Биографијата на авторката бележи дека таа често пишува за мултикултурализмот, еднаквите права на жените, спротивставеноста на Западот и Истокот. Ова звучеше доволно привлечно за да почнам со читањето веднаш. Иако книгата почнува бавно и првите неколку страници ме наведоа на помислата дека ќе биде здодевна, сепак, понатаму, напротив, дејството се одвива брзо, раскажано на еден интересен стил со јасно издвоени карактеристики кај секој од ликовите. Спојлер Асја ја имала судбината да е копилето (колку и да не го сакам зборов, морам да го употребам тука) од Истанбул. Од една страна, да се биде вонбрачно дете во Истанбул и не е така лесно, но од друга страна, токму тој факт ја прави неверојатна, почнувајќи од самиот почеток на нејзиното постоење, кога сплет на околности оневозможуваат мајка ѝ да абортира и да се откаже од неа. Со цела женска свита околу неа, таа е дел од семејството Казанџи, во кое машките примероци не преживуваат баш многу. Додека Асја се обидува да помине преку серијата секојдневни ексцентричности тивко потпевнувајќи си Why me, Lord, what have I done..., остро бунтувајќи се против сè и сешто и висејќи во едно локално кафуле со пријатели доволно стари да ѝ бидат родители, на другата страна од океанот живее Армануш, растргната помеѓу спротивставените очекувања на нејзините разведени родители. Двете девојки не ни помислуваат дека се посуштински поврзани. И покрај заедничкиот копнеж по слобода и независност, едната девојка бара нишка поврзување помеѓу минатото и сегашноста, за да го пронајде својот идентитет, со што ќе си помогне во иднината, додека другата девојка потајно посакува да нема минато, да побегне од него, а и од сегашноста. Многу ми се допаднаа вешто извајаните ликови – секој ексцентрик на свој начин, а сепак делуваат реално. Ме исфрустира различниот третман на мажите и жените, лажната моралност и стремежот кон привидни семејни вредности. А најмногу од сè ме исфрустира реалната потреба на мајката на Асја долго да ја чува горчливата и мрачна тајна за нејзиното зачнување, поради што, откако ја затворив книгава, грутката во грлото стоеше уште некое време.
Мене оваа книга многу ми се допадна со многу добро оформени личности, секој специфичен и различен на свој начин. Интересна, непредвидлива содржина која те бржи во неизвесност до самиот крај. Вреди да се прочита!
Сега ја видов темава, а претходно веќе го кажав своето мислење во „Последна прочитана книга...“ „Копилето од Истанбул“ е прекрасна книга која ми се допадна и ми остави силен впечаток... Темата е интересна, испреплетена со настани од минатото и сегашноста, опишувајки го животот на турската жена...
Ми се допадна. (На минорните грешки во преводот ќе замижам.) Особено ми се допаднаа деловите кога го опишува пазарот, па некои продавнички... милина. Чувствуваш миризби на цимет и гледаш околу тебе шаренила во сите бои. Ептен сликовито и речито. Музика со зборови. А за тоа колку интелигентна и интригантна беше приказната.... Одлично!