„Плукам“ е најзлоупотребуваниот збор од вас 4-5 души од ултра-православната тајфа на форумов. 1. Никогаш не дефиниравте што мислите под тоа „плукање“, но праксата покажала дека секое несогласување со православните догми за вас се „плукање“. 2. Вашето обвинување кон мене дека „плукам“ е крајно субјективно затоа што тоа обвинување доаѓа само од вас 4-5 души. Не сум се согласувал и со атеисти и со муслимани и со други, па сепак не плачеле дека ги „плукам“ со моите различни мислења од нивните. Затоа неколку пати сум рекол дека категориите Религија и Политика се за емотивно зрели членови кои се спремни да слушнат мислење спротивно на нивното. На сите останати топло им препорачувам богче со забранета опција за коментирање под текстовите Ако нешто ме засега, ќе си го прашам мојот матичен лекар или мојот адвокат или професор и сл. Форум е форум баш затоа што е отворен за дискусии и размена на различни, а честопати и спротиставени мислења. Блог е блог затоа што таму си пишува само еден или една група на луѓе. Оди на кој сакаш форум на интернет ќе го видиш истото. А ако си гледала и форум во живо, ќе видиш какви дебати има. Неосгласувања секогаш ќе има. Доблеста на дискутантите е да се придржуваат до правилата на форумот, да не користат ад-хоминем напади кон личностите, туку да дискутираат он-топик на темите, да ги почитуваат соговорниците итн.
Да бидеме реални, ти не изложи ништо од она што те прашав. Јас те прашав: Можеш ли ти да ми дадеш листа од преживеани историски ракописи пронајдени од времето во кое живеел светиот отец па да ја провериме нивната веродостојност? Или еве да ми кажеш во кој музеј се чуваат? Ти на ова ми наброја само неколку книги од твојата религија: Ваква исто одговараат и муслиманите: еве бе земи прочитај го Куранот и ќе видиш дека Мухамед правел вака или така, или прочитај ја книгата на Ахмед Дидат, ќе видиш дека Мојсеј пророкувал за Мухамед. Вака исто одговараат и други верници од други религии, ќе ти постираат некоја нивна книга или јутјуб клипчиња од по саат време и очекуваат дека сега ти ќе седнеш ќе губиш цел саат ќе им го гледаш нивното омилено клипче Потоа те прашав да ми одговориш за конкретно православно житие извадено директно од сајтот на МПЦ: Дали имаш некакви изториски извори од 4ти, 5ти или 6ти век за оваа приказна за овој Јован кој ја оставил мајка му, отишол во пустина, се пикнал во бунар, бдеел во него 10 години и умрел? И ова мајсторски го заобиколи.
@EvAngelos не си свесен колку си провиден. Начинот на кој се браниш ти е... ајде ќе премолчам. Се гледа и по ова што му го одговараш на @Bulgarian и никако соодветниот одговор да му го дадеш. А и колку пати кога си свесен дека не си во право не признаваш, кога си свесен дека немаш аргументи игнорираш. Избегнување во широк полукруг ти е заштитен знак.
Еве ќе ви дадам пример на неколку причини зошто јас верувам во евангелието по Јован на пример: 1. Затоа што е најден ракопис кој содржи делче од евенгелието по Јован кој датира од 125-130 година т.е. само 35-40 години од смртта на Јован. Ова е mission impossible за било кој друг антички документ. Тој ракопис се нарекува Џон Риланд (според неговиот откривач) и се чува во универзитетската библиотека во Манчестер која сега го носи и неговото име: John Rylands University Library of Manchester. 2. Раното датирање на евангелието е потврдено и со многуте цитирања од ранохристијанските писатели кои живееле блиску после смртта на Јован (значи во 2ри век) како на пример Јустин Маченикот (100-165), Валентиј (100 – 160), Клемент од Александрија (150-211), Иринеј Лионски (120-200), Тертулијан (155-220), но има цитирања и од 3ти век. од Ориген, потоа и од Евзебиј, Атанасиј, истиот се содржи во кодексот синаитикус, алексадриус, латинската Вулгата, го има и во Муратовиот канон кој бил составен околу 200г. Годините кога живееле овие се заокружени и може да варираат 5-6 години, ама сепак се многу рани датирања и ако сакаш можам да ти пишам за секој од нив што конкретно цитирал од евангелието по Јован. 3. Горните цитирања на евангелието по Јован не се само маргинални спомнувања, туку овие го признавале за свето писмо, за свето евангелие, вистинско и веродостојно. Баш затоа што евангелието по Јован било прифатено од ранохристијанската црква и тоа толку рано кога дури имало и живи луѓе кои ги познавале лично апостолите и можеле да реагираат доколку во ова евангелие се запишувани глупости во врска со Исус. 4. Писателот на ова евангелие умрел во прогонство на островот Патмос. И тој, слично на другите апостоли и евангелисти до крајот на животот биле убедени во она што го прокламирале и пострадале маченички за својата вера, што ја потврдува нивната искрена вера и ги отфрла сомнежите дека можеби пишувале од некакви други мотиви, со цел да добијат нешто за себе. Се што добиле било страдање, прогонство и маченичка смрт. 5. Случките што ги спомнува Јован се историски точни, а некои места се и археолошки потврдени како на пример резиденцијата на Понтиј Пилат каде што бил осуден Исус (ев. Јован 19:13), потоа бањата Витезда (ев. Јован 5:2). 6. Она што е контраверзно за евангелието по Јован од страна на секуларните историчари се присуството на чуда кои ги правел Исус. Но дури и ова може да се поткрепи со независни и непристрасни надворешни историски докази бидејќи тоа дека Исус правел чуда е запишанo и од непријателите на раните христијани, пример во еврејскиот Талмуд (Санхедрин 43а) и пишувањата на анти-христијанскиот филозоф Целзо. Гледате како изгледа историска поткрепа на житието на Исус запишано од неговиот ученик Јован? Историја, археологија, текстуален критицизам, надворешен и внатрешен тест на текстот, проверка на кредибилитетот на писателот и сл. Можете ли на ваков начин да ја аргументирате веродостојноста на стотиците житија? Ако не, тогаш зошто ми замерувате кога велам дека содржат митски елементи?
Сите аргументи кои ги наброја сеуште можат за атеистите да се завиени со мистицизам и сомнеж.А кредибилитетот на авторите кои ги спомнуваш може само за тебе да претставува некој кредибилитет. За разлика од житието на пример на Отец Тадеј каде не ти треба негов пишан документ туку слушај директно од него.Ете ти поуверливи аргументи за неговото житие и постоење.
Користам мобилен интернет и немам доволно гига бајти за да гледам видеа што траат по цели саати. Ќе сакаш ли ти да ни го извадиш од видеото она што те прашувам погоре? Претпоставувам тебе ти е гледано видеото, па нема да ти биде проблем од содржината на видеото да напишеш 6 точки како моите погоре.
Инспирација и пример. Житие на Св.Марија Египетска Света Марија Египетска, е пустински аскет, преку чиј живот Црквата ни го искажува искреното покајание и неискажаното Божјо човекољубие кон оние кои искрено сакаат да се откажат од своите гревови. Црквата го празнува нејзиниот спомен на денот на нејзиното упокојување, 14 април (1 април ст.ст.), но дополнително се празнува и во Неделата на света Марија Египетска, односно петтата недела од Великиот пост. Марија Египетска во својот живот соединила и пројавила две крајности - бездната на гревовите и височината на побожноста и добродетелите. Во својата младост, заробена и соблазнета од порокот, седумнаесет години поминала во грев, но со силата на Божјата благодат, како заблудената овца, повторно се вратила во Црквата. На повикот од Црквата, Марија, која не внимавала на Божјите заповеди и која го помрачила во себе Божиот образ, по Божја промисла повторно благодатно се обновила. Живеела во шестиот век после Христа, и чудесно се упоколила во 522 година. Родена е во Египет и од дванаесетата година го осетила повикот од страните закони, и занемарувајќи ја родителската љубов, побегнала од нивниот дом и отишла во Александрија, каде целосно се предала на разврат и блуд цели седумнаесет години.Оддадена на проституција, скоро никогаш не земала пари за телесните наслади, и најчесто живеела од милостиња. Не наоѓајќи доволно задоволства во Александрија, Марија смислила да си го оразноличи својот развратен живот со патување во Ерусалим, заедно со поклониците кои патувале на Воздвижение на животворниот Крст Господов. Во текот на патувањето и по пристигнувањето во Ерусалим, таа до самиот празник продолжила да ги заведува мажите кои пошле на поклоничкото патување, обидувајќи се на секој начин да ги повлече со неа. Доаѓајќи во Ерусалим на празникот Воздвижение на животворниот Крст, влечена од љубопитноста, Марија заедно со останатите подвижници и побожни христијани, на денот на празникот, пошла во Божјиот храм. Но, доаѓајќи во припратата на храмот таа едноставно не можела да влезе заедно со останатите и да пристапи кон животворниот Крст Господов. Сите останати непречено влегле во внатрешноста на храмот, а Марија, и покрај многуте обиди и напори, едноставно не можела да го премине прагот на светилиштето, невидливо задржувана од Божјата сила. Мислејќи дека неа, како слаба жена, ја истиснува толпата која се турка пред светињата, се обидела некако да се пробие до средината на толпата и така со заеднички напори едноставно да биде внесена во храмот; меѓутоа, повторно, веднаш по допирањето на црковниот праг, некоја чудна сила ја турнало назад. Три - четири пати таа така се обидувала да влезе во храмот, но без успех. Присутните во храмот созерцувале пред воздигнатото животворно дрво; Марија, пак, посрамотена и ожалостена, останала во предворјето на храмот, видно потресена од чувството на срам и каење. Тука ја здогледала иконата на Пресвета Богородица на која и ѝ се помолила да влезе во Храмот и да се поклони пред Вистинскиот Крст. Следниот обид да влезе во храмот бил успешен, и таа го целивала Пречесниот Крст, со со цврсто убедување и намера дека до гробот ќе живее трезвен живот. На тој начин започнало целосното покајание и преумување; на излегување, таа се помолила пред иконата на Богородица, при што се слушнал глас: ”Ако го преминеш Јордан, ќе ја пронајдеш вистинската утеха". Напуштајќи го Ерусалим, Марија пристапила кон светите Тајни во храмот на Јован Крстител во близината на Јордан, и потоа се осамила во Јорданската пустина каде што поминала 48 години, скоро без храна и облека, деноноќно оплакувајќи ги своите гревови. Во 48-та година од осаменичкиот и многу трудољубив живот, за време на светата Четириесетница, во пустината ја сретнал преподобниот Зосим - монах од братството, кој по обичај за време на Великиот пост се оддалечувал од манастирот барајќи во пустината пример на највозвишено монашко самоодрекување и ја пронашол неа, која некогаш била пример на развратност. Само налик човечко тело, целосно суво и изгорено од сонцето, голо и покриено единствено со сребрени конци, се покажала Марија на Зосимовиот поглед. Зосим ја видел за време на молитва издигната над земјата како стои во воздухот и ја видел нејзината прозорливост во зборовите, како и тоа дека двапати одела по реката Јордан како по суво, а добила од Бога и предзнаење за времето на својата смрт. Примајќи го Телото и Крвта на Исуса Христа и соединувајќи се таинствено со Него, големата подвижничка го замолила Преподобниот да дојде другата година, во истото време и на истото место, но Зосим тогаш ја нашол упокоена, а нејзините чесни мошти ги погребал. Наскоро, веднаш по примањето на причеста од преподобниот, таа се упокоила на 1 април- 530 година.
Житие во слики: Свети Николај Јапонски 20/03/2014 деца, житие во слики, Св. Николај Јапонски Иван Касаткин се родил во 1836 година, како син на еден селски ѓакон од Смоленската провинција. За да дојде до Смоленската богословија, малиот Иван требал да пеш да изоди повеќе од 150 врсти (160 километри). Но сепак, тој се здобил со богословско образование во богословијата. И не само таму, ами тој пошол и во Петербуршката духовна академија, кадешто една година пред дипломирањето, примил монашки потстриг со името Николај. По завршувањето на академијата, тој бил ракоположен во свештенички чин, и како 25-годишен јеромонах (во 1861 година) бил испратен да служи во руското конзулство во Хакодате на јапонскиот остров Хокаидо. Во тоа време во Јапонија било најстрого забрането ширењето на христијанството, а сите што биле фаќани дека го прават тоа биле убивани. Младиот јеромонах Николај поминал осум години во изучување на јапонскиот јазик, историја, литература, култура и обичаи. Првиот Јапонец кој се покрстил во Православие – Такума Савабе – на почетокот сакал да го убие светиот Николај. Како поранешен самурај, жрецот во главниот шинтоитски храм во Хакодате, Такума сметал дека сите странци треба да бидат избркани од Јапонија, а христијанството – да биде забрането, затоа што можело да го разруши духот на јапонската нација. „Доблесно ли е да осудиш нешто што не го познаваш?“, го запрашал него јеромонахот Николај. Савабе се согласил да го исслуша. А по некое време, јерономахот Николај го покрстил Савабе и му го дал името Павле. Набрзо потоа Павле Савабе станал и првиот Јапонец ракоположен во свештенички чин. Постепено бројот на учениците на јеромонахот Николај растел. Десетици нови луѓе примиле Свето Крштение. Во 1873 година била повлечена забраната за проповедање на христијанството во Јапонија. Сега веќе архимандритот Николај станал предводник на Јапонската православна мисија и се преселил во Токио. Низ цела Јапонија започнале да се појавуваат православни храмови. Во Токио бил изграден и Соборен храм посветен на Воскресението Христово. Во тоа време бројот на јапонски православни свештеници станал триесет, а бројот на верните – шест илјади. Отец Николај, пак, примил епископски чин. Владиката Николај основал богословија, неколку огласителни училишта, училишта за момчиња и девојчиња, прифатилиште и бибилиотека. Заедно со неговиот помошник Павле (Накаи Цугумаро), на јапонски јазик ги превеле Светото Писмо и богослужбените книги. Светителот се упокоил на 16 февруари 1912 година. Императорот Муухито лично дал дозвола за погребение на неговите земни остатоци на територијата на Токио. Во тоа време, во Јапонија веќе имало повеќе од 33 илјади православни христијани, 43 свештеници и повеќе од 100 храмови. Во 1970 година, светиот рамноапостолен Николај, просветител Јапонски бил канонизиран за светител од страна на Руската православна црква. Неговиот спомен се празнува на 16 февруари. Посветено на Мотокко и Јамато Извор: http://pravoslavie.mk. Прочитајте повеќе на: https://pravoslavie.mk/sveti-nikolaj-japonski-zitie-vo-sliki/ .
Житие на светиот маченик Трифун (пократката верзија) Роден е во селото Кампсада во Фригија од сиромашни родители. Во детството беше чувар на гуски. И уште од детството врз него беше голема Божја благодат и можеше да исцелува болести кај луѓето и кај животните и да изгонува бесови. Во тоа време со Римското царство завладеа царот Гордијан, чијашто ќерка слезе од умот и со тоа го фрли царот во голема жалост. Ниеден лекар не можеше да ѝ помогне на лудата Гордијана. Тогаш демонот прозборе преку девојката и рече дека освен Трифун никој не може да го истера. После многумина Трифуни ширум царството, по Божја Промисла го повикаа и овој млад Трифун. Го доведоа во Рим и тој ја исцели царската ќерка. Царот му подари многубројни дарови, а тој на враќање им ги раздели на сиромасите. Потоа ова свето момче продолжи да чува гуски и да Му се моли на Бога. Кога се зацари христоборниот Декиј, Свети Трифун беше малтретиран и свирепо измачуван заради Христа. Но тој со голема радост ги поднесе сите мачења, велејќи: „О кога би можел да се удостојам во оган и маки да завршам за името на Исус Христос, мојот Бог и Господ!“ Маките не му наштетија ни малку и најпосле мачителите го осудија на смрт со меч. Му се помоли на Бога и издивна во 250 година
Житие на Светиот свештеномаченик Еразмо Охридски Овој светител беше родум од Антиохија и живееше во времето на царевите Диоклецијан и Максимијан. Се подвизувше крепко на Ливанската Гора и имаше од Бога голем дар на чудотворство. Како архиереј тргна да го проповеда Евангелието. Кога дојде во Охрид, Еразмо го воскресна синот на некој човек по име Анастас и го крсти овој човек. Во таа прилика крсти и мнозина други незнабошци и ги разори идолските жртвеници во Охрид. За ова беше обвинет кај царот Максимијан, којшто во тоа време престојуваше во Илирија. Царот го изведе пред бакарната статуа на Ѕевс и му нареди да принесе жртва и да му се поклони на идолот. Свети Еразмо направи со благодатта, па од статуата излезе страшен змеј и го исплаши сиот народ. И пак направи светителот со благодатта и змејот пцовиса. Тогаш светителот Го проповедаше Христа и крсти дваесет илјади души. Огорчен царот нареди и ги заклаа сите овие дваесет илјади христијани, а Еразмо го стави на тешки маки, па потоа го фрли во затвор. Но му се јави ангел Божји, како некогаш на Светиот апостол Петар и го изведе Еразмо од затворот. По ова овој Божји слуга отиде во Кампанија, каде што им го проповедаше Евангелието на луѓето, па повторно се врати во градот Хермелија, каде што се повлече во една пештера, во која се подвизуваше до смртта. Пред смртта трипати се поклони кон исток и со воздигнати раце Му се молеше на Бога, Бог да им ги прости гревовите и да им подари вечен живот на оние коишто со вера ќе го повикуваат неговото име. На крајот од молитвата се слушна глас од небото: „Нека биде како што се молеше, исцелителу мој Еразмо!“ Сиот радосен светителот погледна уште еднаш на небото и го виде венецот на славата кога се спушташе на него и виде хорови ангели, пророци, апостоли и маченици, кои приоѓаа да ја примат неговата душа. Најпосле самиот возвикна: „Господи, прими го духот мој!“ и издивна, во 303 година. Пештерата со црквичката на Свети Еразмо и денес стои недалеку од Охрид и од неа и до денес се пројавува големата сила на овој Божји угодник, свештеномаченик Еразмо.
Житие на преподобна Касијана Песнописателка Преподобната Касијана (или Касија, или Икасија) Песнописателка, наречена и Цариградска, се родила помеѓу 805 и 810 година во Цариград и живеела во времето на царот Теофил (829-842). Од малкуте животописни податоци знаеме дека преподобна Касијана имала благородно потекло и била многу образована и доблесна. Нејзиниот татко имал служба на кандидат на царскиот двор и, веројатно, се упокоил до 815 година. Касија и нејзината мајка биле иконопочитувачки и во вториот иконоборски период ги помагале православните исповедници. Света Касијана се одликувала, како со телесна убавина, така и со голема мудрост. Тројца ромејски времеписци, Симеон Метафраст, монах Георгиј Грешник и Лав Граматик наведуваат дека зела учество во чинот на избор на невеста за царот Теофил, што го приредувала неговата маќеа, Ефросина. Царот требало да ја одбере идната сопруга, давајќи ѝ златно јаболко на онаа која ќе му се допадне. Восхитен од убавината на Касијана, младиот цар и се приближил и, веројатно сакајќи да ја испита нејзината мудрост, ѝ рекол: „Од жената, нели, излезе сѐ лошо“, мислејќи на прародителскиот грев, кој го предизвика Ева. Касијана, му одговорила: „Но, преку жена дојде и сѐ добро“, мислејќи на надежта за спасение од воплотувањето на Христа преку Пресветата Богородица Марија. Врз основа на преданието, овој познат разговор бил вака: - Ἐκ γυναικὸς τὰ χείρω. - Kαὶ ἐκ γυναικὸς τὰ κρείττω. Себељубието на Теофил било повредено, поради што тој ја одбил Касијана како своја невеста, а ја одбрал Теодора. Друго што се знае за преподобна Касијана е тоа дека во 834 година основала општежитие западно од Цариград, близу до ѕидините на градот, и станала негова прва игуманија. Иако многу истражувачи и го припишуваат овој избор на нејзината несреќа дека не стана царица, едно писмо на свети Теодор Студитски (сочувани се три писма од свети Теодор кон неа) дава други причини за овој нејзин избор. Таа одржувала блиски врски со соседната Студитска обител, која ќе одигра значајна улога во преиздавањето на ромејските богослужебни книги во 9ти и 10ти век, и резултирало со прилика да се сочуваат многу од нејзините дела. Врз основа на преданието, царот Теофил, бидејќи сеуште вљубен во неа, посакал да ја види барем за последен пат и така отишол во манастирот во кој живеела. Кога царот пристигнал со својата придружба, Касијана била сама во келијата, и го пишувала познатиот свој тропар, кој се пее на вечерната на Велики Вторник. Таа сѐ уште го љубела, но бидејќи го посветила својот живот на Бога, се сокрила, не сакајќи да го види и со тоа поранешната страст да ја замени нејзината монашка ревност. Но, го оставила недовршениот тропар на масата. Теофил ја нашол нејзината келија и влегол внатре сам. Ја побарал, но залудно. Преподобната го гледала од еден плакар, каде се сокрила. Теофил се загрижил, заплакал и се покајал за часот кога поради себељубие ја загубил толку убавата и мудра жена. Кога го видел ракописот на Касијана на масата и го прочитал, тој му додал уште еден стих. Според преданието, тој стих е: „нозете чии стапки во рајот Ева ги слушна, се исплаши, и од страв се сокри.“ Заминувајќи си, ја видел Касијана како се крие, но не ѝ проговорил, почитувајќи ја нејзината желба. Оваа голема творителка и песнописателка на нашата црква, светата Касијана, патувала во Италија и Крит, и на крај на островот Касос, каде го завршила својот овоземен живот. По нејзиното упокојување, нејзиното тело било ставено во мермерен кивот и поставено во црква посветена на неа. Денес се чува кивотот и еден мозаик од 9от век. Подоцна, според некои извори, нејзините мошти биле пренесени на Икарија. И покрај тоа што нејзиниот спомен не го наведува ниту еден Синаксар, Касијаните, од сродството на нејзиното име со нивниот остров, го посветиле 7 септември како ден за нејзин спомен и Георгиј Сасос Касијанин напишал и посебна служба, објавена во Александрија во 1889 година. Оваа служба му била испратена на патријархот Софрониј Александриски, кој му ја дал на митрополитот Герман Тиваидски да ја издаде и така, на некој начин, ја озваничил светоста на Касијана од страна на црквата на Александрија, како што и посакувале жителите на Касос. Присуството на Касијана ги засенува песнописците и музичарите на нејзиното време, зашто претставува веќе позната жена песнописец (пишувала и текст и музика) во историјата на ромејската музика. Имајќи особен дар, способност, осет и богатство на изразување, ставена е со право во делот на големите музикотворци. Во тоа ѝ помогнало големото образование, кое ѝ го дозволувало нејзиното благородно потекло. Нејзиното дело е надвременско и постојано современо и особено го трогнува православниот свет. На преподобна Касијана ѝ се припишуваат околу 45 дела, од кои 23 се без двоумење нејзини, додека потеклото на другите не е целосно познато. Исто така, таа има нотирано текстови на различни песнописци. Од попознатите тропари е славниот Господи, во многу гревови паднатата жена, на глас 8ми, кој се пее вечерта на Велики Вторник, како и ирмосите од првата и петтата песна на канонот на Велика Сабота. Нејзино дело е и еден канон За мртвите, сочуван само во еден ракопис, чие краегранесие (акростих) го содржи нејзиното име. Најголемиот дел од нејзините дела е сочинет од стихири за празнување на светители, како на пример, стихирите на рождество на Претечата. Нејзи ѝ се припишува и четирипеснениот канон Ἄφρων γηραλέε, како и многу стихири на слава – славици, помеѓу кои е и познатиот славик на Христорождество, Кога Август едниноначалствуваше на глас 2ри. Има напишано и 21 самогласни тропари, од кои само 7 се во употреба денес. Сочувани се и други нејзини небогослужебни песни. Според византологот Крумбахер, Касијана била особена личност и нејзиното дело се одликува со силно предложение, длабоко образование, самодоверба и смелост. Многу сочувство и длабоко богопочитување. И Софрониј Евстратијадис, осврнувајќи се на нејзиното дело, напишал дека се одликува со сладост на ненаситен мелост.
НОВОМАЧЕНИЧКА МАРИЈА ГАЧИНСКА исцелителка од депресија се празнува на 26 Јануари ( + 1930 ) Како што златото се очистува во оган, така и големите жалости, ја очистуваат, оживотворуваат, утврдуваат и оздравуваат душата. Св. Јосиф Петроградски Триесетина милји од Петроград се наоѓа градот Гачина, кој на сите Петрограѓани им е познат по своите градини, паркови и палати. Во тој град, пред Револуцијата, живееше надалеку познатата монахиња Марија. Револуцијата од 1917 год. матушка Марија ја дочека на болничка постела. После прележаниот енцефалитис (воспаление на мозокот), таа се разболе од т.н. Паркинсова болест (болеста го добила името по лекарот Паркинсон). Матушка Марија беше неподвижна, телото и беше како оковано, а бледото лице повеќе наликуваше на некоја маска, отколку на жив човечки лик. Можеше да зборува, но со полу – затворени усни, низ забите, споро и со едноличен тон. Затоа на мати Марија секогаш ѝ беше потребна помош, грижа и нега. Мораме да го спомнеме и тоа дека оваа болест често предизвикува и големи психолошки промени (раздразливост, заморно и тврдоглаво поставување на едно исто прашање, претеран егоизам и егоцентризам, појава на сенилност и сл.), па таквите пациенти најчесто завршуваат во психијатриска болница. Меѓутоа, мати Марија, која беше целосен инвалид, не само што не се растрои психички, туку покажа потполно необични црти на личноста и карактерот, несвојствени на таквите болни. Таа стана особено блага, кротка, скромна, повлечена, посветена на постојаната молитва, а својата тешка состојба ја поднесуваше без роптање. Токму поради тоа што беше кротка и трпелива, Господ ѝ испрати дар на утешителство. Така, неа започнаа да ја посетуваат потполно непознати луѓе, потонати во тага, жалост, депресија и крајно очајание. После разговорот со неа, секој пронаоѓаше утеха, чувствуваше олеснување на сопствената болка, стишување на тагата, смирување на стравовите и губење на депресијата и очајанието. Набрзо за оваа необична монахиња се дозна и надвор од нејзиниот град. Мати Марија живееше во дрвена куќичка на самиот излез од градот. Ја посетив во март 1927 година. Додека чекав да дојде мојот ред да влезам, ги разгледував бројните фотографии во приемната соба. Вниманието особено ми го привлече фотографијата од митрополит Венјамин ( петроградскиот новомаченик ) и митрополит Јосиф ( кој набрзо стана водач на јосефитското движење ). Митрополит Јосиф во својата трогателна посвета под сликата имаше наведено фрагмент од своето дело „ Во прегратката на Отецот “, додека митрополитот Венјамин кратко напишал: „ На длабоко почитуваната страдалница, матушка Марија, која заедно со оние кои многу плачеа, ме утеши и мене грешниот... “ Тогаш имав прилика да присуствувам на чудотворни исцеленија на многу напатените души. Еден младич, очаен поради апсењето на својот татко – свештеник, замина од кај мати Марија со насмевка, одлучувајќи да прими ѓаконски чин. Една млада жена, пронижана од тага, излезе озарена од радост и решена да стане монахиња. Еден стар човек, кој ужасно страдал поради загубата на синот, замина од кај неа утешен и охрабрен. Некоја стара жена, која дојде плачејќи, замина мирна и полна со сила. Влегувајќи кај мати Марија, ѝ кажав дека ме напаѓа страшна депресија, која понекогаш трае и по неколку недели, па никако не можам да пронајдам начин да се ослободам од неа. „ Депресијата е духовен крст “, ми рече. „ Таа, заради духовна корист му се дава на грешникот, кој не знае како да се покае, т. е. на оној кој после покајанието повторно паѓа во истите гревови...Затоа, постојат само два лека кои можат да го излечат ова, понекогаш особено тешко, душевно страдање. Човекот мора да се научи на покајание и да ги покаже неговите плодови. Или, пак, да го носи овој духовен крст, со понизност, благост, покајание и голема благодарност кон Бога, сеќавајќи се дека носењето на таквиот крст, Господ го смета за плод на покајанието...Каква голема утеха настапува откако човекот ќе разбере дека неговата обесхрабреност всушност е неприфатен плод на покајанието, т. е. некоја врста на несвесно себе казнување, во отсуство на бараните плодови...Тоа би требало да нѐ направи покротки, па депресијата постепено ќе исчезне, и ќе се родат вистински плодови на покајанието...“ Имав впечаток како некој, со овие зборови на матушката, да извршил хируршки зафат на мојата душа и го отстранил духовниот тумор...Од кај неа заминав како наполно нов човек. Во 1930 година мати Марија беше уапсена. Обвинета беше за контрареволуционерна пропаганда и учество во контрареволуционерното движење, во согласност со 10. и 11. параграф, 58 - ми член од советскиот закон за криминал. Покрај неа, уапсен беше и нејзиниот брат. Спомнатата организација ја сочинуваа само двајца луѓе, а антикомунистичката пропаганда беше нивниот дар на утешителство. Сведоците на нејзиното апсење, се сеќаваат на застрашувачките слики на потсмевање и грубо насилство над трпеливата маченичка, која беше неспособна да направи било какво физичко движење. Матушкиното кривично дело од политичко – религиозен карактер, доби поголема тежина поради нејзиното одбивање да го признае митрополит Сергиј, после познатата декларација од 1927 година, која доведе до раздор во Руската Црква. Апсењето се случи, така што двајца чекисти влегле во нејзината куќа, ја зграпчиле за рацете, свиткани зад грбот, и ја влечеле по подот од креветот па сѐ до автомобилот, т.н. црна марица (црна лимузина наменета за транспорт на уапсените во текот на ноќта, како што Солжељицин објаснува во своето дело „ Гулаг “). На пријателите на матушката им беше дозволено да ѝ носат скромни пакети во затворот. Меѓутоа, после само еден месец, вработените во затворот повеќе не ги прифаќаа пакетите и само кратко велеа: „ Умре во болницата “ . (Таквите беспомошни пациенти најчесто беа убивани). Нејзиното тело не беше испорачано. После девет месечна истрага, братот на матушката, кој пожртвувано се грижеше за својата сестра и кој примаше посетители, беше осуден на 5 години робија во сибирскиот концентрационен логор. Нека Господ ги упокои овие две прекрасни души. Света новомаченичке Маријо, моли Го Бога за нас! Иван М. Андрејев
СВЕТИ НОВОМАЧЕНИК АХМЕД Св. Ахмед бил роден во 17-ти век во Константинопол и потекнувал од турски исламски род. Тој бил образован човек и мошне богат. Имал видна позиција во државата бидејќи работел како препишувач во Големата архива. Кога се преобратил во православната вера, веќе бил во зрела возраст. Св. Ахмет немал законска жена, туку руска наложница-робинка, а со неа живеела и уште една стара жена од Русија. Двете биле благочестиви, а бидејќи Ахмед бил толерантен кон нивната вера, им дозволувал да го посетуваат христијанскиот храм. За време на празничните денови, старата жена одела во црква и земала од благословениот леб (антидорон - нафора), и ѝ носела на младата жена за да јаде. Исто така, ѝ носела и света вода за да пие. Со текот на времето, Ахмед забележувал кај нив некакви благодатни промени, кои се случувале секој пат кога старата жена се враќала дома после богослужбата. Секогаш кога Ахмед бил блиску до својата наложница чувствувал благоухание кое излегувало од нејзината уста и ја прашувал што јадела за да има таков мирис, но таа не откривала. По долго инсистирање, таа му признала дека тоа е од лебот кој бил благословен од свештеникот и кој ѝ го носела старата жена секогаш доаѓала од црква. Слушајќи го ова, Ахмед посакал да посети православен храм и да види како православните христијани го примаат овој благословен леб. Обземен од љубопитност, од свештеникот посакал да присуствува на Божествената Литургија на која ќе служи патријархот. Неговата желба била исполнета. Му било подготвено посебно место како на виден гостин, и тој облечен како христијанин отишол на богослужба. Според шеријата, муслиманинот има право да ги посетува христијанските храмови во секое време, но не за време на молитва. И така, за време на Литургијата, муслиманскиот чиновник неочекувано видел како патријархот блеска во светлина и бил подигнат од земјата кога излегувал од олтарот преку царските двери за да го благослови народот. Во моментот кога патријархот благословувал, од трисвештникот и од неговите прсти, излегувале зраци кои слегувале на главите на сите христијани, освен на главата на Ахмед. Тоа се случилонеколку пати и секој пат муслиманинот го гледал истиот призор. Вџашен од тоа чудо, Ахмед искажал желба веднаш да го прими светото крштение, кое и било тајно извршено над него, најверојатно од самиот патријарх. Одредено време, Ахмед останал таен христијанин, криејќи го своето христијанско име, и можеби затоа тоа не стигнало до нас. Како што меѓу муслиманските велико-чиновници и мулите, така и меѓу обичниот народ, имало многумина тајни христијани. Долги години тие оделе во „џамијата Аја-Суфија“, каде секој ден тајно извршувале христијански молитвословија. Тајни христијани има и денес во муслиманските земји. Исто така, постојат и христијани кои јавно ја исповедаат верата и со години го носат тој подвиг. Не се знае што точно се случувало со свети Ахмед во периодот додека бил таен христијанин, но со голема увереност може да се каже дека неговата љубов кон жената, поради која и станал дел од Црквата, сега, со нивната заедничка вера, оваа љубов прераснала во безмерно повозвишена и почиста. Со истата уверенст, може да претпоставиме дека светителот имал и наколку тајни средби со духовникот во храмот каде што се крстил, со цел да добие духовно раководство во православната вера. Тој останал таен христијанин сé до моментот кога еден ден отишолна ручек со некои муслимански велеможи и започнале разговор за тоа што е најважно во животот на човекот. Секој од нив го дал свое мислење. Еден рекол дека најважно е човекот да биде мудар, друг дека жената е најголемото нешто во светот, трет дека тоа е добрата храна… Кога дошол редот на Ахмед и го запрашале што тој мисли, тој неочекувано за сите нив гласно и ревносно исповедал: „Најголемото нешто од сé е христијанската вера!“ „Ти да не си христијанин?“ — со потсмев го запрашал еден од муслиманите. „Да, христијанин сум“ — полека, спокојно и јасно рекол светителот. Насмевката од лицето на оној што го прашал, се стопила… Тогаш Св. Ахмет смело почнал да го разобличува лицемерието и измамата на муслиманите, поради што неговите соговорници најпрво биле зачудени. Но, потоа тие со неопислив бес се нафрлиле на светителот и го одвлекле до судијата за да биде осуден на смрт. Така, на 3 мај 1682 г. Св. Ахмед примил маченички венец и се вознел на небесата за вечно да се радува на божествените наслади.
Житие на Преподобната мајка наша Ирина од Хрисоваланту Светата Ирина била ќерка на богато семејство од Кападокија, и се родила во деветиот век. По смртта на нејзиниот сопруг Теофил, царицата Теодора владеела со Византија како регент за својот млад син Михаил. Света Теодора (11 февруари) помогнала да се порази иконоборската ерес, и да се вратат светите икони. Ние го одбележуваме овој Триумф на Православието во првата Недела на Великиот пост. Кога Михаил бил на дванаесет години, света Теодора испратила амбасадори во целата империја да се најде соодветно доблесна и чиста девојка, за да биде негова жена. Света Ирина беше избрана, и таа се согласила на брак. Поминувајќи ја планината Олимп во Мала Азија, Ирина побарала да се запре, за да може да добие благослов од свети Јоаникиј (4 Ноември), кој живеел на планината. Светителот, кој се покажувал само на многу достојни верници, го предвидел доаѓањето на света Ирина, а исто така и нејзиниот иден живот. Светиот подвижник ја поздравил и и рекол да продолжи кон Константинопол, бидејќи женскиот манастирот на Хрисоваланту има потреба од неа. Изненадена од неговата визија, Ирина паднала на земјата и побарала од свети Јоаникиј благослов. Благословувајќи ја и давајќи и духовен совет, тој ја испратил на нејзиниот пат. Кога групата пристигнала во Цариград, роднините на Ирина ја пречекале со голема церемонија. Бидејќи “чекорите на еден човек се право наредени од Господа” (Пс. 37: 23), Бог уредил Михаил да се ожени со друга девојка, пред неколку дена, така што Ирина била слободна да стане невеста на Христа. Далеку од тоа да биде разочарана, Ирина се зарадувала на овој тек на настаните. Сеќавајќи се на зборовите на свети Јоаникиј, Ирина го посетила манастирот на Хрисоваланту. Таа била толку восхитена од монахињите и нивниот начин на живот, што ги ослободила нејзините робови и го раздала нејзиното богатство на сиромасите. Таа ја разменила нејзината фина облека за проста облека на монахиња, и им служела на сестрите со големо смирение и послушание. Игуманијата, била импресионирана од начинот на кој Ирина ги врши повеќето здодевни и несакани задачи без приговор. Света Ирина почесто ги читала житијата на Светите во нејзината келија, ги имитирала нивните доблести на најдоброто што можела. Таа често стоела во молитва цела ноќ со рацете подигнати, како Мојсеј на планината Синај (Исход 17:11-13). Света Ирина ги поминала следните неколку години во духовна борба победувајќи ги напади на демоните, и носејќи плодовите од Светиот Дух (Галатјаните 5:22-23). Кога Игуманијата ја насетила близината на нејзината смрт, им рекла на другите монахињи дека не треба да прифатат никој друг, освен Ирина како нова Игуманија. На Ирина не и било кажано за упатствата на Игуманијата и кога таа починала, заедницата испратила претставници да одат и да бараат совет од Патријархот, Свети Методиј (14 Јуни). Тој ги прашал кого сакаат како свој претпоставен. Тие одговориле дека верувааат дека тој ќе биде воден од Светиот Дух. Без да знае за упатствата на покојната Игуманија до монахињите, тој прашал дали имаат смирена монахиња со име Ирина во нивниот манастир. Ако е така, рекол тој, неа треба да ја изберете. Монахињите се радувале и Му се заблагодариле на Бога. Свети Методиј ја издигнал Ирина во чин на Игуманија и ја советувал како да ги води тие кои се во нејзина одговорност. Враќајќи се во манастирот, Ирина се молела Бог да и помогне да се грижи за оние кои се под неа, и го удвоила сопствениот духовен подвиг. Таа покажала голема мудрост во водењето на монахињите и добила многу откровенија од Бога, за да и помогне во извршувањето на нејзините должности. Таа, исто така, барала за дар на прозорливост, за да знае какви судови ги чекаат нејзините монахињи. Така, таа била во подобра позиција за да им даде соодветна помош. Таа никогаш не го користела ова знаење да ги засрами другите, туку само да ги поправи во нивните исповеди на начин со кој ќе им даде да знаат дека таа поседува одредени духовни дарови. Иако света Ирина извршила многу чуда за време на нејзиниот живот, да спомнеме само едно. На големите празници имала навика да бдее во манастирскиот двор под ѕвезденото небо. Еднаш, една монахиња, кој не можела да спие, излегла од келијата и отишла во дворот. Таму ја видела Игуманија Ирина како лебди неколку метри над земјата, целосно се обземена во молитва. Зашеметената монахиња, исто така, забележала дека два кипариса се имале наведнато со врвовите на земјата, како да оддаваат чест. Кога таа завршила со молитвата, Ирина ги благословила дрвјата и тие се вратиле во својата исправена положба. Плашејќи се дека ова би можело да биде искушение од демоните, монахињата се вратила следната вечер за да види дали погрешила. Повторно ја видела Ирина како лебди додека се моли, и кипарисите поклонети надолу. Монахињата врзала марамчиња на врвовите на двете дрва пред тие да се вратат назад на своите места. Кога и другите сестри виделе марамчиња на врвот на дрва, тие започнале да се прашуваат кој ги ставил таму. Тогаш монахињата, која била сведок на овие чудни настани открила на другите за она што го видела. Кога света Ирина дознала дека монахињата биле сведок на чудото и раскажала на другите, многу се вознемирила. Таа предупредила да не кажуваат за тоа никому сѐ до нејзината смрт. Света Ирина го одбележувала празникот на свети Василиј (1 јануари) со голема посветеност, бидејќи тој исто така доаѓал од Кападокија. Една година по одбележувањето на празникот, света Ирина слушнала глас во текот на ноќта кој и кажал да пречека некој морнар, кој ќе дојде на вратата следниот ден. И било кажано да се зарадува и да јаде од овошјето кое морнарот ќе и го донесе. За време на Утринската служба, морнар дошол на вратата и останал во црквата до крајот на Литургијата. Тој и рекол дека доаѓа од Патмос, каде што се качил на брод. Кога бродот запловил, тој забележал еден стар човек на брегот, како повикува по нив да застанат. И покрај добриот ветер, бродот ненадејно застанал. Тогаш старецот поминал по водата и влегол во бродот. Тој му дал на морнарот три јаболка, кои Бог му ги испраќал на патријархот “од Неговиот возљубен ученик Јован.” Потоа старецот му дал на морнарот уште три јаболка за Игуманијата на Хрисоваланту. Тој му рекол на морнарот дека ако Ирина јаде од јаболката, сѐ што нејзината душа посакува ќе биде дадено “зашто овој подарок доаѓа од Јован од Рајот.” Света Ирина постела една недела, благодарејќи на Бога за овој прекрасен подарок. За време на четириесет дена, таа јадела мали парчиња од првото јаболко секој ден. Во тоа време, таа не јадела, ниту пиела ништо друго. На Велики Четврток, таа им рекла на монахињите да ги примат Светите Тајни, и потоа им дала по еден дел од второто јаболко. Тие забележале необична сладост и чувствувале како нивните души биле хранети. Ангел ја известил света Ирина дека ќе биде повикани при Господа еден ден по празникот на свети Пантелејмон. Празникот на манастирот паднал на 26 Јули, па света Ирина се подготвувала со постот една недела однапред. Таа земала само малку вода и помали парчиња од третото јаболко, испратено до неа од свети Јован. Целиот манастир бил исполнет со небесен мирис и сите несогласувања исчезнале. На 28 Јули, света Ирина ги повикала сите монахињи со цел да се збогува. Таа, исто така, им рекла да ја изберат сестра Марија како нејзин наследник, бидејќи таа ќе ги задржи на „тесниот пат што води кон животот“(Матеј 7:14). Откако го помолила Бога да го заштити нејзиното стадо од моќта на ѓаволот, се насмевнала кога ги видела ангелите кои биле испратени да земат нејзината душа. Потоа, таа ги затворила очите и ја предала душата на Бога. Света Ирина имала повеќе од 101 година кога починала, но нејзиното лице изгледало младо и убаво. Голема толпа луѓе дошла на нејзиниот погреб и многу чуда се случиле на нејзиниот гроб. Во некои парохии е вообичаено да се благословат јаболка на празникот на света Ирина од Хрисоваланту. Се празнува на 28 Јули, односно 10 Август според новиот календар