Ние вчера го извадивме првиот мед! Со оглед на тоа дека се работеше за мала инвестиција презадоволни сме со извадената количина. Решивме да не го продаваме да си остане за нас дома и плус нешто што ќе поклониме на блиските. Сакам да ве прашам вие што вадите поголеми количини дали го продавате на фирми и ако да на кои или на рандом луѓе?
Прво ќе ти бараат пријателите, па потоа и нивните пријатели, итн. За убав мед одма се слуша, и самите ќе почнат да те бараат. Иако, има многумина кои не се разбираат од квалитетен мед, па попрво ќе купат некој катастрофален.
Мимс гледам си пишала дека нема да го продавате, ама јас да си прашам дали планирате во иднина? И за каков мед се работи?
Има неколку фирми, ама мој совет е во иднина да си продавате од дома со тоа што ќе создадете круг на задоволни муштерии и полека ќе го ширите кругот. Ако треба и до дома ќе испорачувате. Ќе си направите цена соодветна на квалитетот што го нудите (а најверојатно квалитет ќе има) без ни малку да имате предрасуди дали некому му е скапо или не. Фирмите откупувачи се термити и по секоја цена ќе гледаат да извадат повеќе за нив, но на ваш грб. А тоа што го прават со медот откако ќе го откупат, само за да си го зголемат приходот е за идење во затвор. Купете пакуван мед од некој од големиве наши маркети и мед од некој пчелар кому му верувате и споредете ги изгледот, бојата, вискозноста,... Да, тие ќе бидат исти! Ама споредете го вкусот и се ќе ви биде јасно. Затоа во многу земји во светот се продава мед на точење директно пред вас, во Русија и многу азиски земји е традиција кристализираниот мед да се сече и продава на кило. Кај нас во медопродукцијата врие од манипуланти ама не ми се пишува за вакви работи, нека остане темава чиста и чесна како што и е и името.
Во моето семејство порано се одгледуваше мед и се што знаев од пчеларството беше јадењето мед. Не знаев ништо во врска со тоа, а и не ме интересираше се додека еднаш на тв не гледав еден филм, многу работи научив за пчелите и оттогаш имам голема почит спрема нив. Филмот се вика" The Secret Life of Bees" и е многу поучен.
Да во иднина планираме да продаваме, тоа најверојатно од наредната година. Се работи за цветен мед, пчелите ги чуваме во Богомилскиот регион, се е еколошки чисто, некаде прочитав дека на територија на Македонија е најпогодно место за пчелите. Пчелите ги купи татко ми од некој најпознат во Македонија најздрави пчели имал итн... Во однос на големопродажба кило мед чини 180 денари, а во индивидуална продажба тегла мед е околу 250 денари, може и поскапо накај 300-350 зависи пак од квалитетот. И те како има разлика од медот купен во маркет и медот од домашно производство. Пред се во тие фабричките додаваат екстра шеќер, вода и згуснувачи за да добијат поголема количина од онаа што веќе ја купиле. Мојот е светол мед и е многу густ, ептен тешко се цедеше. Во врска со субвенциите дознав дека се доделуваат по 600 денари од сандак, а по 800 доколку е жена пчеларка сопственик. Само незнам колку сандаци треба да имаш за да аплицираш за субвенции? А, ми кажаа и дека пчеларите ќе бидат осободени од данок на приход, незнам колку е точно ова.
За апликација за субвенции треба да имаш најмалку 35 сандаци. И ние вадевме викендов. Извадивме околу 600 кг (од 50 сандаци), што може да се смета онака просечно. Рекордот ни беше пред 2 години (скоро 900кг). Ние никогаш до сега не сме продавале на големо. Се оди на луѓе кои веќе долги години купуваат од нас и се навикнати на медот. Уште пред новиов имавме нарачки, кој по 5 кој по 10 тегли. Квалитетен, природен мед, мераклиски гледани пчели, гревота е да се продава на големо да го мешаат со секакви глупости.
Наведи повеќе детали за број на семејства или пак роеви, тип на сандаци, локација, краен датум за набавка и сл. Веќе е добро времето за набавка на презимени пчелни семејства, само ретко кој ги продава, додека за роеви е полесно, ама таму некаде во април/мај.
20.03.2016, 17:47 ДА ЈА СПАСИМЕ МАКЕДОНСКАТА ПЧЕЛА Македонската медоносна пчела дава поквалитетен мед и е поотпорна на болести и поради тоа мора да се заштити, апелираат од „Слоу фуд“ Сања Наумовска Македонската медоносна пчела дава поквалитетен мед и е многу поотпорна на болести и поради тоа мора да се заштити од уништување, апелираат од невладината организација „Слоу фуд“. Пчелата која традиционално се одгледува во трмки, мали конусни направи изработени од слама, трева и кал, е пред изумирање бидејќи само уште неколку пчелари го користат овој метод на одгледување. Дополнителна причина е што и приносите се многу слаби, но медот е со одличен квалитет и освен за јадење се користи и за добивање восок за креми и свеќи. Македонската пчела (апис мелифера македоника) е загрозена од се' почестото одгледување на крањските и италијанските пчелни матици, кои со текот на годините го намалуваат бројот на нејзините колонии. Пчелите одгледувани во трмки развиваат поголема отпорност на патогени болести, поради што од „Слоу фуд“ апелираат до пчеларите да се вратат на овој метод и да спречат да изумре македонската пчела. Организацијата во 2011 година започна проект за истражување на техниките на производство со користење трмки, со цел да се обезбеди опстанок на нашата пчела. „Нашите предци своите пчели ги одгледувале во трмки. Тоа е одржливо производство во еколошки услови без употреба на заштитните средства кои се користат при одгледувањето пчели во модерни сандаци. Со трмките не сме во можност многу да влијаеме на животот и развојот на пчелата. На тој начин тие се развиваат според нивните биолошки потреби, а човекот може многу малку да влијае па тие се развиваат како што им налага природата“, вели Игор Илков, претседател на здружението „Макби“, кое ги обединува пчеларите со цел да ја заштити и оживее македонската пчела. Илков објаснува дека на еден од најголемите настани на „Слоу фуд“ минатата година „Тера Мадре“ во Торино, Италија, на дегустацијата на преку 100 примероци на мед од целиот свет, медот од македонската пчела освои второ место. Здружението во моментов има 96 пчелни семејства од автохтоната популација на македонската пчела. Целта, како што потенцираат, е во иднина овој број да се зголемува преку вклучување други одгледувачи на пчели кои имаат мотивација да ја заштитат нашата пчела. Еден од најзначајните момент за заштита на македонската пчела, потенцираат во „Слоу фуд“, е нејзината приспособеност на климатските услови на македонското поднебје. „Пчелните семејства од македонската медоносна пчела добро се приспособени на локалните услови, па кај нив е намалена потребата за користење интензивни и инвазивни методи за одгледување, како што се хемиските средства во борба со различните патогени и штетници, со што и животната средина помалку се оптоварува“, вели Горан Алексовски од здружението „Макби“. извор: Утрински весник - линк
Прилично интересен, но и контроверзен текст. Ама што се не излегло по медиумите, па и ова. Ако некој ја познава Сања Наумова нека ја покани да подискутираме во темава околу бесмислиците во текстов.
Доколку имаш време и волја напиши осврт врз текстов цитирајќи пасус по пасус. Многумина од нас се љубители на пчелите но не и стручни околу нив, така да би било интересно да слушнеме и други сознанија. Го постирав текстот бидејќи ми се допаѓа и ја сметам за многу важна идејата дека пчелата треба да се заштити. Додека има пчели, има опрашување и размножување на растенијата а со тоа и храна за човекот и животните.
Апис мелифера мацедоника е заштитена од државата, ставена во законска рамка и прашање е колку нејзиниот опстанок сериозно е загрозен од насоката од која целат од Слоуфуд (нелегален увоз на странски матици). Доколку сметаат дека е така нека дадат факт базиран на доказ, на научен труд или на некое истражување. Со оваа изјава се нарушува угледот на царината, агенцијата за ветерина, мин. за земјоделие, инспекциските служби, научните установи, па и пчеларите. Напротив, според резултатите од COLLOS лани во РМ имало многу ниска стапка на смртност на пчели, а бројот на сандуци со пчели за кои се бараат субвенции според АФПЗРР од година во година расте. Дали Слоуфуд располага со истории, бази, генетски податоци, матично книговодство, за пространетоста и чистината на македонската пчела, па излегува со податоци дека македонската пчела е потисната и „изумира“? Не верувам дека НВО чија задача е промиовирање на црвен пипер, слатко, сирења, мармалади и разна домашна здрава храна има капацитет или работи на такво нешто. Што ги натерало да се впушат во вакво нешто којзнае. Враќањето на трмките (кои патем не се прават од трева, кал и слама како што е објавено, туку од врбови или лешникови гранки, од повит, од лозници и кравји лепешки) како што апелира Слоуфуд е бесмислица, бидејќи сите техники на модерното пчеларење, благосостојбата на пчелите, а и иднината и одржливоста на пчеларењето се базираат на сандуците, а не на екстензивните и застарени пчелни живеалишта. Не велам дека трмките, трупците и слични примитивни живеалишта треба да се избришат од пчеларниците. Треба да ги има, но чисто за потсетување на едни дамнешни пчеларски времиња и на нашите предци, можеби за создавање една порустикална атмосфера и збогатување на идилата на пчеларникот и на крај за пчеларите со поавантуристички и натпреварувачки дух, можеби за надмудрување со пчелите, бидејќи пчеларењето во ваквите пчелни живеалишта е сериозен предизвик за многумина пчелари. Елементарното непознавање на пчелните производи и нивните преработки од страна на авторот, евентуално слоуфуд, не би сакал да ги коментирам. Не би навлегувал подлабоко и не би развлекувал, а има уште. Но доколку се бара дискусија овде сум. Во кратки црти ова е личен став, но сепак базиран на реални сознанија, лични искуства, контакти со пчеларски стручњаци кои си ја знаат својата работа, кои верувам дека доколку и авторот на текстов би ги исконтактирала (на пример како пчеларите од здружението на пчелари макби (или било кој од многуте други пчеларски здруженија)) би имала многу подобра статија.