Значи правиш чест ако некого испочитуваш и го поканиш на свадба и треба и тој што е поканет да те испочитува, ако нема можност за подарок во плик или за било каков подарок не е воопшто ни страшно, ни срамно, нека дојде едноставно да се весели, јас лично ама баш ич не се замарам кој што ќе донесе, но да ми дојде со 100 ден ради ИНАТ, јас го сфаќам како тотално ниско и мизерно однесување. И не ми е јасно, поканите се исти за сите гости, не сфаќам како тоа некој се навредува и си сфаќа лично дека бараш подарок во плик, а некој баш нормално си става во пликче колку може и молим лепо. Значи да не бидам погрешно сфатена бидејќи очигледно некој не ги чита претходните страници, јас не би ставила на поканите подарок во плик, но воопшто не ми смета кога некои млади ќе одлучат да напишат така, незнам зашто тоа некои го сфаќаат толку труматично и лично и навредуваат дека ете прават свадба за да соберат пари, а не го сфаќаат како начин да не се малтетираат да одберат поклон КОЈ НЕ ИМ Е ПОТРЕБЕН, туку едноставно да им помогнат на некој начин за понатамошна иднина.
Хмм ..не ми е јасно зошто некои се лутите и напаѓате доколку некој на поканата напише поклон во плик и го сфаќате тоа како навреда,па дури и ќе се тера инает,ќе се оставаат празни пликоа па,немало да се оди на свадба.А бре аман! Јас воопшто немам проблем со тоа,напротив уште подобро за мене како гостин барем ќе се спасам од акањето по продавници и трескање на главата кој поклон ќе биде најсоодветен па,дали ќе им се допадне па,дали ќе го користат?Ионака скоро секогаш носам поклон во плик па зошто би се лутела. И не ми е баш сеедно за нешто за кое сум одвоила дел од моето ценето време и финансии да фаќа прашина во некој подрум и да не ја здогледа светлоста на денот. Вака уште поубаво колку што имам и колку што сметам дека е потребно ќе ставам во пликото и решен проблем... Тоа била желбата на младите и јас го почитувам тоа а,што ќе прават подоцна со собраните пари нивна работа,секој најдобро си ја знае ситуацијата,можеби не им требаат 3 сервиси за кафе па,со истите пари со нив на пример можат да си купат тостер.Ако сакаат со истите пари и нека си ја исплатат свадбата,нивна работа,нивен есап. Јас правев свадба и не напишав на поканите поклон во плик затоа што немав потреба од тоа,мојата желба беше таа а,истовремено ја испочитувавме и желбата на роднините.Сите најблиски роднини ни дадоа пари со кои купивме апарати за домаќинство,не сакавме да ги потрошиме пошто зошто туку да се знае дека ни се од свадбата поклони по наш избор машина за перење,за садови и сл.единствено кумот изрази желба да ни го купи поклонот за да се речи дека ете тој поклон ни е од него и ние го испочитувавме истото.Нема потреба од правење драми околу поклоните.
Абе лесно е да речеш ЌЕ МИ ГИ СКРАТАТ МАКИТЕ ДА ЛУТАМ ПО ПОКЛОН. Ама што ако некој може да си дозволи да купи поклон од само 300 денари? 300 денари да стави во пликот? Крај краева, според мене, на поканите не треба да се спомнува ни подарок во плик, ни каков било друг подарок. Не се канат гости на свадба за да ти донесат подароци или пари. Ги каниш оние кои сметаш дека ти се најблиски за најголемата радост да ја споделиш со нив.
Па мислам дека е подобро да ставиш 300 денари во плик ако до толку ти дозволуваат финансиите и невестата со други 300 денари плус може да си купи нешто друго по нејзина желба отколку пак да купиш некој поклон за кој пак ќе се знае дека е купен за 300 денари а, воопшто нема да и биде по желба.Залудно потрошени финансии, вака барем другиве колку толку ќе и се најдат.Јас сум практичар по природа и ова е моето мислење. Ако знам дека некој навистина нема а, ми е навистина близок роднина или драг пријател и 100 денари да се ама дадени од срце не ми е проблем. Побитно ми е тоа што ми направил чест и искрено дошол заедно да ја споделиме среќата и радоста.Ниту мене ќе ме направи побогата нечиј поклон било во пари било во предмет ниту пак јас ќе осиромашам ако платам една порција.
Абе сите во теорија цврсто стоиме на ставот дека НЕ Е ВАЖНО ШТО ЌЕ МИ ДОНЕСЕ... А 90 % во пракса одржуваат сеанси и сеанси оговарање за тоа како Митре и Митра дошле со 300 денари во плик од 5 денари. Ако, убаво е да се сонува, но тоа е суровата вистина.
На народот никогаш не можеш да му погодиш...ќе речат за тие 300 денари во пликото но,исто така ќе речат види ги ми дошле со мизерен сервис за кафе од 300 ден.и пак нечиниш. Но,сепак да не ги ставаме сите во ист кош! Очигледно живееме во премногу материјалистички свет во кој примат му се дава на материјалното наспроти духовното...тоа е реалноста.
Кога јас правев свадба на поканите си напишавме поклон во плик и ама ич мува не ме лази некутурно било. И така повеќето не сум ги ни видела од тогаш А исто не ми пречи да ме поканат на свадба со таква покана, поубаво барем нема да се мислам што да купам.
Прашање: зошто би ми биле гости на свадба кои потоа никогаш повеќе нема да ги видам? Ама тоа е веќе друга тема на дискусија.
Повеќето од гостите ги канат родителите на младите ( барем во нашиот крај е така ), они си ја прават свадбата , они си ја плакаат, па затоа сосема ми се ок такви покани какви што испративме
Аааа... кој прави свадба: младоженците или нивните родители? Додуша, не ме чуди ова што го пиша. Со мајка ми имавме жестока дискусија на темава пред некое време која заврши со закана од моја страна дека ако ми ги покани на свадбата сите нејзини први братучеди (кои јас ги гледам еднаш во две години), ќе си останат без невеста на свадбата.
Да не отидеме со муабетот во друга насока, едно е желбата друго е реалноста, биди жива и здрава омажи се, па после ќе правиме муабет. И јас викав како тебе, дури викавме со маж ми да ни ги дадат тие пари што ги планираат за свадба со ојлевци дојлевци да си идеме на меден месец, ама немааааа .
Ние кога правевме свадба не напишавме ништо во врска со подарокот во поканата, иако скриена (море и по малку јавна ) желба ни беше подароците да бидат во кеш. Ама ни мене, ни на сопругот не ни беше пријатно тоа да го напишеме во поканата. За наша среќа, повеќето од гостите ни донесоа паричен подарок. Нашата свадба ја финансираа нашите родители. Се‘ додека тие си ги плаќаат порциите во ресторанот, музиката + еден тон други трошоци поврзани со свадбата, кои сме ние да им диктираме кого да поканат а кого не? И на нашата свадба имаше роднини кои не сум ги видела со години, но да бидам искрена, ниту ние, ниту тие не сме, односно не се виновни за тоа. Едноставно таква е ситуацијата во земјава. Малку подалеку живееме, патиштата -катастрофа, пари за патувања нема, и ако не се свадбите и, недај Боже, погребите - нема кога да се видиме, нема кога да се запознаеме со братучедите. Ова е малку за во друга тема, ама еве јас ви кажувам дека прв пат се запознав со мои втори братучеди на свадбата од сестра ми и од тогаш сме во контакт, и знам дека ако отидам некогаш во нивниот град - ќе ме пречекаат и ќе ме прошетаат (истото и јас би го направила за нив). И навистина не мислам дека е ојле-дојле некој што ќе потроши над 3000 денари за бензин за да дојде на свадба, па макар да ми донесе и сервис за кафе од 300 денари. Да се вратам на подароците од свадбата. Некои од поканетите пред свадбата не‘ прашаа што сакаме за подарок, што ни треба? Ние индиректно им посочивме дека нам сеуште не ни е решено станбеното прашање, и според тоа, што и да ни донесат, така ќе стои - нема каде да го ставиме. Тоа беше факт, живеевме и сеуште живееме во куќата на свекорот и свекрвата, а тие си ги имаа потребните апарати за домаќинство. Како што кажав, на свадбата отприлика 80% од подароците беа во кеш, а останатите 20% се мали предмети за домаќинството, кои да ви кажам искрено, сега кога купуваме стан и кога планираме да се селиме (и кога се задолживме максимално) и те како добро ќе ни се најдат за почеток. Така што, што и да донесат гостите за подарок -се‘ ќе си најде своја намена. Ако е од срце подарено, без разлика дали е кеш или предмет за домаќинството - ќе се искористи, и никој нема никого да озборува.
За сите кои не сакаат поклон - нека им однесат филџани од 99ден., или чаршав за маса од Југославија (иако тогашните биле поквалитетни), па нека кажат тогаш. А, повеќето од овде, тогаш што пишуваат во темата: Најпромашениот поклон ??? За гостите - напишав дека чиво присуство ви е битно, кога 80% од гостите не ги познавате или одвај имате здраво. Така реков зошто на повеќето млади, родителите им ги прават и плаќаат свадбите. И истите родители некогаш оделе по свадби, па сега мора да поканат. И Се собираат роднини, стари пријатели, ако поканиш еден, мораш и вториот... Затоа по мое мислење е најубава свадба со најблиските, само први братучеди и најдобрите другари. А, истите тие најверојатно е дека ќе ви донесат убав поклон или ќе ве прашаат за истиот.
Така е Silver.E. Јас и сопругот сами си плаќавме се и сами си го направивме списокот со гости, така што нашите родители беа гости како и сите останати и немаа никаква обврска и не ни се мешаа за ништо.
Зошто покварено однесување? Се бара поклон во плико - се добива поклон во плико. Или сега преминуваме на сумата пари? Дали е 100ка или 1000ка.
^ Се сложувам нели сите викаат не битно колку ке стаат битно е да се пари што ке можам сама по сопствена желба да ги искоритам.Сеа од друга страна се вика зошто па само по 100ка стаиле како не им е срам. Абе факт е дека лакомоста нема граница. Освен ако не ти стаат 1000 евра у плик нема да бидеш задоволен.
Па затоа најубаво е да знаеш отприлика кој што ти донесол и да вратиш со иста мера. Ние никогаш не сме дале поклон на луѓе кои не можат да ни го вратат, па да им е незгодно. Ама не сме дале ни поклон кој е за срамење. Колку и да се правиме паметни, уште како мала паметам, на свадбите имаше по некоја бабичка и запишуваше кој поклон од кого е донесен. И паметно правеле. Затоа се вели - чиста сметка, долга љубов. Или уште попаметно, постојат шарени картички за честитање, па затоа и се измислени, не ? Им честиташ, се потпишуваш, и го закачуваш на поклонот. Е, сега ако некому си му дал 1000 ден., 100 евра, а тој од инает ти враќа 100 ден. (како случајот погоре) се работи за крајно безобразна личност, која Бог ти дал шанса да ја видиш. И такви не ти требаат.
Не реков дека е безобразно сумата на пари, туку е безобразно тоа некој што тоа го прави подмолно, ради терање инат, бидејќи во цитатот беше наведено дека 100 те денари ги ставиле 4 во плико не затоа што немаат, туку затоа што сакале да тераат инат. Ако за тебе не е покаварено и мизерно однесување некој да го поканиш на свадба, а истиот тој некој свесно да ти тера инат на било кој начин, не зборувам за пари, тогаш тоа си е твое мислење, за мене терањето инат на свадба на која си искрено поканет е ужасно безобразно.
^ Па кој рече дека ги каниш гостите за да ти донесат поклон каков и да е, не мора да е во плик. Јас искрено ги канам гостите за да дојдат и да се веселат и очекувам истите тие гости искрено да дојдат за да ја споделиме среќата, не ми ни треба поклон, ни во плик ни никаков предмет или апарат, а тоа што некој поканет доаѓа со 100 денари НАМЕРНО за да тера некаков простачки инат ко демек: чекај овие пишале поклон во плик е сега ќе видат они што е поклон во плик за мене е тотално глупо и ниско. Мислам, ако те вреѓа тоа поклон во плик едноставно не иди или кажи немам финансии или донеси некаков подарок или не носи ништо, битно е тоа што ќе го донесеш да е од срце ама не е во ред намерно да направиш нешто само за да тераш глуп инат. Ама пак од друга страна така ќе сфатиш што "човек" си имал во животот, ако на еден од твоите најубави денови во животот ти доаѓа наместо со искрена намевка - со лицемерно и просто однесување. И незнам зашто кога ќе ви дојде покана за свадба со барање за поклон во плик, зашто бре луѓе едноставно не се радувате за самиот чин - свадба?? зашто мора за се некој да најде некаква замерка?? Што народ ќе бевме...