Собор на свети Архистратиг Михаил и сите девет чина ангелски Овој празник е утврден во четвртиот век, за да го дефинира правилното почитување на ангелите. Празниот е во чест на сите ангелски чинови. Наречен е Собор на свети архангел Михаил, зашто архангел Михаил е војвода на целата ангелска војска. Учењето за ангелите е инаку собрано во книгата на псевдо-Дионисиј Ареопагит „За небесната хиерархија“. Постојат девет ангелски чинови: шестокрилите Серафими, многуоките Херувими, богоносните Престоли, потоа Господствата, Силите, Властите, Начелата, Архангелите и Ангелите. Празникот Собор на свети архангел Михаил што се празнува на 21 ноември според новиот (или на 8 ноември според стариот) календар меѓу народот е познат едноставно како Аранѓел, Оранѓел или Аранѓеловден. Многу семејства го имаат за домашен празник и го празнуваат со домашни служби, а и општо е верувањето дека тој спаѓа меѓу поголемите празници. Пред да го создаде материјалниот свет (земјата, небото, ѕвездите, човекот итн.), Господ го создал духовниот свет – ангелите. Ангелите се духови поради што се невидливи, а за подобро да бидат сфатени и за да се создаде претстава за нив на фреските и иконите се претставени во човечка форма. Тие се Господови гласници (ангел значи весник) ги пренесуваат божјите заповеди поради што на фреските се претставени со крилја. Тие се поим за младост и безгрижност поради што се претставени како деца бидејќи староста, обелувањето на косата и брчките на лицето се последица на животните грижи и страдања. Тие се насликани во бела облека што симболизира душевна чистина и невиност. Единствено архангел Михаил е претставен во војводска облека. Зошто архангел Михаил е насликан како војвода? Во почетокот сите ангели биле добри. Подоцна некои од нив станале лоши, се одметнале од Бога и почнале да прават злодела. Нив ги викаме ѓаволи. Еден меѓу нив по име Деница, заслепен од големата моќ што му ја дал Бог, се одметнал од Бога, собрал големо друштво и создал цело невидливо небесно духовно царство. Свети архангел Михаил го победил, го симнал од небото, а и подоцна продолжил да се бори за славата Божја поради што е претставен во војводска облека со меч и копје во рацете. Тогаш, кога некои ангели почнале да го напуштаат Бога и станале лоши архангел Михаил ги собрал сите ангели и како знак на верност кон Бога почнал заедно со нив да ја слави Света Тројца со песната: Свет, Свет, Свет е Господ Саваот. Во спомен на овој собир црквата го востановила празникот Собор на свети архангел Михаил што се празнува на 21/8 ноември. Со овој празник им се оддава признание на сите ангели кои ги има безброј. Зошто токму на овој ден се празнува денот на ангелите? Според некои истражувачи месецот ноември е одбран поради тоа што во поранешното сметање на времето, кога годината започнувала од март, ноември бил деветти месец, а девет се чиновите ангелски. Денот осми (според стариот календар) е одбран поради тоа што на осмиот ден од страшниот суд ќе дојде Исус да им суди на живите и мртвите. Како што беше споменато се верува дека има многу ангели. Тие претставуват цела небеска војска раководена од Господ Саваот (а Саваот значи господар или командант над војската). Тие се поделени во девет чинови, групирани по три степени, со по три чина. Во првиот степен влегуваат шестокрилите серафими, многуоките херувими и престолите, во вториот спаѓаат господствата, силите и властите и во третиот начелниците, арангелите и ангелите. На некои им се знаат и имињата како на пр: Гаврил, Рафаил, Урил, Салатил, Егудил, Варахил и Еремил. Во народното верување архангел Михаил е претставен како со меч им ги зема душите на луѓето, поради што во некои места (Радовиш) е наречен „Арангел душевадник“.Во Радовишко било обичај на Аранѓеловден да се оди на гости во с. Ињево каде што три фамилии колеле заеднички курбан. Се раскажува дека им се јавувал на сон некој глас и им велел да заколат курбан и тие тоа го правеле секоја година на овој ден приредувајќи гозби за гостите. Кузман Шапкарев забележал дека на Архангеловден во Охрид ги колеле свињите специјално ранети за таа зима од кои правеле пастрма, сланина и колбаси и на нивните слезинки гледале и претскажувале каква ќе биде зимата. Во Гевгелиско, како што запишал Стефан Тановиќ, „Свети Ранѓила“ го замислувале со терезија во едната и сабја во другата рака со која на луѓето им ги вадел душите. Според преданието од овој крај тој стоел на рајските врати и на терезијата од едната страна ги ставал добрите дела на човекот, од другата гревовите и во зависност од тоа што ќе претежнело луѓето ги праќал во рајот или во пеколот. Марко Цепенков на едно место запишал дека „кога ќе умирал чоек, ангелот му се јавуал откај глаата, а смртта откај нозете. (На праведниот му се јавуал ангело и смртта многу весели, а на грешнио многу смуртени и страшни.) (…) Ангело бил со ножо в раце и со терезија, а смртта со една торба алати, како од некој мајстор, турли-турли алати имала: тесла, тесличе, пиличка, пила, секира, глето, копан и друзи многу“. М. Цепенков забележал дека и кога се венчавале луѓето ангелот Божји стоел до нив. „За прва венчанија на зет и невеста, кога се венчаваат, му идел ангел Божи од небото и стојал над младоженците на рамената, та му држел венците и штом да се довенчаат, ќе летнел ангелот на часот и ќе појдел кај Бога, та ќе му кажел. Второ венчање пак ангелот идел, ама назад од младоженците стојал и по една недела ќе одел кај Бога за да му кажит. А пак во треќата венчанија ангелот многу скраја стојал и ич не одел кај Бога за да му кажи за да се радуат ангелите“. Уште еден ден од православниот календар е поврзан со името на архангел Михаил. На 19/6 септември се празнува „Спомен на чудата на св. архангел Михаил“, во спомен на чудото во Хон, место во Фригија, кога свети архангел Михаил ја спасил црквата од уривање од неверниците, кога водата што требало да ја потопи ја свртел во друга насока.
Воведение на пресвета Богородица - Пречиста Празник на воспитувањето Празникот Воведение на Пресвета Богородица во храмот ни го истакнува за углед односот на праведните Јоаким и Ана, нивното исполнување на ветеното, но и нивната грижа за правилно воспитување на нивното дете. Но овој празник и денес е актуелен со тоа што укажува на потребата родителите да се заложат за правилно воспитување на своите деца, за осознавање на вредностите на својата вера, но и за одбрана од негативните пороци кои што ја уништуваат нашата младина. Денешниот празник Воведение на Пресвета Богородица во храмот што народот го вика Света Пречиста или накусо само Пречиста спаѓа во поголемите есенски празници што се празнуваат и со домашни служби. Овој празник исто така, спаѓа и во дванаесетте големи христијански празници. Се смета за женски празник и повеќе го празнуваат младите жени, особено оние што уште немаат деца. Светото предание за праведните Јоаким и Ана Сведоштва за овој празник (како и за некои други моменти од животот на Богородица) се среќаваат само во црковните песни и кај некои писатели на дела со црковна содржина. Праведните Јоаким и Ана се вели во овие сведоштва долго немале деца. Го молеле Бога да им даде рожба ветувајќи му дека ќе му ја посветат нему, односно ќе ја дадат да му служи во храмот. Така им се родила Марија. Светото предание натаму сведочи дека бидејќи Марија била измолена со солзи и ветена да му служи на Бога нејзините родители уште кога наполнила една година сакале да ја одведат во храмот. Но се плашеле дека малото девојче може да плаче за нив, па се одлучиле тој чин да го направат кога таа ќе наполни три години. И така кога наполнила три години останувајќи доследни на ветувањето, а и исполнувајќи го долгот кон Бога ја повеле во храмот. Во свечената поворка што три дена патувала од Назарет до Ерусалим најнапред оделе девојчиња променети во бела облека, со запалени свеќи во рацете, по нив Јоаким и Ана за рака ја воделе малата Марија, а по нив оделе многу роднини и пријатели. Со нив, невидливи за човечкото око, патувале и многу ангели. Беше се собрал и многу народ за да го гледа овој чуден и впечатлив настан. Малата Марија била облечена во свечена облека, со многу украси, како што и приличи на царска ќерка и божја невеста. Од Назарет до Ерусалим имало три дена пат, но овојпат, бидејќи се работело за патување иницирано со Божја промисла, или со божји благослов, поворката со леснотија го изодела ова растојание. Јоаким и Ана ја оставаат Марија во храмот Пред храмот свечената поворка ја пречекале свештеници на чело со првосвештеникот Захарие, пеејќи црковни песни. Храмот бил на поиздигнато место и во него се влегувало по скали со 15 степеници. Родителите ја оставиле малата Марија на почетокот на скалите и таа самата, со сила и сигурност на многу поголема возраст, се искачила по скалите весело гледајќи во храмот и не свртувајќи се кон своите родители и кон народот што ја придружувал. Тамо ја пречекал првосвештеникот Захарие, (таткото на свети Јован Крстител), кој на општо изненадување на насобраниот народ, а по божја повелба, ја внесол во најсветото место во храмот, еден одделен олтар наречен „Свјатаја свјатих“, (или Светиња на светиите). Тука никој не смеел да влезе, особено не жена, не влегувале ниту обичните свештеници, а и првостештеникот влегувал само еднаш во годината и тоа на празникот на очистувњето, кога принесувал жртва. На ова се чуделе не само луѓето туку и анѓелите, но и ова е неправено со Божја промисла и е поврзано со идната улога на Богородица, мајката на Исус Христос. Св. Теофилакт Охридски за овој чин вели дека во тој момент првосвештеникот Захариј бил исполнет со Божји Дух, инаку оваа негова постапка не би можела да се објасни. Потоа Јоаким и Ана како што било ред принесле дарови и жртви за Бога и откако добиле благослов од свештениците се простиле со Марија и заедно со роднините и пријателите се вратиле во Назарет. Подоцна тие честопати го посетувале храмот во кој живеела Марија, особено тоа го правела мајката Ана. Храмот место за воспитување на младите девојки Овде во храмот, освен млади девојчиња кои се воспитувале во вистински божји дух и се подготвувале за идната служба, во посебни простории живееле вдовици кои служеле во храмот, како што била и пророчицата Ана, што светиот апостол и евангелист Лука ја споменува во своето Евангелие. ( Лука, 2: 36-3 По смртта на својот маж Јоаким, таму се преселила и Ана, мајката на Марија, но и таа малку време живеела со својата ќерка бидејќи наскоро и таа починала. Во храмот Богородица останала до 12-тата година. Тука живеела заедно со други девојчиња, заедно се молеле, принесувале жртви, пееле црковни песни, го читале Светото Писмо и учеле некои домашни работи како везење, плетење и сл. Храна примала од раката на ангелот кој ја штител од секакво зло. Била послушна кон сите и затоа сите ја сакале и почитувале. Така во овој храм Пресвета Дева Марија се подготвувала за идната слава што ја очекувала. Црквата ја нарекува прекрасна зора од која што изгреало сонцето на правдата. Црковната песна пее дека Светиот Дух ја осветил таа што живеела во храмот и се хранела со небесна храна. Светото предание уште сведочи дека кога Марија стигнала до возраста кога девојките го напуштале храмот и се омажувале, свештениците побарале и таа тоа да го направи. Но Марија тогаш им ја соопштила својата решеност да не стапува во брак туку до крајот на животот да остане во храмот и да му служи на својот Бог. Но тоа не го дозволувале законите, поради што се барало компромис. По Божја промисла таа била дадена на чување кај еден постар човек по име Јосиф, роднина на нејзините родители. Поради тоа во сведоштвата праведниот Јосиф се среќава и како нејзин старател, но и како нејзин свршеник. Така биле задоволени тогашните еврејски закони, а на Марија и била исполнета желбата засекогаш да остане Девица и да му служи на Бога. Дотогаш меѓу Евреите не било познато доживотно заветување на Бога, така што Марија е првата девојка што се решила и што успеала до крајот на животот да биде заветена или посветена на Бога. По нејзиниот пример подоцна тргнале илјадници девојки и момчиња. Во спомен на воведението или воведувањето на тригодишната Марија во храмот светата црква го востановила празникот Воведение што се празнува на 21 ноември по стариот (или на 4 декември по новиот) календар. Црковното предание за воведувањето на Богородица во храмот започнало да се запишува уште во вториот век, во текстови познати под името апокрифи. Во четвртиот и петтиот век ова предание било познато во целиот христијански свет. Преданието раскажува дека царицата Елена подигнала црква посветена на Воведението. Празникот Воведение почнал да се празнува многу касно. Се претпоставува дека се празнува од четвртиот век, но во пишаните документи се среќава од осмиот век. Во почетокот немал елементи на голем празник туку само како обичен спомен. Подоцна го среќаваме со претпразненство и попразненство. На иконата овој настан е насликан така што од едната страна стои првосвештеникот на старозаветната црква кој ја пречекува малата Марија на вратата од храмот, придружувана од група девојчиња со запалени свеќи, а тука се и родителите на Марија и другата придружба. Празникот Воведение на Пресвета Богородица во храмот ни го истакнува за углед односот на праведните Јоаким и Ана, нивното исполнување на ветеното, но и нивната грижа за правилно воспитување на нивното дете. Но овој празник и денес е актуелен со тоа што укажува на потребата родителите да се заложат за правилно воспитување на своите деца, за осознавање на вредностите на својата вера, но и за одбрана од негативните пороци кои што денес ја уништуваат нашата младина. Тропар Денес е почеток на Божјата милост и на проповедта за спасение на луѓето. Во храмот Божји јасно Дева се јавува и Христа на сите го предвестува. Нејзе и ние велегласно и извикуваме: Радувај се, исполнување на промислата на Создателот! Днес благовољенија Божија предображеније и человјеков спасенија проповједаније, в храмје Божии јасно Дјева јављајетсја и Христа всјем предвозвјешчајет то и ми велегласно возопиим Радујсја смотренија Зиждитељева испоњеније. Кондак Пречисти храм Спасов, многоцјени чертог и Дјева, свјашченоје сокровишче слави Божија, днес воводитсја в Дом Господен благодат соводјашчи јаже в Дусје Божественом јуже воспјевајут ангели Божии, сија јест сељеније небесноје.
„ВОВЕДЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА“ (ПРЕЧИСТА) нека ни е среќен празникот за многу години само убавини да ни носи
Свети отец Николај архиепископ на Мира Ликијска Тропар Вистината на сѐ како правило на верата, образец на кроткоста и учител на воздржаноста те покажа на стадото твое; заради тоа си го придобил со смирението - возвишеното, а со сиромаштвото - богатството; оче свештеноначалниче Никола моли Го Христа Бога да ги спаси нашите души. Кондак О, пресвет и пречуден отче Николае, утехо на сите нажалени, сегашниот наш принос прими го, и од геената да се избавиме со пријатното твое застапништво Господа измоли го, со тебе да воспеваме: Алилуја. Житие Роден е во градот Патара, Ликија (на јужниот брег од Мала Азија), како единствено и измолено од Бога дете на верните, богати и угледни родители Теофан и Нина, кои решија да Му го посветат на Бога, принесувајќи Му така дар. Уште со самото негово раѓање, Светото Предание му припишува чуда. Неговата мајка, Нона, чудесно се излечила од болестите откако го родила. На денот на неговото Крштевање, без човечка помош стоел на своите нозе три часа, за што подостојно да ја прослави Пресветата Троица. Уште од најрана возраст, како бебе го почитувал и се придржувал на постот в среда и петок, така што не го прифаќал мајчиното млеко во тие денови додека неговите родители не завршиле со вечерните молитви. Како дете, со голем восхит пристапувал кон проучувањето на Светото Писмо; преку ден не го напуштал Храмот, а ноќе се молел и читал книги на тој начин станувајќи достојно место за пребивање на Светиот Дух. Знаењето за духовниот живот Св. Николај го стекнал преку својот чичко Николај, епископот Патарски, кој го назначил прво за чтец, а потоа и за свештеник. По смртта на родителите Николај им го раздал наследениот имот на сиромасите и ништо не задржал за себе. Додека бил свештеник во Патара тој многу се прочул со делата на својата милостиња, иако ги криел грижливо, за да го исполни зборот Господов: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3). Во тоа време имало еден богат човек во Патара, кој изгубил сѐ и не можел да го прехрани своето семејство. Бидејќи имал три ќерки стасани за мажење, а за нив немал приготвено мираз, му дошла погубна мисла – да почне да ги продава телата на неговите ќерки, за да спечали некој денар и да може да се прехранат. Дознавајќи за неговата крајно погубна намера, свети Николај тајно го посетил и му фрлил кесичка со пари преку прозорецот, вардејќи да не го види случајно некој. Со тие пари, кој таткото ги нашол, ја омажил првата ќерка. Истото овој светител го стори и за другите две негови ќерки, на тој начин спасувајќи го сето семејство од духовна смрт. Наскоро чичкото на овој светител реши да оди на свето поклонување во Ерусалим, препуштајќи му ја грижата за стадото на својот внук. Овој не само што се покажал достоен и вреден за довербата, туку сето тоа го правел со крајна послушност и љубов. Откако неговиот чичко се вратил од поклонението, свети Николај побарал благослов за тој да оди во Светата Земја. На своето патување низ Светата Земја тој направил безброј чуда: предвиделл дека морето ќе го зафати страшна бура која потоа ја смирил со неговите молитвни и вера и го спасил од смрт морнарот кој бил смртно повреден преку своите молитви. Пристигнувајќи во Ерусалим, Му заблагодарил на Создателот токму на местото наречено Голгота. Ги посетил сите места во Светата Земја, и посакал да се повлече во пустината и да се замонаши на Синај. Но Божествен глас му се јавил, велејќи му да се врати во родната земја. Кога се вратил во Ликија, се замонашил во манастирот Новиот Сион, основан од тој негов чичко, длабоко посакувајќи го мирот и тишината. Но уште еднаш Божјата Волја покажала дека има други планови за него. Му се јавил божествен глас, велејќи му да го напушти манастирот и да се врати во светот, во Мир, каде најдостојно би Го прославил Бога. Светителот, со целосно послушание ја напуштил Патара. Набрзо по неговото пристигнување во Мир, архиепископот Јован се претставил пред Бога, и местото било сѐ уште непополнето. Светителот набрзо бил избран за Епископ на Мира, откако еден од епископите на Советот кој го бирал наследникот на Јован одлучил новиот епископ да биде назначен од Бога, а не од нив: така, еден од постарите епископи добил визија на сјаен човек кој му рекол дека првиот човек кој ќе влезе во Црквата истата вечер треба да биде следниот архиепископ; и дека неговото име ќе биде Николај. Стариот епископ веднаш поитал кон Храмот Божји, во исчекување на човекот кој ќе биде таму. Пред портите го чекал св. Николај, кој секогаш прв пристигнувал на Литургија. Откако го прашал како се вика, светецот одговорил: „Се викам Николај, Учителу, и твој слуга сум.“ За време на гонењето на христијаните под Диоклецијан и Максимијан бил ставен во затвор, но тој и во затворот ги поучувал луѓето на законот Божји, не допуштајќи да се поколебаат во верата. Со доаѓањето на власт на светиот цар Константин, христијаните веќе не биле гонети и добиле рамноправно место во Римското Царство. Токму во тој период, овој милостив зилот со чисто срце разурнал многу пагански храмови и идоли во Мир и неговата околина, изгонувајќи ги лошите духови. Во 325 година учествувал на Првиот вселенски собор, каде го посрамил Ариј заедно со Св. Силвестер, Александар, Спиридон и другите свети отци на Соборот. Од голема ревност за вистината го удрил еретикот Ариј. За ова дело бил отстранет од Соборот и од архиерејската служба, сѐ додека на неколкумина од првите архиереи на Соборот не им се јавиле Самиот Господ Исус Христос и Пресвета Богородица и не го објавиле своето благоволение кон Николај, враќајќи му го омфорот и Евангелието. Чувар на Божествената вистина, овој чудесен Божји светител бил и одважен заштитник на правдата меѓу луѓето, насекаде сеејќи мир и благодат. На двапати спасил по тројца луѓе од незаслужена смртна казна. Милостив, вистинољубив и праведен, уште за време на животот луѓето го сметле за светител и го повикувале на помош во маки и неволји; им се јавувал во сон и на јаве на тие што го повикувале, еднакво лесно дали се блиску или далеку, и им помагал. Многу пати им помагал и на давениците, затворениците и ги избавувал од неволји морепловците. На старост малку се разболел и се упокоил во Господа, за вечно да се весели во Небесното Царство продолжувајќи да чудотвори на земјата, помагајќи им на верните и прославувајќи Го својот Бог. Неговите мироточиви мошти биле поставени во локалниот храм, и многу луѓе имаат најдено спас преку нив. Но во 1087 година, откако градот бил разорен и уништен, тие биле чудотворно пренесени во Бари, Италија, каде што се наоѓаат и ден денес. Неговото име се слави насекаде низ светот, а се смета за небесен заштитник на Русија и Грција. Свети Николај Чудотворец, архиепископ Мирликиски е славен Божји светител кој се слави низ сиот свет. Славен е од како од Православните, така и од другите христијани и иноверци: муслиманите од Турција исто така многу го почитуваат овој светител. Зел учество на Првиот вселенски собор во Никеја, каде од ревност го нападнал еретикот Ариј. Најстарото житие за него потекнува од 10 век.
Нека ни` е на помош Свети првомаченик и архиѓакон Стефан! На третиот ден од празникот Божик светата православна црква го празнува споменот на светиот архиѓакон и првомаченик Стефан. Тој е наречен првомаченик затоа што тој е прв што настрадал за Христосовата вера...
Житие на преподобен Серафим Саровски Преподобен Серафим − Саровскиот Богоугодник и Чудотворец (1759-1833) е највисок израз не само на Руското Православие, туку и на икуменското Христијанство. Целиот свој живот вршеше подвизи кои ја надминуваат мерката на човековата сила; затоа и стекна блага кои ја надминуваат мерката на човековата величина. 15 (2) Јануари – Спомен на преподобниот Серафим Саровски 1 Август (19 јули) – Наоѓање на моштите на преподобен Серафим Саровски Се родил како Прохор Мошњин, на 19 Јули 1754 г., во градот Курск, (родното место на Теодосиј Печерски). Неговиот татко Исидор бил имотен и градел храм на св. Сергиј Радоњешки, а по неговата смрт, таа работа ја продолжила мајката Агатја. Таа и го одгледала идниот подвижник, давајќи му добар пример на постојана молитва, пост и милосрдие. Два чудесни настана се случиле во детството на свети Серафим. Еднаш неговата мајка го одвела на врвот на недовршениот храм, од каде што тој паднал, но ни малку не се повредил. Друг пат, додека бил болен, во сон му се јавила Пресвета Богородица и рекла да ќе дојде да го излечи. Неколку денови подоцна, литија со чудотворната икона на Коренската Мајка Божја минувала низ нивниот двор. Мајката го однела болниот Прохор до неа и тој набргу оздравел. Кога одлучил да се замонаши, мајка му го благословила и му дарувала бакарен крст што го носел за време на целиот живот; со него и се упокоил. Прозорливиот Доситеј, кој се подвизувал во Катајевската пустина, го советувал да оди во Саров, како што тој и направил во 1778 г., за време на игуменот Пахомиј. Искушеник бил околу осум години. За тоа време имал големо искушение – три години страдал од водена болест и поголемиот дел од тоа време бил неподвижен. Тогаш имал и видение на Пресвета Богородица со апостолите Петар и Јован Богослов. Таа рекла: «Овој е од нашиот род», го допрела со жезол и од таа вдлабнатинка истекла целата вода од телото (на тоа место му останал белег). Замонашен е на 13. Август 1786 г. со името Серафим, што значи «пламенен», а во октомври истата година станал јероѓакон. За време на Литургија ги гледал ангелите и еднаш го видел Господа Исуса Христа, облиен во светлина. Од тоа не се возгордеал, туку сè повеќе се смирувал и го зголемувал трудот. За време на големиот глад, манастирските амбари − чудесно, преку ноќ − се наполниле со жито, по молитвите на старец Серафим и другите браќа. Откако во 1793. го добил чинот јеромонах, ја исполнил својата дамнешна желба да замине во пустина. Пред упокојувањето на отец Пахомиј, му ветил дека ќе се грижи за Дивјеевскиот женски манастир. Своето келијно молитвено правило, преподобниот Серафим го извршувал според уставот на древните пустиножители; од Светото Евангелие никогаш не се раздвојувал, прочитувајќи го во текот на седмицата целиот Нов Завет. Ги читал, исто така, светоотечките и богослужбените книги. Во Недела одел во манастирот на света Литургија. Во самотија ја обработувал градината и чувал пчели. Го гледале како храни мечка, кој била како припитомена. За да го победи ѓаволот, во текот на илјада денови постојано се молел на камен, стоејќи и коленичејќи, со кратки паузи за храна и одмор. На 12. Септември 1804 г. во шума го нападнале три селани, барајќи пари од него. Тој им дозволил да го претепаат, бидејќи «кој се фаќа за нож, од нож ќе загине». Едвај преживеал. А потоа, христијански им простил и се заложил да не бидат казнети. Кога во 1807 г. умрел неговиот духовник, отец Исаија − игуменот на Саровскиот манастир, преподобен Серафим се предал на подвигот на молчелништвото (молитвено молчење). По повеќе од две години, на заповед се вратил во манастирот, а потоа почнал да живее како затворник, не излегувајќи од келијата. Никој не го видел пет години. Еднаш се удостоил да биде вознесен на Небото и да ги види рајските живеалишта. Молчел уште пет години и не излегувал од келијата, но другите можеле да дојдат да го видат. Дури потоа почнал да им дава духовни совети на луѓето што доаѓале, по наредба на Пресвета Богородица, која му се јавила со преподобните Онуфриј Велики и Петар Атонски. Во 1825 г. повторно почнал да оди во шумата. Во близина, Пресветата Дева удрила со жезол и направила извор со лековита вода. На крајот од неговите подвизи било старештвото. Илјадници луѓе секој ден доаѓале за совет и помош, а тој однапред ги знаел сите нивни болки. Безброј примери има за неговата прозорливост: знаел кому помошта му е најпотребна, одговарал и пред да му постават прашања, знаел сè за гревовите и минатото на соговорникот; претскажувал настани. Бил во духовна врска со други подвижници кои никогаш не ги видел. На пример: му испратил порака на затворникот Георгиј; да не го остава местото на својот подвиг (тој две години бил искушуван од таа помисла). На многу луѓе им претскажал што ќе им се случи: стапување во монаштво, брак, колку деца ќе имаат, болести, смрт на блиски… Претскажал глад, колера, политичките немири во Русија. Конечно; ја претскажал и својата смрт. Старец Серафим прво го излечил спахијата Мантуров, кој боледувал од тешка болест на нозете. Еден болен, кој оздравил, го видел старецот како лебдее во воздух и се моли за него. Лечел со молитвата, со света вода и свет елеј. Му помогнал да прооди и на спахијата Мотовилов, кој бил неподвижен (нему подоцна му ја открил и «целта на христијанскиот живот»). И по смртта на старецот, луѓето наоѓале лек во изворот кој Богородица го направила и кој денес се вика; Серафимов извор. Со силата на својата молитва светиот старец овозможувал бездетните да добијат дете, па дури и осудени покојници да бидат помилувани. Спахијата Мотовилов го удостојил заедно со него да се најде во Светиот Дух. Пред крајот на животот, веќе очигледно општел со ангелите, со Богородица, со небесните жители. Старец Серафим преку целиот живот се грижел за Дивјеевскиот манастир, кого го основала големата подвижничка Агатја Семјоновна Мељгунова. Таму сè се работело како што тој ќе кажел, иако во тој манастир никогаш не отишол. Многу девојки благословил таму да бидат монахињи. Светиот старец помагал уште два манастира: Ардатовско-Покровскиот и Спасо- Зеленогорскиот манастир. Саровскиот подвижник во старештвото поминал 12 години. Небесната Царица последен пат му се јавила на Свето Благовештение, последната година од неговиот живот. На тој настан присуствувала и дивјејевската сестра Евдокија Јефремовна. Видението траело четири часа, а биле присутни и ангели, св. Јован Крстител, св. Јован Богослов и 12 девици-маченички. Старец Серафим, саровскиот чудотворец, се упокоил на 02. Јануари 1833 г., коленичејќи на молитва пред иконата на Мајката Божја «Умиление». На земјата поживеал 73 години. Речиси сите негови предмети им припаднале на дивјеевските сестри. Веднаш по неговата смрт многу народ започнал да доаѓа на неговиот гроб, да го умножува неговиот портрет, да зема предмети што му припаѓале. По 70 години од блаженото упокоение на саровскиот старец, отец Серафим бил прогласен светител. Таа иста 1903 г. се откриени и неговите мошти. Било присутно и царското семејство и неброено многу поклоници. Телото на отец Серафим не останало негнилежно, туку само коски. Тоа многумина збунувало, но не се моштите доказ за светоста, туку безбројните чуда што се случиле. Така определила Божјата промисла.Тогашната власт во 1926. ги скрила моштите на светителот. Тие се пронајдени во 1990 г., во подрумот на петроградскиот Музеј на религија и атеизам, а во 1991 г. се пренесени во Дивјеевскиот манастир. Постои предание дека преподобен Серафим Саровски пред крајот на светот ќе воскресне и заедно со праведниците и Црквата ќе биде вознесен на Небото.
БОГОЈАВЛЕНИЕ (19јануари) Кога Господ Исус наврши триесет години од телесното раѓање, го започна Својот учителски и спасителен подвиг. И самиот почеток на тоа го означи со примајќи Крштение на Јордан. Како што вели Свети Кирил Ерусалимски: „Почеток на светот е водата, почеток на Евангелието е Јордан“. Кога Исус Христос се крштеваше во водите на Јордан, на светот му се објави онаа тајна која во Стариот Завет само се навестуваше, за која во Мисир и во Индија единствено се баснословеше: тајната на Божествената Троица. Отецот му се јави на сетилото за слух, Духот на сетилото за вид, а Синот дури и на сетилото за допир. Отецот го изговори Своето сведоштво за Синот, Синот се крсти во вода, а Светиот Дух во вид на гулаб лебдеше над водата. И кога Свети Јован Крстител посведочи и рече за Христа: „Еве го јагнето Божјо кое на Себе ги зеде гревовите на светот“ (Јован 1, 29) и Го потопи и Го крсти во Јордан, со ова се укажа на Христовата мисија во светот и на патот на нашето спасение. Зашто Господ ги зеде врз Себе гревовите на родот човечки и под нив умре (пототпувањето) и оживе (излегувањето од водата); а и ние мораме да умреме како стар и гревовен човек, а да оживееме очистени, обновени и преродени. Тоа е Спасителот и тоа е патот на спасението. Празникот Богојавление (на грчки Теофанија) се нарекува и Просветлување. Зашто настанот на Јордан нѐ просветлува, прво: покажувајќи ни Го Бога како Троица еднобитна и неразделна. И второ: бидејќи секој од крстените во вода се просветлува бивајќи восиновен од Отецот на светлината, со заслуга на Синот, со силата на Светиот Дух.
СВЕТИ ТРИФУН Ви го честитам празникот Свети Трифун и посакувам оваа година да биде плодна, не само на лозјето, туку и на сите дрвја и растенија, животни и луѓе. Свети Трифун потекнува од малоазиската област Фригија, село Кампсада близу градот Апамеја, кој се сметал како прататковината на лозата и виното, па оттука и Свети Трифун го слават лозарите и винарите. Роден бил во сиромашно семејство а се прочул како исцелител на болести кај луѓето и животните како и "истерување бес". Се зборува дека ја излечил од лудило ќерката на царот Гордијан, но за време на царот Дециј Трајан кој ги прогонувал христијаните, Свети Трифун бил измачуван и убиен. Бил осуден на смрт со меч. Се верува дека ако на денешен ден завее снег-годината ќе биде плодна, а ако на овој ден е ведро без дожд ниту снег-годината ќе била сушна. Кај нас цела зима немаше снег па ниту дожд, се плашам каква ќе биде оваа година. На денешен ден се верува дека Свети Трифун прободува факел во земјата кој започнува да го топи снегот. Нека ни е за многу години празникот.
Јас денес не го славам Валенти туку СВ.ТРИФУН- не дека немам дечко или слично,туку затоа што Валентин е католички,а Трифун православен Па да си се напиам винце денес(од чашата на мама)
Денес е Св.Трифун,празник на лозарите.Ги сакам и ги почитувам православните празници како дел од нашата традиција и култура.Ако сме достојни во нивното одбележување ќе го зачуваме тоа што е исконско и што не карактеризира како православни христијани.
Оваа задушница (што беше во саботата) е поврзана со светото евангелие кое што се читаше на вчерашната (неделна, воскресна) литургија. Имено станува збор за евангелието на Страшниот Суд. Поради тоа што вчера се сеќававме што не` чека (воскресение на умрените и конечен Суд), редно беше да се помолиме и да се сетиме на сите наши отци, мајки, браќа и сестри кои се упокоиле пред нас, за Бог да ги помилува кога ќе и` суди на Вселената. Spoiler Свето евангелие од Матеј, глава 25: 31 А кога ќе дојде Синот Човечки во Својата слава и сите свети ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на славата Своја, 32 и ќе се доберат пре Него сите народи; па ќе ги оддели едни од други, како што овчарот ги одделува овците од козите; 33 и ќе ги стави овците од Својата десна страна, а козите од левата. 34 Тогаш царот ќе им каже на оние што Му се од десната стрна: 'Елате, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, приготвено од почетокот на светот; 35 оти, гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте; 36 необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте при Мене.' 37 Тогаш праведниците ќе му одговорат и речат: 'Господи, кога Те вивовме гладен и Те нахранивме, или жеден и Те напоивме? 38 Кога Те видовме странец и Те прибравме, или необлечен и Те облековме? 39 Кога те видовме болен, или во затвор, и Те посетивме?' 40 А царот ќе им одговори и рече: 'Вистина, ви велам: доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле.' 41 Тогаш ќе им каже и на оние што се од левата страна: 'Одете од Мене, проклети, во вечен оган, приготвен за ѓаволот и неговите ангели. 42 Зашто, гладен бев и не Ми дадовте да јадам; жеден бев и не Ме напоивте; 43 странец бев и не Ме прибравте; необлечен бев и не Ме облековте; болен и во затвор бев и не Ме посетивте.' 44 Тогаш и тие ќе Му одговорат и речат: 'Господи, кога Те видовме гладен, или жеден, или странец, или необлечен, или во затвор и не Ти послуживме?' 45 Тогаш ќе им одговори и рече: 'Доколку не сте го направиле тоа на еден од овие најмали браќа и Мене се сте Ми го направиле.' 46 И тие ќе отидат во вечна нака, а праведниците - во живот вечен." Задушницата пред Духовден е бидејќи на тој Духовден, за време на молитвата за призив на Светиот Дух, ние се молиме и за оние кои се во геена огненаја - пеколот. Според тоа задушниците што се пред Духовден се за Бог да ги помилува сите упокоени кои се пред се` во пеколот, а на останатите да им ги прости гревовите, повторно за денот на Страшниот Суд. Spoiler Од третата молитва на Духовденската вечерна: Самиот Ти, Владико на сите, Боже Спасителу наш, надеж на сите краишта на земјата, и на оние кои се далеку по морињата, Кој и во овој последен, велик и спасителен ден на празникот Педесетница ни ја покажа тајната на Светата, едносуштна и совечна, и неразделна, и неслеана Троица, и го подготви доаѓањето и слегувањето на Светиот и животворен Твој Дух, и Го излеа врз Твоите свети апостоли во вид на огнени јазици, и нив ги постави за благовесници на нашата благочестива вера, и ги покажа исповедници и проповедници на вистинското богословие. Кој и во овој сесовршен и спасителен Празник благоволи да ги примиш нашите молитви за оние што се држани во адот, и ни даде голема надеж за олеснување на маките на починатите, и дека ќе им испратиш утеха. Услиши не нас Твоите смирени слуги, кои Ти се молиме, и упокој ги душите на Твоите порано починати слуги во место светло, во место благопријатно и свежо, каде што нема никаква болка, тага или воздишка, и всели ги нивните души во населбите на праведниците, и удостој ги за мир и олеснување; зашто мртвите нема да Те фалат, Господи, ниту заробените во адот ќе имаат смелост да Те исповедаат, туку ние живите Те благословуваме и Те молиме, и Ти принесуваме очистителни молитви и жртви за нивните души. Задушниците пред Митровден се пред се` за војниците кои паднале во одбрана на православната вера и својата татковина (Свети Димитрија бил војник и војвода на градот Солун). За оние чии тела Земјата ги примила без да бидат опеани, за оние чии најблиски не им ги знаат гробовите. Но со текот на времето овие задушници примиле сеопшт карактер, што нормално е добро бидејќи покојните имаат голема корист од секоја наша молитва.