Всушност не е исто. Варен зеленчук е оној кој подолго се вари, водата зоврира и процесот се знае понатаму. Обарен е оној кој само се потопува во врела вода. Пример, спанаќот е обарен. Не се варел подолго, туку само ливчињата се спуштени во млака или врела вода. Значи имаме: Варен и обарен.
Постојат норми, граматички, правописни, фонетски правила донесени врз основа на состојбата на јазикот во даден период, иако тој е променлива категорија, што е добро доколку води до негово обогатување. Многумина кои ја потенцираат немоќта или сиромаштвото на македонскиот јазик имаат често скудни познавања од истиот. Брилијантните познавачи на македонскиот јазик (Гане Тодоровски, Петре М. Андреевски и многу други) го имаат надминато (и разубавено, накитено, возвишено) сувопарниот стандарден јазик. Стандардниот јазик е потреба и истиот има свое место во медиумите, институциите на државата, образовниот систем, итн. Арно ама, јазикот на уметничкиот израз е над стандардот, нормите, правилата или стегите...Јазикот на литературата и уметноста е јазик на слободата. Притоа дијалектите, англицизмите, турцизмите, интернационализмите и другите - изми инкорпорирани во него, само го збогатуваат јазикот, а не го сквернават според мене. Дијалектите се јасен израз на идентитет и припадност: секој од нас зборува повеќе различни дијалекти:а) регионален дијалект (скопски, охридски, битолски, штипски, тетовски, итн.), б) социјален дијалект, односно социолект (во зависност од своето ниво на образование и општествена класа), в) родов дијалект или genderlect (машки, женски), д) професионален дијалект (технички жаргон) (ако си лекар, стоматолог, правник, архитект, генетичар, биохемичар, лингвист – тогаш треба да го познаваш и владееш соодветниот професионален жаргон), ѓ) урбан дијалект (во мегалополисите како Њујорк или Лондон, каде да речеме, жител на Менхетн зборува поинаку од оној во Бруклин). Повеќето луѓе се мултидијалектални – говорат барем неколку од наведените дијалекти на еден јазик (кои не се само регионални). Она што според мене е најголема закана е полуписменоста на голем дел од нацијата, жал ми е ако констатацијата звучи грубо. Во современи услови, многу често преку медиумите или преку интернетот или преку пораките на мобилните телефони наидуваме на - поздраф до фнукот во Аустралија или здрели и стреќни чуства или искурзии со хилихоптери или ќе се стретнеме кај струшениот ресторант наспроти базентот и да не продолжувам... Дали мислите дека вината е во образовниот систем или недоволната ангажираност на поединците, бидејќи вакви случаи се среќаваат и кај луѓе со завршено високо образование? Исто ме интересира дали сметате дека дијалектите и интернационализмите и сите наброени - изми го збогатуваат јазикот или се закана за неговото очувување? Не сметам дека и јас не сум направила или нема да направам правописна или друг вид јазична грешка, меѓутоа сметам дека треба повеќе да се трудиме како нација во насока на зачувување на јазикот, а по некоја емисија или статија повремено и не е доволно во оваа насока .
Освен слабата заинтересираност и сеедно-што-ќе-напишам, отупавеноста во однос на писменоста на народот придонесуваат и нашите драги социјални мрежи, кои рака на срце се речиси единствените места каде поголем дел од младите пишуваат, не сметајќи на Марија и Бобан, Ивана и Бојан испишани на цела тетратка. Со самиот факт дека поголемиот дел се служат со англиски фонт, како и јас, на ќ, ѓ, ш, ѕ и џ и се заканува можноста за истребување и тотално исклучување од македонскиот јазик. И немаме бакнеж, туку имаме mwa, како и цел фејсбук „дијалект“. Ова и нема да биде толку страшно ако чет не е единственото место каде повеќето млади пишуваат, мешаат дијалекти со хај - бај, се обидуваат да бидат креативни измислувајќи нови зборови, кратенки и копирајќи некои смешни идоли, без да се ангажираат на часовите по маЌедонски да научат нешто, да се потрудат да бидат пописмени. Мислам дека вметнувањето на дијалекти знае да биде многу шармантно. Забележувам и овде, во некои мислења дека често се употребуваат и притоа тоа изгледа некако шарено, весело и интересно за читање. Но, треба да ја имаш и способноста за тоа, нели, не можеме сите со Петре. М. Андреевски. Единствено што многу ми смета е употребата на разно-разни тропи, мешајќи баби и жаби, надреализам бе , со цел само да се постигне некаква шареноликост, весели стихови, без никакво значење, кој е далеку од возвишениот стил на Аристотел, а толку блиску со рококо стилот. Тоа почесто се среќава кај помладите кои сакаат да ги сметаат за поети/поетеси и да се направат паметни, оти никој не ги разбира, нели
Многу убава тема Теодора. Искрено, мислам дека ние, Македонциве, посебно јазичарите, сме чудни луѓе. Секогаш се вели, не дозволувајте да навлегуваат туѓи зборови, сите се преплашени од србизми и бугаризми, и во тој хаос на зачувување на јазикот, неприметно влезе англискиот. Не знам дали е до недостигот на зборови, не знам во што е проблемот, ама имаме проблем. Имав можност да преведувам сега пред некое време, 5-6 страници стручна литература, нешто за некои правила и стандарди кои мора да се применат во изградбите на објекти. Како прво, пропуст е тоа што досега воопшто не било преведено, како второ, пропуст е што им го дале на деца, буквално ДЕЦА, од прва година на факултет да го преведуваат. Значи, ако ми верувате, не можевме да најдеме зборови да испаднеме на крај со преводот. Едноставно, ги нема. Англичаните си имаат зборче за секое завртче, навртче, па вакво поврзување, па такво.... Тие стандарди, МАНУ треба да ги преведува, а не ние, дечишта од прв семестар. Друго што приметив, е дека некои медиуми, дали од незнаење или од желба да се заштеди некој денар, не ни преведуваат. Па имаме флипинг бук, маус, принтер... Зошто ?! Се знае, има стручни лица, плати му, ќе ти преведе соодветно. Ама не, пусто Македонче, само ќе се уништи и ќе си го уништи јазикот со ова темпо, од скржавост, од мрзеливост. На факултет ни кажуваа дека медиумите, не знаат ни тие зошто, посебно не отупавеле, затоа што користат распон од само 1000-2000 збора, и тие ги вртат во круг. Па јасно ми стана зошто сме толку неписмени, почнав дури да им се воодушевувам на луѓе кои во зборувањето користат нови зборови, некои архаизми, имаат разноликост во говорот. Ние бате, тоа, па тоа. Страшно е што ни читањето книги веќе не ти го подобрува речникот, преводите, поголемиот дел, се ужасни. А дали ќе го зачуваме јазикот, искрено не знам. Денес се се врти околу парите, некој студира македонски јазик затоа што не може на друго да се запише, а и да го студира тоа од што сака, ќе го предомисли околината. Нека бидат платени дебело лингвистите, па ќе го зачуваме јазикот. Вака, јок. Жално и бедно, ама тоа е. Па нека е тоа начинот да се зачува, кога може државата да финансира пензионери, може да си ја финансира и иднината.
Ваљда е србизам кој како и ред други зборови на големо се употребува во македонскиот говор, во македонскиот јазик ваљда не постои, туку веројатно.
Точно, ваљда е србизам и се употребува многу кај нас во Куманово кај нас има најмногу србизми. Ама литературно е веројатно
Знам дека не е македонски зобр, прашав бидејќи јас го знам како валда или валјда (ваљда), а на форумов гледам го пишуваат вајда... Благодарам за одговорите.
Како вајда не сум го сретнала, валда е на некој од српско-босанско-црногорски дијалекти, кај нас во општа употреба најчесто сум го чула како ваЉда, со тврдо Љ.
За жал таа неписменост на македонскиот народ најмногу се гледа преку медиумите. Телевизиите имаат такви преводи на филмови што некогаш се смеам, но почесто ми е тажно. Како ќе му објасниш на некое дете дека збори, на мене, на тебе... не е правилно, кога постојано е бомбардирано со такви грешки кога гледа телевизија, чита весник или книга? Мислам дека во последно време, со издавањето на поефтини викенд книги оваа појава уште повеќе навлезе и како тргнало, ќе биде се’ полошо и ќе ги прифатиме овие грешки како нормални. Лектура не е направена на 80% од книгите што се издаваат, одговорно тврдам, не се работи за мали незначајни грешки што човек кој не е јазичар не би ги забележал. Тука според мене е најголемиот проблем. И не само за книгите, треба да има лектори и во списанијата, интернет порталите, телевизиите... можеби има, но не гледам дека добро си ја вршат работата. Дијалектите се убава работа, но не смее да навлезат каде што не им е местото. Треба да ги чуваме и негуваме, но не да ги среќаваме на сериозни телевизии, во весници и книги.
Во право сте за се` што сте кажале, ама без квалитетно образование по македонски јазик уште во основно и читање на стари изданија на книги, не може да се чува јазикот, бидејќи очигледно многу луѓе прават грешки од не знаење, а други пак, сакаат да изгледаат “пофенси“ и затоа користат вакви изрази, ама некогаш ги оправдувам, еве колку поубаво звучи диџеј Панчо Шорти, отколку диџеј Панчо Кускуле- нели Ние на пример си имавме еден ден во неделата само за граматика (во основно), а останатите за литература, и уште тогаш ги научив основните правила и затоа сега се ежам кога ќе видам Ѓевѓелија (не дека јас не правам грешки, ама ова е мислам ептен ), ама кога ги гледам статусите на новите генерации сфаќам дека и не е така голема грешка кога тие речиси секој збор го изобличуваат. А новите изданија на книгите дали треба да се каже какви се- полни со дијалекти, преводи а ла Гугл Транслејт (ништо чудно и да е ) и после зошто читачката култура е таква, па и за оправдување е да купиш чик лит, секако нема некои длабоки мисли, барем ќе ја разбереш отколку да го купиш Маркез кој што уште од старт го осквернавеле (100 години Осаменост ) И да одговорам на прашањата на Теодора Мислам дека вината е во голем дел во образовниот систем кој што е се “полабав“ и потолерантен, ги нема тие строги професори од кои порано сме се плашеле, ама до ден денес ги знаеме нивните лекции и во сон, а секако дека криви се и поединците бидејќи не се трудат да си го збогатат речникот, и кога можат пишуваат на дијалекти или без нашите карактеристични букви, и се користат се повеќе зборови со странско потекло за кои ние имаме соодветни зборови, ама не звучат толку модерно А за дијалектите што да кажам, интересни ми се, и се одлика на секој регион, каде и да си кога ќе си го слушнеш твојот дијалект се чувствуваш како да си дома, ама мислам дека треба сите да се трудиме да зборуваме литературно барем на официјални настани, кога презентираме нешто, на телефон со некое службено лице и сл. И секако кога зборуваме со лице од др град исто така мислам дека треба да се трудиме да зборуваме литературно, така поубаво ќе се разбереме, оти ако се сретнат Кумановец и Охриѓанец ќе биде занимливо ако зборуваат на дијалект, па ако се вмеша и Струмичанец е тогаш ќе биде ко вицот Documents please Интернационализмите, од друга стана ги користиме кога сакаме да изгледаме попаметно , тогаш де факто користиме сегменти од нашите акумулирани знаења од странската литература, со што ствараме една дискрепанца меѓу обичните индивидуи и нас, која не` става во еден фронтален план. ( се гледа дека кога се користат многу вакви зборови реченицата изгледа како да е цитат од Жика од Жикина династија, а тоа ќе се согласите дека не е убаво нели ) Се зазборував јас