Да си ја купиш . Мислам дека ова е книга што секој човек треба да си ја има во својата домашна библиотека или барем да ја прочита. Книга што ќе ти го промени животот и ќе те натера да размислувш малку подлабоко во врска со себе си и за сите случувања во животот. За она што ние го нарекуваме судбина. Препорачувам, од мене 10ка !
Мора да се прочита. Мене ми е омилениот дистописки роман, многу подобар и од Орвеловата 1984 и од Храбриот нов свет на Хаксли, делумно и поради депресивните гами на наведените, наспроти хуморот кај Бурџис (навистина не се сеќавам на подуховито напишано четиво од „Пеколен портокал“; за ингениозноста на самиот наслов и на надсатот не започнувам, ќе најдете во предговорот на авторот и ќе имате време за размислување). Главен лик и наратор е харизматичниот, интелигентен тинејџер Алекс (дете од родители припадници на работничката класа, спрема него добри и грижливи колку што е еден обичен, нормален родител, но неавторитетни - ништо несвојствено за семејство на кое условите му налагаат во текот на денот да се гледа за појадок и вечера), кој заедно со бандата чиј водач е, ноќно време напаѓа во потрага по лесни пари, но повеќе барајќи адреналин и задоволувајќи нагони. Неговата банда не е единствената „глутница“ малолетници во ноќта. Со деструктивната современа младина како навидум централна тема, романот ги опфаќа есенцијалните прашања за слободната волја, доброто и злото, за потеклото на последното, дали е возможно истото да се истисне и поништи, и со колку искрени намери би се нафатиле тоа да го сторат оние кои имаат механизми; апропо, не останува заобиколена улогата на политиката, подготвеноста на партиите да злоупотребуваат човечки судбини во борбата за власт (иако Алекс не е баш за жалење, сепак е еден пример и е малолетен); и како тоа младите се најподложни злото во денешницата да го одбираат како секојдневен начин на живеење. И покрај тоа што спомнав дека Алекс не ги заслужува симпатиите, ќе се најдете себеси во сожалување на малиот монструм за неприликите и успевате да го разберете допадливиот и само врз база на изглед невин „малчик“. Филмот содржински не отстапува многу, само што Кјубрик внел своја автентична мајсторија акцентирајќи ги како фактор вреден да се земе на тапет политичката десница и левица, особено предмет на критика наоѓајќи во лицемерието на левите и нивната непромисленост. Исто, крајот на Барџис е отфрлен, американската верзија на книгата завршува со претпоследното поглавје од оригиналот, па за тие што го гледале филмот но се уште не го прочитале романот ќе има нешто ново. Ниту "Singin' in the Rain" нема да ја сретнете во книгата, тоа е импровизација на Малколм Мек Дауел во бруталната сцена, поради која навредениот Џин Кели одлучил никогаш да не прозбори со младиот колега. Подолг пост отколку што очекував, но развив фасцинација кон ова дело, и книгата и филмот се за чиста десетка, една од најдобрите книги што ги прочитав и ќе ги прочитам во животот. @Novecento, не можев во соодветната тема да одговорам на твоето барање, зашто после портокалот прочитав уште две книги. Евентуално може модератор да го премести мислењето во во Препорачајте книга (сакав да ја препорачам, само немав поттик, да не речам, ме мрзеше ).