Порано беше флекс да имаш интернет. Сега е флекс да знаеш да читаш и покрај твоето присуство на интернет. Филмот „Идиократија“ од несмасен сај-фај се стори брутална реалност. Ова не е добро.
To get married in the autumn… Вртам десно околу паркот на замокот во еден европски град, ѝ се воодушевувам на природата и случајно, без да сакам, за прв пат по многу, многу долго време ми се прикрадува мислата – to get married… и не само тоа, туку во тој акт ја имам јас главната улога. Чудно. Оти ми е страв од врзување. Од ветувања. Од немање потполна слобода. Од пуштање корени кои не можеш да ги преместиш. Или барем јас си мислам, дека не можеш... Оти ми е страв и од разврзувањето на тие ветувања. Страв од развод. Да, тоа е тоа, страв од брак и развод. Претпоставувам дека пополека навистина доаѓам до сознанието дека е убаво животот да се дели со некого. И покрај ризикот за губење, болка, страдање, откажување и разврзување. Да имаш кого да сакаш е благослов. А, да си отворен за тоа понекогаш бара додатен труд, сознанија и себеспознавање. Колку ли тефтери, нотеси, скинати листови од тетратки, вордови документи се полни поетични, за око и душа лични стихови, проза, животни приказни, записи, мисли и импресии, а нема никогаш да ја видат светлината на денот, ниту ќе ги допре љубопитното око на читателот бидејќи стопанот, нивниот создавач, умрел? Колку неизречена... (французи во средни кон зрели години се сликаат до мене со погледот во позадина, околу 6-7 луѓе кои се мачат да влезат во селфи кадарот од телефонот на највисокиот французин со најдолги раце, моментално во улога на селфи стик. Им понудувам да ги сликам, радосно прифаќаат и се заблагодаруваат на лош англиски или па на француски, и си ја заборавам мислата, реченицата останува недовршена). (препис од тефтер)