ВОЗДВИЖЕНИЕ НА КРСТОТ Тропар: Спаси Господи људи Твоја и благослови достојаније Твоје, побједи всјем Православним Христијаном нашим, на сопротивнија даруја, и Твоје сохрањаја Крестом Твојим житељство. Спаси ги, Господи, Твоите луѓе и благослови го Твоето наследство. Дарувај им победа над непријателите на сите наши Православни Христијани и со Крстот Свој заштити го Твоето наследство. Охридски пролог - св. вл. Николај Охридско-Битолски и Жички На овој ден се празнуваат два настани поврзани со Чесниот Крст: прво, пронаоѓањето на Чесниот Крст на Голгота, и второ, враќањето на Чесниот Крст од Персија во Ерусалим. Обиколувајќи ја Светата Земја Св. царица Елена намисли да го побара Чесниот Крст на Христос. Некој старец Евреин, по име Јуда, единствен знаеше за местото каде што се наоѓаше Крстот, па принуден од царицата изјави дека Крстот е закопан под храмот на Венера, којшто на Голгота го подигна царот Адријан. Царицата нареди и го разурнаа оној идолски храм, па копајќи во длабочина најдоа три крста. Додека царицата беше во недоумение како да го распознае Христовиот Крст, покрај местото поминуваше поворка со мртовец. Тогаш патријархот Макариј рече да ги полагаат крстовите редум врз мртовецот. А кога го ставија врз него третиот крст, покојникот оживе. По тоа познаа дека е тоа вистинскиот Христов крст, чесен и животворен. Потоа го положија врз една болна жена и жената оздраве. Тогаш патријархот го крена крстот за да го види сиот народ, а народот со солзи пееше: „Господи помилуј!“ Царицата Елена направи ковчег од сребро и го положи во него Чесниот Крст. Подоцна, кога царот Хозрој го зазеде Ерусалим, многумина ги одведе во ропство, а Крстот Господов го однесе во Персија. Во Персија Крстот лежеше четиринаесет години. Во 628 година грчкиот цар Ираклиј го победи Хозрој и со слава го поврати Крстот во Ерусалим. Влегувајќи во градот царот Ираклиј го носеше Крстот на своите плеќи. Но одеднаш застана и не можеше да зачекори ни чекор. Патријархот Захариј виде ангел којшто му попречуваше на царот во раскошни облеки да оди под Крстот, по оној пат по којшто Господ одеше бос и понижен. Тоа видение патријархот му го објави на царот. Тогаш царот се слече, па босоног и во бедна облека го зеде Крстот, го изнесе на Голгота и го положи во храмот на Воскресението, на радост и за утеха на целиот христијански свет. Марко Китевски Именден празнуваат: Крсте, Крстана, Крстинка, Кристина, Кристијан (верзиите Христијан и Христина празнуваат именден на Божиќ)... Црквата празнува два празника поврзани со чесниот крст, зимскиот Крстовден или Водокрст (18/5 јануари) е посветен на стариот обичај според кој на овој ден биле крштевани оние што го примале христијанството, а есенскиот Крстовден, под името Воздвижение на чесниот крст се празнува во чест на наоѓањето на крстот на кој бил распнат Исус Христос. Овој настан и се припишува на царицата Елена, мајката на славниот цар Константин, основоположникот на Цариград (Константинопол). Во почетокот на четвртиот век Римската империја била поделена меѓу четири совладари- кесари. Со Италија и престолнината Рим владеел Максенциј, користољубив и свиреп човек кој го искористувал и малтретирал народот. Поради тоа народот побарал помош од Константин кој во тоа време владеел со териториите каде што денес се наоѓаат Англија, Франција и Шпанија. Царот Константин со својата војска тргнал на Рим и пред борбата со Максцениј во 312 година еден ден попладне на небото видел нишан - светол крст и напис: „Ова победува”. Тоа го виделе и неговите војници. Потоа следната ноќ на царот Константин и во сонот му се јавил Спасителот Исус Христос со истиот знак и му рекол да направи војнички знак како тој што го видел на небото, да го носи пред војската и ќе го победи многу посилниот непријател. Утрото им го раскажал сонот на своите пријатели и веднаш повикал златари за да го направат крстот онака како што тој им го опишал. А неговиот опис бил следниов: На копје покриено со злато имало пречник што со копјето правел крст. На врвот од копјето имало венец од злато и бесценети камења, а на венецот првите две букви од Христос: Хр. Овие две букви подоцна царот ги носел на шлемот. На пречникот висела тенка пурпурна ткаенина навезена со злато и покриена со бесценети камења. На копјето под самиот крст, на горниот дел од ткаенината биле насликани во разни бои ликовите на царот и неговите деца. Со овој знак Константин влегол во борба против Максцениј кој бил утврден во близината на Рим и лесно го победил. Со многу војници Максцениј се удавил во Тибар на 28 октомври 312 година. Царот Константин влегол во Рим, радосно пречекан од населението, затоа што го ослободил градот од тиранинот. Подоцна Константин со овој знак извојувал повеќе победи. Царот Константин среде Рим подигнал споменик на овој знак со што означил дека овој знак е чувар на Римската империја. Подоцна изградил и статуа со својот лик, со крст во десната рака и со напис на латински јазик. „Со овој спасоносен знак што е сведоштво на вистинската храброст го ослободив вашиот град од јаремот на тиранското владеење, на сенатот и на римскиот народ им ја вратив слободата и поранешниот украс и сјај”. Уште два пати царот Константин имал чудни визии со чесниот крст и двата пати извојувал значајни победи. Првите три века не се знаело каде се наоѓа крстот на кој бил распнат Исус Христос. Се претпоставувало дека е закопан во близината на неговиот гроб, бидејќи според тогашните еврејски обичаи крстовите биле закопувани во близината на гробовите. По многуте напади на Ерусалим, по повеќето борби и разурнувања на градот била изменета и конфигурацијата на земјиштето. Од друга страна пак неверниците и Евреите намерно ги обезличувале христијанските светилишта, или врз нив подигнувале пагански храмови. Царицата Елена при обиколката на светите места се интересирала и за крстот врз кој бил распнат Исус. По совет на патријархот Макариј биле прашани најстарите луѓе, но само еден по име Јуда, знаел дека крстот е во темелите на подоцна подигнатиот идолски храм на божицата Венера. При копањето нашле три крста, зашто на тоа место биле и крстовите од двајцата разбојници што биле распнати со Исус. Тогаш се појавил проблем зашто не можеле да дознаат кој од трите е Исусовиот крст. Пак по совет на патријархот Макариј со трите крстови допреле една болна жена и таа од допирот со едниот од нив оздравела. Во тоа време минувала и погребна поворка, а царицата Елена наредила врз мртовецот да ги ставаат крстовите еден по еден. И се случило чудо. Во допир со истиот оној крст од кој оздравела болната жена сега и мртовецот воскреснал. Тоа било знак дека тој е бараниот крст врз кој бил распнат Исус Христос. Кога за тоа разбрале жителите на Ерусалим потрчале да го видат тој крст. Тогаш мноштво народ дотрчал да го види животворниот крст, но од големата турканица што се создала тоа не можеле да го сторат. Тогаш владиката ерусалимски Макариј неколку пати го кревал и спуштал крстот вртејќи се на сите четири страни. Во тоа време народот се крстел и пеел „Господи помилуј”. Тоа се случило околу Велигден 326 година. Царицата Елена изградила повеќе цркви меѓу кои и една на гробот на Исус посветена на Воскресението во која се чувал и чесниот крст. Историчарот Сократ пишува дека крстот е најден во годината по Никејскиот собор значи во 326 година, иако таа година умрела царицата Елена. Александриската хроника е попрецизна во датирањето на овој настан и посочува на 14 септември 320 година, иако некои хроничари овој настан го поместуваат неколку години порано. Оттогаш во Ерусалим секоја година на 14 септември се празнува празникот на светиот крст, а тој датум се поклопувал со денот на осветувањето на црквата, што царот Константин ја подигнал на местото на Христовиот гроб на Голгота и чие осветување било извршено на 13 септември 335 година. На овој ден во Ерусалим доаѓале многу аџии од целиот свет. За овој празник кон крајот на 5-тиот век во Ерусалим дошла и познатата грешница Марија од Египет на покајание. Во нејзиното житие се раскажува дека празникот Воздвижение на чесниот крст се празнувал одамна и дека имало многу аџии. Во почетокот празникот бил празнуван локално во Ерусалим каде што се случил настанот и каде што се чувале деловите од крстот. По нападот на персискиот цар на Византија, кога биле заземени Сирија, Месопотамија и Мала Азија и подоцна во 614 година кога бил заземен Ерусалим, била направена вистинска пустош во градот, а бил ограбен и храмот посветен на Воскресението заедно со светиот крст. Четиринаесет години крстот бил во рацете на Персијанците и многумина од нив за тоа време го примиле Христијанството гледајќи ја силата на крстот. По победата на царот Ираклиј над Персија и светиот крст бил вратен во Цариград во 628 година, а следната 629 година заедно со крстот презел поход на Сирија, потоа во Ерусалим на 3 мај му го предал на свештеникот Захариј. Според светото предание царот Ираклиј самиот го носел крстот од Елеонската Гора до Голгота, а тука некоја таинствена сила го запрела и не можел да продолжи. Тогаш патријархот Захариј му укажал дека на тоа место Исус го носел крстот во понижувачка состојба, а не така облечен во царска облека. Тогаш царот ги собул чевлите, ја сменил и облеката и го однесол крстот во храмот на Воскресението каде што било извршено подигнување и поклонување пред чесниот крст. Оттука во 638 година крстот бил пренесен во Цариград бидејќи арапите ја нападнале Сирија. Во црквата Света Софија бил извршен обредот Воздвижение на чесниот крст. Во чест на овие два настана: наоѓањето на чесниот крст и неговото враќање од заробеништво се празнува празникот Воздвижение на чесниот крст. По првиот настан празникот се празнувал локално, а по вториот добил општохристијанска димензија. За подостоинствено празнување на празникот, но и за оддавање признание на светиот крст, како и за сочувствување со страдањата на Спасителот Исус Христос Светата црква го одредила овој ден како тежок празник и како строг пост. И нашиот народ го празнува Крстовден како тежок празник. Тогаш не се работи и се пости „за крст”. Во Радовиш во црквата попот раздавал китки кои се чувале за здравје и за лек од уроци. Во Гевгелиско спроти овој ден свештеникот одел по куќите и светел вода, а жените земале од котлето вода за замесување на квасец. Свештеникот читал молитви за богат род и ги пеел семињата за новата сеидба, а тоа го правел и на самиот ден на Крстовден. Во записите на Христо Шалдев за Гуменџе се вели дека тука гроздоберот секогаш станувал околу Крстовден. Во Дебарца Крстовден се смета за тежок празник и се држи како тежок пост. На овој ден не се јаде ништо мрсно дури ни растително масло. Вечерта спроти Крстовден од полето се носи грав, пченка, компири, лубеници, грозје и др. Утрото се оди во црквата каде што се раздава за здравје. протопоп Александар Шмеман Празникот на Воздвижение на Крстот... Со векови во овој ден на соборите на архиереите, опкружени со зборот на духовенството, среде храмот, високо над оние кои се молат се издигал крстот и ги осветлувал сите четири страни, а хорот во тоа време громогласно пеел “Господи, помилуј!” Тоа бил празникот на христијанската империја, која се родила под знакот на Крстот, во денот кога императорот Константин во видение го видел Крстот и зборовите: “Со ова ќе победиш...” Тоа е Празник на победата на христијанството над царствата, културите и цивилизациите, празник на оној христијански свет кој се распаднал, се распаѓа пред нашите очи. Да, и оваа година, како и секоја, ќе се изврши овој торжествен древен обред. И хорот радосно ќе пее: “Крстот на царевите им е држава, крстот - е убавина на вселената”. Но околу храмот ќе трешти огромниот град, без учество во ова сокриено торжество, никако со него поврзан, милиони луѓе ќе продолжат да си го живеат својот секојдневен живот, со неговите немири, интереси, радости, таги, не имајќи никаков однос со она што се извршува во храмовите. Зошто се осмелуваме да ги повторуваме овие зборови на победата, повторувајќи ги одново и повторно за Крстот, дека тој е - неуништлива победа? За жал, треба да се признае дека многу христијани не би знаеле да одговорат на овие прашања. Многу христијаните како да се навикнале на тоа, Црквата да биде изгонета на заден план на животот, да биде протерана од културата, од животот, од училиштата - од секаде. Многу христијани се задоволни со тоа што со презир им дозволуваат да ги “исполнат своите обреди”, само тие да се однесуваат тивко и послушно, да не му пречат на светот да го гради својот живот - без Бога, без Христа, без вера, без молитва. Тие, овие уморни христијани, веќе и не се сеќаваат што рекол Христос ноќта пред Распетието: “Во светот ќе имате жалости, но не плашете се, зашто Јас го победив светот”. Но ми се чини, ако го празнуваме овој празник на Воздвижение на Крстот, ако ги повторуваме древните зборови на победата и торжеството, тоа не е за да си спомнеме за победата на минатото, да си спомнеме за тоа што било и што повеќе не е. А за тоа, би требало, за подлабоко да се замислиме околу смислата на овој збор “победа” во христијанската вера. Можеби, само денес, кога сме лишени од надворешна сила, надворешна победа, подршка на власта, небројни богатства, лишени од се она што се чинело символ, знак на победа, ние сме способни да сфатиме дека, можеби, се тоа и не била вистинска победа. Да, со злато, сребро и драгоцени камења бил украсен оној Крст кој преку рацете на свештениците се издигал над човечката толпа, но ни златото, ни среброто, ни драгоцените камења не се способни да ја затемнат вистинската и првобитна смисла на Крстот: срамно орудие и мачна казна, на кое со клинци бил закован човекот од сите отфрлен, задишан од бол и жед. И ќе имаме храброст да се запрашаме: зар не згаснале поради тоа сите тие христијански царства и култури, зар не се превртела во пораз победата поради тоа што сме ослепеле ние, христијаните, за последната смисла, последната содржина на главниот символ. Решиле дека со злато и сребро може да се затемни оваа смисла и дека се што од нас сака Бог - тоа е да се поклониме на минатото. Но да се почитува Крстот, да се подигне, да се пее за победата на Христа - не значи ли тоа, пред се - да се верува во Распнатиот, да се верува дека крсниот знак - тоа е знак на еден потресувачки, единствен по својата смисла, пораз, кој - само во силата на овој пораз, само во мерата на неговото примање како пораз - и станува победа и торжество. Не, не дошол Христос во светот за надворешна победа: Нему Му било предложено Царствотот, и Тој го отфрлил. Во моментот на Неговото предавање на смрт, Тој рекол: “Зарем мислите дека Јас не можам да го умолам Мојот Отец да ми испрати легиони на ангели, кои би ме заштитиле?”. Но никогаш Христос не бил повеќе Цар од тогаш кога, опкружен со злобната и занишана толпа, одел кон Голгота, носејќи го на грбот Крстот Свој. Никогаш не била толку очигледна Неговата царственост и сила, како во тој час, кога Пилат го извел пред толпата, облечен во багреница, осуден на смрт како престапник, со трнов венец на главата, и кога Пилат и рекол на збеснатата толпа: “Еве го Царот ваш!” Бидејќи само тука е целата тајна на христијанството, и затоа неговата победа е - во радосната вера, во тоа што во отфрлениот, распнатиот и осудениот во светот засветлела љубовта Божја, се открило Царството, над кое никој нема власт. Секој од нас треба само да го прими Христа, да го прими со сето срце, со сета вера, со сета надеж. Инаку сеедно е, никакви надворешни победи немаат смисла. И можеби, на нас ни било неопходен тој надворешен пораз на христијанскиот свет, неопходно било тоа осиромашување и отфрлање, за да се очисти нашата вера од секоја земна надменост, од надежта на надворешната сила, на надворешната победа. За да се очисти нашето видување на Крстот Христов, кој се вознесува над нас и над светот, дури и ако ние и светот не го гледаме тоа. Се вознесува и победува, без разлика на се. “Крстот е - убавина на вселената”. И во каква и темнина да е човекот, колку и надворешно во светот да торжествува злото, срцето знае и слуша: “Не плашете се. Јас го победив светот”.
Само да не заборавиме во Кого веруваа, во Кого се надеваа, Кого Го љубеа и каква Премудрост(Софија) ги имаше озарено овие пречисти девици и нивната чесна и Христољубива мајка праведната Софија. Проповед на празникот на светите Вера, Нада, Љуба и мајка им Софија. „А сега остануваат овие три работи: верата, надежта и љубовта; најголема меѓу нив е љубовта“ (1. Кор. 13: 13) Животите на светителите се духовна лектира која за нас, кои се нарекуваме православни христијани, претставуваат насушна храна со која ја нахрануваме сопствената душа, која, пак, е гладна за нивните лподвизи и натчовечки достигнувања. Светителските восхитувачки подвизи честопати нè оставаат без здив, па со денови размислуваме за големината и чистотата на нивната вера, која тие ја поседувале, како и за бескрајната храброст која ја имале во предсмртните мигови. Денешните славенички, светите маченички Вера, Надеж, Љубов и нивната мајка Софија, олицетворение се на сето досега кажано, зашто нивното житие е доказ, како и колку треба да се љуби вистината и за неа да се пострада, без разлика какви нечовечки понижувања нè затекнуваат во животот. Историските податоци ни говорат дека, овие свети маченички живееле и пострадале во градот Рим, за време на нечестивиот цар Адријан. Мудрата Софија ушта во младоста останала вдовица, но како прекрасна христијанка ги воспитала своите три ќерки во Христовата вера. Кога започнале гонењата на христијаните и кога мачителите дошле во домот на Софија, Вера имала 12 години, Надеж 10, а Љубов само 9 години. Откако сите четири бестрашни маченички биле изведени пред царот, смирено и одлучно ја исповедале верата во Христа Господа и одбиле да принесат жртва пред идолската божица Артемида. Пред страдањата, Софија со богомудри совети ги охрабрувала своите ќерки за да издржат до крај. Таа им говорела дека небесниот љубител - Господ Исус Христос е вечно здравје, неискажлива убавина и бесмртен живот. Но, безумниот мачител ги зел една по една и ги мачел со страшни маки: најпрво Вера, па Надеж, па Љубов. Ги тепале, ги сечеле со остри ножеви, ги фрлиле во оган и во врела смола, и на крај, една по една, ги посекле со меч. Мртвите тела на своите ќерки Софија ги зела, ги однесла надвор од градот и таму чесно ги погребала. Таму, над нивниот граб останала три дена и три ноќи, молејќи се на Бога, и тука ја предала својата душа во рацете на Бога, брзајќи да стигне во рајските населби, каде што блажените души на нејзините славни ќерки ја чекале. Овој настан од свештената историја на нашата страдална Црква, денес нè потсетува какви треба да бидат основните добродетели, кои, како православни христијани, треба да ги поседуваме. Светата и праведна Софија ни е образец со каква мудрост треба и ние треба да ги воспитуваме сопствените чеда, зашто таа родила такви деца, кои постанаа Христови невести и кои пострадаа за Христос Бог, во Кого бескрајно веруваа како во свој Спасител. Навистина, света Софија е мајка достојна за восхит и за убаво спомнување! Таа, гледајќи ги страшните и лути маки на своите премили чеда, не само што не тагувала, што е својствено за секоја мајка, туку постојано ги утешувала со Божјата благодат, ги радувала, ги учела и ги молела да не го жалат својот времен живот, туку беспоштедно да ја пролеат својата крв за својот Господ Исус Христос. Навистина, света Софија е олицетворение на мудроста и наш вистински пример како и колку треба и ние да бидеме мудри во животот. Светата маченичка Вера, која била најстара од трите сестри, денес нè потстетува на основната христијанска добродетел - верата, каква и колку чиста треба да биде истата. Ако апостол Павле ни сведочи дека, „верата е жива претстава за она, на кое се надеваме, и докажување на она, што не се гледа“ (Евр. 11: 1), тогаш, зарем самото страдање на светата маченичка Вера не е ли сигурно преточување во живот на овие зборови? Иако имала само 12 години, таа била сосема убедена дека нејзините страдања не се залудни, зашто имала жива претстава за она, во кое се надевала, а тоа бил вечниот живот во рајските населби. Пред нејзините детски очи постојано стоел преслаткиот Христов лик, кој бескрајно ѝ помагал во најтешките мигови, па затоа мачењата кои, таа ги претрпела, постанувале слатки и безболни, зашто имале длабока и конкретна смисла. И навистина, света Вера преку страдањата го докажала она што не се гледа, а тоа е вечниот задгробен живот, кој за вистинските православни христијани е реалност. Тоа го докажале и денешните славенички, зашто нивниот спомен трае со векови и ќе трае до крајот на светот и векот. Светата маченичка Надеж, средната од трите сестри, ни покажува каква треба да биде и нашата надеж во овој живот. За православниот христијанин надежта треба да претставува вистинско надевање на Бога, кое е дадено во човечкото срце, со вдахновување и просветување од Бога, со цел човекот да не очајува во Божјата благодат. Затоа апостол Павле говори: „Со надеж се спасивме. А надеж за она, што се гледа, не е надеж, оти, како ќе се надева некој на нешто, што се гледа? Кога се надеваме, пак, на она, што не го гледаме, со трпение го очекуваме“ (Рим. 8: 24-25). Сета наша надеж треба да биде нашиот Господ Исус Христос, оти преку Него сè добивме. По тоа се познава и божествената благодат, зашто преку Христос ни се даде благодат и вистина, според зборовите на Светото Писмо: „Зашто Законот беше даден преку Мојсеј, а благодатта и вистината произлегоа од Исуса Христа“ (Јован 1: 17). Токму врз оваа благодат се темели сета наша надеж, но се темелела и надежта на светата маченичка Надеж, која, заштитена од Божјата благодат, се удостоила за маченички венец и за влез во рајските населби. Преку страдањето на најмалата сестра, светата маченичка Љубов, треба да се потсетиме дека основната христијанска добродетел – љубовта, претставува Божји дар, преку кој што се чувствуваме поттикнати да Го љубиме Бога како наше врвно добро и да го исполниме сето она, што Он го заповеда за спасение и блаженство наше, но и на ближниот. Вистинската и нелицемерна љубов се покажува и докажува преку добрите дела и самата ги дополнува верата и надежта, усовршувајќи го нашето лично спасение. Од нас се бара да имаме љубов кон Бога како неопходен долг, зашто ако ја немаме во нашите души, веднаш оставаме простор во нас да се всели духот на злото и гревот. А, зарем може да има мерка и граници нашата љубов кон Бога? Ако се потсетиме дека светата маченичка Љубов имаше само 9 години, кога во страшни и ужасни маки пострада за Христа, тогаш веднаш ќе си дадеме одговор на тоа прашање. Во никакви мерки и во никакви граници не смее да биде ограничена нашата љубов кон Оној, Кој заради нас прими човечко тело, претрпе страшна смрт на Крстот и воскресна во третиот ден заради нас и нашето спасение. Таква љубов имале сите три сестри, но и нивната мајка, зашто преку страдањата ја посведочиле љубовта и умреле за неа, зашто за возљубената Вистина достојни се сите маки да се претрпат. Во Беседата на гората, Господ Исус Христос напомена кои се блажени во овој свет. Сите тие блаженства се посведочија низ животот и страдањето на денешните славенички. Светите Софија, Вера, Надеж и Љубов се блажени заради нивното чисто срце, зашто нивното срце било вистинско око, со кое ја гледале духовната реалност, а пред сè, живиот Бог. Блажени се, зашто биле гонети и мачени заради правдата, па затоа биле слични на Христос и на апостолите, кои преку страдање се прославија на небесата. Блажени се, зашто биле посрамотени пред луѓето од нивно време, но тие сè претрпеле преку цврстата вера и надеж во Бога, Кој во свое време ќе дојде како последен Победник и праведен Судија. Затоа, светите маченички денес се радуваат и се веселат на небесата, зашто голема е нивната награда. Се радуваат во плачот, се радуваат во страдањата, се радуваат во умирањето, зашто сите најдобри во човечкиот род, кои го поминале истиот трновит пат, кој го поминале и тие, пречекани се во оној свет, каде што владее Христос Господ, каде што нема воздишки, ни таги, ни страдања, туку живот и радост вечна. Амин! Протоереј: Златко Ангелески
Од Верскиот календар на МПЦ (04.10.2013) Светиот апостол Кодрат Еден од Седумдесеттемина. Ученик на големите апостоли. Го проповедаше Евангелието во Атина и беше епсикоп најнапред во Атина после Св. Публиј, а потоа во градот Магнезија. Беше многу учен во светската мудрост и богат со благодатта на Светиот Дух. Неговиот животописец за него вели: „Беше како утринска ѕвезда сред облаци (Сирах 8, 6); облаците беа темното елинско незнабоштво, без светлоста на благочестието, а Светиот апостол Кодрат низ словото Божјо им заблесна на Елините како голема светлина, ја осветли темнината, ги низложи скверните жртви, ги разурна идолите и демонските храмови ги разори со молитва. Но темнината секогаш ја мрази светлината, па така и незнабожците го замразија Свети Кодрат, та по ова го фрлија во затвор и не му даваа леб сѐ додека не ја испушти својата света душа и не се пресели во Царството на својот Бог Христос. Свети Кодрат напиша одбрана на христијанството и му ја предаде на царот Адријан. Таа одбрана толку подејствува на незнабожечкиот цар, што овој нареди христијаните да не се прогонуваат без особена вина. Свети Кодрат пострада околу 130 година. Погребан е во Магнезија, градот во којшто го заврши животот маченички. Светиот свештеномаченик Ипатиј, епископ Ефески и Андреј презвитер Двајцата се другари од детството, родум од Ликија. Кога пораснаа, двајцата сесрдно се предадоа на служба на Бога, и тоа Ипатиј како строг монах и подвижник, а Андреј како клирик во народот и проповедник на словото Божјо. Заради големите добродетели Ипатиј беше поставен за епископ во Ефес, а Андреј за презвитер. Обајцата пострадаа во времето на иконоборечкиот цар Лав Исавријан. После тешки маки претрпени за Православието, обајцата беа обезглавени во 730 година и преминаа во Небесното Царство. Свети Димитриј, епископ Ростовски Се празнува на 28 октомври, а на 21 септември се споменува откривањето на неговите чудотворни мошти во 1852 година. Собор на Киево-Печерските светители Благословеното дело на подвижништвото, кое започнува со трудољубивиот голем Божји подвижник Антониј, преизрасна низ вековите во многуплодна маслинка. Многубројните светители, коишто во овие пештери на Антониј заблескаа како ѕвезди, се празнуваат лично секој во посебен ден. Под денешниот датум пак, се споменуваат сите соборно и се повикуваат на помош на верните.
Преподобен Сергеј Радоњежски Голем подвижник и светлиник на Црквата во Русија. Се роди во 1313 година во Ростов, од побожните родители Кирил и Марија. По смртта на родителите Вартоломеј - така му беше името од Крштението - се замонаши и ја основа обителта на Света Троица во Радоњежските шуми. Овој тивок и кроток слуга Господов знаеше само за труд и молитва. Заради чистотата на неговото срце се удостои со дар на чудотворство, па со името Христово воскреснуваше мртви. Повеќепати му се јави Пресвета Богородица. Кај него доаѓаа кнезови и владици за совет. Тој го благослови кнезот Дмитриј Донски и му ја претскажа победата во војната за ослободување на Русија од Татарите. Гледаше во човечките срца и во настани на далечина. Неговата обител се наполни со монаси уште за време на неговиот живот и со векови и векови служеше како едно од најглавните притекнувалишта на духовниот живот и за сведоштво на Божјите чуда. Свети Сергеј се упокои во 1391 година. По смртта повеќепати им се јави на различни лица. ********************************************************************************** Свeтитeлoт нe блeска сo надвoрeшнoста. Сeтo нeгoвo бoгатствo e внатрe, вo душата. Нeкoј сeланeц дoшoл oд далeку вo манастирoт да гo види св. Сeргија. Кoга ги прашал мoнаситe за игумeнoт тиe му рeклe дeка e на рабoта вo бавчата. Сeланeцoт oтишoл вo бавчата и таму видeл чoвeк вo бeдни и искрпeни алишта кадe штo кoпа какo и сeкoј друг рабoтник. Сeланeцoт сe вратил вo манастирoт нeзадoвoлeн, мислeјќи вo сeбe дeка мoнаситe му сe пoтсмeваат и пoвтoрнo рeкoл, за да бидe пoјасeн, дeка сака да гo види прoславeниoт свeт oтeц Сeргиј. Тoгаш пристигнал и Сeргиј вo манастирoт, гo нагoстил сeланeцoт, служeјќи му сам oкoлу трпeзата. Свeтeцoт прoзрeл вo срцeтo на свoјoт гoстин, и знаeл дeка тoј за нeгo има мнoгу нискo мислeњe, па гo тeшeл дeка акo пoчeка уштe малку ќe гo види Сeргиј. Тoгаш вo манастирoт пристигнал нeкoј кнeз сo свoјата придружба и кнeзoт и придружбата длабoкo му сe пoклoнилe на св. Сeргиј и пoбаралe нeгoв благoслoв. Мoнаситe гo oддалeчилe сeланeцoт oд oдајата за да сeнаправи мeстo за нoвитe гoсти. И тoј сeланeц, вo чудo, oддалeку глeдал и наѕирал за да гo види oнoј штo нe сакал да гo види oдблизу. Самиoт сeбe сe укoрувал заради свoeтo нeзнаeњe и мнoгу сe пoсрамил. Кoга си oтишoл кнeзoт, сeланeцoт брзo сe приближил дo свeтитeлoт, паднал прeд нeгoвитe нoзe и пoчнал да гo мoли за прoшка. Гoлeмиoт свeтитeл гo пoмилувал и му рeкoл: “Нe тагувај, синe, ти си ја пoмислил eдинствeната вистина за мeнe смeтајќи мe за ништo,дoдeка другитe сe сoблазнија смeтајќи мe за нeштo гoлeмo”.
Денес е Св.Јован Богослов. http://www.youtube.com/watch?v=pgIgLPbZ ... mp;index=4 26 СEПТEМВРИ 1. Св. Јoван Бoгoслoв, апoстoл и eвангeлист. Син на рибарoт Завeдeј и Салoмија, ќeрката на Јoсиф, старатeлoт на св. Бoгoрoдица. Пoвикан oд Гoспoда Исуса, Јoван вeднаш гo oставил свoјoт таткo и мрeжитe рибарски и тргнал сo свoјoт брат Јакoв пo Христа. И oд тoгаш пoвeќe нe сe oддeлувал oд свoјoт Гoспoд сè дo крајoт. Сo Пeтра и Јакoва присуствувал на вoскрeсeниeтo на ќeрката Јаирoва и на Прeoбражeниeтo Гoспoдoвo. На Тајната вeчeра ја ставил главата на градитe Исусoви. Кoга ситe други гo oставилe Распнатиoт Гoспoд, Јoван сo св. Бoгoмајка oстанал пoд крстoт. Пo нарeдба на Гoспoда тoј пoслe ѝ бил какo син на св. Дeва Марија и грижливo ѝ служeл и ја чувал дo нeјзинoтo успeниe. Пo успeниeтo на св. Бoгoрoдица, Јoван сo свoјoт учeник Прoхoр oтишoл на прoпoвeд на Eвангeлиeтo вo Мала Азија. Најмнoгу прeстoјувал вo Eфeс. Сo свoјата вдахнoвeна прoпoвeд и чудoтвoрствoтo, тoј oбратил мнoзина вo христијанствoтo и гo разнишал нeзнабoштвoтo oд тeмeл. Oзлoбeнитe нeзнабoжци гo врзалe и гo испратилe вo Рим кај царoт Дoмeтијан. Прeд царoт бил мачeн и тeпан, нo бидeјќи нe му наштeтилe ниту сo најјакиoт oтрoв штo му гo далe да гo испиe, ниту сo зoвриeнoтo маслo вo кoe гo ставилe, царoт сe уплашил и, смeтајќи гo за бeсмртeн, гo испратил вo прoгoнствo на oстрoвoт Патмoс. На тoј oстрoв св. Јoван прeвeл мнoгумина вo христијанствoтo сo збoрoви и сo чуда и дoбрo ја утврдил црквата Бoжја. Тука гo напишал свoeтo Eвангeлиe и Oткрoвeниeтo. Вo врeмeтo на царoт Нeрв, кoј им дал слoбoда на ситe затвoрeници, Јoван сe упатил пoвтoрнo вo Eфeс. Таму прoживeал нeкoe врeмe, утврдувајќи гo тука свoeтo пoранo запoчнатo дeлo. Имал пoвeќe oд 100 гoдини кoга Му сe прeтставил на Гoспoда. Кoга учeницитe пoдoцна му гo oтвoрилe грoбoт, нe гo нашлe нeгoвoтo тeлo, нo сeкoја гoдина на 8 мај oд нeгoвиoт грoб излeгувал нeкакoв ситeн прав, миризлив и лeкoвит. Пo дoлгиoт, мнoгутрудeн и мнoгуплoдeн живoт на зeмјата, сe прeсeлил oвoј вoзљубeн учeник Христoв и стoлб на Црквата, вo радoста на свoјoт Гoспoд, вo мирната и бeсмртната радoст. 2. Прeп. Нил Калабриски. Гoлeм пoдвижник мeѓу Грцитe вo Калабрија, oснoвач на нeкoлку манастири, чудoтвoрeц и бранитeл на чистoтата на правoславната вeра. Прeзeмал дoлги патувања, самo да спаси нeкoј чoвeк oд нeкаква тeшка казна. Имал, значи, силна љубoв кoн свoитe ближни. Сe упoкoил вo 1005 гoдина. Oставил мнoгу учeници, дoстoјни на сeбe, мeѓу кoи oсoбeнo сe истакнал св. Вартoлoмeј (+ 1044), писатeлoт на нeкoлку канoни.
Свети Јован Богослов, апостол и евангелист, девственик и ученикот кој Христос го љубеше, е заведеев син, и син на Саломија, ќерка св. Јосиф Целомудрен. Споменот на овој „син на молњата“ се слави на денот на неговото упокојување, 9 октомври (26 септември ст.ст.). Поради тоа што секоја година од гробот на свети апостол и евангелист Јован излегувал мек прав, кој верните го собирале, и од него се случиле голем број на излекувања, Црквата го слави и споменот на овие чуда на свети Јован Богослов на 21 мај (8 мај ст. ст.). Поради посведочениот огнен и жртвен идеал на Христијанската љубов, овој апостол е наречен „Апостол на љубовта“, а поради неискажаните височини на неговата богословска мисла доделен му е орелот како иконографски символ на неговата теологија во која се откриваат Божјите тајни. Воедно, тој е и првиот богослов на Православната Црква (еден од тројцата, при што другите двајца се свети Григориј Богослов и свети Симеон Нов Богослов) Житие Јован Богослов бил повикан, заедно со неговиот постар брат Јаков да биде апостол од самиот Христос, повик кој тие веднаш го прифатиле и пошле по него. По прифаќањето на овој повик. светиот апостол никогаш не се делел од својот Учител, и постанал еден од тројцата апостоли кои биле посебно блиски со него; тој бил присутен при воскреснувањето на јаировата ќерка, како и светото Преображение на планината Таор. На Тајната Вечера, Јован стоел веднаш до Христос, полагајќи ја својата глава на Неговите гради. Потоа, Го следел Учителот во Гетсеманската градина, од каде Христос бил одведен во дворот на првосвештениците, и од таму, на судот па на Голгота. Сето тоа време, свети Јован Богослов бил покрај својот Учител, жалејќи Го и полакувајќи Го со сето свое срце. Покрај Крстот, тој стоел заедно со Богородица, слушајќи ги зборовите на Распнатиот Господ, упатени кон Богомајката: „Жено, еве ти син.“ И кон него: „Еве ти мајка“ (Јован 19,26-27). Од тој момент, светиот апостол, како сакан син, се грижел за Пресветата Богородица Марија, и нејзе и служел до нејзиното Успение. По Успението на Богомајката, светиот апостол Јован заминал за Ефес и во другите градови во Мала Азија, за да го проповеда Евангелието, поведувајќи го со себе и својот ученик Прохор. Запловиле со еден брод, кој пострадал од голема бура; сите патници биле исфрлени на брегот, освен апостолот Јован, кој, се чинело, останал на морското дно. Свети Прохор горко го оплакал својот духовен отец и раководител, и сам заминал накај Ефес. На четиринаесетиот ден од неговото патување, здогледал како морето исфрла тело на еден маж. Кога се приближил, го познал апостолот Јован Богослов, кој, по сé излгеда, го преживеал бродоломот, и бил сочуван жив од страна на Господ Исус Христос. Тогаш заедно продолжиле кон Ефес, каде свети Јован Богослов неуморно Го проповедал Христа на незнабожците. Неговата проповед била придружена со многубројни и големи чуда, така што бројот на верните растел секојдневно. Прогонство на Патмос Токму во тоа време започнал прогонот на Христијаните од страна на императорот Нерон (56-68 година). Јован бил однесен на судење во Рим, каде бил осуден на смрт поради исповедање на верата во Воскреснатиот Христос; но, Христос го спасил својот избраник. Апостолот испил цел сад полн со отров, но преживеал. Подоцна, исто така останал жив и неповреден од казан полн со врело масло во кој бил фрлен на наредба од мачителите. Откако виделе дека не можат да го убијат, светиот апостол бил испратен во прогонство во Патмос. Тука апостолот поминал долго време, продолжувајќи ја својата проповед и чинејќи многу чуда. На тој начин, ги преобратил сите жители на островот, осветлувајќи ги со Светлината на Евангелието. Издонил многу демони од паганските храмови, и излечил голем број болни луѓе. Проповед и дела Тоа, секако, предизвикало гнев и страв кај локалните жреци, особено кај главниот жрец Киноп, кој ги повикал да го убијат апостолот на љубовта. Но Јован, преку благодатта Божја пројавена во него, ги уништил сите демонски моќи со кои Киноп располагал, за на крај самиот жрец да исчезне во длабочините на морето. Апостол Јован се повлекол заедно со својот ученик, св. Прохор на осамена височинка, каде се оддал на тридневен пост. Кога се молел, земјата се тресела и молњи татнеле. Прохор се исплашил, и паднал на земја. Јован го кренал, и му кажал да го пишува она што ќе му го каже: „Јас сум Алфа и Омега, почеток и крај, - вели Господ, Кој е, Кој бил, и Кој иде, Седржителот.“ (Откровение 1, откривајќи Го Божјиот Дух преку светиот апостол. На тој начин, околу 67 година било напишано Откровението Јованово, познато и како Апокалипсис (Апокалипса), една од најконтроверзните книги од Светото Писмо. После неговиот продолжен прогон, апостолот бил ослободен и се вратил во Ефес, каде продолжил да ги чува Христијаните од лажните учители и нивните лажни учења. Токму во тој период, во Ефес, во 95 година светиот апостол Јован го пишува Евангелието кое го носи негово име. Во него, тој ги повикува сите Христијани да Го љубат Бога и да се љубат меѓу себе, и преку оваа љубов да ги исполнат Христовите заповеди. Поради учењето дека човекот не може да се приближи на Бога освен преку љубовта, Црквата го нарекла свети Јован „Апостол на Љубовта“. Надживувајќи ги другите апостоли, свети Јован Богослов бил единствениот жив сведок на земниот живот на Спасителот и Неговото учење. Во неговите три соборни посланија, свети Јован говори за значењето на љубовта кон Бога и ближниот. Веќе во поодминати години, разбрал дека некој млад човек застранил од вистинскиот пат и пошол како водач во некоја банда на крадци. Свети Јован пошол во планините да го побара; кога младичот го видел старецот, поитал да се сокрие, но свети апостол Јован сепак го пронашол, и му рекол дека ќе ги превземе сите негови гревови на себе, само доколку младичот се покае и не ја уништи својата душа. Потресен од силната љубов на светиот старец, младиот човек се покајал и го исправил својот живот. Чудесно упокојување Кога наближило времето за негово заминување од светот, тој заминал надвор од Ефеските граници, заедно со семејствата на неговите ученици. Ги замолил да му подготват гроб во вид на крст, во кој легнал, замолувајќи ги своите ученици да го покријат со земја. Учениците, насолзени го целивале својот возљубен учител, и бивајќи послушни, го покриле неговото лице со лесен материјал, и потоа целото тело со земја. Кога другите ученици дознале за погребот на својот учител, дошле на истото место; сакајќи да се простат со него, го откопале гробот, и виделе дека е празен. Химнографија Тропар глас 2 Апостоле, возљубен од Христа Бога, побрзај да ги избавиш љуѓето без одбрана, оти, оној што ти дозволи да се потслониш на неговите гради, ќе ти дозволи и да Го помолиш за нас. Него, моли Го, Богослове, да го растера темниот облак на незнабошците, просејќи за нас мир и милост голема
Покровот на Пресвета Богородица Отсекогаш Црквата ја прославува Пресвета Богородица како покровителка и заштитничка на христијанскиот род, Којашто со своите претстателски молитви Го смилостивува Бога кон нас грешните. Помошта на Пресвета Богородица како кон поединци така и кон народите, како во мир така и во војна, како во монашките пустини така и во многужителните градови се покажала очигледна безброј пати. Настанот којшто Црквата го споменува и празнува денес го докажува тоа неотстапно покровителство на Пресветата Дева над христијанскиот род. На 1 октомври 911 година во времето на царот Лав Мудриот (или Философ), имаше сеноќно бдение во Богородичната црква Влахерна во Цариград. Црквата беше преполна со народ. Во задниот дел стоеше Св. Андреј Јуродив со својот ученик Епифаниј. Во четвртиот час од ноќта над народот се појави Пресвета Богородица со распрострен омофор на рацете и со таа облека како да го покриваше народот. Беше облечена во златна порфира и целата блескаше во неискажлив сјај, опкружена со апостоли, светители, маченици и девици. Гледајќи го тоа видение Св. Андреј му покажа со рака на блажениот Епифаниј и го праша: „Ја гледаш ли, брате, Царицата и Госпоѓата над сите, како се моли за сиот свет?“ Епифаниј одговори: „Ја гледам и се ужаснувам!“ Заради ова се востанови ова празнување, за да нѐ потсетува како на тој настан така и на постојаното покровителство на Пресвета Богородица, кога тоа Нејзино покровителство, тој покров молитвено го бараме кога сме во неволја Превземено од ПРЕМИН ПОРТАЛ
Светиот свештеномаченик Кипријан и девицата Јустина Кипријан се досели од Картагена во Антиохија, каде што живееше и Јустина со родителите Едесиј и Клеодонија. Едесиј беше идолски жрец и целиот дом им беше незнабожечки. Но кога Јустина одејќи по христијанските цркви ја спозна вистинската вера, ги обрати и своите родители кон Господа Христа. И сите тројца примија Крштение од епископот Оптат. Кипријан пак, беше волх, имаше врски со нечистите духови и гаташе. Некој развратен млад човек Аглаид, незнабожец, сакаше по секоја цена да ја заведе Света Јустина, бидејќи се занесе од нејзината убавина, па кога девицата одлучно го одби, тој побара помош кај Кипријан. Кипријан ги наведуваше злите духови еден по друг на Јустина за да ѝ распалат страст по нечистиот Аглаид, но никако не успеа во тоа, бидејќи Света Јустина со знакот на крстот и со молитвата кон Бога ги одгонуваше од себе духовите на злобата. Тогаш Кипријан ја позна силата на крстот, па и самиот се крсти и со време стана презвитер и епископ. Озлобени незнабожците ги обвинија него и Јустина и обајцата ги предадоа на судот во Дамаск, по што беа мачени и убиени со меч во Никомидија, на крајот од 3 век. Свети Андреј Јуродив По потекло Словен. Како роб го купи некој богаташ Теогност во Цариград, во времето на царот Лав Мудриот, син на царот Василиј Македонец. Андреј беше прекрасно момче, телесно и душевно. Теогност го засака и го даде да се описмени. Андреј усрдно Го молеше Бога и со љубов ги посетуваше црковните богослужби. Послушен на едно небесно видение, тој се посвети на подвиг на јуродство заради Христа. И еднаш, кога отиде на бунарот по вода, ја искина облеката на себе, ја исече со нож и се направи луд. Нажален од ова, господарот Теогност го врза во синџири и го одведе во црквата на Св. Анастасија Одврзителка, за да му се прочитаат молитви. Но бидејќи Андреј не се поправи во очите на својот господар, овој го пушти да живее слободно како умоболен. Свети Андреј дење се правеше луд, а ноќе Му се молеше на Бога. Живееше без покрив и засолниште. Ноќеваше во полето, одеше полугол, во една парталава наметка, јадеше малку леб, кога ќе му дадеа добрите луѓе. Од она што го примаше им делелше на просјаците, и тоа кога ќе им дадеше ќе ги изнавредеше за да не му благодарат. Бидејќи целата награда Свети Андреј ја очекуваше единствено од Бога. Затоа во него и се всели голема Божја благодат, па можеше да проѕира во човечките тајни, ги гледаше ангелите и демоните, ги изгонуваше демоните од луѓето, ги исправаше луѓето од гревот. Имаше прекрасни виденија на Рајот и највисоките небесни Сили; Го виде Господ Христос на престолот на славата; со својкот ученик Епифаниј Ја виде Пресвета Богородица во Влахернската црква како го покрива христијанскиот род со Својата одежда; слушна неискажливи зборови на небото, коишто не смееше на луѓето да им ги повтори. После нечуено тешките подвизи се упокои во 911 година и се пресели во вечната слава на својот Господ.
Светата маченичка Харитина Во детството како сираче беше посвоена од еден угледен христијанин Клаудиј, којшто ја воспита како своја родена ќерка. Дење и ноќе се учеше на Божјиот закон и се заветува да го проживее векот во девственост, како вистинска Христова невеста. Но бидејќи Харитина и другите ги обраќаше во девственост, за неа чу намесникот на царот Диоклецијан, некој Дометијан. Тој испрати војници и ја зедоа од нејзиниот очув, та ја изведоа пред суд. Ја запраша судијата: „Вистина ли е, девојко, дека си христијанка и дека другите ги мамиш приведувајќи ги кон таа нечестива вера?“ Харитина му одговори храбро: „Вистина е дека сум христијанка, но лага е дека другите ги мамам, туку заблудените ги изведувам на патот на вистината приведувајќи ги кон мојот Христос.“ Злобниот судија нареди и косата ѝ ја истрижаа, а главата ѝ ја посипаа со жар. Но Божјата сила ја зачува девицата. Ја фрлија во море, но Бог ја избави и од морето. Ја врзаа за тркало и почнаа да го вртат, но ангел Божји го запре тркалото и Харитина остана неповредена. Тогаш пакосниот судија испрати некои развратни момчиња за да ја осквернат. Стравувајќи од бесчестење Св. Харитина Му се помоли на Бога да ја прими нејзината душа пред да дојдат развратниците да ѝ го осквернат телото. И додека на колена Го молеше Бога, нејзината душа излезе и се пресели во бесмртното Царство Христово.
Среќен празник феминки! Денес е заштитничка на сите Македонки, која воедно треба да биде и ваше огледало, исто онака како за нас Македонците огледало треба да биде св. Ѓорѓи Кратовски. Света великомаченица Злата Мегленска (Сезлатна) Од времето на иноверното турско владеење во Македонија позната е единствената светителка-маченичка, Света Злата Мегленска. За животот и маченичката смрт на Св.Злата дознаваме од нејзиното житие. Тоа е напишано од очевидецот на нејзиното мачеништво, Никодим Светогорец, во 1779 година на грчки јазик. Според житието, Св.Злата Мегленска е родена и настрадала во село Слатино, Мегленско, во Егејскиот дел на Македонија. Таа е ќерка на сиромашни селски родители, коишто имале уште три ќерки. Света Злата зрачела како со духовни, така и со телесни високи квалитети. Духовните квалитети и биле силната вера во Господ Исус Христос, нејзината смиреност и чистото срце, а надворешно била необично убава. Таа нејзина убавина дала повод нејзиниот живот да се украси со страдање на голема маченичка. Нејзината ретка убавина го привлека вниманието на еден Турчин од нејзиното место, така што тој решил да најде време и по секоја цена да посегне по честа на убавата Злата и да ги задоволи своите телесни страсти. Еден ден кога Злата заедно со други жени отишла да собира дрва во блиската шума, тој организирал силеџиски грабеж на Злата. Ја зел со себе насилно и ја однел дома кај него. Најпрвин, тој ја убедувал да ја промени својата вера и да премине во мухамеданство, ветувајќи и разни удобности, па дури и ветил дека ќе се ожени со неа. Во спротивно и се заканил дека ќе ја стави на страшни маки. Од дрскоста на Турчинот, Злата била поразена, но неговите ветувања и предлози храбро и одлучно ги одбила. Откако го повикала на помош името на Господ Исус Христос, таа на Турчинот храбро му одговорила:"Јас верувам и се поклонувам само на Господа Исуса Христа, и од Него нема да се откажам, па макар и да ме сечете на ситни парчиња, а освен тоа сум се зарекла на девствена чесност којашто неможе ништо да ја измени". Откако ги слушнале овие одлучни искажувања на Злата, Турците сфатиле дека обични средства не ќе можат да ја придобијат нејзината наклоност, ги повикале нејзините родители и трите сестри за да и влијаат да го прими мухамеданството. Во спротивно се заканувале, дека и тие ќе бидат жестоко мачени. Поразени и исплашени, родителите и сестрите ја убедувале Злата да го прими мухамеданството. Може секој да си ја престави тешката и мачна положба во која се наоѓала маченичката Злата. Од една страна љубовта кон родителите и сестрите, а од друга страна долгот како христијанка кон својата вера. Солзите на нејзините родители и го кинеле срцето. На крајот храбро се издигнала над солзите на своите родители и сестри и & м рекла:"Ако веќе вие ме присилувате да се откажам од Господа Христа вистинскиот Бог, не сте ми веќе мои родители ниту мои сестри. Мојот таткот ми останува само Господ Исус Христос и мајка Пресвета Богородица, а браќа и сестри светителите и светителките маченици и маченички". Откако Турците увиделе дека сите нивни лукавства и средства што ги употребувале не помогнале ништо, поминале на мачење. Во почетокот ја фрлиле во темен затвор, кај што останала три месеци. Секој ден ја тепале со стапови се додека нејзината крв не ја натопила земјата. Потоа од грбот и исекле парчиња кожа и ги закачиле пред нејзините очи. Од нејзиното тело течело толку крв, што целата земја под неа се натопила. Но нејзните мачители ни со тоа не се задоволиле. Тие и ставале железна прачка и со неа ја прободеле главата низ ушите, така што чад и излегувал низ устата. Овие страшни маки светата маченичка Злата ги поднесувала многу храбро, а тоа доаѓало од силната љубов спрема својата вера во Господа Исуса Христа. Крвожедните мухамеданци најпосле ја обесиле маченичката на едно дрво и телото и го исекле на ситни парчиња. Така Св.Злата, исчистена низ огинот на страдањето ја предала својата чиста душа на Господа, којшто го облила со силна љубов како смртта, се вели во житието. Големата маченичка Св. Злата од селото Слатина, Мегленско, настрадала во октомври 1795 година, а како ден на нејзината смрт се слави 13 октомври по стариот календар, а според новиот 26 октомври. Култот на Св.Злата како голема маченичка, најпрвин е пренесен во Света Гора, преку игуменот на Светогорскиот манастир Свети Никита, отецот Тимотеј, според чие сведочење е напишано нејзиното житие. Храм посветен на Света Злата Мегленска во најново време(1986г) се гради во село Сарај, Скопско. Убавата претстава на Света Злата во најново време е насликана од Никола Цонев во манстирот "Свети Наум Охридски" на Попова Шапка. Сликарката Јулијана Апостоловска има насликано уметничка икона што сега се чува во трпезаријата на Лешочкиот манастир. Заеднички да и се помолиме:"Света великомаченице Злато биди ни закрилница на целиот православен народ кој живее тука и моли Го Севишниот Бог, да не му допушти на ѓаволот да ни возложува слични маки и искушенија кои Ги претрпе заради нас грешните луѓе". АМИН! Света новом-ца Злата Мегленска (Сезлатна), глас 8: Жениха небеснаго возљубивши, мучении злочестиваго агарјанина не устрашиласја јеси и даже до смерти кров своју полијала јеси, Злато всехвалнаја, Мегленскаја похвало. Тјемже по достојанију ниње мзду твоју воспријемлеши веселија вјечнујуштаго в чертозје Христа Бога нашего, Јегоже моли да спасет души нашја. Глас 8: Јако всесожение и жертва живаја принесласја еси Христу, Жениху твоему усердно, обличив, студнују прелест мучителеј и плотију во оган вержена, прославила еси девственују красотују твоју, горлице несвкернаја, Злато всезлатаја да твоими молитвами обрјаштем от Господа некончаемое веселије и велију милост.
Тропар, глас 4. Пустинскиот и самотен живот си го засакала, и по стапките на Христа, Твојот Младоженец ревносно си тргнала; и благиот Негов јарем во младоста си го зела, со Крстот си се вооружила против враговите на душата; со пост молитви и капки од солзи, си го угасила огинот на страстите, многуславна Параскево. И сега, во небесните дворови, соејќи пред Христа со мудрите девојки, моли за нас кои го почитуваме твојот свет спомен. Преподобна Параскева (Петка) Оваа славна светителка се роди во градот Епиват, меѓу Силинаврија и Цариград. Родителите ѝ беа богати и благочестиви христијани, а освен Петка имаа и еден син, Ефтимиј, кој за време на животот се замонаши и подоцна стана угледен епископ Малитски. По смртта на родителите девицата Петка желна за подвижнички живот го напушти родителскиот дом и отиде најнапред во Цариград, а потоа во Јорданската пустина, каде што се подвизуваше до својата старост. Кој би можел да ги прикаже сите трудови и страдања и демонски искушенија што ги претрпе Света Петка во долгата низа години? На старост еднаш ѝ се јави ангел Божји и ѝ рече: „Остави ја пустината и врати се во твојата татковина, таму треба да ѝ го предадеш телото на земјата, а со душата ќе се преселиш кај Господ.“ Света Петка го послуша небесниот глас, ја остави својата омилена пустина и се врати во Епиват. Тука таа поживеа уште две години, пак во непрестајна молитва и пост и потоа го предаде својот дух на Бога. Се упокои во 9 век. Нејзините чудотворни мошти низ вековите беа пренесувани: во Цариград, во Трново, па пак во Цариград, па во Белград. Сега се наоѓаат во Романија, во градот Јаши. Во Белгард постои вода (агијазма) на Света Петка, којашто чудотворно ги лечи сите болни што ѝ притекнуваат со вера во Бога и со љубов кон светителката.
Тропар, глас3. Апостоле свети и евангелисте Луко, моли Го милостивиот Бог, да им даде на душите наши прошка на гревовите. Светиот апостол и евангелист Лука Роден е во Антиохија. Во младоста добро ја изучи грчката философија, медицината и иконописот. Во времето на делото на Господ Исус на земјата Свети Лука дојде во Ерусалим и таму Го виде Спасителот лице в лице, ја чу Неговата спасоносна наука и стана сведок на Неговите чудесни дела. Откако поверува во Господ, Св. Лука беше вбројан меѓу Седумдесеттемина апостоли и пратен на проповед. Заедно со Клеопа Го виде воскреснат Господ на патот за Емаус (Лука 24). По слегувањето на Светиот Дух на апостолите, Лука се врати во Антиохија и таму му стана сотрудник на Св. апостол Павле со когошто патуваше во Рим, обраќајќи ги во Христовата вера Евреите и незнабожците. „Ве поздравува Лука, лекарот љубезен“, им пишува на колосјаните Св. апостол Павле (Колосјани 4, 14). На молба на христијаните го напиша Евангелието, околу 60 година. После мачениката смрт на Св. апостол Павле Свети Лука го проповедаше Евангелието по Италија, Далмација, Македонија и на други места. Ја иконописаше Пресвета Богородица - и тоа не една туку три икони - а исто така Светите апостоли Петар и Павле. Оттука Свети Лука се смета за основач на христијанскиот иконопис. На старост го посети и Горен Мисир. Од Мисир се врати во Грција, каде што со голема ревност продолжи да проповеда и да ги обраќа луѓето кон Христа, не обѕирајќи се на својата длабока старост. Свети Лука ги напиша Евангелието и Делата Апостолски, обете посветувајќи му ги на Теофил, кнезот на Ахаја. Имаше осумдесет и четири години кога злобните идолопоклоници го подложија на маки заради Христа и го обесија на една маслина во градот Тива (Теба) Беотиска. Чудотворните мошти на овој прекрасен светител во времето на Константиновиот син, царот Констанциј, беа пренесени во Цариград. Светите Јулијан и Дидим Слепецот Св. Јулијан наречен Пустиник беше Персијанец и селанец без школо, но заради чистотата на своето срце беше сад исполнет со благодатта на Светиот Дух. Се подвизуваше покрај Еуфрат во Месопотамија. Имаше дар на проѕорливост. Во мигот кога загина Јулијан Отстапник, Свети Јулијан тоа го проѕре со духот и им го објави на учениците. Неговиот современик, Св. Дидим Слепец во Александрија, исто така ја проѕре со духот погибелта на Јулијан: беше на молитва ноќе кога му дојде глас од небото: „Денес загина царот Јулијан; извести го за тоа патријархот Атанасиј.“ Свети Антониј Велики многу го уважуваше овој чудесен слепец Дидим, којшто имаше проѕорлив дух и навраќаше кај него кога од пустината одеше за Александрија; и заедно Му се молеа на Бога. Овие двајца прекрасни слуги Господови, Св. Јулијан и Св. Дидим, се упокоија по 362 година.
Преподобен Прохор Пчински Тропар, глас1. Пустински жител, и во тело ангел, и чудотворец се покажа, преподобен и богоносен отче наш Прохоре; откако со пост, бдеење и молитва, прими небесни дарови, ги исцелуваш болните и душите на оние кои ти приоѓаат со вера: Слава Му на Оној што ти дарува крепкост, слава на Оној што те овенча , слава на Оној што преку тебе твори исцеленија. Сoврeмeник и другар на св. Јoван Рилски и на Гаврил Лeснoвски.Бидејќи се молеше за тоа, Бог му го покажа местото на неговиот подвиг. Тоа место беше на брегот на реката Пчиња. Свети Прохор се подвизуваше таму до старост и до својата смрт. Само Едниот Бог знае за сите негови подвизи и искушенија што ги претрпе во текот на овој живот. Но според неговите мироточиви мошти и безбројните чудесни исцеленија, коишто и денес не престанаа, може да се суди за големината на Божествената благодат што му ја подари Бог за неговите големи страдања. Свети Прохор се упокои и се пресели во Царството Небесно во XI век.
Светиот великомаченик Артемиј Овој славен светител беше родум Мисирец и прв војвода на царот Константин Велики. Кога на царот Константин му се јави победоносниот крст, поверува во Господ Исус Христос и се крсти. Подоцна, во времето на царот Констанциј овој цар го испрати Артемиј во Елада за да ги пренесе моштите на Св. Андреј од Патрас и на Св. Лука од Тива во Цариград, а ова војводата Артемиј го изврши со радост. Потоа беше поставен за августалиј и царски намесник во Мисир и во овој чин остана и во времето на Конастанциј, Константиновиот син, а извесно време и при Јулијан Отстапник. Кога овој богоотстапен цар тргна во војна со Персијанците, запре во Антиохија и му нареди и на Артемиј да дојде со својата војска во Антиохија. Артемиј дојде. Во тоа време царот удри на маки двајца христијански свештеници, Евгениј и Макариј. Кога го виде тоа Артемиј се возмути со сето срце и излезе пред царот и му рече: „Зошто цару толку нечовечно ги мачиш невините и на Бога посветени мажи и зошто ги присилуваш да се откажат од верата православна?“ И уште Артемиј му прорече на царот: „Твојата погибел е близу.“ Разјарен царот ги испрати оние двајца чесни свештеници на прогонство во Арабија, каде што набрзо се упокоија, а војводата Атемиј го расчини и нареди да го растргнуваат и бијат. Сиот ранет и раскрвавен Артемиј го фрлија во затвор, каде што му се јави Самиот Господ Исус Христос, Кој го исцели и го утеши. Потоа царот нареди, та го спростреа на еден камен, а со друг тежок камен го притиснаа така што телото на Артемиј го здробија и го сплескаа како штица. Најпосле му ја отсекоа главата во 362 година. А царот Јулијан отиде на бој против Персијанците и срамно загина, како што му прорече Св. Артемиј. Преподобен Герасим Нови Од Трикали во Пелопонез, од славната фамилија Нотарас. Роден е во 1509 година. Се подвизуваше на Атон, потоа во Палестина, каде што постеше четириесет дена. Потоа се насели на островот Кефалонија, каде што основа еден женски манастир. Со молитва низведуваше дожд, исцелуваше болни и проѕираше во иднината. Се упокои во Господ на 15 август 1579 година. Чудотворец за време на животот и после смртта. Светиот праведен Артемиј Роден е во 1532 година. Син на руски селани, Козма и Аполинарија, од селото Веркол, во Дивинскиот округ. Уште од петтата година се разликуваше од другите деца со својата необична побожност и кротост. Кога имаше тринаесет години како момченце одеше по својот татко низ некоја голема шума. Од силна бура и невреме Артемиј умре во шумата и неговиот нажален татко не можејќи да копа гроб го покри телото со гранки и замина. По дваесет и осум години некој човек виде во таа шума необична светлина, ѝ пријде и го најде нераспаднато и нетлено телото Артемиево. Многумина болни се исцелуваа докоснувајќи се до телото на Свети Артемиј. Неговите свети мошти почиваат во еден манастир близу Пинега во Архангелската губернија. Преподобниот маченик Игнатиј Од Ески-Загора во Бугарија, од онаа славна Загора којашто на Црквата Божја ѝ даде многубројни свети подвижници и маченици. Се подвизуваше во Скитот на Свети Јован Предвесник на Атон. Драговолно им се предаде на Турците на мачење заради Христа . Го обесија во Цариград на 8 октомври 1814 година. Моштите му се чудтворни. Неговата глава се чува чесно во манастирот на Св. Пантелејмон.
Свети великомаченик и во добро победник Димитрија Солунски Мироточив Свети Великомаченик Димитриј Солунски, Мироточив Чудотворец, е од Македонија – Солуњанин. Роден е во богатиот Солун, од богати родители, во третиот век, – тајни христијани. Тајни, бидејќи во тоа време христијанството е гонето, а христијаните биле убивани само затоа што се христијани. Бил единец, измолен од Бога и скришно крстен. Воспитан во Христијански дух и уште од мал научен да се моли во малиот скришен параклис во неговио дом, каде непрестано горело кандилото пред иконите на Господа Исуса Христа и Богородица. Татко му бил војвода, началник на Солун, а потоа и Димитриј го наследил татка си. Само што го поставил за војвода, императорот Максимилијан, веднаш, му ја кажал и главната задача – наредба: Да ги истреби сите христијани од Солун! Но, Димитриј го направил спротивното: го раширил христијанството во Солун. Царот се разгневил и го ставил в затвор. Толку многу бил гневен и лут, што дошол лично тој да го измачува и да го испрашува, а Димитриј војнички храбро и бестрашно говорел за Христа. Јуначки и јасно пред сите и пред христоборниот римски цар исповедал дека е христијанин. Во тие моменти офицерот бил поткрепуван од небесен војник – од ангел Божји, којшто му се јавил во затворот. Зад военоначалникот стоела Христовата небесна војска, место земската. По тешките измачувања, царската наредба била да биде убиен со бодежи од копја. Убијците се плашеле од силниот воин дури и кога бил в затвор и измачуван, па, иако врзан, не смееле да му пријдат и да го убијат одблизу, туку од подалеку фрлиле со своите копја и така прободен од многу копја, пострадал маченички, во 306 година. Овој голем Христов војник бил радосен што можел да страда за Христа и да каже јавно дека е христијанин. Кога го затвориле и веќе го наслутувал мачеништвото и крајот на животот, борецот за Христа, предсмртно наредил целиот имот да го разделат на сиромаси и да ја зајакне Црквата Христова во Солун. Им помагал на луѓето за време на животот, извршувајќи ја чесно и достоинствено својата служба, военоначалник – градоначалник на Солун, а помагал дури и при смртта со раздавањето на имотот, а и потоа – по смртта, со неговата постојана светителска грижа и покровителство на градот. Моштите му се мироточиви и исцелителни. Од нив тече миро кое е чудотворно и им помага на оние кои со вера и со молитва го ползуваат. Така е со векови и до ден денес. Неговиот гроб и мироточивите мошти се наоѓаат во Соборниот храм „Свети Димитриј“ во Солун. Свети Димитриј постојано ги штити солуњани и градот Солун од секакви зла, од напади и од страдања. Останал и по смртта војвода на Солун и не допуштал градот да биде освојуван. Историска вистина е дека Солун најмалку паѓал под ропство. Особено се истакнал при одбраната на градот од паганските Словенски и Аварски племиња, кога и самите солуњани го виделе како со копје ги убива паганите. Митровден е голем и значаен празник. Во Македонија свети Димитриј е многу почитуван светител од дамнина и е со широко развиен култ кај нашиот народ. Нема град и општина во Македонија каде што нема црква или манастир посветен на свети Димитриј. Најголемиот храм во Македонија, нему посветен е во градот Битола. Многу семејства како слави и имендени го чествуваат овој ден за домашен празник. Русите го сметаат и за покровител на Сибир, којшто го освоија и го присоединија кон Русија во 1581 година. Во српските земји дури два града го носат името на великиот војвода: Сремска и Косовска Митровица. Митровден бил домашната слава на светите Кирил и Методиј во домот на нивните родители во Солун. Семејството на Лав и Марија го имале свети Димитриј Солунски за личен и домашен празник и закрилник. Четири века по него, Лав ја извршувал истата должност – военоначалник на Солун и со должна почит го прославувал неговиот свет претходник. Свети Димитриј бил нивната икона до кандилото во домот и пред Бога. Тропар глас 3, Голем помошник те најде во опасностите вселената, страстотрпче, кој ги победи незнабошците. Па, како што му ја соблече надменоста на Лиј, храбрејќи го за борба одблизу Нестора, така, Свети Димитрије, Христа Бога моли го, да ни дарува нам голема милост. Велика обрјете в бједах, тја поборника всељенаја, Страстотерпче, јазики побјеждајушча: јакоже убо Лијеву изложил јеси гордињу, и на подвиг дерзновена сотворил јеси Нестора, тако, свјате Димитрије, Христу Богу молисја, даровати нам велију милост. Кондак, глас 2. Кровеј твојих струјами Димитрије, Церков Бог обагрив дарујај тебје крјепост непобједимују, и собљудаја град твој невредим: того бо јеси утвержденије.
Преподобен Јоаникиј Велики Ова големо духовно светило се роди во селото Марикати во областа Витиниска, од татко Миритрикиј и мајка Анастасија. Како момче беше овчар. Пасејќи ги овците често се повлекуваше во самотија и по цел ден стоеше на молитва, оградувајќи го своето стадо со знакот на крстот за да не се оддалечува и разотидува. Потоа го зедоа во војска, каде што покажа чудесна храброст, особено во војните против Бугарите. По војничката служба Јоаникиј се повлече во Олимп Азиски, каде што се замонаши и сиот се предаде на подвиг, од којшто не отстапи до длабока старост, до својата смрт. Се подвизуваше над педесет години, и тоа на разни места. Имаше од Бога изобилен дар на чудотворство: лечеше секакви маки и болести, изгонуваше демони, скротуваше ѕверови, особено имаше власт над змиите, преминуваше преку вода како по суво, беше невидлив за луѓето кога ќе посакаше, пророкуваше идни настани. Се одликуваше со преголемо смирение и многу кротост. По надворешниот изглед беше како џин, крупен и силен. Живо учествуваше во судбината на Црквата Божја. Во времето на иконоборството и самиот најпрво се опрелести, но си дојде на себе и стана ревносен поборник на иконопочитувањето. Му беше голем пријател на Методиј, патријархот Цариградски. Св. Јоаникиј поживеа деведесет и четири години и се упокои мирно во Господ, во 846 година. И после смртта остана чудотворец. Светиот свештеномаченик Никандар, епископ Мирски и Ермеј презвитерот Обајцата ги ракоположи апостолот Тит. Се одликуваа со голема ревност во верата и трудољубивост во придобивањето на незнабожците за Христа. За ова беа обвинети кај некој судија Ливаниј, којшто ги подложи на лути измачувања. Беа биени со камења, влечкани по камењата, лежеа во затвор и гладуваа и многу други маки претрпеа, и тоа такви што смртен човек не би можел да ги издржи ако не го крепи помош од Бога. А ним Господ им се јавуваше на разни начини, а кога беа фрлени во печка им го испрати Својот ангел за да им го разлади оганот. Најпосле од бездушните мачители беа живи закопани во гробови и затрупани со земја. Луѓето залудно убиваат кога Господ оживува и залудно бесчестат кога Господ прославува.