Драги браќа и сестри Православци, Би сакала да ве прашам нешто во врска со молитвите. Јас верувам, но за жал се` уште знам премалку за сопствената религија. Прашањето ми е поврзано со молитвите. Во Библијата прочитав дека кога се молиме, не треба да ја китиме многу молитвата со зборови, затоа што нема да ни` биде повеќе или помалку услишена доколку користиме повеќе/помалку зборови. Туку, доволно е да ја кажеме „Оче наш...“ секогаш кога ќе сакаме да се обратиме на Бога за помош затоа што Тој веќе знае што е во нашите души и која е нашата мака. Тогаш која е улогата на православниот молитвеник? Таму има повеќе молитви.
Мене молитвата најмногу ми помага... Jас нели сум средношколка,пред некој многу тежок тест кажувам кратка молитва за резултатот да биде како шо си посакувам...и сега како обичај ни влезе,скоро цел клас се крсти одма кога ќе ни го дај професорот/професорката тестот,пред да почниме и така...јас додека си пишувам на тестот си го држам крстот в раце и така успешно си завршува се..молитвата многу помага во се...помага и тоа како,а има и некои шо велат Господ,Господ..Господ не се спомнува напразно,со искрено срце кажано треба.... понекогаш за глупости си се молам:те молам Господи да добијам 5,те молам Господи да го откажат тестот...ама моливата помага,да и тоа многу...
Јас се молам секоја вечер пред да спијам. Исто и јас како Симона имав еден многу тежок тест, кој мораше да ми биде 5 и вечерта пред да заспијам се помолив и добив 5, дури со сите поени. Исто така Бог ми помогнал и ја многу други работи и кога сум била во тешко ситуации сум се молела и се завршува со хепи енд. Многу сум му благодарна што ме сака и брани од зли души.
Мое мислење.... Јас многу работи гледам да ги сфатам на мој начин, онака како срцето ми кажува, а потоа тие мои мислења ги разменувам со луѓе кои имаат поголем увид во истата работа. И имам научено или сфатено многу работи, кои од обичните луѓе не можеш да ги најдеш. Главното е, не се потребни специјални зборови или начин, време, место за искажување молитва. Најбитно е она што чувствуваме во срцето да си кажиме, а Господ кој е семоќен ќе не сфати и разбери, дури и повеќе од она ние што умееме да го кажиме. Господ ги слуша сите молитви, сите зборови. Се што е упатено допира до него. Тој нема да замери ако немаме богат речник, правилно изговорена молитва, или испееме некоја песна без слух. Најбитни се зборовите од срцето. Јас си разговарам со Бог како со другар, се молам отворено, си искажувам се. Низ годините стекнав многу голема верба и доверба во него, го чувствувам како е секогаш до мене и се грижи за мене без разлика каде сум и со кого сум. Спознанието дека Бог е секогаш со нас, дека тој е во мене, и јас сум во него, многу ми помогна во животот. Без оглед на се, јас сум многу похрабра личност, многу посамоуверена и посреќна. И кога не се исполнат некои мои молитви, верувам дека Господ има подобри планови за мене и дека ме спасува од нешто што не било за мене. Толку засега, ќе напишам потака уште нешто...
Прво извини што почека за одговорот Молитвата во Црквата се дели на три дела и тоа: 1. Славословна, молитва со која Го славиме Бога како наш Родител, но и како Творец на се` видливо и невидливо. 2. Благодарствена, молитва со која Му благодариме на Бога за се` она што нам и на секоја твар ни дарил. 3. Прозбена, молитва со која од Бога просиме(бараме) да ни дари нешто што ни недостасува, а ни е потребно. И самиот Господ Иисус Христос се молеше и не учеше како да се молиме. Ако убаво го прочитаме светото Евангелие ќе видиме дека Христос долго се молеше, особено пред Неговото спасоносно страдание и за време на Тајната вечера. Самата молитва „Отче наш“, но и останатите молитви Христови кои што се запишани во Евангелието се образец за сите останати молитви кои што подоцна се создадени во Црквата. Молитвеникот е учебник за молитва, преку него ние се учиме како да се однесуваме и што да даваме(слава и благодарност) или што да бараме од Бога, секојдневно или во определени ситуации. Молитвите во молитвеникот не` потсетуваат за секоја грешка или грев кои што ги правиме во животот, а кои всушност се причините за нашите проблеми. Ние како луѓе често забораваме како треба да се однесуваме и забораваме дека грешиме, а молитвеникот е тој кој не` потсетува на нашата огревовена состојба. Кога ќе ги научиме молитвите од молитвеникот и кога духовно ќе пораснеме (ако тоа се случи некогаш ), можеме да се молиме и со свои зборови кои ќе бидат излезени од нашето очистено од секакви страсти срце. И богослужбите кои се служат по црквите во себе покрај славословната, благодарствената и прозбената улога имаат и просветителска улога. На нив преку разните стихири кои се пеат (особено на утринските и вечерните богослужби) ние се подучуваме за тоа Кој и Каков е Бог, за Христовиот живот, воплотување, воскресение и вознесение, за тајните на нашето спасение, за животот на Богородица, ангелите и светиите и нивната улога и молитвена закрила, препеви на прочитаното Евангелие итн. Сума сумарум, од молитвите од молитвеникот можеме да имаме само корист, а никако штета. А секако сите наши молитви и молитвени правила(па дури и оние молитви за разни потреби кои се во молитвеникот, ако ги читаме одделно; иако тоа не е нагласено) ги започнуваме со молитвата кон Пресвета Троица која во себе ја вклучува и „Отче наш“, а гласи: Слава Ти, Боже наш, слава Ти! Царе небесни (призив на Светиот Дух) Царе небесни, Утешителе, Духу на вистината, Кој Си секаде присутен и сè исполнуваш, Ризницо на добрините и Животодавче, дојди и насели се во нас, и очисти нè од секаква нечистотија и спаси ги, Благи, душите наши. Трисвето Свети Боже, Свети Силни, Свети Бесмртни помилуј нè. (3 пати) Слава на Отца, и Сина, и Светиот Дух, сега и секогаш, и во вековите на вековите. Амин. Пресвета Троице помилуј нè. Господи очисти ги гревовите наши. Владико, прости ни ги беззаконијата наши. Свети, посети и исцели ги немоќите наши, заради Твоето име. Господи помилуј. (3 пати) Слава на Отца, и Сина, и Светиот Дух, сега и секогаш, и во вековите на вековите. Амин. Отче наш Отче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое, да дојде Царството Твое, да биде волјата Твоја како на небото така и на земјата. Лебот наш насуштен дај ни го денес и отпушти ни ги долговите наши како што и ние им ги отпуштаме на нашите должници и не воведувај нè во искушение, но избави нè од лукавиот.
Тоа е најважно, ја разбра суштината на молитвата.Особено за последното си сосем во право.Исто така, сакам да кажам, дека најважно е молитвата да не се кажува напамет, а и да не претставува истата, како нешто со кое што човек би се пофалил, туку таа да е како нешто свое, лично, интимно.Не велам дека така правиш, туку само сакав да кажам, да се надоврзам
И Северина во „Здраво Маријо“(прости ми Богородице), се молеше со свои зборови, лично и интимно, ама колку личи тоа на молитва, останува на нас да процениме... Спојлер molite se, cure, molite se, molim se i ja aleluja daj nam, Bozhe, vise mushkaraca nego godina aleluja. Zdravo, Marijo, neka bude volja tvoja da ne budem stara cura, bez avantura aleluja. За да не ни биде молитвата блесава како оваа во скриениов дел, потребен ни е учебник по молитва, т.е. молитвеник.
Кога мислев на своја молитва, односно нешто лично, интимно, мислев на кажување на молитвата со соодветни зборови, со почит, а не негирав дека не е лошо и ако се каже некоја од молитвеник.Не знам кој така се моли, како што го даде примерот.Освен, ако се шегуваше. А и напоменав дека молитвата не би требало да се кажува напамет, ради реда, пример.
Делумно се шегував, ама и делумно и ова е вистина. За жал сум запознал и многу личности кои се дури и членови на некакви заедници кои Го молат Бога слично како и Северина...
МОЛИТВА ВО ПОЧЕТОКОТ НА ВЕЛИГДЕНСКИОТ ПОСТ Господи Исусе Христе Боже наш, надеж на сите краишта на земјата и на оние кои се далеку по морињата: ти си ги определил овие свети посни денови преку законот и пророците, предложувајќи ни начин на покајание и умртвување на страстите. Самиот Ти, Боже наш, откако се исполни времето, јавувајќи се во тело на земјата, си озаконил и си осветил четириесет дни и ноќи да се пости, а бидејќи си дарежлив и милостив, благоволи да ги поминеме овие свети денови во совршено покајание, во нелицемерно смирение, во усрдни молитви, без алчност за храна и неумерено пиење, во често приклонување на колената, со срце смирено и скрушено, без порок и со чиста совест, запазувајќи ја цврсто верата и победители над гревот да постанеме. Придружи му ангел верен на нашиот живот, за да ги зачува нашите животни патеки неповредени и без пречки од сите непријателски напади и стапици, упатувајќи нè кон извршување на сите добродетели. Во деновите од постот кои ни претстојат закрепувај нè со Твојата сила во сите наши подвизи, во воздржувањето од страстите, во очистувањето на душата и телото, та да се удостоиме неосудено да се причестиме со Твоето пречисто тело и со Твојата пречесна крв. Зашто Ти си Бог на милоста, добрините и човекољубието, Кој сакаш сите да се спасат, и Тебе слава Ти вознесуваме со беспочетниот Твој Отец, и Пресветиот и Добар и Животворен Твој Дух, сега и секогаш и во сите векови. Амин!
Јас денес си бев во црква...сакам да си ја смирам бурата во мене.Бев,се помолив..останав малку таму,поседив...се надевам молитвата ќе ми помогне...Дај Боже мир добив за момент кога поседив малку таму...
Браво за тебе. Кај мене е спротивно. Колку повеќе се молам, толку повеќе проблеми во животот. Од молење и одење во црква, јас аир немам видено.
МОЛИТВИ ПРЕД СВЕТАТА ПРИЧЕСТ Наутро, по читањето на утринските молитви, пред светата Причест се читаат и овие молитви: Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин! По молитвите на светите Отци наши, Господи Исусе Христе, Боже наш, помилуј нè. Амин! Слава Ти, Боже наш, слава Ти! Цару Небесен, Утешителу, Духу на Вистината, Кој Си насекаде и сè исполнуваш, ризницо на блага и на живот подателу, дојди и всели се во нас, и очисти нè од секаква нечистотија, и спаси ги, Благи, душите наши. Свети Боже, Свети Силни, Свети Бесмртни, помилуј нè! (Три пати). Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух, И сега и секогаш и во сите векови. Амин! Пресвета Троице, помилуј нè! Господи, очисти ги гревовите наши! Владико, прости ни ги беззаконијата наши! Свети, посети нè и исцели ги нашите немоќи заради Твоето име! Господи помилуј, Господи помилуј, Господи помилуј! Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух, И сега и секогаш и во сите векови. Амин! Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое, да дојде Царството Твое, да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата! Лебот наш насушен дај ни го денес! И прости ни ги долговите наши, како што им проштеваме и ние на нашите должници! И не нè воведи во искушение, но избави нè од лукавиот! Господи помилуј! (12 пати) Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух, И сега и секогаш и во сите векови. Амин! Дојдете да Му се поклониме на Царот, нашиот Бог. Дојдете да Му се поклониме и да припаднеме кон Христа, Царот нашиот Бог, Дојдете да Му се поклониме и да припаднеме кон Самиот Христос, Царот и Бог наш. ПСАЛМ 22 Господ е Пастир мој, ништо нема да ми недостасува, Он ме пасе на плодни пасишта и ме води на тивки води, ја поткрепува душата моја, ме води по патот на правдата заради името Свое. Кога би тргнал и по долината на смртна сенка, нема да се исплашам од злото, зашто Ти си со мене; Твојот жезал и Твојата палка ме успокојуваат. Си приготвил пред мене трпеза на очиглед на непријателите мои, си ја помазал главата моја со елеј; и чашата Твоја ме напојува со блаженство. И милоста Твоја, така да ме придружува преку сите денови на мојот живот, и јас ќе претстојувам во домот Господов многу дни. ПСАЛМ 23 Господова е земјата и она што ја исполнува, вселената и сè што живее на неа, зашто Он ја основа врз морињата, и на реки ја утврди. Кој може да излезе на гората Господова и Кој ќе застане на Неговото свето место? Оној, чии раце се невини и чие срце е чисто, кој не се колнел во душата своја напразно и не го спомнувал лажно името Господово пред ближниот свој, – тој ќе добие благослов од Господа и милост од Бога, Својот Спасител. Таков е родот на оние што го бараат Господа, кои го бараат Бога Јаковов! Подигнете ги, порти, горништата свои, подигнете се, вечни порти, и ќе влезе Царот на славата! Кој е Тој Цар на славата? – Крепкиот и силниот Господ, силниот во војна Господ. Подигнете ги, порти, горништата свои, подигнете се вечни порти, и ќе влезе Царот на славата! Кој е Царот на славата? – Господ над војските – Он е Цар на славата! ПСАЛМ 115 Поверував и затоа реков: во голема мака сум. Во мојата необмисленост си реков: секој човек е лажливец. Што да му дадам на Господа за сите Негови добрини што ми ги направи мене? Ќе земам чаша на спасение и името на Господа ќе го повикам. Заветите ќе му ги упатам на Господа пред сиот Негов народ. Скапа е во очите на Господа смртта на Неговите светии. О, Господи, јас сум слуга Твој, јас сум слуга Твој и син на Твојата слугинка. Ти ги скрши моите окови. Тебе ќе Ти принесам благодарствена жртва; ќе ги исполнам заветите мои на Господа пред сиот Негов народ. Во предворјето на домот Господов, пред Тебе, Ерусалиме! Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух, И сега и секогаш и во сите векови. Амин! Алилуја! Алилуја! Алилуја! Слава Ти, Боже! (3 пати) и три поклони. Потоа прочитај ги овие ТРОПАРИ Господи, прости ми ги моите беззаконија, Ти, Кој си се родил од Дева и очисти го моето срце, правејќи го храм на Твоето пречисто Тело и Крв; не ме отфрлај од Твоето Лице, Ти, Кој имаш безмерно голема милост. Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух! Како ќе се осмелам, јас недостојниот, да се причестам со Твоите свети Тајни? Зашто, ако се осмелам да пристапам кон Тебе заедно со достојните, облеката ќе ме изобличи; таа не е свечена и ќе си навлечам осуда врз мојата многугрешна душа. Господи, очисти ја нечистотијата на мојата душа и, како Човекољубив, спаси ме. И сега и секогаш и во сите векови. Амин! Големо е множеството на моите прегрешенија, Богородице; кон Тебе прибегнувам, Чиста, барајќи спасение. Посети ја мојата болна душа и моли Го Твојот Син и наш Бог да ми ги прости лошотиите што ги направив, единствена Благословена. (Во текот на светата и велика Четириесетница се говри и овој тропар). Кога славните ученици за време на Вечерата со миењето се просветуваа, тогаш безбожниот Јуда, боледувајќи од среброљубие се помрачуваше, и Тебе, праведниот Судија, Те предаваше на неправедните судии. Љубителу на пари, погледни го оној, кој заради тоа се обесил; бегај од ненаситната душа која се осмелила така да постапи со Учителот. Кон сите добар, Господи, слава Ти! Потоа, Господи помилуј! (40 пати). И поклони онолку, колку што сакаш. Потоа, ПСАЛМ 50 Помилуј ме, Боже, според Твојата голема милост, и според множеството на штедроста Твоја очисти ме од моето беззаконие. Најнапред измиј ме од моето беззаконие, и од гревот мој очисти ме. Зашто јас го знам моето беззаконие и гревот мој е секогаш пред мене. Пред Тебе единствениот згрешив и зло пред Тебе сторив за да се оправдаш во зборовите Свои и да победиш кога ќе судиш. Ете, во беззаконие сум зачнат и во грев ме роди мојата мајка. Ете, вистината Си ја возљубил, и надумната и тајна премудрост Твоја Си ми ја јавил. Пороси ме со исоп и ќе се очистам, измиј ме и побел од снег ќе бидам. Дај ми да слушам радост и веселба за да се зарадуваат коските скрушени. Одврати го лицето Твое од моите гревови и сите мои беззаконија избриши ги. Срце чисто соѕидај во мене, Боже, и дух вистински обнови во утробата моја. Не отфрлај ме од лицето Твое, и Духот Твој Свет не одземај го од мене. Дај ми ја радоста на спасението Твое, и со Дух Владичествен утврди ме. Ќе ги научам беззакониците на Твоите патишта и нечестивите кон Тебе ќе се обратат. Избави ме од крв, Боже, Боже на моето спасение, ќе се зарадува јазикот мој на правдата Твоја. Господи, усните мои отвори ги и устата моја ќе ја објавува пофалбата Твоја. Зашто да сакаше жртва ќе Ти ја принесев; сепаленици не благоволиш. Жртва за Бога е духот скрушен, срцето скрушено и смирено Бог не ќе го презре. По благоволението Свое, Господи, чини му добро на Сион и нека се возвишат ѕидините ерусалимски. Тогаш ќе Ти бидат угодни жртвите на правдата, приносите и сепалениците; тогаш на Твојот олтар ќе се полагаат телци. Потоа овие тропари, Помилуј нè, Господи, помилуј нè. Не наоѓаме никакво оправдување ние грешните, но како на Владика Ти ја принесуваме оваа молитва: помилуј нè! Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух! Господи, помилуј нè, на Тебе се надеваме. Не гневи се многу на нас и не спомнувај ги нашите беззаконија, туку и сега милостиво погледни и избави нè од нашите непријатели. Зашто Ти си Нашиот Бог, а ние сме Твои луѓе. Сите сме дела на Твоите раце и кон Тебе се обрнуваме. И сега и секогаш и во сите векови. Амин! Вратите на милосрдието отвори ни ги, благословена Богородице, на Тебе се надеваме, да не загинеме, но преку Тебе да се избавиме од беди, зашто Ти си спасение на христијанскиот род. Потоа, Господи помилуј! (40 пати) И поклони колку што сакаш. Веднаш потоа читај ги овие стихови: Човеку, сакајќи да го јадеш Телото Господово, пристапи со страв, за да не се изгориш, зашто е оган! Пиејќи ја, пак, Божествената Крв заради заедница со Него, најнапред смири се со оние, кои ти направиле нешто жално. Потоа смело јади го Таинственото јадење. Пред причестувањето со страшната жртва на животворното Тело Господово, помоли се со трепет на овој начин. МОЛИТВА ПРВА (од свети Василиј Велики) Владико, Господи Исусе Христе, Боже наш, Извору на животот и бесмртноста, создателу на сите видливи и невидливи творби, Ти, заради Твојата голема добрина, се облече во тело, беше распнат и погребен за нас, неблагодарните и грешните и со Твојата света крв ја обнови нашата, од гревот падната, природа. Бесмртен Цару, прими го покајанието од мене грешниот, наклони го Твоето уво кон мене и чуј ги моите зборови. Згрешив, Господи, згрешив против небото и пред Тебе и не сум достоен да ја погледнам големината на Твојата слава: зашто ја разгневив Твојата благост, прекршувајќи ги Твоите повелби. Но Ти, Господи, Ти си незлобив, долготрпелив и многумилостив, не си ме оставил да загинам со моите беззаконија, но на секој начин го чекаш моето обраќање. Ти си рекол, Човекољубив, преку Твојот пророк: „Не ја сакам смртта на грешникот, туку сакам да се обрне и да остане жив“. Не сакаш, Владико, да ги погубиш созданијата на Твоите раце; не ја сакаш пропаста на човекот, туку сакаш сите да се спасат и да дојдат до познавање на вистината. Затоа и јас, макар недостоен за небото и за земјата, како и за овој привремен живот, бидејќи наполно му се потчинив на гревот, сум заробен од насладите, го осквернив Твојот образ, но бидејќи сум Твое создание, се надевам дека ќе ме спасиш и со таа надеж пристапувам кон Тебе. Доаѓам при тебе, зашто се надевам на Твоето милосрдие. Човекољубив Господи, прими ме како блудницата и разбојникот, како митарот и блудниот син и симни го од мене тешкиот товар на гревовите. Ти ги земаш врз себе гревовите на светот и ги лекуваш човечките слабости. Ти ги викаш изморените и оптоварените, зашто дојде во светот да ги повикаш, не праведниците, туку грешниците на покајание. Очисти ме од секаква скверност на телото и на духот и научи ме да го извршувам она што е свето, а од почит кон Тебе, та примајќи дел од Твоите свети тајни, со чисто сведоштво на мојата совест, да се соединам со Твоето свето Тело и со Твојата Крв, да Те имам во себе, да живееш во мене со Отецот и со Светиот Дух. О, Господи Исусе Христе, Боже мој, да не ми биде за осуда причестувањето со Твоите пречисти и животворни тајни; да не биде ова за болест на душата и на телото, зашто недостојно се причестувам. Но дај ми дури до крајот на мојот живот неосудено да ги примам Твоите свети тајни – за соединување со светиот Дух, за поткрепа по патот кон вечноста и за добар одговор на Твојот страшен суд, та и јас со сите Твои избраници да станам учесник на Твоите вечни блага што си ги подготвил за оние што Те љубат, Господи, и меѓу кои си прославуван во сите векови. Амин! МОЛИТВА ВТОРА (од свети Јован Златоуст) Господи, Боже мој, знам дека не сум достоен да влезеш под покривот од домот на мојата душа, зашто целиот е пуст, паднат и нема место во мене каде глава да потслониш. Но Ти, заради нас, слезе од висините и се понизи; снижи се и сега кон моето смирение. Како што се согласи да легнеш во пештерата, во јаслите на бесловесните животни, така влези во мене, и во јаслите на мојата бесловесна душа и на моето осквернето тело. Како што не сметаше дека е недостојно да влезеш и да вечераш заедно со грешници во домот на Симона Прокажени, така благоволи да влезеш и во домот на мојата смирена, прокажена и грешна душа. Ти не ја отфрли блудницата грешна, слична на мене, кога дојде и се допре до Тебе; така смилувај се и на мене грешниот, бидејќи доаѓам при Тебе и се допирам до Тебе. Ти не се згнаси од нејзината нечиста уста кога ги бакнуваше Твоите нозе, така не гнаси се и од мојата осквернета уста и од мојот нечист јазик, но жарта на Твоето пресвето Тело и на Твојата драгоцена Крв да ми биде за осветување, просветување и за здравје на мојата смирена душа и на моето тело, за олеснување на тежината на моите многубројни согрешенија, за запазување од секакво ѓаволско искушение, за прогонување и ослободување од секаква лоша и грешна навика, за умртвување на страстите, за придобивање на Твојата света благодат и на Твоето царство. Пристапувам кон тебе, Христе Боже, зашто се надевам на Твојата неискажлива благост и, отстранувајќи се за подолго време од соединување со Тебе, да не бидам грабнат од духовниот ѕвер – сатаната. Затоа Ти се молам, само Ти си свет, Владико, освети ја мојата душа, освети го телото, умот исрцето мое, и сè што е во мене – обнови ме целиот. Вкорени страв пред Тебе во моето битие и помогни ми Твојата светост да не биде одземена од мене. Биди ми помошник и застапник. Насочувај го кон мир животот мој и удостој ме да застанам од Твојата десна страна, заедно со Твоите светии, по молитвите и молбите на Твојата Пречиста Мајка, на Твоите бестелесни служители и прчисти небесни сили и на сите светии кои од секогаш Ти благоугодувале. Амин! МОЛИТВА ТРЕТА (од свети Симеон Метафраст) Господи, Ти си единствен чист и нетленен. Ти, зарди нас и од неискажлива човекољубива милост, си примил човечко тело од Твојата Мајка, која Те родила натприродно преку осенувањето на Божјиот Дух и благоволението на вечниот Отец; Христе Исусе, Ти си Божја премудрост, Ти си мир и сила; со Твоето воплотување, откако ги прими животворните и спасителните страдања: крстот, клинците, копјето и смртта, умртви ги моите душегубни и телесни страсти. Со погребението си го пленил царството на пеколот; преку добри помисли закопај ги моите лоши намери и уништи ги духовите на лукавството. Со Твоето тридневно и живоносно воскресение, откако го воскресна паднатиот праотец, воскресни ме и мене, паднатиот од грев, давајќи ми начини за покајание. Со Твоето преславно вознесение го обожи телото што го прими и го удостои да седи оддесно на Отца; удостој ме и мене, преку светата Причест со Твоите свети тајни, да застанам од Твојата десна страна – кај спасените. Со слегувањето на Утешителот - Твојот Дух, откако ги направи Твоите ученици драгоцени садови, направи ме и мене достоен дом за Неговото слегување. Кога ќе дојдеш праведно да ѝ судиш на вселената, благоволи и јас да Те пречекам Тебе на облаците, мојот Судија и Создател, со сите Твои светии, та бескрајно да Те славословам и воспевам со Беспочетниот Твој Отец и Пресветиот, Благиот и Животворниот Твој Дух, сега и секогаш и во сите векови. Амин! МОЛИТВА ЧЕТВРТА (од свети Јован Дамаскин) Владико, Господи Боже наш, Ти единствен имаш власт да им ги проштеваш гревовите на луѓето; како Благ и Човекољубив, прости ми ги моите прегрешенија што сум ги направил свесно и несвесно. Удостој ме неосудено да се причестам со Твоите божествени, преславни, пречисти и животворни тајни, не за тежина, не за мака, не за придобивање на нови гревови, туку за очистување, како залог за идниот живот во Твоето Царство; за крепост и помош, за одбивање на непријателските сили и за отстранување на моите безбројни согрешенија. Зашто Ти си Бог на милоста, дарежливоста и човекољубието, Тебе Те прославуваме со Отца и Светиот Дух, сега и секогаш и во сите векови. Амин! МОЛИТВА ПЕТТА (од свети Василиј Велики) Знам, Господи, дека недостојно се причестувам со твоето пречисто Тело и со Твојата драгоцена Крв, знам дека сум виновен и дека го јадам и пијам своето осудување, бидејќи не размислувам за Твоето Тело и за Твојата Крв, Христе и Боже мој. Се надевам на Твоето милосрдие, доаѓам при Тебе, зашто си рекол: „Кој го јаде Моето Тело и ја пие Мојата Крв, живее во Мене и Јас во него“. И така, смилувај се, Господи, и не изобличувај ме мене, грешниот, но направи ми по Твојата милост. Твоите свети тајни да ми бидат за исцеление, очистување и просветување, за запазување и за очистување на душата и на телото; за отстранување на секакво мечтаење, на лоши дела и ѓаволско влијание, кое дејствува невидливо во моето тело; да ми биде светата Причест за засилување на мојата љубов кон тебе, за поправање на мојот живот и за закрепнување и умножување на добродетелите; за совршенство, за исполнување на Твоите заповеди, за дејство на Светиот Дух во мене, за поткрепа на патот кон вечниот живот, за добар одговор на Твојот страшен суд, а не за суд и осудување. Амин! МОЛИТВА ШЕСТА (од свети Симеон Нов Богослов) Прими го, Христе мој, молењето од нечистата уста, од осквернетото срце, од нечистиот јазик, од грешната душа и не ги презирај моите зборови, а дај ми да Ти кажам сè што сакам, Христе мој. Но уште повеќе, научи ме што треба да правам и што да зборувам. Згрешив повеќе од блудницата, која, кога разбра каде си, купи миро и смело дојде при Тебе, Христе мој и Боже мој, да Ти ги помаже нозете. Ти не си ја отфрлил неа што дошла при Тебе искрено, па не отфрлај ме и не гнаси се и од мене. Слово Божјо, дај ми ги нозете да ги целивам и со потоци солзи, како со скапоцено миро, да ги помажам. Измиј ме со моите солзи и очисти ме со нив. Прости ми ги прегрешенијата. Ти знаеш дека имам многу гревови, ги гледаш моите рани, но и верата моја и желбите ги знеш, како и воздишките ги слушаш. Не е скриена од Тебе, Боже мој, Создателу и Избавителу мој, ни солзната капка, па ниту делче од неа. Уште пред да сум направил нешто, тоа го виделе Твоите очи. Во Твојата книга се запишани уште и неизвршените дела. Погледни го моето смирение, види ја мојата мака и прости ми ги сите мои гревови, Боже на сите творенија, та со чисто срце, со растреперена мисла и со скрушена душа да се причестам со Твоите пречисти и пресвети Тајни, преку кои оживува и се обожува секој кој јаде и пие со чисто срце. Ти си рекол, Владико мој: “Секој што го јаде Моето Тело и ја пие Мојата Крв, живее во Мене и Ја сум во него”. Сосема е вистинско словото на мојот Владика и Бог. Ако се причестувам со божествените и оготворни Дарови, не сум веќе сам, но со Тебе, Христе мој, Трисолнечна Светлино, што го просветуваш светот. За да не останам сам без Тебе, Животодателу, мое дишење, мој живот, радост моја и спасние на светот – пристапив кон Тебе, како што гледаш, со солзи и со скрушена душа, молејќи се да ме избавиш од моите гревови, за да се причестам неосудено со Твоите животворни и пречисти Тајни, та да живееш, како што си рекол, со мене несреќниот и да не ме најде соблазнителниот без Твојата благодат, па безмилосно да ме зграпчи и, откако ќе ме соблазни, да ме оддалечи од Твоите боготворни зборови. Ете зошто паѓам пред Тебе и топло Ти се молам. Како што си го примил блудниот син и блудницата, милосрден Господи, прими ме и мене блудниот и нечистиот. Доаѓам сега при тебе со смирена душа, Спасителу, и знам дека никој друг не Ти згрешил како јас. Но и ова го знам, дека ни големината, ниту множеството на гревовите го надвишуваат Твоето бескрајно човекољубие. Ти со Твојата милост ги чистиш и ги осветлуваш и ги правиш учесници на светлината сите, кои искрено се каат и ги придружуваш кон твоето Божество. И, што е чудно за ангелите и човечките умови, многупати им зборуваш како на блиски пријатели. Ова ме осмелува, ме окрилува, Христе мој; охрабрен од Твоите богати добрини кон нас, со радост и трепет се допирам до огнот и, макар што сум трева – чудно, не изгорувам, но сум оросуван како некогаш капината што гореше и не изгоруваше. И сега, со благодарна мисла, со благодарно срце, со потполна благодарност на душата и на телото мое, се поклонувам, Те величам и Те славословувам, Боже мој, зашто си благословен сега и во сите векови. Амин! МОЛИТВА СЕДМА (од свети Јован Златоуст) Боже, олесни, отпушти и прости ми ги прегрешенијата, што ги направив пред Тебе со зборови, со дело, со помисла, волно и неволно, свесно или несвесно – сè прости ми, зашто си благ и човекољубив. И, по молитвите на Твојата пречиста Мајка, на бестелесните Твои служители и свети сили и на сите светии, кои од вечност Ти угодиле, удостој ме да ги примам Твоето пречисто тело и Твојата драгоцена Крв, за исцеление на душата и на телото и за очистување на моите лоши помисли. Зашто Твое е Царството и Силата и Славата, со Отца и Светиот Дух, сега и секогаш и во сите векови. Амин! МОЛИТВА ОСМА (од свети Јован Златоуст) Господи Исусе Христе, не сум достоен да влезеш под покривот на мојата душа, но Ти, како Човекољубив, сакаш да живееш во мене и јас смело пристапувам. Заповедај да ги отворам вратите што Ти си ги направил со човекољубието, на тебе својствено, да влезеш во мене и да ја просветиш мојата помрачена душа и мисла. Верувам дека ќе го направиш тоа, зашто Ти не ја отфрли блудницата што дојде при Тебе со солзи; не го отфрли ни покајниот митник, ниту го изостави разбојникот што го познал Твоето Царство, но сите дојдени при тебе со покајание си ги приброил кон твоите пријатели. Само Ти единствен си благословен, сега и во бескрајни векови. Амин! МОЛИТВА ДЕВЕТТА (од свети Јован Златоуст) Господи Исусе Христе, Боже мој, олесни, отпушти, очисти и прости ми ги, мене грешниот и недостоен Твој слуга, согрешенијата и гревовите што ги направив од младост до денешниот ден и час, што грешев свесно и несвесно, со зборови, дела и мисли и со сите мои сетила. По молитвите на Твојата пречиста Мајка и секогаш Дева Марија, Која е моја надеж, застапница и спасение, удостој ме да се причестам без осуда со пречистите, бесмртни, животворни и страшни Твои Тајни, за прошка на гревовите и за вечен живот; за осветување, просветување, сила, исцеление и здравје на душата и на телото, за ослободување од лоши мисли и помисли, ноќни занеси, под влијание на темните и лукавите духови. Зашто Твое е Царството, Силата и Славата, честа и поклонувањето со Отца и Светиот Твој Дух, сега и секогаш и во сите векови. Амин! МОЛИТВА ДЕСЕТТА (од свети Јован Дамаскин) Стојам пред дверите на Твојот храм и не отстапувам од страшните помисли, но Ти, Христе Боже, Кој си го оправдал митникот и си ја помилувал Хананејката, и си му ја отворил рајската врата на разбојникот, отвори ми го срцето на Твоето човекољубие, и прими ме мене, кој Ти приоѓам и се допирам до тебе, како лудницата и крвоточивата. Зашто оваа, допирајќи го крајот од Твојата риза, лесно доби исцелување, а онаа, држејќи ги Твоите пречисти нозе, стекна прошка на гревовите. а јас бедниот, кој се осмелувам да го примам сето твое Тело, да не бидам спален, туку прими ме како нив, и просвети ги сетилата на мојата душа, спалувајќи ги вините на мојот грев, по молитвите на Онаа, Која чудесно Те родила, и на небесните Сили, зашто си благословен низ векови. Амин! МОЛИТВА ЕДИНАЕСЕТТА (од свети Јован Златоуст) Верувам, Господи, и исповедам, дека Ти си навистина Христос, Син на Живиот Бог, Кој дојде во светот да ги спаси грешните, од кои првиот сум јас. Уште верувам дека ова е Самото Твое Пречисто Тело, и ова е Самата Твоја Чесна Крв. Затоа Тебе Ти се молам: помилуј ме и прости ми ги моите прегрешенија, волни и неволни, оние со збор и оние со дело, со знаење и незнаење, и удостој ме неосудно да се причестам со Твоите пречисти Тајни за ослободување на гревовите и за живот вечен. Амин! Кога пристапуваш кон светата Причест, моли се во себе вака: Еве, пристапувам кон Божествената причест Создателу, да не ме изгориш со причестувањето, зашто си оган Кој ги изгорува недостојните. Но, очисти ме од секаква нечистотија. Потоа тропарот: Сине Божји, прими ме денес за учесник на Твојата Тајна Вечера, зашто нема да ја кажам тајната на Твоите непријатели, ниту целив ќе Ти дадам како јуда, туку како разбојникот те исповедам: Спомни ме, Господи, во Царството Твое. Причестувањето со светите Твои тајни, Господи, да не ми биде за суд и за осуда, но за исцеление на душата и телото. Амин! Потоа кажи ги во себе следниве стихови: Од боготворната Крв ужасни се, човеку, гледајќи ја. Зашто е жар Кој ги изгорува недостојните. Божественото тело ме обожува и ме храни. Го обожува духот, а умот, пак, чудно го храни. Потоа тропарите: Со (љубовен) копнеж си ме занел, христе, и си ме променил со божествената Твоја љубов. Но, изгори ги моите гревови со невештествениот оган и удостој ме да паднам во милоста Твоја, та потскокнувајќи, ликувајќи, благи да ги величам двете доаѓања Твои. Во сјајот од светиите Твои, како ќе влезам недостоен? Зашто, ако се осмелам заедно да влезам во брачната одаја, облеката ме разобличува, бидејќи не е брачна, и врзан ќе идам исфрлен од ангелите. Очисти ја, господи, нечистотијата од мојата душа и спаси ме како Човекољубив. Владико, Човекољубив, Господи Исусе Христе, Боже мој, да не ми бидат овие Светињи за осуда, бидејќи сум недостоен, туку за очистување и осветување на душата и телото и за залог во идниот живот и Царство. За мене, пак, добро е да бидам прилепен за Бога, да бидам положен во Господа, надежта на моето спасение. Сине Божји, прими ме денес за учесник на Твојата Тајна Вечера, зашто нема да ја кажам тајната на Твоите непријатели, ниту целив ќе Ти дадам како јуда, туку како разбојникот те исповедам: Спомни ме, Господи, во Царството Твое.
Молитва на Свети Силуан Атонски Господи, Ти Кој се молеше за непријателите, научи не со Духот Свет да ги сакаме оние што не' мразат! Господи, ни заповеда да ги сакаме непријателите, но тоа не е можно без Твојата благодат! Господи, излеј ја Твојата благодат на земјата, дај им на сите луѓе да ја разберат Твојата љубов и да видат дека не сакаш како мајка и повеќе од мајка! На нашата Православна Црква и е дадено да ги разбира тајните Божји преку Светиот Дух, и нејзината моќ се крие во светлината на нејзината мисла и во нејзиниот христолико трпение! Луѓето се препираат околу верата и на тие препирки им нема крај. Всушност, нема потреба да се препираме! Треба само да се молиме на Бога и на Мајката Божја, и Господ ќе не просветли. Милостив Господи, со изобилноста на Твојата милост, спаси не сите!
МОЛИТВАТА а) На кого да се молиш? Исус рече: “… молете се вака: Оче наш, Кој си на небесата…” (Матеј 6:9) “… во сите ваши молитви барајте го од Бог она што ви е потребно…”(Филипи 4:6) “… Мојот небесен Татко ќе ви ја исполни секоја молба што ќе Му ја упатите во Мое име.” (Исус, во Ев. Јован 15:16) “Ве уверувам дека Мојот небесен Татко ќе ви даде се што ќе посакате во Мое име.” (Исус, во Ев. Јован 16:23) б) Како да не се молиш! “А кога се молите, не постапувајте како лицемерите, кои сакаат да бидат забележани од другите кога се молат по синагогите и по плоштадите. Ве уверувам дека друга награда за нив ќе нема! А ти, кога ќе се молиш, влези во својата соба, затвори ја вратата и помоли Му се на твојот невидлив небесен Татко, Кој го гледа тоа што е тајно и ќе те награди јавно. Кога се молите, не редете празни зборови, како што тоа го прават оние што не Го познаваат Бога, мислејќи дека ќе бидат услишани поради својата речовитост.” ( Матеј 6:5-7) “Не биди брз на зборување – твоето срце да не избрзува пред Бога – – зашто Бог е на небото, а ти си на Земјата; затоа, зборувај одмерено.” (Проповедник 5:2) “Двајца мажи влегоа во храмот да се молат; едниот беше фарисеј, а другиот собирач на данок. Горделивиот фарисеј стоеше одвоено и се молеше вака: ,Ти благодарам, Боже, што јас не сум грешник, како што се другите луѓе: разбојници, нечесни, прељубници; ниту пак како овој собирач на данок, овде! Двапати неделно постам и во храмов давам десеток од сите мои приходи!-А собирачот на данок стоеше подалеку и не се осмелуваше ни да погледне кон небото, туку се удираше во градите и се молеше вака: ,Боже! Имај милост спрема мене, зашто јас сум грешник!’-Ве уверувам дека собирачот на данок, а не фарисејот, си замина оправдан пред Бога! Зашто, оној што се крева на големо – ќе биде понижен, а оној што се понизува – ќе биде издигнат.” (Исус, во Лука 18:10-14) в) За што да се молиш? -1) за Божја управа на Земјата “Нека дојде Твоето царство, нека се извршува Твојата волја овде на Земјата, како што се извршува на небото.” (Матеј 6:10) 2) За дневните потреби “Дај ни ја неопходната храна за денешниот ден. Прости ни ги нашите гревови, како што и ние веќе им простивме на оние што нам ни згрешија.” (Матеј 6:11-12) “Немојте да се јадосувате за ништо, туку во сите ваши молитви барајте го од Бог она што ви е потребно и бидете благодарни за она што го добивате.” (Филипи 4:6) 3) за Божја заштита “Не оставај да им потклекнеме на искушенијата, но избави не од Лукавиот” (Матеј 6:13) г) Моли се редовно! “Посветете се на молитва, будно и со благодарност.” (Колос 4:2) “Постојано молете се.” (1. Солун 5:17) “Бидете на штрек и молитва во секое време, за да имате сили успешно да го пребродите сето ова што ќе се случи и да застанете исправени пред Синот Човечки.” (Лука 21:36) “Постојано молете се и барајте, онака како што ве води Светиот Дух. Бидете будни и истрајно молете се за сите христијани.” (Ефес 6:1 “Потоа Исус им ја кажа следнава споредба, за да им покаже дека треба постојано да се молат и да не се обесхрабруваат…” (Лука 18:1) д) Моли се несебично! “… молете се еден за друг… енергичната молитва од праведен човек има голема сила!” (Јаков. 5:16) “Како прво, ве поттикнувам да се молите за сите луѓе. Барајте од Бог да им помогне и да ги благослови, а потоа заблагодарувајте Му се за сите нив. Молете се за царевите и за сите што се на власт, за да имаме мирен и тивок живот, исполнет со побожност и достоинство.” (1. Тимотеј 2:1-2) ѓ) Моли се со благодарност! “Постојано и за се заблагодарувајте Му се на Бог, небесниот Татко, во името на нашиот Господ Исус Христос.” (Ефес 5:20) “Како прво, ве поттикнувам да се молите за сите луѓе. Барајте од Бог да им помогне и да ги благослови, а потоа заблагодарувајте Му се за сите нив.” (1. Тимотеј 2:1) “Посветете се на молитва, будно и со благодарност.” (Колос 4:2) “Немојте да се јадосувате за ништо, туку во вашите молитви барајте го од Бог она што ви е потребно и бидете благодарни за она што го добивате.”(Филипи 4:6) е) Моли се со вера и доверба во Господ! “А без вера не е можно да Му бидеме угодни на Бог. Секој што сака да дојде кај Бог, мора да верува дека Тој постои и дека ги наградува оние што искрено Го бараат.” (Евреите 11:6) “Ако верувате, ќе добиете се што ќе побарате преку молитва.” (Матеј 21:22) “Бог е дарежлив спрема сите и не се лути кога бараме нешто од Него. Но, кога барате, треба да барате со вера, без да се сомневате. Оној што се сомнева е како морски бран што ветрот го носи и разбива. Таквиот човек нека не очекува дека ќе добие нешто од Господ, бидејќи е нерешителен и непостојан…” (Јаков 1:5-. ж) Понекогаш придружи ја молитвата со пост “Кога Исус се врати дома, Неговите ученици насамо Го запрашаа: ,Зошто ние не можевме да го истераме демонскиот дух?’ Исус им одговори: ,Овој вид демони можат да се избркаат само со пост и молитва.'” (Марко 9:28-29) “Затоа, (вие, брачните другари) не лишувајте се еден од друг, освен, по исклучок, ако така заедно се договорите, и тоа нека биде само за извесно време и со цел да се посветите на пост и молитва.” (1. Коринт 7:5) з) Чии молитви се (не)прифатливи за Господ? “Знаеме дека Бог не слуша грешници, туку ги слуша оние што имаат страхопочит кон Него и ја вршат Неговата волја.” (Ев. Јован 9:31) “Близу е Господ до сите кои Го бараат, до оние, кои искрено Го призиваат.” (Псалм 145:1 “На Господ Му се одвратни жртвите на грешниците, а молитвите на праведниците Му се угодни.” (Поговорки 15: “Енергичната молитва од праведен човек има голема сила!” (Јаков 5:16) “Ако останете сврзани за Мене и ако Моето учење се вкорени во вас, тогаш секоја ваша молитва ќе ви биде исполнета.” (Исус, во Ев. Јован 15:7) “Се што ќе побараме од Него, ќе добиеме, ако се држиме до Неговите заповеди и го правиме она што е во согласност со Неговата волја.” (1. Јован 3:22) ѕ) Библискиот модел за богоугодна молитва “Оче наш, Кој си на небесата: да се свети Името Твое, да дојде Царството Твое; да биде волјата Твоја – како на небото, така и на Земјата. Лебот наш насушен дај ни го денес; и прости ни ги долговите наши, како што им ги проштаваме и ние на нашите должници. И не воведи не во искушение, но избави не од Лукавиот, зашто Твое е Царството, и силата, и славата во сите векови. Амин!” (Матеј 6:9-13) ******* Афоризми за молитвата Тајната на молитвата е молитвата во тајност. Твојата молитва е единственото оружје кое непријателот не може да го фалсификува. Молитвата не се мери по должината, туку по длабочината. Молитвата без работа е просјаштво; работата без молитва е ропство. Некои луѓе го третираат Бог како адвокат: го бараат само кога се во невола! Не се моли Бог да те употреби, туку да те направи употреблив. Многу молитви не стасуваат до Бог, бидејќи се погрешно адресирани! Пред да го молиш Бог да ти даде вера која ќе покренува планини, моли го да ти даде вера која ќе те покрене тебе! Кога се молиш, моли се од срце, па макар и без зборови, наместо со зборови – а без срце! Кога си на колена, не можеш да се сопнеш! Кога се молиш пред луѓето, дали сакаш Бог да те држи за збор? Кога се молиш, не давај му на Бог совети и упатства; поднеси му рапорт! Додека молитвата бара дожд, верата го отвора чадорот! Човекот вели: “Боже, се молев, се молев и се молев; зошто не одговараш?” Бог вели: “Човеку, одговарам, одговарам и одговарам; зошто не слушаш?” Не очекувај милионски одговор, на молитва од пет пари! Не соочувај се со денот, додека не се соочиш со Бог. Многу молитви – многу сила; малку молитви – малку сила; нема ли молитва – нема ни сила! Добро е да се наштимаш со утринска молитва, за да не свириш фалш преку целиот ден!
Молитва на болен кон Господа Господи Исусе Христе, Спасителу наш, Ти слезе на земјата од преголема љубов за да ги спасиш грешниците. Ти со твојата милостива рака ги излекува болестите и слабостите на сите што ја побараа Твојата помош, им го врати здравјето и им подари нов живот. Премилостив наш Господи, преголемо е твоето човекољубие. Затоа и јас го упатувам моето срце кон Тебе и со смирение Ти се молам да ми помогнеш и да ми го вратиш здравјето. Знам, Господи, дека не секогаш сум Ти бил благодарен за тоа. Често Те заборавав и бев негрижлив за овој преголем Твој дар. Но, Ти, Господи, презри го безумието мое. Умножи ја Твојата добрина и не по заслуги, ами поради милост, крени ме од постелата на страдањата и маката, а јас ќе ја прославувам Твојата чудна сила и ќе го исполнувам Твојот свет закон, во сите денови од мојот живот. Помогни ми да ги истрпам болките, смилувај се на мене немоќниот, не дозволувај моето срце да се огорчи или во мојата душа да се всели смут или бунтување. Дојди, Господи, при мене, згасни го огнот што ме измачува, подигни ме за да тргнам по Тебе и да бидам жив, сега и во вечноста. Амин
Молитва за започнување на денот од старец Софрониј Сахаров Вечен и Беспочетен Цару, Ти кој Си пред сите светови, Создателу мој, Кој си ги повикал сите нешта од небитие во живот: благослови го овој ден што Ти, по твојата неискажлива добрина, го даруваш на мене. Со силата на Твојот благослов направи во секое време во денов кој доаѓа да глаголам и делувам за Тебе, во Твоја слава, во Твој страв, според Твојата волја, со чист дух, во смирение, трпеливост, љубов, нежност, мир, храброст, мудрост и молитва, и насекаде да бидам свесен за Твојата присутност. Да, Господи, по Твојата огромна милост води ме преку Светиот Твој Дух во секоја добра работа и збор, и дарувај ми целиот мој живот да го минам покрај Тебе без да се сопнам, според Твојата праведност која Си ни ја открил за да не ги зголемувам моите прегрешенија. Многумилостив Господи, поштеди ме мене кој гинам во изопаченост; не сокривај го Своето лице од мене. И кога мојата зла волја ме води да пропаѓам по други патишта, не напуштај ме, Спасителу, туку врати ме на Твојот свет пат. O предобар Господи, пред Кого сите срца се отворени, Ти ја знаеш мојата беда и мојата непромисленост, моето слепило и безполезност, но и страданијата на мојата душа се пред Тебе. Поради тоа и Те молам: чуј ме во мојата неволја и исполни ме со Твојата сила одозгора. Крени ме мене, од гревови неподвижниот, и избави ме мене, од страсти обременетиот. Исцели ме од секоја скриена рана. Очисти ме од секоја нечистотија на телото и духот. Заштити ме од секоја внатрешна и надворешна побуда која е непријатна пред Тебе и болна за мојот брат. Те молам: утврди ме да одам по патот на Твоите заповеди и до последното издихание мое не оставај да заскитам од светлината на Твоите повеленија, за Твојот закон да биде единствениот закон на моето постоење во овој живот и вечноста. Боже, мој Боже, кон Тебе се обраќам за многу и велики нешта: не оставај ме. Не ме оттргнувај од Твојата присутност поради мојата самообразеност и бесрамност, но преку силата на Твојата љубов води ме по патот на Твојата волја. Подари ми да Те љубам како што и Си повелал, со сето мое срце, со сета моја душа, со сиот мој ум и сите мои сили: со сето мое битие. Зошто Ти самиот Си свети бранител и семоќен заштитник на мојот живот, и Тебе Ти прилега секоја слава и кон Тебе во молитва прибегнувам. Подари ми да ја познаам Твојата вистина пред да се разделам од овој живот. Одржувај го мојот овоземен живот сè додека не Ти понудам вистинско покајание. Не земај ме во средината на моите дни, и кога ќе благоволиш да го приведеш при крај мојот живот, предупреди ме за мојата смрт, за да ја подготвам мојата душа за средбата со Тебе. О, Господи, биди со мене во мојот велик и свет ден, и дарувај ми ја радоста на Твоето спасение. Очисти ме од пројавени и сокриени гревови, од сиот немир кој е скриен во мене; и дај ми да го чујам добриот одговор пред Твојот страшен престол, на Судот. Амин.
Често се молам. Имало период кога секоја вечер сум се молела и секои утро сум викала "Благодарам за новиот ден", но сега не се молам секој ден. А инаку од молитви ја знам Оче наш и Молитва пред учење.
"Нормално е дека постојано треба да сме во молитва. За што и да пишувам, молитвата се подразбира. Прекинот на молитвата така влијае на душата исто како прекинот на дишењето за телото. Но, најбитно беше да се каже дека отсаството на благодатта со благодарност го прифаќаме, наспроти нашето вообичаено прпелкање и незнаење во тој случај. Но, молитвата никогаш не ја кажуваме како борба против духовното затемнување или како барање на благодат за да ни биде убаво, односно, како некое барање. Молитвата ја кажуваме секогаш како давање, благодарност и како славословие. Тоа е молитва во која, до самозаборав, го бараме само Него, а не некој од Неговите дарови."