Исповед имало отсекогаш. Прво тоа било јавно, насред Црква, потоа тоа станало тајно, поради оговаранции, осудувања итн. Ако некој не сака да се исповеда - нека не греши, или барем да не ги прави гревовите кои повлекуваат епитимија.
Здраво и ви посакувам лесен пост на сите. Ги постам сите пости но овој пат прв пат почнувам да постам без масло. Бидејќи сакам точно да ги испочитувам овие пости би сакала да ве прашам вас поискусните дали е во ред во исхраната да имам суво овошве птример урми или смокви, семиња пример ленено или семки од тиква и житарки пример хељда или просо?
Правилно се пости без масло сите пости, освен викенди и некој празник. Само за Благовец и Цветници риба, освен ако Благовец се паѓа за Велики Петок или Велика Сабота, тогаш не е дозволено риба ни масло, строг пост е. За Младенци е со масло без разлика дали е Среда или Петок, ама оваа година дека се паѓа во првата недела од постот е без масло. И да беше со масло јас би постела без, зошто за Тодорова Сабота се причестувам. Не прашав свештено лице за тоа, ама на комшика така и кажал нејзиниот духовник, иако е празник, без масло е.
Првата и последната недела треба да се постат без масло, за тие што можат. Измеѓу кој како може. Риби се јадат само на Благовештение и Цветници.
Ако посакате да постите, почнете, едноставно е. Можеби ќе згрешите, но не се откажувајте. Колку се силите,толку....следниот пат повеќе. Најбитна е желбата која ни наишла како мисла....како Господ да не допрел. Дури и кога почнуваме пост од погрешни причини ( како диета,чистење на организмот и сл.. ) никогаш не знаеме каде ќе не одведе тој тетурав чекор еден ден. За време на постот учиме да си ги контролираме страстите, во корист на духовниот раст. Благодариме. Не споредувајте, не критикувајте кој како пости. Постојат секако правила, многу пати и на форумов напишани, но ако истите ве обесхрабуваат, постете на полесен начин. Никој не е безгрешен, така да коментарите дека " не е битно што влегува, туку што излегува од уста ", се само утеха за оние кои не се спремни ни за најмал подвиг.
Бог само на свештеникот му дал право да ја спроведува Светата Тајна Исповед и да чита разрешителна молитва…Никому од Небесните сили тоа не му е дадено… И Бог допуштил свештеникот да биде грешен…затоа што грешниот свештеник подобро ќе го разбере грешниот човек! Св. Јован Златоуст
Ако човекот не чувствува некакви тешки гревови што би го принудиле да побара полноцена исповед, тој не треба задолжително да се исповеда пред секоја Причест. Светата тајна Покајание е важно самостојно таинство, „второ крштение“ и недозволиво е да се сведува на некој задолжителен додаток кон Евхаристијата. Бидејќи исповедта често станува формална поради тоа, што човекот се навикнува на мислата: исповед е она што ќе го набројам пред свештеникот, а покајание е самиот факт на раскажувањето. Но, во најдобар случај тоа може да се нарече откривање на помислите. А многу често тоа е само разговор. Огнено и длабоко покајание пред Бога нема и човекот можеби и не обраќа внимание на него. Треба да се знае дека покајанието не се случува само во моментот на исповедта. Покајанието е состојба на душата, тоа е решеност да се раскине со гревот и да се промени сопствениот живот. Тоа може да се случи во секој момент од животот. Често прашуваат: што да правам, ако дома се каев, плачев, а кога дојдов на исповед во срцето немаше ништо – едноставно суво се исповедав? Ништо страшно. Слава Му на Бога што дома си се покајал – Господ и тоа ќе го прими.
Време благоугодно време за духовна борба, настапува Великата четриесетница - Велкиот пост. Постот е само еден дел од подготовката за причест. Без покајание и без исповест, недостојно се причестуваме. Затоа во прилог на тоа каква треба да биде нашата исповест овој прекрасен текст. "... Се сместив близу до Божјите угодници, за да ми биде полесно да одам во храмот. Во својата куќа ме прими добар, стар Козак. Кај него беше тивко и мирно, бидејќи живееше сам. Во текот на седмицата во која се подготвував за исповед, ми дојде мисла да се исповедам колку што можам поподробно. Почнав да ги пребројувам и да се сеќавам на сите свои гревови од мојата младост до најситните детали, за нешто да не заборавам. Почнав да ги запишувам и најмалите ситници и исполнив голем лист. Освен тоа, слушнав дека на седум врсти од Киев, во Китаевата пустина, постои духовник на подвижнички живот, многу мудар и благоразумен. Кој и да престојува кај него, доживува умиление и секогаш се враќа со спасоносна поука и леснотија во душата. Тоа многу ме израдува, па веднаш појдов кај него. Се посоветував и поразговарав и му дадов да го прочита мојот лист. Откако го погледна, тој ми рече: "Ти, драг пријателе, си напишал многу нешто непотребно и некорисно. Слушај: 1) На исповед не треба да зборуваш за гревовите за кои веќе си се покајал и си бил разрешен. Немој да ги повторуваш, затоа што тоа ќе биде знак на недоверба во силата на светата тајна исповед. 2) Не треба да споменуваш други личности кои имале врска со твоите гревови. Напротив, осудувај се само себеси. 3) Светите отци забрануваат за гревовите да се зборува подробно. Нив треба да ги признаваме, воопшто, за со премногу деталното опишување да не разбудиме соблазна во себе и во духовникот. 4) Ти си дојден за да се покаеш, а не се каеш затоа што не умееш да се каеш, т.е. што ладно и негрижливо принесуваш покајание. 5) Сите ситници си ги наброил, а најважното си го испуштил - т.е. не си ги објавил најтешките гревови. Ти не си свесен и не си напишал дека не го сакаш Бог, дека го мразиш ближниот, дека не веруваш на Божјите зборови и дека си полн со гордост и со честољубие. Во овие четири гревови се сместува целата бездна на злото и целиот наш душевен разврат. Тие се главен корен од кој излегуваат сите ркулци на нашите гревовни падови." -Откако го слушнав ова, јас се изненадив и почнав да зборувам: "Помилувајте, преподобен братко! Како е можно да не се сака нашиот Бог, Создател и Покровител! На што да веруваме ако не на Божјиот збор во него сè е вистинито и свето. На секој ближен јас му посакувам добро. А и зошто би го мразел? Да се гордеам, немам со што: имам безбројни гревови и ништо за пофалба. И како во својата беда и болест ќе бидам честољубив и алчен? Да сум образуван или богат, неспорно е дека ќе бев виновен за она што го рековте." "Жално е, мил мој, што толку малку си разбрал од она што ти го објаснував. За побрзо да те вразумам, ќе ти дадам мал спис според кој и јас секогаш се исповедам. Прочитај го, па јасно ќе го согледаш точниот доказ за сè што пред малку ти реков." Духовникот ми даде спис и јас почнав да го читам. ИСПОВЕД НА ВНАТРЕШНИОТ ЧОВЕК ШТО ВОДИ КОН СМИРЕНИЕ Внимателно насочувајќи го погледот на себе и набљудувајќи ја својата внатрешна состојба, од искуство се уверив дека не Го сакам Бога, дека немам љубов кон ближниот, дека не верувам во ништо што се однесува до верата, и дека сум преполн со гордост и сластољубие. Сето тоа го наоѓам во себе преку подробно разгледување на своите чувства и постапки. 1) Јас не Го сакам Бог. Зашто, кога би го сакал, постојано би размислувал за Него со срце полно со задоволство. Секоја мисла за Бога би ми донесувала нова утешна сладост. Напротив, јас многу почесто и со многу поголемо задоволство размислувам за световните работи. Размислувањето, пак, за Бога за мене претставува напор и мака. Кога би го сакал, разговорот со Него преку молитва би ме хранел, насладувал и би ме привлекувал на постојано општење со Него. Меѓутоа, јас не само што не се насладувам со молитвата, туку чувствувам напор додека ја извршувам, па се борам со мрзоволието, ме раслабува мрзливоста и подготвен сум да се позанимавам со што било неважно, само за да скратам и прекинам. Во празните занимања времето ми лета незабележително, а при сеќавањето на Бога, при поставувањето на себеси во Негово присуство, секој час ми изгледа како година. Оној што е вљубен, во текот на целиот ден постојано мисли на љубената, ја замислува, се грижи за неа и саканата не му излегува од мис- лите со што и да се занимава. Јас, пак, во текот на денот одвај да одвојам еден час за длабоко да потонам во размислување за Бога и за во себе да ја распламтам Неговата љубов, додека Дваесет и три часа многу подготвено им принесувам ревносни жртви на моите страсни идоли!... Во разговорите за суетните предмети, за предметите ниски за духот, јас сум бодар и чувствувам задоволство, а за време на размислувањата за Бога сум сув, мрзлив и ме обзема досада. Ако и против мојата волја други ме вовлечат во разговор за Божественото, се грижам што побргу да преминам на разговор што им годи на моите страсти. Незаситно сум љубопитен кога се во прашање новости, граѓански потфати, политички настани и прилики во светот; копнежливо барам задоволување на својата љубопитност за светските науки, за уметноста, за изумите. Поуките, пак, за законот Господов, за познавањето на Бога, за верата, мене не ми оставаат впечаток и не ја хранат мојата душа. Нив не само што не ги сметам за важно занимање на христијаните, туку дури за нешто споредно и второстепено, со што треба да се занимавам само во слободното време, при незафатеност. Значи, ако љубовта кон Бога, според зборовите на Господа Исуса Христа, се познава по исполнувањето на Неговите заповеди: Ако ме љубете, заповедите мои држете ги, и ако јас не само што не ги исполнувам Неговите заповеди, туку за нив скоро и не се грижам, очигледно е дека не го сакам Бог... Тоа го тврди и свети Василие Велики велејќи: "Доказот дека човекот не го сака Бога и Неговиот Христос се состои во тоа што не ги исполнува Неговите заповеди" (Наравст. Правила 3.). 2) Јас немам љубов кон ближниот. Затоа што, не само што за доброто на ближниот не можам (според Евангелието) да ја положам душата своја, туку не можам да ја жртвувам дури ни својата чест, својот имот и мир. Кога би го сакал според евангелската заповед како самиот себе, неговата несреќа би ме погодувала и мене, а неговата среќа би ме доведувала до восхитување. Меѓутоа јас со поголемо интересирање слушам за несреќата на ближниот. Неговата несреќа не ме разжалостува, туку останувам рамнодушен, или - што е уште полошо -во неа наоѓам некакво задоволство. Лошите постапки на братот јас не ги покривам со љубов, туку ги објавувам со осудување. Благосостојбата, честа и среќата негова не ме радуваат како мои сопствени, и како нешто туѓо во мене не предизвикува радост, туку дури будат нешто како завист и презир. 3) Јас не верувам во содржината на нашата вера. Ниту во бесмртност, ниту во Евангелието. Зашто, кога би бил тврдо убеден дека по гробот постои вечен живот и награда за земни-те дела, јас без престанок би размислувал за него. Самата помисла за бесмртноста би ме ужаснувала и овој живот би го поминувал како странец кој се подготвува да стапи во својата татковина. Меѓутоа, јас и не мислам за вечноста и крајот на овој живот го сметам како некаква крајна точка на моето постоење. Тајна мисла се гнезди во мене: "Кој знае што ќе биде по смртта?" Иако зборувам дека верувам во бесмртност, зборовите ги изговара само разумот, а срцето стои далеку од цврстата увереност, за што отворено сведочат моите постапки и постојаната грижа за благоустројството на земниот живот. Кога светото Евангелие, како слово Божјо, би било со вера примено во срцето, јас постојано со него би се занимавал, би го изучувал, би се насладувал со него и со длабока побожност дури и би гледал на него. Премудроста, благоста и љубовта скриени во него би ме доведувале до восхитување, јас би се насладувал со поучување во законот Божји и ден и ноќ, би се хранел со него како со секојдневна храна, и со целото срце би тежнеел кон исполнување на неговите правила. Ништо земно не би можело да ме оддели од тоа. Доколку понекогаш и го читам или го слушам словото Божјо, јас му пристапувам или поради неопходност или поради љубопитност. При сето тоа, не стигнувајќи до длабоко внимание, јас ја чувствувам сувоста и незаинтересираноста и, како да се работи за некое најобично читање, останувам без никаков плод. Често сум подготвен да го заменам со читање на светски книги, во кои наоѓам повеќе задоволство, повеќе нови и интересни работи. 4) Преполн сум со гордост и со чувство на самољубие. Сите мои постапки го потврдуваат тоа. Гледајќи го во себе доброто, сакам да го ставам на преглед на сите, или се гордеам со него пред другите, или сам со себе сум задоволен. И кога покажувам надворешно смирение, јас го припишувам на своите сопствени сили и себеси се сметам за поголем од другите, или, во најмала рака, не полош од нив. Ако во себе забележам порок, се трудам да го оправдам, да го покријам со превезот на нужноста или на невиноста. Се лутам на оние кои не ме уважуваат, сметајќи дека не умеат да ги ценат луѓето. Се гордеам со своите надарености, неуспесите во потфатите ги сметам за навредливи за себе, и се радувам на несреќата на своите непријатели. Доколку и се стремам кон нешто добро, целта ми е или пофалба, или сопствена духовна корист, или светска утеха. Накратко, постојано од себе правам идол на кој без престанок му служам, барајќи во сè сетилно задоволство и храна на моите сластољубиви страсти и страсни желби. Од сè што наброив гледам дека сум горделив, прељубник, неверник, дека не го сакам Бога, и дека го мразам ближниот. Која состојба може да биде погрешна? Состојбата на духовите на темнината е подобра од мојата состојба: иако не го сакаат Бога, иако го мразат човекот и живеат и се хранат со гордоста, сепак веруваат и треперат од вера. А јас? Дали постои победен удел од оној што ме очекува мене? И од што уште може да биде пострашна пресудата за негрижата и неразумниот живот што јас го гледам во себе! Откако ја прочитав Исповедта што ми ја даде духовникот, се згрозив и си помислив во себе: "Боже мој, какви страшни гревови во мене се кријат, а досега не ги ни забележував" Желбата да се исчистам од нив ме натера од овој голем духовен отец да измолам поука за тоа, како, откако ги познав причините за своето зло, да најдам начин да се подобрам. И тој ми рече: - Гледаш, драг брате! Причина за отсуството на љубовта кон Бога е неверието; причина за неверието е отсуство на убедувањето, а причина за отсуството на убедувањето е избегнувањето на барање на светли вистински сознанија и неработење на духовното просветување. Со еден збор, не верувајќи -не можеш да сакаш и ако не се убедиш - не можеш да веруваш. Од книгата "Раскази на еден поклоник" Спојлер Преземено од Отец Стеван Здравески
Не постои не грешен. Секое лажење , вреѓање, карање е грев. И ако се исповедаш тоа и тоа направив, ајде готово завршено, така? Треба да се покаеш.