Ваши дела – поезија или проза

Дискусија во 'Литература и уметност' започната од Shelea, 7 декември 2009.

  1. OpenHorizon

    OpenHorizon Нов член

    Се зачлени на:
    28 јануари 2026
    Пораки:
    6
    Допаѓања:
    11
    Пол:
    Женски
    Како два рида исти,
    една река тече меѓу нив.
    Енергијата танцува додека срцето се чисти,
    поврзаноста ќе остане до последниот здив.

    " Се гледам себеси во тебе" рече,
    па се насмеа од срце, детски.
    Очите леат солзи, срцето пече,
    благодарност ја исполнува студената соба.
     
    На st-el му/ѝ се допаѓа ова.
  2. valkyri

    valkyri Истакнат член

    Се зачлени на:
    28 февруари 2024
    Пораки:
    40
    Допаѓања:
    131
    Пол:
    Женски
    Чуден е денов октомвриски,
    со изобличени црни облаци,
    кои злокобно и дождливо ни се смеат,
    на маските наши разнобојни,
    што толку гордо ги носиме секој ден,
    чиниш лицата ни се грди,
    а не тоа под нив што се крие,
    пред кое окото мудро замижува,
    пред кое човек на човек волк станува,
    кој ранува и кога сака да милува,
    па биднува крвник на твојата крв
    и тогаш одразот му станува туѓ,
    заслепен од својата вистина,
    задоен со себичност и суета,
    кој ја препознава жарта што во солзата ја чуваш,
    и во краевите на очите милно ја сокриваш,
    за со пепелта во која сам те изгоре
    со свои раце да ја изгасне,
    како никогаш да не постоела,
    можеби и никому потребна,
    а премногу за овој свет.

    Но тука, под мојата маска
    лежи мојата вистина,
    која е сосема поинаква,
    убава и ненаметлива во својата разголеност,
    без ништо грдо во неа,
    сосема доволна за овој свет,
    а сепак малку за два,
    оти срцево не може за две тела да чука,
    ниту душава да се растргне на две страни,
    еден свет не може да се подели на два,
    затоа само тивко ќе постојам
    како нем набљудувач на својата судбина,
    запечатена со твоето отсуство,
    кое толку силно се чувствува понекогаш,
    па мирис на копнеж ми го буди телово,
    жедно за есенски дождови во ноќта,
    извајано од страст и немир,
    створено е да љуби, да биде љубено,
    од допир кој руши невидливи бариери,
    и гради едни наши светови,
    од срце кое ќе чука на моиве гради,
    толку тивко, нежно, сонливо,
    без страв од будењето на зората,
    и едно сонце на мојата перница,
    чии зраци темината ќе ми ја прегрнат,
    и нема само мојата светлина да ја грее ноќта,
    туку сонце што знам дека овојпат ќе ме стопли,
    без да ме изгори.
     
    На st-el му/ѝ се допаѓа ова.
  3. OpenHorizon

    OpenHorizon Нов член

    Се зачлени на:
    28 јануари 2026
    Пораки:
    6
    Допаѓања:
    11
    Пол:
    Женски
    Случајност

    "Зарем е случајност што те запознав?"
    Велат оваа реченица е клише.
    Ќе беше само ако ова не беше од Бога.

    Да не го најдев Св. Никита во твојот дом ќе беше едно големо клише.
    Да не беше истиот оној кој ме извади од пекол и ми го спаси животот ќе речев дека е случајност.

    Не е често, нешто што се случува на секој втор, ова е нешто за кое се везеле книги во Библијата.
    Ова е чувство кое те треска од земја за да ти даде надеж.


    Плачев и се прашував зошто траеше кратко?
    Клише е дека " убавите нешта траат кратко".
    Јас верувам дека ќе трае цела вечност.


    Еден ден ќе остареш, ќе ти треба дете кое ќе ти однесе чаша вода, ќе те покрие со меко ќебе.
    Сакам јас да бидам тоа, но клише е што никогаш нема да дознаеш.
     
    На st-el му/ѝ се допаѓа ова.
  4. valkyri

    valkyri Истакнат член

    Се зачлени на:
    28 февруари 2024
    Пораки:
    40
    Допаѓања:
    131
    Пол:
    Женски
    Не барај ме,
    кога ќе падне и последниот есенски лист,
    само згазни го со цврст чекор,
    и премини ја улицата на тополите,
    која веќе не мириса на љубовници,
    чија трага дождот им ја изми.

    Не барај ме
    кога ќе те жегне недостигот на времето,
    само прошепоти ми го името и пушти ме да се претопам во мигот,
    како усни врз усни
    што никогаш не се пронајдоа на веков.

    Не барај ме
    и кога дождовите ќе стивнат,
    па ветрот ќе ти донесе нота од мојот глас,
    слушај го мојот шепот со милост во срцето,
    знаеш и самата бев милост со тебе.

    Не барај ме,
    ни во снегот декемвриски што ќе дојде,
    и донесе со себе студови,
    од кои замрзнува сета гордост и суета што ги носиш,
    и останува само празнина во душата,
    која неуморно ќе ме бара во снегулката што нежно образот ќе ти го топли.

    Те молам не барај ме,
    само во моите светли утра и разиграни мигови,
    зашто не бев создадена само од сонце,
    туку и од бури кои ти никогаш не ги виде,
    а твоите вешто ги криеше помеѓу зборовите,
    во недоречените реченици,
    во невидливите бездни меѓу нас,
    што ни најубавите зборови не можеа да ги премостат...
    премалку беа.

    Не барај ме,
    ни во стихот, ни во песните,
    ни во она што измеѓу беше,
    ни во денот, ни во ноќта,
    во кои некогаш и молчењето ни беше доволно,
    немој,
    зашто ако ме пронајдеш
    ќе мораш повторно да ме изгубиш,
    а јас веќе не знам како се заминува од нечие срце.

    Не барај ме,
    кога веќе самиот ќе решиш да ме пуштиш,
    не повикувај ме назад
    тогаш кога тишината ќе ти стане претесна,
    зашто јас веќе научив како се заминува од нечие срце.

    Не барај ме.
     
    Последна измена: 5 ноември 2026
    На Sandman и st-el им се допаѓа ова.
  5. Sandman

    Sandman Истакнат член

    Се зачлени на:
    14 февруари 2016
    Пораки:
    198
    Допаѓања:
    717
    Пол:
    Машки
    Ако моето перо засекогаш замолкне во ноќта,
    и овие зборови останат мојот последен глас,
    нека бидат сведоштво за моќта на љубовта,
    како завет што го оставам по моето заминување.

    Пред да стивнат овие редови во тишината,
    сакам да го соголам сето она што бевме,
    да ти кажам како твоите очи
    станаа единственото засолниште за мојот изгубен пат.

    И не те сакав затоа што беше совршенство,
    туку затоа што во твојата близина
    секој скршен дел од мене наоѓаше утеха,
    а моите немири стивнуваа во твоите рани.

    И ако мојата отсутност стане тешка далечина,
    а овој земен праг се претвори во бездна,
    не дозволувај тагата да те влече кон мојот мрак
    и не барај ги моите очи во ладните ѕвезди.

    Побарај ме во топлината што ти остана во градите,
    таму каде што мојата љубов ти стана штит од светот,
    оти јас не заминувам никаде подалеку од твоите мисли,
    а моето срце засекогаш ќе дише низ твоите спомени.
     
    Последна измена: 6 ноември 2026
    На valkyri му/ѝ се допаѓа ова.
  6. Sandman

    Sandman Истакнат член

    Се зачлени на:
    14 февруари 2016
    Пораки:
    198
    Допаѓања:
    717
    Пол:
    Машки
    К..

    Недостасуваш,
    велам во есента,
    а мислам на пролетта расцутена,
    кога се запознавме.

    Зарем мислиш би те продал така лесно,
    за љубов мината или некоја идна.
    Овде си,
    кај што ја ставам дланкава врз срцево,
    таму одсекогаш си била,
    дури и пред да те запознаам,
    знаев дека постоиш некаде пред да те допрам.

    И додека ноќва полека го гасне денот одминат,
    и ветрот ги собира паднатите лисја,
    твојот лик останува единствениот светилник во душава чиста,
    во оваа тишина што на твоето име мириса.

    Не си замислена, ниту пак си само спомен свеж,
    ти си жива рана и лек во исто време,
    твоето отсуство е товар претежок,
    но секое твое враќање е благословено бреме.

    Затоа нека врне, нека студи и нека тагува,
    моето за тебе,
    јас под кожата го чувам твојот завет свет,
    ти си мојот почеток, мојот крај и мојот цел свет,
    без кој не можам, а и не сакам.

    И кога времето ќе реши траги да избрише,
    и кога очиве ќе се уморат од долгите гледања во огнот,
    нека заслепат во него,
    твоето име во мојот здив ќе дише,
    без прашања, без сомнежи и без збогувања.

    Затоа што ти не беше бакнеж на старата клупа,
    туку пристигнување на откровението искрено,
    што по илјада зими во коскиве ќе демнат сеќавања,
    во кои ќе те сакам со срцево,
    засекогаш исто,
    бакнувајќи те меѓу очите,
    бришејќи ја твојата лузна стара,
    која не знам зошто,
    премногу ме боли,
    но, зошто мене,
    а зарем би можело некој друг.
     
    Последна измена: 6 ноември 2026
  7. valkyri

    valkyri Истакнат член

    Се зачлени на:
    28 февруари 2024
    Пораки:
    40
    Допаѓања:
    131
    Пол:
    Женски
    Не оди по патот на заборавот,
    премногу молитви носиш во себе,
    лечебни за нечии туѓи рани,
    покрај кои и твоите ќе зацелат.

    Не го закопувај она што Бог
    така милозливо ти го подарил,
    крвари од прстите врз повезот на вечноста
    зошто тоа си ти,
    светлина и мрак во градината на пеперутките
    чии крилја ја носат тежината на светот.

    Не го казнувај срцето без љубов,
    оти секако ќе боли нечие отсуство,
    положи цвеќе врз гробовите на своите премолчувања,
    и запамети,
    и оној што теши заслужува раце да го утешат.

    Затоа ноќва молитва тивко прошепнувам,
    за сите нас, живи, а мртви во душите,
    да не помилува раката на заборавот,
    сета тежина, болка и тага да ја однесе,
    и прашинка надеж од една пеперутка во ноќта есенска залутана,
    да ни ја пороси младоста.
     
    На dasd, hermosa, Sandman и 1 друга личност им се допаѓа ова.
  8. Sandman

    Sandman Истакнат член

    Се зачлени на:
    14 февруари 2016
    Пораки:
    198
    Допаѓања:
    717
    Пол:
    Машки
    Зарем моето е вечно да крварам,
    од лути рани што со искрени емоции ги сошивам?
    Додека ноќва јас парчиња од себе збирам,
    сите гревови во мојава крв се измиени.

    Нека љубат сега тие што не љубеле,
    што со туѓи срца само си поигрувале,
    што никогаш пред бездната не губеле,
    и болката како мојава не ја знаеле.

    Нека горат тие во пламенот на страста,
    нека бараат спас во прегратки нови,
    јас ја испив до крај мојата чаша,
    и ги скинав сите оловни окови.

    Јас веќе во мене ништо за никого не носам.
    Пусто е срцето, ко згаснато огниште.
    Со голи гради низ тишината просам,
    тука каде што љубовта стана пепелиште.

    Ниту гнев имам, ниту пак прошка,
    само студ што во градиве се крие,
    со поглед мртов,
    потемен од ноќта.

    Јас ја подарив душата на последната трошка,
    сега нека љуби оној што не знае како боли кога љубовта ќе се испие,
    до последната роса,
    со која ниту еден цвет ќе се разбуди.
     
    Последна измена: 7 ноември 2026
    На valkyri му/ѝ се допаѓа ова.
  9. Sandman

    Sandman Истакнат член

    Се зачлени на:
    14 февруари 2016
    Пораки:
    198
    Допаѓања:
    717
    Пол:
    Машки
    Тебе не умеам да те преболам,
    секој нов ден со таа мисла го почнувам.
    Па малку ќе ми недостасуваш,
    па малку од некој спомен ќе ме ѕирнеш и ќе ме насмевнеш.

    Жива рана си што со времето не зараснува,
    веќе ниту збор утешен барам, ниту се трудам.
    Како казна и дар си во градиве,
    ми те носам таква и те молчам пред светот.

    Како би стоел на оваа земја без тебе?
    Како дрво без корен, на луња препуштено,
    како душа без порив што студот до срж ја пие,
    како сè во мене да е засекогаш скршено.

    Но јас не се бунам, ќе пробам,
    па малку од спомен ќе ми намигнеш и ќе ме насмевнеш.
    Тебе не знам, не умеам да те преболам,
    во секоја песна твоето име го кријам,
    како и во оваа што ти ја пишувам.

    И кога очите навечер во мракот ги склопувам,
    тогаш најмногу боли што не можам еден збор да ти напишам,
    па со твојот нежен лик во мислите заспивам.
    Што мислиш, со чии очи се будам?

    Не знам да те преболам и не сакам да научам,
    оти тој заборав би значел мојот крај.
    Без тебе ќе стојам како сенка во ноќта,
    осуден на вечен копнеж,
    но заробен засекогаш во твојот сјај.


    P.S. Знаев дека поинаку немаше да биде.
     
    На valkyri му/ѝ се допаѓа ова.
  10. valkyri

    valkyri Истакнат член

    Се зачлени на:
    28 февруари 2024
    Пораки:
    40
    Допаѓања:
    131
    Пол:
    Женски
    If I had never known the warmth of an embrace,
    I would still be dreaming of love.
    If I were younger, I would smell of incense,
    If I were yours, I’d gift you the cosmos itself,
    If I were alive, I would live with eyes full of light,
    If I were a dream, you would be the one within it.
    If only I were, but I was not.
     
    На la.malparida, butterfly0204 и Sandman им се допаѓа ова.
  11. Sandman

    Sandman Истакнат член

    Се зачлени на:
    14 февруари 2016
    Пораки:
    198
    Допаѓања:
    717
    Пол:
    Машки
    Една ноќ
    ќе згаснам во одарот на една ѕвезда
    и ќе бидам сјај во твојата зеница,
    сонливо разбудена.
    Само тогаш ќе бидам искажан
    во сказната на моето бдеење за тебе,
    под ова небо
    испишано со илјадници ракописи.

    Една ноќ
    ќе биде посветла од денот,
    само тогаш моето умирање
    ќе биде раѓање на едно заборавено утро,
    врз росните жита,
    сончево исплетени во твоите коси
    и допирите на едно припаѓање.

    Една ноќ
    ќе ми недостигаш засекогаш
    и ќе ми простиш што не се пронајдов во овој свет,
    во кој ги бакнував тие вишни усни
    и го целивав божеството на нашите преплетени прсти,
    од моите очи до твоето срце.

    Една ноќ ќе биде вечна во дивиот шепот на планините
    и никој нема да се сеќава на неа.
    Една ноќ ќе биде само наша
    и ничија.
     
    На valkyri му/ѝ се допаѓа ова.
  12. Sandman

    Sandman Истакнат член

    Се зачлени на:
    14 февруари 2016
    Пораки:
    198
    Допаѓања:
    717
    Пол:
    Машки
    Кого ќе љубиш ноќва, убава и сјајна,
    грубо и перверзно, во есента задоцнето,
    некому ветена со тело и бол,
    задишана од страст опојна и тивка.

    На твоето лице цветно чии прсти ли ќе бојат,
    со рацете милувајќи те без капка љубов,
    дур сивееш во пепелникот,
    во кој тагата ја гасам,
    и не успевам, да не постоиш, да не постојам.

    Овој суров нож на почетокот од крајот,
    крвари низ ноќта што нè дели на два света,
    ти во туѓи прегратки бараш спас од дождот,
    а јас во чадот барам трага од твојата силуета.

    И нека изгори сè што некогаш сме биле,
    нека падне пепелта врз оваа есен глува,
    но кажи ми, кога ќе се смири здивот,
    кој од нас двајцата подолго ќе нè чува?
     
    На hermosa, valkyri и butterfly0204 им се допаѓа ова.
  13. Sandman

    Sandman Истакнат член

    Се зачлени на:
    14 февруари 2016
    Пораки:
    198
    Допаѓања:
    717
    Пол:
    Машки
    Помеѓу спомените и тишината

    Понекогаш најтешкиот дел од заминувањето не е празнината што останува, туку сеќавањето на тоа колку длабоко некој успеал да допре до нас.

    Седиме во тишината што остана зад нас и се прашуваме како е можно двајца луѓе кои си го познаваа секој здив и секоја скриена мисла, одеднаш да се одминат како никогаш да не се сретнале.

    Зарем си сега само уште едно лице во толпата? Странец кој со себе ги носи сите мои тајни, неискажани стравови и најтивки надежи.

    И сега, додека гледам во далечината, не знам што боли повеќе, тоа што те изгубив, или тоа што воопшто ти дозволив да ми станеш сè.

    Останувам тука, заробен помеѓу спомените и тишината, чекајќи времето да ми покаже дали оваа болка некогаш ќе добие смисла, или едноставно ќе научам да живеам со неа.
     
    Последна измена: 26 ноември 2026 во 14:25
    На valkyri му/ѝ се допаѓа ова.
  14. valkyri

    valkyri Истакнат член

    Се зачлени на:
    28 февруари 2024
    Пораки:
    40
    Допаѓања:
    131
    Пол:
    Женски
    Посакувам да знаев што да напишам,
    да ја знаев смислата на моето постоење,
    а уште повеќе на твоето во мене,
    вековно, за кое времето не постои,
    како спомен од некое минато
    што не го паметам.

    Во илјада облици тука си насликан,
    врз мојата душа совршено пресликан,
    затоа што има нешто што не започнува со раѓање,
    ниту пак завршува со смртта.

    Те носам во градиве од дамнина,
    така утешно, ненаметливо, нежно,
    како тивка топлина што милува во зимските ноќи,
    со жиг во коскиве врежана,
    неуништлива пред светот.

    Понекогаш те чувствувам како мој дом,
    прибежиште од сите бури во мене и околу мене,
    таму каде што и тишината има твој глас,
    таму можам мирно да почивам во твоите мисли,
    да бидам ништо друго
    освен сопствената суштина,
    без страв дека ќе те изгубам.

    И не умеам да најдам збор,
    за она што беше и што си ти за мене,
    и не е ни важно на крајот,
    а ноќва се прашувам само,
    дали ти постоиш во мене,
    или јас постојам затоа што ти постоиш?
     
    На Sandman му/ѝ се допаѓа ова.
  15. hermosa

    hermosa Популарен член

    Се зачлени на:
    7 декември 2011
    Пораки:
    4.040
    Допаѓања:
    10.827
    Пол:
    Женски
    Дождот ја избра твојата кожа,и по неа своја водена трага остави .Како печат што се удира,така и дождот беше белег твој.