Тема на неделата : На чекор поблиску до почетокот На чекор поблиску до почетокот Се разбудив со арома на вкусно кафе кои ми ги надразни носните шуплини и го сркнав со уживање. Не бев свесна дека тоа ќе биде мојата највисока точка во денот. Го подготвил онака како што го сакам - црно, со шеќер на врвот на лажичето и топло, пенливо млеко. Моите соништа за заеднички појадок се распрснаа како меури од сапуница; секогаш истата приказна, тој брза, мора да оди на состанок, има премногу обврски денеска и ќе се потруди да дојде навреме за вечера. Јас завршувам пред телевизорот, со чинија лазањи и чаша вино, догледувам некој патетичен филм, само за да сфатам дека мојот живот се претвори токму во тоа - грдо, патетично клише. Чувствувам како тв сетот ми праќа злокобни сеирџиски насмевки, наместо да е обратно. Со потсмев ме испраќа до креветот, посакувајќи ми пријатна вечер, со желба да се видиме и утре. И задутре. И ноќта после задутре... Залудни беа сите ветувања дека ќе поработиме на нашата врска и интима, за да се почувствуваме онака како на почетокот. Нов пар обетки и патување во егзотичен рај не ветуваат чекор поблиску до почетокот. Напротив, двајца странци се сретнале сосем случајно, немало доволен број на соби, па хотелот се извинува и ги пика двајцата во еден ист кревет. Пардон, се извинувам, двајцата странци имаат веројатно поголеми шанси за зближување. Веројатно ќе си раскажуваа смешни случки од младоста, ќе зборуваа за сопствениот чуден карактер, за семејствата, пријателите, соништата, иднината. Можеби и ќе завршеа во истиот тој кревет водејќи бесно и жестоко љубов. Ние од дневната се преселивме во соба каде што секое утро ни ги менуваа чаршавите и ни оставаа мали чоколатца на перниците. Колку да не потсетат дека животот ни е горчлив. По враќањето разгледував некои стари фотографии. Нашиот прв заеднички одмор. Луксузот ни оддалеку не беше истиот како на последниов; креветот беше крцкав, собата клаустрофобична и невидливо мувлосана, а ние се задоволувавме со пица на парче и пиво секоја вечер на плажата. И јас имав чувство дека сум го освоила светот. Дека можам да летам. Дека можам да направам се' што ќе посакам. А денес имам чувство на ништожно исплашена жена која го изгубила механизмот за сонување. Кукавица која се крие под скапи свилени покривки и бедно чекори во уште поскапи чевли. Навистина. Пристигнавме. На чекор поблиску до почетокот... на крајот.
Тема на неделата : На чекор поблиску до почетокот Тишината ја совлада таа бура.Бура на емоции и солзи излеани од мојава душа.Ноќта ширум ги отвори вратите на моето срце.Ме однесе до оној сјај кој долго време не заблескал во моиве очи.Ја испружив раката.Но штом дојдеш поблиску се повеќе се оддалечуваш.Останувам сама.Мислите ме потонуваат до дното на океанот а чиниш во еден миг ме однесле до една прекрасна ѕвезда на која е испишано твоето име.А јас пак сум осамена...Се прашувам дали ова е чекор поблиску до почетокот или чекор поблиску до крајот..Крај со болка или почеток со насмевка..Повторно тишината ја совладала и оваа соба.Така тивко,долго време ќе чекам одговор..
Тема на неделата : На чекор поблиску до почетокот На чекор поблиску до почетокот Кој е крив што ме мачи оваа агонија? Кој е крив што се вртам во круг, што секој ден сум се поблиску до почетокот на се` што ме мачеше? Зарем не требаше да покажам сила, зарем не требаше конечно да бидам цврста и да сфатам дека целта ги оправдува средствата? Седам и се прашувам зошто пак дозволив нешто да остане исто, дозволив уште еден удар, уште еден ѓон врз мене. Тој тоа го сака. Да ме мачи. Да бидам само една играчка во неговите раце со која ќе ги лечи неговите фрустрации. Пак исто... Исти зборови, исти постапки, исти места- само ние не сме истите. Не е иста ни црешата кај што стоевме некогаш. Пораснала. Па зошто јас да не пораснам? Зошто да не бидам веќе жена? Да соберам сила и да кажам не! Да издржам, да се борам за моето се`. Пак сум на чекор поблиску на почетокот, но на оној почеток пред него, кога бев друга, кога бев жива. Решив дека нема само да стојам и да го чекам исходот, ќе ризикувам, ќе тргнам. Ќе направам чекор, можеби ризичен, можеби не- чекор на надеж, чекор кон почетокот на една нова среќа.
Тема на неделата : На чекор поблиску до почетокот На чекор поблиску до почетокот Чекорам.Претпазливо,одмерено додека мракот лепливо ги пополнува порите на просторот и црната подлога се инфицира со светлечки небесни тела.Во овој миг на хиперцивилизираност не ми е едноставно да се ослободам од анексијата на фактот дека кутрите мислители имаат впечаток дека се обични фалсификатори чии импулси од енцефалонот ги открил,доживеал и изживеал некој претходно. - Паричка за твоите мисли - допира до мене благ, пријателски глас од непосредна близина. Ротирам во сите насоки во обид да го перцепирам својот соговорник, но безуспешно. Одлучувам да го прифатам предизвикот. - Размислувам за енигмата именувана како разум, но ова континуирано чувство на вина... - Каква вина? - Па мојата „компетентност„ на усложнета коацерватна капка или Адамово ребро ме дистанцира од вистината. - Што знаеш за вистината? - Знам дека постои одлична стратегија за нејзино избегнување, прикривање и изобличување и не сум горда што во својот краток животен век, човекот тежнее кон креирање на една симбиоза од лаги и сигурност, која води кон перманенетен хаос. - Хаосот е опозиција на редот. Можеби вечната дисхармонија е најголемата извесност и изворот на стимулативната акција која е насочена кон воспоставување на редот. Во лавиринтите на хаосот се губат оние кои веќе се пронашле себеси. Секој крај е нов почеток. - Но, вистинска храброст е во себе да се негува елементарна искреност. Само тогаш борбата за себезачувувањето е исправна. Се‘ друго е само чекор напред во заведувањето кон измама од широки размери-во и вон себеси.Од искуство... - Искуството е оној оддел кој е задолжен да ни испраќа претстави кои како мали шлаканици се втиснати во нашата свест. Негов домен се нашите неуспешни проценки, конвергентниот пристап, одбранбениот став кон репликацијата на немилите доживувања и безграничната сентименталност која често се граничи со глупост. Тоа е базата за лансирање на најискристализирано заведување и дислоцирање од разумноста. А, всушност се‘ тече и се менува. - Можеби ништо не се менува, туку се‘ се повторува и тоа е се‘. Се повторуваме како впрочем и оние пред нас, во циклусите на сопствените егзистенцијални ограничености, во виорот на парадоксот за нашата посебност, од која се издигнува дилемата дали оригиналноста е илузија или пак, тоа е конформизмот?! И додека не прегазуваат неброени интроспекции, не згмечуваат разно разни анализи, не здробуваат комплекси, се надеваме на посветло, ново, поздравено „утре„, наспроти илјадници презрени „вчера„. - Надеж - тоа е илузија со оптимистичен тон, таа не е двигател, напротив таа е одлучувачки фактор во клонирањето индивидуи со предиспозиции за комплетна, апсолутна лимитираност. Возвишеноста на разумот бледе пред наговата ограниченост. Нашиот „танатос„ е нашата ограниченост, а човек исполнет со ограничувања тоа и не звучи така гордо, нели?! - Гордоста е само еден противотров на духовниот провинцијализиам, уште една пермутирана придобивка на социјализацијата. Големите нешта континуирано ги краси ореол на денотативност и токму потрагата по нивниот смисол и нивната реализација, ја чини нашата ограниченост. Кој би тргнал по потрага по сопствената среќа, доколку не ја сознал велам - формулацијата на овој поим?! Така се создаде милијардната армија на навидум хипохондрици во физичко-физиолошки смисол, додека она што е неповратно зафатено е психата во обид за безусловна адаптација кон востановениот ред во заедницата и поистоветувањето со истиот. Пред секоја аномалија на колективната свест доследно да се замиже. - Доследноста е релативна и треба да се применува кон сопствената личност. Револуционерните промени се комплексен збир од многубројни елементарни трансформации. На почетокот се доживуваат како хаос. А, од хаосот настануваат ѕвезди... Искра го распара мракот кој мирисаше на трулост и во просторот кој обвиен со наметката на својата монотонија му пркосеше злобно на времето, се роди нова ѕвезда. - Погледни - извикав. Мојот соговорник се беше вратил во својот ентериер наоѓајќи го својот мир. Неговото дело се измеша со творецот во необичен амалгам, во кој не беше повеќе јасно диференцирано кој е што. Во тоа и беше неговиот перфекционизам. Интензивната светлина испраќаше се‘ послаби луминисценции, губејќи се во Макрокосмосот. А, тоа беше само чекор поблиску до почетокот... П.с. ова е едно од моите првенчиња напишани на 16 год. возраст инспирирана од Едгар Алан По. И после (двојно) толку време често сум пак на истиот почеток во себеспознавањето .
Тема на неделата : Невреме за вистината Невреме за вистината Силно ги стискам очите, ги враќам солзите. Немој, не плачи, ми вели. Јас сум уште тука. Ене ме, на небото, зарем не ме гледаш? Баба Нацке низаедна, сеќавај се на мене. Повеќе не треба.
Тема на неделата : Невреме за вистината Невреме за вистината -Зошто? -Не те сакам веќе.-Вратата се затвори зад него со тресок поради силниот налет на ветрот, молња го распара воздухот и по некое време се слушна татнежот на громот. Неа овие четири зборови ја погодија како четири меча хируршки прецизно забодени од секоја од страните на светот во нејзиното тело. Се струполи на блиската фотелја, не и надоаѓаа солзи иако се тресеше и испушташе некој пригушен звук како тивко кркорење и притаено липање. Надвор невремето беше во полн ек. Дождот и ветрот бесно удираа по прозорските стакла, громовите демонстративно се натпреваруваа по својата бучност и моќност. Всушност таа потајно ја знаеше вистината веќе долго време. Како што знаеше утрото дека ќе настане ова страшно невреме здогледувајќи ги мрачните силуети на џиновските облаци како се згуснуваа се повеќе. Дојде и невремето. Дојде и вистината. Болката беше разорна, но знаеше дека ќе помине, исто како и ова невреме. Само треба време, тоа е се‘...
Тема на неделата : Невреме за вистината Невреме за вистината Зората беше јасна како есенското сонце. Време сончево со повремени грмежи и врнежи. Живот како и секој друг. Во одлична симбиоза со нејзините креатори. Нешто се случи. Нешто се смени. Нешто не беше како порано. Тој не беше никогаш ваков. Никогаш. Знаеше дека нешто не е во ред, но си мислеше – уморен е сигурно. Беше уморен почесто, скоро секојдневно. Патуваа со кола, изгуби свест. Во паника се обиде да ја контролира колата и го зграпчи воланот, во паника се обиде да му помогне. Возеше назад како луда додека го гледаше како во грч се обидува да и ја скрие вистината. Ја убиваше стравот колку и да не сакаше да го признае. Дефинитивно знаеше дека нешто не е во ред. Нешто многу не е во ред. Каде е? Што по ѓаволите се случува? Што му е? Зошто тој одбива да признае дека му е нешто? Зошто не сака да им го открие матриксот кој се случува во неговата глава? А што се случува таму? Телефонот заѕвони. Рак. Тумор. Мозок. Три зборчиња кои засекогаш и се врежаа во главата. И се стегна грлото небаре некој и ставил менгеме на врат. Слушалката падна и таа се онесвести. Солзи. Стегање. Биди силна, не и подлегнувај на паниката. Вистината може да биде поинаква. Се надеваше. Бура. Па сонце, па повторно бура, па повторно сонце. Неколку пати ѕирна во пандорината кутија и го откри матриксот. Се повлече и си велеше – не постои. Ова не може да е вистината. Беше. Бидете со него колку што можете најмногу. Бидете покрај него. Него уште долго нема да го има. И беше речено. Вистината – на тацна. Повелете, послужете се. Излезе со грутче во грлото кога и кажаа. Срцето и беше овојпат фатено во истото менгеме. Тој надвор ја чекаше и ја праша со надеж во очите. Таа го погали и како глумица за Оскар му намигна – се ќе биде во ред, не се плаши. Не беше. Бура, торнадо, твистер. И го однесе. Звуци на познатата мелодија на Едит Пјаф – non, rien de rien, non je ne regrette rien…цвеќиња, лелекања, скршени срца, тажни лица. Тој – неподвижен. Тој кој најмногу го сакаше животот, го изгуби истиот. Таа го изгуби. Вистината? Веќе мораше да ја прифати. Матриксу оди по ѓаволите, врати ме назад во времето кога не постоеше. Не. Не. Не. Не постоиш....не.... Солза. Болка. И Едит Пјаф.
Тема на неделата : Невреме за вистината Невреме за вистината Мамурни погледи залутани во далечината, разуздани мисли и тензична тишина. Угушени во сопствените емоции и мисли, ја голтаа прашината од секојдневието, собирајќи ги сите фрагменти и фактори за невремето, правејќи комбинации од мисли како да се начне разговорот. Таа толку вознемирена и дива, со лутина разгледуваше околу себе, ја убиваше хармонијата на денот и убавината на зајдисонцето, есенско руво кое се навлече во секој агол од паркот. Сончевите зраци кои создаваа рефлексија во нејзините очи ја издаваа дека не е толку решителна во својата одлука. Одвај собра храброст да ја погледне. Како виновен пред порота, ја наведна главата, се поднамести на клупата бездушно и со треперење се извини. "Извини. Јас сум еден губитник кој ти денеска го уби. Го порази со својата тишина. Што и да кажам сега е доцна. Јас сум идиот, кој не беше свесен дека може да сака повеќе од себе си, на примитивен идиотски начин, груб и нејасен. Ти ме направи подобра личност. Ме смени. Ме научи да сакам безрезервно. Да се пронајдам. Извини. Знам токму што размислуваш во моментов. Јас не би размислувал исто да сум на твое место. Би размислувал полошо." Цинично се насмевна поминувајќи со својата рака низ косата, сведувајќи го погледот во голото лице кое молеше за прошка. - "Колку полошо? Колку полошо може да размислува твојот болен ум? Никогаш не си бил оставен. Како знаеш што размислувам, кога не си почувствувал болка? Зема преголем дел од мене. Овие солзи не се наменети за крај. Тие се за изгубеното време, за потрошените емоции. Оди си. Доста одолговлекуваме трупајќи се со излитени фрази. Оди си." Тежината на нејзините зборовите предизвика чудна леснотија кај нејзе. Грозното чувство кое предизвикуваше турбуленција во нејзиниот стомак и мисли, исчезна во самиот миг кога тој замина. Остана молчалива и нема на клупата. Патеше, знаејќи дека тој што и предизвика болка пати повеќе. Млада, но мудра за своите години, се соочи со вистината, прифаќајќи го шаблонот кој останува енигма наречен живот, го проголта и овој пат разочарувањето. Водеше разговор во себе, дискутираше и дебатираше. Со апсолутна свесност и јасна перцепција размислуваше за колоритетот на животот, розовите лочки на сивата основа, продорот на сончевината позади тмурното небо, убавината на изгрејсонцето, свежината на новиот ден, за сето она што е релативно, сфаќајќи дека тука негде е и нејзината болка.
Тема на неделата : Невреме за вистината Невреме за вистината А зарем е важно сеуште ....?? Сепак помина толку време, а јас никогаш не се дрзнав да си признаам дека тоа навистина се случи. Да, се случи. Се случија сите бакнежи, сета страст, сите прегратки, во една сосема обична ноќ, со сосема непознат човек. Тој -Мистериозниот, кој претставуваше се што некогаш посакував, очекував од еден маж. Му дадов се во таа грешна ноќ. И потоа исчезнав од неговиот живот. Никогаш не го дознав неговото име, ниту пак имав желба. Оној што ја играше улогата на Вистинскиот секогаш беше тука за мене. Тогаш што ми недостигаше па го сторив тоа? И зошто годините, поминатото време сеуште не ми дозволуваат да заборавам? Да заборавам на болката што му ја причинив на Вистинскиот, а тој никогаш не ја ни почувствува. Па да, тоа што не го знаеме, неможе да не повреди. И сега се присетувам. Се присетувам на она волшепство, што ме обзема тогаш, по ѓаволите знам, ниту во еден момент не размислував. Го сакав тоа. Силно го посакував Мистериозниот. А денес го сретнав. Изгледа годините не оставиле голема трага на него. Само некои бели траги во неговата густа црна коса. Ме погледна-знам дека ме препозна. Без никакви зборови, без објаснување потонав во неговата прегратка. Долго ме љубеше подоцна во неговиот кревет, каде што повторно почувствував дека имам 18. Ме преплавија сите заборавени чувства. Рече дека не се оженил.... Вистинскиот ме чекаше. Милион пропуштени повици, на кои немав волја да одговорам. Покасно истата вечер, кога заѕвонев на неговата врата, чекаше со спакуван куфер покрај него. Рече дека знаел. Знаел сите овие години, меѓутоа молчел. Ја прикривал неговата болка и се трудел да заборавам и да ми прости. Не успеал. Надвор се спремаше невреме. Молњи и секавици го осветлуваа небото. Дојдоа и првите дождовни капки. Ја отвори вратата и излезе. Ова требаше да биде нешто налик на збогум. Но не беше.. Знаев дека ќе се врати, само му беше потребно време. Време за да се собере и да прифати дека сепак го сакам. Тој е мојот живот и не би се откажала од него. Тоа е целата вистина. А тој тоа многу добро го знае!
Тема на неделата : Невреме за вистината Невреме за вистината Дај ми време да смогнам сила, оти сите бури ми го испија гласот. Колку рани од нерамни борби, прашини надишани, но еве ме, се враќам. И заборавам се, уживам во твојата убост, и мирисот твој кога заспивам, мој мевлем за секоја рана. И тогаш кога ме гледаш да се смеам, смогнувам сили за неизвесното, а неизвесното убива. Ова не е време за вистината, тук за утеха и меланхолија, за рагорени свеќи со мирис на иднината, и топла постела што ќе ми ја чува младоста. Ова НЕеВРЕМЕ за вистината.
Тема на неделата : Невреме за вистината Невреме за вистината А зарем постои време за вистината? Постои ли некој погоден миг за неа? Таа секогаш боли, секогаш повредува... Седеше на железничката пруга во своето цветно фустанче и белите балетанки, со пуштена коса развеана од ветрот. Таква ја сакаше тој, таква му беше најубава. За светот таа беше крута, амбициозна, непокорлива. Секогаш совршено средена, со тони шминка на неа за кои сите мислеа дека кријат којзнае каква грдосија. Но, сите се лажеа. Имаше толку нежно лице, чисто, мило... Без шминка, со само исчешлана коса личеше на тоа што беше. Личеше на себе. На девојка на своите години. Таа беше ангел. Мила и фина девојка, добра, која знае искрено да сака. Но, ретко кој ја познаваше како таква. Затоа и беше омразена од многумина... А тие кои ја познаваа навистина, ја сакаа до бескрај. И тој ја сакаше. Ја сакаше зашто беше таква: нежна, мила, чиста, невина... Ја сакаше зашто и таа го сакаше него. Се сакаа искрено и неизмерно! Само што таа не се отвараше. Не пред секого. Дури и најверните другарки не ја понзваа најдобро. И тие мислеа како и другите. Но, тој ја освои. Тој ја промени. Пред него беше тоа што е. Пред него единствено не глумеше. А сега, седи на пругата сосем сама. Nothing's gonna change my love for you-оддекнуваше во нејзините уши. Тој и ја пееше. И ја испеа и кога и рече дека мора да замине. И замина. Не сакаше да ја гледа како страда со него, не сакаше таа да се бори со него заедно. Затоа замина. На перонот и двајцата плачеа. А сега таа оди полека по пругата. Сонцето заоѓа, но во далечината виде светлина. А потоа, ги затвори очите. И никогаш веќе не ги отвори. А ни тој! Тој беше во возот која ја прегази неа. Двајцата истовремено го испуштија последниот атом кислород. Не стигна ни да проба да се избори со болеста која го убиваше полека. А таа не знаеше...можеби заедно ќе се избореја. Но, секогаш беше невреме за таа вистина.
Тема на неделата : Невреме за вистината Темава навистина сме ја запуштиле. Нова тема- Делче од небото
Тема на неделата : Делче од небото Додека се смешкам и умно ги подавам рацете да ме прегрнеш, потајно си знам дека си она зрнце сол без кое јадењето ќе е блуткаво, и мојата мека перница без која сонот ќе е кошмар. Љубовнички, газиме по асфалтот, не сме премногу битни за светот - само делче од небото, а некако чувствувам како целото да ни припаѓа нам. Тогаш срцето ми скрои заговор, дека и разумот мора да се покори да не мора да се бира помеѓу едното или второто туку синхронизирано да ја прегрнам - Љубовта.
Тема на неделата : Делче од небото Делче од небото Зад малото прозорче со челични решетки се гледаше дел од оградата под електричен напон, украсена со бодликава жица на врвот и мало делче од небото, по кое моментално флегматично пловеа натежнати облаци со боја на глувчешко крзно. Во оваа просторија во која обавуваше дел од своите затворски обврски се чувствуваше попријатно отколку во својата ќелија, толку безнадежно осамена - осамен железен кревет потпрен на едниот ѕид, чија цел е да е постојано неудобен до срж и осамен санитарен јазол на другиот ѕид, чија цел е постојано да го најавува своето присуство со тешка реа и меѓу нив тој осамен човек и со својата постојана осаменост како константа како проклетата пи=3,14 без исклучок. Колку само исчекуваше да се добере до таа единствена врска со надворешниот свет, тоа мало прозорче низ кое не може да го види секое изгревање и заоѓање на сонцето, ни месечината и нејзините мени, ни да трага по Големата или Мала мечка, ни да замислува желба дури паѓа некоја ѕвезда, ни да прати најавени затемнувања бидејќи едно, немаше слобода да бира кога ќе дојде тука и друго, тоа сепак беше само едно делче од небото. Си помисли чудно е колку е небото рамнодушно над сите злосторства и сета љубов на светот и како неговата текстура е подеднаква за сите луѓе, сепак тој мора да се задоволува со дел од тоа небо, како што презеде и дел од вина за злосторство кое не го ни стори. Врз четката за рибање со која енергично го триеше подот обидувајќи се така да ги избрка натрапничките мисли капнаа неколку тешки солзи кои се растворија со благо запенетата вода за чистење. Делче од небо за веќе делче од човек за неговиот син таму надвор да биде цел човек со поглед до крајот на хоризонт под слободното небо.
Тема на неделата : Делче од небото Тивко полетав во ноќта. Со нозете цврсто стоејќи на земјата а со мислите некаде таму, загледана во небото, во едно мало делче во сето тоа пространство. Го гледаш и ти се чини посебно. Убаво и магично. Те скокотка по срцето. Ти буди спомени. И не знаеш зошто не можеш да ги оттргнеш очите.. Ти ја разбудува фантазијата.. Минатото, сегашноста и иднината преплетени во едно.. А ти мирно се смешкаш а во очите ти навираат солзи..Знам, чудно е тоа чувство.
Тема на неделата : Делче од небото Делче од небото Романтично, како љубовта час те грее, час те заледила, но, тие двајца вљубени безусловно, се имаа еден со друг целосно, чисто, тој ден, ним очите им светкаа како ѕвездите на небото. Ја погледна и со тивок шепот и рече: "Нашава љубов ќе биде вечна, како што ти подарив дел од мене, така ми подаруваш дел од себе, ѕвездите се само мало, а сепак толку многубројно делче од небото, ако ги собереш сите ѕвезди и сите останати делчиња од небото ќе сфатиш колку ми значиш" Таа го погледна и се насмевна: "Гледам дека небото е безгранично, ѕвездите се нераскинлив дел од него, тоа без нив не може да биде, како што не може без облаците и без сонцето, сфаќам дека многу ти значам, како и ти мене, само вети ми дека ќе ме сакаш безгранично како што е небото". Тој гледајќи ја право во очи се наведна над нејзиното уво и и шепна: "Ветувам под ова небо дека секогаш ќе бидам покрај тебе и ќе ја бранам нашата љубов како што небото ги брани ѕвездите и сонцето". Небото без трепкавите суштества и без сончко не би било небо, така и Тој, не би бил таков ТОЈ, ако небеше ТАА. Тој беше дел од нејзината душа, таа од неговата, се сакаа вечно. После долго време..... Небото плачеше , дождот паѓаше како никогаш дотогаш, чиниш од небото паѓаа делови во вид на големи капки дожд, тие двајца се подсетија на нивниот разговор од минатото и меѓусебно се погледнаа: Ти реков дека засекогаш ќе бидам дел од тебе, минавме заедно низ дождови и бури, сонцето знаеше долго да не грее, знаеше да ни биде и ладно, но двајцата се држевме и светкавме, се исполнувавме со енергија и надополнувавме еден со друг, за сега засекогаш да ти бидам благодарна што го исполни ветеното. Јас сум твојата ѕвезда водилка, ти секогаш беше и ќе останеш мојот светол пат , кој ми беше и остана до ден денес најголемиот мотив и желба за да постојам, неизмерно ти благодарам, продолжи да светиш и да ме опсипуваш со топлина.
Тема на неделата : Делче од небото Не е логично друг да ти ја пишува судбината. Но тоа се случува. И како капките од дождот што се леат, така и душава капе во амбис, неповрат заради несоживување со туѓи замисли. Јас можам да го најдам своето парче под небото. Лоша или добра, за себе сум таа. Таква. Каква што сум била. И сум. А срцево ми е пошироко. Делче од небото. Земјава под небото е тесна, но небото е широко. Барем делче од него имам. И знаеш ли како се вика? Носи име на една убавина, на еден заеднички живот. Ако те нема во ова мое парче под небото, секогаш ќе те има во моето делче од небото. Никој не може да допре до таму каде што те кријам и каде ќе те чувам секогаш. Тебе. Нас. И додека една љубов од неповикани се убива, се борам со сите сили да останам чиста, да не ја повредат неа, и да докажам дека чистото злато ’рѓа не фаќа. Некој ќе рече срам да и е. Нека ми биде. И за сите да бидам лоша, за тебе да сум најдобра.