13. октомри - света велико и новомаченица Злата Мегленска Според житието, Св.Злата Мегленска е родена и настрадала во село Слатино, Мегленско, во Егејскиот дел на Македонија. Таа е ќерка на сиромашни селски родители, коишто имале уште три ќерки. Света Злата зрачела како со духовни, така и со телесни високи квалитети. Духовните квалитети и биле силната вера во Господ Исус Христос, нејзината смиреност и чистото срце, а надворешно била необично убава. Таа нејзина убавина дала повод нејзиниот живот да се украси со страдање на голема маченичка. Нејзината ретка убавина го привлека вниманието на еден Турчин од нејзиното место, така што тој решил да најде време и по секоја цена да посегне по честа на убавата Злата и да ги задоволи своите телесни страсти. Еден ден кога Злата заедно со други жени отишла да собира дрва во блиската шума, тој организирал силеџиски грабеж на Злата. Ја зел со себе насилно и ја однел дома кај него. Најпрвин, тој ја убедувал да ја промени својата вера и да премине во мухамеданство, ветувајќи и разни удобности, па дури и ветил дека ќе се ожени со неа. Во спротивно и се заканил дека ќе ја стави на страшни маки. Од дрскоста на Турчинот, Злата била поразена, но неговите ветувања и предлози храбро и одлучно ги одбила. Откако го повикала на помош името на Господ Исус Христос, таа на Турчинот храбро му одговорила:"Јас верувам и се поклонувам само на Господа Исуса Христа, и од Него нема да се откажам, па макар и да ме сечете на ситни парчиња, а освен тоа сум се зарекла на девствена чесност којашто неможе ништо да ја измени". Откако ги слушнале овие одлучни искажувања на Злата, Турците сфатиле дека обични средства не ќе можат да ја придобијат нејзината наклоност, ги повикале нејзините родители и трите сестри за да и влијаат да го прими мухамеданството. Во спротивно се заканувале, дека и тие ќе бидат жестоко мачени. Поразени и исплашени, родителите и сестрите ја убедувале Злата да го прими мухамеданството. Може секој да си ја престави тешката и мачна положба во која се наоѓала маченичката Злата. Од една страна љубовта кон родителите и сестрите, а од друга страна долгот како христијанка кон својата вера. Солзите на нејзините родители и го кинеле срцето. На крајот храбро се издигнала над солзите на своите родители и сестри и & м рекла:"Ако веќе вие ме присилувате да се откажам од Господа Христа вистинскиот Бог, не сте ми веќе мои родители ниту мои сестри. Мојот таткот ми останува само Господ Исус Христос и мајка Пресвета Богородица, а браќа и сестри светителите и светителките маченици и маченички". Откако Турците увиделе дека сите нивни лукавства и средства што ги употребувале не помогнале ништо, поминале на мачење. Во почетокот ја фрлиле во темен затвор, кај што останала три месеци. Секој ден ја тепале со стапови се додека нејзината крв не ја натопила земјата. Потоа од грбот и исекле парчиња кожа и ги закачиле пред нејзините очи. Од нејзиното тело течело толку крв, што целата земја под неа се натопила. Но нејзните мачители ни со тоа не се задоволиле. Тие и ставале железна прачка и со неа ја прободеле главата низ ушите, така што чад и излегувал низ устата. Овие страшни маки светата маченичка Злата ги поднесувала многу храбро, а тоа доаѓало од силната љубов спрема својата вера во Господа Исуса Христа. Крвожедните мухамеданци најпосле ја обесиле маченичката на едно дрво и телото и го исекле на ситни парчиња. Така Св.Злата, исчистена низ огинот на страдањето ја предала својата чиста душа на Господа, којшто го облила со силна љубов како смртта, се вели во житието. Големата маченичка Св.Злата од селото Слатина, Мегленско, настрадала во октомври 1795 година, а како ден на нејзината смрт се слави 13 октомври по стариот календар, а според новиот 26 октомври. Култот на Св.Злата како голема маченичка, најпрвин е пренесен во Света Гора, преку игуменот на Светогорскиот манастир Свети Никита, отецот Тимотеј, според чие сведочење е напишано нејзиното житие. Заеднички да и се помолиме:"Света великомаченице Злато биди ни закрилница на целиот православен народ кој живее тука и моли Го Севишниот Бог, да не му допушти на ѓаволот да ни возложува слични маки и искушенија кои Ги претрпе заради нас грешните луѓе". АМИН! Храмови посветени на неа има во: - с. Сарај, Скопско (на место подарено од Муслиманите) - Битола - Загреб Параклис и парк посветен на света Злата Мегленска има и во гр. Прилеп, каде е и предвидено да се направи и еден помал храм.
Според календарот на МПЦ , денеска е 13-ти октомври , ден посветен на Преподобна Параскева (Петка). Оваа славна светителка се роди во градот Епиват, меѓу Силинаврија и Цариград. Родителите ѝ беа богати и благочестиви христијани, а освен Петка имаа и еден син, Ефтимиј, кој за време на животот се замонаши и подоцна стана угледен епископ Малитски. По смртта на родителите девицата Петка желна за подвижнички живот го напушти родителскиот дом и отиде најнапред во Цариград, а потоа во Јорданската пустина, каде што се подвизуваше до својата старост. Кој би можел да ги прикаже сите трудови и страдања и демонски искушенија што ги претрпе Света Петка во долгата низа години? На старост еднаш ѝ се јави ангел Божји и ѝ рече: „Остави ја пустината и врати се во твојата татковина, таму треба да ѝ го предадеш телото на земјата, а со душата ќе се преселиш кај Господ.“ Света Петка го послуша небесниот глас, ја остави својата омилена пустина и се врати во Епиват. Тука таа поживеа уште две години, пак во непрестајна молитва и пост и потоа го предаде својот дух на Бога. Се упокои во 9 век. Нејзините чудотворни мошти низ вековите беа пренесувани: во Цариград, во Трново, па пак во Цариград, па во Белград. Сега се наоѓаат во Романија, во градот Јаши. Во Белгард постои вода (агијазма) на Света Петка, којашто чудотворно ги лечи сите болни што ѝ притекнуваат со вера во Бога и со љубов кон светителката. Култот кон света Петка кај нашиот народ е многу раширен. Таа се смета за заштитничка од разни несреќи, но и од многу болести поради што народот ја нарекува уште и мајка Параскева. Многу лековити извори се поврзани со нејзиното име и се наречени петочни води.
Денес е свети Иларион епископ Мегленски, голем учител на Православната вера и очистител од ересите и лажните учења. По неговите свети молитви Господ Иисус Христос да не` спаси од ересите и расколите. Тропар Тропар Илариону, еп. Меглинскому Чудо јавивсја извештенија, дељи возсијал еси добродетелеј Божиих, монашествујуштих лики упасл еси, архиерејскаја седалишта изчистил еси, еретическаго же нападанија не усумневсја, церкви Христови воздвигл еси, преподобие Иларионе, умер, јако спја, тело же твое цело и нетленно собљудено бист, и подает цељби бољаштим от различњих недуг, и демони прогонјает, сего ради молим тја: моли спастисја душам нашим. Житие Родителите на Иларион биле видни и благочестиви луѓе. Тие уште како мал го дале да ги учи свештените книги. Кога наполнил осумнаест години, Иларион ги оставил родителите и заминал во манастир. По многу години поминати таму, игуменот пред својата смрт нему му го предал старешинството на манастирот. Според житието Пресвета Богородица му се јавила на архиепископот Евстатиј во Охрид и му рекла: „Не одложувај архиепископе, туку постави го светилото на свеќник. Велам – земи го Иларион, настојателот на манастирот и постави го за пастир на мегленци. Зашто ќе одврати многумина од соблазната и ќе ги насочи кон светлината на благоразумноста.” Во 1134 година охридскиот архиепископ Евстатиј го поставил Иларион за епископ на мегленската епархија, во средна Македонија, со која управувал наредните 30 години, до својата смрт. Борба со ересот Во Меглен во XII век живееле многу следбеници на богомилското, павликијанското и манихејското учење, кои од црквата се осудени како ереси. По смртта на македонскиот цар Самуил, Меглен во 1015 година го зазел византискиот цар Василиј II и таму населил многу Сиријци, Ерменци и Печенези. Иларион по стапувањето на чело на мегленската епархија веднаш започнал отворена борба со еретиците, како што е опишано во житието на свети Иларион од трновскиот патријарх Евтимиј (1375-1417)[2]. Кога Иларион дошол во соборната црква во Меглен, веднаш ги целивал иконите кои богомилите и други иконоборци не ги почитувале. Потоа, во својата беседа го повикал населението да ја држи православната вера; да ги извршуваат Господовите заповеди; да го следат само она што им е заповедано на православните и да бегаат од секоја ерес. Да веруваат во неразделната Света Троица (некои христијани верувале дека Бог и Христос суштински се различни), во Христовото воплотување и во Животворниот Крст (кого некои христијани го сметале за омразено орудие со кое Исус бил убиен). Да ги почитуваат светите мошти на Светителите (што некои го сметале за суеверие). Да ги држат сите преданија на Црквата (богомилите многу црковни преданија ги сметале за отстапување од изворното христијанство), а да ги колнат сите еретици (кои многу жители на Меглен ги почитувале): Ариј и Евномиј, Савелиј и Македониј, Аполинариј и Ориген и нивните списи, Теодор Мопсуестиски и Несториј – неговиот ученик, Диоскор и Севир и Евстатиј и сличните со нив, и уште Маниј и Павле Самосатски. Еден ден богомилите со Иларион поведеле расправа за верата. Тие го прашале: „Ние сметаме дека добриот Бог е творец на небото, а злиот (бог) – творец на земјата. Зошто вие се противите на тоа?” Иларион им одговорил: „Во Светото Писмо пишува: Господова е земјата и сѐ што е на неа.” Богомилите рекле дека Стариот Завет е од ѓаволот. На тоа Иларион одговорил: „Кога Стариот Завет би бил од ѓаволот, зарем Христос би рекол дека прва и најголема заповед е: „Чуј Израилу, Господ е единствениот твој Бог.” Богомилите тогаш негодувале заради крстот кого го сметале за омразена направа за мачење со која Исус е убиен, а кого православните го почитуваа. Иларион им одговорил дека пред распнувањето на Христа, крстот бил орудие на смртта и како таков – проколнат, а по распнувањето – тој е осветен со Христовата крв и Неговиот знак стана осветување на сите верни. По многу различни аргументи, на кои Иларион одговарал со цитати од Светото писмо, тој најпосле ја завршил расправата со повик собраните да се крстат: „Согледајте ја темнината во која се наоѓате, оставете ја суетата и лагата, познајте ја Вистината и осветлете се со нејзината светлина. Пристапете затоа во Соборната Црква и примете крштение од Светиот Дух за отпуштање на гревовите.” Многу присутни веднаш биле крстени и откако се откажале од својата претходна вера, пристапиле во Соборната Црква. Кога го виделе покрстувањето на својот народ, нивните старешини почнале да го навредуваат Иларион и го нарекувале лажливец и измамник. Иларион го нарекол нивното учење зло, безбожно, хулно и безумно. Еретиците разгневени зграбиле камења в раце и немилосрдно го каменувале Иларион додека тој не паднал на земја, па мислејќи дека е мртов – го оставиле. Кога Иларион се освестил, станал и отишол во својата келија, зашто местото на кое го каменувале било далеку од градот. Кога дознале за ова недело, собор православни луѓе еднодушно одлучиле да ги нападнат еретиците и до крај да ги истребат. Но, Иларион им го забранил тоа, говорејќи: „Не, деца мои, не – туку паметете ги Господовите зборови кажани на Петар: „Врати го својот меч во корицата, зашто секој што меч зема, од меч и ќе загине.” А кога закрепнал од добиените рани, Иларион продолжил да држи беседи и да ги крштева еретиците, воведувајќи ги во Соборната Црква. Друг пат повторно некои дошле кај Иларион, говорејќи дека и тие православно мислат и дека ги држат сите црковни преданија. На нив Иларион им одговорил: „Соборната Вселенска Црква сѐ добро примила од очевидците на Божјиот Син – светите Апостоли и сѐ што ѝ е предадено таа неколебливо го држи до денес. Тоа и вие Ермените сте го држеле до Четвртиот Вселенски Собор во Халкидон. Од тогаш сте се одделиле од Соборната Црква.” Тогаш некои од собраните христјани му напомнале на Иларион дека православната Црква многу Христови преданија изменила и дека многу обичаи не се како некогаш. Иларион на тоа им одговорил: „Затоа што Христос многу нешта поинаку ги предал, а Апостолите и наследниците направиле тие работи да се вршат поинаку, бидејќи верата се ширеше и тие ги распространуваа Христовите тајни. Така, на пример, кога Христос требало да се крсти – не се свртел на запад, ниту со зборови се одрекувал од сатаната, ниту го изговорил Символот на верата, ниту имало потреба од молитвата при крштевањето, ниту се крстил во крстилница, ниту со миро бил помазан, ниту веднаш по крштението се причестил со Господовото тело и Неговата крв, а ние сега сето тоа го правиме. Или пак, Христос не ја предал причеста по црквите, туку во заедничка соба на општа трпеза, а не бил ни облечен во свештенички одежди, ниту ги изговарал молитвите на нашето свештенодејство, а ние и служби вршиме во црквите и стоиме облечени во архиерејска одежда, зашто сакаме чинот на службата да го направиме поубав и пречесен.” Византискиот император Мануил I Комнин го почитувал епископ Иларион, му испраќал различни дарови и друго што му беше потребно. Иларион придонел меѓу еретиците да настанат спорови и препирки секој ден, зашто едни ги фалеа неговите зборови, а други ја бранеа својата вера. И сѐ повеќе павликијани и богомили ја прифаќаа Православната вера. Гледајќи како се одвиваат работите, императорот Мануил беше многу задоволен и му напиша писмо на Иларион; целата богомилска ерес до крај да ја очисти од христијанското стадо, сите што ќе се покорат на догматите да бидат примени, а оние што не ќе се покорат – да се прогонат некаде далеку. И многу луѓе, кога го слушнаа тоа, од страв пристапија во Православната црква. А Иларион на местото каде што порано се собирале еретиците со своите монаси изградил црква во име на славните Апостоли. И многу следбеници на богомилското учење приброил кон православното стадо, а оние кои останале непокорни на разни начини биле истерани и прогонети. Смрт Пред својата смрт Иларион ги повикал сите монаси и ги поучил да престојуваат во покорност и љубов, цврсто држејќи го предаденото правило. За старешина го поставил Петар, кој му бил ученик на Иларион многу години и во секоја работа долго му служел. Иларион се упокоил на 21 октомври 1164 година. Со текот на времето воената моќ на Византиската империја ослабнувала, а границите на Бугарското царство се ширеле. Цар Калојан освоил многу области од византиската територија: Тракија и Македонија, Тривалија и Далмација, Неада, Елада и Етолија, а го зазел и градот Меглен. Таму тој го нашол гробот со моштите на Св. Иларион и слушал колку многу чуда и знаменија Бог вршел преку нив. Потоа царот, побуден од благочестива ревност, посакал моштите на светецот да бидат пренесени во престолнината Трново и ги зел со себе. Штом разбрал за пристигнувањето на таа безценета ризница, Трновскиот патријарх излегол заедно со епископите и со целиот црковен клир да ги пречека со свеќи и благомирисно кадило, а заедно со него излегле и велможите и сите жители на градот. Откако со љубов се поклониле на моштите на Христовиот архиереј, ги положиле во една од црквите на градот. Тоа се случило на 21 октомври 1206 година. По извесно време цар постанал и Иван Асен II, кој уште повеќе ги раширил границите на Бугарското царство. Во спомен на својата победа во денот на светите 40 Маченици тој изградил во Трново голема црква во нивно име и ги положил во неа честните мошти на Христовиот светител Иларион. Во таа црква тие се наоѓале до времето на турското ропство. При турската наезда од крајот на XIV век, христијаните од престолнината ги сокриле во некакво подземје, каде тие долго престојувале. Наскоро потоа, грчки свштеници ги пронашле светите мошти и тајно ги пренеле во Цариград. Сега не е познато каде се моштите на свети Иларион.
Свети архистратиг Михаил и деветте чина ангелски Празникољупци, настапи пресветлото тржество на бестелесните сили што го надминува сиот ум и разум и што го огрева светот со пресветли знаци. Тоа не е телесна природа, туку природа несетивна и таа сјае со зраците на разумот од самото Божество. И околу Божјиот престол стојат трепетно и со крилјата трепетно ги сокриваат своите лица и со неспирен глас трисвети песни му испраќаат на Бога восклкнувајќи: Свет, Свет, Свет Господ Саваот, се исполни сета земја со Негова слава! Зашто во радост почитани со Божествена светост едни се наречуваат престоли врз кои лежи силата и власта на Трижвечното Божество, а други херувими и серафими, шестокрилни и четиризрачни и со многу очи, пријатели на силата и на власта, пријатели на господствата и на првенствата. Другите се ангели и архангели, безбројна војска, сите во својот ред што го предводат и во чија работа имаат свој поредок. Тие секогаш ја предвестуваат славата Божја, а други се испраќаат на служба кај земните, едни за казна и одмазда на нечестивите, а други да ги упатуваат верните кон спасение и радост, како одамна што се покажа преку ангелите и боговидецот Мојсиј на Синајската Гора, ликот на пресветата Божја капина што горела во оган, а не догорувала. И пак на истиот тој Мојсиј му се покажала сенка во гората што сигурно ја направил ангел херувим засенувајќи ги обете поли на олтарот и му се јавил пак нему додека му се молел на Бога и зборувал: „Господе, ако најдам благодат пред тебе, тогаш јави ми се самиот јасно, за да те видам и да сфатам дека сум нашол благодат пред тебе“. А Господ му рекол. „Еве зборот што го кажа, ќе го исполнам, ти најде благодат пред мене“. А Мојсиј рекол: „Покажи ми ја Господе славата твоја и ќе видам дека сум нашол благодат пред тебе“. Господ му рекол: „ Не можеш да го видиш Моето лице, оти човек не може да го види Моето лице и да биде жив, но еве, место до мене, ти застани до каменот, а јас ќе те покријам со Својата рака, додека да поминам, па ќе си ја тргнам раката и тогаш ќе го видиш Мојот грб, а Моето лице нема да ти се покаже“. И тогаш кога Мојсиј ја виде заднината на Божјата слава, лицето му се просветли дури како сончева светлина, но си го покри лицето со крпа, па така им зборуваше на луѓето; оти не можеа да му го гледаат лицето, поради светлината. И пак многугласниот пророк Исаија кажал: „Го видов Господа на висок престол издигнат и серафими стоеја околу него секој со по шест крилја и пееја трисвети песни зборувајќи Свет, Свет, Свет. Господ Саваот, да се исполни сета земја со славата негова. И пак истиот тој Исаија кажува: „Кога беше болен Езекија, царот еврејски, тргна против него царот асирски, за да му го преземе градот. А царот беше нажален поради војната што му дотежна на градот и му се помоли на Господа Бога со зборовите: „Спомни си, Господе, дека одев пред тебе со вистината и со срце смирено и направив угодни дела пред тебе“. Господ му рече: „Не бој се, нема да влезе во твојот град ниту пак ќе фрли на него стрела ни штит, оти јас ќе го заштитам градот и ќе го спасам, заради мене и заради Давида, слугата мој“. И слезе ангелот Господов и истепа 185 илјади од асирската војска и утрината, кога станаа, ги најдоа сите мртви. Ете таква е силата на тие бестелесни и божествени слуги. Сите тие го имаат за началник големиот архистратиг Михаил којшто е војвода на бестелесните сили. Од помеѓу нив еден ангел беше добил власт над создавањето и надзор над земното устројство, и не беше создаден ни лукав, ни зол од Бога, туку благ. И бидејќи проникнат со благост, од благост се преврте кон злоба и исполнет со лошотија, намисли да му се спротивстави на својот Творец и Бог. Неговата грубост и охолост не ги поднесе архистратигот Михаил и со сите бестелесни чинови го фрли на земја и отпадниците со него, наречени од него ангели. И на тие им стана началник, поради својата злоба лишувајќи се од Божјата светлина и откако стана подложен на клетва се претворија во зли духови од ангелски суштества и убавина, и станаа подложни на вечна мака. Злобата не се меша со божествена благост, како што кажува евангелистот Јован во своето пророштво: стана војна на небеси, во која архангелот Михаил и сите негови војници војуваа со змејот и го симнаа од неговиот чин. Така кажува и Јуда светиот апостол, брат му на Јакова. Тој вели дека големиот архангел Михаил, кога се расправал со нечистиот не смеел да искажува богохулен суд против него, но рекол: нека ти забрани Господ за тоа, гаду! Таква ревност кон Господа и својот творец треба да имаат сите оние што имаат чин и стојат во својата легија и се насладуваат од неискажаната светлост и божествена убавина, без да имаат во себе некое величие подолу од злобата, имајќи во себе само волја и желба со благост да ја држат својата легија во која секој од нив е нареден. На човечкиот род Бог му ги подарил сите чудеса и благодати, со тие големи архистратизи, со едни победа над противниците, со други блага вест за радост на земјата. Пофалбите кон нив не може ни јазик да ги искаже, ни ум ќе успее достојно да ги пофали, не наспроти на својата немоќ, колку што можевме да постигнеме, упатувајќи ги своите надежи кон нив, да ја изразиме нивната неискажана милост и застапништво против сите напасти. Бидејќи со овие архистратизи Господ го исполнил небескиот круг на чудесата и земјата чудесно ја украсил, тие ги одржуваат небеските војски трепетно застанати во своите редови, со нив четирите краја на земјата се дочувале неподвижни, со нив морската шир по Божја заповед го дочувала својот вид неразлеан и не ги пречекорила своите граници, со нив човечката природа останува незасегната од сите страсти, прогонетите од нив демонски полкови исчезнуваат, тие ја разружуваат од корен идолската измама, тие блескаво ја красат црквата упатувајќи му на Бога трисвето правоверно и едногласно пеење. Тие сета ерес ја истребија и се расцути вистинската вера венчавајќи православни исповедници. Тие секаква напаст и страдање разгонуваат и болести лекуваат.
Ним едногласно и радосно им се поклонуваме, со пофалби им пееме зборувајќи: радувај се, архистратиже Михаиле, по старешинство ти си прв војвода на бестелесните сили; радувај се, архистратиже Гавриле, прв благовесник на сите радости; радувај се архистратиже Михаиле, прв скиптроносец на Единосушната и Неразделна Троица; радувај се, архистратиже Гавриле, вистински служителе на Трижвечната Светлина; радувај се, архистратиже Михаиле, осветлен со зраците на Трижвечниот Блесок и што го осветлуваш сиот свет; радувај се , радосна похвало, Гавриле, што ја красиш вселената со радост, и што ја овенча староста на Захарија со добрата вест за Јован Крстител и неплодната природа плодна ти ја направи; радувај се, архистратиже Михаиле, ти што си го победил господарот на темнината и достојно стоиш до престолот Божји; радувај се архистратиже Гавриле, на Вечното Слово на Очевата Светлост, пресветол благовесниче, оти твојот глас ја огреа сета земја, а со твојата вест Пречистата и Непорочната Богородица се исполни со радост и без семе, само од Божјиот зрак, неискажано зачна. Радувајте се сложни и пламени застапници на сите што се засолниле под вашиот покров, оти победувајќи ги со верата смртните, вие ги испреваривте нив во пеколот, и гробните плочи ги урнавте известувајќи ги мироносниците за радоста на воскресението, откако ги победивте најнапред адските сили во гробот и извикавте: „Отворете ја вратата ваша, кнезови, за да влезе царот на славата!“ А тие од страв се вџашија и паднати како мртви рекоа: „Кој е тој цар на славата?“ Пак бестелесните архистратизи со бестелесна сила им одговорија: „Господ Крепок и Силен, Господ силен во борба, Он е Царот на славата“. Секаде по службата на Бога се јавувате со брзина на молња, противниците ги победувате и верните ги развеселувате. А пак кога се покажавте покрај гробот, им направивте чест на учениците на својот Господ. Едниот седнат кај главата, а другиот кај нозете, каде што беше лежало телото на Господа Иисуса и рековте: „Зошто барате Жив кај мртвите, овдека Го нема, Он стана како што е кажано“. И пак, кога Господ се вознесе на небо, застанати пред лицето на апостолите рековте: „Мажи Галилејци, што стоите и гледате на небо: Иисус, Којшто се вознел откај вас на небо, ќе се врати пак, така како што Го видовте да оди на небо!“ Така треба да му се прави чест на Господа Бога нашиот Творец. Од нив сета вселена е огреана, од нив пророчки лик се исполнува со духовна благодат и го исполнува своето светло пророштво. Со нив патријарсите и сите праведници се венчани, со нивниот апостолски лик сложно трисвета песна на Бога му праќаат, овенчувајќи се, со нив многуте маченици со прекрасни венци се овенчани, со нив архиерејската пофалба се сподоби со бескрајни радости. Со нив жителите на пустините, со умртвени животни страсти и сладости, го завршиле својот живот, со нив и во последниот ден ќе се отворат гробовите, и умрените тела од нивниот пресвет глас оживеани ќе се кренат. Од нив и отпаднатиот ѓавол со своите нечисти сили ќе биде врзан и фрлен во вечна мака, од неа да не` избави со нивните молитви нашиот Милостив Бог, Негова да е славата, со неговиот Вечен Отец и Сесветиот и Благ Животворен Негов Дух, сега и секогаш и во сите векови, Амин.
Свети Нектариј, митрополит Пентаполски, Егински чудотворец, исцелител од рак Светиот Нектариј Егински, митрополитот Пентаполски (световно, Анастасиос Кефалас), се родил во семејство на побожни родители во 1846 година во Силиврија Тракиска, недалеку од Цариград. Од детството го засакал храмот, Светото Писмо, и се научил на молитва. Сиромаштијата на родителите не му дозволила да се школува во татковината, и на 14 години тој заминува во Константинопол, за да се вработи и да си го плаќа школувањето. Животот во Цариград не бил лесен. Момчето се вработило во тутунска фабрика, но не му стигале средствата, и еднаш очајувајќи, откако сфатил дека не може да очекува помош од никого, Анастасиј решил да се обрати со прозба кон Оној, Кого толку многу го засакал и на чија помош се потпирал цел живот. Му напишал писмо на Господ: „Христе мој, јас немам ни облека, ни обувки. Те молам да ми испратиш, Ти знаеш колку Те сакам“. На пликото напишал адреса: „До Господ Исус Христос на небесата“, и го замолил својот сосед трговец да го однесе во пошта. Тој, пак, зачудувајќи се од необичниот потпис на пликото, го отворил писмото и откако ја видел таквата молба и силна вера, му испратил на детето пари од името на Бога. На возраст од 22 години Анастасиј се преселил на Хиос и почнал да работи како учител, но тука не само што предава, туку и проповеда. Неговото влијание врз учениците било такво, што тие, а преку нив и возрасните, наскоро покажале силна љубов кон него и длабока почит. Тој создал од учениците прекрасен хор и самиот пеел со нив во селската црква, но неговата душа копнеела по монашки живот. Анастасиј ја посетувал Света Гора и разговарал со старците, и на крајот заминал во манастир, каде што примил постриг и ѓаконски чин со името Нектариј, што значи „бесмртен“. Добивајќи можност да го продолжи образованието, Нектариј го завршува Богословскиот факултет во Атина, и тогаш се зближува со александрискиот патријарх Софрониј (Меиданзоглу). На возраст од четириесет години патријархот го ракополага Нектариј во свештенички чин во александрискиот Савин манастир. Со ревност и себеотфрлање го прифатил новото послушание и назначување во Светониколаевскиот храм во градот Каиро. Во 1889 година од страна на патријархот александриски Софрониј е ракоположен за епископ Пентаполски. Епископскиот чин никако не го изменил начинот на живот и однесување на Нектариј. Брзото напредување, љубовта на Патријархот и на народот кон него, а уште повеќе добродетелниот и чист живот на светителот кај многумина предизвикале завист и омраза. Влијателните луѓе од патријаршијата се плашеле дека сеопштата љубов кон светителот ќе го доведе во бројот на кандидати за престолот на Александриската патријаршија, бидејќи патријархот Софрониј веќе бил во длабока возраст. Тие го наклеветиле светителот, обвинувајќи го, не само за посегање кон патријаршиски чин, туку и за неморален живот. Митрополитот Пентаполски бил принуден да даде оставка и морал да ја напушти египетската земја. Не се обидувал да се оправдува и заштитува. Непријателското расположение како сенка го следело и во Атина, каде што престојувал. Попусто одел во разни места, никаде не сакале да го примат. Еднаш, кога по којзнае кој пат бил одбиен во Министерството за верски прашања, светителот се симнувал по министерските скалила со солзи во очите. Кога го видел во таква состојба, градоначалникот поразговарал со него. Откако дознал за тешката состојба, во која се наоѓал Нектариј, градоначалникот му обезбедил работа како проповедник. Славниот митрополит Пентаполски добил место на обичен проповедник во областа Евбеја. Љубовта на народот го следела Нектариј. Но до крајот на животот тој морал да го носи крстот на прогонство и името на наклеветен митрополит, кој не припаѓал на ниту една автокефална Црква. Тој бил принуден да се најде во несфатлива канонска положба, потпишувајќи ги сите свои документи како „патувачки епископ“. Постепено темнината на клеветата отстапувала од името на светителот. Луѓето, гледајќи го неговиот чист и добродетелен живот, слушајќи ги неговите вдахновени проповеди, оделе кај него. Славата на Пентаполскиот митрополит од провинцијата наскоро стигнала и до грчкиот кралски двор. Кралицата Олга, откако се запознала со него, наскоро станала негово духовно чедо. Благодарение на неа тој бил назначен за директор на Ризариевата богословија во Атина, во која должност бил од 1 март 1894 до 16 април 1908 година. Во Богословијата се подготвувале свештенослужители и лаици проповедници. Во периодот на управување на светителот школото доживеало голем подем. Во тоа време околу Нектариј почнале да се собираат неговите духовни чеда, многумина доаѓале кај него за совет и благослов. Тогаш почнуваат да се појавуваат во старецот-светител даровите на Божјата благодат: прозорливост и дар на исцеление. Во бројот на многубројните чеда околу Владиката се собрале многу девојки, кои сакале да се посветат на монашки живот, но не се осмелувале да отидат во било кој манастир, за да не се лишат од духовното раководство на својот учител. Како добар пастир, грижејќи се за нив, Нектариј почнал да бара соодветно место и ја завршува својата потрага на островот Егина. Наоѓајќи тука рушевини од древен манастир, со сопствени средства ја купува таа земја. Туку доаѓаат првите неселнички. Така никнува манастирот „Света Троица“ на Егина. При крајот од животот се случува уште еден удар врз светителот. Во манастирот пристигнала 18-годишната Марија Куда, која избегала од доминантната мајка. Светиот Нектариј ја примил во манастирот. Тогаш мајката на девојката поднела обвинение против светителот, обвинувајќи го дека ја злоупотребувал девојката и дека ги убил родените од неа бебиња. Истражниот судија, кога дошол во манастирот, го нарекувал светителот кентаур и го влечел за брадата, а тој смирено му одговарал и самиот му подготвувал ручек на навредувачот, забранувајќи им на монахињите на плачат и да негодуваат. Девојката ја испитал лекар и ја потврдил нејзината невиност; „убиените“ бебиња исто така, се разбира, не ги нашле. По ова мајката на девојката се мрднала од умот, а истражителот тешко се разболел и доаѓал во манастирот да бара прошка од светителот. Светителот им претскажал на своите послушнички, дека нивниот манастир ќе биде богат, ако тие се трудат со цело срце. Сиот живот на новиот манастир поминувал под раководство на светиот Нектариј, со кого сестрите воделе постојана преписка. Со каква родителска љубов, грижа и нежност се исполнети неговите писма! Извесно време светителот истовремено раководел со школото, но Господ распоредил така, што владиката си дал оставка од школото и засекогаш се преселил во Егина. Последните 12 години ги поминал со своите монахињи, воспитувајќи ги за Небесното Царство. Многу неволји и искушенија преживеале, но тоа биле и благодатни години. Обителта во тоа време била доведена во ред, била воспоставена економија. Годините од земскиот живот на светителот се приближувале кон крајот. Чувствувајќи го тоа, се молел, та Господ да му го продолжи скончанието за да ги заврши сите работи во манастирот, но како и целиот живот, смирено додавал: „Нека биде Твојата волја“. Долго криената болест најпосле си го зела своето. Во придружба на две монахињи го испратиле во болница. Гледајќи го малиот, облечен во расо старец, кој се измачува од тешка болка, дежурниот служител прашал: „Овој е монах?“ „Не, – одговорила монахињата – тој е епископ“. „Првпат гледам епископ без панагија, златен крст, и главно – без пари“ – забележал служителот. Во болницата престојувал кратко, испитувањата покажале дека има рак. Го ставиле во третокласна зграда за неизлечиво болните. Два месеца поминал во маки. И во болницата се случувале чудеса, како што забележале медицинските сестри, дека завоите со кои биле повивани раните на светителот, благоухаат (шират пријатен мирис). Заедно со светителот во собата лежел еден парализиран човек, и кога душата на светителот го напуштила овој свет, тој добил потполно исцеление преку кошулата на светителот. Се упокоил на 9 ноември 1920 година. По смртта неговото тело почнало да мироточи. Кога го довеле ковчегот на Егина, тогаш целиот остров излегол да го испрати својот светител со солзи. Луѓето на раце го носеле ковчегот и потоа забележале дека нивните облеки, во кои биле за време на погребението, почнале да благоухаат. Рацете и лицето на Божјиот угодник изобилно почнале да мироточат, и монахињите со памук го собрале мирото. Светителот бил погребан во манастирската гробница, неколку пати гробницата ја отворале поради разни причини и секој пат се убедувале дека неговото тело е нетлено. Дури и љубичиците кои ги оставило во ковчегот некое девојче останале нераспаднати. На 20 април 1961 година со Патријаршиски и Синодски указ на Цариградската патријаршија, митрополитот Нектариј бил приброен кон хоровите на светителите и биле извадени неговите свети и чудотворни мошти. Се покажало дека останале само коските. Како што објасниле духовниците, моштите се распаднале, за да може да се разнесат низ целиот свет како благослов од свети Нектариј. Во Грција е почитуван како најголем чудотворец, втор свети Николај. По молитвите на свети Нектариј се извршиле безброј чудеса и знаци на Божјата милост. Останала народна поговорка: „Ништо не е неизлечиво за светиот Нектариј“. Многу нови храмови и параклиси се посветени во негова чест. По неговите свети молитви, Господи Исусе Христе, помилуј нѐ и спаси нѐ. Амин.
Денеска е света великомаченица Екатерина http://www.bigorski.org.mk/index.php?content_type=zhitija&action=details&record_id=30 Кратко житие на Светата великомаченичка Екатерина Житие Света великомаченичка Екатерина АлександрискаСвета великомаченичка Екатерина од Александрија (ἡ Ἁγία Αἰκατερίνη ἡ Μεγαλομάρτυς) беше ќерка на царот на александриски Египет, Конста, за време на владеењето на императорот Максенциј (305-313г.) и пострада за Бога во 305г. Нејзиниот спомен се празнува на 24 ноември ст.к. кај словенските народи, а ГПЦ го празнува на 25 ноември ст.к. Живеејќи во главниот град, кој воедно беше и центарот на Хеленизмот, света Екатерина беше обдарена со голема убавина и познавање грчката философија, медицината, реториката и логиката. Сите млади мажи од околината, како и од потесното царско семејство ја посакуваа нејзината рака, но ниту еден од нив беше го избрала. Таа им вети на нејзините родители дека е согласна да се омажи само со оној маж, кој би бил пославен, побогат, поубав и помудар од неа. Нејзината мајка, потајна Христијанка, ја испрати да се советува со нејзиниот духовен отец – свето омолитвено старче кое живееше во пештерите недалеку од градот. Откако ја исслуша, старецот и објасни дека тој познава некој младич кој во сè бил подобар од неа, така што „ Неговата убавина е посјајна од сончевите зрави, Неговата мудрост владее со сè што е создадено, Неговите богатства се распостелени насекаде по земјата – и сето тоа не се намалува, туку на некој начин како повеќе да придонесува за Неговиот престиж над сите. “ Овие зборови ја отворија душата на младата девица и таа посака да Го види Оној Кој во сè е поголем од неа. Вистината, по која таа многу копнееше, старчето ја кажало пред неа. На заминување, доби икона со Пресвета Богородица и Христос. Екатерина се молеше цела вечер; нејзините прозби беа услижени, и и се јави Пресвета Богородица, како Го испраќа Сина си да погледне на коленичењето на оваа млада девојка пред Него. Но Детето ја сврте главата да не ја гледа Екатерина, велејќи дека таа е грда, дека нејзините предци се недостојни, дека изгледа ко луд просјак – неизмиена со водата на Светото Крштение и незапочатена со печатот на Светиот Дух. Натажена, светата великомаченичка се врати кај старчето; тој ја прими со голема љубов, ја поучи на правата вера и ја преупреди да ја чува својата чистота и да се моли постојано. Потоа ја покрсти. И уште еднаш света Екатерина имала визија со Пресвета Богородица и Христос. Но овој пат Господ нежно погледнал на неа, давајќи и прстен – чудесен подарок за небесен брак. Тој прстен и денес стои на нејзината рака. Во тоа време и самиот цар Максенциј беше во Александрија, за прославата на некој пагански празник. Поради тоа, прославата беше раскожна и многу луѓе беа дојдени: плачот на жртвените животни, огромните огани и големата толпа ја исполни Александрија. Беа донесени и човечки жртви, и тоа Христијани кои не се откажуваа од Христовото име. Гледајќи ја оваа неправда, исполнета со љубов и вера, Екатерина појде при Жрецот и царот. Се претстави, ја исповеда својата вера во единствениот Бог и ги разобличи грешките на паганите. Нејзината убавина го плени царот. Со цел да ја убеди дека греши, но и за да ја присвои за себе, царот ги повика педесетмина мудри луѓе да се препираат со неа за верата и да ја посрамат. Но Екатерина ги надмудри нив и ги посрами. Разјарен царот нареди сите педесетмина мудреци да се изгорат во оган. По молитвите на Света Екатерина овие мудреци сите пред смртта го исповедаа името Христово и се објавија себеси за христијани. Максенциј, кога го виде ова изгуби надеж дека ќе ја убеди да ја смени верата. Затоа почна да ја убедува да ги прифати неговите ветувања за богатства и слава. Но откако прими остро одбивање, ја фрли во затворот. Кога оваа маченичка беше во затворот, го приведе кон верата војводата Порфириј со двесте војници, а ја обрати кон Христа и самата царица (августа-василиса) која беше восхитена од благодатта која сјаеше од нејзиното лице. Сите пострадаа за Христа. При мачењето на Света Екатерина и се јави ангел Божји, го запре и го искрши тркалото на коешто беше мачена; а потоа и се јави Самиот Господ Христос и ја утеши. После многу мачења ја убија со меч во нејзината осумнаесетта година, на 24 ноември 310 година. Од нејзиното тело истече млеко наместо крв. Чудотворните мошти на Света Екатерина почиваат на Синај, во манастирот изграден од св. цар Јустинијан. Химнографија Тропар глас четврти Со добродетелите, како со сонцеви зраци, ги просвети неверните мудреци, и, како пресветла месечина што на оние кои во ноќ одат, темнината на неверието им ја тргна и царицата ја увери, наедно и мачителот го изобличи, богоповикана невесто, блажена Екатерино, со желба си отишла во Небесниот дворец при прекрасниот Младоженец Христос, и со царски венец од Него беше овенчана: Пред Него, со Ангелите стоејќи, моли се за нас, што твојот пречесен спомен го твориме. Кондак глас втори Честниот собор Божествено, маченикољубци, подигнете го сега, почитувајќи ја семудрата Екатерина, бидејќи, таа во арената Христа го проповедаше и змејот го победи, и разумот на риторите го скроти.
Денеска е светата великомаченица Варвара и великиот и за секоја пофалба достојниот свет отец наш Јован Дамаскин. Житие на свети Јован Дамаскин (оваа света икона го краси и осветува мојот скромен дом) Свети Јован Дамаскин е роден околу 675 година во Дамаск, во гетоизираната христијанска заедница во исламска околина. Исламската власт управувала со христијаните преку чиновниците кои ги бирале од нив, а чија улога била прибирање данок за господарите. На таа функција на „голем логотет“ бил избран и Јовановиот татко, Сергиј. Токму оваа функција на неговиот татко овозможила младиот Јован да се стекне со добро образование кај еден калабриски монах од грчко потекло, Козма. Кај него св. Јован се здобил со знаење од областа на аритметика, геометрија, музика, астрономија, реторика, дијалектика и етика по Платона и Аристотела, и секако, теологија. По смртта на неговиот татко, Јован го наследил на уште поголема функција, како „првосоветник“ на дворот на калифот Валид (705-715). Во истото време, во Византија се појавила и проширила иконоборската ерес, поддржана од царот Лав III (717-741). Јован Дамаскин бил меѓу првите кои се спротивставила на оваа ерес; тој започнал и писмена борба за одбрана на нападнатите свети икони. Ова негово делување го разгневило византискиот цар, кој неможејќи да го уапси ни осуди бидејќи не бил жител на Византија, го наклеветил кај калифот дека Јован сака да им пружи помош на Византијците во освојувањето на Дамаск. Калифот веднаш го симнал Јован од високата положба во калифатот, му ја отсекол десната рака и го вовел во градот сиот окован. Истата ноќ свети Јован се молел пред иконата на Пресвета Богородица, која му се јавила во сон, и велејќи му дека раката му е исцелена, му укажала на неопходноста од неговата борба, со нејзина помош, против иконоборската ерес. Кога се разбудил, светителот видел дека раката му е исцелена. Штом дознал за чудото, калифот му побараш прошка и му ја понудил истата позиција која ја имал, но св. Јован тоа го одбил, и заедно со својот учител Козма заминал во манастирот на св. Сава Освештен во Ерусалим. Токму таму Јован Дамаскин заблескал во полниот подвижнички и богословски сјај, учејќи се на смирение и умртвување на гордоста. Во 734 година бил ракоположен за иеромонах од страна на ерусалимскиот патријарх. Својот манастир го напуштил само за да ги осуди иконоборците кои одржале еретички собор во Цариград во 754 година, каде бил затворен и мачен, но преживеал. Се упокоил во молитвена тишина во Савината Лавра 749 година. Свети отче Јоване Дамаскине, моли го Христа Бога да се спасат нашите души! Поопширно за житието на свети Јован Дамаскин: https://megica.wordpress.com/2015/12/16/житие-на-свети-јован-дамаскин/
Третиот ден од Божиќ - 9 ЈАНУАРИ Св.Стефан, вечно име на сите што го носат Светиот првомаченик и архиѓакон Стефан e еден од првите седум ѓакони ракоположени од светите апостоли и првиот маченик за Христа. Православната Црква го празнува неговиот спомен на 27 декември (9 јануари). По Вознесението на Господ Исус Христос и по слегувањето на Светиот Дух над апостолите, Господовото слово бргу се распространувало, и бројот на верните растел секој ден. Јудејските началници и членовите на синедрионот со ожесточеност и гнев ги гледале успесите на новото учење. Откако го предале Исуса Христа на срамна крстна смрт, тие се надевале, дека со Него ќе загине и Неговото слово. Но, сега тие виделе, дека смирените рибари безстрашно и громко го проповедаат името на воскреснатиот Христос, Кој се вознел на небето и седи оддесно на Бога; дека тие прават чуда, со еден допир исцелуваат болни и даваат вид на слепи; дека на сите јазици го распространуваат учењето на Христос и дека нивните зборови, исполнети со необична сила, привлекуваат многу луѓе, подготвени со радост да ги напуштат дури и своите семејства и домови, за да станат Христови следбеници. Гледајќи го сето тоа, јудејските началници започнале многу да се вознемируваат и да преземаат строги мерки против апостолите. Тие ги казнувале, ги затворале во затвор, им забранувале да проповедаат, го наговарале против нив народот, нарекувајќи ги прекршители на Мојсеовиот закон. Но, наспроти тие гонења, Христовото учение се распространувало и самите животни потреби на новообразуваното општество се обезбедувале. Зашто, како што вели апостол и евангелист Лука, „апостолите пак, сведочеа со голема сила за воскресението на Господ Исус Христос, и голема благодат имаа сите. Меѓу нив немаше ниту еден во оскудност, зашто оние што поседуваа земји или куќи, ги продаваа, а приходот од продаденото го донесуваа и оставаа пред нозете на апостолите; и се раздаваше секому според потребата.” Меѓу оние, кои добивале храна, имало луѓе од различни земји и народи. Кога бројот на христијаните многу се зголемил, меѓу нив се појавило приговарање и негодување. Елинистите – така биле нарекувани евреите кои живееле во дијаспората, во паганските земји, се пожалиле дека на нивните вдовици им се давало помалку помош. За тоа дознале апостолите. Зафатени со проповедвање на Божјото слово, тие решиле да не ги преземаат на себе грижите за економските работи на христијанското општество, за да не губат време за проповедање и затоа решиле да изберат од учениците седуммина, на кои ќе им ги доверат грижите за раздавање на помошта. Избраните биле наречени „ѓакони” (што значи – служители). Апостолите се помолиле и ги ракоположиле и тие почнале од сѐ срце да ги исполнуваат своите задолженија. Прв меѓу седумте ѓакони бил Стефан, човек исполнет со вера и со Светиот Дух. Во Eрусалим бројот на верните сè повеќе се зголемувал. Дури многумина од еврејските свештеници се обратиле кон Христа. Тоа многу ги налутило членовите на синедрионот. Тие се разгореле во полемика со Стефан, но не можеле да се спротивстават на духовната сила и мудрост, со кои биле исполнети неговите зборови – толку повеќе, што Стефан правел и чуда. Тогаш тие прибегнале кон друго средство: го подбуцнале против него народот, старешините и книжниците, откако го обвиниле пред синедрионот, наводно за хулење на Бога и Мојсеовиот закон. Пронашле лажни сведоци, кои ги потврдиле нивните зборови. Го повикале Стефан во синедрионот. Наместо да се заштитува, тој почнал да ги обвинува своите обвинители, дека, имено, тие постојано го нарушуваат законот, а напразно се фалат дека го исполнуваат. Тој ги наброил сите добродетелства на Господа кон еврејскиот народ: Како Тој го спасил от тешкото египетско ропство, чудесно го зачувал во пустината, му го дал Законот, ја изградил за него скинијата, а потоа и храмот, му испраќал пророци и проповедници, кои му возвестувале за Христа; а, како тој избран народ го нарушавал Божијот Закон, ги убивал испратените од Бога пророци и најпосле ја исполнил мерката на своите престапи, со тоа што го распнале Христа. „Тврдоглави и необрезани по срце и уши – извикал Стефан – вие секогаш се противите на Светиот Дух, како вашите татковци, така и вие! Тие ги убија оние што го предизвестија доаѓањето на Праведникот, Чии што предавници и убијци станавте вие!” Светиот првомаченик и архиѓакон Стефан со тие зборови го предизвикал гневот на слушателите: тие скрцале со забите и срцата им се кинеле от злоба. А, Стефан, исполнет со Светиот Дух, одеднаш го прекинал својот говор, погледнал кон небото, кон божественото видение што се појавило пред неговите очи и радосно извикал: „Еве, ги гледам небесата отворени и Синот Човечки како стои оддесно на Бога!” Тогаш сите еднодушно се нафрлиле врз него и откако го извлекле надвор от градот во Јосифовата долина, околу Кедарскиот поток, почнале да фрлаат камења врз него. А тој се молел и велел: „Господи Исусе, прими го мојот дух!” Потоа, паднал на колена и извикал со висок глас: „Господи, не сметај им го ова за грев!” – и со тие зборови починал. Тоа се случило во 37 година. Ниту кроткоста на Стефан за време на мачењата, ниту последната трогателна молитва за непријателите, не ги скротила убијците. Тие дишеле злоба и гнев. Од сите нив најмногу се гневело едно момче по име Савел, суров гонител на Христовата Црква – оној истиот што подоцна, просветен од Духот Божји, станал најцврст и ревностен проповедник на вистинската вера и славен апостол – Павле. Преданието говори дека Пресветата Дева, придружувана од апостол Јован Богослов, гледала од некоја височинка како го убиваат Стефан и се молела за него. Телото на првомаченикот било оставено да го изедат ѕверовите и птиците. Но, Гамалиил, еден бележит еврејски законоучител, кој што го почитувал светиот маченик, го зел неговото честно тело и го погребал на својот имот. Верните многу го оплакувале Стефан. Наспроти гонењата, христијанската Црква сè повеќе закрепнувала. Храброста со која верните ги поднесувалетие гонења, ги убедувала непристрастните во вистинитоста на христијанската вера. Оние што поверувале биле принудени да бегаат от Ерусалим, каде што Савел жестоко ја гонел Црквата. Се распрснале по цела Јудеја и насекаде бројот на христијаните бргу се зголемувал. Во 415 г. моштите на првомаченикот Стефан биле откриени преку чудесно видение, кое го имал некој свештеник. Тие били поставени во Сионскиот храм, во Ерусалим. Многу години потоа, благочестивата византиска царица Евдокија, сопругата на Теодосиј Помладиот, допатувала во Ерусалим, и на местото, каде што светиот првомаченик Стефан бил убиен и земјата се обагрила со неговата честна крв, изградила прекрасна црква, што го носела неговото име, во чест на Христа Бога.
Прочка Времето посно светло да го почнеме и на духовни подвизи себе да се подложиме, душата да ја очистиме, телото да го очистиме, да постиме од секоја страст како од храна и со добродетели духот да го насладуваме, со љубов во нив усовршувајќи се, да се удостоиме сите да го видиме сечесното страдање на Христа Бога и светата Пасха, духовно радувајќи се. Отците велат дека е лесно да се бара прошка од сите заедно; она што е тешко е да се проси прошка, но и да се проштева на секој човек засебно (велеше една баба в црква, на сите ќе им простам, ама на снаа ми никогаш). Ти можеш да јадеш колку сакаш посен грав или леб и сол ама ако влечеш кавги низ овие 7 недели немаш право на причест. Не е важно што јадеш туку како се однесуваш и дали некому лоши зборови упатуваш. Во спротивно тоа не е пост туку обична фитнес диета. Не е важно што влегува во устата туку она што излегува од неа. Добри пости.
Крк кардаш (на македонски 40 браќа) се 40. свети битолски преподобномаченици, чиј што спомен се празнува денеска заедно со 40. севастијски маченици.
Нека ни е на помош празникот. Света великомаченичка Недела Во времето на христоборните цареви Диоклецијан и Максимијан во Анадолија живееја две побожни стари души, Доротеј и Евсевија. Беа побожни христијани, богати, но и бездетни. Со непрестајна молитва испросија од Бога едно чедо, оваа Света Недела. Таа од детството Му се посвети себеси на Бога, воздржувајќи се од сѐ што прават разузданите деца. Кога порасна, прекрасна во телото и во душата, навалија многубројни просци, но таа сите ги одбиваше, велејќи дека е вереница на Господ Христос и дека ништо не сака, освен да умре како девојка. Еден од одбиените ги обвини Недела и нејзините родители како христијани пред царот Диоклецијан. Царот нареди и нејзините родители прво ги мачеа, а потоа ги протераа во градот Мелитина, каде што кончанието им беше во маки за Христа. Света Недела пак, му ја испрати Диоклецијан на Максимијан да ја суди. Бидејќи ја потврди својата вера во Христа пред Максимијан, тој нареди и ја тепаа со воловски жили. Потоа царот им ја предаде на војводите, прво на Иларион, а откако тој умре на Аполониј. Овие ја мачеа ѕверски на сите можни начини, но сѐ им беше залудно. Додека Света Недела лежеше во рани во затворот, ѝ се јави Господ Христос и ја исцели и ѝ рече: „Недело, не плаши се од маките, Мојата благодат е со тебе“. Христовата благодат навистина ја спаси оваа маченичка и од оган и од ѕверови, со што нејзините судии мислеа со сигурност да ја умртват. Многумина незнабожци, гледајќи го нејзиното чудесно спасение од толку смрти, поверуваа во Христа. Но сите беа заклани. Света Недела му рече на Аполониј: „На ниеден начин нема да ме одвратиш од мојата вера. Ако ме фрлиш во оган, ги имам Тројцата младенци; ако ме фрлиш на ѕверовите, го имам за пример Даниил; ако ме фрлиш во морето, пример ми е Пророкот Јона; ако ме предадеш на меч, ќе се сетам на Чесниот Предвесник. За мене живот е да умрам за Христа.“ Тогаш Аполониј нареди да ја убијат со меч. Недела клекна на колена, ги подигна рацете кон небото и Му се помоли на Бога да ја помилува и да ги спаси сите што ќе го слават нејзиниот спомен, а нејзината душа да ја упокои заедно со душите на нејзините родители. Кога ја заврши молитвата Му ја предаде душата на Бога, пред да се спушти мечот врз нејзината Света глава. Чесно пострада и се пресели во Небесното Царство во 289 година, во Никомидија.
Житие: Преподобен Никон Печерски Другар на Свети Антониј Печерски и духовен отец на Преподобниот Теодосиј. Затоа што ги потстрижа во монаштво бојаринот Варлам и евнухот Ефрем беше загрозен од кнезот Изјаслав, но кнегињата го обрати гневот на овој кнез во страв Божји и тој го остави Свети Никон во мир. Еднаш сакајќи да го украси храмот со икони Никон Му се молеше на Бога за помош. И заради неговите молитви ненадејно дојдоа во Киев од Цариград едни Грци иконописци на коишто во видение им се јавиле Светите Антониј и Теодосиј и ги упатиле кај Никон во Киев. Прочуен е по неговите смели подвизи и по духовната мудрост. Во староста наспроти неговата волја го избраа за печерски игумен. Се престави кај Господ во 1066 година. Неговите нетлени мошти се чуваат во киевските пештери.