Духовна ризница - полезно и потребно

Дискусија во 'Религија' започната од LegallyBlonde13, 6 септември 2017.

  1. LegallyBlonde13

    LegallyBlonde13 Истакнат член

    Се зачлени на:
    25 февруари 2017
    Пораки:
    430
    Допаѓања:
    1.947
    Бог… Љубов I дел

    Еднаш во едно училиште кажував беседа за љубовта. На крај едно дете многу спонтано ме праша, а зад него стоеше и мајка му: – Отче, како ме сака Бог, кога пред девет месеци го зеде татко ми?
    Јас зборував пред тоа за љубовта, сѐ убави работи, луѓето беа трогнати.
    А малиот постави прашање и ме порази. Не знаев што да кажам, што да одговорам. После тоа продолжи со други прашања, а мајка му одзади го туркаше и му велеше: „Запри, дете мое! Што му зборуваш на човекот, сѐ расипа со тоа што го кажа“.
    Одеднаш слушаш едно дете како те прашува: „Како ме сака Бог, кога го зеде татко ми?“ И не знаеш што да одговориш. После тоа ми рече: – Јас ли сум виновен, отче, што не ја оставам мама да се омажи? И мајка му го искара: – Престани! Доста! Кога малите зборуваат, кажуваат сѐ. Јас му предложив: – Ако сакаш, другпат ќе позборуваме за тоа со тебе и со мајка ти. Лесно е да зборуваш за љубов, но во реалноста, додека Бог нѐ љуби, Неговиот однос понекогаш е многу жесток.
    Бараш алфа од Бога, а Он ти дава омега. Го молиш за решение на твојот проблем, а Он ти дава уште поголем проблем. Го молиш твојата баба да оздрави, го кажувам тоа, зашто многу деца во училиште ги сакаат многу своите баби и кога бабата ќе замине од овој свет, детето чувствува голема болка.
    Еден ученик од гимназијата ми рече: – Многу ја сакам баба ми, болна е, ќе ги оставам цигарите за неколку месеци, за да живее таа! Свети пророк и цар Давид Накрај, како нѐ љуби Бог? Он нѐ љуби, а истовремено се соочуваме со болка. Он нѐ сака, но и дозволува да поминуваме низ моменти, во кои ни доаѓа да извикаме со силен вик: „Зошто? Зошто ми го правиш ова?“ Не знам дали тука има човек, којшто никогаш не го упатил кон Бога тоа прашање: „Зошто, Боже мој?“ – како оплакување. Не се мислете ако го живеете. И светците го доживеале. Во Давидовите псалми има такви прашања: „Зошто, Боже мој? Зошто, Господи, ме остави? Зошто ме презираш? Зошто Ти зборувам а Ти не слушаш? Зошто ме толку многу ме поразуваш?“ На друго место светиот цар и пророк Давид Го моли Бога и Го повикува: „Пази ме, Господи, како зеница во окото. Помогни ми зашто чувствувам болка во животот“. Свети Силуан Атонски вели дека кога стигнал до моментот во кој не Го чувствувал Бога како љубов, туку како искушение, тортура, како суровост во својот живот, извикал со силен вик кон Него: „Боже мој, Ти си неумолив! Многу си жесток!“ „И во тој час – вели – кога стигнав до крајниот предел, до границата на издржливоста, на бездната на очајот, Го видов Христос жив како се преобразува на иконостасот. Тоа што го видов и ме потресе, беа Неговите очи, кои зрачеа љубов, смирение и кротост. Не ме импресионира тоа што изгледаше величествен, туку ги видов Неговите очи, кои, ако и вие ги бевте виделе, моментално ќе го променевте вашиот живот. Сепак, на крај, Христос е смирен. Тој „суров“ Бог, на крај е многу добар, но бидејќи знае дека нашиот живот не може да се промени на друг начин, дека не можеме поинаку да ги пројавиме нашите харизми, освен преку болката во животот, затоа многу пати дозволува да минеме низ многу испити.
    Кога човекот се појавил како биолошки вид на планетата Земја, сите светци велат дека Бог го создал од љубов. Ние сме создадени со љубовно расположение од страна на Бога. Господ не нѐ создал затоа што имал таква потреба или бил задолжен да нѐ создаде, туку од љубов. И кога нашите родители прифатиле ние да се родиме, какви луѓе и да биле, колку недостатоци и слабости и да имале, во тој момент од нив излегувала љубов и давање. Ние самите сме плод на љубов. Но повеќето од нас не сме вкусиле силно љубов во нашиот живот и чувствуваме тешкотија.
    Ве прашувам: Се наситивте ли со љубов во својот живот? Јас не сум се наситил. Некои биле обвинети од своите блиски. Тие прифатиле понижувања, девојки, чиишто родители не ги оставале да учат. Сето тоа те тера да ја чувствуваш оваа жед, дека во животот не си се наситил од љубов! Тогаш се жениш и Бог ти вели да создадеш деца и да дадеш љубов. И повеќето велат: „Како да дадам, кога ја немам?“ Ако јас не сум добил љубов да ја наситам мојата душа, јас самиот да почувствувам среќа и задоволство, како ќе прелее љубовта од мене, за да дадам и на другите?“ Тоа е многу тешко. Од друга страна, знаете ли што правам? Тоа што го прават повеќето родители спрема своите деца, раѓаат деца и наместо да им дадат љубов, всушност земаат љубов, ја исмукуваат љубовта од нив. Додека тврдиме дека ги сакаме, всушност, сакаме да нам ни удоволат. Едно дете ми кажа за мајка си: „Мајка ми ми вели дека ме сака, но ќе појдеме некаде и јас не сакам да бидам облечен, па се соблекувам, зашто ми е топло, а таа: – Облечи се, дете мое! – Мајко, не ми е студено! – Но, мене ми студи! – вели таа. Стави си јакна! И се прашувам на крај, таа жена мене ли ме сака или преку мене сака да ги задоволи своите потреби, очекувања, желби, аспирации? Други родители, пак, сакаат нивното дете да учи медицина. Тоа сепак сака да стане адвокат или учител по математика. „Зошто да не ми стане доктор детето?“ „Го сакам!“ „Јас му го мислам подоброто“. „Гледај, длабоко во мене и јас сакав да станам лекар, но не успеав, затоа нека стане моето дете! Да го видам, да се зарадувам да го направи тоа што јас не го направив“. Ги проектираме нашите неостварени желби и очекувања преку детето. Оваа љубов што ја демонстрираме, не е здрава, туку проблематична. Затоа родителите се караат постојано со децата, затоа сопрузите се караат постојано. Велат дека се сакаат, но всушност едниот сака другиот да му дава нешто – достоинство, авторитет, признание. Затоа постои таква нервоза помеѓу нив. Кога сакаш, го оставаш другиот слободен. Не да ти ѕвонам по сто пати на ден да видам што правиш, туку ти се доверувам, затоа што те сакам. И ти ме сакаш. Ниту ќе ти го прегледувам телефонот, затоа што ми е страв дека правиш нешто зад мојот грб. Кога сакаш, не чувствуваш страв од другиот, туку го оставаш слободен. Ние не сме сигурни. „Ме сакаш ли? Колку ме сакаш? Засекогаш?“ – прашуваат жените. „Бре, ти реков дека те сакам!“ „Сакам да го слушам тоа! Постојано!“ Не се наситуваш да го слушаш тој збор – дека некој те сака. Тоа е жедта на нашата душа – да почувствуваме дека сме центарот на нечија љубов. Љубовта значи многу нешта – да му зборуваш на некого кога е потребно. Другиот се враќа од работа. Љубовта ќе рече да се заинтересираш околу него и да му зборуваш кога треба. Кога ќе го видиш дека е готов да избувне, љубовта значи да замолчиш. Колку долго? За половина час, додека се смири, додека се соземе и започне да зборува. Ние го правиме спротивното. Има жени, како и мажи, кои зборуваат не кога треба, а кога, пак, треба да кажат нешто, молчат. „Јас не му зборувам! Како што ми рековте, отче! Молчам!“ Јас ја запрашав: „Во кој момент молчиш?“ Мажот ѝ ми објасни после тоа: јас ѝ велам: „Кажи ми што се случи?“ А таа: „Сега не ти зборувам!“ И си мисли дека наводно од љубов го прави тоа. Тоа не е љубов. Љубовта значи да знаеш кога ќе зборуваш и кога ќе молчиш. Има зборови кои ја засладуваат целата атмосфера дома. Има и зборови, од кои, кога ќе ги кажеш, настанува кавга. А ние токму нив ги користиме. Како да го притискаш црвеното копче и се добива експлозија. За пари, за караници, за грижи и исчезнува оној дух на љубов и спокојство. Пред неколку години, кога уште не бев свештеник, случајно влегов во еден храм, каде свештеникот читаше молитви против магии над човек обземен од нечист дух. Дотогаш не бев видел слично нешто. Беше малечко дете, нешто му беа направиле, не знам, некакви магии, негови роднини, нешто такво. Свештеникот му читаше молитва. Во тој момент тоа имаше многу голема сила, иако беше уште во градинка. Го држеа тројца големи мажи и не можеа да го додржат. Со свои очи го видов. Свештеникот викаше и велеше: – Христе мој, очисти го ова детенце од секое искушение и донеси му љубов дома! Од него се слушна еден многу свиреп глас: – Ако имаше љубов во тој дом, мислиш дека би влегол во него? Сите го слушнаа тоа и рекоа: – Слушај што вели! Ако имаше љубов во овој дом, ќе влезеше ли искушувачот во нашиот живот? Имено, љубовта го оддалечува секое искушение. Одговорот на секој проблем е да го најдеш решението на љубовта. Што ќе помогне за љубовта? Да се каже или да не се каже? Дозволете ми да не го кажам, да се направам дека не гледам, нека го загубам своето право заради љубовта, како што велеше Старец Пајсиј кога го запрашале: – Кога се карам со жена ми, кој да отстапи? Јас или таа? Затоа што Евангелието вели жената да отстапи. И Старецот одговорил: – Да отстапи поумниот! Тој прв нека си ја затвори устата. Кога сакаш, ќе си го ризикуваш животот, ќе направиш нешта, кои понекогаш другите нема да ги разберат целосно. Ако сакаш вистински, ти направи тоа што треба, а останатото остави го на Бога. Многупати свештениците треба да одговорат на сопрузи, на некој млад човек и да кажат нешто што другиот нема да го разбере. Не пречи. Кога сакаш, го правиш. Се однесуваш и ризикуваш. Како што ми рече некој на Света Гора: „Не може да интервенираш во еден дом и да не си ги извалкаш малку рацете. Но ако го направиш од чисти побуди, Бог го гледа тоа и ќе се покаже за добро“. Не може да пристапуваме кон сѐ со писмото на законот и со апсолутна правда. Штом засакаме, ќе ја оставиме справедливоста според која 1+1=2 и ќе појдеме таму, за каде што зборува Старец Пајсиј, кога прашува: „Како да се разделат шест портокали на две души?“ Некој му одговара: „Три на три“. А тој вели: „Тоа е праведно. Љубовта, сепак, знаеш ли што вели: колку сакаш за да се наситиш? Доволни ли ти се три? Сакаш ли четири? Земи ти четири, јас ќе земам два!“ Праведноста на Бога не е 1+1=2, туку е еднаква на тоа колку Бог сака. Ти јадеш четири портокали, а јас два и така ги разделивме шест портокали на пола. Нема да влеземе во рајот со писмото на законот туку со духот на оваа љубов. Следствено љубовта ќе рече сѐ – љубов може да биде нешто што и не изгледа баш за љубов, љубов може да биде да удриш шлаканица на своето дете, кога го правиш тоа со вистинска намера за негово добро. Но детето да почувствува дека сега, кога те удирам, на оваа рака пишува дека те сакам и ме боли пред да те натепам. Сте јаделе ли ќотек некогаш? Тоа го чувствуваш…

    Бигорски Манастир
     
    Последна измена: 29 декември 2018
  2. LegallyBlonde13

    LegallyBlonde13 Истакнат член

    Се зачлени на:
    25 февруари 2017
    Пораки:
    430
    Допаѓања:
    1.947
    Бог… Љубов II дел

    Љубовта значи да го ислушаш другиот и да се помолиш со болка, иако немаш што да му кажеш. Да ти се јави некој по телефон и да ги ислушаш неговите маки, да ти се замати малку, само и само да се жртвуваш заради неговата болка. Тоа го доживеал еднаш старец Пајсиј од еден измачен многудетен човек, којшто го задржал близу осум часа. Кога тој си тргнал расположен и го прашале: „Што ти кажа Старецот?“ – тој одговорил: „Ништо! Само ме слушаше. Осум часа му зборував и од време на време од очите му течеа солзи“. И тоа е љубов. Љубовта не е само да правиш проповед, како што јас правам сега. Може и тоа да не е љубов, туку едноставно да ми ја кажеш твојата болка, да сочувствувам со тебе. Да влезам во твојата кожа, како што велиме, да ја почувствувам твојата мака. Колку пати им велам на младите кои земаат наркотици во Атина, ги носат кај мене и нема што да им кажам. Единственото што можам да го направам е барем малку да ги разберам зошто стигнале дотаму. Еден таков млад човек ми рече: „Пак ќе ми се скараш, знам!“ Јас му предложив: „Не, кажи ми што се случи? Зошто го направи тоа?“ „Затоа што девојчето што го сакам се пресели во Солун и одеднаш требаше да се стави крај на нашата љубов. Како да се вратам во Каламата? Што ќе правам таму? Отидов дома, ме фатија нервите, немаше како да се соземам, сакав да избегам од овој свет и прибегнав кон наркотиците во тој час, за да се растеретам!“ И што сфатив? Сфатив дека преку тоа, тој Го барал Бога. Кога некој ти вели: „сакав да избегам од овој свет“ – тоа што е? Тој сака да отиде на друго место. Штом младиот човек не знае да се моли, штом нема пријатели да го поткрепат, ќе заврши на друго место. Во наркотици? Во алкохол? Во ноќен живот? „Сакам“ значи те разбирам, влегувам во твојот проблем и го чувствувам во мојата кожа. Има една убава поговорка, која гласи дека треба да влезеш и да чекориш со чевлите на другиот за да го разбереш. Обуј ги неговите чевли, за да видиш каде му е тесно, каде му е широко, за да го почувствуваш. Ги сакате ли другите? Ја сакаш ли жена си? Докажи го тоа! Некој ми рече: „Ѝ давам пари! Секоја недела земам и ѝ давам!“ И тоа е добро. Љубов е, не е омраза. Но тоа, доволно ли е? „Е, што да правам јас?“ Да ја почувствуваш жена си, да влезеш во нејзиното срце и да ја разбереш со љубов, да ги разбереш нештата од кои нејзиното срце се опушта, отклучува и омекнува. Тоа значи те сакам: те чувствувам, те разбирам, те прифаќам и сакам да ти помогнам. Да извлечам нешто добро од својата душа. Се сакате ли така како што се сакавте кога се запознавте? Или малку се уморивте? Тешко нешто е да сакаш постојано. Сакаш отпрво, а после тоа сакаш ли? „Ми здодеа, толку години сум со него! Изгледа како сонцето – спијам, се будам и сѐ него го гледам“. Тој што го гледаш, сепак, не е истиот. И сонцето е тоа што го знаеме од мали секој ден, но не нѐ изморило. Зашто сонцето е различно кога врне дожд, кога изгрева и после бурата; на еден начин е наутро, а поинаку при зајдисонце. Секој човек, ако го сакаш, може да ти покаже многу свои страни. Жена ти се однесува поинаку на работа, на друг начин кога го роди детето, кога е болна, не е истата во текот на годините. Затоа не можеш да кажеш: „Таа ме умори!“, зашто за да те умори евентуално, треба да ја познаваш. А за да ја познаваш, треба да минат не 10, 30, 50 години, туку цела вечност. Ние никогаш не сме истите луѓе и секогаш има место да ја зголемиме љубовта во нашиот живот. „Сакам“ значи да го оставам мојот човек да ги направи своите избори во животот. А најмногу детето. Го сакам детето – значи дека му давам сила и храброст да си ги отвори крилјата и да полета во животот. Не детето да го прави тоа што јас сакам, туку тоа што го сака неговото срце. Тоа боли. Тешко е. Еден татко кажа: „Изградив куќа за детето до мојата куќа! Имам соништа за него! И сега одеднаш сака да се ожени за некаква и сакаат да одат во друга област, во друг град, во друга земја. Како ќе го издржам тоа?“ Но тоа ќе значи љубов, т.е. да се случи не тоа што го сакаш ти. Христос ја воскреснува ќерката на Јаир Што направил Христос кога ја излекувал и ја воскреснал ќерката на Јаир? Таа била дванаесетгодишна. Тој ја воскреснал и рекол: „Дајте ѝ да јаде и да пие!“ Зошто го рекол тоа? Го читав во една книга и многу ми се допадна. Затоа што нејзините родители биле готови да ја задушат од бакнежи и прегратки. „Дете мое, ние те сакаме, за тебе сѐ ќе направиме, те имаме како бог“. Господ им рекол: „Дајте му на детето да јаде и пие, т.е. неопходните нешта, оставете го да зачекори на сопствените нозе и така да влезе во животот. Зашто тогаш луѓето се мажеле и женеле многу мали. Не му го давај на детето тоа што треба да го земе од друго место. Не го врзувај детето до тебе и така да живее за тебе, да живее само до тоа што ти му го кажуваш, без да си ги разотвори сопствените крилја. Младите се женат, а мајката уште го смета својот син за мало детенце и кога го гледа му вели: „Облечи го ова, студено е!“ Му дава совети за неговото семејство, како да нема жена до себеси и вели дека го прави тоа од љубов, но тоа не е љубов, туку нешто друго. Христос сака од нас доблесна, силна љубов, каде другиот ќе те цени уште повеќе. Кога од љубов ќе го оставиш детето да си оди, тоа пак ќе се врати кај тебе со благодарност. Кога го притискаш наводно од љубов, во даден момент ќе скокне толку силно, ќе отфрли сѐ. Тоа ми го кажа една мајка на Кипар, која насила го носела детето в црква, кога било мало. – Го сакав, вели, колку добро дете, сѐ што сакав исполнуваше! Слушај само! – Што мислите? – Во црква го водев – идеше. На причест идеше, на исповед. Кога порасна еден ден ми рече: „Сега, кога станав полнолетен и ја сфатив мојата сила, чао!“ Ама, го сакав! Но не го сакаше како што треба, на правилен начин. Прашањето е да му ги дадеш на детето алатките со кои ќе може да живее само и после тебе. Да излезе во недела наутро и само да отиде в црква. Затоа што ќе го почувствува тоа како внатрешно искуство и лична потреба. Ќе појдам в црква не затоа што мајка ми ми рече, туку затоа што го сакам, го чувствувам тоа, го научив од моите родители и го почувствував во моето тело и душа. Ние се стремиме да ги направиме другите такви, какви што ние сакаме, но со тоа ги губиме. Зошто блудниот син се вратил при татко си? Затоа што татко му не го притискал, туку го сакал без притисок. Големо нешто е да сакаш некого без да го притискаш.

    Бигорски Манастир
     
    На Orthophill му/ѝ се допаѓа ова.
  3. LegallyBlonde13

    LegallyBlonde13 Истакнат член

    Се зачлени на:
    25 февруари 2017
    Пораки:
    430
    Допаѓања:
    1.947
    На соновите не треба да им веруваме

    А
    рхимандрит Рафаил Карелин

    Понекогаш човекот паѓа во „грешка“, во прелест под влијание на соништата – демонот го мами, прави од него некаков „пророк“. Не можеме да го негираме феноменот на соништата како таков. Во состојба на сон, човековата душа е почувствителна за импулсите од нематеријалниот свет. Меѓутоа, неволјата е во тоа што ние, поради отапеноста на нашата религиозна интуиција, сѐ помалку и помалку сме способни да разликуваме од какви сфери ни доаѓаат овие импулси, од кого потекнуваат соништата: од мрачната демонска, или светлата ангелска сила. Затоа, за да не паднеме во заблуда, најбезбедно е воопшто да не веруваме во соништа. Кон нив не можеме да се однесуваме со доверба, освен во неколку ретки случаи кога тие нѐ повикуваат на покајание. Соништата личат на полици на кои едни покрај други можат да стојат и лекови и отров, а на кои не можат да им се прочитаат натписите. Затоа најдобро е да не ги фаќаме непознатите шишенца, за, мислејќи дека го земаме средството за лекување, да не погрешиме и да го земеме отровот. Еден светител ја раскажал следната приказна: „Мажот заминал од дома и ѝ рекол на жената: ‘До моето доаѓање немој никому да му ја отвораш вратата’. Меѓутоа, кога малку се оддалечил, решил да провери дали жената ќе ја исполни неговата молба. Откако се вратил, почнал да тропа на вратата и да ја повикува сопругата. Меѓутоа, таа му одговорила: ‘Мажот ми ми забрани да му отворам на било кој’. Сопругот ѝ рекол: ’Но јас сум твојот маж, зарем не ме препознаваш по гласот?’ ‘Можеби ти си мојот маж, но можно е и некој друг да го имитира неговиот глас, и затоа е подобро да го исполнам она што тој ми го рече’. Мажот цела ноќ стоел пред прагот, а утредента, кога влегол во куќата, ја пофалил жената бидејќи правилно постапила. Значи, дури и ако сонот е од Бога, а ние го отфрлиме од страв да не отстапиме од својот Создател, таквото отфрлање нема да биде навреда за Господ“. Преподобниот Јован Лествичник вели: „Оној кој верува во соништа, личи на човек кој трча по сопствената сенка“. Некој подвижник, кој многу долго живеел во пустина, ѓаволот не можел со ништо да го победи. И решил да го измами преку соништа, прикажувајќи му со нив дека треба да му дојдат некои луѓе. И навистина, по некое време овие луѓе доаѓале: сатаната знаел дека луѓето, кои живееле далеку, се подготвуваат да дојдат кај пустиникот. Потоа почнал да му покажува – исто така во соништата – каде се наоѓаат различни изгубени или скриени работи, и тој навистина и наоѓал таму. Така демонските соништа еден по друг се повторувале и на крајот монахот-пустиножител целосно поверувал во своите сили. Тогаш паднатиот ангел почнал да му покажува два народи – еврејски и христијански. Евреите, заедно со праотците, во слава, а Христијаните во пекол. Овие соништа продолжувале и монахот помислил: значи, вистинска религија е религијата на Евреите, а Христијанството е погубно. Прелестен, тој го отфрлил монаштвото, отишол во светот, го примил јудеизмот, се оженил и умрел од тешка болест, не покајувајќи се. Атонските отци го имаат следново правило – да не ги отфрлаат и да не ги прифаќаат соништата; да не зборуваат дека тој сон или видение е од Бога и да не тврдат дека е од ѓаволот, туку да речат: „Не знам“ и да одат понатаму. Во некои случаи, кога сонот ни оставил посебен впечаток, можеме да му го раскажеме на духовникот, но под услов тој да е познат по своето духовно искуство.
     
    На Orthophill му/ѝ се допаѓа ова.
  4. LegallyBlonde13

    LegallyBlonde13 Истакнат член

    Се зачлени на:
    25 февруари 2017
    Пораки:
    430
    Допаѓања:
    1.947
    Што е тоа магија и колку видови магии постојат? (I дел)
    Преп. Пајсиј Светогорец

    Под зборот маѓепсништво поимаме повикување на демонските сили, наместо Бога, на помош на човекот, со цел за исполнување на поединечни човечки желби. Магии биле практикувани и кај еврејскиот народ во време на Старозаветниот закон, и кај христијаните во законот на благодатта, за жал до нашиве времиња. Во Стариот завет цар Саул ја бара помошта од ѓаволот обраќајќи се на една маѓепсничка, поради што бил строго казнет од Бога. Маѓепсник бил и Валаам. Според учењето на свети Никодим Светогорец маѓепсништвото се дели на повеќе видови, и тоа: Магија, под која се подразбира повикување на ѓаволи, за да им откријат на луѓето скриени богатства, изгубени предмети и слично.Гатањето е вториот вид на маѓепсништво со кое некои луѓе ја претскажуваат иднината преку цртите на дланката, што се нарекува хиромантија, и со помош на други предмети (зрна, карти, кафе итн.).Баење, спиритизам, односно повикувањето на помош на ѓаволи во темни соби или на гробови, за да ги казнат оние што се во живот. Бајачите тврдат дека ги повикуваат душите на умрените од пеколот, исто како и гатачите од времето на пророк Самуил, за да го дознаат идното или за да се одмаздат на некого.Во нашево време се практикува меѓу некои верници следново: баење, гаснење на јагленчиња, изговарање на посебни зборови заедно со молитви за болни кои тврдат дека се „маѓепсани“ итн.
    Гатање или маѓепсување со посредство на свети предмети, како на пример гатање преку Псалтир, кое денес се нарекува отворање на правилата.
    Гатање со црковни предмети, како што се остатоци од свештенички одежди, црковен клуч, пепел од кадилницата, пишување на имињата на клепалото на камбаната, на ѕидовите во црквата или нивно внесување во кандилата итн.Магии, односно гатање на младите за да стапат во брак едни со други, или за да се разделат, преку повикување на помош на ѓаволот.
    Гатање според внатрешноста на животните, кое се нарекува „иконоскопија“. Во овој вид на гатање припаѓаат и соништата, зодијакот, лошите и добри часови, гатање според екстремитетите на телото, кое се нарекува и претскажување (зуење на ушите, треперење на окото, чешање на дланките).
    Амајлии и талисмани, под кои се разбира носење на рацете или на градите некакви сатански знаци, врвци, клучеви, предмети или обоени парчиња платно, поради чување од болест, од опасност и од штета, бидејќи најнапред над нив се повикува силата на ѓаволот.
    Демоноповикувачи се оние кои го повикуваат името на ѓаволот. Тука се вбројуваат оние што палат оган пред куќите и го прескокнуваат пламенот, оние што се гатачи уште од детство, како и оние што гатаат според внатрешноста на животните, или ја земаат плодноста на говедата, кое е маѓепсништво што се практикува во нашиве дни.Астрологијата е маѓепсништво кое се практикува уште од најстари времиња, па сè до денес. Под астрологија се поима претскажување на претстојните настани преку движењето на ѕвездите, планетите, ветровите, облаците и другите природни појави. Астролозите тврдат дека секој човек има сопствена „ѕвездена карта“. Ете неколку од најобичните видови на маѓепсништва, некои се потполно заборавени, други се практикуваат и во нашиве дни, кои ги спречуваме и од кои треба да бегаме, бидејќи тоа се ѓаволски прелажувања, кои прелестуваат мнозина христијани за нивна погибел. Дали може маѓепсништво да му помогне повеќе на човекот, отколку што ни помага силата и благодатта Божја? Нека се знае дека ѓаволите немаат никаква сила некого да излекуваат, да откријат некоја штета или некои злосторници. Тие никогаш не можат да прават вистински чудеса, туку само со лажни призраци ги прелажуваат неверниците и слабите во верата. Оваа вистина ни ја покажува божествениот отец Јован Златоуст, велејќи: „Зар не гледаш дека ѓаволите не можеа да ги излекуваат од лепрата и крастите, кои Мојсеј ги фрли на Египет, дури ниту гатачите и бајачите кои ним им служеа, па зар тебе ќе те излекуваат (2 Мој. 9,11)? И ако ѓаволите не се смилуваат на твојата душа, како ќе се нажалат поради болката на твоето тело? Ако ѓаволите се трудат да те избркаат од Царството Божјо, како ли ќе те спасат од болеста? Тоа се потсмевања и приказни. Да не се прелажуваш, христијанину, бидејќи волкот никогаш не може да стане овца, ниту ѓаволот некогаш ќе стане лекар. Бидејќи полесно ќе може огнот да направи да падне мраз и снег за времето да се стопли, отколку ѓаволот вистински да лекува“ . Значи, кога ќе се разболиме или имаме неприлики, или нам ни се прави неправда, или имаме штета, или синови за женидба, и други тешкотии во семејството, повеќе да не прибегнуваме на помош од ѓаволот и неговите слуги, кои се гатачи и маѓепсници, туку да брзаме во црквата и да одиме при свештениците, на молитва и на пост, и веднаш нашиот Благ Отец ќе ни помогне, Кој нè создаде, бидејќи има милост кон нас.
     
    На Orthophill му/ѝ се допаѓа ова.
  5. LegallyBlonde13

    LegallyBlonde13 Истакнат член

    Се зачлени на:
    25 февруари 2017
    Пораки:
    430
    Допаѓања:
    1.947
    Гревот на гатање со светите книги, кое денес е вообичаено кај верниците (II дел)
    Преп. Пајсиј Светогорец

    Гатањето со свети предмети и книги е четвртиот вид на гатање. Овие гатачи своите гатања ги мешаат со молитвите, со псалмите и со други свети зборови, упатени на Богомајката и светителите, за да можат полесно да ги измамат послабите во верата. Еве што вели свети Јован Златоуст: „Ти велиш дека онаа старица е христијанка, и дека оној човек е христијански гатач, и дека кога баат или отвораат книга, не изговараат ниту пишуваат некое друго име, освен името Христово, на Богородица и светителите. Односно, тогаш какво зло прават? Тука ти одговарам дека затоа особено прилега да ја мразиш онаа зла жена и тој зол бајач и гатач, бидејќи го користат името Божјо за исмевање и бесчестие. Иако се христијани, тие делуваат како пагани. Бидејќи и ѓаволите, иако го изговараат името Божјо, сепак се ѓаволи. Некои, пак, сакајќи да се правдаат, велат дека христијанката која бае не изговара ништо друго освен името Божјо. Јас поради тоа уште повеќе ја мразам и се одвраќам од неа, бидејќи името Божјо го употребува за срамота. Воздигнувајќи се, таа себеси се покажува дека дејствува пагански“ . Оние што гатаат со отворање на „Псалтирот“ или со други свети книги, се отстрануваат од причестување 7 години, бидејќи „Псалтирот“ е света книга со многу пророштва во себе, вдахновена од Светиот Дух, и таа служи за молитва, а не за гатање и собирање пари за осуда. Истиот грев го прават и некои свештеници кои „отвораат книга“, како што вели народот, и паѓаат под тешка осуда, како тие, така и оние кои бараат да им се отвора светото Евангелие. Маѓепсниците користат и разни „свети нешта“. -Старче, што се бајачите? -Маѓепсници се. – Ги користат Давидовите Псалми, имињата на светителите и друго, а мешаат и повикување на демони. Додека ние, читајќи го Псалтирот ја повикуваме помошта Божја и ја при- маме Божјата благодат, тие со начинот на којшто го ползуваат, хулат на. Бога, ја одрекуваат Божјата благодат, та затоа демоните потоа им го прават атерот (т.е. им помагаат). Ми кажуваа за едно дете коешто отишло кај еден бајач, за да успее во нешто. Тој му читал нешто од Псалтирот, и детето успеало во тоа што го посакувало. Но, по малку време почнал да се гаси, да се топи бедникот. Што направил бајачот? Имал земено нешто суви плодови во рацете, и почнал да му го чита 50-от псалм. Кога стигнал до стихот „жртва на Бога“ ги фрлил сувите плодови, правејќи им жртва на демоните, за да му го направат потоа атерот. На тој начин хулел на Бога со Псалтирот. Старче, некои, коишто се занимаваат со баење, гатање и магии, користат крст, икони… Да, знам, од тука ќе разберете каква измама се крие зад тоа што го прават. Така ги лажат кутрите луѓе. Луѓето гледаат дека бајачите користат свеќи, икони и друго, и им веруваат. Да, ми кажа некој, дека во еден град една Турчинка имала ставено една икона на Пресвета Богородица врз еден камен и кажувала: „Каменот што му помага на светот!“ Не велела: „Пресвета Богородица“ но „каменот“. Христијаните се збунуваат бидејќи ја гледаат иконата на Богородица, и некои коишто имаат некаков проблем со здравјето трчаат таму, со мисла дека ќе најдат помош, и потоа – ѓаволот ги меле. Зашто кога Турчинката вели дека каменот им помага на луѓето, а не Богородица, од тука натаму влегува ѓаволот во средината, затоа што тоа е унижување на Богородица. Се тргнува благодатта Божја и почнува демонизам. И, трчаат христијаните да им помогне каменот – каменот и демонот! – и, на крај се осакатуваат, зашто од ѓаволот каква помош можеш да имаш. Ако имаа малку памет ќе си помислеа – „Турчинка, муслиманка, каква врска има таа со иконата на Богородица“. Дури и да велеше дека Богородица помага, штом е муслиманка, каква врска има таа со Богородица? А, колку повеќе сега штом вели дека каменот им помага. Му кажав на еден да го извести Митрополитот и да преземат мерки, за народот да се заштити. Старче, луѓето бараат заштитници Подобро да давате крстиња, кога ви бараат заштитници. Немојте да правите заштитници, зашто и маѓепсниците прават амајлии . Ставаат од надвор некоја икона или крст, а внатре имаат различни магиски предмети! Ја гледаат луѓето иконата или крстот и се збунуваат. Еве, пред некој ден ми донесоа една амајлија од еден Турчин со име Ибраим, којашто на неа имаше извезен еден крст. Имам разбрано и за еден безбожник којшто витка разни икончиња и внатре става влакна, дрвца, шајки, монистра. Кога, пак, Црквата го изобличи, рече: „Јас сум медиум“ , затоа што медиумите се дозволени, и така прави што си сака. Му реков на еден којшто имаше претрпено штета од него: „Да одиш да се исповедаш, зашто примаш демонски влијанија.“ Отиде, се исповеда. Дојде потоа, и ми рече: „Не чувствувам никаква разлика“. „Бре“, го прашувам, „можеби имаш нешто на себе од тој опрелестениот?“ „Да“, вели, „имам едно мало кутивче, како мало Евангелие“. Го земам, го отворам и наоѓам внатре разни завиткани икончиња, некои влакна, некои дрвца. Ги зедов, и се ослободи човекот. Гледаш каков измамник е ѓаволот! Кутрите луѓе носат некои такви амајлии навидум за помош, а се измачуваат. Тие треба да ги изгорат и да го закопаат пепелот, или, да ги фрлат во море и да одат да се исповедаат. Само така ќе се ослободат. Беше дојден во Колибата еден младич којшто имаше многу проблеми и се измачуваше, телесно и душевно, повеќе од четири години. Живееше грешен живот и во последно време се беше затворил дома; не сакаше да гледа никого. Двајца негови пријатели коишто редовно доаѓаа на Света Гора со многу маки го убедија да го земат со нив на Света Гора, со цел да го донесат во Колибата. На патот од Урануполи до Дафни, секогаш кога бродот поминуваше покрај некој од манастирите, младичот се виткаше по подот. Неговите пријатели заедно со отците кои што беа на бродот се обидуваа да го повратат кажувајќи ја молитвата. Со многу тешкотии стигнаа до Колибата. Кутриот ми го отвори срцето, ми зборуваше за својот живот. Видов дека се мачи од некое демонско влијание. Му кажав да оди да се исповеда кај еден духовник на Света Гора, и да го направи она што тој ќе му каже, за да му биде добро. Навистина отиде, и се исповеда. Кога влегоа во бродот за да се вратат, им кажа на пријателите дека духовникот му рекол да ја фрли во морето амајлијата којашто му ја дал некој познат и којашто ја носел на себе, но никако не можеше да го направи тоа. Колку и пријателите да го молеа да стане и да ја фрли, тој остануваше здрвен како статуа. Не можеше да стане од седиштето. Тогаш го фатија, и со многу напор го изнесоа надвор на палубата. Со нивна помош младичот успеа да ја извади амајлијата и да ја остави да падне во морето, зашто немаше сила да ја фрли. Веднаш почувствува дека му се ослободуваат рацете и измаченото тело стекна сила. Полн со живот почна од радост да скока по ходникот и да ја испробува силата на своите раце на железата и на ѕидовите на бродот. Оние што се занимаваат со магии кажуваат и многу лаги Бидејќи многупати ви зборував за Рајот, за ангелите и за светиите, за од тоа да имате некоја полза, сега ќе ви кажам малку и за пеколот и за демоните, за да познаете со кого се бориме, за повторно да најдете помош. Дојде во Колибата еден млад маѓепсник (= вражалец) од Тибет и ми раскажа многу работи од неговиот живот. Тоа дете, само што се одбило од доење, на возраст од три години, татко му го посветил на една група од триесет маѓепсници од повисок степен во Тибет, за да го воведат во нивната техника. Стасал до единаесеттиот степен на магија, а дванаесеттиот е највисокиот. На шеснаесетгодишна возраст заминал од Тибет и отишол во Шведска за да се види со татко му. Таму, случајно сретнал еден, многу верен, православен свештеник и побарал да разговараат. Младиот маѓепсник воопшто не знаел што значи православен свештеник. Во салата каде што седнале да разговараат, почнал да му прави и некои од неговите магии, за да му ја покаже својата сила. Поканил еден од главните демони Мина (Месец) и му рекол: „Сакам вода“. Се кренала една чаша од кујната, самата отишла до чешмата, чешмата се отворила и ја наполнила, поминала преку затворената стаклена врата и дошла во салата. Ја зел маѓепсникот и ја испил. Потоа му ги прикажал на свештеникот во салата целата вселена, небото, ѕвездите. Употребил магии од четвртиот степен и ќе напредувал до единаесеттиот степен. Тогаш го прашал свештеникот како гледа на сето ова. „Бев готов“, ми рече, „да го убијам свештеникот ако ми го исмејуваше сатаната“. Но, свештеникот не му рекол ништо. Тогаш, младичот го прашал: „Зошто и ти не ми правиш знаци?“ „Мојот Бог е смирен“, му одговорил свештеникот и извадил еден крст давајќи му го да го задржи. „Повторно направи ми знаци“, му рекол свештеникот. Младичот го повикал главниот демон Месец, но Месец се тресел не осмелувајќи се да се приближи. Го повикал сатаната и тој исто го гледа крстот и не се приближува. Единственото нешто што сатаната му го рекол на младичот било да стане и да си оди на Тибет. Тогаш младичот му се исмеал на сатаната: „Сега разбрав“, му рекол, „дека твојата голема сила е една голема немоќ“. Во продолжение тој се катихизирал од добриот свештеник којшто му кажал за светите места и за Света Гора… Од Шведска отишол за Ерусалим каде што го видел и светиот оган. Од таму отишол во Америка за да ги исмее сатанистите коишто ги познавал, за да си го сменат умот; Господ го направи најдобар мисионер; и, од таму дојде на Света Гора. Добриот Бог, шокантно му помогна, затоа што од мал беше онеправдуван; но, молете се, бидејќи го напаѓаат маѓепсниците со сите демони. Кога мене ме напаѓаат штом доаѓа да му помогнам, колку повеќе него. Свештениците му читаат егзорцизми, рацете му пукаат и му тече крв. Кутрото дете, демоните многу го мачат; а, порано кога беше во пријателство со нив, не само што не го вознемируваа, но му помагаа и го услужуваа. Да се молите. Но, и самиот треба многу да внимава, зашто Евангелието вели, (Мт. 12. 45), дека нечистиот дух кога ќе излезе од човекот „оди и доведува други седум духови, полоши од себе, и штом ќе влезат, таму ќе живеат, та последната состојба на тој човек станува полоша од првата.“
     
    На GirlLove и Orthophill им се допаѓа ова.
  6. LegallyBlonde13

    LegallyBlonde13 Истакнат член

    Се зачлени на:
    25 февруари 2017
    Пораки:
    430
    Допаѓања:
    1.947
    Дали маѓепсниците имаат виденија? (III дел)
    Преп. Пајсиј Светогорец

    Старче, имаат ли маѓепсниците некое известување (видение, внатрешна сигурност на срцето)? Имаат известување од ѓаволот, а кажуваат и многу лаги. И вие да внимавате во гостоприемницата. Треба да ја проверувате состојбата. Да гледате какви се луѓето што доаѓаат, зашто може да дојде и некој што се занимава со магии. Не треба да ви е чудно? На едно бдение дојдоа две лица коишто се занимаваа со магии. Им се доближуваа на луѓето и им кажуваа разни работи. На една жена ѝ рекле: „Ти имаат направено магии; ќе дојдеме кај тебе дома да ти ги одврземе со еден крст што го имаме“. Доаѓаат на бдение, зборуваат наводно духовни работи, а другите велат: „Бидејќи доаѓаат на бдение значи се верници“, и им го отвораат срцето. Колку ли само ги збунуваат луѓето со лагите што ги кажуваат! За да излаже некој една девојка ѝ рекол: „Отец Пајсиј имал видение дека ќе се омажиш за мене; земи го ова да го носиш, без да испитуваш што е“, и ѝ дал нешто што било магиско. Но, таа за среќа не го ставила. „Добро, отец Пајсиј со такви работи ли се занимава!“ – рекла, и веднаш седнала да ми пишува едно писмо, четири страни со збиени редови, полно со навреди. Какво хулење! „Нема гајле“, велам, „навредувај ме“. Алал да ти е хулењето, барем не се излажа да ја ставиш сатанската амајлија!“ – Ве познаваше, Старче? – Не, не ме познаваше. И јас не ги знаев, ниту неа, ниту него. Демонски, магиски дејства – Старче, што им рековте на учениците коишто дојдоа денеска и ви кажаа дека повикувале духови? Што да им кажам? Прво добро ги искарав. Тоа што го направиле е одрекување од верата. Од моментот кога го повикуваат и го примаат ѓаволот тие се одрекуваат од Бога. Затоа и им кажав прво да се покаат, искрено да се исповедаат, и во иднина да внимаваат; да одат во црква, да се причестуваат со благослов на духовникот и да се осветуваат. За нив е олеснително, оти се деца и тоа го правеле како игра. Ако беа возрасни ќе им се случеше големо зло; ѓаволот ќе стекнеше голема моќ над нив. Но, да не заборавиме дека може и децата да ги потресува. -Значи, старче, што точно направиле? -Тоа што го прават многумина… Ставаат на една маса чаша со вода и околу ги редат буквите на азбуката А, Б, В, Г… Го ставаат потоа прстот во вода и го повикуваат духот, значи ѓаволот. Чашата се врти, запира пред буквите и испишува зборови. Тие го повикале духот и кога дошол го прашале: „Постои Бог“? „Не постои“, им рекол. „Постои сатана?“ „Постои“. Значи, тешки глупости! Не постои Бог, а постои сатана! Кога повторно го прашале дали постои Бог, им рекол: „Да, постои“. Еднаш „да“, еднаш „не“, и се замислиле децата. Така устроил Господ, за да им помогне. Една девојка од друштвото била удрена од чашата. Допуштил Бог да биде удрена, за да се соземат и другите деца. А, денес и мнозина кога сакаат да направат некакво зло на некоја личност, прибегнуваат кај маѓепсници коишто ја користат восочната кукла на вуду. Маѓепсниците ова го имаат како играчка, како хоби. -Старче, што прават? -Прават кукла од восок, и кога некој бара да му наштети на својот непријател, на пример на очите, тие забодуваат една игла во очите на куклата и го кажуваат името на оној на којшто сакаат да му наштетат, правејќи различни магиски работи. И, навистина тој човек ако живее грешен живот, и не се исповеда, бива нападнат од демонската енергија во очите. Му се чини дека ќе му излезат очите од болка! Прави испитувања, но лекарите не наоѓаат ништо. -Еве, какво зло прават и медиумите! Не е доволно што им ги земаат парите на луѓето, но растураат и фамилии. Оди, на пример, некој кај медиумот и го кажува проблемот што го има. „Гледај“, му вели тој, „една роднина којашто е малку црномуреста, малку висока итн., ти има направено магии“. И, бара тој да види која од неговиот сој ги има тие карактеристики. Ќе најде некоја којашто ќе личи макар и малку. „А, таа е што ми направи магии“ – си вели, та го фаќа една омраза кон неа. А, таа бедната, не знае ништо – може дури и да му била добротвор, – тој, пак, е огорчен против неа, што не сака ниту да ја види! Оди повторно кај медиумот, и тој му вели: „Сега треба да ги одврземе магиите. А, за да ги одврземе дај нешто пари“. „Е, бидејќи откри што е, треба да го наградам“! И, давај му пари… Гледаш ѓаволот што прави? Прави скандали. Додека еден добар човек, дури и да знае нешто конкретно за некого, никогаш нема да каже – „Тој ти има наштетено“, но ќе се обиде да му помогне. „Види“, ќе му каже, „не си примај помисли. Оди да се исповедаш и не плаши се“. И, така, му помага и на едниот, и на другиот. Оти и тој што му наштетил на другиот штом гледа дека овој се однесува со добросрдечност, се замислува (во добрата смисла на зборот), та се покајува.
     
    На Orthophill му/ѝ се допаѓа ова.
  7. LegallyBlonde13

    LegallyBlonde13 Истакнат член

    Се зачлени на:
    25 февруари 2017
    Пораки:
    430
    Допаѓања:
    1.947
    Може ли маѓепсниците да прават добрини? (IV дел)
    Пајсиј Светогорец

    Ѓаволот никогаш не може да направи добро Старче, може ли еден маѓепсник да излечи некој болен? Маѓепсник да излечи болен човек!? Некој којшто е потресуван од демонот, може да го направи да се чувствува добро, со тоа што демонот ќе го испрати кај друг. Затоа што маѓепсникот и ѓаволот се колеги, та му вели на ѓаволот: „Излези од овој, и оди кај оној“. Го вади демонот од него, и го праќа кај некој роднина или познат којшто му има дадено право на ѓаволот. Потем, тој што имал демон вели: „Јас страдав, но тој ми направи да бидам добро“ и, така маѓепсникот станува популарен. Потоа демонот се шета кај роднини или пријатели. Ако некој, да претпоставиме, е згрбавен од демонско влијание, маѓепсникот може да го изгони демонот од него и да го прати на друго место, та грбавиот да стане исправен. Но, ако има грпка од инвалидитет, маѓепсникот не може да го направи да биде добар. Ми кажаа за една жена дека лечи болни, користејќи различни свети нешта. Кога слушнав што прави останав вчудоневиден од техниката на ѓаволот. Држи еден крст и пее различни тропари. Пее на пример: „Богородице Дево“, и штом ќе стаса до „благословен е Плодот на твојата утроба“ плука близу до крстот, значи – се исмејува на Христа, та затоа, потоа, ѝ помага ненависникот. Така, некои коишто се болни, имаат меланхолија (и сл.) од демонски влијанија и лекарите не можат да ги излечат, таа ги лечи, зашто го изгонува демонот којшто ја предизвикува тешкотијата, го праќа кај друг, тие се ослободуваат од маката, и многумина ја сметаат за светителка. Се советуваат со неа, а таа им наштетува на душите, ги упропастува. Потребно е многу внимание. Нека бега човекот далеку од маѓепсниците и маѓиите, како што бега далеку од огнот и од змиите. Да не ги мешаме работите. Ѓаволот никогаш не може да направи добро. Само болестите коишто тој ги предизвикува, само нив и може да ги „излечи“. Имав слушнато ваква случка: еден младич се имаше сплеткано со некој маѓепсник, и се занимаваше со магии. Потем претрпе штета, се разболе и заврши во болница. Потроши месеци татко му, а тогаш немаа ни здравствено осигурување, за да најдат што му е. Но, лекарите не наоѓаа ништо. Беше станат за никаде. Што направил тогаш ѓаволот! Му се јавил како светиот Јован Крстител, кого што го имале за заштитник во нивното место и му рекол: „Ќе те излечам, ако татко ти изгради една црква“. Му го кажал младичот тоа на татка си и тој бедниот рекол: „Мое дете е, сè што имам ќе дадам, само да се излечи“, и се ветил на Чесниот Крстител да му изгради црква. Ѓаволот излезе и детето оздраве. Го направи… „чудото“! Тогаш таткото рекол: „Јас се ветив да изградам црква. Треба да го исполнам зареченото“. Бидејќи немаа финансиска моќ, тој, за да изгради храм, ги продаде нивите што ги имаше, го даде целиот имот. Децата му останаа на улица. Вознегодуваа, „скраја да е православието“ – рекоа, и станаа Јеховини сведоци. Гледаш ѓаволот што прави? Изгледа таму немало Јеховини сведоци, и тој најде начин и таму да станат Јеховини сведоци. Кога се фаќаат маѓиите. Старче, секогаш ли се фаќаат маѓиите? За да се фатат маѓиите човекот треба да му даде права на ѓаволот. Значи, да му даде сериозна причина, и да се нема средено преку покајание и исповед. На еден човек што се исповеда и со лопата да му фрлаат маѓии нема да се фатат. Зашто, кога се исповеда и има чисто срце, маѓепсниците не можат да соработуваат со ѓаволот и да му наштетат. Еднаш дојде еден средновечен во Колибата со самобендисан залет. Само што го видов, од далеку, разбрав дека има демонско влијание. „Дојдов да ми помогнете“, ми вели. „Моли се за мене, зашто веќе една година имам страшни главоболки и лекарите не наоѓаат ништо“. „Имаш демон“, му велам „зашто си му дал право на ѓаволот“. „Немам направено ништо“ ми вели. „Не си направил ништо?“ го прашувам. „Не излажа една девојка? Е, таа отишла и ти направила магии. Оди сега да побараш извинување од девојката, потоа да се исповедаш, да ти прочитаат егзорцизми, за да си го вратиш здравјето, Ако ти не си ја разбереш грешката, и не се покаеш, сите духовници на светот да се соберат и да се помолат, демонот нема да излезе“. Кога доаѓаат такви луѓе, со таков залет, им зборувам отворено, зашто нив треба да ги растресеш за да се повратат. Еден, пак, друг, ми кажа дека жена му има демон. Постојано правела неред во куќата. Станувала навечер, ги будела, се вртела наопаку. „Ти се исповедаш?“ го прашувам. „Не“ ми одговара. „Треба да му имате дадено права на ѓаволот. Тоа се нема случено без некаков повод“. Најпосле најдовме дека одел кај некој оџа, и овој му дал нешто да попрска дома за к’смет, за да му оди добро работата, а на тоа не ни обрнуваше внимание. Потоа, „вршеше“ ѓаволот во неговата куќа.
     
    На Orthophill му/ѝ се допаѓа ова.
  8. LegallyBlonde13

    LegallyBlonde13 Истакнат член

    Се зачлени на:
    25 февруари 2017
    Пораки:
    430
    Допаѓања:
    1.947
    Како се одврзуваат магиите – (V дел)

    Ако се фатат, старче, магиите, како се одврзуваат? – Со покајание и исповед. Затоа, прво треба да се најде причината поради којашто магијата се фатила, та да ја разбере човекот својата грешка, да се покае и да се исповеда. Колкумина од оние што се измачуваат, на кои им имаат направено магии, доаѓаат кај мене во ќелијата и ми велат: „Моли се, за да се избавам од ова мака!“ Ми бараат помош, без да се потрудат да најдат од каде има тргнато злото, за да го исправат. Да најдат, значи, да откријат каде погрешиле, та се фатила магијата, па да се покајат, да се исповедаат, за да запрат нивните измачувања. – Старче, можат ли другите да им помогнат на оние луѓе на кои им имаат направено магија, од која дошле во таква состојба што не можат веќе да си помогнат на себеси, да се исповедаат и слично? – Можат да го поканат свештеникот дома да направи едно елеосветување или водосвет. Да му дадат да пие осветена вода за да отстапи малку злото и барем малку да влезе Христос во него. Така направи една мајка за своето дете и му помогна. Ми кажа дека син ѝ се измачува многу, зашто му имале направено магии. „Да оди да се исповеда“ и реков. „Како да оди, оче, да се исповеда, во состојбата во којашто се наоѓа?“ ми вели. „Тогаш кажи му на духовникот“, и велам, „да ти дојде дома, да освети вода, и да му дадеш на син ти да се напие од водата. Ама ќе сака ли да се напие?“, „Ќе сака“, ми вели. „Е, тогаш почни со осветена вода“, и велам „и потоа обиди се да зборува детето со свештеникот. Ако се исповеда, ќе го отфрли ѓаволот далеку“! И, навистина, ме послуша и му помогна на детето. За кратко време се исповеда и се исцели. Една, пак, друга бедна жена, што направи?! Сопругот ѝ се беше сплеткал со маѓепсници и не сакаше ниту крст да носи. За да му помогне малку, му соши во јаката од палтото едно крсте. Еднаш, кога требаше да помине преку еден мост на другата страна од една река, само што стапна на мостот слушна глас како му вели: „Тасо, Тасо, соблечи го палтото, да го поминеме заедно мостот“. За среќа беше ладно и тој рече: „Како да го соблечам, ладно ми е“; „Соблечи го, соблечи го, да поминеме“, го слушна истиот глас како му зборува. Види го ти ѓаволот! Сакаше да го фрли во реката, но не можеше, зашто го имаше на себе крстето. На крај, го фрли таму некаде во некој ќош. Неговите го бараа цела ноќ и го најдоа, бедниот, паднат на мостот. Ако не беше ладно, ќе го извадеше палтото и ќе го фрлеше ѓаволот во реката. Го спаси крстето што го имаше сошиено. Неговата жена имаше силна вера. Кога би немала вера, би го направила ли тоа? Соработка на маѓепсниците со демоните – Старче, може ли еден свет човек да разоткрие или да вразуми еден маѓепсник? – Како да го вразуми? Овде некому му кажуваш да внимава, оти има барем малку страв Божји, зашто така како што живее не оди добро, а тој пак си тера по свое; колку ли повеќе маѓепсникот којшто соработува со ѓаволот? Што да му правиш нему? Ќе му кажеш некои работи, но тој пак ќе си биде со ѓаволот. Не бива ништо. Демонот може да се збуни само тогаш кога маѓепсникот се наоѓа пред тебе, а ти ја кажуваш Исусовата молитва – и маѓепсникот да не може да си ја врши работата. Некогаш еден човек имал еден проблем, и еден маѓепсник којшто бил голем измамник, отишол кај него дома да му помогне. Човекот си ја кажувал Исусовата молитва; кутриот бил прост, не знаел дека другиот е маѓепсник, та затоа и Бог интервенирал. И, да видите што допуштил Господ, за човекот да разбере! Почнале демоните да го тепаат маѓепсникот кој барал помош од човекот чиј проблем требало да го решава! – Старче, тој ги гледал демоните? – Тој не ги гледал демоните, гледал една сцена. Маѓепсникот викал „помош“, се превртувал, паѓал долу, ја ставал раката за да си ја заштити главата. Оти, немојте да мислите дека маѓепсниците убаво си поминуваат, дека демоните секогаш им го прават ќефот. Тоа дека се одрекле еднаш од Христа им е доволно. Во почетокот маѓепсниците прават договор со демоните, за да им помогнат, и демоните за неколку години се покоруваат на нивните наредби. Но, по малку време им велат: „Со вас ли ќе се занимаваме сега?“ Посебно тогаш кога маѓепсниците не успеваат да го направат она што го сакале демоните. Знаете ли што трпат потоа? Се сеќавам, еднаш кога надвор од ќелијата разговарав со оној млад маѓепсник од Тибет, наеднаш стана, ми ги фати рацете и ми ги сврти наназад. „Нека дојде сега да те ослободи хаџиефендијата“ , ми вели. „Ајде, бре, ѓаволу, бегај од овде“ му реков и го фрлив на земја. Не дозволувам да му се потсмева на Светителот. Потоа сакаше да ме удри со ногата, но не успеа. Ногата му застана близу до мојата уста. Ме сочува Бог. Го оставив и влегов во ќелијата. После кратко време го видов како доаѓа од долот, полн со трња. „Сатаната ме казни“, ми рече, „бидејќи не те победив. Ме влечеше по шумата“.
     
    На Orthophill му/ѝ се допаѓа ова.
  9. LegallyBlonde13

    LegallyBlonde13 Истакнат член

    Се зачлени на:
    25 февруари 2017
    Пораки:
    430
    Допаѓања:
    1.947
    Зошто христијаните западнаа во магии? – (VI дел)

    Навистина, сета причина поради којашто денес христијаните се западнати во сите зли дела на ѓаволот, а најмногу во различните магии (тука спаѓаат: бајачи, гатачи, јасновидци, астролози, курбани и сите ним слични), се крие во тоа што не ги изучуваат своите први ветувања коишто Му ги дале на Христа кога се крштевале, но ги заборавиле и ги избришале од сопственото срце. Поради тоа, на нив се однесуваат оние страшни зборови коишто ги рече Господ, имено, кога нечистиот демон ќе излезе од човекот оди по безводни места барајќи покој, и не наоѓа. Потем, се враќа во оној човек од којшто излегол, и наоѓајќи дека срцето му е „изметено“ и празно, зема со себе уште други седум демони полоши од него, влегува и пребива внатре, та последната состојба на оној човек станува полоша од првата (Мат. 12, 43-45). Овие зборови од Евангелието, свети Григориј Богослов ги толкува во своето слово за крштението и вели дека тука станува збор за крстените христијани коишто преку светото крштение и ветувањата што ги дале го изгонуваат демонот од своите срца. Ако, пак, го остават домот на своето срце празен и неисполнет, без благодатта на Христа и без запазување и помнење на ветувањата што ги дале, демонот кој го изгониле повторно влегува, но со многу поголема и посилна готовност од првиот пат, и така последната состојба им станува полоша од првата. Исто така поради тоа што во христијаните е ослабена верата и стравот Божји; затоа што денешните христијани не се молат доволно, за да ги исполнат своите молби со молитва, а не со гатање; затоа што не го читаат Светото Писмо, за да видат каква осуда ги стигнува гатачите, и затоа што не одат редовно во црква, не се исповедаат барем во текот на четирите пости и не бараат, во случај на потреба, совет и молитва од свештеникот. Некои христијани уште прибегнуваат кон гатањето, затоа што ги забораваат ветувањата кои ги дадоа на Христа при светото Крштение, кога кажале: „Се одрекувам од сатаната и од сите негови дела, и од сите негови служители“. Исто така христијаните прибегнуваат кон помош од ѓаволот, кога нивната молба не ќе се исполни во Црквата, или поради тоа што забораваат на смртта и на денот на Христовиот Суд. Затоа светите отци нè упатуваат да итаме само при Бога, само при Црквата и свештениците, а не при ѓаволите и нивните слуги. Свети Јован Златоуст нè советува, велејќи: „Ве молам, бидете чисти од оваа измама… И кога ќе го пречекоруваш прагот на својата куќа, најнапред речи го следново: ’Се одрекувам од тебе, сатано, и од твоето чествување, и од твоето служење, и се соединувам со Тебе, Христе!‘ Без вакво размислување никогаш да не излегуваш од дома. Тоа да ти биде палка, тоа да ти биде оружје, тоа да ти е одбранбена тврдина, и заедно со тие зборови осени го своето чело со крсниот знак. Бидејќи ако така се вооружуваш постојано, не само човек, туку и ѓаволот да те сретне, не ќе може да те повреди“ („Христоитија“, стр. 316-317).
     
  10. LegallyBlonde13

    LegallyBlonde13 Истакнат член

    Се зачлени на:
    25 февруари 2017
    Пораки:
    430
    Допаѓања:
    1.947
    Ѓаволот треба да се плаши од христијаните, а не христијаните од ѓаволот – (VII дел)
    Преп. Пајсиј Светогорец

    Дека демоните дури и да го лекуваат телото, го лекуваат за да ја умртват душата. Примери на болни коишто не викале бајачи и гатачи Биди убеден и верувај, брате, дека само Бог е вистинскиот Лекар на душите и телата, а маѓепсниците и демоните не лекуваат вистински, туку навидум. Да претпоставиме дека по Божјо допуштение го лекуваат телото, но знај дека го лекуваат со цел да ти ја умртват душата. Како? Со тоа што ќе те одделат од верата во Христа привлекувајќи те да им веруваш и да им служиш. Следствено, каква полза ќе добиеш, брате, дури и при услов да ти се излекува телото кое денес е живо, а утре – мртво, за времето во коешто се умртвува твојата бесмртна душа? Каква печалба ќе спечалиш, ако тука добиеш малку здравје, а таму си измачуван вечно? Таквото здравје е погубно! Таквиот живот е погубен! Десет илјади пати попретпочитана од таквиот живот и здравје е смртта, како што кажува Златоустиот Јован: „Дури и ако дејствително лекуваат, подобро е да умреш отколку да се соединиш кон Божјите непријатели и на тој начин да се излекуваш. Зашто каква полза има да се излекува телото, откако душата погинала. И, каква печалба ќе имаат оние коишто ќе бидат испратени во неизгасливиот оган, ако тука добијат некакво излекување?“ И, повторно вели: „Иако излекувал, демонот повеќе наштетил отколку што помогнал, зашто му помогнал на телото кое бездруго целосно ќе умре малку подоцна и ќе изгние, а ја повредил бесмртната душа“. Ѓаволот, браќа, е најлукав. Ќе ви даде малку здравје, само да ве лиши од рајот, ќе ви го продолжи малку животот за да ве мачи вечно. „Не гледаш ли“ вели светиот Златоуст, „дека хромиот беше 38 години на одар и полумртов, а храбро ја трпеше болеста, очекувајќи ја Божјата помош, без да побара да му баат или да му дадат амајлии. А ти, христијанину, откако си боледувал малку дни, зошто си толку нетрпелив и трчаш при бајачи и гатачи? Не гледаш ли дека Лазар преку целиот свој живот лежеше пред вратата на богатиот со толку многу рани, така што заради големата немоќ не можеше да ги изгони дури ни кучињата кои му ги лижеа раните; и, при сето тоа претпочиташе да умре во таква немоќ, отколку да побара амајлии и баења? А ти каква прошка ќе добиеш штом за мала температура трчаш при пијани и зли старици? Зар не го гледаш оној храбар Јов којшто подоцна откако ги загуби децата и имотот, толку многу рани имаше, та отсекаде му излегуваа црви и леб не можеше да јаде од смрдеата? И, при сето тоа, можеше да се избави со тоа што ќе похули и умре, како што му велеше жена му: ‘Кажи некој збор против Бога и умри’. Но, тој истрпи мажествено и ниту еден хулен збор не изрече од својата уста, а ти зошто имаш толку големо нетрпение и за една сосем мала рана го презираш Христа Бога, и верата, и светителите, та трчаш при непријателите на Бога – бајачите, гатачите, демоните, за да се излекуваш? И, каква прошка ќе добиеш за тоа“, прашува свети Јован Златоуст: „Навистина, каква прошка ќе добиеме ние, откако оние поднесоа такви нешта покажувајќи мажественост, а ние трчаме при бајачите и гатачите и ги каниме во нашите куќи“. Дека маѓесниците и бајачите дури и да Го произнесуваат името на Бога, треба да бидат прогонувани Но, ти велиш дека онаа старица е христијанка, и оној бајач е христијанин; кога баат и дават амајлии не произнесуваат и не пишуваат други имиња освен името на Бога, на Христа, на Богородица, на светителите, та следствено, какво зло вршат тие? На тоа ти одговара божествениот Златоуст и ти вели дека особено треба да ги мразиш онаа старица и оној зол бајач, бидејќи за подигрување и бесчестие го употребуваат името на Бога, и бидејќи христијани постапуваат како незнабошци; зашто и демоните, иако Го произнесуваат името на Бога, пак си се демони. „Некои, сакајќи да се заштитат велат дека жената која бае такви нешта е христијанка и не изговара ништо друго освен Името на Бога; токму затоа, навистина, особено ја мразам и се одвраќам од неа, бидејќи се послужила со името на Бога за подигрување, и велејќи дека е христијанка покажува дека е едно со незнабожците, зашто и демоните го изговараа името Божјо, и Му велеа вака на Христа: „Те знам Кој си Ти, Светец Божји, па, сепак, Он ги натера да замолкнат и ги протера“ (Марко 1,24). Дека ѓаволот треба да се плаши од христијаните, а не христијаните од ѓаволот. Во зависност од христијаните, ѓаволот станува голем или мал Разбојничкото началство коешто сега го има ѓаволот, и измамата што ја употребува, никако не може да ги спроведе без нашата лична волја и согласност и по допуштение на Бога. Зашто ѓаволот го напаѓа човекот и војува против него со злите помисли, но во волјата на човекот се покажува дали ќе ги прими или ќе ги отфрли помислите. Оттука, свети Јован Дамаскин вели: Демоните се договорени да го напаѓаат човекот, а не можат да извршат насилство врз никого, оти од нас зависи дали ќе го примиме нападот или ќе го отфрлиме. Впрочем, зошто христијани се плашите од ѓаволот кој со ништо не може да ви наштети? Поскоро ѓаволот треба да се плаши од вас, а не вие од ѓаволот, зашто сте облечени во сеоружие од Бога. Вие како меч го имате знакот на чесниот крст со којшто и од далеку ги заплашувате сите демони, како двоостар меч го носите и името на нашиот Господ Исус Христос од коешто се плашат и треперат демоните; ако сакате да ги пазите заповедите на Господа и да бидете пријатели и вистински воини на Небесниот цар, имајте ги за непотребни и ништожни магиите и коварствата на ѓаволот, а последниов удирајте го со раката како животно, како едно мало врапче, како скорпија и мравка (Лука 10,19). Само ако посакате, ѓаволот толку многу се смалува и унижува што станува како бебенце. И, ако вие сакате, тој станува толку голем што ’ржи како страшен лав и бара да ве голтне. Затоа и свети Јован Златоуст за него кажал многу правилно: „Ако ние сакаме, голем е, ако, пак, посакаме, станува мал. Ако се пазиме и ако бидеме со нашиот Цар, ѓаволот паѓа и не е подобар од мало дете во битката против нас. Ако Го напуштиме Царот, ѓаволот се дуе и ’ржи, крцка со забите оти нè уловил, оти нè лишил од големиот сојуз со Царот“.
     
    На Orthophill му/ѝ се допаѓа ова.
  11. LegallyBlonde13

    LegallyBlonde13 Истакнат член

    Се зачлени на:
    25 февруари 2017
    Пораки:
    430
    Допаѓања:
    1.947
    Кои се последиците од Гревот на маѓепсништвото? – (VIII дел)

    Зошто демоните дејствуваат преку светите икони! Престанете заради Божјата љубов да ја обновувате древната и умртвена елинска измама и да ја вметнувате во светиот живот на христијаните, зашто баењето над светите икони не е божествено дејство на благодатта на светите икони. Оддалечете се од таквите дејствија! „Зашто Бог не е Бог на безредието туку на мирот“, вели светиот Апостол Павле. Оддалечи се, тоа е демонско дејствие, бидејќи редовно се случува при баењето и гатањето над светите икони на верните да им се претскажуваат работи на нивна штета, а повеќепати гатајќи над иконите и јавно да се лаже. Тоа се случува заради повеќе причини: поради вашето неверие во Христа и светиите, па Бог допушта такви случувања; заради презирот кон светите икони, бидејќи на литиите нив треба свештениците да ги носат со стравопочит, а не да ги носат мирјани без страв од Бога и ненабожно; заради бесрамноста на ѓаволот, зашто ѓаволот е толку бесрамен и дрзок што се осмелува не само да се доближи до светите икони, туку и да се доближи и да го подигне самото богоипостасно тело на нашиот Господ, коешто беше ипостасно соединето со божеството, и да го однесе ту на покривот од храмот, ту на висока планина, затоа што бидејќи е суптилен дух, тој има толку истенчена енергија, па без мешање се соединува со божествените и свети и духовни предмети, без да можат тоа добро да го разберат луѓето ако не им биде разјаснето преку благодатта на Светиот Дух. Затоа светите архиереи треба со епитимии и одлачувања од Црквата да ги опоменуваат оние христијани што одат да им се гледа на икони и што прават такви и слични нешта. За свештениците, пак, коишто се занимаваат со магии, курбан, и други демонски нешта, 36-то правило на Лаодикискиот собор вели: „Бидејќи тоа е предавство на верата, таков свештеник треба да се исклучи од Црквата, зашто занимавајќи се со такви дела, тој од служител на Вечниот Бог, станал служител на ѓаволот“. Кои се последиците од Гревот на маѓепсништвото? Оние што прават магии, и прибегнуваат кон маѓепсници, прават голем грев против Светиот Дух, бидејќи Го оставаат Бога и бараат помош од ѓаволот. Тие се одрекуваат од Христовите служители, односно од светите свештеници, и заминуваат при служителите на сатаната, односно ја оставаат живата вода, свештеникот и благодатта на спасението во Црквата, па поради своите страсни и човечки интереси бараат помош од Христовите непријатели, односно од маѓепсниците и гатачите. Тие се одрекуваат од вистината и наместо неа ја примаат лагата, бидејќи сите зборови на маѓепсниците се лага и ѓаволско прелажување. Така големиот грев против Светиот Дух не ќе им се прости на виновниците ни на овој, ни на оној свет (Мат. 12, 32), како што вели Христос, ако не се покајат во текот на овој живот. За таков грев, врз виновниците, кои прибегнуваат кон маѓепсништва, доаѓаат различни зла и штети. Најнапред грижата на совеста, бидејќи Го оставаат Бога и бараат помош од непријателите Божји; отстранување од Светата Причест на повеќе години, од 7 до 15, та дури и 20 години; оние што веруваат и се приклонуваат кон магии, од своето срце го истеруваат дарот Божји и во својот дом и во своите срца го внесуваат духот ѓаволов; оние што прават магии и веруваат во нивната помош се одрекуваат од Христос и се соединуваат со ѓаволот; на оние што прават магии и прибегнуваат кон нив повеќе не им прилега да се нарекуваат христијани, туку отпадници; виновниците за овој тежок грев Бог ги казнува со тешки и неизлечиви болести, страдање во нивните семејства, со штети и неслога, сиромаштија и ужасна смрт. И ако не се исповедаат кај свештеник и не го оплакуваат својот грев со солзи во текот на целиот живот, не можат да се спасат. Гатачите и оние кои веруваат во помош од ѓаволот и прибегнуваат кон неа, ако тоа не го напуштат и не се покајат, „се отстрануваат сосема од Црквата“, односно се одвојуваат од Христос и доброволно се предаваат во непријателските раце, и ако умрат во овој грев и не бидат погребани од свештеник како паганите и отпадниците од верата, остануваат за вечна осуда во адските маки. Ете, тоа се ужасните последици од магиите. Каква епитимија наложуваат светите отци за гатачите и за оние што прибегнуваат кон маѓепсници? Свети Василиј Велики најстрого ги казнува гатачите. Еве што вели во 72 канон: „Оние што се предаваат на гатачи или на слични на нив ќе добијат епитимија како убијци“ (Свети Василиј Велики 72; Свети Григориј Ниски 3; Лаодикијски 36). Тој ги поставува гатачите во редот на убијците и богоотпадниците, односно ги отстранува од Светињите од 10 до 20 години. Во 65 канон свети Василиј Велики вели: „Жена која ќе маѓепса странци и свои, ќе биде отстранета од Светињите 9 години, правејќи 500 метании дневно“. Но и Светото Писмо ни покажува колку тешко Бог ги казнува оние што одат при гатачи, бидејќи еве што вели: Вражачи да не оставате живи (2 Мој. 22,18). И повторно вели: Човекот или жена во кој има дух гатачки или маѓепснички да се погубат; двајцата да се каменуваат бидејќи се виновни. И повторно: И ако некоја душа тргне по оние што гатаат на животински црева, и по маѓепсници, за да го следат нивното блудство, Јас ќе го свртам лицето Мое против таа душа и ќе ја истребам од народот нејзин (3 Мој. 20, 6). Знаеме дека Бог го казни царот Манасиј со мачно и тешко заробеништво во Вавилон, бидејќи тој ги преведуваше преку оган синовите свои во долината на Еномовиот син, гаташе, вражаше и маѓепсуваше; и донесе повикувачи на покојници и волшебници: тој вршеше многу лоши работи пред очите на Господа, за да Го разгневи (2 Лет. 33, 6). Бог го казни цар Саул со загуба на царството и со срамна смрт, бидејќи го остави Бога и повика жена гатачка од раѓањето, следејќи ги нејзините гатања (1 Цар. 28,7). 61 Канон на VI Вселенски собор ги отстранува од светата причест до шест години оние кои одат при гледачи на карти и слични, за да ја дознаат иднината. „Ако бидат истрајни во тоа и не се отстранат од овие погубни и пагански мајстории, одлучуваме сосема да се отстранат од Црквата, онака како што нè учат каноните…“. Свети Јован Постник го скратува канонот за гатачите и за оние кои ги практикуваат гатањата, на три години отстранување од Светињите, ако го исповедаат гревот, ако конечно го напуштат, ако дневно го држат постот до три часот попладне и прават по 250 метании дневно.
     
    На Orthophill му/ѝ се допаѓа ова.
  12. LegallyBlonde13

    LegallyBlonde13 Истакнат член

    Се зачлени на:
    25 февруари 2017
    Пораки:
    430
    Допаѓања:
    1.947
    Светите Отци за соништата и виденијата (I дел)
    Преп. Пајсиј Светогорец

    Што претставуваат соништата и виденијата, каква е разликата помеѓу нив и колку видови има? Ќе ви одговорам со зборовите на свети Јован Лествичник, кој вели: „Сонот е движење на умот за време на не движењето на телото. А, привидувањето (лажното видение) е прелест на очите, кога умот спие.
    Привидувањето е исход на умот кога телото бдее. Привидувањето е видение на нешто што е без ипостас (нереално). Разликата, пак, меѓу нив е следната: Добрите соништа и виденија се од Бога и преку нив се открива Неговата голема волја, само на оние кои се потполно совршени и свети и кои ги извршуваат Неговите заповеди, каков што беше праведниот Јосиф, кому во сон му се покажа архангел Гаврил, заповедајќи му да бега со Младенецот и со Дева Марија во Египет. Ете, впрочем, што се соништата и виденијата. Добрите соништа доаѓаат од ангелите и нè потсетуваат на смртта и осудата, а откако ќе се разбудиме нè поттикнуваат на молитва и покајание. Но, напротив, лошите соништа и привиденија се од ѓаволите маскирани во светлосни ангели, или во светители, кои во сонот нè измамуваат дека сме добри и достојни за рајот, но откако ќе се разбудиме ’потонуваме во гордоста и радоста‘“. Дали е Грев христијаните да веруваат во соништа и виденија? Свети Јован Лествичник вели дека „оној што верува во соништата е налик на оној што трча по својата сенка и се обидува да ја фати“. Исто така тој вели дека „демоните на празната слава, во соништата се пророци. Тие, како некои измамници, смислуваат идни настани и ги објавуваат однапред. Ако виденијата се исполнат, ние се восхитуваме и гордееме со мислата како да имаме дар на предвидување (пророштво). Оние кои ги слушаат ѓаволите често пати стануваат лажни пророци“. И понатаму вели: „Ѓаволите не знаат ништо за иднината заради некакво свое предзнаење, бидејќи и лекарите можат, врз основа на симптомите, однапред да ни ја најават смртта“. Потоа заклучува, велејќи: „Кога ќе почнеме да веруваме во соништата од ѓаволите, тие ни се потсмеваат, та дури и кога сме будни. Кој верува во соништата и привиденијата во сонот е потполно неискусен. А кој не верува во ниту едни, таквиот е мудрец“. Значи, грев е да веруваме во соништата и виденијата, бидејќи со нив многу лесно нè измамуваат ѓаволите и нè фрлаат во ужасниот грев на гордоста и празнословието, кога човекот повеќе се надева во себе отколку во словото Божјо. Со ваква искушувачка мајсторија ѓаволот прелажува мнозина христијани и монаси, фрлајќи ги потоа во бездната на погибелта. Ако, пак, некој има недоумица во врска со својот сон или видение, веднаш треба да го исповеда на духовникот и да побара совет, бидејќи преку духовникот ни зборува Бог.
     
    На Orthophill му/ѝ се допаѓа ова.
  13. LegallyBlonde13

    LegallyBlonde13 Истакнат член

    Се зачлени на:
    25 февруари 2017
    Пораки:
    430
    Допаѓања:
    1.947
    Светите Отци за соништата и виденијата (II дел)
    Преп. Пајсиј Светогорец

    Од кои причини луѓето се прелажани со празни виденија и соништа? Постојат седум причини поради кои Христијаните се измамени со виденија и соништа што личат како да се од Бога: поради гордост, празна слава, која е прва ќерка на гордоста; поради неискусниот и слаб ум на христијаните; поради нерасудливата ревност на некои христијани, што многу се молат и постат за да имаат виденија, за кои свети Исак Сирин вели: „Од голема болест боледува оној што има зла ревност“. Петтата причина за измама е непослушноста кон духовниците и дрскоста на некои верници, особено горделивите, поради што ѓаволот лесно ги лови; шестата причина доаѓа поради неоткриените и неисповедани лични гревови и поради тоа што не ги исповедаат искрено мислите на духовникот. И последната причина поради која христијаните се мамат со лажни соништа и виденија е непознавањето на себеси и отсуството на читање на Светото Писмо и на Светите отци. За тоа ни говори и мудриот Сирах, велејќи: Соништата многумина заблуделе; паднале и оние што во нив се надевале (Мудр. Сир. 34, 1-7). На таквиот, пак, што лесно верува во соништа и виденија, без многу испитување и совети, како и на таквите кои одат на гатање и баење да им се наложи епитимија, односно да се отстранат од светата Причест до 7 години. Светиот Игнатиј (Брјанчанинов) за соништата го вели следново: Твоите соништа се мечтаења, што го водат во прелест оној којшто не се пази од нив. Не верувај им на никакви соништа, и нека те покрива милоста Божја. Демоните ги користат соништата за вознемирување и повредување на човечките души. Исто така, и неискусните монаси, обрнувајќи внимание на своите соништа си нанесуваат штета на себеси. Затоа, неопходно е да го одредиме значењето на соништата кај човекот чија природа сè уште не е обновена со Светиот Дух. Бог така ја устроил човечката состојба, што сиот човек во потполност се одмара за време на сонот. Тој одмор е толку потполн, што за време на сонот човекот ја губи свеста за своето постоење и достигнува до состојба на самозаборав. За време на сонот се прекинува секоја активност која е поврзана со напор и која се одвива свесно, под раководство на разумот и волјата; се продолжува само онаа активност која е неопходна за човековото постоење и не може да се одвои од него. Во телото крвта продолжува да се движи, желудникот ја вари храната, градите функционираат преку дишењето, кожата ги пропушта испарувањата; во душата продолжуваат да се умножуваат мислите, мечтаењата и чувствата, но не во зависност од разумот и волјата, туку по несвесното делување на природата. Таквите мечтаења, проследени со карактеристични мисли и чувства, го сочинуваат сновидението (сонот). Тоа честопати е чудно, затоа што не му припаѓа на системот на човековите доброволни и намерни мечтаења и размислувања, туку се јавува спонтано и независно, по законот и барањето на природата. Понекогаш, сновидението во себе носи несвесен одраз на доброволните размислувања и мечтаења, а понекогаш претставува последица на духовното расположение. На тој начин, сновидението само по себе не може и не треба да има никакво значење. Смешна и сосема нелогична е желбата на некои луѓе, во привиденијата на своите соништа да го видат претскажувањето за сопствената иднина или за иднината на другите луѓе, или, пак, да им придадат било какво друго значење. Демоните, коишто имаат пристап до нашите души во будна состојба, тоа го имаат уште повеќе за време на сонот. И за време на сонот тие нè искушуваат со грев, придавајќи ги кон нашето мечтаење и своите мечтаења. Исто така, кога ќе видат дека обраќаме внимание на соништата, тие се трудат да ги направат поинтересни, а во нас да поттикнат уште поголемо внимание кон тие сновиденија, па така, малку по малку, да ја разбудат нашата доверба во однос на нив. Таквата доверба секогаш е поврзана со умисленост и суета, а умисленоста и суетата го прават лажен нашиот духовен поглед врз себеси, со што и нашето расудување и делување го лишуваат од правилност: тоа е токму она што им е потребно на демоните. На оние кои отишле далеку во својата умисленост и гордост, демоните почнуваат да им се јавуваат во лик на Ангел на светлината, во ликови на маченици и преподобни, па дури и во ликот на Мајката Божја и на Самиот Христос, фалејќи го нивниот живот и ветувајќи им небесни венци, со што ги искачуваат на голема висина на умисленост и гордост. Таквата висина е воедно и погибелна пропаст. Треба добро да знаеме, дека во нашата падната состојба, која сè уште не е обновена со Божјата благодат, ние не сме способни да гледаме други сновиденија, освен оние кои ги создаваат душевните сеништа и демонските клевети. Како што и во будна состојба во нас постојано и без прекин се јавуваат помисли и мечти предизвикани од нашата падната природа или од демоните, така и за време на сонот, ние ги гледаме само оние мечтаења кои настануваат под дејство на нашата падната природа или демоните. И како што нашата утеха во будна состојба се состои од умилението кое се раѓа од свеста за сопствените гревови, од сеќавањето на смртта и на судот Божји – само што тие помисли се јавуваат од благодатта Божја која живее во нас, засадена со светото Крштение, и Ангелите Божји ги донесуваат согласно со нашето покајничко расположение – така и во сонот, многу ретко, само во случај на крајна потреба, Ангелите Божји ни го прикажуваат или нашиот крај, или маките во пеколот, или страшниот посмртен и задгробен суд. Од таквите сновиденија ние достигнуваме до страв Божји, до умиление и плач поради себеси. Но, таквите сновиденија се даваат многу ретко на подвижниците или дури и на јавен и голем грешник, по особена и несфатлива Божја промисла; се даваат многу ретко, не поради скржавоста на Божествената благодат – не! – туку поради тоа што, сè што ни се случува надвор од вообичаеното устројство, нè доведува до умисленост и гордост и во нас го колеба смирението, кое ни е толку потребно за нашето спасение. Волјата Божја, чија цел е човековото спасение, во Светото Писмо ни е претставена толку јасно, толку силно и толку детално, што секое содејство врз човековото спасение преку нарушување на општото устројство е сосема излишно и непотребно. На оној, кој молеше да биде воскреснат мртовецот и да биде испратен кај неговите браќа за да ги посоветува да преминат од широкиот на тесниот пат, му е речено: Тие го имаат Мојсеја и Пророците, нив нека ги слушаат. Кога молителот приговори: Не… туку, ако некој од мртвите отиде при нив, тогаш ќе се покајат – го доби следниот одговор: Штом Мојсеја и Пророците не ги слушаат, тогаш и да воскресне некој од мртвите, тие нема да му поверуваат (Лк. 16,27-31). Искуството покажало дека мнозина од оние кои во сонот се удостоиле да ги видат митарствата, Страшниот суд и другите задгробни ужаси, за кусо време биле потресени од виденото, а потоа повторно се расејувале, заборавале на виденото и почнувале да водат немарен живот; напротив, оние кои немале никакви виденија, туку внимателно се поучувале во законот Божји, постепено доаѓале до страв Божји, постигнувале духовен напредок, и со радоста која ја раѓа веста за спасението, преминале од овоземната долина на тагата во блажена вечност.
     
    На Orthophill му/ѝ се допаѓа ова.
  14. LegallyBlonde13

    LegallyBlonde13 Истакнат член

    Се зачлени на:
    25 февруари 2017
    Пораки:
    430
    Допаѓања:
    1.947
    За абортусот, кое дете да се одбере?

    Загрижена жена влегува кај својот гинеколог, со зборовите:
    „Докторе, имам сериозен проблем и очајнички ми е потребна вашата помош. Моето бебе уште нема ни една година, а ја сум повторно трудна. Не сакам друго дете толку брзо.“
    „Што сакате да направам?“, ја запрашал докторот.
    „Сакам да ја прекинете мојата бременост. Сметам на Вас.“
    Докторот малку размислил и одговорил:
    „Имам подобро решение за за Вашиот проблем. Освен тоа и помалку е опасно.“
    Жена се насмевнала, мислејки дека лекарот ќе го прифати нејзиното барање.
    Тој продолжил:
    „Гледајте, за да не мора да се грижите за две деца во исто време, ајде да го убиеме она што ви е во рацете. На тај начин ќе можете да се одморите пред да се роди другото. Ако веќе треба да убиеме едно, сеедно е кое ќе биде тоа, нели? Освен тоа нема никаков ризик за Вас, ако го убиеме она што е во Вашите раце.“
    Жена извикнала:
    „Не докторе! Ужас! Да се убие дете е злосторство!
    „Се согласувам“ рекол доктор, „ ама мене ми се причини дека тоа не Ви смета, затоа Ви го предложив најдоброто решение.“
    Докторот успеал да ја убеди мајката дека нема разлика помеѓу убиство на неродено и веќе родено дете. Злосторството е исто, само што многумина не се свесни дека детето веќе постои, живее, уште од самото зачнување!