Во какви женски ликови најмногу се пронаоѓате? Силни, цврсти што немаат потреба од спасување, или оние што можеби некогаш имаат таква потреба? Јас секогаш ја издвојувам Скарлет О'Хара, може и по потписот да се забележи. Иако има многу маани, можам да ги оправдам нејзините постапки и апсолутно да ги разберам. Еден од најомилените женски ликови на сите времиња ми е дефинитивно. Не можам, а да не ја спомнам Папата Јована. Толку силна волја и решена да успее... Незаборавен лик од кој има многу да се научи. Морам да кажам дека некогаш не можам да ги разберам заслепените жени, слабите жени, секогаш ме нервираат таквите ликови. Но, во поново време женските ликови се претставени како решителни, цврсти, совршени, што исто така не е во ред, дава една нереална слика. Па, повелете, да видиме на на кој женски лик му се восхитувате и некогаш посакувате да ја имате нејзината сила?
Ништо? Сериозно? Јас па кога ја отворив темава мислев дека баш добра дискусија ќе имаме. Нејсе. Сакам да ја спомнам и Лисбет Саландер, од омилената трилогија Милениум. Не можам да се поврзам со неа, ама комплетно ја разбирам, си држи до своите принципи и е таква каква што сака да биде. Морам да ја спомнам и Бела од Самрак, еден од најслабите ликови, според мене. Исто и, како се викаше, Анастасија мислам, од нијансите. Само од мажот да се зависело.
Најубавата тема во подфорумов можеби. Утре се навраќам на пошироко. Искрено, сум приметила дека ретко низ литературава да сум сретнала златна средина во прикажување на женските ликови. Или се жени-планина, исклучително доминантни или се во крајност млаки и слаби. Но, сум доживеала лично и дека силата на жената во литературата не ретко е неприродна состојба која води до катастрофален пад во некој многу важен аспект од животот или загуба. Не знам со која група би се поистоветила, но знам дека имам уплав од ситуации кога би морала да барам помош/поддршка од друг. Сакам сила и независност. Тешко издавам кога имам мака. Но и тоа е еден вид слабост. Тешка одлука.
Татјана од Евгениј Онегин На 16 години целосно се идентификував со неа. Ја доживував како Story of my life....а писмото до Онегин го знаев наизуст. Фасцинантен женски лик, во ставовите и погледот на светот далеку пред своето време Толку мудра и цврста, достоинствена и доследна, а во душата нежна и ранлива. Токму во периодот кога се формирав како личност, мислам дека ликот на Татјана ми остави некој траен белег . И најважното...имав најдобро обработена писмена. Ја читав пред цел клас, а Тој слушаше.
Ете ме мене пак. Да се доискажам од вчера. Многу мислев и мислев и мислев и мислев со кого можам да се поистоветам. И пак се вратив на почетокот. Не знам дали воопшто некоја личност има толку ограничен број на димензии и слоеви за целосно да може да се поистовети со некој лик од литературата. Во секоја книга наоѓам трошка од себеси, сепак и аргументи зошто не сум баш како тој женски лик. Во секоја од нас има едно младо наивно девојче коешто мисли дека би умрела без својата најголема љубов, како и доминантна жена којашто е доволно силна целиот свет да го стави под нозе, но заборава на нештата коишто навистина ја прават среќна и тој дел од животот и` се крши на ситни парченца. Во различни делови од животот, во различни делови на душата. Дека ќе пешачиме во еден пар чевли во животов, тоа тешко. Се приспособуваме на различни улоги. Не можеш да знаеш дали една млада домаќинка е способна да го стави светот под нозе што се вели, додека животот не и` даде таква прилика. Како и да е, сум забележала сличност со оние женски ликови коишто претставуваат стремеж за сила, независност и одбивање да се најдат во инфериорна улога, особено во однос на мажите. Обично во нив семејството го гледа најсилниот и секогаш се потпира на неговата поддршка, знаење, утеха, со тоа што, ако се појави нешто во животот што вистински силно го сакаат, ќе одбијат секакво покорување на туѓи желби, иако знаат да направат некои жртви за среќата на блиските. Кај истите тие, сум забележала тенденција да останат со луѓе коишто не ја рекламираат својата добрина како на хуманитарна акција, туку тајно изненадуваат со своите добри дела коишто важат за нивните и блиските на саканата личност. Не многу експресивни личности, личности кај коишто добрината треба да ја откриваш со сопствените добрина и трпение. Што ги чуваат насмевките, нежните зборови и добрите дела за оние кон коишто навистина чувствуваат блискост. Некоја комбинација меѓу Бенет и Ер, можеби. И ете, можеби нешто од Татјана како што се спомена погоре. Онаа трпеливост во љубовта додека веќе не е доцна. Не сум некој којшто лесно се откажува од љубовта. Донекаде се пронаоѓам во нив, иако имам мигови и периоди во животот во коишто дејствувам сосема спротивно на тоа. Како и сите ние.
Се пронаоѓам само и единствено во ликовите на божиците, кога читам митологија Ова сериозно. Инаку, од авторското творештво, во ниту еден женски лик, ниту малку, а има машки карактери со кои сум регистрирала сличности. И одамна заклучив дека жените во литературата се стереотипизирани. Или можеби, јас имам машки мозок, не знам веќе...
Не се поистоветувам, само, силна жена како Велика нема. Сите други се само жени. Велика е грамада од човечиште.
Прв женски лик што го немате спомнато, а ми падна веднаш на памет од светските најпознати класици - Соња од Злосторство и казна на Достоевски (исто и јас не се пронаоѓам, само многу се восхитувам и ми има оставено голем впечаток). Толку млада, нежна, а толку силна и истрајна. Принудена поради екстремната сиромаштија да го продава своето тело, врз својата морална величина и вистински вредности пред очите на општеството ја става валканата и срамна маска на проститутка. Пример за огромна љубов, посветеност и натчовечко трпение - успева на крај својот заблуден од гнев сакан да го натера да се искупи и да се тргне од мрачниот пат на насилството.
Сакам женски ликови кои се истовремено и силни и слаби. Женствени, знаат да го изгубат срцето, емпатични, со волја, интелигентни, некогаш и кои знаат да навлезат во сопствената фантазија. Неможам да дадам прецизен одговор, зошто навистина многу барам од ликовите за да ги засакам. Ете на пример, најНЕомилен лик од книга ми е Есмералда (Богородична Црква во Париз), а омилен Кристин Дае (Фантомот од Операта) и Мина Харкер (Дракула).
Кога ја видов темата , токму ликот на соња ми падна на памет да го опишам , бидејки навистина е за почитување , има многу моменти , не е само саможртвата за помалите братче и сестриче , туку жртвата за таткото , жртвата за Родион , и на крајот разбирањето на смислата на животот и помирување со судбината и земањето на крстот и препуштањето на Божјата волја , има уште многу да се пишува , ама мислам дека за овде е доволно.
Скарлет, посебен лик, лик што се живее во многу турбилентно време, лик што многу тешко се носи со своите емоции. Закопува се длабоко во себе затоа и не ги препознава на време. Ми остана реченицата "Не можам сега на тоа да мислам, утре е нов ден".
Becky Sharp од ''Vanity Fair'' од William Makepeace Thackeray. Одма на неа ми текна кога ја прочитав темата. Едноставно прилагодлива на секоја новонастаната ситуација, фексибилна за своја полза,корист. Шармантна, едуцирана, итра, подмолно итра. Тоа е Ребека-Беки Шарп.
Досаден е почетокот дека е Викторијански стил да се портретира се детално, откако ќе почне дејствието интересна е. Што се не прават сите да преживеат.
Баш кул, искрено неќам ликови кои не знаат подалеку од нос да погледнат а се мислат којзнае што. Или маченички како Фантина од Клетници. Овие ликови се чести и во реалноста. Баш ќе ја ѕирнам книгата ако успеам да ја најдам.
Затоа ја напишав и ми оставила впечаток. Новелава пишана пред 200год.опишала толку реално прагматично женско однесување за да се постигне посакувана цел или ако не се постигне со кои средства да се извлече максимумот од секоја животна ситуација. Има и филм по книгата погледни го трејлерот иако книга е незаменлива.