, воопшто не го ни спомнуваат а мене тоа ми паѓа уште потешко и ми ја влошува уште повеќе состојбата. Но од друга страна мислам дека луѓето и не знаат како да се однесуваат во вакви ситуации, најверојатно мислат дека доколку го спомнат бебето ќе ни предизвикаат уште поголема болка... не знам барем јас така се тешам.. Најбитно е да си најдете разбирање со сопругот, и тие патат иако болката ја покажуваат на друг начин. Да бидам искрена во наредна бременост и јас би била во иста состојба како тебе нема да знам дали да се радувам или не после сето преживеано. Но треба да бидеме силни, тие ангелчиња од небото не гледаат и ни помагаат, не сакаат да не гледаат тажни. Плус ти веќе имаш синче кое ти дава уште поголема сила, опушти се и уживај во бременоста, се ќе биде во ред, после дождот мора да дојде сонце, едвај чекам сите да се израдуваме со нашите бебиња виножита
Иако јас моето бебенце го изгубив уште многу рано, едвај беше оформено, ама сепак беше во мојата утроба. Сепак целиот свет ми се заврти околу него, сите планеви ми беа околу него, ама на крај, веќе го нема. Срцето ми се кине кога минат неделите и само си рачунам дека сега требаше да сум во второ тромесечие и да го дознаеме полот, ама верувам дека најтешко ќе ми биде во Декември, кога требаше да се роди. До пред некое време си ги гледав тестовите, на работа сеуште се пазам да не ме удари некој мислејќи дека уште сум бремена, неможам да заборавам едноставно. Ама знам дека за сѐ треба време. И верувам дека ќе станиме мајки на едни најпрекрасни бебенце кои колку-толку ќе ја исполнат таа празнина во душава по загубените чеда. Мада знам дека секогаш ќе мислеме на нив и ќе ни бидат вечен непребол. Некаде есента можеме да се обидуваме пак, ама искрено сега со овој mindset мнооогу ми е страв. Ама летото е пред мене, така да можи ќе ми помини стравот до тогаш. Како и да е, ќе станеме сите мајки најмили и нашите виножитца бебенце ќе ги сакаме до бескрај. ❤️ Ве сакам сите и примите силни гушки мајки-борци!
Мила, ние сме неколку херојки овде на форумов, што загубивме душа, дел од нас. А во светот.. за жал премногу! Јас моето го родив предвремено, поминаа 2 години и некој месец.. и уште боли. Веќе не сум истата личност, како се што било претходно да не постои... За жал,сите тагуваме различно, јас и после толку време плачам често за неа. Ми беше прва среќа... Сеуште не сум бремена, веќе мислам дека психата ме уби... Од оваа гледна точка, требаше пред 2 години да одам на психолог... Можеби немаше овие трауми да ги имам денес. Секоја трудница, секое бебе, секое детенце од 2 години ме потсеќа на тоа што изгубив јас... Дека сега ќе беше девојче мало... Но, исто и јас имав срцебиење, се гушев, не можев да спијам, плачев скоро во секој момент кога бев сама, на гости, во кафана... Испуштив толку убави моменти седејќи дома и плачејќи... Добив хипо тироидизам... Плус автоимуна болест... Плус паднат имунитет од стресови.. Мој совет, посети психолог, раната од сеќавањето ти е свежа, можеби ќе ти помогне да немаш трауми, еве како мене... Дај Боже сите да се радуваме на нашите виножита што поскоро