Сакам дома да ни биде декорирано за Велигден, ама да не се претерува. Имам роднина, што секоја година нешто плус прикупува и веќе на ништо не и личи дневната за Велиген. Да му е страв на човек да седне на столица, затоа што ќе скикурика некој петел ти се чини од под неа Сакам скромна декорација, во светли, пастелни бои, во Џамбо видов пред некое време имаше прекраен избор на чинии и подлабоки садови за јајца, ми се допаднаа и боите и формата. Ама се додека е едно нешто такво на маса, а не 10. Ова украсувањево за Велигден ми се чини порано не постоеше кај нас (не дека сум против, ама како вулкан наеднаш еруптира од кога се појави, па сите почнаа да шизнуваат со претрупување и кој повеќе ќе изнастави еден куп глупости). Значи одмереност и со стил направено нешто, ептен почитувам. Еве вакво нешто на пример:
Леле, прекрасни се украсиве.. добро би било да се фатам за работа малце. Инаку јас лани направив цвеќиња од хартија, навистина прекрасни беа. Но го барам линкот од кај што го видов, ама не го наоѓам. Еве неколку идеи за вас
Јас денес направив неколку кошнички за јајца со балони (другите ќе ги подарам на баба ми и тетка ми ). Само да напоменам дека ако некој планира да ги прави, да не ве лажат оние туторијалине по интернетов шо се мотаат во кои конецот го ставаат во дрвофикс па го мотаат - то није истина (дека е лесно). Јас се изналепив цела и се изнервирав скрос и на крајот си намотав сув конец и на крајот го поминав одозгора со штирак (прскав со прскалка). И ваквите јајца-кошнички испаднаа многу поубави, дека постегнат им беше конецот што е намотан а таа „стегнатост“ не може да се постигне со воден (дрвофиксосан) конец. Ако некој ги нема видено какви се кошничките, еве линк : http://media-cache-lt0.pinterest.com/19 ... 5dc856.jpg
Што јајца се оние пред неколку поста овде во темава, белките бојадисани :О ??? А веќе е време за Велигденско украсување? Не е малку рано?
Ајде да ја живнеме малку темата. Јас годинава решив да направам велигденско украсно дрвце кое е традиција во повеќе западни земји. За оваа работа направив и тутпријал. Се надевам ќе ви се допадне. Поздрав Направи сам: украсно велигденско дрво Да да, добро прочитавте, може да имаме прекрасно украсено дрво не само за Нова година и Божиќ, туку и за Велигден. Само што овде лампионите ќе ги замениме со велигденски јајца, или подобро речено со лушпите од јајцата. Велигденското дрво е традиционално во повеќе западни земји и навистина изгледа многу интересно во просторијата каде сакаме да го поставиме. Традиционално ова дрво содржи дрвца и цветови типични за Велигден, како на пример цветови од праска или гранче од маслиново дрво, меѓутоа во зависност од она што го имате на располагање може да го персонализирате и да го направите со материјали и бои кои вам ви се допаѓаат. Целата идеа се состои во тоа што во една вазна (големината изберете ја сами) се ставаат разни гранчиња и цветови по ваш избор и се украсуваат со декорирани јајца. Во продавниците низ градов може да најдете навистина многу разни украсни велигденски јајца, меѓутоа може многу лесно да ги направите и сами (секако доколку сте љубители на проектите направи сам). Овие украси може да ги направите и со вашите деца, со што ќе ја поттикнете и развивате нивната креативност, а истовремено заедно ќе се забавувате. Ајде да започнеме со подготовката на украсните јајца. Ќе ви покажам неколку начини на кои може да го украсите јајцето, а вие секако одберете го она што вам најмногу ви се допаѓа. Пред да почнеме да ги украсуваме јајцата, најнапред потребно е да ја извадиме од внатре содржината (белката и жолчката), меѓутоа без да ја оштетиме лушпата на јајцето која ни е потребна за овој проект. Најнапред земете едно јајце и со помош на една игла (онаа за шиење) направете дупчиња на горниот и долниот врв на јајцето. Потребно е да се направт две дупчиња затоа што од едното ќе излегува составот на јајцето, а од другата ќе влегува воздух кој ќе ја олесни процедурата. Потребно е малку трпение. Мој совет ви е дупчето на горниот крај од јајцето (онаму каде сакате да го закачите) да биде помало, додека отворот на долниот крај може да биде и малку поголем (раширете го со помош на еден остар нож) со цел смесата полесно и побргу да излезе од самото јајце. Откако ќе ја извадите внатрешноста, јајцата убаво измијте ги со вода, оставете да се исушат и подготвени сме за декорацијата. Како што веќе напоменав, јајцата може да ги декорирате на разни начини, сѐ што треба да направите е да ја ослободите вашата фантазија. Во продолжение ќе видите на кои се начини јас ги декорирав јајцата за моето велигденско дрво. 1. Боење со лак за нокти Доколку имате лакови за нокти кои веќе не ги користите не ги фрлајте, туку искористете ги за овој проект. Земете го јајцето и со помош на лакот избојте го од сите страни (може да го направите во една боја или во повеќе бои да биде повесело). Откако лакот ќе се исуши, врз него може да нацртате нешто со друг лак, или пак како мене да ставите лак со светки за поинтересен ефект. 2. Техника декупаж со шарени салфетки Оваа техника е една од моите омилени, јајцето изгледа прекрасно, а воопшто не е тешко да се направи. Сѐ што ви е потребно е една шарена салфетка (може да биде велигденска, но и не мора). Одберете ги формите или шарите од салфетката кои ви се допаѓаат и исечете ги. Јајцето премачкајте го со белка (онаа која ја извадивте од самото јајце) која во случајов ќе служи како природен лепак. Врз неа редете ги формите од салфетката онака како што вам ви се допаѓаат. Oткако ќе ги наредите повторно премачкајте го јајцето со белка за убаво да ја зацврсне салфетката одозгора. Оставете да се исуши, додадете една украсна врвца која ќе ја протнете во горното дупче од јајцето и слободно закачете го на вашето велигденско дрво. 3. Декорација со шарен текстилен материјал Ова е исто така многу интересен метод, а воопшто нема да биде потребен никаков лепак. Земете парче материјал со шара која ви се допаѓа, обвиткајте го околу јајцето и заврзете го со една украсна врвца на врвот и исечете го она што останало да виси од материјалот. Може да додадете и некој детал како цветчето кое го ставив јас. 4. Декорација со циркони За оваа техника потребни ви се циркончиња (големината и бојата секако зависат од вашата желба) и лепак. Во еден пластичен сад најнапред ставете ги вирконите. Јајцето премачкајте го со лепак и валкајте го во садот со циркони се додека не се залепат врз него. Повторете ја оваа постапка неколкупати со оглед на тоа што некои од цирконите ќе испаднат од јајцето. Оставете да се исуши и вашето светкаво шик јајце е готово. Додадете украсна врвца и закачете го на вашето велигденско дрвце. Ова е моето велигденско дрвце за оваа година (ќе додадам уште јајца го објавив за да ви дадам време да го направите со оглед на тоа што Велигден се ближи). Ова е велигденското дрво кое го имав во станот во Рим. Може да видите дека е баш традиционално направено со гранчиња од маслиново дрво и вештачки цветови од праска. Идејата и изборот на гранки и бои беше на пријателката со која го правевме, така да фактички таа е заслужна за ова ремек дело. Се надевам дека и оваа статија ви се допадна и дека ќе се обидете да ги направите овие толку едноставни, а сепак многу ефективни велигденски украси кои, не само што ќе го разубават вашиот простор, туку ќе внесат и радост за време на претстојните велигденски празници. Вики