Најпрво се мислев каде да ја сместам темава дали во психологија или тука, па решив во општи дискусии да ја сместам, ако има потреба преместете ја. Не сакам да навлегувам премногу длабоко во ова па на кратко ќе објаснам зошто ја отворам темата. Имам брат 21 година е, и сега поради агресивно понашање го однесовме во психијатриска болница со полиција, ама тука не сакаат да го задржат и го праќаат во Бардовци, а мене и на мајка ми ни е премногу жал да оди таму, не знам дали поради името на болницата или дека таму во краен случај ги носат, само знам дека он за дома не е да се врати. Сега ме интересира да прашам дали некој имал лично искуство со болницава или на некој близок или некој што е има информации да ми објасни малце повеќе каква е состојбата таму, дали има оддели за разни случаи?
Исто и не знам како да постапиме, дали е во ред да оди таму, ми е страв да не биде полошо. Тука од болницата бараат потпис за да го однесат во Бардовци, и мислиме сега како да постапиме. Кога би биле во ваква ситуација како би постапиле вие?
Здраво, случајно ја видов темава и сакам да ти кажам дека многу ми е жал за твојата ситуација. Немам лично искуство ниту блиско со болницата во Бардовци, но јас сум голем поборник дека сите психички растројства мора да се лекуваат и да се бара помош. Доколку во болницата каде што сте го однеле не можат или не сакаат да го задржат од х/у причини, тогаш можеби ќе биде добро да го префрлат во друга болница. Доколку стигнало до тоа полиција да го однесе во болница како што викаш, можеби навистина нема друго решение освен така, бидејќи, недај боже, ситуацијата може да ескалира и вие дома да сте во опасност. Мислам дека доколку јас би била во таква ситуација, би дозволила да оди во болница, па доколку сметате понатаму дека не е соодветно таму за него, би требало да може да го извадите од таму и да се обидете со други методи. За жал, кај нас психијатриските установи се скоро и па непостоечки, па во вакви ситуации немаме избор. Биди силна
Баравме дали има приватна психијатриска болница, ама нема. Го однесоа веќе, понатаму не знам стварно како ќе биде, само дај боже да е подобро, некако не знам се плашам дали одлучивме правилно, ама ситуацијата беше алармантна на сите ни се закануваше со убиство, преагресивно се понашаше и затоа во оваа болница не сакаат да го задржат, друг избор немавме.
Жал ми е мила, но сепак и за негово и за ваше добро е да е таму. Секако ќе ја следите состојбата ќе видите дали оди на подобро или на полошо. Можеби подобро е да е таму и да е под надзор, сепак има и доктори и се кои можеби ќе му помогнат. Доколку ти треба некој за разговор, да си ја испразниш душата, тука сум, пиши ми во разговор слободно
А дали пробавте да го убедите на разговор со психолог или психијатар, да прима терапија? И друго, зошто да не го примаат во психијатарска болница па дирекно во бардовци го пракаат? Мислам на тие години, плус сигурно е период кој што ке помине и ке се среди со правилна терапија од психијатар. Јас познавам луге кои што биле во Бардовци мегутоа тоа биле кои веке стварно немаат памет, луге на 50-60 години.
Ние имаме роднини кои пред 15 години одбија своето дете да го лекуваат во Бардовци, одбиваа воопшто да ја прифатат ситуацијата и сега целото семејство е со проблем, буквално ги повлече. А сѐ почна така со агресија, па ај прво на психијатар, па не ги слушаа советите, се срамеа од околина... Хорор. Не знам кај нас каква е состојабата во Бардовци, ама добро е што реагирате, следете понатаму.
Се е пробано, со најсмирен разговор со се, он одбиваше и да разговара одма почнуваше со викање, од ден на ден се полоша беше состојбата. Тука во болницата каде не го примија не сакаше да ги пие апчињата, ги плукаше, маваше по сите и буткаше, на крај полицајците му ставија лисици. Буквално се претвори во некоја друга особа, како да не е брат ми. Не знам самото ова што го однесоа во Бардовци дали понатаму во животот ќе му остави последици или трауми, многу се плашам, хаос ми е главата.
Предходно немаше некои испади пред стероиди да зема? Стероидите предизвикуваат неконтролирана агресија, депресија, променливо расположение. Зошто не сакале на нервно одделение да го примат, туку дирек психијатриска. Бардовци не знам како е, за Демир Хисар горе долу знам. Само колку се грижат во нашиве институции. Ќе се потсмири таму од лекарствата, се надевам дека ќе му се подобри состојбата. Многу е млад..
Агресивност и депресија, неплодност, ќелавост, срцеви проблеми и инфаркт, висок крвен притисок, акни на кожата, оштетен црн дроб, намалена функционалност на тестисите, се дел од последиците што можат да се јават од употребата на стероиди. - оваа го најдов на интернет. Се надевам дека оваа што го чуствува е моментално периодично и нема да остави понатмошни последици. Во Бардовци ке го смират со лекови за некое време, мегутоа после откако ке излезе внимавајте да не употребува пак такви работи. Тој сега не е свесен дека неговото понашање е погрешно, откако ке се смири ке сфати, но за да не се чуствува отфрлен од околината и дека го гледаат како некој,, лудак,, обавезно да посетува психолог. Претпоставувам дека и после тоа ке има потреба од терапија (антидепресиви) мегутоа доколку е упорен и секако со ваша подршка се ке се среди.
Немаше. Пред две години кога го изгубивме татко ми он психички малце западна, му се појави анксиозност и депресија, одеше на психијатар примаше терапија и фала богу се среди тоа. После за да го оттргне вниманието од тоа започна да тренира и максимално се посвети на тренингот по два пати во денот одеше во теретана, ама таа желба за мускулесто тело еве како заврши. Не знам како се излажал да посегне по стероиди, беше се нормално до пред еден месец кога наеднаш почна од најбанална ситница да избувнува, за од ден на ден после ситуацијата да се влошува.
Прво, многу ми е жал за ситуацијата во која се наоѓате. Верувам дека не ви е лесно. Кај нас психијатрите не се ангажираат многу, за жал. Од мое искуство кажувам. Бев на разговор со психијатар за некој проблем и наместо да ми даде некој совет, само ми препиша антидепресивни таблети. Подобро е да се распрашате во друга болница, па видете. За во Бардовци сум слушала дека условите не биле баш добри. Прв братучед на татко ми престојувал таму и според тоа што го имам слушнато, морал да оди дома за да се избања. Така имам слушнато, не знам дали е вистина. Штом немал такви испади пред да пие стероиди, тогаш не треба ни да ги погледне откако ќе се смири ситуацијата. Штетните ефекти од стероидите веќе се набројани, па нема да се повторувам. Поголемиот дел од тренерите земаат стероиди, па претпоставувам дека од нив учи. Не случајно имаат огромни мускули.
Претпоставувам дека сакал да ја компензира болката со вежбањето (што во принцип, не е лошо), но мене не ми личи дека САМО стероидите се во прашање. Тие ја стимулирале агресијата (познати ми се некои факти околу нив), ама не и болката што тлеела во него. Веројатно пресвртниот момент е смртта на вашиот татко. Претпоставувам имал потреба да го најде „моделот“ на машкоста кој веќе го немало, дополнително сакал да го изрази за да си покаже/да ви покаже дека е на нивото на таа улога. Плус, ваквото “екстремно“ посветено вежбање, самото по себе е показател за бегство од мислите и фокус на телото. Бесот и агресијата се секундарни чувства кои зборуваат за длабока тага, и ова кај мажите е особено изразено. Кога ќе се врати на „нормала“ обидете се со некој друг психијатар/психолог/психотерапевт. Многу е млад, тоа му оди во прилог. Пишувај тука, што се случува со него, тоа и тебе ќе ти помогне да се растеретиш, верувам дека е траума за целото семејство, а верувам дека и членовите на форумот, барем во оваа рубрика, ги интересира.
Психијатарот е да го слушне твојот проблем и да ти даде лекови, психологот е да те ислуша и да ти даде совет.
Најпрво, навистина ми е жал за ситуацијата низ која поминувате. Бидете силни и пружете му поддршка. Имено, имам другари кои што професионално се занимаваат со бодибилдинг и земаат стероиди. Да, стануваат по агресивни, но не до степен да не можат да се исконтролираат. Во вашиов случај, веројатно стероидот бил тригер. Етиологијата на проблемот веројатно потекнува од поодамна. Како и да е, да не мудрувам психијатарот најдобро ќе ви објасни. Сте го направиле она што било неопходно, за да му помогнете на него па и на вас. Сте спречиле самоповредување и повредување на другите. Тој е онаму каде што треба да биде. Од моите оскудни познавање за психијатриска болница Бардовци, е дека пациентите ги распределуваат пациентите според дијагнозата и состојбата. Имаат дневна болница за гранични случаеви, оддел за алкохолизам, оддел за судска психијатрија, оддел за ургентни случаеви итн. Условите не се кој знае какви ама верувавам дека ќе ја добие соодветната помош. Бидете силни и пружете му максимална поддршка. Ќе му бидете многу попотребни откако ќе ја напушти болницата. Рехабилитацијата е долготраен процес кој трае и по напуштање на болницата.
К Како е најдобро за неговата состојба така ако е за таму носете го незначи дека никогаш нема да се излече многу се лечат остави стереотипи..
Кај нас болницата во Бардовци е единствена која може најстручно и најдолготрајно и најсоодветно да лекува вакви агресивни состојби, верувај на правилното место е. Но важно е да знаеш дека е болен, кога и ќе имате дијагноза ќе знаете и што да очекувате во иднина. За жал психичките болести најчесто се доживотни, но исто така, со дисциплина и упорност се живее нормален живот. Не се јадете, и за него и за вас сте постапиле исправно. Обичните (генералните) болници не се соодветни установи за подолготрајно лечење, а верувај одлични доктори и психолози работат во Бардовци.
Се согласувам. Одлуката им е правилна, точно е дека ова е состојба која бара упорност и повеќе време, но може да се надмине. Факт е дека условите во ниедна наша установа не се совршени, но од медицински аспект таму има добар тим на психијатри и психолози. Верувам дека ќе биде добро и воопшто не очајувајте. Без разлика дали е душевна или соматска (органска) болест, се лекува!