Насловот на темава е инспириран од подолу спомнатиот документарец на британскиот Би-Би-Си, а поводот е следен: Деновиве римо-католичката црква се подготвува да ја прогласи нобеловката Мајка Тереза (1910-1997) за светица. Во Македонија, особено во градот Скопје, последните десет години нејзиниот лик преку медиуми, манифестации, политичари и бизнисмени се актуелизира поради нејзината (наводна) хуманитарна дејност и потекло: родена во Скопје, етнички албанка но со католичка вероисповед, по државјанство индијка, а себе си се нарекувала граѓанка на светот. И покрај честиот ореол на светица, многумина кои ја познавале, кои учествувале во нејзината мисионерска дејност или во врска со неа поподробно истражувале, предупредуваат дека побожната хуманитарка и целиот медиумски спектакл кој се правел и прави околу нејзе и нејзината организација, не соодветствува на реалноста, напротив - за жал имал темна страна. Велат дека бројните милиони собирани наводно за помагање на сиромашните и болните, речиси воопшто да не биле употребени, дека болните во нејзините болници во Индија биле боцкани со нечисти игли иако имало повеќе од доволно пари за нови стерилизирани, дека Мајка Тереза го пропагирала култот на сиромаштијата и одржување на немаштијата и покрај баснословните средства, истурала резерви на храна која можела да се употреби да се нарханат гладни, дека применувала прозелитизам, прифаќала помош и пријателства од диктатори наместо да ги посоветувала да му помогнат на сопствениот народ и со истиот да постапуваат во склад со христијанските хумани начела, и тн. Подетално за таа негативна контроверзна страна може да се види во 20 минутниот документарец на Кристофер Хиченс „Ангел на пеколот - Мајка Тереза од Калкута„ снимен за Би Би Би Си 1994 уште година, но и да се прочита во повеќе текстови и книги на сериозни истражувачи но и нејзини поранешни следбеници. Спојлер Натамошни текстови: - Мајка Тереза - каде се нејзините милиони од Martin Wuelenweber објавен во Шпигел 10.септември 1998 година - Мајка Терезината куќа на илузии од Сузан Шилдс Free Inquiry magazine, Volume 18, Number 1. - Mother Teresa was No Saint во The Huffington Post од Krithika Varagur 03/15/2016 - The Squalid truth behind the legacy of Mother Teresa од Доналд Макинтајер објавен во New Statesman;8/22/2005, Vol. 134 Issue 4754, стр. 24 Дали сметате дека Мајка Тереза треба да се прогласи за светица? Во случај да не верувате во светци, сметате ли дека треба да ѝ се посветува толкаво внимание на нејзиниот живот и дело а со оглед на бројните негативни контроверзии во врска со нејзе?
Статијата која следи е од Free Inquiry magazine, Volume 18, Number 1. Мајка Терезината куќа на илузии Како им наштети на своите помагачи и на оние кои `помагаа` од Сузан Шилдс* * Сузан Шилдс (Susan Shields) била речиси една деценија мисионер на Сестрите на Милосрдието. Таа до пред нејзиното заминување, имаше важна улога во организацијата на Мајка тереза. Неколку години откако станав католик, ѝ се придружив на Мајка Терезината конгрегација - мисионерките на Милосрдието. Јас бев една од нејзините сестри девет и пол години, живеејќи во Бронкс, Рим и Сан Франциско, се додека не ми се рапрснаа сите илузии и ја напуштив конгрегацијата во мај 1989 година. Откако повторно се вратив во светот, пополека започнав да го размрсувам клопчето на лагите во кои живеев. Се прашував како можев да им верувам толку долго. Спојлер Три сегмента од учењата на Мајка Тереза кои се темелник на нејзината верска конгрегација се дотолку повеќе опасни бидејќи во нив сестрите веруваат толку многу искрено. Најважното убедување е оноа кое вели дека се додека сестрата се покорува, таа ја врши волјата Божја. Натамошно убедување е дека сестрите имаат влијание врз Бога со тоа што одбираат да страдаат. Нивното страдање мошне многу го усреќува Бог. Тој тогаш му дарува на човештвото многу повеќе милост. Третото верување е верувањето дека било какво врзување кон човечки битија, дури и кога им се служи на сиромашните, доаѓа во судир со љубењето на Бога и мора будно да се одбегнува или моментално да се искорени. Обидите постојано да се одбегнат било какви врзувања предизвикуваат континуиран хаос и збунетост, раздвижување и промена во конгрегацијата. Мајка Тереза не ги воведе овие убедувања – тие беа распространети во религиозните конгрегации пред Вториот Ватикански Концил – но таа направи си што беше во нејзина моќ - а таа беше голема - за да ги наметне. Откога еднаш сестрата ќе ги прифати овие заблуди таа ќе стори речиси си. Таа може да дозволи нејзиното здравје да биде уништено, да ги запостави оние за кои се заветуваше дека ќе им служи и да ги исклучи своите чувства и своето независно мислење. Таа може да замижи пред страдањето, да ги поткажува своите сестри, со леснотија да кажува лаги и да ги игнорира јавните закони и прописи. На Мајка Тереза ѝ се приклучиа жени од различни нации, во очекување дека тие ќе им помагаат на сиромашните и ќе му се доближат на Бога. Кога јас си заминав, имаше повеќе од 3000 сестри во приближно 400 куќи расеани низ целиот свет. Многу од овие сестри кои ѝ веруваа на Мајка Тереза за да ги води, станаа скршени луѓе. Соочени со силните докази, некои од нив конечно признаа дека нивната доверба беше издадена, дека Бог не можел да ги дава наредбите кои тие ги слушаа. За нив е тешко да се решат да заминат – нивната самодоверба е уништена, и немаат никакво друго образование освен она кое го имаа пред да се приклучат. Јас бев една од среќните кои собраа доволно храброст за да напуштат. Во надеж дека другите ќе можат да ја видат заблудата која стои зад овој божемен пат кон светоста, раскажувам мал дел од сето она кое го знам. Иако има релативно малкумина кои се во искушение да ѝ се придружат на Мајка Терезината конгрегација на сестри, постојат многумина кои великодушно го подржуваа нејзиното работење бидејќи не сфаќаат како нејзините центри ги задушуваа напорите да се искорени сиромаштијата. Несвесни дека најголемиот дел од донациите всушност лежат неискористени на банковните сметки, тие исто така наседнуваат мислејќи дека им помагаат на сиромашните. Како мисионерка на Милосрдието бев задолжена да ги бележам донациите и да ги пишувам писмата на благодарност. Парите пристигаа во огромни количини. Поштарот честопати ги испорачуваше писмата во цели вреќи. Потпишувавме примање на вредоносни пратки редовно во висина од 50,000$. Понекогаш донаторот ќе ни се јавеше да праша дали ги добивме парите очекувајќи да се сетиме лесно(за кој донатор се работи) бидејќи сумата беше висока. Можевме ли да кажеме дека не се сеќаваме само затоа што примавме бројни пратки со многу повисоки суми? Кога Мајка(Тереза) говореше јавно, таа никогаш не бараше пари, но ги охрабруваше луѓето да се жртвуваат за сиромашните, „да се дава до болка„. Многумина го правеа тоа - и ѝ го даваа. Добивавме трогателни писма од луѓе, понекогаш очигледно и самите сиромашни кои се жртвуваа да ни го пратат она малце пари кои ги имаа за гладните луѓе во Африка, погодените од поплави во Бангладеш или за сиромашните деца во Индија. Најголемиот дел од парите остануваше да лежи на нашите банковни сметки. Напливот од донации беше сметан како знак за Божјото одобрување на конгрегацијата предводена од Мајка Тереза. Ни беше кажувано од нашите претпоставени дека добиваме повеќе дарови од било која друга верска конгрегација затоа што Бог бил задоволен со Мајка, и бидејќи Мисионерките на Милосрдието беа сестри кои се верни на вистинскиот дух на побожниот живот. Поголемиот дел од сестрите немаше представа колку многу пари натрупуваше нашата конгрегација. На крајот од краиштата, ние бевме учени да не собираме ништо. Едно лето на сестрите кои живееа во предградието на Рим им беа дадени повеќе гајби домати отколку што можеа да распределат. Никој од соседите ги нејќеше (доматите) оти годината беше мошне родна. Сестрите решија да ги конзервираат доматите наместо да ги остават да изгнијат, но кога за тоа дозна Мајка, таа беше мошне незадоволна. Зачувувањето работи укажувало на недостиг од доверба во промислата Божја. Донациите постојано притекуваа и беа депонирани во банка, но тие немаа никакво влијание на нашите аксетски животи и многу малку ефект врз животите на сиромашните на кои се обидувавме да им помaгаме. Живеевме едноставен живот, лишен од секакви изобилства. Имавме три пара облека, кои ги закрпувавме додека материјалот не стана крајно неупотребливи за да може повторно да се закрпува. Сопствената облека ја перевме рачно. Бескарјните столбови од чаршафи и крпи од нашето ноќно засолниште го перевме исто така рачно. Се бањавме само со една кофа вода. На стоматолошките и медицинските прегледи се гледаше како на непотребен луксуз. Мајката се грижеше мошне многу за да го зачуваме нашиот дух на сиромаштија. Трошењето пари би ја уништило таа сиромаштија. Беше опседната со користење на само најпростите средтсва потребни за нашата работа. Беше ли ова во најдобриот интерес за луѓето на кои се обидувавме да им помогнеме, или пак ние всушност ги искористувавме нив како алатки за унапредување на нашата сопствена „светост„? Во Хаити, за да се одржи духот на сиромашноста, сестрите ги употребуваа истите игли (за инекции) додека не затапуваа. Гледајќи ја болката која ја предизвикуваат тапите игли, некои волонтери се нудеа да набават нови игли, но сестрите одбиваа. Просевме за храна и намирници од локалните трговци како да немавме ресурси. Во една од ретките прилики кога ни се потроши даруваниот леб, отидовме да просиме во локалната продавница. Кога нашето барање беше одбиено, нашата претпоставена одлучи дека нашата кујна за супа може да работи дента без леб. Не им беше нудено само на трговците да бидат великодушни. И од авиокомпаниите беше барано да ги превезуваат сестрите и товарот бесплатно. Од болниците и лекарите се очекуваше да ги покријат трошоците за медицинските третмани на сестрите или да земаат од фондовите наменети за верниците . Работниците беа охрабрувани да работат бесплатно или по снижени цени. Силно зависевме од волонтерите кои работеа долги часови во кујните за супа, засолништата и дневните кампови. Еден вреден фармер посвети многу рани утрински часови за собирање и испорака на храна во нашите кујни за супа и засолништа. „Што ќе јадевте јас да не дојдов,?„ праша еднаш. Нашиот устав ни забрануваше да испросуваме повеќе отколку што ни беше потребно, но кога доаѓаше до тоа (да мора) да се проси, милионите долари акумулирани во банка беа третирани како воопшто да не постојат. Со години требаше да пишувам илјданици писма до донаторите, кажувајќи им дека севкупните нивни дарувања ќе бидат употребени да им се донесе Божјото сочувство полно љубов за најсиромашните меѓу сиромашните. Успевав да ги смирувам поплаките на мојата совест бидејќи бевме подучувани оти Светиот Дух ја води Мајка. Сомнежот во неа беше знак на недостиг од доверба и, уште полошо, станување виновен за гревот на возгордеаноста. Ги одложував своите обвинувања и се надевав дека еден ден ќе можам да разберам зошто Мајка сакаше да собираме толку многу пари, кога таа самата не` учеше дека дури и конзервирањето доматен сос покажува недостиг на доверба во промислата Божја.
Ако сево ова е вистина, кој е ќарот на Мајка Тереза ? или ќарот е кај некој друг, а таа била само рака со која ќе се манипулира ???
Веројатно најголемиот ќар го имаат оние кои управувале со финансиите на католичката црква и оние кои денеска најгласно ја спомнуваат во име на хуманост. Самата Мајка Тереза сите едногласно велат дека била изразито скромна личност, тоа не е проблемот. Проблемот е во тоа што нејзе не ја интересирало истребување на сиромаштијата и болестите иако поради огромните парични и други материјални донации и нејзината популарност во голема мерка можела да придонесе кон тоа. Таа била фанатично опседната со култот на сиромаштијата и ширење на католичката вера што впрочем се и дел од главните идеолошки темели на нејзината организација (Сестри на милосрдието). Не е битно дали некој е католик, православен, хиндус или муслиман ако таа/тој успеваат да изменаџираат и соберат вистинска помош за оние во неволја. Но ако таа/тој соберат огромни средства и речат ниту вие ниту јас нема да видимие речиси ништо од таа помош, наместо тоа ќе го предадам на чување во сеф за век векој, тогаш каква корист од таквата „хуманитарна„ дејност и подржување на истата преку медиуми, концерти, донации и сл?! - тоа е поентата на текстовите.
Тешко дека е за чување во сеф ... искрено речено, мене жената не ми се допаѓала никогаш, не знам зошто ... веројатно имаше нешто што не ме бендисуваше едноставно, а што не знам. Знам само една реченица нејзина и само со тоа ми останало во сеќавање - повеќе гладни луѓе за љубов има отколку глад на земјава - парафразирам, така нешто беше. Инаку според мене фанатик кој бил злоупотребен од некого, и сметал до последно дека работи за доброто на луѓето, тешко да се тие пари во сефови. Парата ако стои во сеф губи од вредност.
Мајка Тереза – КАДЕ СЕ НЕЈЗИНИТЕ МИЛИОНИ? - 1 дел. од Валтер Виленвебер текстот е објавен на 10 септември 1998 год. во германскиот неделник „STERN" (ШТЕРН), - вреди да се напомене дека „ШТЕРН„ е едно од најпродаваните списанија во Европа и е во суштина конзервативно и не е познато по наклонетост кон анти-католицизам. Спојлер Ангелот на сиромашните почина пред една година. Донациите сеуште се влеваат во нејзината Мисија на Милосрдието како ниту во една друга. Но добитничката на Нобеловата награда даде завет за сиромаштија. Тогаш што се случи со толку многуте пари? Ако има рај, таа е сигурно таму: Агнеза Гонџа Бојаџиу од Скопје, Македонија, попозната како Мајка Тереза. Пристигна во Калкута на 6-ти јануари 1929 година како 18 годишна сестра на Лоретскиот ред. 68 години подоцна познатите од ширум светот се собраа во Калкута за да ѝ оддадат последна почит при државниот погреб. Во овие 68 години таа го оснива најуспешниот ред во историјата на Римо-католичката црква, ја прими Нобеловата награда и стана најпознатиот католик на нашето време. Дали се дозволени сомнежи кога станува збор за овој „монумент„? Во калкута среќаваме многумина кои се сомневаат. На пример Самити, човек на околу 30 годишна возраст, кој живее во предградиeтo на Калкута. Тој е еден од „најсиромашните меѓу сиромашните„ на кои Мајка Тереза го посвети својот живот. Со пластична торба во раката, тој стои во километарски долгиот ред во Калкута Park Street. Сиромашните чекаат трпеливо, додека волонтерите не зафатат малце ориз и леќа од вреќите и им стават во нивните торби. Но Самити не ја добива својата храна од Мајка Тереза институтот… Наместо од таму, ја добива од Asembly of God, американска добротворна организација која тука во Калкута послужува над 18000 оброци дневно. „Мајка Тереза?„ вели Самити, „Ние не добивме ништо од нејзе тука. Прашајте во предградијата - кој добил било што од овдешните сестри - тешко дека ќе најдете некого.„ Паналал Маник исто така има сомнежи. „Не разбирам зошто учените луѓе на запад направиле од оваа жена таква божица!„ Маник е роден пред 56 години во предградието Рамбаган, кое со своето 300 годишно постоење е најстаро предградие на Калкута. Она што Маник го постигна може да се нарече „чудо„. Тој изгради 16 згради со станови насред предградието - простор за живеење на 4000 луѓе. Парите за градежните материјали - во вредност од 10,000 германски марки(околу 5000 евра денес - забел.прев.) по станбена зграда - Малик ги измоли од Рамакришна Мисијата(хинду добротворна организација во Индија – забел.прев.) . Жителите на предградието самите ги изградиа зградите. Тоа стана пример за цела Индија. Но што со Мајка Тереза? „Јас појдов кај нејзе 3 пати, „ вели Малик. „Таа дури не ни сослуша што имав да ѝ кажам. Сите на планетава знаат дека сестрите имаат многу пари. Но никој незнае што прават со нив!„ Во Калкута има околу 200 добротворни организации кои им помагаат на сиромашпните. Мајка Терезината Мисија на Милосрдие не е меѓу најголемите помагачи: тоа противречи на имиџот кој организацијата го има. Името „Мајка Тереза„ беше и е поврзувано со градот Калкута. Ширум светот поклониците и подржувачите на добитничката на Нобеловата награда веруваат дека сигурно нејзината организација е особено активна во борбата против сиромаштијата. „Сè се тоа лаги„ вели Аруп Чатерџи. Лекарот кој живее во Лондон е роден и пораснат во Калкута. Чатерџи кој со години веќе работи на книгата за митот околу Мајка Тереза, говори за сиромашните во предградијата на Калкута, или пак чешла низ говорите на нобеловката. „Каде и да побарам, наоѓам само лаги. На пр. лаги во врска со училиштата. Мајка Т. честопати изјавувала дека таа води училиште во Калкута за повеќе од 5000 деца. 5 илјади деца! – тоа би морало да биде огромно училиште, едно од најголемите во Индија. Но каде се наоѓа тоа училиште? Никогаш не го пронајдов, ниту пак познавам некого кој го видел!„ вели Чатерџи. Во споредба со останатите добротворни организации во Калкута, калуѓерките со 3 сини ленти имаат предност со 2 работи: познати се во светот, и, имаат најповеќе пари. Но за колкави суми станува збор тоа беше секогаш чувана тајна на организацијата. Законите на Индија бараат од добротворните организации да ги објавуваат своите сметки. Мајка Терезината го игнорира прописот! Не е познато дали министерството за финансии во Делхи ги има точните бројки. На прашањето на Stern(Штерн) магазинот нè информираа дека се работи за документи класифицирани како „доверливи информации„. Организацијата има 6 подружници во Германија. И тука финансиските работи се исто така строга тајна. „Не е ничија работа да знае колку многу пари имаме, сакам да речам колку малку имаме„ вели сестра Паулина, раководител на дејностите во Германија. Мариа Тингелхоф до 1981 волонтетрски го водеше книговодството во организацијата. „Гледавме 3 милиони годишно„ се сеќава Мариа. Но Мајка Тереза никогаш не им веруваше целосно на световните помагачи. Така сестрите самите го превзедоа финансискиот менаџмент во 1981 година. „Секако дека незнам колку многу пари доаѓаа во годините потоа, но мора да се работи за повеќекратни суми од 3 милиони„ проценува г-ѓа Тингелхоф. „Мајка секогаш беше мошне задоволна од германците.„ Можеби најисплатлива гранка на организацијата беше куќата „Светиот Дух„ во Њујоршкиот Бронкс. Сузан Шилдс служеше во редот цели девет и пол години како сестра Вирџин. „Голем дел од денот ни поминуваше во пишување писма на благодарност и процесирање на чекови„ вели таа. Секоја ноќ околу 25 сестри мораа да минат многу часови подготвувајќи примопотврди за донациите. Тоа беше како процес на подвижни ленти: некои сестри чукаа, други правеа листи на сумите, ги ставаа писмата во пликоа или ги сортираа чековите. Вредностите беа помеѓу 5$ и 100,000$. Донаторите честопати ги оставаа донациите пред врата. Пред Божиќ приливот на донации беше целосно вон контрола. Поштарот носеше полни вреќи со писма – чекови од по 50,000$ не беа реткост„. Сестра Вирџин се сеќава дека една година имаа околу 50 милинои долари легнати на сметка во Њујоршката банка. 50 милиони долари! – во претежно не-католичка земја. Колку тогаш собираа во Европа или низ светот? Се проценува дека ширум светот собрале најмалку 100 милино долари годишно – и тоа така оди веќе многу години. Продолжува...
Мајка Тереза – КАДЕ СЕ НЕЈЗИНИТЕ МИЛИОНИ? - 2 дел. од Валтер Виленвебер STERN 10.09.1998 Приходите се потполна тајна, но и трошоците се подеднакво мистериозни. Редот одвај да е способен да троши големи суми. Установите подржувани од калуѓерките се толку ситни (незабележливи) што дури и локалните жители имаат потешкотии да ги најдат. Честопати „Дом на Мајка Тереза„ означува само станбена заедница на сестрите, без добротворна дејност. Таму не може да биде пружена забележлива или корисна помош. Покрај паричните дарови редот честопати добива и многу други подароци. Кутии со лекови слетуваат на индијските аеродроми. Донирани житарки и млеко во цели контејнери пристигаат на пристаништето во Калкута. Облека од Европа и САД во незамисливи количини. На штандовите поставени по плочниците низ Калкута можат да се видат употребени западни марки за 25 рупии (1 германска марка) за парче. Бројните трговци извикуваат „Маици од Мајка, панталони од Мајка...„ Спојлер Спротивно на останатите добротворни организации, Мисионерите на Милосрдието трошат мошне малку на нивниот сопствен менаџмент бидејќи организацијата работи практично без трошоци. Приближно 4000 сестри низ 150 земји ја сочинуваат најбогатата работна сила на сите глобални мулти-милионски доларски операции. Положувајќи завети на сиромаштија и покорност, тие работат за безпари, потпомагани од околу 300,000 добри граѓани. Според нивните сопствени признанија, Мајка Терезината организација има околу 500 локации ширум светот. Но за купување или изнајмување на имотот, сестрите немаат потреба да ги користат банковните сметки. „Мајка секогаш велеше: за такви работи не трошиме„ си спомнува Сунита Кумар, една од најбогатите жени во Калкута и наводно една од Мајка Терезините најблиски пријатели-соработници надвор од редот. „Ако на Мајка ѝ беше потребна куќа, одеше директно кај сопственикот, независно дали тој беше службено или приватно лице, и го убедуваше толку долго додека на крајот не ќе ја добиеше куќата бесплатно.„ Нејзиниот метод исто така беше успешен и во Германија. Во Март „Витлеемската куќа„ беше закупена во Хамбург, засолниште за жени бездомници. Таму работеа 4 сестри. Видно пространата зграда чинеше 2,5 милиони германски марки. Но не беше потрошена ниту паричка од богатството на редот. Парите ги собра христијанско здружение во Хамбург. Со Мајка Т. на чело, се разбира дека беше ситна работа да се соберат милионите. Мајка Тереза гледаше на тоа како на нејзино право од Бога дадено никогаш ништо да не плати за добиените работи. Еднашка купила храна за нејзините калуѓерки во Лондон за 500 британски фунти. Кога и беше кажано дека за земената роба мора да плати на каса, ситната, навидум безопасна калуѓерка го покажа својот балкански темперамент и извика „Ова е за делото Божјо!„ Толку гласно и долго беснееше што наскоро пријде еден бизнисмен кој чекаше во редицата и плати за нејзе. Англија е една од малкуте земји каде сестрите им дозволуваат на властите барем брз поглед врз нивните сметки. Тука редот, изразено низ германски марки собра 5,3 милиони во 1991 година. А трошоците?(вклучувајќи ги и оние за хуманитарни работи) – околу 360,000 германски марки или помалку од 7%. Што се случи со остатокот од парите? Сестра Терезина, раководителката за Англија, одбрамбено изјавува, „Жалам, тоа не можеме да ви кажеме.„ Секоја година, според британските власти, дел од богатството оди во другите земји. Колку и во кои земји тоа не е кажано. Но еден од примачите секогаш е Рим. Богатството на оваа позната добротворна организација е контролирано од Рим, -- од сметката на Ватиканската банка. А што се случува со парите кои влегуваат во Ватиканската банка е толку тајно што дури ни на самиот Господ не му е дозволено да има увид. Една работа е сепак сигурна – подружниците на Мајка во сиромашните земји немаат корист од донациите од богатите земји. Официјалниот биограф на Мајка Тереза, Кетрин Спинк пишува: „Штом сестрите ќе се утврдат во одредена земја, Мајката вообичаено ја повлекува сета финансиска подршка.„ Според тоа подружниците во земји кои имаат потреба од помош, добиваат само почетна подршка за стартување. Најголемиот дел од парите остануваат во Ватиканската банка. STERN (ШТЕРН) магазинот во бројни прилики и писмено и лично при посета на куќата на Мајка Тереза во Калкута ги запраша мисионерките на милосрдието за информација каде одат донациите? Од редот никогаш не добивме одговор. „Би требало да ја посетите Куќата во Њу Јорк, потоа ќе разберете што се случува со донациите„ вели Ева Колоѕјеј. Полската дама беше мисионерка на милосрдието 5 години. „Во подрумот под засолништето за бездомници постојат вредни книги, накит и злато. Што се случува со нив? – Сестрите ги примаат со насмевки, и ги чуваат. Повеќето од овие работи лежи наоколу засекогаш неискористено.„ Донираните милиони кои редот ги прима имаат слична судбина. Сузан Шилдс (поранешна сестра Вирџин) вели: „Парите не беа злоупотребувани, туку најголемиот дел воопшто не ни беше употребуван. Кога имаше глад во Етиопија, пристигнуваа многубројни чекови со назнака `за гладните во Етиопија`, Еднаш ја прашав сестрата која беше задолжена за сметките дали да ги соберам сите чекови во еден целосен износ и така да го пратам во Етиопија. Сестрата ми одговри `Не, не праќаме пари во Африка.` Но и понатака продолжив да правам за донаторите примопотврди со назнака `За Етиопија`.„ Според изјавите на поранешните сестри, работите околу финансиите наликуваат на еднонасочна улица. „Ни беше кажано дека фактот оти добиваме повеќе пари отколку другите редови, покажува дека Бог ја љуби мајка Тереза повеќе.„ – вели Сузан Шилдс. Донациите и дебелите банкарски сметки се мерило на Божјата љубов. Земањето е посвето од давањето. Продолжува...
Мајка Тереза – КАДЕ СЕ НЕЈЗИНИТЕ МИЛИОНИ? - 3 дел. од Валтер Виленвебер, STERN 10.09.1998 Спојлер Страдалниците беа тие за кои донациите изворно се наменуваа. Калуѓерките водат народна кујна во Њујоршкиот Бронкс. Или поточно кажано другите ја водат наместо нив, бидејќи волонтерите организираат сè вклучувајќи ја и храната. Сестрите можат да ја делат. Еднаш, поради грешка во планирањето немаа доволно леб за порциите храна. Сестрите ја замолиа претпоставената ако може да купат уште леб. „Такво нешто не доаѓа во обѕир – ние сме сиромашна организација.„ – беше одговорот. „На крајот, сиромашните не го добиа својот леб„ вели Шилдс. Шилдс искуси неброени слични настани. Една девојка не дојде на својата прва причест бидејќи мајка ѝ не можеше да ѝ купи бел фустан за причест [во редот]. Така да мораше да чека уште една година; но како што дотичната Недела се ближеше, повторно го имаше истиот проблем. Шилдс(сестра Вирџин) ја праша претпоставената дали би можел редот да ја купи пригодната бела облека. Повторно беше одбиена – и тоа грубо. Девојката никогаш не доби можност за нејзината прва причест. Поради скржавоста на богатиот ред, „најсиромашните меѓу сиромашните„ – сирачињата во Индија – патат најповеќе. Калуѓерките водат дом за деца без родители во Делхи каде сираците чекаат да бидат усвоени, во повеќето случаи од странци. Како по обичај трошоците за водење на домот не ги сноси редот, туку идните родители посвоители. Во Германија организацијата наречена Про Инфанте го држи монополот врз улогата преговарач за овие деца. Раководителката, Карла Видекинг, лична пријателка на Мајка Тереза, на донаторите, подржувачите и пријателите им напиша писмо во кое се вели: „При мојата септемвриска посета бев сведок како 2 или 3 деца лежат во еден детски кревет, во целосно пренатрупани соби со ниту еден сантиметар слободен простор за играње. Проблемите кои од ова произлегуваат во однесувањето на децата не можат да се превидат.„ Госпоѓа Видекинг апелира до великодушноста на подржувачите поради нејзината немоќност да превземе нешто за големите потреби на децата. Немоќност?! Во организација со милијарди тешко богатство, која на располагање има 3 пати повеќе пари отколку што е способен UNICEF да потроши за цела Индија? Мисионерките на милосрдието ги имаат средствата да купат детски кревети и да изградат сиропиталишта – сосе игралишта. И не само што имаат доволно пари за грст сираци во Делхи туку и за многуте сираци кои се борат за опстанок низ улиците на Делхи, Бомбај и Калкута. Штедењето, во филозофијата на мајка Тереза беше централна вредност сама по себе. Сето тоа е во ред, но откако нејзината сиромашна организација брзо прерасна во богата, што направи таа со нејзините уметнички слики, скапоцени камења, наследените куќи, чекови или актовки полни со пари? Ако сакаше можеше да ги распредели на луѓето - не со опсесивно штедење, туку со добро промислено трошење. Но добитничката на Нобеловата награда немаше потреба од ефективна организација која на луѓето би им помагала ефективно. Полна со гордост, ги нарекуваше мисионерките на милосрдието „најдезорганизирана организација на светот„. Компјутери, машини за чукање, фотокопири не се дозволени. Дури и кога се добиени како донација не се дозволува нивното инсталирање. За книговодството сестрите употребуваат школски тетратки во кои впишуваат ситни бројки со молив. Додека не се пополнат. Потоа сè се брише и тетратката се употребува наново. Сè со цел да се штеди. За одржлив добротворен систем, би било разумно калуѓерките да се обучат за медицински сестри, наставнички или менаџери [раководители]. Но калуѓерките при Мисионерки на милосрдието никогаш за ништо не се обучуваат понатака. Поттикнувана од нејзината желба за непрофесионалност, одлуките на Мајка Тереза стануваа уште побизарни. Еднаш, вели Сузан Шилдс, редот купи празна зграда во центарот на Њујорк со цел да се згрижат пациентите заболени од СИДА. Продажна цена: 1 долар. Но бидејќи домот би го користеле и хендикепирани лица , Њујоршката градска управа инсистираше за вградување на лифт. Понудата за лифт беше одбиена: на мајка Тереза лифтовите ѝ беа знак за богатство. На крајот, калуѓерките ја вратиа зградата на градот Њујорк. И додека мисионерките на милосрдието веќе ја задржаа помошта за гладните во Етиопија или сирачињата во Индија – иако тие добиени донации беа назначени на нивно име – постојат други кои беа активно повредени од идеологијата на дезорганизација. Во 1994, Робин Фокс, уредникот на угледниот медицински журнал Lancet, со статијата за катастрофалните услови кои преовладуваат во домовите на Мајка Тереза, го шокираше професионалниот свет велејќи дека низ Терезините домови во Индија е страна било каква основна медицинска дејност: ТБЦ пациентите не се изолирани, иглите се мијат во млака вода пред да бидат наново употребени. Дури и се одбива давање силни средства против болка на пациенти кои имаат неподносливи болки, и тоа не затоа што редот ги немаше тие средства туку од почит на принципот. „Најубавиот подарок за една личност е таа да може да земе учество во страдањето на Христос„ рече Мајка Тереза. Еднаш се обидела да успокои еден страдалник кој вриштеше од болки, „Ти страдаш, тоа значи дека Исус те бакнува.„ Патеникот вриштејќи одговори гневно „Тогаш кажи му на тој твој Исус да престане да ме бакнува!„ Англискиот доктор Џек Прегер еднаш работеше во домот за оние кои умираат. Тој вели, „Ако некој сака да пружи љубов, разбирање и нега, тогаш таквиот употребува стерилини игли. Ова е веројатно најбогатиот ред на светот. Од оние кои умираат многумина и не мораат да умираат во строга медицинска смисла на зборот.„ Британскиот весник Гардијан ги опиша болниците како „организирана форма на запоставена грижа„ . Се чини дека медицинската грижа за сирачињата тешко дека е нешто подобра. Во 1991 раководството на Про Инфанте во Германија им прати кружно писмо до родителите посвоители: „Ве молиме проверете ја валидноста на вакцинациите кај вашите деца. Претпоставумаме дека во некои случаеви биле вакцинирани по изминатиот рок на траење на вакцините, или пак со вакцини кои беа вратени како бескориснин поради несоодветните услови на складирање.„ Сето ова укажува на една работа, нешто што Мајка Тереза мошне често го повторуваше во своите говори и обраќања – дека таа е многу повеќе загрижена за животот после смртта отколку со овоземниот живот. Бизнисот на мајка Тереза беше: Пари за мирна совест. Донаторите имаа најмногу добробит од ова. Сиромашните тешко. Кој и да веруваше оти Мајка Тереза сакала да го промени светот, да го елиминира страдањето или сиромаштијата, сакаше да верува во тоа едноставно заради својата корист. Таквите луѓе не ја слушаа. Да се биде сиромашен, да се страда беше цел за неа, речиси како амбиција или вид на достигнување. И таа оваа цел ја наметнуваше на оние кои беа под нејзина закрила; Со растечката слава, оснивачката на редот стана до некаде свесна за погрешните концепции врз кои почиваше феноменот наречен мајка Тереза. Таа напиша неколку збора и ги закачи надвор пред Куќата: „Кажете им дека ние не сме тука дојдени поради работа, ние сме тука поради Исус. Ние сме верници пред сè друго. Ние не сме социјални работници, ниту учители, ниту лекари. Ние сме калуѓерки.„ Едно прашање сепак останува: Зoшто, во тој случај, на калуѓерките им се потребни толку многу пари? (Крај)
Покрај тие донации , пари , во Индија ке немаше воопшто сиромаштија .... И каде завршиле огромната количина на пари ?
Колку луѓе има што својот живот го посветиле да помагаат на сиромашни и болни како Мајка Тереза па не ги прогласуваат за светци. Ако таа е светица ајде да бараме и Тоше наш да го прогласат за светец !! Од ова сигурно некој има некаква корист и ќе се богати инаку зошто воопшто би ја прогласувале за светица!?
Штом ја прогласија за светица најверојатно заслужила. Има лица кои за тоа одлучуваат и кои ги разгледувале околностите пред еден таков чин. Можеби навистина била од Бога повикана. Јас не би прифатила некој нов светец од денешно време али ајде.
Прво,со Големата Шизма,Католичката Црква се откажала од вистинското славење на Бог(како што Он заповедал),од Светиот Дух заради своите империјално-политички интереси.Затоа што Источните Патријарси(Православните најголеми) не сакаа да се потчинат на Рим,бидејќи наш врховен отец е Бог а не смртник-Папа.Затоа што они се ,,еднакви меѓу еднаквите". Второ,секој кој отпаднал од Бог не е и неможе да биде Свет.Светоста се достигнува со аскетско-пустински живот,монашки,во пустина а не меѓу луѓе. Трето,срам е за Македонскиот политички врв кој отиде на нејзината канонизација а не ги почитуваат и не дошле на канонизацијата на Македонските светци.Тие,мнозинството од нив се маченици.Значи го дале животот за ние денеска да знаеме што е Библија,што е вера,Бог.Биле пример како се умира за своите,за верата и љубовта. Четврто,срам е и за Македонските медиуми.Човек не знае дали живее во Рим или во Македонија која над 60% се Православни. И петто,единствено нешто од цело ова со Тереза е промоцијата на Македонија.Да слушне светот и за нас.Ништо друго. Сакајте ги своите.Нашите корени се вистински
Католиците пак викаат дека според нивните канони православните отпаднале од нив и дека православните си имале империјално-политички интереси со развојот на Византија на истокот. Е сега ако гледаме чиј врховен отец е Бог, ќе треба да видиме која црква повеќе се држи до Божјото Слово, а која до преданија напишани од смртници. хммм според овој критериум излегува дека ни Христовите апостоли не биле свети, бидејќи тие не се замонашиле, туку делувале меѓу луѓе - баш онака како што Исус им заповедал: "Така одејќи, направете ги сите народи Мои ученици" (Исус, ев. Матеј 28:19, Библијата) "Одете по целиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание!" (Исус, ев. Марко 16:15, Библијата) "Ве испраќам како овци меѓу волци; затоа бидете мудри како змии и безопасни како гулаби." (Исус, ев. Матеј 10:16, Библијата)
Да, Православна Византија отиде да ја покатоличува цела Средна и Јужна Америка.Филипините и Океанија.Овие Римокатоличките Језуити пиења кафе тогаш на Босфорот.Не гледаш,цела западна хемисфера,од Аљаска до Аргентина се тоа се Православни држави.Империјализмот на Православна Византија.. Се држи единствено Православната Црква бидејќи е формирана од Христс лично.Се другото е бледа копија и лош фалц.Светите ти објаснив,се ,,Богови по благодат" и они не напишале никакви преданија туку се држеле според Преданијата на Христовата,Православна Црква. Колку пати треба да ти кажам дека овие сатански финти не ти палат кај мене?. Не биле монаси но биле аскети.Често живееле сами,немале семејство(исто како и монасите).Не биле монаси затоа што прво монаштвото не постоело како животен стил внатре во Црквата,во тоа време.Времето на Апостолите било самиот почеток на Христијанството.Но во првите векови после нив,одма се појавува монаштвото,кога Христијанството е проширено доволно.
Искрено не сум никаков верник, но од секаков аспект ова за мене е малку бесмислено. Не знам многу за тие негативни контроверзии, но би било малку глупаво во денешно време сеуште да се прогласуваат светци. Од тоа што го знам за жената, таа навистина својот живот го оставила настрана за да им пружи помош на другите, но не знам каква е потребата од вакви церемонии...
Не знам дали сте ги читале писмата и дневниците на Мајка Тереза, но јас додека ги читав се чуствував посрамено и первезно, како да гледам скришум љубовници во најинтимен чин. Жената буквално била заљубена во Бог, тој е единствениот маж во нејзиниот живот, нејзината платонска љубов и одвај чекала да умре за да бидат заедно. Мое лично мислење ( и најверојатно на непристрасни познавачи на човечката психа ) , е дека жената имала длабоки психички проблеми, кои се изразени преку нејзиниот мазохизам. Исто така, ако видите, таа не помагала во Индија, туку обезбедувала простор за сиромавите и болните да умрат, и притоа да се потчинат на нејзиниот Бог, за да бидат спасени на оној свет, и да одат во рајот. Сметала дека треба да си скромен ( сиромав ), и да се мачиш додека живееш, за да уживаш на оној свет. Притоа, била финансирана и од диктатори и злосторници, а со тие пари буквало не помогнала на никому - никому не дала кров над глава, не му отворила работно место... За тоа дали треба да биде прогласена за Светица, моето мислење е не. Исто така сметам дека никој не треба да се прогласува за светец, но тоа произлегува од мојот атеизам. Затоа ми е чудно што верници се против тоа да се прогласуваат Светци, затоа што немало цврсти докази за тоа, а и било перење пари, а истовремено веруваат дека Исус правел вода во вино, одел по вода, лечел болести, и сето тоа е запишано во книга стара илјадници години, преправана исто толку пати, и е единствен доказ дека Исус некогаш постоел, а камо ли правел чуда. Ама затоа во истата книга се крсти единствената институција која годишно врти билиони и билиони, а не плаќа данок.
Лесно е цел свет да си мисли и верува дека таму во Индија некоја жена се што може, прави да помага на сиромасите, а вистината дали е така луѓето на кои им е најпотребна помош си знаат. Не ме чуди воопшто сите овие текстови за "помагањето" на мајка Тереза да се вистина. Ако е точно за ова со парите дека не се ни користат за помош туку одат во Рим, значи и Тереза била дел од огромната измама која ни ја сервираат да ја прифтиме. Слушнете го само папата кој повикува на обединување во една религија, а кој го сака тоа? Соберте и размислете кој е нивниот Бог. Ние луѓето сме пренаивни и веруваме на секој "убав" збор и навидум топлата пропаганда.
Монаштвото се појавило во христијанството? Монаштвото си постоело во Будизмот 500 години пред Исус да се роди и се што се прави е копи-пејст плагијатизам во христијанството. Прогуглај buddhist monasteries да видиш што убави манастири ќе ти излезат. Еве ти 10 преубави будистички манастири: http://www.touropia.com/amazing-buddhist-monasteries/ Исто така и оној симбол што се појавува на иконите е исто така познат симбол во будизмот што си постоел со векови пред појавата на православието: Ова е притви мудра: А ова е пран мудра: Еве уште неколку: