Да, верувам. Верувам дека постои некоја сила таму некаде, и дека се' се случува со причина, без разлика дали тоа ќе е лошо или добро.Тоа е тоа натприродното. Досега имало многу случки кои биле прикажувани и на тв, по весници, интернет итн, за сведочење на некои вакви чуда да ги наречам. Па и јас лично сум била сведок на ова, така да, ниште не ме спречува да верувам во Бог, и во неговите ,,чуда''. Верувам и мислам дека секое Божјо чудо, е некаков знак за нас смртниците. Некој показател, доказ, ни сама незнам како да го наречам ова. Често пати Исус за да докаже дека е син Божји, правел чуда, нели како враќање во живите, или пак враќање на видот, итн итн... И како последица некои луѓе верувале дека е син Божји а други пак дека е опседнат со некој демон.. Св. Наум Охридски Во манастирот на Св. Наум Охридски минатата година имало ученици кои биле на екскурзија, а посетата на манастирот била дел од програмата на местата кои што требало да ги посетат децата. Убаво си влегле во манастирот, во црквата си запалиле свеќи и додека биле таму во дворот на манастирот едно од дечињата (бидејќи биле мали) ги здогледало малите паунчиња. Во себе си рекло: -Што сака нека биде ама ќе си земам едно мало пауче ќе си го скријам и никој нема да ме види. Така и направило. Си го ставило паунчето под јакната или во торба (не знам точно) и сите заедно со насатвичките и наставниците во автобусот се качиле да си одат. Но колку и да се обидувал возачот да го запали автобусот и да одат не можел. Можеби неколку часа се обидувал, но никако да тргнат. Побарале совет за автобусот да не е нешто не во ред, но се било како што треба. Во еден момент мислам дека го викнале игуменот отец Нектариј (не знам можеби и бил некој друг), а тој само ги запрашал: -Абе дечиња да има некој земено нешто од манастирот без прашање. Додал: - Не е лошо да ги проверите сите едно по едно да не имаат нешто земено. Тогаш од срам детенцето што го зело паунчето им кажало и го извадило малечкото паунче. Во истиот момент автобусот веднаш започнал да работи. И си заминале.
Старецот и разбојникот На Света Гора живееше еден старец, испосник, кој седумдесет години испоснички се подвизуваше во пустината, трудејќи се во постот, целомудрието и молитвата. И макар што богобојажливо трудуваше пред Бога толку многу години, никогаш не беше удостоен со Божјо откровение. Размислувајќи и носејќи ја оваа помисла во себе си, си рече: „Можеби моите подвизи не Му се угодни на Бога од некоја причина која јас не ја знам, и мојот труд не се принесува пред Неговиот престол; токму поради тоа не добивам откровенија, ниту пак ми се открива некоја тајна“. Со овие мисли тој почна уште поусрдно да Му следува и да Му се моли на Бога, просејќи од Него милост со овие зборови: „Господи, ако мојот подвиг е угоден предТебе, и ги прифаќаш моите дела, јас –грешниот и недостојниот, Те молам и на мене излеј барем капка од Твоите дарови, како би можел да видам дека си ја услишил мојата молитва, та охрабрен и просветлен да го доодживеам мојот аскетски живот“. Како што се молеше и ги просеше овие нешта, го чу гласот Божји како му вели: „Ако сакаш да ја видиш Мојата слава, навлези уште повеќе во пустината, и тајните ќе ти бидат откриени“. Кога старецот го чу ова, излезе од својата келија и се упати длабоко во пустината. Одејќи, пресретна еден разбојник кој, гледајќи го старецот, се затрча кон него со желба да го убие. Кога го пресретна, му рече: „Добро е што налетав на тебе, старче, за да можам да ја завршам мојата работа и да се спасам. Кај нас, разбојниците, постои обичај, закон, или верување, како сакаш наречи го: оној кој ќе успее да убие сто луѓе, сигурно ќе оди во рајот. И така, трудејќи се многу, јас убив деведесет и девет луѓе, со сите сили барав уште еден човек да го убијам, за да бидам спасен. Навистина сум ти должен и благодарен, затоа што уште денеска ќе се радувам во рајот заради тебе“. Кога старецот ги чу зборовите на разбојникот, се растревожи и се исплаши од ова неочекувано и безнадежно искушение. Свртувајќи ги очите на умот кон Бога, и размислувајќи што да прави, Му се обрати на Бога: „Ова ли е Твојата слава, Господи и Владико на сè, која ми вети дека ќе ми ја покажеш како на Свој слуга? Каков е тој совет кој ми го даде, да ја напуштам својата келија и да ја откријам оваа голема и страшна тајна? Со вакви дарови ли ми враќаш за подвизите кои во Твое име ги сотворив? Сега вистински знам, Господи, дека сиот мој пустински напор е суетен, и секоја молитва која Ти ја принесов Ти била одвратна и неугодна. Сепак, Ти благодарам за Твоето човекољубие, Господи, зашто Ти сè знаеш, и го казнуваш моето недостоинство кое е во мене, и поради моите непростени гревови ме предаде во рацете на крадец и убиец“. Изговарајќи ги овие зборови, нажалениот старец одеднаш ожедне многу, и му рече на разбојникот: „Чедо, бидејќи сум грешен, Бог ме предаде на тебе за да ме убиеш, тебе да ти се исполни желбата, а мене – за да ми биде одземен животот, бидејќи сум лош. И поради тоа, те молам да ме послушаш. Имам една мала желба, дај ми малку вода да се напијам, а потоа отсечи ми ја главата“. Кога разбојникот го слушна старецот, посака да му ја исполни желбата и да го послуша. Го врати својот меч во обвивката, ја извади матарката од пазувите и појде кон ближната река за да налее вода и да му даде на старецот да пие. Кога замина да налее вода, ја испушти душата и се упокои. Кога помина малку време, старецот се замисли и си рече: „Можеби бил поспан и заспал, и затоа споро ќе се враќа. Можеби ќе можам да избегам во келијата. Но, бидејќи сум стар, се плашам да не немам доволно сила да трчам, па ќе се заморам и тој ќе ме престигне. И тогаш ќе го прогневам, и ќе посака да ме мачи без и малку жал, и жив ќе ме пресече на многу делови. Подобро е да не побегнам, туку да одам до реката и да видам што прави“. Со овие мисли старецот појде кон реката, и наоѓајќи го мртов се зачуди и се поврати наназад. Кревајќи ги рацете кон небото, извика: „Господи, Ти кој си човекољубец, доколку не ми ја откриеш оваа тајна, нема да ги спуштам рацеве. Затоа, сожали се на мојата мака, и откриј ми ја такнава“. Како што се молеше, ангел Божји дојде и му објави: „Го гледаш ли старецу, овој мртов човек кој пред тебе? Заради тебе тој беше земен со неочекувана смрт, за ти да можеш да побегнеш, а тој да не те убие. И затоа, закопај го како човек кој е спасен. Оти, послушувајќи те со тоа што го врати својот убиствен меч во обвивката за да ти донесе вода со која би го изгаснал пламенот на твојата жед, го смири гневот Божји и беше прифатен како послушник. Неговото разоткривање на деведесет и деветте убиства се сметаше за исповедување. Затоа, погреби го и сметај го за спасен. И преку ова, дознај ја големината на Божјото човекољубие и сожалување. И радувајќи се, врати се во твојата келија, и бдеј во твоите молитви, и немој да се нажалуваш велејќи дека си грешник и одделен од откровенијата. Внимавај, Бог откри една голема тајна пред тебе. А знај го и ова, дека твојот аскетски подвиг е прифатен пред Бога, оти нема подвиг кој во Негово име е направен, а да не дојде пред Неговите нозе“. Откако го слушна ова, старецот го погреба човекот, благодарејќи Му и славословејќи Го Бога.
Прозорливоста на старец Пајсиј ____________________________________________________________________________________________ Старецот го посетил татко, чија ќерка имала тумор на мозокот. Според мислењето на лекарите, и останувале само уште неколку месеци живот. Татко и зел нејзина облека, Старецот да ја благослови, и го замолил да се моли за неговото девојче. Старецот му рекол: „Јас ќе се молам за Вашето дете. Но и Вие како татко морате нешто да жртвувате поради својата ќерка, зашто Бог секогаш е милосрден кога гледа како луѓето се жртвуваат за оние кои ги сакаат“. „Што да жртвувам, Старче“, прашал таткото. „Имате ли некоја страст? Жртвувајте некоја од нив“. Бидејќи бил духовно неупатен, човекот одговорил: „Не знам дали имам каква било страст“. „Дали пушите?“ „Да“, одговорил. „Добро, тогаш жртвувајте ги цигарите за здравјето на Вашето дете и Бог ќе ја исцели“. Таткото ветил дека така ќе направи. Го одржал своето ветување и постепено на неговата ќерка ѝ било сè подобро, додека целосно не оздравела. Лекарите потврдиле дека нејзината здравствена состојба повторно е нормална. Но, таткото заборавил или подобро речено го прекршил ветувањето кое му го дал на Бога и повторно почнал да пуши. Истовремено, на мозокот на неговата ќерка повторно се појавил тумор и нејзината здравствена состојба станало сериозна како и претходно. Таткото повторно отишол кај старец Пајсиј, и побарал да се моли за неговата ќерка. Старецот тогаш му рекол: „Ако Вие, како татко не можете да го одржите ветувањето кое го дадовте поради своето дете и да ја жртвувате страста која го разорува Вашето здравје, тогаш ни јас не можам да Ви понудам никаква помош“. ____________________________________________________________________________________________ Заедно со уште шестмина отци седев на тревникот пред ќелијата на отец Пајсиј. Сите внимателно слушавме што кажува Старецот. Одеднаш се појавило момче кое со својата долга коса и шамијата околу вратот изгледал како анархист. „Каде е тој Пајсиј?“, прашал нељубезно. Старецот стана, му пристапи и му рече: „Зошто ти треба?“ „Сакам да го видам“, одговори тој. Момчето во левиот џеб имаше кутија цигари. Старецот покажа на неа и праша: „Што ти е тоа? Евангелие?“ „Не, цигари“ одговори и го понуди. „Сакаш цигара?“ „Не“ Бидејќи сите со смеа гледавме во Старецот, момчето сфати дека тоа е отец Пајсиј. Откако и ние му потврдивме, се сврти кон Старецот и му рече: „Сакам да ми кажеш како се викам“. Старецот се почеша по главата, преправајќи се дека е збунет, и рече: „Како се викаш... да видиме. Како ги викате светлата на семафорот, со кои се регулира сообраќајот, црвено и зелено? (Грците на црвеното и зеленото светло на семафорот му дале човечки имиња и ги нарекуваат Григорис и Стаматис). „Мислите Григорис и Стаматис“, го прашавме. „Да, баш така се викаш ти.“ Момчето навистина се викаше Григорис и кога го слушна тоа беше счудоневиден. Истиот момент побара насамо да разговара со Старецот. Отец Пајсиј го однесол на страна така што можеа да разговараат без да му пречат. После шест месеци, момчето повторно дошло на Света Гора. Го сретнав пред манастирот Кутлумуш. Повеќе не личеше на анархист. Промената беше толку голема што не бев сигурен дека е тој, па го прашав: „Извинете, ме потсетувате на некој. Дали вие сте тоа момче кое пред отприлика шест месеци го посети старец Пајсиј?“ „Дали личноста на која Ве потсетувам беше груба со Старецот“. „Да, на некој начин...“ „Да, отец, тоа бев јас, будала. Молете се за мене за да можам да се поправам...“
Малини (Чудесата на преподобниот Серафим Саровски) – Митрополит Вениамин Федченков Тоа беше одамна. Во Саровскиот манастир пристигна новиот архиереј. Многу слушал за Божјиот угодник Серафим, но ни самиот не веруваше во приказните за чудата на батјушката. Монасите го дочекаа архиерејот со ѕвона, со сите почести и го воведоа во храмот. Го нагостија како што треба. Следниот ден – служба.. Погледнувајќи сè, архиерејот запраша: “А каде живее отец Серафим?“ A батјушката тогаш не живееше во манастирот, туку во својата пустина. Беше зима, снег во саровските шуми – цело брдо! Со мака се проби архиерејот. Мораше последното патче и пешки да го помине… Батјушката го известија дека самиот архиереј ќе му дојде во посета. Божјиот угодник се поклони до земјата. “Благослови ме, – рече, – мене, бедниот и грешниот, свети Владико! Благослови, батјушка!” Тој секогаш архиерејот го нарекуваше – батјушка. Архиерејот го благослови и појде пред него во ќелијата. Придружбата остана да чека. Влегоа, се помолија и седнаа. Батјушката рече: “Имам голем гостин, а еве, кај бедниот Серафим ништо нема.” “Не возбудувај се, сит сум. Но, разни приказни кружат за тебе.” “Какви приказни, батјушка?“ – праша угодникот, како да не знае. “Еве, велат, чудеса правиш.” “Не, батјушка, бедниот Серафим чудеса не може да твори . Чудеса прави само Господ Седржителот. Нему, Милостивиот, сè му е возможно. Он и прекрасниот свет од ништо го направи. И нам, батјушка, погледај каква благодат ни дал…” Архиерејот се заврте кон аголот, каде покажуваше угодникот, а таму – израснала голема грмушка со крупни, зрели малини. Архиерејот занеме и ништо не можеше да каже. Зима – а израснала малина на голиот патос! Како во приказна! Батјушка Серафим зеде чинија и ги собра малините. Собра и му принесе на гостинот. “Пробај, батјушка, пробај! Немој да бидеш збунет. Бог има од сè многу! И преку бедниот Серафим, по неговите молитви и по милоста Своја неискажлива, Он може сè. Ако имате вера и планините можете да ги поместите во море. Само не треба да се сомнева, батјушка. Пробај, пробај!” Архиерејот изеде сè, а потоа му се поклони на батјушката. Но, батјушката успеа да го допре и му рече: “Не треба ти да се клањаш пред бедниот Серафим, ти си архиереј Божји! Имаш голема благодат! Благослови ме, грешниот, и помјани!” Архиерејот го послуша и стана. Го благослови батјушката и само два- три збора рече: “Прости ми, Божји старче, згрешив пред тебе! И моли се за мене, недостојниот, и во овој живот и во идниот“. “Слушам, батјушка, слушам. Само ти до мојата смрт никому за ова не говори, инаку ќе боледуваш…” Гледа архиерејот, а грмушката веќе ја нема, а на чинијата каде што беа малините, останал малку сок. И прстите му се со малини. Излезе архиерејот. Придружбата го чека. И за што, размислува, тој така долго разговараше со батјушката Серафим? А тој, гологлав, го фати под рака и го води до самите санки. Архиерејот, само што тргна, рече: “Голем угодник Божји. Вистината за него ја говореле, чудеса прави”. Ништо не им рече за малината. Само целиот пат молчеше и се крстеше, малку-малку, па вели: “Голем, голем угодник!” А кога батјушката умре, на сите им ја раскажа приказната за малините.
старец Јаков (Цаликис) Евбејски ******************************************************************************** Еднаш, кога имал 10 години, во јули месец го пратиле со брат му да ја ожнеат нивната нива. Неговиот брат го каснала змија и имал страшни болки. Многу плачел и викал за помош. Јаков се обидел да го утеши брат му, го измил огризокот, клекнал на колена, го симнал дрвениот крст кој секогаш бил на неговите гради, го прекрстил брат му со него, ги подигнал рацете кон небото и рекол: „Христе мој, те преколнувам овој отров да го претвориш во вода и ништо лошо да не му се случи на мојот драг брат! Казни ја проклетата змија, затоа што нечестиовиот ја ставил овде за да му наштеи!“ Набрзо болката се ублажила и злото било запрено. И не само тоа – змијата малку се оддалечила, останала неподвижна и тука погинала! ********************************************************************************* Во друга прилика една мајка тргнала кон манастирот, носејќи ја со себе облеката на своето болно новороденче за отец Јаков да прочита молитва. Дошла со такси. Недалеку пред раскрсницата за испосницата на преподобниот Давид, таксито се заглавило во кал и не можело да го продолжи патот. Во тоа време покрај нив минал отец Јаков јавајчи на мазга. Одел во село кое било оддалечено 6-7 километри, каде требал да причести некој човек на смрттна постела. Мајката го замолила да поразговара со него, но тој и покажал кон „светото видение“ и рекол да се прекрсти и да оди во манастирот, каде и он подоцна ќе дојде. После 10-15 мин. мајката и таксистот стигнале во манастирот, влегле во храмот, се поклониле на светите икони, и на нивно запрепастување, отец Јаков тогаш излегол од олтарот! „Оче Јаков, зарем не ве видовме пред малку на патот?“ „Да, чедо мое!“ „Зарем не одевте во село и носевте Причест на човекот кој е на смрттна постела?“ „Да, чедо мое!“ „Како е можно толку брзо да отидовте и да се вративте?“ „Тоа, чедо мое, се Божји работи.“ **********************************************************************************
Верувам. Како што верувам во Бога, така верувам и во тоа дека постојат Божји чуда. Спојлер Самата сум сведок на едно... Бев мала, немав можеби ни 8 години, но сепак добро се сеќавам на ова Дома дојдоја 2 жени, снаа и свекрва кои ги видов прв пат во мојот живот а не ни беа роднини. Не се сеќавам точно од каде беа, но се сеќавам што бараа. и рекоа на баба ми - „Ни кажаа дека чувате дома Христов венец“ и баба ми рече „Да, да, еве го и им го покажа“. Жената почна да зборува како е во брак а не можеле да имаат деца неколку години и слушнале од некој дека, водата од цветовите на венецот помагала, и затоа биле дојдени дома. Христовиот венец пушта вода само наутро, со посебен мирис и благ вкус, и се премногу вкусни па секогаш ги собирав и ги лижев. Следното утро дојдоја дома рано, собравме капки колку што имаше ни се заблагодарија и заминаја... После неколку месеци дојдоја повторно. Носеа дар за сите од дома од благодарност, таа беше бремена и роди (мислам) син.
Ослободување од тумор По професија сум морнар. Во 1955 година се направив операција од простата во болницата Марина во Балтимор, Америка. Во јули 1968 имав крварење и лекарите ми рекоа дека тоа се остатоци од простатата и ми направија разни терапии. Но, наместо подобро, одев на полошо. Со многуте испитувања ми најдоа полип на мочниот меур. Отидов во амбулантата и главниот лекар ме испрати на клиниката на г. Леуси, на ул. Колокотрони 85. Таму започнаа големите болки. Останав 43 денови. Плачев и урлав како куче. Таквите болки ни во планината да не одат. На крај, дојде г. Л. и ми рече: „Господине К., вашата болест е премногу напредната и не можам ништо да сторам“. Му одговорив оти не ми останува ништо друго, освен да одам и да умрам во моето село. Дојдов во моето село и живеев со инјекции за смирување на болките. По една на секои три часа. Целото тело ми беше издупчено. Немаше веќе место за други. На 10 октомври, таму кај што седев на крајот од креветот, часот беше 9 навечер, и јас плачев и викав од страшните болки. Ги подигнав очите нагоре и гледам човек седнат на другиот крај од креветот и воопшто не се исплашив. Носеше расо светло сино и калуѓерска скуфија. Му реков: „Кој си ти?“, а тој ми одговори: „Јас сум свети Нектариј“. Му реков: „Грешен човек сум“. Ми одговори: „Не си грешен, ги чув твоите болки и дојдов да ти помогнам“. Светителот цела ноќ седеше со мене. Утрото во зори излезе надвор од спалната соба и се помоли на Сесилниот Бог. Не разбрав што велеше, и стана невидлив. Вечерта дојде еден мој соселанец и ми зборуваше за светиот Нектариј. Наредната вечер, друг соселанец ми го раскажуваше истото. Останав вчудовиден, што се случува? Следното утро искрварив многу. Дојде времето за умирање, немав повеќе сили. Се помолив, за да го предадам мојот дух. Во мене слушнав голема врева, како земјотрес и се исфрли од моето тело еден голем крвав тумур, околу еден и пол килограм тежок. Во тој миг ми се причини дека ми се отвори стомакот. Гледам, сè е во ред. Жена ми ме држеше од едната страна, а од другата јас се држев за креветот. Ì велам: „Оздравев“. Во тој ден заспав околу 1 часот по полноќ и спиев до 6 часот утрото. Немав спиено 5 месеци. Од тој час, ни лекари, ни лекови. Потполно сум здрав. Имам 70 години. Го славам Бога и чудотворецот свети Нектариј. (22.6.1969) Х. К. – Лаконија.
Пред малце се вратив од продавница,може и не е големо чудо, но доволно е за мене да знам дека ГОСПОД е таму некаде и ме гледа. Одејќи по пат си мислев колку би било убаво да го сретнам во продавницата мојот симпатија и почнав филмчиња да си правам за тоа што сакам одприлика да се случи.И си реков ГОСПОДЕ подари ми го ова те молам.И одам јас и гледам тој влегува во маркетот и скоро се како што си замислував се се случи.Сеуште неможам да си поверувам како тоа така баш така се случи.И после цел пат му се заблагодарвав на ГОСПОД.И знам дека секогаш ќе биде покрај мене и ќе ме заштитува.
Верувам во Божји чуда,и самата имам доживеано такво нешто,со силна желба и редовна молитва во црква мене ми помогна...дупи не верував...за здравствен проблем се работеше..Верувајте и невозможното ке стане вистина доколку од срце гопосакувате и му се помолите Него.
Чудата на свети Ефрем Неамакриски Светиот Ефрем Неамакриски твори многу чуда насекаде низ светот. Следниов настан на авторот му ја раскажала една монахиња од Свето Ангелската Обител во Каламос, Атика, на крајот од 1992 година. Нејзе ѝ ја раскажал таксистот кој го возел момчето од овој настан, при неговата прва посета на Неа Макри во 1990. Таксистот го опишал настанот од збор до збор, како што нему му ја раскажало момчето, овој настан бил објавен и во грчкиот весник „Ортодокс Типос“. Да започнеме со тоа, дека веќе поминаа два месеци откако престанав да земам од отровот, и се чувствува како и секој нормален здрав човек. Немав желба повторно да примам никаква супстанција во мојата крв. Ова не се должи на мојот напор, туку сѐ тоа е поради чудесната моќ на Бога и на неговиот светец. Се родив и пораснав во Атина, во Кукаки, до мојата осма година. Единствено дете сум во моето семејство, и моите родители лудо ме сакаа и никогаш не одбија нешто што сум посакал. Кога имав осум години со моите родители заминавме во Америка, за подобар живот. Со помошта на роднините, моите родители најдоа работа, а јас се запишав в училиште. Како што растев, така растеа и моите апсурдни желби и пороци. Поради мојот характер, лесно подпаѓав во лоши друштва и за брзо време пробав марихуана и хашиш. Како што минуваа годините лесните дроги не ме задоволуваа ниту мене ниту моите пријатели. Така да преминавме на тешки дроги кои ги наоѓавме во истата околина. До нив лесно пристапувавме исто како и до лесните дроги. Но, овие беа многу поскапи, а јас бев невработен. На почетокот крадев од џебовите и ќесињата на моите родители. Ама, кога со текот на времето имав потреба од поголеми дози, и откако ме открија моите родители, почнав да ги малтретирам како би дошол до пари. Мојата состојба беше критична, ја разбирав, но не можев да се вратам назад. Родителите ме водеа по лекари и психолози, со надеж дека тие ќе можат да сторат нешто за мене, но немаше ништо, никаква светлина од никаде. Лекарите им кажаа дека доколку не ја напуштам таа околина, мојот живот би бил многу краток. Еднаш, во тоа време, кога седев сам дома, во очајна состојба, еден непознат посесител, кого до тогаш го немав видено се појави пред мене. Беше средно висок и имеше многу големи округли очи, кои шараа наоколу. Имаше долго црно руно на неговито тело. Имаше и рогови и опашка. Неговиот глас беше силен и јак, страшно убедлив што не оставаше простор за несогласување. Започна да дава детален преглед за мојот живот од времето кога бев роден се до тој момент, а јас можев само да се согласувам со она што го раскажуваше. „Ги имаше сите задоволства“, ми рече на крајот, „не ти останува ништо друго, освен да дојдеш со мене…“, „Како?“ – го прашав. Ми рече: „Ќе го земеш автомобилот, и ќе возеш по тој и тој пат. Ќе возиш по него толку и толку километри (не се сеќавам колку), а јас ќе бидам таму и ќе те чекам…“ Тој пат беше прав многу километри, а на едно одредено место имаше незабележителна кривина, каде многу возачи кои возеле пребрзо, имаа отстапено од патот, удрено во еден ѕид и умрено. Веќе имав слушнато за многу сообраќајни несреќи кои се имаа случено на истото тоа место. Направив точно како што ми кажа, и и јас удрив во ѕидот. Колата заврши катастрофално. Никој не можеше да ја препознае, но јас поминав само со лесни повреди. Откако ми дадоа прва помош, се вратив дома. По околу 10 дена од несреќата, истиот несекојдневен посетител повторно се појави, сега во мојата кујна. На неговото диво лице се гледаше пена која од бес излегуваше од неговата гнасна уста, имавтајќи со главата, рече со истиот глас: „Ништо не направи“. Се скаменив, и погледнувајќи го успеав да го прашам: „Што треба да направам?“ „Веднаш земи тројна доза од она што го земаш вообичаено и сигурно ќе дојдеш со мене“. Тој исчезна, а јас не се сетив ниту да се запрашам себе си, како влегол во мојата куќа, или кој беше – само почнав да го реализирам планот. Ја ставив дрогата во шприцот и барав место за да ја вшприцам во моето изнадупено тело. Дозата беше голема и јас веднаш се онесвестив. Кога сеуште бев во несвест видов висок човек со мантија, црна камилавка и крст на челото. „Не плаши се“ , ми рече, „ќе ти биде добро, а кога ќе се вратиш во Грција, дојди кај мене дома. Јас сум Ефрем“. Се разбудив кака да немав земено од тој проклет отров. Почувствував силна желба да заминам во Грција, и колку што можев побрзо ѝ кажав на мајка ми, таа беше восхитена и мислеше дека тоа е чудо, бидејќи тие се обидуваа да ме оттргнат од таа околина многу пати, но без успех. И раскажав на мајка ми сѐ што ми се случи, и та реши да ми се придружи на моето патување. Кога се вративме во моето старо маало (во Атина), појдовме кај нашиот парохиски јереј и од него научив кој бил чудниот посетител и што сакал од мене. Тој бил ѓаволот и ја сакал мојата бессмртна душа. Му благодарам на Бога од длабочините на мојата душа. Се исповедав и постев, а по 15 дена јерејот ме причести. Кога ја видов иконата на свети Ефрем, знаев дека е тој што ме спаси од ужасниот отров. Бев во Неа Макри и платив да се служи литургија за да му се заблагодарам на светецот. Сега доаѓам во манастирот понекогаш за да избегам од светот на кратко и за бидам повторно осигурен дека не ми се потребни дроги повеќе.
Чудата на свети Ефрем Неамакриски Светиот Ефрем Неамакриски твори многу чуда насекаде низ светот. Шведскиот затвореник Јас се викам Т.М. и иако сум Грк по потекло, живеам во Шведска. Пред 12 години бев обвинет за криминал кој не го сторив и бев осуден на 3 години затвор. Ме затворија во темна ќелија 5 месеци, да ја чекам мојата жалба која требаше да се разгледува на 18. декември 1981, петок. Во четвртокот вечерта во 3 часот, се разбудив изненадно, исплашен, и бев на нозе пред да сватам дека сум буден. Пред мене стоеше човек, бос и облечен во бела хајлина, смеејќи ми се. Беше висок и слаб, со брада. Не носеше шапка, неговите очи беа сини и личеше љубезно. Го прашав на шведски, „Кој си ти?“ Се насмевна повторно и подигнувајќи ги рацете ми одговори на грчки, „Утре ќе бидеш ослободен на судот“. Повторив, „Кој си ти? Од каде знаеш?“ Насмевнувајќи се ми повтори, „Утре ќе бидеш ослободен“. Се свртив кон врата восхитен да видам дали ја оставил вратата отворена. Таа беше затворена. Повторно погледнав во посетителот и искусив нешто што никогаш нема да го заборавам се дури сум жив. Фигурата на мажот се издигна кон горниот агол на ќелијата, каде што и исчезна. Бев убеден дека штотуку бев сведок на чудо Господово. Се прекрстив и заспав. Идното утро бев одведен во судот, каде после неколку часа, судијата се исправи и рече, „Слободен сте“. Клекнав на колена, се прекрстив и ја напуштив судницата. Им се јавив на моите родители, да им кажам дека сум ослободен. На мое изненадување, тие веќе знаеа. „Како? Како дознавте?“ – извикав. Ми кажаа дека ги информирала сестра ми, која му се молела на свети Ефрем во Неа Макри претходниот ден. Се јавив кај сестра ми. Таа ми кажа дека во четвртокот вечерта пошла во манастирот на свети Ефрем за да се моли за мене. Таму го почувствувала ветувањето на свети Ефрем, дека ќе бидам ослободен од затворот. Им јавила на моите родители за настан кој ќе се прочуе следниот ден. Особено беше восхитувачки тоа што никој не знаеше дека судењето е закажано за следното утро. Неколку денови подоцна поштенски добив книга и икона од свети Ефрем, од мојата сестра. Веднаш го препознав мојот мистериозен посетител. Заминав во Грција и штом пристигнав се упатив кон манастирот за да му заблагодарам на светецот за големиот подарок што преку него го добив од Бога. Т. М. Карусел Стокхолм, Шведска
Премногу верувам во Божји чуда,значи неколку пати се обидувавме со маж ми да имаме дете и така нишо не биднуваше а јас се нервирав премногу,почнав да се молам на Богородица и оп наредниот месец едно мало ангелче во моето меше,потоа требаше да се породам и моето ангелче никако не сакаше да излезе мене ми помина термин и така јас загрижена по болници ми закажаа термин за царски рез и уште еден милион перипетии со тоа,пред да одам на царски прво отидов на црква повторно се помолив на Богородица да се роди само живо и здраво моето дете и ништо друго,така јас во болница ме маткаа едно два дена и тоа изгладнета прегладнета моето бебче не мрдаше во моето меше,а претходно беше многу темпераментно,и така почнаа да му се губат тонови да нема срцева акција кај него,му се заматила плодовата вода и кога се стутка во моето меше во една позиција не мрдаше воопшто,само верба во Бога и Богородица мислам дека се спаси и преживеа,зошто се роди со многу низок апгард,со вештачко дишење се го присвестувале и ред други работи мислам само дека Божјо чудо го остави да живее и јас да бидам среќна мајка
Само искрено и со цело срце ВЕРУВАЈТЕ во тоа што силно го посакувате. Верувајте во бог и во себе и бидете трпеливи и истрајни колку и да изгледа тешко и невозможно. На тој начин секое чудо ќе стане ваша реалност и ќе ви овозможи среќа во животот.
Чудата на Пресвета Богородица Од житието на Св. Јован Дамаскин За свети Јован Дамаскин, на кого света Богородица му ја излекувала отсечената рака стапил на цариградскиот престол Лав Исавријанец, беше кренал гонење против иконите, мислејќи дека нивното почитување е идолопоклонство. Во тоа време многу православни владици и христијани пострадале од него затоа што му се противеле. Кога чул за ова свети Јован Дамаскин, кој тогаш бил висок службеник при дворот на персискиот цар Амир, почнал да пишува книги и писма и ги испраќал по сета грчка земја, утврдувајќи ги православните во благочестие. Тој го учел народот да ја чува Христовата вера, да ги почитува светите икони и да им се клања. А кои не ги почитувале, ги нарекувал еретици и неверници. Кога го дознал тоа царот иконоборец, многу се разгневил на Јована и намислил да го наклевети на царот Амир. За таа цел тој дошол до некое од неговите писма, потоа нашол човек што умеел да пишува исто како и Јован, па му заповедал да .напише писмо кое божем Јован му го напишал на грчкиот цар, со кое го кани да ги нападне Агарјаните и да го заземе Дамаск. Тоа писмо царот го испратил во Дамаск по еден човек заедно со свое писмо до персискиот цар, во кое му пишувал: „Царе Шамски Амире! Ти знаеш дека ние сме во големо пријателство, што нема никогаш да престане, но твојот 'верен' Јован ме кани да кренам војска против тебе. За да се увериш, ти испраќам едно негово писмо". Кога ги примил тие две писма, Амир многу се разгневил, па го повикал Јована да му ги покаже. А свети Јован кога видел дека тоа е клевета од страна на иконоборецот, му рекол на царот: „Тој ракопис, иако личи на мојот, не е мој, царе! Никогаш јас не сум помислил такво нешто". Но проклетиот варварин во својот гнев наредил веднаш да му ја отсечат десната рака што го посрамила неверниот цар, иконоборец. Џелатите му ја отсекле раката и ја закачиле на јавно место за да ја гледаат луѓето. Откако се замрачило, света Јован испратил луѓе до Амира и го молеле да му ја даде раката за да ја закопа в земја. На царот му поминал гневот и му ја дал раката. Свети Јован кога си ја зел раката, се затворил во својата соба, легнал на земја пред иконата на пресвета Богородица и со големи воздишки и солзи се молел: „Пресвета Владичице, пречиста Мајко на мојот Господ! Поради светите икони ми ја отсекоа раката. Ти знаеш колку е лукав царот Лав. Те молам, погледни на мене, излекувај ми ја раката. Десницата, на Вишниот, Кого ти Си го родила, многу чуда направила по твоите молитви. Помоли Го и сега за мојата десница. О Владичице, за да можам со неа да пишувам песни за твоја слава и за слава на Твојот Син". Молејќи се така, свети Јован задремал и ја видел Мајката Божја како му говори од иконата: ,,Еве, ти оздраве раката и не тажи за неа. Таа сега може да пишува како и порано, онака како што сакаше ти". И навистина. кога се разбудил, ја видел раката здрава. Останал само белег како со конец да била стегната на местото каде што била пресечена. Тогаш тој им благодарил на Бога и на Мајката Божја за големата милост покажана кон него. Потоа, преку целата ноќ свети Јован пеел пофални песни и говорел: „Десницата Твоја, Господи, се прослави во силата. Твојата силна десница ја излекува мојата болна рака и сите неверници што не ги почитуваат светите икони си ги поразил". Утредента сите што виделе дека раката му е здрава, многу се зачудиле. Кога тоа го разбрал тоа царот, го повикал Јована да му ја виде раката. Тој отишол кај царот и му ја покажал отсечената рака веќе здрава, на која имало бе-лег како од црвен конец. Кога го видел тоа царот, го прашал кој доктор и со каков лек му ја исцелил раката? Свети Јован без да се плаши, му одговорил: „Бог, Кој може се да направи, ми ја излекува, а не доктор". Царот се уплашил и му рекол: „Опрости ми, пријателе, јас не знаев и затоа заповедав да ти направат зло. Но сега гледам дека ти си бил прав и затоа сакам да бидеш пак при мене и дури на уште повисока должност". Свети Јован му заблагодарил и му рекол: „Те молам, да ме пуштиш да отидам да и служам на пресвета Богородица, која ми ја излекува раката". Кога го чул тоа Амир, му одобрил да отиде каде што сака. Потоа свети Јован го раздал целиот свој имот на сиромаси, ги отпуштил слугите и отишол во манастирот „Свети Сава"; таму се замонашил. Го дале на послушание кај еден старец, кој му заповедал без негова заповед да не работи ништо. Но, еден ден дошол при него некој човек и го замолил да му состави некоја духовна песна затоа што бил натажен поради смртта на брат му. Тој му испеал: „Всја суета человеческаја..."3, тропар кој и денес се пее на опело. Кога чул старецот дека свети Јован пее без негова дозвола, го истерал од кај себе. Потоа се јавила пресвета Дева Марија и му рекла на старецот: „Не затворај го тој чуден извор зашто тој ќе ја напои Црквата Христова со божествени песни за да Го прослави Мојот Син и Мене". Тогаш старецот му простил на свети Јован и му одобрил да се врати при него и да пишува песни за слава на Бога и на Неговите свети. Амин. ******** Во мај 1507 година, по раѓањето на Христа, на островот Крит се случил силен земјотрес, од кој пострадале голем број згради. Таму во некој дуќан, што бил надвор од градот, имало икона на света Богородица, пред која сите слуги секоја вечер палеле свеќи и кандила пред да отидат на спиење. Во ноќта кога бил земјотресот, во дуќанот оставиле да спијат две деца. По земјотресот, мајсторот веднаш отишол да ги извади децата, но кога видел дека дуќанот е урнат, помислил дека тие се загинати, па почнал да ги бара за да ги извлече. Барајќи така, чул како зборуваат под еден камен, па ги извадил и ги прашал како останале живи. Тие му одговориле: „Кога се тресеше земјата, ние стоевме пред иконата, плачевме, и се молевме на света Богородица да ни помогне. Тогаш видовме како од иконата излезе еден покров, кој се простре над нас и не им дозволуваше на камењата и на дрвата да паднат на нас. Потоа ни се јави света Богородица и ни велеше: Не бојте се, чеда! И ние ја гледавме се додека ти не не извади". Кога го чул тоа мајсторот, ги прославил Бога и света Богородица и раскажувал за тоа чудо по целиот град. Тамошниот судија Ероним, кога разбрал за ова, изградил црква на тоа место каде што била иконата и оттогаш секоја година на тој ден се празнува споменот на тоа чудо. А иконата со силата на света Богородица прави многубројни чуда дури до денешниот ден. Слава на нашиот Бог во веки. Амин.
Во Украина пред неколку години изгорел еден амбар. Покрај се што било изгорено, сопствениците пронашле две дрвени штици со малечка димензија од околу 10 на 15 цм. Видно изненадени од тоа што ги пронашле покрај се што изгорело, потполно заборавајќи на нив, ги ставиле дома. По извесен период децата ги пронашле и им ги покажале на родителите. На дрвените и исчадени штички започнале да се појавуваат нејасни црти на некој лик. Како што стоеле од ден на ден, на штичките веќе се распонавале ликовите. Веќе станало очигледно дека биле икони. Домаќинот ги однел во црква за да се осветат и во текот на чинот на осветување се случило чудо. Пред очите на отецот, иконите веќе го покажале својот вистински лик. Сјајеле како тогаш да биле нацртани. На едната бил ликот на Господ, а на другата ликот на Св. Николај. Сопствениците на имотот, поточно човекот кој ги пронашол во пепелот, јасно кажал дека ништо не им направил. Дека кога ги пронашол биле исчадени и на нив ништо не се гледало. Само ги зел во раце и ги оставил на некое место на кое и потполно заборавил. Воедно кажал дека имотот пред да биде во нивна сопственост, бил на некој отец. „ Колку се многубројни твоите чудеса Господи...’’- Псалм 103
Верувам во се што е поврзано со Господ, а посебно во неговите чуда. Како да не верувам, кога уште сум жива, покрај толку лоши случувања. Кога ќе ми кажуваат за некој такви случки секогаш се ежам и ми поминува ладен бран по цело тело.
Тој немал законска жена, туку руска наложница-робинка, а со неа живеела и уште една стара жена од Русија. Двете биле благочестиви, а бидејќи бил верски трпелив, им дозволувал да го посетуваат христијанскиот храм. За време на празничните денови, старата жена одела во црква и земала од благословениот леб (антидорон), и и’ носела на младата жена за да јаде. Исто така, и’ носела и осветена вода за да пие. Со тек на времето, забележувал кај нив некакви благодатни измени, кои се случувале секој пат кога старата жена се враќала дома после богослужбата. Секогаш кога бил блиску до својата наложница чувствувал благоухание кое излегувало од нејзината уста и ја прашувал што јадела за да има таков мирис, но таа не кажувала. По долго инсистирање, на крај му признала дека тоа е од лебот кој бил благословен од свештеникот и кој и’ го носела старата жена секогаш кога се враќала од црква. Слушајќи го ова, посакал да ја посети Православната црква и да види како православните христијани го примаат овој благословен леб. Обземен од љубопитност, од свештеникот посакал да присуствува на Литургија на која ќе служи патријархот. Неговата желба била исполнета, му било подготвено посебно место како на виден гостин, и тој облечен како христијанин отишол на богослужба. Според тоа има право да ги посетува христијанските храмови во секое време (но не за време на молитва, се разбира). И ете, за време на Литургијата, чиновникот неочекувано видел како патријархот блеска во светлина и бил подигнат од земјата кога излегувал од олтарот преку царските двери за да го благослови народот. Во моментот кога патријархот благословувал, од трисвештникот и неговите прсти излегувале зраци кои паѓале на главите на сите христијани, а само глава негова била одмината. Тоа се случило два-три пати и секој пат го гледал истиот призор. Вџашен од тоа чудо, искажал желба веднаш да го прими светото крштение.