Не можам да разберам, кога веќе навистина сакате да научите јазик, зошто не се определите за школа или макар приватен професор чиј кредибилитет може да се потврди, наместо некоја недефинирана инстаграм особа која не знае што сака да биде и кон каде цели? Па само да и го отвориш профилот ќе видиш дека таа т.н. "академија" постои единствено на инстаграм, и еден ден пишува дека има околу 3000 студенти и е букирана до 2025 година за веќе наредниот ден да излезе со објава дека кој сака може да аплицира за часови од септември, и сето тоа додека измеѓу снима очајни кратки видеа од типот *ожени балканска жeна да ти чисти, пере, готви и да те масира*. Мислам, да, ова последново баш има врска со германски јазик... пак ќе речам, ако сакаш да научиш јазик, најди професор кој е образован за тоа, а не непостоечка инстаграм персона која еден ден станала од спиење и решила да биде "професорка".
Искрено јас немав баш доверба во школите кај нас, бар не успеав да најдам доволно (за мене лично) информации за ниедна, па учам преку приватни часови со професор од Хрватска. Но тоа не значи дека навистина нема добри школи кај нас. Освен Гете институтот често ги слушам и Академија 26, Центар за странски јазици, Пикадили итн., немам лично искуство ама можеш да прошеташ и низ страниците на темава, сигурно и друг нешто има споделено.
Јас земав приватни часови, беше ужасно многу скапо. И не би дала препорака, затоа што на крајот виде дека знам и можам да положам не Б2 туку и Ц1 и намерно ми ги одовлекуваше часовите и не работевме како што треба, по темпо што мене би ми било соодветно. Така да сепак сум за Гете.
Дечки, мал совет. Досега не сум се среќавал со германскиот јазик (ниту во основно, ниту во средно). Едино нешто дома што сум читкал, ама тоа не е темелно. Подобро ли е цела година да посветам на А1 ниво? Или А1 и А2 во една година? Мислам дека повеќе би го совладал доколку цела година се посветам на едно ниво. Прашав во Челинџ, Висен Шуле и јазичен центар Френдс. Тие ми се поблиску. И Лингва Бинест во Кисела Вода ...
Една година е многу само за А1. За А1+А2 е оптимално време една година да учиш без временски притисок. Прелесно е А1, речиси и да нема граматика. Во А2 почнува граматиката и тогаш станува интересно но не и тешко ако учиш редовно и најважно од се' ако имаш желба за учење.
За кое ниво те интересира? Види лесно е - ако разбираш и учиш со задоволство. Не бубање на фрази. И ако гледаш серии, читаш книги дури и Ц1 е лесно. Имаш на нивната страна модел тестови. Тоа е пример како изгледа тестот. И по тој пример се прават и другите. Само со сменети зборови секако.
Здраво, малце прочепкав за А1 испитот ама на Гете германската и искрено страв ме фати. Дали може некој да ми каже поопширно како се одвива полагањето на ова ниво и на што треба да се обрне внимание. Јас во моментов почнав самостојно да учам од https://youtube.com/playlist?list=PLF9mJC4RrjIhS4MMm0x72-qWEn1LRvPuW&si=p4KpW4nbYKR_F-aj па прашањето ми е, дали ова би било доволно за совладување на А1 ниво?
Скоро положив А1 во Гете, и како за почетен степен не е воопшто тежок испитот ко што очекував. Јас се устручавав пред тоа пошто кога ќе отворев резулати од претходни термини, на пример имаше датуми од 50 пријавени половина беа паднати. За слушање и читање не се секирав толку, ама на зборување мислев ќе се збунам или нема да ми текнува што да кажам, и ако паднам на еден дел, отиде јабана цел испит. На крај, зборување, слушање и читање извадов 24.9/25, а пишување ми скратиле некој поен, ама па темата беше убиј боже (маса да купуваш ). На веб страната на Гете имаш примерок испит, во тој стил се вежбите. Еве на странава има два примери. https://goethe-pruefungen.swiss-exa...cations/goethe/preparation/a1-start-deutsch-1 тука имаш со се аудио и решенија. Ќе пишам за концептот и некои вежби што се паднаа на терминот јас кога бев. Слушање: Ќе ви пуштат на ЦД да слушате дијалози. На првиот дел има неколку вежби бираш точен одговор од понудени три, а дијалогот го слушаш два пати. На пример, едно од прашањата беше: "Што купува човекот од продавница?" Понудени одговори: јаболка, банани и круши. И сега во дијалогот што го слушате, човекот го прашува продавачот кое овошје колку кошта (рачунај ќе бидат спомнети сите понудени овошја и ќе прашува човекот за цени, колку е ова, колку е она или слично, но одговорот е точен само за тоа што ќе го купи на крајот). Или друг пример - во колку часот треба да се сретнат две пријателки? Дијалогот беше се договараат и се натегаат, јас тогаш можам, ама јас тогаш не можам, и пак сите три понудени одговори спомнати (пример едната ќе каже нешто во стил во 2 сум на курс, другата во 3ипол сум на фризер, епа во 5 сме двете слободни може да се најдеме). Битно е да се разбере целиот дијалог и што се бара во прашањето, пошто сите понудени термини ќе бидат спомнати во аудиото. *Ова се само примери јас ко полагав што се паднаа, не се паѓаат секогаш, само да доловам кој е концептот на слушањето. Имаше и дел кај што аудиото го слушаш само еднаш, а одговорите се по принцип richtig/falsch (пример известување на железничка дека возот ќе тргне од друг перон или е укинат). После слушање следи читање. Дадени се кратки огласи/реклами и исечоци од весници или веб страни, и треба да одбериш од понуденото што одговара. На пример, дадени се две веб страни со краток опис за нив, еднава може да биде продавница за германски книги, другово да е училиште за странски јазици. Прашањето би било, во Берлин си дојден и сакаш да учиш германски, каде ќе се обратиш- во deutschbuchereiberlin.de или во sprachenlernen26.com? Во другиот дел, текстовите можат да бидат, на пример се вселила нова комшивка и ги кани комшиите на забава. Текстот што го читаш е самата покана/мејл. Прашањата беа на заокружување, пример, каде ќе се одвива забавата: во ресторан, во градината или дома, само едно од понудените е точно (иако во поканата може да се споменати и куќата и градината и ресторанот, пример прво вика дека би ги викнала сите дома, но бидејќи куќата е мала, ќе прослави во ресторан. Во случајов битно е целосно да се прочита и разбере текстот, пошто е збунувачки, првично ќе те наведе на тоа дека во домот би се десила забавата, но на крај таа ги вика во ресторан поради некоја причина). После исто имаше и со richtig/falsch прашања во врска со друг краток текст. Пишување се две вежби, првата е да пополниш формулар, да речеме сакаш да се пријавиш за некое патување во туристичка агенција, даден ти е опис, кој си од каде си, на пример живееш на адреса во Хамбург, со сопругот и со двете деца сакате да одите во Париз и да резервирате преку агенција. Темплејтот на формуларот беше готов, само во празните полиња (3-4 полиња) требаше да се допишат точни информации, место на живеење, колку лица ќе патувате, колку од лицата се деца/возрасни и слично. Вториот дел е пишување на кратко текстче (30-40 збора), може да биде да му пишеш на пријател дека го каниш на роденден, или ти да одговориш на покана на некој друг што ти ја испратил и слично. На моето полагање се падна да се одговори на оглас во кој што што некој продава маса, а во ситуација си да реновираш кујна и си заинтересиран за масата. И се бараше да му напишеме имејл на човекот, да прашаме колкава е масата, и да прати слика од истата. Еве тука имаш куп примери за најразлични ситуации за писма, покани, мејлови, огласи од делот А1. Зборување е накрај и е најлесен дел (иако пред да полагам му се притресував, буквално дадено/нацртано е тоа што треба да го кажеш/прашаш). Првиот дел е преставување пред групата (јас кога бев бевме по 4ца во група), и откако ќе се претставиш, ќе те прашаат нешто плус испитувачите (на пример, колку си висока, дали имаш телефон, како ти е телефонскиот број и слични основни прашања). Вториот дел е, имате тема со групата, темата е дадена од испитувачот (може да биде wohnen, arbeit, reisen, essen или други слични ствари што се учат во А1). Влечиш картичка, на картичката има збор поврзан со темата (на пример може темата да е wohnen, а зборот на картичката што ќе ти се падне да е Haus) и ќе треба тој до тебе да го прашаш нешто во врска со темата ама да го искористиш зборот што ти се паднал (во случајот погоре, прашањето би можело да биде дали живееш во куќа или во стан, или дали неговото семејство живее во куќа, или дали е голема куќата кај што живее или дали би сакал да живее во куќа и сл. значи било какво прашање се додека е во конкретната тема и се однесува на зборот што ти се паднал). Тој ти одговара, и после тој влече друга картичка со нов збор па го прашува следниот до него, па така во круг, и тој што седи спроти тебе, тебе ќе те праша и ќе треба да му одговориш и се затвора кругот. Доколку некој од групата не знае да го формулира прашањето, т.е. да му го постави на другиот, тогаш испитувачот го прави тоа (со истиот збор на истата тема). Третата вежба е слична на втората, само треба да искористиш учтива форма/молба и да побараш нешто од тој до тебе. На пример, ти се паѓа картичка со слика на која има пенкало, и можеш да го замолиш тој до тебе да ти даде пенкало, или ти се паѓа слика со врата, па би можела да го замолиш да ја отвори/затвори вратата. Разгледај ги примерите во модел тестовите од линкот погоре има многу примери од картички/слики за делот зборување. Ако се сетам на уште примери конкретно мене што ми се паднаа, ќе ти пишам.
Ти благодарам многу на опширниот одговор. Многу ми значи. Дали се спремаше со курсот на Гете за А1 или со професорка?