Во кои маркети најчесто пазарувате, каде сте најзадоволни од понудата и услугата? Веро и Рамстор се по мене најснабдени, секогаш има се и е убаво наредено. Од Тинекс ич не сум задоволна во последно време, рафтовите се несредени, вработените изгубени, а и едвај ќе ги најдеш ако сакаш нешто да прашаш. Особено бев изнервирана летото кога отидов да земам вино, беше околу 10 за 9, веќе беше заклучано, прво ме прашаа што сакам да земам и откако слушнаа мало вино, ми рекоа дека не можеле да отклучаат, додека сум стигнала на каса ќе било веќе покасно од 9 СП маркетите се ок, ама малку со чуден распоред на производите, додека да се снајдам ехее.. Може да споделуваме информации и за наградни игри, актуелни понуди итн.
Мене на прво место ми е рамстор. Помини замини секој ден морам да влезам. Се знам кај е на памет Во Тинекс и во Веро лесно е човек да се снајде ама се согласувам со фемина вработените во аут, додека Сп, и она новото веро се стварно снабдени ама распоредот хаооос. Врти врти па изгуби се Мајка ми сака да пазари во кам, јас баш и не сакам. Ептен ретко одам. И во едното Жито велес еднаш со татко ми отидовме во лебовите имаше бубашваби и не сум влегла веќе таму, а во другово знам да подвлезам за мастики, сок, или нешто слично ... а мислам дека и тие се прилично добро снабдени.
Од маркетите на располагање ги имаме: Туш, Мајмаркет,Тинекс,Елида,Супер с`рк, Кам, а СП маркетот го затворија, бидејќи некако луѓето немаа навика да го посетуваат. ТУШ- престанав да пазарам од летово. Влеговме со мајка ми да купам вода и сладолед, а целиот маркет мирисаше на мрша, најверојатно од месото. Едвај успеав да стигнам на касата и ми се слоша, па ја оставив мајка ми да плаќа, а јас ја чекав надвор.Имаат некои производи на акција,но воглавно поскап е маркетот за разлика од другите. Мај Маркет-сега за сега најарен.Огромен, снабден, прегледен,вработените се љубезни и најчесто пазарам таму. КАМ- најефтин од сите, но некако немам навика да пазарам таму, освен кога ми требаат таблетки и сол замашина за садови. ТИНЕКС-пазарам повремено и воглавно сум задоволна. А во останатите маркети влегувам ептен на поминување, ако сум во близина и нешто итно ми затребало.
Јас ги гледам работите од друг аспект, Најблиску и со паркинг. Одам со брат ми пазаруваме со кола, од причина што купуваме вода, горска пет литри, газирана вода пакет, пролом вода пакет, и тоа се случува еднаш на недела ипол. Снабдени се генерално добро (неможам да ги споредам со Веро, но за ситни работи знам и пешки трк до Веро да си купам,доколку ги нема во Тинекс). Секогаш маркетот(конкретно во тој што пазарам) има слободен паркинг, а не да вртам кругови додека се паркирам во Веро (Аеродром), и прашање е дали ќе најдам. За услужливоста на вработените не сакам да дискутирам, зошто сега за сега не сум наишла на некој проблем, па и не ми е битно во голем маркет да ми се нешто посебно услужливи, доволно е со прст да ми покажат кај е тоа што го барам. Важна ми е и атмосферата, во големите маркети, Веро, Тинекс, Рамстор, пуштаат добра музика, тоа дава можеби мал, но значителен стимул на луѓето да останат подолго да не им се здосади. Исто така ми се допаѓа што има играчница за деца, што е важно за семејствата со мали деца. И друго сакам да кажам,Тедико ми се допаѓа нивната маркетинг политака и тактика, како им е замислена,и како ја спроведуваат и хуманитарните акции на годишно ниво, но таму атмосферата не ми се допаѓа, а и не ми е што би се рекло "уз пат".
Кога сум дома, пазарам најчесто од СП Маркет и од Кам. Од СП задоволна сум, добро е снабден, има голем избор, прилично нормални цени. Една причина плус што пазаруваме таму е дека е „уз пат“ и дека има свежо месо. Има неколку вработени од кои сум задоволна, а повеќето се или шмизли што се лигават и те гледаат попреку, или „украси“ кои или се шетаат низ продавница со рацете в џеб или седат пред врата за пречек на муштериите. Арно сега помалку се и си бркаат работа, на почетокот кога го отворија имаше повеќе вработени од муштерии. И од Кам сум задоволна. Ми годи тоа што цените што се пониски, за малку пари можеш да купиш повеќе работи. И производите им се квалитетни, немам замерка. За вработените - арни се. Порано пазарувавме од Супер Марио, и сега понекогаш, но ги совлада конкуренцијата, опаднати се последниве 2 години, па ги покачија и цените за некој денар. Порано беа многу јаки, најдобри во градот, организираа наградни игри за Нова Година и за други празници, даваа клуб картички, гратис производи за остварен одреден број на поени и сл., а и вработените им беа и уште им се многу љубезни. Во Скопје, најмногу купувам од Кам, па од МаксиД, најмалку од Тедико, без некоја причина. Некогаш, кога сум низ Центар, купувам и од Веро и од Рамстор и сум задоволна и од двата. Ем добро снабдени, ем огромен избор, а и многу е добро да имаш клуб картичка, па купуваш и со попуст.
Веро. Ептен ми е пред носот, плус имаш еден куп, ама буквално еден куп работи. Па обожавам внатре да се шеткам, корпата и јухуу, полека си гледам, си разгледувам, музиче пуштено. Прво книгички, па одам кај парфеми, ѕиркам кај овошје, зеленчук, вртам накај лебовите... ма, мераци. Некогаш дури и патот си го кратам преку Веро, ако ме гледа некој од обезбедување, ќе си рече, оваа ненормална, влегува, се вози на ескалаторите и си излегува. Не ми се исплаќа да одам, не знам, до Тинекс или што ти знам каде, кога разликата е незначителна, денар или два. А треба за ова клуб картичка да се распрашам, ако знае некој нека каже што, како оди таа работа. Само имам еден проблем кога влегувам во супермаркет - влегувам за да купам една работа, а излегувам со пет-шест.
Храна купувам во Веро. Можеби е малу поскапо од другите маркети, но е снабдено, средено, навистина купувањето е задоволство. На едно место наоѓам се, од квалитетно месо, свежа риба, овошје, зеленчук (ако немам земено од пазар), леб, колачи, голем избор на сирења па се до козметика... Никогаш не се случило нешто да е на промоција, а потоа кога ќе дојдам на каса да ми кажат пу, пу не важи (што е многу чест случај во Тинекс). Сега собирам купончиња за чашите на БОХЕМИА со поволна доплата (за 6 вински чаши доплата околу 380 денари) и едвај чекам да ги земам. Е детергенти, омекнувачи, средства за хигиена, или хемикалии како што си ги викам, купуваме од дуќаните на Кванташки, и тоа му го оставам на сопругот.
Тинекс ми е преку улица (тој кај драмски што е) и искрено се‘ е супер. Усужливи се и никогаш не ми направиле проблем. Си земам најмала количка и се шетам низ рафтови, меѓувремено си пеам (многу убава музика пуштаат), па се качувам горе си чепкам по козметиките... ехеее.. прав одмор ми е Плус во овој Тинекс има и готова храна (месо, макарони, манџа, риба, салати..) и се исплаќа Веро во Тафталиџе ми е на 5 минути, и одам и таму понекогаш да се рашетам, ама се нервирам бидејќи цените им се поскапи од Тинекс и купувам она што го нема таму. Кам одам тоа што е во Буњаковец, има одредени работи кои ги купувам од таму и баш се убави. Таму воопшто не е забавно (не пуштаат музика), ама цените им се навистина океј.
Ние пазаруваме во Тинекс, некако навикната сум. Многу често бидејки сами живееме а јас до 17 часот сум на работа си купуваме од готовата храна како што е гравче, мусака, сарма... и навистина е многу вкусно. Исто така ни пржат и се што сакаме на пр. риба, стек, кременадли итн.
Најмногу сакам да пазарувам во Рамстор и Веро. Најснабдени ми се, а во Веро персоналнот е многу љубезен. Тинекс не го сакам воопшто, теткиците на каса секогаш ме вадат од такт со тоа нивното немање ситно. Тедико, некогаш налетувам случајно, но немам навика таму да купувам козметика и слични работи. Кам маркет ми е во комшилук, производите им ги знам напамет, како и вработените на комшиска база, евтини се, и ок. Веќе кога е пред зграда... за секојдневно пазарење таму сме.
Тука во Тинекс на каса работи една антипатична тетка,која ако ви го наслушне муабетот додека ви дава кусур ќе ви одржи бесплатна животна лекција. Затоа јок Тинекс, поради неа. Така да јас најчесто пазарувам во Веро и Рамстор и онака има поголем избор,а Кам ретко, освен ако не ме натера мајка ми да и правам друштво.
Околу овој дел ќе искоментирам накратко - не се баш виновни, секој кој работел со каса знае дека и покрај огромен депозит даден за работа на почетокот на денот, снемуваат одредени апоени. Посебно кога има многу 1.000 ден. во оптек, се трошат како алва другите апоени - посебно 100 ден. и исто критични се 10 ден. снемуваат дури и на 100.000 ден. промет. Говорам од искуство, секаде каде има голем број на луѓе и крупни апоени доаѓа до ваква непријатна ситуација за жал. Он топик - јас сум љубител на маркети, дури студирав Скопје многу сакав да купувам во Веро. Моментално во Охрид најмногу сакам да купувам во Дон, голема снабденост и прегледност и добар распоред низ маркетот, не сакам хаотични маркети и такви каде не се води сметка кои производи стојат во близина. Тедико не се ни оддалеку снабдени како што беа еден период и ретко купувам таму. Кам ми е доста далеку исто и дисконтот на Тинекс, на сосема различен крај од градот сме, треба посебно да се оди до таму, сепак повремено се мора, пр. кога треба да му купувам на Марко храна од Кам.
Веро ми е најдобар. Минатата година пазарев во Веро, бидејќи 4 години живеев во Аеродром, а и лани новото Веро ми беше во комшии. Сега сум во Центар, и пазарам во Рамстор. Овие два маректи се најдобро снабдени и средени. Значи има се што ти треба. Рамстор е најскап, по него е Веро, ама нема врска, неколку денари не ми менат ништо. Си извадив и картичка, па така фини акции и понуди фаќам. Тинекс и Тедико не ги сакам. Не ми се средени и добро снабдени. Кам ми е досаден и монотон, нема голем избор, иако е најефтин. СП и останати ретко, еднаш годишно ако влезам, на минување само. За итни потреби, овде ми е дуќанот под зграда, и пријатните тетки кои стално си ги коментираат сериите , малце се бавни, ама интересни се и љубезни.
Парадоксално е тоа што имам Тедико на 3 минути пешки од дома, Кам на 4, и Рамстор на 7 минути од дома, а јас мртва ладна палам кола и одам во Тинекс кој ми е на речиси 10 мин со кола. Навика Често одам со децата во еден Тинекс кој ми е уште подалеку, ама има лизгалки - и пак не знам зошто таму, кога има еден друг со лизгалки што ми е поблиску. Мене не ме нервира тоа што теткиците немаат ситно, којзнае од кога не сум платила во кеш. До душа, знам и во Рамстор да отидам, особено кога ми е колата за перење, па ја оставам да ми ја исперат додека шетам горе. Само Рамстор ми е здосаден зошто порано се таму пазарев, децата таму ги израснав, секој ден одев, и едно време не можев веќе да го поднесам. Во Кам знам понекогаш да застанам за колачи со марципан, ама никогаш не одам од дома таму заради еднонасочните улици, туку ако поинувам од таму и ми текне да застанам. И во Тедико не одам поради еднонасочните улици. Во Веро не одам.
Многу ретко купувам од Веро затоа што цените се многу повисоки за разлика од другите маркети. Омилено место за пазарење додека живеев во Скопје ми беше маркетот во Рамстор.Незаменлив ми беше лебот со маслинки во него. И во Кам купував затоа што една година ми беше многу блиску таму кај што живеев,ама не е толку снабден а и сакам маркети кои изобилуваат со разни продукти и голем избор,па често го одбегнував и купував во Рамстор.
На ова место каде што живеам сега,живеам некои 10 години и веќе израснав во Тинекс маркетот карши мене.Само една улица не дели,најблиску е,па мајка ми и татко ми стало пазареа таму и јас се научив. Не дека не нешто посебно снабден или голем,ама ете навика си е навика.Само 2 години од како се доселивме отворија е СП маркет,ама таму немам одено баш,многу ретко. После тоа направија Супер Тинекс е,таму обично одиме на поголем шопинг,или кога јас купувам нешто козметика,затоа што е најснабден,нема што нема Отворија и Тедико,таму ми е за нијанса поефтино од другиве,или ми се чини ..Не знам,битно знам и таму да отидам И Кам имам во близина,таму не дај боже да не пратите,купуваме многу работи,ќе ни се види ефтно-земи,ќе ја наполниме корпата и кога ќе видиш после колкава сметка Кам многу ме потсетува на Лидл. А,на местото каде што живеев порано,најблиску ни беше Веро,во Аеродром,но откако се отселивме,којзнае од кога немам отидено...
На десетина минути од мојот топол дом има Тинекс, и така цел живот најмногу таму пазариме. И многу си го сакам. Има мање-више се, продавачките се љубезни, убаво е среден и многу убава музика пуштаат (најсериозно). Рамстор и Веро ми се подалеку, ама кога одам со мерак идам. Како во филмче се осеќам кога шетам низ нив, па проучувам што има како има. Ова ми се баш супермаркети, огромни и топли, ме потсеќаат на вреќата на Дедо Мраз. Од неодамна ми отворија Тедико пред зграда, и иако можам и по пижами да се симнам воопшто не сакам да пазарам таму. Продавачките се која од која понекултурни како да ги бирале баш вакви да бидат, немаат избор на производи и воопшто не им е средено. Глупаво е, ама ни сталажите не знаат да ги наредат саглам, земаш една чоколада 15 ти паѓаат од сите страни. Па уште ќе ти се издере продавачката припази малку. Тедико - Ноу, ноу. Кам, (а сега и Стокомак) ми се баш дисконти. Ако ми е по пат, знам да влезам. Имаат некои работи доста ефтини и некои што ги нема да други места. А маалските маркети, уште не можам да го преболам едново пред зграда што ми го затворија, ем има се, ем не беше скапо, ем продавачките фини.