Јас го нанесував на цело лице, а имам другари кои ставаат само на акните. Сепак тој избор е, но мислам подобро е на целото лице. Инаку јас дојдов овде да го пофалам Blackhead toner од орифлејм. Ми го врати лицето во живот. Го бев купила пред неколку месеци, го земав за 250 денари. Сакав онака да го пробам бидејќи си имав проблем со црнките и сакав да ги исчистам па стално купував различни производи кои дефинитивно не ми помогнаа. Тонерот кога го пробав, го користев можеби една недела не забележав никаков ефект и крајно многу се разочарав и го оставив така да ми стое. Пред една недела го забележав и си реков да му дадам уште една шанса пред да го фрлам. Го ставав насабајле, на измиено лице (се нанесува со памук) и навечер. Кога го ставеш малку пецка, доколку има некоја акна која е иритирана, инаку така не се осеќа ни затегнување на лицето ни ништо. Пред некој ден приметив дека порите ми се намалени а црнките по некоја исчистени, сигурно треба поголем временски период да се користи за да има поголем ефект. Ептен длабински ја чисти кожата, ја отстранува нечистотијата, мртвите клетки, мрснотијата и спречува појава на црнки. Исто така приметив дека спречува појава на акни, а на мене и старите ми заминаа откога почнав да го користам само не сум сигурна дали е од тоникот или така си поминуваат самите, не остануваат флеки што е голем плус. Јас од дермогалот си го исчистив лицето ама ми останаа флеките. Ви го препорачувам на сите што си имате проблем со црнки и пори. Вреди за парите. Во план сум да си ја купам целата колекција, дефинитивно се исплаќа.
Јас еве веќе втор ден го користам Дермогалот,и гледам малку подобрување арно ама ми искааат и нови мали ситни акни со гнојче.Незнам само од каде толку многу искачаат.И да,имам флеки кои којзнае како ќе ги средам.Ама веќе ми се смачи,стави ова,пробај она и никако да го доведам лицето во ред,да си го вратам во нормала
Има ли некоја од вас искуство со Хунза-маслото од семки од кајсија? Имам читано дека покрај тоа што е многу здраво да се пие (го содржи витаминот Б17 кој е докажано добар при борба со рак), дека е добро и да се става на лице. Јас имам проблематично лице, па би сакала да пробам да го ставам на лицето-да видам дали ќе има некакви резултати, но ми е страв дополнително да не ми се исфрла лицето.
Јас веќе долго време користам мед,цимет и морско оревче за чистење на лицето,ама немам некој голем проблем со мозолчиња,така да незнам како ќе ти делува тебе.Секако, можеш да пробаш, нема некои последици.Само измешај исти количини од работиве(по 1 лажица), намачкај го цело лице и остави да делува околу 30 минути.После можеш само да го измиеш со вода и толку.
@AngelinaJoliee јас ги имав нарачано и џабе парите, немаше никаков ефект кај мене. А читав и по форумов исти коментари.
Здраво девојки, еве уште по недела сабајле, сакам да ви напишам нешто во врска со третманите за чистење на масната кожа која е склона кон акни и бубуљици со помош на етеричните масла. Некои етерични масла се одлична природна алтернатива за убаво и чисто лице, но секако треба да се биде многу внимателни со нивната употреба и пред се количините. Никако не се нанесуваат чисти на лицето со оглед на тоа што се доста концентрирани, туку секогаш растворени. Во продолжение ќе прочитате кои етерични масла според мене се најделотворни кај проблематичната кожа и на кој начин да се користат. Поздрав и пријатен неделен ден на сите Најдобри етерични масла како лек против акни и бубуљички Еден од најпознатите алтернативни начини на лечење на многу неправилности кај масната кожа на лицето е токму употребата на етеричните масла. Меѓутоа при овој метод треба секогаш да се биде многу внимателни со оглед на тоа што етеричните масла се чисти и многу концентрирани, и нивната погрешна употреба може да доведе до сушење на кожата во најмала рака, или пак во најлош случај до изгореници. Затоа никогаш не треба да се користат чисти на кожата, туку секогаш разредени во базно масло и тоа во различен процент во зависност од тоа дали ги користиме за лице, тело или коса. Во денешнава статија ќе говорам за четирите најпознати и најделотворни етерични масла (барем според мене) како лек за неправилностите кај масната кожа, односно: чајно дрво, лаванда, рузмарин и лимон. 1. Етерично масло од чајно дрво е можеби и најпознато како лек против акни и бубуљици. Има прочистувачка и антивоспалителна моќ и не само што ги суши евентуалните бубуљички, туку истовремено ја прочистува кожата и го спречува воспалението на кожата. 2. Лавандата има омекнувачко својство врз кожата, ја смирува, чисти и делува антибактериски. Ја подобрува обновата на клетките на кожата. Ова е можеби единственото етерично масло кое во одредени случаи може да се користи и директно на кожата, во случај на убоди од инсекти, болки во главата или мигрена (подетално ќе говорам во некоја од следните статии). 3. Етеричното масло од лимон има големо прочистувачко, дезинфекциско и антибактериско дејство врз кожата, помага кај лузничките предизвикани од акни и се користи и како природен лек за избелување на кожата. 4. Етерично масло од рузмарин има тонизирачки и прочистувачки ефект врз кожата, и затоа е доста употребувано како лек против акни. Одлично ги затвара порите на лицето, а исто така ова масло дава одлични резултати и во избелување на темните дамки од кожата кои може да настанат како резултат од сонцето или за време на бременоста. Откако ги разгледавме четирите најделотворни етерични масла, барем според мене, ајде да ви објаснам на кој начин може да ги употребувате. 1. Третман за испарување на лице Овој третман има огромна прочистувачка моќ на кожата. Еднаш во две недели направете една парна купка од литар вода во која ќе додадете околу 6 капки етерично масло по ваш избор, или пак микс од две масла на пример 3 капки лимон и 3 капки лаванда. Кожата на лицето треба претходно да биде убаво исчистена и шминката секако извадена. Мој личен совет ви е откако ќе ја загреете водата да капнете 6 капки во неа и покријте го тенџерето и оставете да отстои така околу две три минути. Потоа многу внимателно (не го доближувајте лицето многу блиску до тенџерето), на поголема далечина наведнете го лицето врз тенџерето и покријте ја главата со пешкир и стојте така околу 5 мин. Пареата со етеричните масла ќе заврши во вашата кожа која секако ќе има многу бенефиции од третманот за прочистување. Како што напоменав, овој третман доволно е да правите еднаш месечно доколку немате поголеми проблеми или евентуално на две недели. 2. Тоник за лице Од 3 до 5 капки етерично масло се раствораат во 100 мл. дестилирана вода и со оваа смеса се чисти лицето навечер, тапкајќи ја кожата со едно памукче. Доколку сакате одличен тоник за масна кожа кој навистина прекрасно функционира во тој случај еве ви еден рецепт кој веќе го имам објавено, ама во случај да сте го пропуштиле не е на одмет да го повторам. Станува збор за тоник со чај од ројбос. Во половина шоља врела вода (најдобро деминерализирана) потопете две лажички чај од ројбос и оставете да кисне околу 30 мин. Процедете го и префрлете го во чисто шишенце (кое може да биде спреј или обично) и додадете му една лажичка јаболков оцет (најдобро ако имате органски) и 3 капки етерично масло (јас секогаш користам лаванда). Протресете го добро шишенцето и нанесете го тоникотна лицето со помош на памук или дискета на исчистено лице. Вака подготвениот тоник се чува во фрижидер и трае од 2 до 3 недели. Сетете се убаво да го протресете шишенцето пред секоја употреба со цел етеричните масла да се спојат со течноста. 3.Масло за лице Растворете 10 капки од едно од горенаведените етерични масла во 50 мл. базно масло како на пример јојоба, арган или лешник кои се одлични како третман за масна кожа. 4. Маска за лице Доколку сакате овие масла да ги употребите во една убава маска за лице, во тој случај капнете 2 капки (не повеќе од 3) од едно од горенаведените масла во дозата потребна за една маска за лице. Еве ви еден рецепт за супер прочистувачка маска за лице на база на глина. 1 лажица зелена глина се меша со една лажица зелен чај (или дестилирана вода), и на таа смеса се додава една лажица мед, една лажица масло по ваш избор (маслиново, кокос, јојоба, арган) и 2 капки етерично масло (од горенаведените). Ако смесата е прегуста ставете уште малку чај ако е течна ставете уште малку глина додека да добиете убава смеса која лесно се нанесува на лицето. Се нанесува на чисто лице со помош на четкичка и се држи 10 мин. Маскава е навистина одлична убаво ја затегнува и чисти кожата. Важно нешто е зелената глина да не се зема со метална лажица затоа што реагира во допир со метал. Може да се користи пластична или дрвена лажица. Исто така и садот во кој ја мешате не треба да биде метален. Доколку имате чисто лице, а од време на време ви излегува по некоја бубуљичка (една до две за време на циклусот) на едно памучно стапче (она за чистење на уши) капнете една капка етерично масло (едно од четирите етерични масла кои ви ги предложив) и ставете го стапчето директно врз бубуљичката. Овој метод може да ви помогне многу брзо да ја исушите самата бубуљичка. Бидете навистина многу внимателни, допрете го стапчето само врз бубуљичката никако врз остатокот од кожата, за да нема несакани последици. Не претерувајте, доволно е еднаш дневно да го направите ова, се додека не видите дека бубуљицата почнала да се суши. Никако не ги стискајте бубуљиците затоа што на тој начин ја инфекцирате кожата наоколу и предизвикувате создавање на повеќе несакани бубуљици. Секако доколку имате нечистo лице и станува збор за повеќе бубуљици, во тој случај користете го методот со раствор на етеричните масла во базно масло. Најискрено моето омилено масло од овие е секако лавандата и најчесто него го употребувам во третманите за чистење на кожата, само или во комбинација со рузмаринот. Секако сите сме различни и можеби на вас подобро ќе ви одговара етеричното масло од лимон или чајно дрво. Само да напоменам дека лимонот никако не треба да го користите летно време затоа што е фотонестабилен и реагира во контакт со сонцето создавајќи темни флеки на лицето. Користете го само зимно време. Исто така за време на бременоста мора да се биде многу внимателни со употребата на етеричните масла. На пример етеричното масло од рузмарин мора да се избегнува во текот на целата бременост и за време на доењето, додека дозволена е употребата на лавандата и тоа во многу мали моличини. Максималната дозволена концентрација за употреба е 0.5% раствор за нега на телото, односно од 12 до 15 капки етерично масло во 100 мл. базно масло. За нега на лицето (со оглед на тоа што оваа статија се однесува токму на тоа), лично препорачувам 4 капки етерично масло од лаванда во 50 мл. базно масло како јојоба, лешник или арган. Сепак најдобро е да се биде умерени. Секако за било што консултирајте се со вашите гинеколози. Се надевам дека оваа статија ви беше од корист. Голем поздрав и до скоро читање. Вики
Девојки, дали имате искуство со оваа крема за лице? http://www.nevena.co.rs/index.php/sr/kozmetika-za-mlade/puzzle-antibakterijska-krema.html
Здраво Вики, најпрво да ти кажам дека многу ми се допаѓа твојот блог. Браво за одличната статија, се гледа дека имаш доста познавање од областа. Би сакала да те прашам од каде ги купуваш етеричните масла поточно маслото од чајно дрво? Имам многу читано за полезните дејства на ова масло па би сакала да си го купам и да си ја направам маската што да предложи. Фала ти однапред. Се најдобро
Јас читав претходно во темиве дека мн се фалеа од ваквиот гел за миење лице, па ме интересира каде ја виде кремава? И случајно да не виде иста марка гелче за миење на лицето? Едно време ги повлекоа ама изгледа сега се пак пуштени во продажба
@Biodevojka Сакав да те прашам дали си информирана за некое средство за хемиски пилиг на лицето? Нели ги има они стандард пилинзи кои се со гранули внатре, е јас не мислам на тој туку пилинг што се врши со AНА и BHA киселини (AHA alpha hydroxy acids и BHA beta hydroxy acid). Не знам на македонски како се викаат точно ниту дали има можност кај нас да се најде такво нешто. Ако знаеш нешто би ми било од помош да ми кажеш. Фала
Здраво драга Вивиет, најнапред ти благодарам за убавите зборови. Јас лично маслата ги купувам од Биокулт во гтц на 2 спрат. Марката е Флора и цените се движат од 300 па нагоре во зависност од маслото. Овие масла се органски и 100% природни. Е сега, случајно најдов и уште едно масло од чајно дрво кое чини 190 денари од марката ЕСИ, на опаковката пишува 100% природно и чисто и дури го препорачуваат и за внатрешна употреба што е доказ плус дека е чисто (инаку не би смеело да се конзумира по орален пат). Е ова масло не е органско. Лично го немам пробано ама се мислев да го купам за да го истестирам дали е 100% чисто и евентуално да го рецензирам ако ми се допадне. Ова масло го забележав во аптеката Ани Фарм во т.ц. Капитол. Голем поздрав. Драга, знам за каков пилинг ми зборуваш, само што овде немам забележано некој убав производ за хемиски пилинг. Доколку сакаш можам да ти предложам неколку домашни пилинзи со овошни киселини (и онака овошје во Македонија колку и да сакаш, поевтино ќе ти дојде а башка и свежо припремено) или пак со млеко доколку сакаш. Јас дури барав и убави креми на база на АНА или со витамон Ц, ама не најдов со убав состав за оние лошите со парафин колку ти душа сака. Доколку сакаш рецепти слободно пиши, ти стојам на располагање. Поздрав и до тебе.
Не можам да го редактирам претходниот пост па овде да пишам. Само што го купив етеричното масло од чајно дрво на ЕСИ. Ќе го истестирам деновиве (чистина, квалитет, ефикасност) и ќе направам рецензија за истото и на кој начин да се користи. Поздрав
Цел живот имав пречисто лице,буквално ни едно пореметување не ми се јави ни во пубертет,а сега на 26 години лицето ми е ломови...користев крем здраве демек ајде ефикасен е ако е ефтин,крем од невен од Афродита,го миев со сапунче Дав и Бекутан,користев бадемово масло,разни гелови за миење и ништо не помага,деновиве заприметувам дека како лузни мали ми остануваат девојки што би ми препорачале? знам дека има разни совети страници наазад,ама барам да се јави некоја со стрикно решение за мојов проблем,бескрајно би била благодарна
Пробај ставај пудра на акните , или паста , мене од тоа ми минеа и од кога престанав да ги стискам ми е чисто лицето , а пред некој месец се копав ко луда и лицето ми беше и флеки и акни сега немам.Кога се миеш со сапун остај го да ти се исуши 15-20 мин.на лицето да ти се исуши буквално и после се измиј минат флеките.Пиши дали имаш ефект.
Мила, јас би те советувала да си идеш на дерматолог да те прегледа и тој да ти даде соодветни препарати за твојот тип на кожа, бидејќи секоја кожа е различна. Имам проблематично лице од секогаш, слушав разни совети, пробував различни работи и да ти кажам не ми помогна ништо се додека лекар не ми препорача неколку работи што одговараат баш на моето осетливо лице, па дури и пудрата ми ја смени. Инаку мене лично многу ми помогна лосионот Леа од Фитофарм, и имав препишано една дневна крема и некоја течна пудра за навечер што ми ги правеа директно во аптека по рецептата од докторката. Лосионот сеуште го користам во комбинација со некој сапун како Бекутан и слични и почнав да користам една крема Здравје, бугарска е во плаво паковање. Доста брзо ми ги заздравува акните, а и било какви ранички ако имам. А за лузни и јас барам решение, така да нека ни помага некој и на двете Поздрав Рамичка
Ист проблем имам и јас и јас како тебе пробај ова,стави она,мачкај со што ќе слушнам дека е ефикасно и знаеш што,лицето ми се направи лом,цело лице ми е со флеки и бубуљици со гној па конечно се освестив после цел месец мачење и нервирање и вчера бев да ми најдат термин на дерматолог.Денес бев крвна слика да направам па на 26-ти ми закажаа на дерматолог.Може ќе треба хормони да испитам и на гинеколог ќе отидам мада никогаш не сум имала проблем со цисти ама се од корен ќе проверам.И да,сама доктор да ми го види лицето и да ми даде соодветно што да користам за да можам да го опоравам.Така да мој совет ти е само на дерматолог да си отидеш пошто се влошува ситуацијата верувај. Еве мене ни Хлоракол,ни Дермогал,ни кремата на Докторс,ни Здраве,нити на Алверде геловите кои се органсак козметика не ми одговараат,од се ми се довоспалува. Инаку имам 28 години и знам дека ова не се нормални бубуљички што ќе поминат сами од себе.А и јас како тебе никогаш па ни во пубертет сум немала ниту една акна и флека,чисто лице кое никогаш не сум го мачкала со пудри и чуда.