И мајка ми така изгледаше дека се постигнува. Не можеше баш се, и помагав и јас во некои обврски. Секој ден ручек имало, но не готвела секој ден. После трета смена нарачано јадење беше ручекот. Сите ѝ завидуваа на изгледот, беше згодна и висока. Ама психички не беше доволно силна. Си трпела многу, и на крај се разболе. Така што не мислам дека постигнувале баш се и тогаш. Само така ни изгледало. Пример порано се подразбираше свекрвите чуваа внуци. Не се сеќавам мајка ми да ја молела или воопшто да ја прашувала баба ми дали ќе нѐ чува. 4 внуци одеднаш не гледаше по цел ден. Дури и кога мајка ми ќе се вратеше од работа останувавме кај баба. @Cosmic Girl немам проблем со осамување. Се утепувам од размислување скоро секој ден. Сегашната работа и те како ме исполнува. Единствено се плашам да не ја изгубам. Детето како дете напорно е. Ама ќе порасне.Ми фали одмор. Ама кога гледам и слушам други мајки, сите се исцрпени само што тоа некако се прифатило како да е нормално. Како да мораме да бидеме 24 часа уморни. Без слободни денови. Погоре имаше пишано од друга членка. Се очекува и кариера, домаќинлук, мајчинство, психичка стабилност и совршен изглед од нас. Нешто ќе страда, не може сѐ под конец. И тоа е океј, ништо во животот не е со леснотија и не се довел никој до совршенство. Ама ете некако се наметнува тоа на социјални мрежи. Да не зборувам како некои брачни парови изгледаат совршено, а мал број луѓе знаат дека тоа воопшто не е така како што е прикажано. Така и со мајчинството и секојдневниот живот. Мојот проблем е зошто да биде така ?
Не мора да биде така. Како ќе си го направиме, така ќе ни биде. Работите се така поставени затоа што некои работи со генерации така функционирале. Некои работи се така поставени затоа што повеќето ги прифатиле. Некои работи се какви што се затоа што модерниот живот ни ги наметнува. Ама ние ја носиме конечната одлука и ние бираме на крајот како сакаме да живееме. Ако знаеш што сакаш тогаш супер! Храброст и чекориш понатаму! Навистина нема потреба да се оптоваруваме со тоа како тоа би им изгледало на другите од страна. Нека не ве реметат. Не треба да се замарате со тоа кој што очекувал од вас. Тоа се НИВНИ очекувања. Не можеш да живееш според туѓи очекувања. Социјалните мрежи за жал имаат негативен ефект во оваа смисла, затоа што не бомбардираат со представи на идеални парови, бракови, семејства, тела, домови, животи воопшто. И наместо да мотивираат некого нешто да превземе, тие имаат обратен ефект- го прават незадоволен со тоа што го има и го депримираат. Имав објавено во некоја од темите за диети инфо од студии дека заради социјалните мрежи младите не се повеќе мотивирани да спортуваат и да се хранат здраво, туку обратното. Тие се повеќе го споредуваат своето тело со телото на други, развиваат дисторзирани перцепции за својот изглед и прифаќаат нереални очекувања за тоа какво ТРЕБА да им биде телото. Сето тоа е после ризик плус за развој на психички проблеми како дисморфија, или растројства во исхраната (анорексија, булимија и сл). Навистина немојте да се замарате со она што ви се сервира на соц. мрежи. Никако не го зимајте за репер. Ако сум задоволна од својот живот, деца, сопруг, одмор и сл. стварно не гледам потреба за тоа да ја информирам пола планета. Друга е целта зад постирањето. Мислам дека причините веќе на сите им се јасни. Дури и тие споредби со жените во другите семејства, од други општествени кругови, држави, континенти, па дури еве правиме споредби и меѓугенерациски - какви биле нашите мајки, нивните баби итн. Значи споредби низ просторот и времето до бесконечноста! Тоа треба да го прекниме. Релно е изводливо и е во наша моќ. Едноставно нема универзално правило што важи за сите.
За сѐ што пиша си во право. Ама ете јас, ти, Трајанка и Петранка ќе го имаме ова на ум. Ќе решиме да не се замараме со коментари и нема да се депримираме со ништо што ќе видиме/слушнеме. Проблемот е многу поголем од тоа. Работа губат мајките поради тој начин на кој се прикажани жените откако ќе станат мајки. Ете јас ем отказ, ем одбиена бев на повеќе места. Што правиме со тој дел ? Или одиш на породување, преглед, доктор не ти дава терапија ти вика претеруваш, се лигавиш, поважно е дете да доиш, а ти со месеци крвариш. Одиш кај матичен лекар, му велиш ми треба упат/препорака за психолог/психијатар и он ти вика нормално е хормоните ти вријат. Не се секирај. Исто како да одиш со висок притисок на брза помош и да те караат што се возбудуваш па го качуваш притисокот.
Оти општеството сака да ги опресира жените. И не е само 'да не ти е гајле'. Колку и да не ти е гајле, влијае односот од околината, затоа што сме социјални битија. Посебно е страшно, ако немаш разбирање и поддршка од најблиските.
Проблемот поради кој најчесто работодавците не продолжуваат договор после породилно е пречесто отсуство од работа за кое мислат дека ке следи. Има многу кај нас во фирма откако се вратија од породилно секоја втора недела се на боледување. Тоа е .... Не е во ред...меѓутоа и за тие неколку кои злоупотребуваат ( а верувај има) страдаат сите
Ама тоа не е начин. Гледаш негде ни шанса не ми дадоа. Од работа кај што сум била долг период, во корист на работодавецот работев ДВЕ години непријавена. И ова ми е благодарам? Се ова откако станав мајка, не им вредам , пред тоа добра бев.
Види ,они се безобразни зашто ние им дозволуваме. Коа нема да најде жив човек шо ке му работи непријавен нема ни да праи така. Не ме сфаќај грешка не те обвинувам , ништо поарно не е на многу други места. И за лај мене се плашам од сега да не е ми продолжат после породилно договор , ама затоа не ја искориствувам бременоста за да сум отсутна секој втор ден туку се понашам како и пред тоа
Па тоа е тоа. Не треба така. Знам ќе речеме пред тоа жените и немале опција за кариера. Биле само мајки и домаќинки. Еве денес после толку реформи, вклученост на жени во општеството, жени градоначалнички, жени во политика, армија итн. ние уште како во среден век да сме откако ќе родиме.
Шо да ти кажам...јас се навикнав... Кога ке тргнам од моментот дека никој не ми отстапува место ви автобус а те гледаат апла со стомак на 40 степени...што да ти кажам друго......
Жената кога станува мајка е божица, кралица. Поминува од фаза на девојка во жена. Тоа значи попривлечна, посексипилна и повеќе посакувана. Изгледот е менлива работа. Ако мажите имаат забелешки, треба да се огледаат во огледало и да видат дека не изгледаат како порно глумци, туку како чичиња со стомаче, цицки паднати врз мев итн. Така да, драги жени, немојте да паѓате во депресии за ништо, смело и гордо бидете мајки, пружете љубов на бебчињата, за краток период ќе бидете тоа што треба да сте.
Сите тие социјални норми и тоа колку жената како мајка не е почитувана дури ни од мажот ми имаат створено аверзија према мајчинството за жал.
Треба да биде респектирана и гледана како Божица.Проблемот е што не е така. Значи погоре @Misskirova вели дека се навикнала да не ја почитуваат како трудница, на некој начин очекува дека ќе лета од работа како мене. И најлошо е што никој ништо не прави за да се промени тоа. И јас имам аверзија за второ дете. Од неколку причини. Сите се поврзани со темата : страв од пост партална депресија, страв да не го изгубам и ова работно место, страв да не си навлечам здравствени проблеми во текот на бременоста, страв да не се здебелам повторно. И причините за сето ова се повторно поврзани со темава. Еве не знам стручно како и зошто се јавува пост партална депресија, психологот ми објасни на прост начин. И обична депресија се јавува како резултат на некој настан, доживеан стрес, траума. Исто и пост парталната депресија е резултат на многуте ситуации во кои се наоѓаат мајките. Baby blues сите имаат на почеток, стресовите, породувањето, збунетост, болки, хормони, нејаснотии во хранење, доење, грчеви итн. Ама ако baby blues премине во ППД значи тука има нешто многу повеќе од ова што набројав. Од мое искуство, депресијата ми почна со чувство на безвредност, потоа премина во потешка форма. Што се расправав со сите не е страшно, ама ептен се повлеков, не сакав никаде да одам, ништо да правам. Ми фалеше да одморам, да поспијам. Не сакав да јадам оти и така дебела бев. Мислев дека за мене не постојат одобрувања за ништо. За ова со никој не зборував. Ни со сопругот. Мислев во тие моменти дека ако му кажам ќе се разочара од мене. Среќа голема што побарав стручна помош и добив. Освен помош и поддршка добив и лекови. И помина и тоа. Ама најмногу ме фрустрира следново: Читам во таа собата за доење жена искрено си проговорила дека е постојано тажна со месеци, опиша како се чувствува и на крај напишала дека се сомнева на пост партална депресија, бараше совет што да преземе. ВО КОМЕНТАРИТЕ читав "Мисли позитивно" , "Гушкај бебе и не мисли на лоши работи", "Оди во црква запали свеќа" Тие совети ајде не се толку страшни, само се бесмислени. Ама надолу: "Не смееш така и детето чувствува" "Се е во главата, пробај да не мислиш на тоа" "Најди хоби исполни си го времето" "Порано нашите мајки никоја не била во депресија, сеа секоја втора" Од овие коментари се згрозив. Индиректно ја обвинија жената за начинот на кој се чувствува. Бебето ја чувствувало нервозата. Да така е, ама не ѝ е потребно тоа да го слушне. Се било во главата, ха ја прават ненормална од старт.Да најде хоби, да пополни време ? Сакаат да кажат оти има премногу време и си замислува работи ? Нашите мајки не биле во депресија ? Ха и син ми нема да дознае дека јас сум била. Бесмислените совети нема да ги коментирам како да не ѝ текнало на неа дека не треба да мисли на тоа, или позитивните мисли и прошетки со другарки како да се возможни. Бев депресивна знам како е, не ти се оди нигде, мислите во главата не можеш да ги смириш. Ме загрижи тоа што имаше многу малку разумни коментари. Од околу 70 коментари со "совети" едвај 10% ако беа исправни и ја советуваа жената да бара стручна помош, предложуваа психолози. Ова многу кажува за тоа во какво општество живееме. Патем овој пост е единствениот на кој коментирав во таа група. Прв и последен пат.И реков на жената да побара помош и да не се обвинува поради коментарите кои ги чита, жените кои пишувале не мислеле дека можат да ја повредат со тоа. Добив неколку реакции, не реплицирав. По кратко време се сретнав со другарка и она ми вели, јас те додадов во таа група, ама јас само читам се едуцирам, гледам ти пишуваш. Демек сака да ми каже, она со две деца поголеми, искусна мајка не се дрзнува еден совет да даде или еден коментар да напише, а јас тогаш со бебе од неколку месеци си дозволив такво нешто. Не можам во еден или два реферата да опфатам и доловам сѐ. Темава е навистина широка и длабока. Ако размислиме подлабоко, дел од работите кои не засегаат зависат од нас самите како индивидуа, ама голем дел зависат од наметнатите норми и морални вредности кои мислам дека е време да се променат.
Некогаш и од сопрузите има очекувања ти да бидеш "поголемиот" родител (default parent). Демек "ти си мајката". Треба демек со насмевка да правиш се`, без проблем. Верувам дека истата жена со различен сопруг, ќе го проживее истото но на поинаков начин. Дефинитивно сопругот може и да олесни, и да отежни некои работи. Понекогаш е невидлив тој mom shaming што го добиваме дури и од сопрузите. Некои мажи мислат дека во животот треба све да иде глатко и рамно, после детето животот да им продолжи слично ко претходно и мајката воопшто да не се жали, но реалноста е дека не е така, се` се менува. Од романтична двојка, парнерите стануваат еден вид на колеги, на кои им се мери продуктивноста, на што ги минуваат саатите од денот и сл. Едно е сигурно, тој не треба да има повеќе слободно време од тебе. Зборам за било која жена што чита, не само за тебе DarkStormm. Конкретно за тебе, нормално е што се чувствуваш вака, тоа само покажува свесност и дека размислуваш. За разлика од тебе, многу жени само ќе поминат низ ова, мислејќи дека е целосно нивна обврска и све е нормално, без многу многу размислување. Види, гледај да си го направиш животот да одговара на тоа што ТЕБЕ ти треба и ти е битно. Лоцирај ги проблемите точно каде се во твојот живот и пробувај да ги подобриш. Пример, спиење 5-6 часа. Гледај со промена на кои навики и распределба на кои обврски меѓу тебе и сопругот можеш да го подобриш тоа за себе. Дете чувано од свекрва која коментира. Нека разговара сопругот со неа да преќутува некои работи, или барај друго решение за чување на детето. Некои работи можат да се подобрат и ќе се подобруваат со текот на времето. Полека само, и се` ќе се реши. И попозитивно гледање на работите, колку и клише да звучи.
Ова за што зборуваш конкретново е полова дискриминација. И јас имам доживеано, не знам дали има жена што нема искрено. Со векови се борат за еднаквост ама жените и денес се подредени. Живееме во патријахални општества за жал. Постојат и контра обвинувања од мажите дека жените се рамноправни реално и дека се еднакви со мажите и дека феминизмот прераснал од борба за еднаквост во борба за репресија на мажите. Тактика на одбрана е тоа. Знаеш, како се стекнуваат жените со повеќе права, така се активираат и оние спротивни сили кои се борат да не се наруши поставеноста од претходно, односно да останат мажите во супериорна положба. А тоа дека жените се еднакви денес со мажите, или уште понатаму дека веќе и се мажите потиснати од нив е далеку од вистината. Наодите од организациите за правата на жените даваат поинаква слика, а тоа е дека жените се сеуште во потчинета состојба. Жените работат многу повеќе саати дневно низ домот или неплатена домашна работа, од мажот. Колку се децата поголеми толку мајката повеќе работи неплатена домашна работа а мажот толку помалку часа одвојува за ова. Така маж во семејство со две деца тинејџери на пример, во просек дневно работи низ дома половина час. А конечно и двајцата одат на работа за плата. Конечно домот е на сите што живеат во него. Децата се на двајцата. Кога ќе видиш што кажуваат бројките многу е јасно дека борбата на феминистките сеуште е потребна. Како единка може да почнеш од себе и од своите деца да ги научиш. Утре тие ќе бидат на наше место, треба примерот и искуството од дома да го добијат. Јас моите деца ги учам отворено за овие работи. И знаат да препознаат кога нешто не е фер во однос на тоа кој што работи низ дома и да реагираат. Знаат дека обврските околу домот се на сите и помагаат со тоа што можат. Ако некој забушава убаво ќе го потфатат. Машко и женско се, ама работат без да ги делат работите на такви. Многу се лутат ако некој им рече немој ти тоа или ајде ти тоа сработи па женско/машко си..
Да. Ама пред да станам мајка немав проблеми со вработување како жена. Друга малку позната работа е дека и татковците можат да го земат породилното отсуство во одредени случаи. Ама ретко тоа нели. Сум слушнала можеби 2-3 татковци да го направиле тоа. Оти татковци не губат работно место? Ете мајки многу често губат, имаше погоре некоја членка кажа дека породилното е далеку од одмор. Затоа и татковците свесно не го земаат тој "одмор" од работа. Под изговори оти на бебето повеќе му е потребна мајка, таткото не може да дои, мајка подобро знае. Јас сега немам некој огромен проблем. За чување дете се снаоѓам, на работа одам, пост породилната депресија ја преживеав. Фала Богу наоѓам време и за себе, нокти, фризер, депилации, некогаш и масажи. Единствено што немам редовен сон и немам секогаш среден дом каков што сакам да е. Во тој поглед не може многу да се промени. Јас работам само прва смена, а сопругот оди во 3 смени и често е ангажиран и после работа. Завчера прв пат чистев со детето во една рака, правосмукалката во друга. Да речеме дека сум лишена од други задоволства. Немам време за опуштање со книга или гледање серија, затоа што ако решам сепак да се опуштам, си го скратувам и тоа малку време предвидено за спиење. Некогаш се прашувам ова : Дали претерувам што сакам на некој начин да уживам ? Дали и другите мајки се како мене или некои се подобро организирани ? Дали претерувам со желби ? И знаете што ? Јас сум хедонист. Сакам удобност, сакам уживање. Сега ми е ускратено и на некој начин сум на раскол дали хедонизмот е погрешен или перцепцијата дека никоја мајка не ужива ? Што ме поттикна на тие размислувања ? Па пример ќе прочитам мајка се жали дека детето и се буди навечер. Вклучените во дискусијата ќе речат оти и кај нив е исто, некоја ќе рече и двете и трите деца такви ми беа, ќе се издржи, брзо ќе пораснат, ќе немаме шанса пак да ги гушкаме итн итн до бескрај. И сега пази некој да ми вели оти мојот сон не е важен, важно е што за Х години детето немало да сака до мене да спие ?? Па тоа ме тера да ги сожалувам сите мајки, па и себе. Да ти ебам животот ако сум жртва и само безвредна жртва. Кога ќе почнат да се ценат сите жртви кои ги прават мајките ? Ќе продолжиме со жртви да, верувам сите за децата ќе направиме што и да се бара од нас без да се жалиме, ама се жалиме затоа што никој не ги цени тие жртви.
Вака, тоа што те отпуштиле веднаш по породилно отсуство е незаконски, освен ако си потпишала изјава дека по свој избор си одиш. Си можела во најмала рака да ги пријавиш. Но исто и не требало да им работиш непријавена две години. Би можела да толерирам два месеци, но не и години. Бараме да нѐ ценат а сами не се цениме. Можеби со пријавувањето нема ти да добиеш ништо, но во иднина на некоја друга нема да и се деси. Не сакам да ме сфатиш погрешно и да мислиш дека те обвинувам, бидејќи криви се само работодавците во овој случај и што си очекувала фер однос од нив. Никако не е твоја вина, само треба да извлечеш лекција за понатаму. Има и коректни фирми, затоа и не треба да се вложуваме, посебно да не се врзуваме емотивно за работни места кои не ни одговараат. Ова се мислам само женски карактеристики кои работодавците успешно ги експлоатираат, мажите воопшто не се вложуваат во работата на начин како нас. Друго, околу чистењето и опуштањето. Опушти се слободно уште денес, пушти си серија, затоа што уште долго време нема да ти биде домот комплетно чист како што си замислила. Еве мене ми е за метење денес, но нема шанси до недела да изметам. Се помирив со тоа, и не можам секој ден да метам. Можам, но бирам прво да се одморам затоа што завршив десет други обврски од сабајле и сега ми е приоритет само да лежам. На кој му смета може слободно да се фати за правосмукалка и џогер. Не се престигнува сѐ. Претпоставувам детето ти е преодено од скоро, така да само ќе се мачиш за да ти биде идеално дома што нема шанси со тодлер. А ти претстои период кога сите ситни, најситни играчки ќе бидат насекаде, ќе јаде насекаде... Да не бројам, ќе се изнервираш уште толку Едит: не очекувај некој браво да ти каже, кажувај си го тоа почесто сама на себе.
Тој X-от! Да, да, а тој е уствари пола од твојот живот. Што, да не треба да чекам да снеможам и да остарам па да почнам да уживам? Нема поголема глупост, стварно. Од тоа трпи си, ќе помине, или трпи си има полошо нема полош совет. Се изнасмеав со спиењево, извини, не е лично, само ме асоцираше на моето „откровение“ кога ми се роди првото дете: Јас тотално неискусна првите денови после доаѓање од болница, доживеав прав шок во однос на неспиењето. Не дека не знаев, дека не сум читала, не ми кажале, ама едноставно немав искуство. Само две ноќи бев во болница ама таму немав спиено повеќе од еден час зашто бевме осум мајки со осум бебиња во една соба (стандард во државна). Си викаш океј, ќе ПОМИНЕ, ќе си дојдеш дома. Дома бебето цица нон-стоп, се роди малку со помала тежина, ајде си викам нека цица колку сака, така ми препорачаа. Првите три дена имав пресметано дека сум спиела ВКУПНО 3 часа во тие три дена, ама не континуирано, туку најдолгото спиење ми беше 40 минути. И поучена од други дека ќе ПОМИНЕ, ќе смени за некои 40 дена, па за некои 3, 6 мес. и јас си го врзав тоа во крпче. И си трпев и не спиев, демек да издржам. Ми текна да ја прашам мајка ми колкаво треба да е детево за да ЈАС спијам континуирано 6 часа. Во сета наивност стварно мислев ќе ми рече некој пократок период (дека пак ќе чујам за фамозните 40 дена), ама неа Господ ја створил многу директна и реална (ја обожавам ради тоа) и ми го плесна онака баш сурово реално: „Првите година - две додека доиш нема да спиеш, после кога нема да доиш ќе стануваш неколку пати да и дадеш шишенце со млеко/вода, да ја смириш ако плаче, итн, па после кога ќе биде претшколска/школска возраст ќе стануваш најмалку еднаш да видиш да не се отскрило, испотило, зошто се накашлало. Така да не рачунај дека ќе биде во скоро време“ Така да не треба да трпиш, да страдаш, да го чекаш Годо, туку треба да се организираш, да споделуваш, да делегираш обврски, да побараш помош ако ти треба без чуство на вина, да си изградиш мрежа на поддршка од луѓе кои ќе бидат спремни да ти помогнат со различни аспекти кој што може. И немој никогаш да носиш дете во една рака а да работиш со друга! (намерно велам дете зошто се што е над 5-10 кг. не е веќе мало бебе) Јас вака си го зезнав рамото со првото дете на само 25-6 г и сега на 40+ уште си го носам проблемот. - Дигни ме, дигни ме. - Не може мама да дига, ја боли раката и докторот и забрани. Да видиш како за 2 дена престане да плаче за во раце. И како можеше со мало столче и со придржување да се влезе во када. И да се купи количка за поголемо дете и да се седи во неа. Се' можело значи. Ама доцна беше веќе, рамото си го зафркнав за цел живот. Бидете паметни, штитете се и чувајте се! Важни се и вашиот сон, среќа, благосостојба. Користете помагала, ресурси и човечка помош! Кога го правите тоа не сте себични! И тоа не е хедонизам! Напротив, вие сте одговорни родители кои сакате детето да ви расте утре со родител кој ќе биде способен да му помага и ќе биде здрав и среќен. Не може да бидеш за другите ако прво не те бива и за себе. Кој сака што сака нека збори, важно е вие да ги знаете вистинските причини.
И да ве утешам - Х-от во равенката со спиењето, не бил еднаков на првите 6-7 години. Со тинејџери еве ги чекаш да се вратат од град. Некогаш ќе задремам, некогаш не ни заспивам дур си дојдат. Со помалите деца од школска возраст родителите се молат да дојде распуст побрзо да одморат, а ние со поголемите деца се молиме да почне школската година и да се вратат на нормалната рутина. За распуст се секој ден излезени, јер „остај ме, распуст ми е“ А ние работиме нормално, ние не сме на распуст. Ги чекаме да тропне врата, да ги видиш дома дека влегле. Местиш аларм за сабајле и ти вика дека алармот ќе ѕвони за 4 часа и 33 минути. Ти кога одиш на работа тие се во најсладок сон. Ете тоа е реалноста и да не верувате ако некој друг нешто ве убедува.
Ова истово и јас го слушам/в. Порано стварно не сфаќав зошто е проблем и се чудев кога ќе ми речеа "утре сум на работа дојди порано" ама сега ми е скроз разбирливо зошто е напорно да не можеш да се наспиеш зашто на детето му текнало секој ден да излегува.
Ох бе жени. Прочитав нешто, навистина тешки коментари сте добивале. Ма немојте да молчите. На никого, ниту на свекрва, на партнер, на доктор, ма никој никој не е светец. Не дозволувајте да ве паднат психички. Еден човек ако имате асален, отворете душа, побарајте помош, секому му е потребна. Не сме помалку херојки ако побараме помош, додека се бориме да се заземеме на нозе. Кога се породив, имав пост породилно нерасположение, не беше депресија, ама се осеќав како во небрано. Околу мене само мајка ми и маж ми. За среќа помина брзо, а мислев дека вечно ќе ми е така, ама никој не ми вршеше притисок. Сега, целосно сум ослободена од тоа како треба. И дом оставам забатален, и јадење не готвам, мајка ми ми помага, и не се средувам, и со детето како можам колку можам, ама скроз се ослободив од тоа како требало. Ја мајката! Да не дојде некој златен пехар да ми додели. Како ми е ќејф, така. Свекрва ми не се меша, мајка ми ако коментира нешто шо ме нервира ја запирам, маж ми е разбран, секако и со него многу не се воздржувам да си кажам. Коментари од надворешни лица, ете сум имала од една "другарка" требало да се фарбам, да сум била средена мајка, да немам бели влакна... Па еве се немаме видено месеци А таа е немажена, нема деца, гледа да шлакне шминка да се среди, права теткица, ама ок, така сака, за разлика од неа, јас сум ослободена од тоа да ги "стилизирам" луѓето. Нека роди, па нека се средува секој ден колку душа ќе ѝ сака. Така што, секоја да прави тоа што ѝ мило на душата, без притосок, ако треба нека и за'ржи на другите советодавци.