Оваа тема нека биде со следнава цел. Еве денес е 19 август, и доколку има некој христијански празник денеска, а некој знае нешто повеќе за него нека пише. Не само што повеќе ќе научиме едни од други за нашите празници. Туку и ќе се потсетиме за некои адети можеби, а можеби некој и изумил дека токму тој ден е одреден празник. Еве денеска 19 Август... Православните Христијани на овој ден го слават споменот на светото Христово Преображение на гората Тавор пред очите на апостолите, кое во суштина е и нивно преображение. Среќен празник на сите Православни Христијани !! Манастирот “Свeто Преображение“ во Крушево, кој со свои раце го градеше Тоше Проески !! Манастир Свето Преображение Манастирирот Свето Преображение се наоѓа на планината Бушава во областа позната како Бела Вода, на 1560 метри надморска височина. Ова е 7 километри северо-западно од градот Крушево. Црквата се гради врз основа на постара црква од средниот век. Тоше Проески - најдобриот поп македонски пејач спонзорираше и помогна во градбата на манастрирот. Во три од четирите Евангелија се говори за овој настан: Матеј 17,1-9, Марко 9,2-8 и Лука 9,28-36. За да не ослабе верата на апостолите со Неговото страдање кое претстоело, и за Неговите ученици да не отпаднат од Него, Господ Исус Христос сакал да им покаже барем дел од Својата божествена слава. Преображение на Господ Исус Христос се нарекува настанот преку кој Тој, Премудроста, им посведочил за ова. Затоа ги зел со Себе Петар, Јаков и Јован и излегол со нив ноќе на гората Тавор и таму се преобразил пред нив. И заблескало лицето Негово како сонце, а облеката му побелела како снег, а покрај Него се појавиле старозаветните пророци Мојсеј и Илија. Апостолите, восхитени, не знаеле што да прават. И, како што се запишано во Светото Писмо, Петар Му се обратил на Христа и Му рекол: „Господи, добро ни е да бидеме овде; ако сакаш да направиме три сеници: една за Тебе, за Мојсеј една, а една за Илија.“ Но додека Петар уште говорел, се оддалечиле Мојсеј и Илија и сјаен облак ги опфатил Господ и учениците и дошол глас од небото: „Овој е Мојот возљубен Син, Него послушајте Го.“ Откако го слушнаале овој глас учениците паднале земјата како мртви и останале така додека Господ не им пришол и им рекол: „Станете и не бојте се“ (Матеј 17). Откако слегле од гората, Исус им заповедал да не зборуваат за тоа што го виделе, додека Тој не воскресне.
Тропар: Преобразился еси на горе, Христе Боже, показавый учеником Твоим славу Твою, якоже можаху; да возсияет и нам грешным свет Твой присносущный, молитвами Богородицы, Светодавче, слава Тебе. Кондак: На горе преобразился еси, и якоже вмещаху ученицы Твои, славу Твою, Христе Боже, видеша: да егда Тя узрят распинаема, страдание убо уразумеют вольное, мирови же проповедят, яко Ты еси воистинну Отчее сияние. Величание: Величай, душе моя, на Фаворе преобразившагося Господа. Задостојник: Рождество Твое нетленно явися: Бог из боку Твоею пройде, яко плотоносец явися на земли, и с человеки поживе. Тя, Богородице, тем вси величаем.
Успение на Пресвета Богородица Господ, Којшто на Синај заповеда со петтата заповед: „Почитувај го таткото свој и мајката своја“, со Својот пример покажа како треба да се почитува својата родителка. Кога висеше на крстот во маки, се сети на Неговата мајка и покажувајќи на апостолот Јован, рече: „Жено, ете ти син!“ Потоа му рече на Јован: „Ете ти мајка!“ И така ја згрижи Својата Мајка и издивна. Јован имаше дом на Сион во Ерусалим, во којшто се насели и Богородица и остана да живее во него до крајот на Нејзините денови на земјата. Со своите молитви, со благите совети, кротоста и трпеливоста, Таа многу им помагаше на апостолите на Нејзиниот Син. Целото време до смртта главно го помина во Ерусалим, обиколувајќи ги често оние места што ја потсетуваа на големите настани и големите дела на Нејзиниот Син. Особено често одеше на Голгота, во Витлеем и на Елеонската Гора. Од Нејзините подолги патувања се спомнува Нејзината посета на Св. Игнатиј Богоносец во Антиохија, посетата на Светиот четиридневен Лазар, епископ Кипарски, посетата на Света Гора, којашто самата ја благослови, и бавењето во Ефес со Свети Јован, за време на големото гонење на христијаните во Ерусалим. На старост Таа често Му се молеше на Бога на Елеонската Гора, на местото на Неговото Вознесение, што порано да Ја земе од овој свет. Еднаш Ѝ се јави архангелот Гавриил и Ѝ објави дека по три дена ќе биде упокоена. Тогаш Ѝ даде една палмова гранка за да ја носат при Нејзиниот погреб. Таа се врати дома со голема радост и посака во срцето уште еднаш да ги види сите Христови апостоли. Господ Ѝ ја исполни оваа желба и сите апостоли, носени на облаци од ангелите, одеднаш се собраа во домот на Јован на Сион. Со голема радост Таа ги виде Светите апостоли, ги охрабри, ги посоветува и ги утеши, и по ова мирно го предаде Својот дух на Бога, без никаква мака и телесна болест. Апостолите го зедоа одарот со Нејзиното тело, од коешто излегуваше благоухание и во придружба на мноштво христијани го пренесоа во Гетсиманската градина, во гробницата на Светите Јоаким и Ана. По Божја Промисла поворката од злобните Евреи ја засолнуваше облак. Некој еврејски свештеник Атониј, го дофати со рацете одарот со намера да го преврти, но во тој миг ангел Божји му ги отсече обете раце. Тогаш тој повика кон апостолите за помош, а откако објави дека поверува во Господ Исус Христос, беше исцелен. Апостолот Тома повторно по Божја Промисла изостана, за така да се открие една нова и преславна тајна за Пресвета Богородица. Третиот ден пристигна и тој, и посака да го целива телото на Пречистата Владичица. Но кога апостолите го отворија гробот, ја најдоа само плаштаницата, а телото не беше внатре. Таа вечер им се јави на апостолите самата Пресвета Богородица опкружена со мноштво ангели и им рече: „Радувајте се, ќе бидам со вас вавек“. На која возраст се упокои Богородица не се знае точно, но преовладува мислењето дека на крајот од овоземниот живот имала повеќе од шеесет години.
Денеска е отсекувањето на главата на свети Јован Крстител - свети Јон Посен: Во спомен на овој настан, а со цел Христијаните да не земат учество во роденденот(пирот) на Ирода и денеска е строг пост. Погрешно е верувањето дека овој ден се пости поради земната смрт на свети Јован, кој на денешен ден слезе во адот да им проповеда на душите на праведниците, дека наскоро и Христос ќе слезе таму, ќе ги раскини на Крстот оковите на гревот и ќе ги однесе сите праведници во рајот. Нека свети Јован Крстител и Претеча непрестано се моли за нас пред престолот Божји.
Денеска е празникот Рождество на Пресвета Богородица - Мала Богородица, Денот кога по 50 години брачен живот, и` се одврза утробата на света Ана и ја роди, Онаа од која ќе засветли Сонцето на правдата Христос нашиот Бог, второто лице на Пресвета Троица. Тропарь праздника глас 4 Рождество Твое, Богородице Дево, радость возвести всей вселенней: из Тебе бо возсия Солнце Правды, Христос Бог наш, и, разрушив клятву, даде благословение, и, упразднив смерть, дарова нам живот вечный. Кондак праздника глас 4 Иоаким и Анна поношения безчадства и Адам и Ева от тли смертныя свободистася, Пречистая, во святем рождестве Твоем. То празднуют и людие Твои, вины прегрешений избавльшеся, внегда звати Ти: неплоды раждает Богородицу и Питательницу Жизни нашея. Денеска е и споменот на чудата кои се случиле пред чудотворната икона на Пресвета Богородица Калишка.
За многу години да ни е денешниот празник. Уште еден голем ден на Пресвета Богородица. Ден на мајките, децата, бремените жени. Би сакала да ве замолам за помош, дали има црква во Ѓорче, Влае, Волково, значи овие населби каде има црква Богородица???
Колку што знам во Скопје ги има следниве цркви и манастири посветени на Пресвета Богородица: 1. Митрополитската црква (спроти МАНУ) посветена на Рождеството на Пресвета Богородица т.е. на денешниот празник 2. Параклисот во Клинички центар - посветен на светото Благовештение 3. Манастирот Матка посветен на Успението на Пресвета Богородица 4. Благовештенскиот манастир во с. Побожје 5. Параклис посветен на Богородичниот извор во црквата свети Јован Капиштец Во секој случај не постои Црква, па не верувам ни дом во кој нема икона на Пресвета Богородица пред која може човек да и` се помоли, да ја пофали или да и` се заблагодари. Па и да немаме икона ние секогаш можеме да и` се помолиме на Пресветата и таа ќе ги чуе нашите молитви. Особено е битно да ја поздравуваме со следниов поздрав: Богородице Дево, радувај се благодатна Маријо, Господ е со тебе, благословена си ти меѓу жените и благословен е Плодот на твојата утроба, зашто си Го родила Спасителот на нашите души. На црковнословенски: Богородице Дјево, радујсја благодатнаја Марије, Господ с тобоју, благословена ти в женах и благословен Плод чрева твојего, јако Спаса родила јеси душ наших.
Секоја црква има икона на Богородица, некаде се во средина поставени или на иконостасот, веднаш до вратите поставени на средина од иконостасот, низ кои се влегува во олтарот Убаво е да се испочитува празникот, без разлика во која црква и да се отиде, секако уште подобро ако црквата е посветена на Богородица или било кој светител, во однос на празникот
22 септември св. Јоаким и Ана Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 9 септември. Денеска е Св. Јоаким и Ана. Денешниот празник е органски поврзан со празникот од претходниот ден, со празникот на раѓањето на Богородица. Како и по сите поголеми празници, и по овој празник се празнува споменот на непосред¬ните учесници во настанот што ја сочинува содржината на вчерашниот празник. Тоа е споменот на светите Јоаким и Ана. Таткото на Јоаким се викаше Варпафир и беше родум од Јудиното племе, а потомок на царот Давид, а Ана беше ќерка на свештеникот Матан, од Левиевото колено. Тие ја добија ќерка си Марија на стари години, после 50 години брак и по нивните долги и топли молитви. Инаку, самите доживеаа длабока старост свети Јоаким се упокои на 80, а света Ана на 79 години.
Крстовден (Воздвижение на Чесниот Крст) 27/09/2012 На овој ден се празнуваат два настани поврзани со Чесниот Крст: прво, пронаоѓањето на Чесниот Крст на Голгота, и второ, враќањето на Чесниот Крст од Персија во Ерусалим. Обиколувајќи ја Светата Земја Св. царица Елена намисли да го побара Чесниот Крст на Христос. Некој старец Евреин, по име Јуда, единствен знаеше за местото каде што се наоѓаше Крстот, па принуден од царицата изјави дека Крстот е закопан под храмот на Венера, којшто на Голгота го подигна царот Адријан. Царицата нареди и го разурнаа оној идолски храм, па копајќи во длабочина најдоа три крста. Додека царицата беше во недоумение како да го распознае Христовиот Крст, покрај местото поминуваше поворка со мртовец. Тогаш патријархот Макариј рече да ги полагаат крстовите редум врз мртовецот. А кога го ставија врз него третиот крст, покојникот оживе. По тоа познаа дека е тоа вистинскиот Христов крст, чесен и животворен. Потоа го положија врз една болна жена и жената оздраве. Тогаш патријархот го крена крстот за да го види сиот народ, а народот со солзи пееше: „Господи помилуј!“ Царицата Елена направи ковчег од сребро и го положи во него Чесниот Крст. Подоцна, кога царот Хозрој го зазеде Ерусалим, многумина ги одведе во ропство, а Крстот Господов го однесе во Персија. Во Персија Крстот лежеше четиринаесет години. Во 628 година грчкиот цар Ираклиј го победи Хозрој и со слава го поврати Крстот во Ерусалим. Влегувајќи во градот царот Ираклиј го носеше Крстот на своите плеќи. Но одеднаш застана и не можеше да зачекори ни чекор. Патријархот Захариј виде ангел којшто му попречуваше на царот во раскошни облеки да оди под Крстот, по оној пат по којшто Господ одеше бос и понижен. Тоа видение патријархот му го објави на царот. Тогаш царот се слече, па босоног и во бедна облека го зеде Крстот, го изнесе на Голгота и го положи во храмот на Воскресението, на радост и за утеха на целиот христијански свет.
Тропар гл:1: Спаси Господи људи Твоја и благослови достојаније Твоје, побједи всјем правосланим Христијаном нашим на сопротивнија даруја и Твоје сохрањаја, Крестом Твоим жителство.
Светите маченички Вера, Надеж, Љубов и мајка им Софија 30/09/2012 Живееја и страдаа во Рим, во времето на царот Адријан. Мудрата Софија, како што ја одликува и името што го носи (софија - мудрост), остана вдовица, а како добра христијанка се утврди себеси и своите ќерки добро во верата Христова. Во времето кога мачителската рака на Адријан се протегна и врз добордетелниот дом на Софија, Вера имаше дванаесет, Надеж десет, а Љубов девет години. Изведени пред царот тие сите четири држејќи се за раце смерно но одлучно ја исповедаа верата во Господ Христос и одбија да ѝ принесат идолски жртви на Артемида. Пред страдањето мајката ги крепеше ќерките со совети да истраат докрај. „Вашиот небесен љубител Исус Христос е вечно здравје, неискажлива убавина и живот бесмртен. И кога вашите тела ќе бидат убиени во маки, Он ќе ве облече во нераспадливост и раните на вашите тела ќе светнат на небото како ѕвезди.“ Мачителот ги мачеше со лути маки сите една по една: најпрво Вера, па Надеж, па Љубов. Ги тепаа, ги сечеа, ги фрлаа во оган и во врела смола и најпосле една по една ги убија со меч. Софија ги зеде мртвите тела на своите ќерки, ги однесе надвор од градот и таму чесно ги погреба. Остана на нивниот гроб три дена и три ноќи молејќи Го Бога и така Му го предаде својот дух итајќи во рајските населби, каде што ја чекаа душите на нејзините блажени ќерки.
ПОКРОВ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА (14-10-2012) Отсекогаш Црквата ја прославува Пресвета Богородица како покровителка и заштитничка на христијанскиот род, Којашто со своите претстателски молитви Го смилостивува Бога кон нас грешните. Помошта на Пресвета Богородица како кон поединци така и кон народите, како во мир така и во војна, како во монашките пустини така и во многужителните градови се покажала очигледна безброј пати. Настанот којшто Црквата го споменува и празнува денес го докажува тоа неотстапно покровителство на Пресветата Дева над христијанскиот род. На 1 октомври 911 година во времето на царот Лав Мудриот (или Философ), имаше сеноќно бдение во Богородичната црква Влахерна во Цариград. Црквата беше преполна со народ. Во задниот дел стоеше Св. Андреј Јуродив со својот ученик Епифаниј. Во четвртиот час од ноќта над народот се појави Пресвета Богородица со распрострен омофор на рацете и со таа облека како да го покриваше народот. Беше облечена во златна порфира и целата блескаше во неискажлив сјај, опкружена со апостоли, светители, маченици и девици. Гледајќи го тоа видение Св. Андреј му покажа со рака на блажениот Епифаниј и го праша: „Ја гледаш ли, брате, Царицата и Госпоѓата над сите, како се моли за сиот свет?“ Епифаниј одговори: „Ја гледам и се ужаснувам!“ Заради ова се востанови ова празнување, за да нѐ потсетува како на тој настан така и на постојаното покровителство на Пресвета Богородица, кога тоа Нејзино покровителство, тој покров молитвено го бараме кога сме во неволја. Нека Пресвета Богородица и нам ни биде постојан покров штитејќи не од бурите во животот... нека ни биде помошничка, заштитничка, пазителка, молитвеница во сите дни од нашиот живот. Амин! За многу години!
Преподобна Параскева (Петка) Оваа славна светителка се роди во градот Епиват, меѓу Силинаврија и Цариград. Родителите ѝ беа богати и благочестиви христијани, а освен Петка имаа и еден син, Ефтимиј, кој за време на животот се замонаши и подоцна стана угледен епископ Малитски. По смртта на родителите девицата Петка желна за подвижнички живот го напушти родителскиот дом и отиде најнапред во Цариград, а потоа во Јорданската пустина, каде што се подвизуваше до својата старост. Кој би можел да ги прикаже сите трудови и страдања и демонски искушенија што ги претрпе Света Петка во долгата низа години? На старост еднаш ѝ се јави ангел Божји и ѝ рече: „Остави ја пустината и врати се во твојата татковина, таму треба да ѝ го предадеш телото на земјата, а со душата ќе се преселиш кај Господ.“ Света Петка го послуша небесниот глас, ја остави својата омилена пустина и се врати во Епиват. Тука таа поживеа уште две години, пак во непрестајна молитва и пост и потоа го предаде својот дух на Бога. Се упокои во 9 век. Нејзините чудотворни мошти низ вековите беа пренесувани: во Цариград, во Трново, па пак во Цариград, па во Белград. Сега се наоѓаат во Романија, во градот Јаши. Во Белгард постои вода (агијазма) на Света Петка, којашто чудотворно ги лечи сите болни што ѝ притекнуваат со вера во Бога и со љубов кон светителката. Светите маченици Назариј, Гервасиј и Протасиј Назариј е родум од Рим, од татко Евреин и мајка христијанка. Мајка му, Перпетуа, прими Крштение од самиот апостол Петар. Кога ја прими мајчината вера, Назариј со ревност се предаде на исполнување на сите заповеди на Црквата. Неустрашливо проповедајќи го Евангелието, дојде во Медиолан (Милано). Таму во затвор ги најде Гервасиј и Протасиј и им служеше со голема љубов. Кога дозна за ова тамошниот кнез, нареди и го избија Назариј и го протераа од градот. Во видение му се јави мајка му и му рече дека треба да отиде во Галија (Франција) и таму да го проповеда Евангелието. Назариј така и направи. По неколку години тој пак појде во Медиолан заедно со младиот Келсиј, којшто му стана ученик откако го крсти во Галија. Тука ги затекна браќата Гервасиј и Протасиј сѐ уште во затворот во којшто кнезот Анулин брзо го фрли и него. И Христовите маченици се радуваа заради својата повторна средба по Божја Промисла. Царот Нерон нареди Назариј да го убијат; и кнезот ги изведе од затворот Назариј и Келсиј и им ги отсече главите. Наскоро потоа беа убиени и Светите Гервасиј и Протасиј од некој војвода Астазиј, којшто врвеше низ Медиолан одејќи во војна против Моравците. Па кога војводата чу дека овие двајца браќа не им принесуваат жртви на идолите, се уплаши да не ја изгуби битката заради ова, па нареди и веднаш ги убија со меч. Гервасиј и Протасиј беа близнаци на блажени родители коишто исто така беа маченици за верата: Валериј и Виталија. Моштите на Св. Назариј од некоја градина надвор од градот ги пренесе Св. Амвросиј во црквата на Светите апостоли, а моштите на Св. Гервасиј и на Св. Протасиј нему му беа откриени во едно чудесно видение.
Светиот великомаченик Димитриј (Митровден) Овој славен и чудотворен светител се роди во градот Солун од благородни и благочестиви родители. Измолен од Бога од бездетни родители Димитриј беше син единец, заради што беше воспитан и однегуван со големо внимание. Татко му беше војвода солунски, па кога умре татко му го поставија Димитриј за војвода наместо неговиот татко. Кога го постави за војвода, христоборниот цар Максимијан особено му препорача да ги гони и истребува христијаните што беа во Солун. Но Димитриј не само што не го послуша царот туку напротив, јавно Го исповедаше и Го проповедаше Христа во градот Солун. Кога слушна за тоа царот Максимијан многу се огорчи на него, па еднаш враќајќи се од војна, царот сврати во Солун посебно за да ја испита оваа работа. Го повика, значи, војводата Димитриј и го испитуваше за верата. Димитриј јавно пред царот призна дека е христијанин и го изобличи идолопоклонството на Максимијан. Разјарен, царот го фрли Димитриј во затвор. Знаејќи што го чека, Димитриј му го врачи сиот свој имот на својот верен ученик Луп за да го раздаде на сиромасите и отиде во затворот весел, зашто му претстоеше страдање за Господа. Во затворот му се јави ангел Божји и му рече: „Мир на тебе, страдалецу Христов. Биди храбар!“ По неколку дена царот испрати војници во затворот за да го убијат Димитриј. Војниците го најдоа Божјиот Светител на молитва и го избодија со копја. Неговото тело тајно го зедоа христијаните и чесно го погребаа. Од телото на Христовиот страдалник потече исцелително миро, со коешто мнозина болни се излечија. Наскоро над моштите беше подигната малечка црква. Еден илирски војник, Леонтиј, беше болен од неизлечлива болест. Им притекна на моштите на Св. Димитриј со молитва и стана наполно здрав. Од благодарност му подигна на Св. Димитриј црква многу поголема од старата. Светителот му се јави двапати. Кога царот Јулијан сакаше да ги пренесе моштите од Солун во Цариград, од гробот скокнаа пламени искри и се чу глас: „Застанете и не гибајте!“ И така моштите на Св. Димитриј останаа засекогаш во Солун. Како заштитник на Солун Св. Димитриј се јавуваше многупати и многупати го спаси Солун од големи неволји. Неговите чуда се навистина безбројни. Русите го сметаат и за покровител на Сибир, којшто го освоија и го присоединија кон Русија во 1581 година. Извор-МПЦ Среќен празник на сите верници и убаво да си поминат тие што го слават овој празник (тука влегувам и јас, односно свекрва ми и свекор ми, а бидејќи сеуште живееме во заедница и јас учествувам во подготовките)
Светиот Архистратиг Михаил и останатите Сили небесни бестелесни Од длабоката древност Божјите ангели се празнувани од луѓето. Но тоа празнување често се одметнуваше во обожување на ангелите (4 Царства 23, 5). Еретиците прикажуваа сешто за ангелите. Некои од луѓето во ангелите гледаа богови, други иако не ги сметаа за богови ги нарекуваа создатели на сиот видлив свет. Лаодикискиот помесен собор којшто се одржа четири или пет години пред I Вселенски Собор, со своето 35 правило го отфрли поклонувањето на ангелите како на богови и го востанови правилното почитување на ангелите. Во времето на папата Силвестер и александрискиот патријарх Александар (4 век), беше востановен овој празник на Архистратигот Михаил со другите небесни Сили, во месецот ноември. Зошто токму во ноември? Зашто после март ноември претставува деветти месец. А се смета дека во месецот март било создавањето на светот. А деветтиот месец после март е земен заради деветте ангелски чинови, коишто се најпрво создадени. Св. Дионисиј Ареопагит, ученик на Св. апостол Павле, т.е. на оној апостол којшто беше воздигнат до третото небо, овие девет ангелски чинови ги опиша во книгата „За небесната Јерархија“. Тие чинови се следните: шестокрилите Серафими, многуоките Херувими и богоносните Престоли, Господствата, Силите и Властите, Началата, Архангелите и Ангелите. Војвода на целата ангелска војска е архистратигот Михаил. Кога сатаната, Луцифер, отпадна од Бога и со себе ги повлече во пропаст еден дел од ангелите, тогаш Михаил стана и возвикна пред неотпаднатите ангели: „Да внимаваме! Да застанеме добро, да стоиме со страв!“ И сите небесни војски на верните ангели громко запеаја: „Свјат, Свјат, Свјат Господ Саваот исполн небо и земља слави Твојеја!“ (за Архистратигот Михаил види во Книгата на Исус Навин 5, 13 - 15). Меѓу ангелите владее совршено едномислие, еднодушност и љубов, а покрај тоа и потполна послушност на пониските чинови кон повисоките и на сите заедно кон светата Божја волја. Секој народ си има свој ангел пазител, а освен тоа и секој христијанин има свој ангел пазител. Треба секогаш да се сеќаваме дека што и да правиме, јавно или тајно, го правиме тоа во присуство на својот ангел-чувар. А на денот на Страшниот Суд сето огромно мнозинство ангели ќе се соберат околу Христовиот престол и пред сите нив ќе се објават сите дела, зборови и помисли на секој човек. Да нѐ помилува Бог и да нѐ спаси по молитвите на Св. архистратиг Михаил и на другите небесни бестелесни сили. Амин.