Карминот е круната на секој мејкап изглед и секоја од нас непрекинато експериментира со нијанси и формули. Oriflame го збогати огромното портфолио со 10 нови кармини The ONE и израдува со подароци 5 форумџики кои ќе ги тестираат и ќе споделат впечатоци. Подароци добија: @marta993, @iloveyou29, @Mishela, @Dust и @referentka. Ги очекуваме нивните рецензии. Накратко за The ONE Од нежна беж до темен пурпур, никогаш нијансите и боите не биле толку живи и интензивни како сега, и буквално секоја жена може да ја најде својата. Исто како и жените, нијансите на новите кармини варираат од тивки и нежни до впечатливи и храбри, а ги спојува едно нешто – квалитетот и уникатноста. Покрај кармините, подароците вклучуваа парфем Possess The Secret и парфимиран лосион за тело Miss Giordani.
Најпрво сакам да се заблагодарам на Oriflame и Фемина за подарокот. Вистинско пријатно задоволство е да се добие подарок, а посебно нешто што секоја жена го користи и го има во своето козметичко катче. Јас добив три нијанси од кармините The One и тоа : Pink Possession 35157 Red Rage 35161 Purple power 35163 Кармините уште кога ги видов ми се допаднаа, првично од изгледот.Тие се во сребрено пакување кој им дава елегантен изглед. Нежната розе често ја користам како боја на кармин/сјај и нежно стои на усните. За црвената боја, јас лично ги сакам црвените кармини кој го даваат оној класичен изглед на усните. Одамна имав желба за виолетов кармин, а до сега не сум користила. И ова ми беше прилика да пробам како ќе ми стои. Кармините имаат добра структура, доста мазна и многу лесно се нанесуваат на усните. Тие имаат добра пигментација и дури со два слоја убаво рамномерно се нанесува на усните. Повеќе нема потреба, бидејќи се добива убава боја. Најбитно и нешто што највеќе ми се допадна, е дека не ја сушат устата и се доста трајни. Јас не користам молив за усни, мнооогу ретко. Со овој кармин и без молив за усни, може убаво и прецизно да се нанесе по линијата на устата. Дефинитивно јас имам позитивно искуство со овие кармини и би продолжила да ги користам. Нареден пат кога ќе си порачувам, би си зела и други бои, да ги испробам сите Уште еднаш голема благодарност за подарокот, и ги препорачувам на сите
Од кармини никогаш доста. Во последно време навистина се презаситив од матирана кожа и особено матирани усни, па подароков беше и повеќе од добредојден. Покрај тоа, дојде навистина во прав момент - каталошка козметика ми е guilty pleasure, а истиве кармини одамна ги чекав на некоја акција за да ги пробам и самата. Ги добив следниве нијанси: Red Fever -35162 Nude Appeal -35155 Peach Passion -35156 Како што можете да видите од фотографијата погоре, кармините се спакувани во дополнителна картонска амбалажа, на која се испишани сите податоци за секоја нијанса и составот на карминот. Количината е 3,7 грама. За сите оние кои ги интересира составот, ќе додадам и дополнителна фотографија: Спојлер Што се однесува до самиот кармин, дизајнот многу ме потсеќа на кармините на wet 'n' wild, со таа разлика што карминиве од Орифлејм се со далеку подобар, полуксузен дизајн. Металик 'bullet' пакување - многу едноставно, а сепак впечатливо. Особено ме радува тоа што делот кој се навртува е многу стабилен и цврст, па карминот е сигурен внатре - не се клати воопшто. Формулата на кармините е лесна и хидратантна. Карминот буквално лизга по кожата и остава фина боја со сјаен финиш. И мирисот е фантазија. Ми разбуди спомени од времињата кога ги користев сјаевите на Орифлејм. Мириса сочно, воденасто, на лето, на некои слаткасто-воденасти плодови. Пигментацијата е солидна како за таков сјаен кармин и искрено многу се изненадив зашто очекував некоја варијанта на пигментирани лабела, а карминиве се светлосни години далеку од таквите. На сликата не притискав воопшто, туку само ептен нежно пројдов по кожата колку да ги видам нијансите поубаво. Со малку поголем притисок , бојата е изедначена и нема потреба од повторување по неколку пати за да се добие убав изглед. Nude appeal (најлево на сликата) е класична нијанса на кајсија, доста е светла и не влече на жолто-портокалово туку е баш неутрална. Јас имам природно многу бледи усни, па не може да се долови вистинската нијанса зашто буквално секоја нијанса е посветла кај мене, но навистина дава убав свеж изглед и одличен ми е за секој ден. Peach Passion e корално-розева нијанса и мене најмногу ми се допаѓа од сите три, најверојатно затоа што поминаа години откако последен пат на себе сум ставила некоја ваква летна нијанса, па ми се допаѓа како ми стои. Одличен е, мислам дека ќе го користам цело лето. Red Fever е потемна црвена со син подтон. Не сакам и ретко користам класичен црвен кармин, па и сама најчесто купувам вакви варијации на потемна црвена кои мислам дека многу подобро ми стојат. Од овој кармин очекував многу слаба пигментација, но и на фотографијата долу се гледа дека и покрај специфичната формула, карминот навистина изгледа одлично и кога е нанесен само во еден слој. Исто така и апликацијата оди многу лесно. Обично нанесувам молив за појасна дефиниција и за воедно да си го олеснам самото нанесување на карминот, но овие кармини од Орифлејм се нанесуваат лесно и без молив. Дури и најтемната нијанса - прв пат ставам толку темен кармин без каков било молив или четка. Како што спомнав претходно, финишот е сјаен и скоро невозможно е да се очекува од ваквите кармини воопшто да не се пресликаат на чаша, но сепак солидно се држат. Бојата бледнее рамномерно, се губи првичниот интензивен сјај, но пигментот останува и не остава бела линија на усните по некое време. Не се разлева по усните дури и без молив, што е одлично за ваков тип на кармини. Еве како изгледаат кармините на усни. Сите се нанесени во само еден слој и многу ми се допаѓа како изгледаат затоа што со мала корекција, лесно може да се употребат како за дневен, така и за вечерен изглед. Спојлер: Нијанси Nude Appeal Peach Passion Red Fever Баш ми е драго што имав можност да ги пробам овие кармини, па затоа големо благодарам до Орифлејм и Фемина. Слободно поставувајте дополнителни прашања за нешта кои можеби сум испуштила да ги наведам, а од мене имате голема препорака да одберете некоја од десетте нијанси и да ги пробате и сами.
Ова „бебенце“ вчера ми стаса на адреса. Рецензии не сум пишувала, но сега ќе се обидам место стручна рецензија да опишам како производот делуваше на мене. Кога се појави Oriflame користев доста производи од нив, но со тек на време добив впечаток дека „попуштија“ на квалитет и се откажав. Долго време немам користено млеко/лосион за тело од нив. Искрено изненадена сум од лосионов за тело и драго ми е што се најде на мојата козметичка полица за нега на тело, бидејќи кога станува збор за нега на тело навистина сум пребирлива. Имам проблем со сува зрела кожа која мора да ја негувам. Подолго време сум во потрага по лосион за тело. Не е масен, но доволно е, колку да и даде мекост на кожата и да ја задржи онака „soft“ и миризлива во текот на денот. Лесно се впива, не ги затвара порите, а кожата (посебно на деколтето) ја прави мека и сјајна. Веќе неколку часа се чувствува парфемот на лосионот, дискретно, но забележително. Значи: - ја хидратизира кожата - и дава мекост и сјај - постојан е, не се „губи“ од кожата Ова е првиот впечаток од лосионов, за десетина дена повторно ќе напишам „рецензија“ за да го потврдам прво-кажаното. Единствено нешто што забележав е дека содржи парабени (кои го продолжуваат рокот на траење на секој еден козметички прозивод), но мислам дека веќе не постои козметика без парабен. Втора забелешка е што амбалажата од 150мл е премала. Но, да се водиме по изреката дека убавите нешта се во мала амбалажа.
Најпрво, да се заблагодарам на тимот на Фемина и Орифлејм за прекрасниот подарок кој што искрено многу пријатно ме изненади. Обожавам да носам кармини во секоја нијанса, од посекојдневни бои па се до откачени и смели, па карминиве се одлично дополнување на мојата колекција. Како што мат кармините практикувам и преферирам да ги носам во зима, така сјаевите и кармините со полесна, кремаста структура ми се резервирани за летниот период кој што ни претстои. Токму такви се и кармините на Орифлејм од линијата на The One. Јас добив 4 од 10те нијанси и за нив одделно ќе го напишам моето мислење и според прикажаните фотографии ќе имате можност да погледнете како изгледаат на усни и кој е ефектот кој што тие го даваат Формулата на овие кармини е лесна, со кремаста структура, на усните при нанесувањето лизгаат и оставаат убав сјај а истовремено и потентна, богата боја. Интензитетот на бојата можете самите да го модифицирате, од нежна до поинтензивна боја, се зависно од она колку силно ќе притиснете додека го нанесувате карминот и секако од бројот на слоеви кои ќе ги нанесете. Трајноста на The One Colour Obsession кармините е солидна според она што јас можев да го забележам, по 4 часа откако го нанесов карминот Cherry crave, сјајот се изгуби, но сеуште ја имаше онаа темна боја која што ја добив веднаш по нанесувањето. Може лесно да се трансформираат од дневна во вечерна варијанта на шминка. Од 'no make up, make up look' до нешто подраматично. Имаат пријатен овошен мирис кој не е доминантен и кој што на оние кои се поосетливи на мирис во декоративната козметика, не би им пречел. Пред да го нанесам карминот, не почувствував потреба да ги дефинирам усните со молив токму поради обликот кој што го има самиот кармин, закосен врв кој што ја заменува улогата на моливчето. Изгледот на самиот кармин е едноставен, со металик сребрена боја и остава впечаток на луксузен производ. На следната слика е прикажан лесен swatch како би можеле да ги видите вистинските бои на нијансите кои ги добив: ☆ 35158 - Magenta Mania ☆ 35159 - Coral Craze ☆ 35160- Tempting Orange ☆ 35164 - Cherry Crave Спојлер: нијанси Magenta Mania Розева боја со плав подтон. Одлично надополнување на секој изглед и одговара на секоја шминка, дневна или вечерна, особено во текот на летниот период. Дефинитивно ќе си го најде местото во мојата секојдневна рутинска шминка. Спојлер: Magenta mania Coral Craze Розево-портокалова боја, идеална за 'pop of colour' за оние кои што во своето секојдневие не се шминкаат премногу, а сакаат да постигнат убав, свеж и помладалачки изглед. За оние пак коишто се љубители на посмели бои, во неколку слоеви Coral Craze се трансформира во 'флуоресцентна' корална боја. Спојлер: Coral craze Tempting Orange Името на карминот, ја опишува нијансата во најдобар можен начин. Вистинска примамлива портокалова нијанса, со неутрален подтон, која ги прави усните сочни и впечатливи. Спојлер: Tempting Orange Cherry Crave Четвртата нијанса е нијанса која што би била перфектна за вечерна шминка или пак за оние девојки кои што дневната шминка не се плашат да ја зачинат со потемна боја на кармин. Станува збор за модро црвено-виолетова нијанса која што оди одлично во комбинација со маскара и закосено моливче на очите. Спојлер: Cherry crave Се надевам дека мојов пост ќе биде од помош за да се одлучите која од многуте нијанси ќе ја одберете за летните денови.