1. Овој сајт користи колачиња неопходни за неговото функционирање. Ако продолжиш да го користиш, значи се согласуваш со нашата употреба на колачиња. Прочитај повеќе.

Дали децата се огледало на родителите?

Дискусија во 'Дете' започната од Ket.Rin, 13 ноември 2011.

  1. Ket.Rin

    Ket.Rin Истакнат член

    Се зачлени на:
    15 јануари 2011
    Пораки:
    286
    Допаѓања:
    970
    Инспирирана од статијата подолу на Венко Андоновски и изреволтирана од однесувањето на една моја мала братучетка решив да ја отворам темава.

    Според мене најголем процент од децата се огледала на своите родители. Братучедката што ја спомнав погоре е дете единче и толку ја размазиле што не можев да им поверувам на своите очи како се однесува. Сега е прво одделение, а претходно одеше во приватна градинка со цел да немала лошо влијание од другите деца и "лошите учителки" во нормалните градинки. Само ја фалат колку таа знаела англиски, попаметна била од сите, можела да разговара со тебе како возрасна...ма ајде! Си влезе во соба, ги избрка сите, госпоѓата сакала сама да седи, после ми украде шеќерчиња (имам колекција) и уште пред мои очи ме направи будала, ко јас 7 години да имам. Нејќеше да јаде, грдо и било, и на крај и ги облече чизмите на мајка ми 20 броја поголеми и нејќеше да ги соблече, од земја почна да се треска. Се прашувам што ќе стане со неа понатака.

    Од друга страна па децата кои имале трауматизирано детство, биле лошо третирани од своите родители можеби ќе бидат токму спротивното од нив, односно ќе сфатат како не треба да се однесуваат со своите деца.

    Дали вие се согласувате дека децата се огледало на родителите и дали истите се пресудни за понатамошното однесување на своите деца?


    Задоцнети родители
    Ова е критика за родителите. И јас сум родител. Не можам да барам нешто од моите деца што јас не го правам. И не можам да им забранам да прават нешто што јас исто така го правам. Тоа е лицемерно

    Пред некој ден бев на доделување на свидетелства кај најмал основец. Забележав дека луѓето што дојдоа таму со своите деца, на тој свечен чин – се всушност некогашните деца на Влае. Многумина од нив ги познавам – по истите улици сме растеле. Она што ме изненади е што за некои од тие луѓе, кои сега се грижливи родители, знам дека беа проблематични деца. Немирни, што се велеше тогаш. Ги гледам сега и не можам да се изначудам како ги прекоруваат своите деца да седат мирни додека наставничката ги чита имињата. Времињата се менуваат. Луѓето се менуваат. Ама не сите. Некои се непоправливи. Имаше неколкумина што ги познавам, кои никогаш не го почитуваа туѓото време. Кои секогаш доцнеа. Задоцнија и на овој свечен чин. Со своите деца.

    Пред неколку месеци, враќајќи се од родителска консултација со наставничката, во истото училиште, зажалив што немав камера. Ќе излезеше добар прилог, посветен не на училиштето, туку на родителите. Беше рано наутро и јас на наставничката и одзедов неколку минути од првиот час. Но она што ме изненади беше дека, иако ѕвончето веќе беше означило почеток на првиот час, уште петнаесет-дваесет минути потоа доаѓаа ученици во придружба на нивните РОДИТЕЛИ. Подзаспани, ненаспани, нервозни, бушави, набрзина нашминкани мајки и татковци со прва цигара во уста. Не се децата тие што доцнат.

    Очигледно, родителите прво задоцниле за на работа. Очигледно, децата, како и родителите доцна си легнале. Очигледно, некој им дозволил на децата да останат по полноќ, најверојатно за да можат и родителите да си поседат дома или во кафеана по полноќ. Јасно е – децата на тие родители се целосно морално-воспитно запуштени (можеби и обратно – родителите на тие деца се запуштени). Не велам дека тие деца полошо ќе си поминат во овој живот и во ваква земја, со навики какви што имаме. Во неа, можеби тие што доцнат ќе поминат подобро од оние што доаѓаат навреме, затоа што во оваа земја никој не почитува ништо туѓо. Секој го гледа само своето, својата сопствена потреба. Еден основен семиотички симптом за такви саможивни, егоистични култури е една бизарност од јавните нужници – во такви земји ретко кој пушта вода зад себе, затоа што се држи до максимата: „А, ми е гајле, јас си завршив работа, ми олесна, нека му ја мисли тој што ќе дојде по мене“.

    Непочитувањето на туѓото (не само на туѓото време, туку на сé што е туѓо) започнува со доцнењето. Тоа е првата скала. Се договараме да се видиме во десет, јас жртвувам еден куп приватни обврски, се лишувам можеби од еден час игра и смеење со децата, се лишувам можеби од еден час читање книга или заработување пари, а ти доаѓаш во 10 и 30, откако себично си ги истерал своите ќефови. Значи, непочитувањето на туѓото почнува обично со доцнење на состаноци, но завршува со жесток тоталитарен режим и репресија. Тоталитарните режими и не се ништо друго освен непочитување на туѓото и на Другиот. Меѓу доцнењето на состанок, непуштањето вода во јавен тоалет и националната омраза има многу мала разлика. Формата е различна, суштината е иста. Основата е – саможивен егоизам и најпрвин потценување, а потем и негирање или омраза на другиот, блискиот, различниот.

    Тој поединец што доцни, утре ќе стане диктатор на работно место. Замислете таков човек зад шалтерот, кому не му е грижа дали клиентот што чека и му ги покажува документите, барајќи правда, е во право или не! Тој ќе стане диктатор и дома, малтретирајќи ги децата и жената, не признавајќи им ништо нивно – постои само неговото и крај. Тие ќе немаат нивни права: право на нивни мисли, право на нивно време, право на нивна интима. Но влезот на таквиот поединец во општеството е многу пострашно нешто одошто формите на семејна тортура. Со влегувањето на таквиот неодговорен, морално и воспитно запуштен поединец во општеството, се институционализираат неодговорноста и тортурата. Неодговорниот човек не може да се грижи ни за себе, а камоли за другите. И затоа, и без да знае, ќе почне да ги малтретира.
    Пример. Јуни. Испит по солфеж во основно музичко училиште во Скопје. На еден лист хартија, најуредно испишани термини за полагање, по групи. Впрочем, станува збор за најмала возраст, за деца кои се „прекршуваат“, кои сега или ќе го засакаат тоа што го учат или ќе го замразат. Секој детаљ во односот меѓу нив и нивните учители може да биде пресуден. И, што се случува? Групата што треба да полага во 11:00 доаѓа на време и забележува дека уште не е почната со испит ниту групата од 9:00. Зошто? Некој од комисијата задоцнил. Некој. Некој неодговорен, воспитно-морално запуштен воспитувач! Во такви моменти обично ја пцујам државата. Не знам зошто, најлесно е така. Само велиш „Да ти ебам државата, да ти ебам“, и тоа сочно, и ти олеснува. Ама не е така. Државата не одела на гинекологија да се чепи за да го роди тој што задоцнил. Државата не е таа што требала да го скубне за зулуфите кога првпат задоцнил. Државата не е само школото што требало да го воспита. Државата, над сé и пред сé – тоа се мајка ти и татко ти. Ако тие не те воспитаат дома, џабе ти е потоа да го очекуваш тоа од професорите, наставниците, воспитувачите. Тие само треба да надградат нешто, но ако темелот го нема – нема што да надградуваат! И тој член на комисијата што задоцни, поради кого шеесетина дечиња дента изгубија по четири-пет часа од својот живот – не бил воспитан од мајка и од татко. Државата можеби подоцна се вклучила во неговото доофомување во саможивен монструм, со тоа што директорите во школите каде што учел, преку врски – му прогледувале низ прсти. Но, човекот е згрешен прво дома.

    Ете така. Ова е критика за родителите. И јас сум родител. Не можам да барам нешто од моите деца што јас не го правам. И не можам да им забранам да прават нешто што јас исто така го правам. Тоа е лицемерно. Кога тајно се прави нешто, се доаѓа до трагикомични ситуации. Како пред некоја ноќ. Не можев да спијам и излегов во дворот. Беше три и пол. Се изненадив кога го видов детето на еден подалечен сосед во доста кризна ситуација – атаксично, дезориентирано, изгубено. Очигледно, малиот имаше пиено алкохол или консумирано опијатчиња. Трипати помина по улица гледајќи во мобилниот телефон, зборувајќи нешто со апаратот како со човек, лутејќи и се на тастатурата. И трипати не ме виде, иако стоев на портата, и иако обично редовно ме поздравува. Конечно, на третото поминување, го опцу телефонот и го тресна од земја. Го парчоса. Потоа се наведна за да му ги прибере посмртните остатоци, кога, на свиокот сопре возило што можеше да го удри, онака наведнат. Од возилото се слушна гласот на татко му: „Што правиш тука, бе магаре едно? Па нели рече дека не излегуваш?“. А малиот врати – „Па и ти рече дека одиш на состанок и дека ќе се вратиш до шест.“ Што потоа се случи не знам. Но, знам само едно – треба да се смислат школски казни не за децата, туку за родителите. Во тоа сум се повеќе убеден, гледајќи ги родителските капацитети, посебно на мојата и на генерациите по мене!
     
  2. slavica999

    slavica999 Популарен член

    Се зачлени на:
    27 декември 2009
    Пораки:
    4.327
    Допаѓања:
    5.333
    Кога ќе се роди детето е чист лист хартија. Потоа почнува да се испишува листот. Децата се чуваат додека се мали, родителите се тие кои ги насочуваат во животот, а кога ќе пораснат и созреат сами се чуваат.
    Да, децата се огледало на родителите и нивна гордост. Како го воспиташ и врежаш некои основни принципи, правила таков човек ќе биде.
    Денес родителите во трка по време и пари честопати ја забораваат нивната прва обврска - воспитување на своето време. Денес, нивна прва обврска е како да се дојде до пари. На жалост живееме во такво општество каде што го преживуваме секој ден. Да, детето сака да се храни и облекува и тоа е родителска обврска ама често се заборава или не се знае како да се применат одредени воспитни мерки. Битен фактор е и кога имаш и знаеш а не знаеш како.
    Фидбек е колку тоа ќе те направи горд родител. На крај на краишта секој со своја заслуга.
     
    На eli25 и Serafima им се допаѓа ова.
  3. Serafima

    Serafima Форумски идол

    Се зачлени на:
    28 октомври 2010
    Пораки:
    1.229
    Допаѓања:
    21.266
    Според мене, навистина децата се огледало на родителите.

    Баш како што кажа и slavica999, тие на почеток се само неиспишан лист хартија, која се пишува со секој изминат момент.
    Погледнато малку подлабоко во самиот корен, ќе видиме дека детето учи уште во утробата на својата мајка. Додека таа била во блажена состојба и додека тоа бебе растело во нејзината утроба, многу настани од животот на мајката остануваат засекогаш на детето. Реакциите кои таа ги правела кога била нервозна или она што го правела кога била радосна, се тоа се одсликува на бебето. Ако зборуваме и за храната која мајката ја сакала или не сакала во текот на бременоста, ќе видиме дека во поголем процент од случаите, детето исто регира како мајката или ја сака таа храна или не, во зависност од тоа дали мајката ја конзумирала или не во бременоста. Пример некој збор, песна која таа му ја кажувала на своето бебе додека било во нејзината утроба, тоа понатаму станува најважниот лек за смирување на бебето.

    Следна најважна улога и влијание се и двајцата родители и нивниот взаемен живот, дали во семејството се живее во една хармонија или не. Иако тие мислат дека тоа е сеуште малечко и не разбира ништо, тука е најголемата грешка на родителите. Во тие моменти и се расправаат, караат, се лутат еден на друг, се навредуваат и се прават уште безброј неубави работи.
    Не се сеќавам точно за кој научник се работеше, но една мајка пристапила кон него со прашање: како да го воспита своето дете, до која возраст се прави тоа и како најправилно да го изведе тоа? На тоа тој и одговорил дека до две години детето учело се, иако не разбира, а најголемата граница за воспитување била, пет годишната возраст. И искрено се тоа е точно.
    Две годишната возраст, е возраста кога детето го учи основното, ја гради својата душа. Иако не разбира тоа гради во себе, но гради дободетели или го гради сосем спротивното. Ја гради љубовта, соочувството, незлобливоста... а се тоа се оние моменти кои родителите преку својот живот (зборови, секојдневни дела пред своето дете) ги всадувале во него, преку секој изминат миг и ден. Тоа се оние моменти, кога таа кревка душа пишува како да се однесува, учи дали ќе биде добро или темпераментно дете.
    Крајната пет годишна возраст, е таа возраст кога тоа дете го практикува се тоа. И точно тука е оргиналната слика или поточно кажано огледалото на родителите. Тогаш детето спроведува се во дело и повторно ако родителите не изреагираат најсоодветно на секоја постапка, тоа понатаму ќе тргне по друг пат. Тоа е возраста кога детето веќе се ставило во меморија и останува во него за цел живот.

    Но, со одминаувањето на годините, тоа постојано се соочува со се ново. Можеби на еден момент ќе се заборави се тоа, но во наредниот период кога ќе осознае се и созрее доволно, ќе разбере дека она што го правело на почеток е најсветлото и најчистото. И вистински ќе се насочи на тоа.
     
    На eli25 и Srekicka им се допаѓа ова.
  4. Jule.Sk

    Jule.Sk Популарен член

    Се зачлени на:
    28 мај 2011
    Пораки:
    1.314
    Допаѓања:
    736
    Пол:
    Женски
    Едноставно кажано ДА.Нема што друго да се каже.КРУША ПОД КРУША ПАЃА,освен ретко некогаш под круша орев да падне. :)
     
  5. anabel-a

    anabel-a Популарен член

    Се зачлени на:
    25 август 2011
    Пораки:
    3.333
    Допаѓања:
    15.497
    Да. Во повеќето случаеви да, ама не и кај мене.
    Јас воопшто не сум огледало на моите родители. Два различни света сме.
     
  6. Herrera

    Herrera Популарен член

    Се зачлени на:
    14 јануари 2012
    Пораки:
    967
    Допаѓања:
    10.372
    Можеби некогаш децата биле огледало на родителите, но денес времињата се сменети па затоа би рекла дека голем процент од децата воопшто не се огледало на родителите поради разни надворешни фактори кои влијаат на детето на секаков начин.
     
  7. koritsaki

    koritsaki Moderator Член на тимот

    Се зачлени на:
    1 март 2010
    Пораки:
    17.899
    Допаѓања:
    103.026
    Пол:
    Женски
    Да точно , не за џабе се вика какви родители - такви деца.
    Има разгалени деца , но не се тие криви туку нивните родители што така ги воспитале. Треба да се внимава уште од кога ке се роди детето како ке се однесуваме пред него , бидејќи што ние правиме и тоа ке го прави истото подоцна.
     
  8. karenin

    karenin Популарен член

    Се зачлени на:
    8 март 2010
    Пораки:
    1.426
    Допаѓања:
    2.171
    Најчесто се! Мислам дека родителите се првиот извор од кој детето учи и се социјализира. Освен тоа верувам дека сите ние носиме по некоја семејна судбина (ли или незнам што) која се префрла од колено на колено... Не мислам буквално ист живот, но некои дури и генетско вродени особини, дарови...
     
  9. TheaEsposito

    TheaEsposito Популарен член

    Се зачлени на:
    13 ноември 2010
    Пораки:
    2.004
    Допаѓања:
    2.462
    Да! И тоа најизразено е кога децата се во пораните возрасти.
    Како ги воспитале родителите, така и ќе се однесуваат. Ако пак детето е насилно, тогаш сигурно е истрауматизирано од тоа што родителот го тепал. Така да, јас сметам дека е точно тоа: 'Каква мајка, таква ќерка'. Или 'Каков татко, таков син.' !
     
  10. bumbuleya

    bumbuleya Истакнат член

    Се зачлени на:
    8 јануари 2012
    Пораки:
    259
    Допаѓања:
    105
    Јас изгледам потполно исто како мајка ми. Сестра ми целосно личи на татко ми.
    Ама.. Моите постапки, зборови, мојот КАРАКТЕР и буквално ист како на татко ми. Немаме ни една најмала разлика. А карактерот на сестра ми е ист како карактерот на мајка ми. Ама јас сум поблиска со тато а сестра ми со мама. Така и сме навикнале. Навечер кавги 2 на 2 :D
    А полошо е кога ќе се искараме јас и тато. Никој не попушта, исти сме и двајцата а мама кутра се обидува да не смири за на крај да ја направиме неа крива ]:) Извини мамичке :*
    И да, мислам дека децата се огледало на родителите.. НО..
    Имам братучед на кој татко му е алкохоличар, цел живот проблеми и цел живот ги тепа и тетка ми и сите дома му. Ама братучед ми не е таков. Тој ја гледаше мајка му како страда и сега само внимава да не и погреши нешто на девојка му. Да не направи нешто што би потсеќало на тетин ми.

    Сума сумарум децата се огледало на родителите, но не секогаш :) Некогаш можат да бидат спротивност.
     
  11. Bitter-Sweet

    Bitter-Sweet Форумски идол

    Се зачлени на:
    31 мај 2010
    Пораки:
    13.148
    Допаѓања:
    76.574
    Пол:
    Женски
    Некои деца се огледало на своите родители некои не. На пример, јас не сум.
    Ако родителите се добри и на место, децата можат доста често да бидат како нив, но ако се работи за лоши родители, како и што пишува погоре во темава, тогаш децата од нив сигурно дека ќе научат какви не треба да бидат. Но, ако родители се лоши кон другите а не кон своите деца тогаш и децата кои самите не претрпеле ништо лошо на своја кожа можат да бидат лоши кон другите. Се зависи од воспитанието.
     
    На leona83 му/ѝ се допаѓа ова.
  12. marchi-cool

    marchi-cool Форумски идол

    Се зачлени на:
    23 април 2017
    Пораки:
    6.889
    Допаѓања:
    14.246
    Пол:
    Женски
    Баш пред некој ден "испровоцирана" од некои случки сакав да отворам тема ама мислам дека оваа би била соодветна.

    Имаме внука од братучеда на маж ми. Неколку пати ја имам споменувано во темиве мајка и и татко и (ама посебно мајка и) никогаш нема рака кренато на неа и е најразмазено дете во целата фамилија. Има 6 години. Плаче ако не и се исполнат желбите плаче се дрецка ако ја натераш да прави нешто што не сака а е време да се направи на пр пишување домашна или ручање плаче ако ја одбиеш сака се што е убаво да е нејзино да е најдотерана да се прави тоа што таа сака во спротивно е крај на светот. Од сите деца во фамилијата што живеат до нивната куќа и со кои се дружи им зема се што нејзе и е убаво сака да си го земе за себе.... Често и викаат аман иста си ко баба ти Рада. И реално ако гледаме буквално е во табиет како баба и. Нејзините родители се баш прибрани луѓе посебно мајка и. Скромна воспитана со сите најдобри човечки особини ама ќерка е е далеку од неа.

    Јас мислам дека не е точно дека децата се огледало на родителите. Има многу "лоши" родители а пристојни деца и добри родители а размазени деца.