Знаењето ќе се открие самото кога ќе дојде вистинското време. Можеби тоа е она за што е целото животно патување. Потрага. Барање на вистината. ... а тоа всушност се обидуваат да го пронајдат и главните ликови во овој извондреден трилер на Џејмс Ролинс, за кој верувам дека сите што ќе го прочитаат ќе останат без здив. Хаосот започнува во Келн, Германија, на вечерната миса во Катедралата на Тројцата магови, кога група вооружени луѓе влегуваат и ги крадат коските на Магите. Се случува масакар, во кој има само еден преживеан, но не за долго. За да се открие кој стои зад ова убиство, Ватикан ангажира специјалци од СИГМА, на чело со Грејсон Пирс, како и Монсињорот Верона и неговата внука, Рејчел Верона. Сите заедно се обидуваат да ја решат мистеријата, меѓутоа не се единствените што ја бараат вистината. Жената Змеј и уште неколкумина други личности имаат иста цел. Заплеткан во сево ова е и тајниот Змејски суд. Истрагата најпрво ги води во Рим, во Ватикан, но не завршува тука. Продолжува низ скриените и загубени места во Медитеранот, каде што се вкрстуваат религијата и науката, под земја и под вода. Италија, Швајцарија, Франција, Египет... Последната трага ќе ја најдат крај изгубениот гроб на Александар Македонски.... Ова е роман кој изобилува со мистерии, со секоја нова страница носи нови изненадувања и едноставно не се испушта од раце. Изобилува со познавања од сите области, почнувајќи од религија, потоа разни науки: хемија, физика, биологија, продолжува со историја... Се откриваат многу интересни факти, замешувајќи ги Масоните, Ватикан, тајната црква во Ватикан, Змејскиот Суд и многу други интересни работи. Роман за храброста, мистериите, знаењето, светската историја и одредена доза на романса. Динамичен роман, кој останува во долго сеќавање. Но, и покрај сите напори на главните ликови, и покрај сите сплетки и опасни ситуации низ кои поминуваат, и покрај сите загатки кои ги решаваат, покажано е дека вистината се открива, во моментот кога ќе дојде вистинското време. Премногу рано... премногу доцна... Последна порака да се живее во сегашноста. Да се прифати минатото и да не се брза кон иднината.